Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Devenir membre !

History of the Macedonian People: From Ancient Times to the Present

ГЛАВА 7 - АЛЕКСАНДАР III – ГОСПОДАР НА АЗИЈА Победата кај Ис означила нова ера - Part 01

Par Ристо Стефов · Partie 14 sur 64 · Environ 19 minutes

Lire en English

ГЛАВА 7 - АЛЕКСАНДАР III – ГОСПОДАР НА АЗИЈА Победата кај Ис означила нова ера за Македонија.

Размислувањето на Александар веќе не било “ако”, туку “кога” тој ќе стане нов господар на Азија. Бил во искушение веднаш да тргне по Дариј за да направи да се случи тоа, но било премногу ризично, особено заради персиската флота која се уште нечепната била зад него и која ги контролирала водите на Егејот.

Александар, речиси и не поседувал бродови или воена морнарица, а не, пак, моќна за да ја совлада персиската флота. Неговото размислување било, ако тој не може да го вовлече во борба својот непријател и да победи во вода, тогаш ќе мора да ја донесе битка на приморјето каде тој имал предност. Единствен начин да го стори тоа било да ја отсече персиската воена морнарица од нејзините пристаништа.

Неговиот план, според тоа, бил евентуално да ги заземе сите градови околу источниот медитерански брег и да ја лиши персиската флота од снабдување со намирници, а со тоа да изумре од глад.

Кратко време по битката кај Ис, Александар ги покренал своите Македонци кон југ, во обид да го обезбеди брегот со тоа што ќе заземе многу пристанишни градови. Во меѓувреме, Парменио бил испратен во Дамаск да го освои градот и да го врати богатството на Дариј, кое било испратено таму заедно во персиската придружба за багаж пред битката кај Ис. Парменио лесно го освоил градот (некои велат со предавство) и дошол до богатството. Тој, исто така, заробил многу предавници од градовите-држави вклучувајќи ги амбасадорите на градовите-држави за Персија, кои претходно ковале завери против Македонија.

Со богатството на Дариј во негова своина, Александар ги осигурал финансиите што му биле потребни да ги плати своите долгови и да продолжи со походот. Во споредба со Александар, Дариј бил многу богат човек, доволно богат да носи 2.600 таленти ковани пари, 500 фунти во сребро, 4.500 фунти во злато и 3.400 фунти во скапоцени камења. Сепак, тоа не биле сите пари што ги имал Дариј. Во споредба со неговото вкупно богатство, тоа било само џепарлак што го носел со себе додека патувал.

Александар патувал низ Сирија, заземајќи пристаниште по пристаниште, се додека не стигнал во феникискиот пристаништен град Тир /Tyre/. Тој бил независен град, најмоќно воено и трговско пристаниште во регионот.

Повеќето морнари во персиската флота биле или од Кипар или од Тир. Бидејќи бил независен град, граѓаните на Тир сакале да останат неутрални (ниту под персиско, ниту под македонско владеење). Но, тоа не било она што го сакал Александар. Нему му требала контрола врз сите пристаништа, особено Тир, ако сакал да ја отсече персиската флота. Бидејќи не сакале да преговараат за мирно предавање, Александар објавил војна на Тир и започнал со опсада некаде во јануари 332 година пред Христа.

Тир се наоѓал на еден остров, околу еден километар од брегот. Градот бил утврден од сите страни со големи ѕидови од камен и бил бранет од моќната тиринска флота. Во тоа време и Александар и Тиријците биле уверени дека ќе можат да победат, така што ниту тој ниту тие не биле подготвени да попуштат. Тиријците, длабоко верувајќи дека нивниот град е неосвоив, мислеле дека идејата на Александар за опсада е апсурдна. Како може тој да освои остров кога дури немал ниту флота? Александар, од друга страна, не можел да си дозволи моќниот феникиски град да постои слободен зад неговите борбени редови, особено бидејќи планирал нови потфати подлабко во Азија. Немал избор освен да го освои со сила. Кога започнала опсадата, никој немал претстава колку грозна ќе биде таа задача.

Додека оружените сили на Александар чекале скриени на копно, градот што тој сакал да го освои со опсада лежел во вода. Единствен начин на кој тој можел да направи пресврт на ситуацијата во своја корист, било да изгради мост што ќе го поврзе островот со брегот. Тогаш неговата армија ќе може да навали со машините за опсада, за да ги сруши ѕидовите и да го заземе градот. Додека војската регрутирала работна сила од блиските и соседните градови за изградба на мостот, занаетчиите и инженерите на Александар почнале со изградба на колосалните кули за опсада. Градењето на мостот било многу потешко отколку што се очекувало. Иако водата била плитка, дното било калливо и колците требало да се заковаат многу длабоко, подградени со камен, пред да се изгради пат широк шеесет метри. Како што градењето на издигнатиот пат напредувало, така секој камен од близината се носел и се поставувал во водата.

Тиријците им се потсмевале и си подигрувале со работниците, велејќи им дека Александар е луд и залудно си го троши времето. Но, како што патот почнувал да станува стварност и да се приближува кон островот, Тиријците почнало да ги фаќа паника. Во почетокот, тиријските командоси ги напаѓале Александровите редови за дотур на копното, надевајќи се дека ќе ја намалат брзината на градење. Подоцна, тиријската флота почнала да напаѓа од море, испраќајќи бродови со стрелци, мали прачки и катапулти за да ги напаѓаат работниците. Во меѓувреме, Александар ги презел сите можни мерки за да ги заштити своите луѓе, како и за да го задржи распоредот на работите.

Кога станало очигледно дека Александар нема да се откаже и дека неговите шанси за опсада на Тир се подобруваат, многу од локалните градови, вклучувајќи го и Сидон, поранешен непријател на Тир, ја понудиле својата помош, вклучувајќи и бродови. Александар брзо собрал силна поморска сила за да ја затвори тиријска флота во нејзиното пристаниште и да ги одбие тиријските напади врз издигнатиот пат.

Се случил еден голем инцидент, кој можел да донесе пресврт на штета на Александар, но неговата доверба во способностите на неговата армија и неговата непоколеблива упорност се исплателе. Тиријците составиле еден голем пловен објект, го запалиле и со помош на ветерот успеале да изгорат голем дел од издигнатиот пат. Тогаш Александар бил отсутен, бидејќи отишол во експедиција да бара уште дрвена граѓа. Кога се вратил, бил шокиран кога видел дека неговиот пат е уништен. Но, наместо да се откаже, Александар изградил нов издигнат пат северно од стариот.

Како што вештачкото пристаниште се приближувало до бреговите на островот, така Тиријците почнувале да очајуваат. Се обиделе да сторат се за да го запрат напредувањето, вклучувајќи и истурање врел песок врз војниците. Но, и наспроти нивните храбри обиди, ништо не успеало и, на крај, Македоците го опседнале градот.

Тир се предал во август 332 година пред Христа. Тоа бил седуммесечен напор на двете страни, но на крајот најупорните победиле. На Тиријците, во неколку наврати, им била дадена можност да се предадат. За жал, мудроста попуштила пред тврдоглавоста и тие храбро се бореле до крај. Кога се било завршено, околу шест до осум илјади војници биле убиени, а околу триесет илјади биле заробени и продадени како робови. Тиријските водачи, заедно со околу две илјади свои борци, биле погубени. Самиот град бил поштеден и повторно бил населен, продолжувајќи да функционира како значајно воено, поморско и трговско пристаниште, но под македонско владеење.

На ова место сакам да нагласам дека Тир бил т.н.

сестрински град на Картагина. Картагина се наоѓала на другата страна од Средоземното Море, јужно од Рим и имала клучна улога во развојот на Рим како супер-сила. Во случај Александар да ја освоел Картагина, како што имал намера, нашиот свет денес би бил сосема поинаков.

По својата јуначка борба и долгиот застој во Тир, Александар му се вратил на своето тешко патување, јужно преку Палестина, упатувајќи се кон Египет. Неговото патување, како што и се очекувало, било прекинато кога наишол на отпор кај градот Газа. Тој бил добро утврден и бранет од персиските војници, потпомогнати од силни сили на арапски платеници. Не можејќи да го пробие утврдувањето на градот со конвенционални средства, Александар прибегнал кон своите машини за опсада и за два месеца утврдувањето го претворил во крш. Во текот на опсадата, Александар бил ранет во рамото и затоа околу две недели не можел да учествува во неа. Но, бидејќи бил во добра физичка форма, брзо закрепнал и му се придружил на финалниот напад врз градот. Откако го пробиле утврдувањето, започнала и се разгорела жестока борба по улиците на градот, каде Александар повторно бил ранет, но овојпат во ногата. Кога битката завршила, имало десет илјади убиени, а цивилното население било опколено и продадено како робови. Газа, исто така, повторно била населена со луѓе од локалното подрачје, кои повторно ја запоседнале тврдината и биле ставени под македонска власт.

Од Газа, Александровата армија марширала по должината на брегот на Средоземното Море, а потоа свртела на југ кон Египет, каде голема маса луѓе го дочекале како ослободител.

Откако ги освоил сите пристанишни градови околу источниот медитерански брег, заканата од персиската флота конечно била отстранета. Пред да навлезе подлабоко во Азија, Александар планирал да го заземе Египет со сила, но тој се предал без ниту една борба. Египетскиот народ го поздравил Александар како ослободите, давајќи му ја цитаделата Мемфис, заедно со нејзиното богатство кое изнесувало 800 таленти. Египет бил стратешка локација за походот на Александар во Азија и сега била безбедна.

Нешто друго му се случило на Александар во Египет, нешто неочекувано. Откако го поразил персискиот крал кој владеел на местото фараон на Египет, во очите на египетските свештеници Александар сега станал нов египетски владетел, но не фараон. За свештениците, за жал, не било можно еден странец да биде прифатен како вистински фараон. Кога Александар би продолжил со својот поход подлабоко во Азија, тој требало да го смири Египет и да ја стекне неговата лојалност. Египет бил голема, богата држава, со бројно население што можело да ја снабдува неговата армија со сите намирници и со се што било потребно во текот на целиот поход. Морал да стори се што било потребно за да го обезбеди тоа, што значело дека Александар морал да стане неоспорен владетел на Египет.

Единствен начин да се стори тоа било да стане египетски фараон. За жал, еден странец можел да стане фараон единствено со божја интервенција.

Прифаќајќи го тој предизвик, Александар отпатувал во Шива /Siwa/ за да го посети тамошниот религиски ред. Кога стегнал во храмот на пророштвото, високиот свештеник го поздравил како “син за Зевс-Амон и господар на сите земји”.

Зошто свештеникот го поздравил на таков начин, не се знае.

Можеби грешка во преводот? Александар бил воодушевен со изјавата и понизно го прифатил своето проласување за “Син на Бога”.

Откако се вратил во Мемфис, во текот на зимата 332-331 година пред Христа, Александар земал мала дивизија од неговата армија и отишол надолу по течението на реката Нил. Токму пред да стигне на медитеранскиот брег, видел прекрасно парче земја на кое ќе ги постави темелите на еден голем град кој ќе го носи неговото име, Александрија во Египет. Александрија, со време, ќе донесе промена во интелектуалниот и економскиот живот каква што пред тоа никогаш немало, и во наредните илјада години ќе стане центар на цивилизацијата. Со основањето на Александрија, еден пристаништен град кој гледал кон Медитеранот, Александар ги трансформирал своите воени напори во деловни можности не само за Македонците, туку за целиот познат свет. Александрија ќе стане светски водечки мултинационален, мултикултурен и трговски центар.

Затворањето на целиот брег на источниот Медитеран, ја натерало персиската воена морнарица да продолжи да се движи и и отворила пат на македонската флота да доминира во водите.

Откако се вратил во Мемфис, Александар се сретнал со засилувањето што му го пратил Антипатер и тој и наредил на својата армија да се подготви за тргнување. Но, сепак, пред да замине, испратил една научна експедиција по течението на реката Нил, со цел да направи некои откритија. Исто така, назначил и неколку локални намесници и македонски надгледувачи за да владеат со Египет. Александар не сакал управувањето со една толку голема земја да го довери само на едно лице.

Во почетокот на летото во 331 година пред Христа, Александар го напуштил Мемфис и се упатил кон Феникија.

Се задржал накратко во Тир и извршил неколку промени во владата таму, пред да продолжи на север кон Дамаск.

Големиот крал Дариј, во меѓувреме, откако го добил одговорот на Александар во врска со понудата за мир, почнал да собира голема армија. Дариј, во замена за мир, му понудил на Александар да се ожени со неговата ќерка, 10.000 таленти и земјите источно од Еуфрат. Парменио и неговите постари офицери го охрабрувале и поттикнувале Александар да ја прифати понудата, но Александар ја одбил сакајќи се: земјите на Дариј, парите и неговата круна.

Немајќи алтернатива, големиот крал ги започнал подготовките за уште една битка.

Персиското царство било пространо и Дариј немал проблем да собере армија. Освен Персијците, имало многу други раси кои му понудиле помош. Индијците, на пример, му испратиле петнаесет слонови. Освен собирањето голема армија, Дариј внимавал да најде отворено место, како негов избор за бојно поле, онакво што ќе му обезбеди предност во однос на Александар. Овојпат Дариј бил решен работите да бидат по негово и сакал да се увери дека се е направено како што треба.

Додека Дариј собирал армија, Александар марширал на север, подготвувајќи се да ја помине реката Еуфрат. Како што може да се очекува во војна, неговата претходница, која била испратена да изгради мост преку моќната река, наишла на отпор од намесникот на Сирија и Месопотамија. Но, веднаш штом Александар пристигнал со својата армија, намесникот побегнал и мостот бил изграден релативно лесно. Потоа, додека Александар напредувал кон реката Тигар, локалните шпиони го навеле да поверува дека Дариј бил на другата страна, чекајќи да го спречи неговото преминување. Претпоставувајќи дека извештаите се сигурни, Александар наредил брз марш за да го стигне Дариј, но него никаде го немало. Армијата на Александар ја преминала реката Тигар на 20 септември 331 година пред Христа и тргнала во југоисточен правец, додека не стигнала во селото Гаврамела /Gavgamela/. Таму тој ја нашол армијата на Дариј како го расчистува и го нивелира земјиштето, за неговите бојни коли да имаат предност во однос на фалангата на Александар.

Во борбена формација, Дариј стоел во својата борбена кола во центарот. До него стоела коњичката гарда и персиската пешадија. Лево и десно биле платениците на градовите- држави. На двете крила стоеле комбинирана војска од коњаници и пешадинци. Напред на крилата стоеле сојузничките коњаници, а на чело на ценатарот стоеле петнаесетте слонови. На чело на борбениот ред стоеле 200 скитијски бојни коли, подготвени да навалат по исчистениот и измазнет терен.

Александар на почетокот планирал да ја развие вообичаената накосена формација со офанзивно десно крило кое тој ќе го командува, а со дефанзивно лево крило под команда на Парменио. Но, поради супериорната бројчана надмоќност на неговиот непријател, Александар решил да додаде втора борбена линија, способна да се бори на втор фронт зад него, во случај да биде опколен. Со други зборови, ако оружените сили на Александар бидат опколени, нивната формација ќе се развие во форма на флексибилен квадрат и ќе го притиска непријателот нанадвор, на сите четири предни страни, односно фронта.

Очекувајќи веднаш да биде нападнат, Дариј наредил да се формира борбениот ред и да чека. Откако ја проценил ситуацијата, Александар решил да не нападне и ги влогорил своите војници околу четири километри подалеку од кампот на Дариј. Тоа попладне Александар им наредил на своите луѓе да се одморат и да спијат во текот на ноќта. Луѓето на Дариј, очекувајќи да бидат нападнати во било кое време, стоеле будни и подготвени цела ноќ.

Наредното утро, на 1 октомври 331 година пред Христа, Александар, со добро одморената армија, се приближил од север, но забележал дека неговото десно крило е прекратко за да му парира на непријателското. За да компензира, продолжил да го растегнува својот ред, но и неговиот противник продолжил да ги следи неговите потези. Но, Дариј се плашел дека ако се движи премногу далеку од расчистениот терен, ќе ја компромитира мобилноста на своите борбени коли, и наредил јуриш, односно напад.

Борбените коли навалиле да го заобиколат Александар, но луѓето на Александар биле подготвени. Стрелците нападнале први и ги уништиле повеќето возачи на бојните коли, додека фронталниот боен ред на Александар брзо формирал колони за да им дозволат на забрзаните коли да поминат. Фатени во стапица од колоните војници и неспособни да маневрираат, коњите биле совладани од страна на Александровите коњоводци, ефикасно онеспособувајќи ги борбените коли.

Сега, како што двата борбени реда се приближувале еден кон друг, Александар забележал една празнина на персиската лева страна и барал можност да преземе офанзива. Водејќи ги своите компањони, тој скршнал, се втурнал во празнината и почнал да навалува кон центарот. Фалангата, исто така, навалила силно кон центарот, збивајќи ја битката кон Дариј.

Исплашен од тој ненадеен жесток напад, Дариј ја свртел својата борбена кола назад и побегнал. Неговите гардисти формирале еден заштитен круг околу него, но и тие, исто така, побегнале. Во негово отсуство, неговите војници во центарот и левите крила тргнале по истиот пат. Како битката кај Ис да се повторува. Дариј го напуштил бојното поле пред битката да биде решена.

Брзото движење на фалангата во центарот на Александровата формација, довела до создавање на празнина во македонскиот борбен ред, која можела да биде искористена од страна на непријателот. Но, наместо да го стегнат обрачот околу тој борбен ред, недисциплинираните Персијци и нивните сојузници навалиле да го пљачкаат кампот на Александар. Во мигот кога непријателот се раздвоил, Александровиот втор борбен ред стапил на сцена и започнале да јуришаат и да ги гонат пљачкашите.

Во меѓувреме, Парменио имал проблеми и испратил да го викнат Александар да му помогне. Дотогаш, компањоните на Александар се пробиле низ непријателските линии и само што започнале да го гонат Дариј. Колку и да сакал да го фати, Александар не можел да ја остави битката без свое присуство. Иако многу разочаран, им наредил на своите компањони да се свртат назад и почнале да се пробиваат кон Парменио, но само за да налетаат на пљачкашите кои бегале.

Коњицата била вовлечена во крвава борба, бидејќи непријателските војници, фатени во стапица, очајнички се бореле за своите животи. Додека Александар стасал кај Парменио, битката веќе била завршена. Парменио убедливо ги совладал напаѓачите и сега бил слободен. За жал, слободен бил и Дариј. Тоа било вторпат како Александар бил лишен од можноста да постигне целосна победа со фаќање на Дариј.

Друи и пред да заврши битката кај Гавгамела, Александар дејствуал брзо и испратил претходница во Сус /Susa/ за да стигне до богатството пред тоа да биде ограбено.

Откако ја добил битката, Александар тргнал во потрага по Дариј и јавал во текот на ноќта. Не можејќи да го најде, наредниот ден се вратил во Гавгамела (Арбела /Arbela/) за да ги ожнее плодовите од својата победа и да ги закопа своите мртви. Се проценува дека непријателот загубил помеѓу педесет и шеесет илјади вијници, додека македонските загуби биле проценети на помалку од една илјада војници.

Кога се се смирило, победата на Александар била прославена со закопување на паднатите борци, со церемонии на давање подароци и со изгласување на Александар, со акламација, за крал на Азија.

Сигурен дека персиската закана завршила, за да ја олабави тензијата дома, Александар ја олабавил и својата цврста контрола врз градовите-држави давајќи им автономност.

Бидејќи ги поразил Персијците, Александар повеќе не се плашел од сојузот помеѓу градовите-држави и Персија, но не можел целосно да ги одбие спартанските закани во потенцијално запаливиот Пелопонез.

Набрзо по својата победа, Александар ја напуштил Арбела и го продолжил патувањето на југ кон Вавилон, очекувајќи да наиде на отпор од преживеаната персиска армија. Но, на негово изненадување, истиот персиски намесник кој жестоко се борел против Парменио во Гавгамела, сега излегол со своите синови за мирно да го поздрави Александар и да му го предаде градот. Она што било поизненадувачки, било тоа што не излегле само градските лидери да го поздрават нивниот нов крал, туку тоа го сторило и целото население.

Тие ги украсиле улиците со венци и цвеќиња за да им посакаат добредојде на Македонците. Како и Египќаните, и Вавилонците го виделе Александар не како освојувач, туку како ослободител. Александар бил повеќе од среќен да го прифати суверенитетот врз Вавилон кога Вавилонците му го понудиле тоа нему. Дури отишол и чекор подалеку, и големиот град го претворил во посебно кралство со своја сопствена религија, традиција и цивилна влада. Како и во Египет, Александар назначил локален намесник за шеф на цивилната влада, додека воените, финансиските и даночните одговорности останале во рацете на Македонците.

Вавилонската приказна, за жал, не била целосно среќна.

Според Мајкл Вуд, постојат новооткриени вавилонски текстови кои кажуваат дека не сите во Вавилон биле среќни со Александар и со тоа што тој го пљачкосувал нивниот свет.

Откако останал во Вавилон околу еден месец, Александар тргнал за Сус, на 25 ноември 331 година пред Христа.

Додека патувал, добил вест дека неговата претходница, која била испратена претходно да го обезбеди градот и да го присвои богатството, успешно ја завршила својата мисија.

Како и Вавилон, и градот Сус се предал без борба, а големото складиште со богатството на персискиот крал било негибнато. Дариј, се уште имал останато доволно богатство да купи мала држава или, како што вели Мајкл Вуд, богатство еднакво на националниот приход на Атинската Империја од петтиот век, за 150 години. Се проценува дека освен скапоцените камења, исто така, биле откриени 40.000 сребрени таленти и 9.000 златни дарии (пари) кои паднале во рацете на Александар. Навистина, Александар бил среќен човек.

Александар пристигнал во градот Сус на 15 декември 331 година пред Христа и бил поздравен од гувернерот и делегација од достоинственици кои му донеле подароци, вклучувајќи и дузина индиски слонови. Дел од добиените пари биле пратени во Македонија, да се финансира походот на Антипатер против Спартанците. Во пролетта 331 година пред Христа, Спартанците формирале една Пелопонеска коалиција и се подготвувале за борба против Македонија.

Антипатер, за жал, “до гуша” бил зафатен со задушување на побуните во Тракија и не можел веднаш да одговори на таа спартанска провокација. Спартанците го протолкувале тоа како знак на слабост и започнале да ги напаѓаат градовите лојални на Македонија. Антипатер брзо завршил со северниот поход и со брз маршов строј тргнал на југ. Кога пристигнал, ги нашол Спартанците и нивните сојузници како го опседнуваат градот Мегалополис во Аркадија, кој останал лојален на Македонија и не сакал да се предаде. Се повела жестока борба во која Антипатер постигнал решителна победа. Моќните Спартанци биле совладани и молеле за мир.

Антипатер зел поголем дел од племството како заложници и нивната натамошна судбина и ја предал на Лигата како што претходно Александар направил со Тебанците. За жал, Лигата од Коринт, гледајќи на ова како на уште еден удар по нивната слобода, немала желба да донесе пресуда и судбината на заробените останала нерешена. Сега останало на Александар да ја утврди нивната казна. Кога тие пристигнале во Азија, Александар одржал судење на кое било решено, оние кои ги предизвикале немирите да бидат погубени, а останатите да бидат ослободени. Сепак, Спарта била присилена да и се придружи на Лигата од Коринт.

Со поразената Спарта, наследството, културата и начинот на живеење на античките градови-држави завршиле засекогаш. Оттогаш па наваму, Македонија владеела со нив со векови, се до римските војни.

Откако го собрал своето богатство, Александар назначил персиски намесник, одговорен за граѓанските должности, и двајца македонски команданти одговорни за трупите и за цитаделите. Додека се уште бил бво градот Сус, тој, исто така, добил илјада нови, свежи македонски војници за неговиот иден поход.