Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Devenir membre !

History of the Macedonian People: From Ancient Times to the Present

ГЛАВА 7 - АЛЕКСАНДАР III – ГОСПОДАР НА АЗИЈА Победата кај Ис означила нова ера - Part 10

Par Ристо Стефов · Partie 23 sur 64 · Environ 20 minutes

Lire en English

На акциите на Антиох се гледало со сомнеж не само во Рим, туку и во Македонија. Неговото присуство во Европа претставувало закана и за Македонија и за Рим, па затоа една мешана македонско-римска вооружена сила била собрана и испратена да го истера. Војските се судриле кај Термопилите и силите на Антиох биле поразени. Но, Римјаните не биле задоволни со тоа што бил истеран од Пелопонез. Тие го сакале него и надвор од Хелеспонт.

Откако им простиле на Аетолците за нивните дела, Римјаните тргнале во прогонство на Антиох. Ова било првпат дотогаш римска оружена сила да премине во Азија, знак за она што допрва ќе се случи. Пред да се изложат на опасност во Азија, Римјаните изградиле сојузи со Родосјаните и Пергамонците и изградиле поморска база во Тенос /Tenos/.

Налутен поради тоа што Пергамон ја променил својата лојалност, Антиох, со своите галатиански (Galatian)

наемници, го нападнал и го опседнал. Но, заканата од една мешана римско-родоска воена морнарица пред неговиот праг, била доволна причина тој повторно да размисли и решил да бара мирно решение. Едно мирно решение би било сосема добро за Римјаните и за Родосјаните, но, за жал, Пергамонците сакале освета. Еумен инсистирал да изнуди на своја освета.

Со помош од Ахеанците, била подигната опсадата на Пергамон, а една римско-родоска флота ги нападнала и ги уништила поморските бази на Антиох. Решен да го одржи влијанието на море, Антиох повторно изградил своја флота и повторно бил подготвен за акција. Тој во својата морнарица го регрутирал дури и Ханибал и му ја дал командата врз една од неговите ескадри. Но, повторно бил победен.

Загубите на море како да не биле доволни и Антиох сега се соочувал со закани од копно. Пристигнала вест дека римските легии го поминуваат. Хелеспонт и навлегуваат во Мала Азија. Луциус Скипио /Lucius Scipio/ и неговиот брат Скипио Африканецот ги предводеле римските легии. Браќата Скипио биле потпомогнати од Филип кој им овозможил премин преку Македонија, во замена за поништување на бараното воено обештетување и враќање на неговиот син Деметриј, кој претходно бил задржан како заложник во Рим.

Антиох имал заплашувачка војска од седумдесет и пет илјади војници, додека римските сили броеле не повеќе од триесет илјади војници. Но, селеукидските војници не биле Македонски и Антиох бил сосема свесен за борбениот потенцијал на римските легии. Затоа, наместо да понуди борба, Антиох ги поканил браќата Скипио да преговараат за мир. За да избегне војна, му понудил на Рим да му плати делумно воено обештетување и да врати најголем дел од градовите што ги окупирал во Европа и Мала Азија.

Меѓутоа, браќата ја одбиле неговата понуда и му дале противпонуда, барајќи тој целосно да се евакуира од Мала Азија до планинскиот венец Таур и да плати целосно обештетување за походот. Се разбира дека ова го разгневило Антиох кој љубезно ја одбил понудата и, како и Филип пред него, решил дека е подобро да се бори отколку да се предаде.

При крајот на 190 година пред Христа, кај Магнезија-кај-Сипилос /Magnesia-by-Sipylos/ во близина на сливот на реките Фригија и Херма /Phrygios, Hermos/, Антиох, како и многумина негови македонски претходници, во една битка ставил се на коцка. Еден голем јуриш на коњицата бил предводен од неговото десно крило, разбивајќи ги непријателските редови на парчиња. За жал, коњицата не успеала да го прекине прогонот на време за да се врати на бојното поле. Фалангата се борела машки и ги држела заземените позиции но, наспроти сите напори, без поддршка на коњицата на нејзините крила, таа се распаднала и Римјаните ја докрајчиле. Се вели дека тоа бил најкрвавиот колеж од римскиот пораз кај Канај /Cannae/. Антиох III, најголемиот освојувач по Александар Велики, не бил способен да ги сопре Римјаните. Битката кај Магнезија не само што му донела победа и нови сојузници на Рим, туку таа отворила и нови можности за римски освојувања на исток. Набргу по завршувањето на битката, браќата Скипио тргнале со марш на исток во Сардис /Sardis/ и го зазеле без борба.

Казната на Антиох поради изгубената војна со Римјаните била воено обештетување од петнаесет илјади таленти, најголемата казна евидентирана дотогаш. Од Антиох се очекувало веднаш да плати петстотини таленти, потоа дваесет и петстотини по ратификување на договорот. Потоа, од него се барало да плати дванаесетгодишни рати од по илјада таленти. Освен тоа, му барале да го снабдува Рим со големи количества пченица и да го исплати својот долг кон Еумен од четири илјади сребрени таленти. Како тоа да не било доволно, од Селеукидите се барало да се откажат од сите претензии кон Тракија и да се повлечат од Мала Азија, од планинскиот венец Таур. На Антиох, буквално, му било забрането да влезе во Европа и Мала Азија, но му било дозволено да ги задржи Силиција, Феникија и Коеле-Сирија.

Териториите на Мала Азија земени од Селеукидите им биле доделени на римските сојузници, на Родосјаните и Пергаменците. Лиција и голем дел од Карија биле доделени на Родос, додека поголемиот дел од западна Мала Азија, вклучувајќи ги Лидија и Хелеспонтската Фригија /Hellespontine Phrygia/, биле дадени на Пергамон. На останатите градови им била дадена автономност. Но, Римјаните јасно ставиле до знаење дека тој подарок може да биде отповикан по слободно одлучување на Рим, во било кое време.

За да се осигураат дека тој ќе ги исполни своите обврски, Римјаните побарале од Антиох да им даде заложници, вклучувајќи го и неговиот син, идниот Антиох IV. Имало и барање да се предаде Ханибал, но тој бил свесен за римскиот план и избегнал пред да биде фатен.

За да се осигураат дека Антиох нема повторно да води војна, војската морнарицата и слоновите на Антиох биле распуштени, оставајќи му на располагање само десет брода.

Освен тоа, на Антиох му било забрането да врши и регрутирање и да води походи на територии под римска контрола.

Откако завршиле со Селеукидите, Римјаните, со помош на Пергаменците, го свртеле своето внимание кон Галатијанците. Во 189 година пред Христа, Скипио бил заменет од Неј Вулсо /Gnaeus Vulso/ кој, заедно со Атал, братот на Еумен, спровел еден успешен и профитабилен поход против Галатијанците од Мала Азија. Кога походот завршил, Римјаните ја напуштиле Азија, оставајќи ги Пергамон и Родос да ја преземат грижата за одржување на мирот. Се воделе преговори за склучување договор со помош на римскиот Сенат и тој бил потпишан во Апамеја во 188 година пред Христа. Договорот, буквално, го отстранил селеукидското владеење во Мала Азија, но остатокот од Селеукидското Царство останал негибнат.

Условите на договорот ги оставиле Селеукидите во голем недостаток од готови пари и со многу големи долгови.

Антиох никогаш не изгубил надеж и се чувствувал самоуверен дека сепак ќе успее да си ги поврати изгубените територии, само ако може да ги реши финансиските долгови и обврски. За повторно да си создаде свое богатство и да го исплати обештетувањето, отишол да војува на исток. Пред да замине, го назначил својот син, идниот Селеук IV /Seleucus IV/, за ко-регент. За жал, по некоја случајност, во средината на летото 187 година пред Христа, тој бил убиен. Наскоро по неговата смрт, Селеук IV ја наследил Селеукидската Империја, заедно со целата одговорност за исполнување на условите на договорот од Апамеја.

Смртта на Антиох донела крај на селеукидските амбиции да си го повратат царството на своите предци. Ова било олеснување за Римјаните кои веќе не требало да се плашат од селеукидска експанзија на запад. Смртта на Антиох, исто така, била и олеснување за Еумен и неговите партнери од Родос кои многу страдале од негови раце. Најголемо олеснување, сепак имале Птоломејците од Египет кои повеќе не се плашеле дека ќе го изгубат своето царство.

Откако Антиох веќе не им бил препрека на патот, интересот на Римјаните се свртел кон Македонија.

Проблемот започнал кога Филип одбил да си замине од неколку тракиски и тесалиски градови кои Римјаните му ги ветиле на Еумен. Неспособен сам да го истера Филип, Еумен им се пожалил на Римјаните. Рим го испратил Квинтус Метелус /Quintus Metellus/ со едно барање од Сенатот во кое му се наредува на Филип да ги напушти градовите.

Тврдоглав, Филип одбил и не само што ги задржил тие градови, туку окупирал и два неутрални града во близина на Пергамон. Бидејќи жалбите против него продолжувале да се натрупуваат, Филип одлучил дека дошло време да стори нешто. Го испратил својот помлад син Деметриј, кој претходно бил римски заложник, назад во Рим за да лобира во негова корист. Деметриј бил многу популарен во Рим и се спријателил со многу важни личности. Со нивна помош се надавал дека ќе го промени впечатокот на Рим за Македонија. За жал, амбасадорот на Еумен, исто така, бил и добар дипломат со исто толку значајни римски пријатели, па станал пречка за Деметриј.

Во пролетта 183 година пред Христа, било испратено уште едно барање и Филип бил протеран од неутралните градови.

Но, римското предавство не сопрело со тоа. Набрзо, Деметриј бил испратен дома со дипломатски ловорики и ветувања за македонскиот трон. Тоа било заговор да се создадат проблеми за Филип, што дејствувало како маѓија, втурнувајќи го Персеј /Perseus/, полубратот на Деметриј и наследник на македонскиот трон, во една тешка битка на завист. Ривалството помеѓу двајцата браќа продолжило извесно време, додека Персеј не презентирал едно писмо од Рим, можеби фалсификат, со кое се докажувало дека Деметриј имал предавнички амбиции кон тронот. Немајќи друг избор, Филип бил принуден да донесе пресуда против својот сопствен син и целосно да го примени законот.

Деметриј бил погубен во 180 година пред Христа. Веднаш по тој чин, Филип открил дека сведоштвото на Персеј било исфабрикувано. Неможејќи да ја прифати трагедијата, Филип умрел од каење. Филип V умрел во 179 година пред Христа, а го наследил неговиот најстар син Персеј.

Персеј не бил популарен крал, особено не кај Римјаните кои откриле дека тој бил одговорен за погубувањето на Деметриј. Персеј, добро знаејќи дека е малку популарен надвор од Македонија, се трудел да ја подобри својата позиција со тоа што склучил сојузи со своите соседи. Прво, се обидел да го убеди римскиот Сенат да го ратификува како крал, со сите привилегии доделени на неговиот татко. Потоа, се оженил со Лаодица, сестрата на Селеук IV, а својата полусестра, пак, ја омажил за Прусиј II /Prusias II/ од Битинија /Bithynia/.

Неговиот обид да формира масовни сојузи со своите соседи, за жал, не ја зголемиле неговата популарност како што очекувал. Сосема спротивно, предизвикал сомнежи кај неговиот непријател Еумен, кој со будно око го набљудувал, известувајќи ги Римјаните за секој негов потег што го интерпретирал како акт против Рим.

Во текот на првите години како крал, Персеј ги зацврстил своите северни граници во обид да ги сопре племенските инвазии, ги амнестирал прогонетите, ги отпишал даноците и ги поништил долговите. Иако ваквите дејства биле голема причина за пораст на ентузијазмот на јавноста внатре во Македонија, тие на Персеј му предизвикале надворешни проблеми. Помеѓу другото, Персеј бил обвинет за проблемите на Аетолија со проримските земјопоседници.

Само ова било причина за испраќање уште една римска мисија да врши истрага во врска со него. Мисијата пристигнала во 173 година пред Христа, но наместо да спроведе истрага во врска со него, таа сосема ги игнорирала неговите објаснувања и испратила извештај дека тој се подготвува за војна. Незадоволен од извештајот, Персеј испратил свои македонски пратеници во Рим да го застапуваат неговиот случај, но повторно неговите обиди биле попречени. За да ја засили валидноста на својот извештај, римската мисија го повикала Еумен да сведочи пред една комисија за сослушување во Сенатот. Еумен пристигнал во Рим во 172 година пред Христа, убедувајќи го Сенатот со својата реторика дека Персеј навистина се подготвувал за војна. Оние членови на Сенатот кои присуствувале на сослушувањето биле предиспонирани да му веруваат на Еумен, иако се знаело дека тој ги преувеличува работите. Македонскиот одговор на обвинувањето бил одбиен и комисијата на Сенатот донела препорака да се оди во војна.

Еумен и сигурно дел од неговите римски следбеници, имале многу проблеми, дури и лажно сведочеле, за да го убедат Сенатот да води војна со Македонија . Персеј можеби не бил светец, но дел од обвинувањата против него биле, во најмала рака, смешни. Во еден случај, тој бил обвинет дека кова заговор да го отруе римскиот Сенат. Во друг случај, Еумен бил речиси убиен од одрон, но и за тоа бил обвинет Персеј како за обид за убиство. Нечуените обвинувања како овие, повеќе зборуваат за карактерот на Римјаните кои повеќе му верувале на Еумен, отколку за карактерот на Персеј и за Македонците. Изледа дека сенаторите му верувале некому бидејќи го познавале, а не им било важно дали тој ја зборува вистината или не. Ова, навистина, била римска правда.

Сенатот решил да му верува на Еумен кој смислено и лажно Македонија ја ставил во опасност. Ниедна друга личност не се трудела толку многу како Еумен да започне војна помеѓу Македонија и Рим. Зошто? Некои велат дека тој се плашел од еден можен сојуз помеѓу Селеукидите и Антигонидите. Еден таков сојуз би бил закана за неговите амбиции да го прошири Пергамон.

Персеј, од самиот почеток напорно се обидувал да остане надвор од проблемите, но Римјаните биле решени да се справат со него на овој или на друг начин. Во 171 година пред Христа, бил избран нов Сенат и на Македонија и била објавена условна војна. Една силна римска експедиција била составена и испратена во Македонија. Римјаните имале големи очекувања дека, соочен со ваква римска сила, Персеј ќе капитулира. Но, Персеј не посакувал војна и тоа многу добро го ставил на знаење преку трите мисии што ги испратил во Рим. Персеј бил спремен да направи концесии, но имало граница на условите што бил спремен да ги прифати. Сенатот, за жал, немал волја за компромис и продолжил да го притиска се повеќе и повеќе.

До средината на 171 година пред Христа, по еден неуспешен обид да се пронајде решение, било јасно дека Персеј немал намера да се откаже. Тоа било токму тогаш кога Римјаните ја пуштиле својата експедициона сила. Од почетокот било јасно дека Рим ја потценил воената моќ на Македонија. Но, откако го преминале Јадранот, било предоцна и би било понижувачки за нив да се вратат.

По катастрофалната битка кај Киноцефалија, Филип повторно ги издигнал своите вооружени сили и ги пополнил загубите, но Персеј се уште не бил желен да води војна. Од 171 до 168 година пред Христа, тој останал во дефанзива и водел само минорни борби, надевајќи се за цело време дека може да се постигне мирно решение.

Четиригодишната војна (Третата македонска војна) го достигнала својот зенит на 22 јуни 168 година пред Христа, кога Римјаните, групно како едно тело, односно en masse, се упатиле на север и се сретнале со македонската војска кај Пидна во јужна Македонија.

Во стилот на своите претходници, Персеј нападнал прв, со целата сила на македонската фаланга. Таа не била онаа вообичаена фаланга. Оваа била засилена со копја од сите страни, како еж, особено на крилата. “Емилиј Паулус /Aemilius Paullus/, ветеран-командант, после тоа изјавил дека оваа предност била нешто највџашувачко што тој било кога видел.” (Стр. 430, Питер Грин, Александар до Актиум, Историската еволуција на еленистичкото доба).

Македонците сториле се најдобро што можеле и се бореле храбро до последниот војник, но дисциплинираната римска воена машина, со нејзиниот борбен стил, уште еднаш покажала дека е супериорна и битката била изгубена. Тоа било крај за Македонија и за нејзината независност. Персеј бил однесен во Рим како заробеник, или како што вели Питер Грин, “да го разубави богатството од скапи победи на Паулус”. Македонската монархија била укината, а Македонија била демилитаризирана и поделена на кантони, за никогаш повеќе да не биде способна да дава отпор. Како дополнително осигурување за нејзината пасивност, македонските водачи биле приведени и однесени во Рим.

Вистинскиот ужас од македонскиот пораз не била битката кај Пидна, туку она што римската војска го сорила потоа.

Пред да замине од Македонија, римската војска била како куче пуштено од синџир и се настрвила на цивилното население, имајќи дозвола неконтролирано да пљачкосува, ограбува и силува. Се вели дека немерливо количество богатство, вклучувајќи злато, накит и уметнички предмети, биле однесени во Рим. Голем дел од населението бил земен со цел да станат робови. Биле воведени строги рестрикции врз трговската стока, вклучувајќи дрвна граѓа, а поголемиот дел од државните даноци биле пренасочени кон Рим. Според Ливиј, Македонија била поделена на четири региони, секој со свој римски конзул и била принудена на Рим да му плаќа половина од данокот. Во подруг случај, тој данок би му бил исплаќан на македонскиот крал. Како тоа да не било доволно, па Паулус им позајмил на Аетолците петстотини војници така што тие, исто така, можеле на свој личен начин да им се одмаздуваат на Македонците. Она што се случило потоа е трагедија од големи размери, која ниту старите автори не се осмелиле да ја опишат. Римјаните, навистина, докажале дека се безмилосни, “вистински варвари” што всушнот и биле, но ова било само почеток.

Атина учествувала во антимакедонскиот поход снабдувајќи ги Римјаните со житарици и борејќи се на страната на Римјаните кај Пидна. До крајот Атињаните останале антимакедонци.

Откако ја покориле Македонија, Римјаните се заинтересирале за Азија. По смртта на Антиох III, Птоломејците повторно го воспоставиле правото и законот во Египет и успеале да ја стабилизираат Коеле-Сирија. За жал, по една долга борба за да ги скрши последните бунтовници во делтата на реката Нил, Птоломеј V умрел во 181 година пред Христа, на возраст од дваесет и осум години. Ја оставил Клеопатра I, ќерката на Антиох, како регент за нивниот млад син, но таа, исто така, предвреме умрела, во 176 година пред Христа, оставајќи го Птоломеј VI Филометор во старателство на туѓинци.

Во Азија, во меѓувреме, Селеук IV бил убиен во атентат, во 176 година пред Христа, извршен од страна на еден негов министер, а бил наследен од Антиох IV Епифан. За разлика од Селеук IV, Антиох бил заинтересиран да го стабилизира своето кралство и си го сакал назад богатиот, плоден регион на Коеле-Сирија. Избила друга конфронтација (Шеста сириска војна) и траела од 171 до 168 година пред Христа.

Птоломеј VI немал повеќе од шеснаесет години кога избувнала војната и се уште бил под влијание на советите од туѓинците кои го поттикнувале да продолжи да се бори.

Додека Рим бил зафатен војувајќи со Македонија, Антиох ги нападнал египетските експедициски сили на Птоломеј и, буквално, го освоил цел Египет, со исклучок на Александрија. По овој катастрофален пораз, Птоломеј ги заменил своите советници и заклучил дека е време да преговара со својот чичко. Во текот на преговорите, дел од трупите на Антиох навлегле во Александрија и почнале да ги пљачкосуваат храмовите. Овие настани поттикнале востание и жителите на Александрија заклучиле дека е време Птоломеј VI да си замине. По неговото прогонство, тие го прогласиле неговиот помлад брат Птоломеј VIII Евергет /Ptolemy VIII Euergetes/ за заеднички владетел со неговата сестра Клеопатра II. Вознемирен од целиот инцидент, Антиох се обидел да ја опсади Александрија, но не успеал и во 169 година пред Христа, се повлекол, оставајќи ги двајцата ривали сами да се борат до крај. Наместо да се борат, полубратот и полусестрата ги надминале разликите и ги здружиле своите сили против него. До 168 година пред Христа, Антиох се вратил, овојпат со својата флота.

Нападнал и го поразил Кипар, упориште на Птоломејците.

Илузиите на Антиох за моќ и величие се распрснале кога стигнала официјална наредба од Рим со која му се наложува да си замине од Египет и да го напушти Кипар. Римскиот пратеник Попилиј Ленас /Popillius Laenas/ се сретнал со него во Александрија и му ја прочитал официјалната порака. Кога Антиох побарал време да размисли и да ја разгледа наредбата, Ленас го притиснал веднаш да даде одговор – да или не. Македонскиот крал ја “проголтал” својата гордост, му се поклонил на арогантниот Римјани и одговорил потврдно. Потоа ги предал своите нови големи поседи и заминал дома.

Иако бил понижен, Антиох ја ставил настрана својата гордост и испратил пратеник во Рим, изјавувајќи дека повеќе се претпочитал мир со римскиот народ, отколку било каква победа врз Египет. Во меѓувреме, наспроти римската забрана, Антиох почнал повторно да ги изградува своите вооружени сили. Додал еден корпус слонови на својата веќе се поголема војска од педесет илјади војници. Кога една римска комисија се појавила на неговиот праг да спроведе истрага за неговите активности, се осигурал сите тие да бидат добро нагостени и ги разуверувал дека војската се подготвува за поход на исток. Антиох дури отишол и подалеку од вообичаеното за да ги ублажи сите римски стравувања, а изгледа дека тоа и успеало. Рестрикциите врз изградбата на неговите вооружени сили биле игнорирани, па на Антиох му било дозволено да функционира без да биде ослабен.

Со години источните сатрапи биле оставени без никаков надзор и работите почнале да се влошуваат. Имало и побуна на Евреите во Ерусалим, која станувала се поголема, за што требало да се поведе сметка.

Во 165 година пред Христа, Антиох бил спремен за неговиот поход на исток, но, најпрво, морал да се справи со Евреите во Ерусалим. Во негово отсуство, го оставил својот деветгодишен син и именуван наследник, идниот Антиох V, во старателство на неговиот главен министер Лисиј /Lysias/.

За жал, пред да биде во состојба да го заврши својот поход на исток, се разболел и умрел. Тоа се случило во почетокот на својата четврта деценија, во Персија, во 164 година пред Христа, на пат за Ерусалим.

На смртната постела, Антиох го поништил указот за прогонување на Евреите и го испратил Филип, еден од неговите воени команданти на кого му верувал, со наредба да го замени Лисиј како главен министер и да го преземе старателството на неговиот син. Лисиј, многу свесен за својата тешка ситуација, наместо да однесе победа, склучил мир со Евреите (со одобрение на сенатот), овозможувајќи им го првиот чекор кон независност.

Лисиј не сакал да се откаже од својата функција главен министер и сторил се што можел да избегне да биде сменет.

Тој дури му помогнал на Деметриј, синот на убиениот Селеук IV, да положи право на селеукидскиот трон. Во тоа време Деметриј бил заложник на Рим. Деметриј имал дваесет и четири години кога открил дека неговиот чичко умрел и веднаш одишол во Сенатот да положи право на тронот. За жал, не бил примен и неговото барање било одбиено.

Во меѓувреме, една римска комисија предводена од Неј Октавиј /Gnaeus Octavius/, била испратена кај Антиох за да ги провери селеукидските воени ресурси и селеукидската поплака за договорот од Апамеја. Комисијата пристигнала во 163 година пред Христа и пронашла голема концентрација на трупи, голема флота и бројни кралски воени слонови. Она што било најфрапантно е што арогантните Римјани самоиницијативно, без дозвола од Сенатот или од македонскиот крал, презеле одговорност да ја запалат флотата и да ги убијат слоновите. На оваа страотна глетка, еден набљудувач толку многу се вознемирил, што го убил Октавиј.

Незадоволен од службените канали, Деметриј избегал од Рим и веднаш отишол во Антиох каде бил пречекан како легитимен наследник на тронот. Опозицијата брзо испарила, а Лисиј и младиот Антиох V, како и другите претенденти, биле приведени и погубени.

Веста за пристигнувањето на Деметриј во Антиох била причина Римјаните да испратат уште една мисија. Тибериј Гракус /Tiberius Gracchus/ бил испратен да набљудува и да известува за активностите на Деметриј. Кога пристигнале Римјаните, Деметриј добро ги примил и им понудил целосна соработка. Дури им го предал и убиецот на Октавиј, заедно со една златна круна за да покаже почит. За возврат, добил одличен извештај. Неговата круна била прифатена, а убиецот ослободен, согласувајќи се дека неговите дејства се добро оправдани. Кога извештајот стигнал во Сенатот, Деметриј бил признат за крал, под услов да го задржи своето добро однесување.

Во 161 година пред Христа, Рим склучил договор со Евреите, ефективно признавајќи ја Јудеја како независна држава. За жал, Деметриј не бил задоволен со римската резолуција и вратил така што го задушил еврејското востание. Римјаните не реагирале на акциите на македонскиот крал, бидејќи тие никогаш не се согласиле да ја гарантираат јудејската независност. Толку за договорите со супер-силите!