Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Devenir membre !

History of the Macedonian People: From Ancient Times to the Present

ГЛАВА 7 - АЛЕКСАНДАР III – ГОСПОДАР НА АЗИЈА Победата кај Ис означила нова ера - Part 05

Par Ристо Стефов · Partie 18 sur 64 · Environ 20 minutes

Lire en English

За жал, обидите на Александар да ја реорганизира својата војска, заедно со другите негови бројни планови, нема да донесат плодови. Се вели дека на 2 јуни, 323 година пред Христа, откако учествувал во неколку прослави кои траеле цели ноќи, Александар почнал да покажува симптоми на треска. Некои велат дека можеби се заразил од маларија, која е вообичаена во текот на летните месеци во мочурливите простори на Вавилон. Александар бил физички во добра состојба, но неговото лично ангажирање во толку многу активности и стресот на кој самиот се подложил во текот на планирањето и подготовката на разни експедиции, го ослабеле неговиот имунолошки систем и способноста да се спротивстави на заболувањето. Самиот Александар верувал дека ќе оздрави, бидејќи на 3 јуни наредил неговите генерали да изготват планови за испловување на 7 јуни.

Вечерта на 3 јуни, го однеле Александар во кралските градини на западниот брег на реката Еуфрат на чист воздух и брзо закрепнување. Наредниот ден се чувствувал добро и испратил абер да дојдат неговите генерали и да се состанат со него на 5 јуни. Таа ноќ, за жал, треската се повратила и не му поминала. На 7 јуни, кога флотата била подготвена да продолжи, наредил да биде во состојба на готовност, надевајќи се дека наскоро ќе му биде добро и ќе може да и се придружи. Наместо да му биде подобро, болеста уште повеќе се влошувала како што изминувал денот, така што до наредниот ден бил толку многу болен што одвај можел да зборува.

На 9 јуни ги повикал генералите да се состанат во текот на ноќта во кралскиот дворт. Другите офицери чекале надвор пред вратите. Наредниот ден неговата состојба се влошила и повторно го однеле назад во палатата. Кога неговите генерали дошле кај него, можел да ги распознае, но бил толку слаб што не можел ниту збор да изусти. Во текот на ноќта и наредниот ден, треската се влошувала и тој веќе не бил во состојба да ги гледа посетителите. Неговите војници, стравувајќи од најлошото, побарале аудиенција кај нивниот крал, но офицерите не дозволиле. Не слушајќи ги своите офицери, тие насила ги отвориле вратите и еден по еден поминувале покрај креветот на Александар во долга колона само за да бидат сведоци на неговата ослабена физичка состојба. Александар можел, со потешкотија, само да им климне со главата и да ги поздрави неговите другари по оружје со своите очи, додека тие поминувале покрај него во тишина и длабока емотивност.

Во текот на вечерта на 13 јуни, 323 година пред Христа, Александар починал. Се уште немал триесет и три години кога животот му бил одземен, не во славна битка од меч на непријателот, туку од маларија, попрецизно, од микроскопски паразит, што е ужасен крај за најголемиот од сите освојувачи.

Никој не очекувал дека Александар ќе умре, а не, пак, толку бргу. Бидејќи и Хефестион бил мртов, немало ниту еден друг водач кој можел да интервенира и да стане одговорен за царството. Водачите на војската во Вавилон наеднаш се соочиле со тешки проблеми. Единствениот оној кој сега имал авторитет да дејствува бил Пердика, кому Александар, на умирање, му го предал својот потпишан прстен. Повторно било свикано Собранието на македонската војска на челната позиција, за да ја изврши својата должност и да избере крал. За жал, искрснале нови проблеми зашто старите традиции се судриле со новите. Разликите во желбите на пешадијата, во која бил утврден стариот македонски дух, не можеле да се помират со желбите на помодерната коњица, која била лојална на современите идеи на Александар. Аргументите довеле до тепачка, пред да се постигне затегнат компромис, според кој Архидеј, кандидатот на пешадијата, требало здружено да владее со изборот на коњицата, т.е. со неродениот син на Александар и Роксана. Тоа навистина бил несреќен избор, бидејќи Архидеј, син на Филип II, бил епилептичар и тапоглав, а детето на Александар се уште не било родено. Освен тоа,било решено секој генерал да преземе одговорност за одредени сатрапи во согласност со одлуките донесени во Вавилон. Птоломеј од Лар /Lagus/ отишол во Египет, Лизимак /Lysimachus/ отишол во Тракија, Антигон /Antigon/ отишол во Поголема Фригија /Greater Phrygia/, а Пердика останал во Вавилон. Имало само уште едно прашање поставено пред Собранието, а тоа било што да се прави во врска со последните планови на Александар. Без изненадување, Собранието едногласно решило истите да ги поништи.

Веста за смртта на Александар молскавично се ширела низ целото царство, но тешко дека предизвикало раздвижување во Азија. Градовите-држави, од друга страна, ја поздравиле веста, предизвикувајќи експлозија од емоции што резултирало со расформирање на Коринтската лига. Атина била прва која се кренала и ги повикала градовите-држави против Македонија. Една нова лига, предводена од Атина, била формирана и таа се кренала против Македонија во она што било наречено “Ламинска војна” (Lamian War).

Градовите-држави не можеле да ја контролираат својата омраза кон Македонија и го пуштиле својот бес со сета сила.

За жал, целата сила на градовите-држави не била доволна да ги разбијат Македонците на Антипатер. Победоносниот Антипатер ја лишил Атина од нејзината позиција како сила на море и повторно го вратил Самос (Samos) на Самијанците (Samians). Потоа, тој форсирал промена на уставот за Атињаните, лишувајќи ги од нивната демократска власт.

Освен тоа, еден македонски гарнизон бил инсталеран на атинско тло за да ги потсетува Атињаните кој е оној што ја има контролата, т.е. власта. Антипатер склучил мир посебно со секоја од останатите побунети држави и ја расформирал нивната новоформирана лига.

За разлика од градовите-држави, со исклучок на неколку мали немири, предизвикани, главно, од незадоволни граѓани на градовите-држави, Азија останала мирољубива релативно долг период. За жал, без уверливата политика на Александар, мирот полека отстапувал место на судири. Иако нашите антички извори не успеваат да го откријат вистинскиот мотив за конфликтите, јас мислам дека тоа била лакомоста за богатство и желбата да се владее.

Во почетокот, тоа биле поамбициозните сатрапи во Азија кои меѓусебе се бореле, за освојување поголем дел од нивното царство. Подоцна, во конфликтот се вклучиле генералите на Александар кои владееле со дел од неговото царство, но не биле задоволни со она што го имале и сакале повеќе. Најмоќен од тие наследници бил Антигон и неговиот син Деметриј (Demetrius), кој постепено стекнал најголем дел од Азија. Против нив била коалицијата на Птоломеј од Египет, Селеук /Seleucus/ од Вавилон, Лизимак од Тракија и Касандер /Cassander/, син на Антипатер, од Македонија.

Околу шест години по Александровата смрт, во 317 година пред Христа, низа настани се случиле во Македонија што засекогаш ќе го сменат текот на нејзината историја. Тоа започнало кога Олимпија го убила кралот Филип Архидеј, што му дало повод на Касандер да ја совлада. Без нејзина заштита, Касандер ја убил несреќната Роксана и нејзиниот син, малиот Александар. Откако царството останало без семејството на Александар и без крал да владее, неговата судбина останала во рацете на неговите генерали кои сега се бореле еден против друг.

ГЛАВА 9 - ПОСЛЕДИЦИТЕ ОД СМРТТА НА АЛЕКСАНДАР Ненадејната смрт на Александар во Вавилон, во јуни 323 година пред Христа, дошла како изненадување и го фрлила Царството во премрежје. Самиот Александар себеси се направил незаменлив и никогаш не ја земал предвид идејата да назначи квалификуван наследник, во случај неочекувано да дојде до трагедија. По се, тој бил војник, а војниците ги убиваат. Ако Александар имал слабост, тоа било оваа. Има такви кои велат дека лично Александар ја предизвикал оваа трагедија на неговото Царство. Да назначел наследник, неговото Царство можеби ќе преживеело и ќе ги издржело римските јуриши. Уште подобро, ако тој не го направил опасниот поход во Азија, и ако не ги следел стапките на својот татко, можел да направи Македонија да биде дури и поголема. Со тоа што не одбрал наследник, Александар дозволил неговото Царство да се подели, ослабувајќи ја Македонија и доцволувајќи таа да стане жртва на Римјаните.

Сцената била подготвена за пад на големото Македонско Царство кога војската не успеала да назначи силен лидер. Од почеток било очигледно дека Архидеј, епилептичниот и тапоглав син на Филип II, и неродениот син на Александар III, не биле избрани поради нивните вештини за командување, туку повеќе поради нивното немешање. Тогаш кој навистина ќе раководи со Царството? Очигледно Александар се окружил себеси со луѓе кои повеќе биле заинтересирани за нивните лични кариери, отколку за судбината на Царството. Во наредните педесет години, или приближно толку, најмоќните и највлијателните воени лидери се бореле еден против друг за контрола врз Царството. По педесет години борби и раздор, го поделиле царството на три дела. На крај, Антигонидите ги зазеле Македонија и градовите-држави, Птоломеј го земал Египет, а Селеукидите ја зеле Азија. Многумина умреле бесмислено, пред конфликтите да достигнат рамнотежа и пред поделените земји да го повратат разумот (види Аријан). Има еден позитивен резултат од сето тоа. Иако Царството било поделено и со него владееле различни династии, тоа секогаш било раководено од Македонци. Со векови Македонците владееле со Царството ии патувале слободно низ целиот свет, кое се простирало од Јадранот до Пенџаб и од Таџикистан до Либија. Тие одржувале контакти меѓу себе и со нивната татковина, бидејќи често патувале наваму и натаму, барајќи вработување и посетувајќи ги семејствата и пријателите.

На пат кон Македонија, Кратер и отпуштените ветерани ја примиле веста за смртта на Александар и наредбата на војската дека Антипатер останува генерал за Европа. Во меѓувреме, Кратер требало да ја преземе функцијата заштитник на кралството на Архидеј. Роксана родила машко бебе кое било крстено Александар IV; и тој и Архидеј биле повикани во Азија кај Пердика.

Според Диодор, највлијателните играчи кои останале во Вавилон по смртта на Александар биле Пердика, најстариот коњанички офицер, носител на Александровиот прстен и старател на двајца кралеви, Мелеагер – најстариот водач на фалангата, Птоломеј, Леонат, Лизимак и Пеукест /Leonnatus, Lysimachus, Peucestas/, бидејќи сите тие заземале релативно важни фунции во Царството. Помалку значајните во тоа време, но кои подоцна се издигнале до ранг на важни играчи, биле Селук /Seleucus/, командант на елитната стражарска регимента, Еумен /Eumenes/, Александровиот секретар и единствениот странец меѓу Македонците, Антипатеровиот син Касандер и Антигон едноокиот, влијателен сатрап на Фригија. Отсутни биле Кратер и Антипатер кои се уште биле во Македонија.

Борбата за контрола врз Царството почнала веднаш по смртта на Александар и траела повеќе од педесет години. Во текот на првите неколку години, Пердика бил првиот кој направил сериозни обиди да стекне контрола врз Царството.

Нудејќи им договор за компромис на другите, се надевал дека ќе стекне власт сам за себе. За жал, направил премногу дипломатски грешки и неговото интригантство го вовлекло во неволја. Брз него бил извршен атентат од страна на неговите луѓе, ден пред денот кога тој планирал да го нападне Птоломеј кај делтата на реката Нил.

Пред да продолжам со сторијата за Пердика, сакам да споменам дека Леонат, исто така, се сретнал со својата смрт.

Во пролетта 322 година пред Христа, додека Антипатер и Кратер биле зафатени со задушување на буните на градовите-држави, Леонат ја довел својата војска преку Хелеспонт, надевајќи се да положи право врз Македонија преку брак. Клеопатра, сестрата на Александар, му пишала предложувајќи му да се ожени со неа. За жал, Леонат бил убиен во битка и не ги постигнал своите амбиции.

Падот на Пердика почнал пред тоа, во палатата во Вавилон, кога се обидел да го потврди својот авторитет врз другите, најавувајќи прочистување на војската, по смртта на Александар. Тоа било како одговор кон Мелеагер кој се обидел со сила да го потврди авторитетот на Архидеј врз Пердика. Пламнала препирка и следбениците на Мелеагер биле уапсени и егзекутирани, по наредба на Пердика.

Мелеагер бил поштеден тогаш, но само за да биде убиен подоцна, без сомнение од убијци на Пердика. Исто така, на инсистирање на Пердика, Антипатер бил оставен да биде одговорен за Европа, а на Кратер му била доделена административна улога на заштитник на кралевите. Пердика бил сосема свесен за популарноста на Кратер кај пешадијата и сакал тој да биде колку што е можно подалеку од неа.

Пердика, исто така, тајно ковал заговори да го сруши Антипатер со интриги, а преку женидба да дојде на власт.

Кога сето тоа било обелоденето, Антипатер, како и Кратер, Лизимак и Антигон, се здружиле против него. Но, неговите проблеми не завршиле тука. Македонскиот обичај наложувал дека за некој да стане крал, морал да го погребе претходникот, а Александар се уште не бил погребан.

Всушност, Пердика веќе не го поседувал телото на Александар. За да ги заузда шансите на Пердика да стане крал, Птоломеј го поткупил командантот на погребната поворка да го скрие телото. Се уште не се знае каде е закопан Александар. Неговото тело ниту било донесено дома во кралската гробница во Аига /Aigai/, ниту, пак, било пренесено во оазата на Шива /Siwah oasis/. Според Питер Грин, Птоломеј го однел телото најпрво во Мемфис да биде погребан како фараон а потоа во Александрија, за да биде постојано изложено во златен ковчег.

Во пролетта 320 година пред Христа, Пердика заминал од Азија и отишол во Египет да го нападне Птоломеј. Но, Птоломеј подготвено го чекал и ги саботирал неговите шанси за победа. Неколку дена по смртта на Пердика, дошол глас дека Еумен водел голема битка против Кратер, во близина на границата на Кападокија, и извојувал уверлива победа во која, за жал, загинал Кратер. Пред да замине за Египет, Пердика го назначил Еумен да биде одговорен за Азија, но бидејќи Пердика бил мртов, Еумен поднел понуда за Пердиковиот дел од царството. Војската не се согласила со дејствата на Еумен и, во текот на состанокот во Египет, формално го осудила Еумен и неговите следбеници на смрт.

Само било прашање на време кога ќе биле пронајдени и погубени.

Вакумот во власта што се создал со загубата на Кратер и Пердика создал извесна загриженост кај наследниците на Александар кои, во 320 година пред Христа, повторно ја свикале војската , овојпат во Сирија. По извесно разгледување на ситуацијата, Собранието решило да го назначи Антипатер за заштитник на кралевите со целосно овластување. На Антигон му била доверена командата на трупите во Азија, со специфична задача да го пронајде Еумен.

Во наредните дваесетина години, Антигон бил тој кој доминирал со азискиот фронт. Вложувал големи напори целото Царство да го стави под своја контрола, но, за жал, и тој платил со својот живот за своите опасни потфати.

Пред неговото наименување, Антигон покажал дека е многу амбициозен, но Антипатер не му верувал со целата своја моќ. Но, Касандер, синот на Антипатер, бил комотен со изборот и го убедил татка си да го дозволи наименувањето.

За да ја осигура лојалноста на Антигон, Антипатер ја омажил својата ќерка Фила /Phila/, вдовицата на Кратер, со Деметриј, синот на Антигон. Како натамошна сигурност, Касандер лично се придружил на штабот на Антигон како командант на коњицата и останал во Азија. Антипатер се вратил во Македонија за да ги преземе своите должности повторно и да ги врати двајцата кралеви назад во нивната татковина.

На Антигон му требале околу пет години да го фати Еумен.

Но, не бил Антигон тој кој ја предизвикал смртта на Еумен, туку неговите лични војници кои го оставиле на цедило во битка. Еве што Питер Грин има да каже: “Тој на крај беше уништен, само со предавствата кои се повторуваа (цената за потпирање на премногу независните и на квази-наемните команданти) и со фундаменталната лакомост и ксенофобичност на македонските војници, кои во суштина биле навредени зашто биле водени од страна на учтив грчки интелектуалец, особено таков кој не успеал да им донесе плен, но и победи. Тие, можеби, во една прилика го поздравиле на македонски, како двосмислена пофалба, но, страшно лошо го изневериле во текот на нивниот прв поход против Антигон во Кападокија.” (Стр. 17, Питер Грин, Александар кон Актиум, Историската еволуција на хеленистичкото доба /Alexander to Actium, The Historical Evolution of the Hellenistic Age/).

Понижен од својот пораз, Еумен и околу шестотини негови следбеници побегнале во тврдината Нора, во северниот венец на планината Таур. Антигон веднаш ги презел и сатрапите на Еумен, и неговата војска, и ја опседнал Нора.

Антигон не сопрел со Еумен, туку продолжил да ги гони неговите непријатели со голем успех. Токму во текот на овие походи Антигон сериозно почнал да размислува за преземање на контролата врз целото Царство.

При крајот на 319 година пред Христа, Антипатер, во своите седумдесетти години, умрел од старост. Неговата смрт го охрабрила Антигон да го следи својот сон, но за жал, како и Пердика пред него, почнал да прави груби дипломатски грешки.

Во текот на последните часови од животот, Антипатер својата власт му ја предал на еден лојален македонски офицер по име Полиперхон /Polyperchon/, кој бил добар војник, но имал сосема мало искуство во дипломатските работи. Првата грешка на новопоставениот била што ја вратил Олимпија, мајката на Александар III од Епир и што ја наименувал за кралски старател на младиот Александар. Првиот кој со навреда реагирал на ова наименување бил Касандер, синот на Антипатер. Касандер бил бесен не само поради тоа што Олимпија била вратена назад, туку и поради тоа што тој верувал дека позицијата на неговиот татко требало да му биде дадена нему, а не на Полиперхон. Касандер веднаш формирал коалиција со Птоломеј од Египет, со Антигон од Азија и со Лисомак од Тракија, а против Полиперхон.

Сојузништвото со Касандер му обезбедувало можности на Антигон, но најпрво морал да ја заврши опсадата на Нора.

Бидејќи не бил во состојба со сила да ја освои неосвоивата тврдина, Антигон прибегнал кон дипломатија и на Еумен му понудил сојуз. Желен што поскоро да се извлече од неприликата во која се наоѓал, Еумен се согласил со условите на сојузот и му се заколнал на верност на Антигон .

На самиот почетокот на пролетта 318 година пред Христа, опсадата била укината. Неколку месеци подоцна, Еумен добил понуда за сојуз од Полиперхон и Олимпија, кои во тоа време биле непријатели на Антигон и Касандер. Еумен ја прифатил нивната понуда и ги променил страните. Антигон му дал противпонуда, но таа била одбиена. Кратко време потоа, избувнала војна во Азија помеѓу Антигон и Еумен која траела две години. Во есента 316 година пред Христа, во текот на битката кај Паратецен /Paraetacene/, Еумен бил повторно предаден од страна на неговите луѓе, што му овозможило на Антигон да го фати и да го погуби.

Во меѓувреме, во Мадедонија, Полиперхон правел обиди да добие поддршка од градовите-држави против Касандер, но без голем успех. Олимпија, од друга страна, му ги влошила работите на Полиперхон со тоа што извршила инвазија на Македонија од Епир. Решена да го види својот внук на тронот, Олимпија, во почетокот на 317 година пред Христа, ја нападнала Македонија со мала вооружена сила.

Таа била испровоцирана од Евридика, жена на Филип Архидеј, која отворено ја искажувала својата поддршка кон Касандер како регент на Македонија. На заканата со инвазија, Евридика излегла со цела војна опрема, на чело на нејзините војници за да ја пресретне Олимпија на македонско-епирската граница. Но, кога ја видела мајката на Александар, таа отстапила и го положила оружјето. За жал, Олимпија не била од оние кои простувале и и се осветила со тоа што го погубила нејзиниот маж Филип Архидеј. Без поддршката на нејзиниот маж, Евридика не можела да ја издружи болката што останала вдовица и извршила самоубиство во есента 317 година пред Христа.

Осветата на Олимпија не престанала со убиството на Филип Архидеј. Верувајќи дека нејзиниот син Александар III бил отруен од пехароносецот Јол /Iolaus/ (синот на Антипатер), наредила неговиот леш да биде ексхумиран од гробот, а неговата пепел растурена. Таа, исто така, погубила стотоци следбеници на Филип Архидеј и на Евридика. За среќа, нејзината опиеност од убивање била од краток век.

Откако и се извинил на Атина, Касандер навлегол во Македонија и наредил македонската војска да изрече смртна казна за Олимпија, што ја натерало да се врати назад во Пидна. Лишена од поддршка, во пролетта 315 година пред Христа се предала и била погубена со каменување. Малиот Александар сега бил ставен под старателство на Касандер, што само по себе можело исто така да биде смртна пресуда.

Дотогаш, Касандер почнувал да дејствува како крал на Македонија и немал намера да му отстапи место на никого.

Своите намери јасно ги ставил на знаење, на тој начин што на Филип Архидеј и на Евридика им приредил кралски погреб во Аига и што се оженил со Салоника, ќерката на Филип II.

Како што е претходно спомнато, потерата на Антигон по Еумен му овозможила да врши влијае врз пространата Азија.

Кога Еумен веќе не му стоел на патот, Антигон командувал со сите земји од Мала Азија до планинските краеви на Иран.

Тој го спроведувал своето влијание како независен монарх, назначувајќи сатрапи по свое сопствено убедување и проценка, и дури земајќи пари од царските благајни за да ја зацврсти поддршката и да изнајми платеници за својата војска. Користел мито и протажерство за да се ослободи од своите непријатели и од оние кои не се согласувале со неговата политика. Дури наредил и да се изврши ревизија на сметководството на Селеук, надевајќи се дека ќе најде неправилности за да може да се ослободи од него. Селеук во тоа време бил сатрап на Вавилон. Претчувствувајќи дека животот му е во опасност, побегнал во Египет, оставајќи го Антигон да го контролира речиси целото Азиско Царство на Александар.

Акциите на Антигон не поминале незабележително.

Всушност, тие во голем степен ги алармирале неговите ривали. Неговото протерување на старите офицери на Александар била доволна причина за загриженост, за да го испровоцира не само Селеук, кој ја изгубил својата доходовна позиција, туку и Птоломеј, Касандер и Лизимак, за да му постават ултиматум. Додека вршеле обиколка на благајните и собирале даноци, пратениците испратени од Птоломеј, Касандер и Лизимак го пресретнале Антигон во Сирија. Тие му врачиле изветување со кое му се наредува да му го врати на Селеук сатрапништвото во неговата поранешна провинција во Вавилон, да му ја предаде Сирија на Птоломеј, Хелеспонт Фригија на Лизимак, а Луциа и Кападокија на Касандер. Се разбира, дека тоа биле претерани барања кои Антигон категорично ги одбил. Но, тие биле доволно сериозни така што ако биле игнорирани ќе довеле до војна која Антигон бил уверен дека може да ја добие.

Антигон имал една слабост – немал флота, но во иднина тоа можело лесно да се поправи бидејќи имал пари да ја изгради.

За да ја зајакне својата сила на море, Антигон изградил бродоградилишта во различни пристаништа, вклучувајќи ги Триполи, Библос /Byblos/ и Сидон. Исто така, обезбедил сојузништво со Кипар и испратил трупи да го чуваат Хелеспонт од можно преминување од страна на Касандер.

Дури се обидел да купи помош од Полиперхон на Пелопонез, охрабрувајќи го да започне војна против Касандер. За да ја добие поддршката од своите трупи, Антигон дури ги убедувал така што го обвинувал Касандер за убиството на Олимпија, за женачката со Салоника со сила и за обид да дојде н македонскиот трон. Во неговото пропагандно коминике, во обид да добие поголема поддршка, Антигон им понудил на градовите-држави бројни концесии, вклучувајќи слобода, автономија и отстранување на македонските гарнизони. Но, вистинското коминике кое им било предадено на градовите-држави од страна на Полиперхон било ревидирано, а зборовите “слобода” и “автономност” биле избришани.

Во 311 година пред Христа навистина избувнала војна и Антигон се борел на два фронта, еден со Сирија, а другиот кај Хелеспонт. Исто така, избувнала војна и во градот Сус, која го вовлекла Деметриј, синот на Антигон, и неговата војска на една страна, против супериорните оружени сили на Птоломеј, зајакнати со слонови, на друга страна. Во битката, Деметриј не му бил дораснат на Птоломеј и бил лесно поразен. Победата на Птоломеј му ги отворила вратите на Селеук да си ја поврати својата провинција. Со позајмени трупи (од Птоломеј), Селеук тргнал во поход и повторно ги освоил Вавилон, Медија и Сусиана /Media, Susiana/, повторно враќајќи си ја својата претходна функција на тој начин.