Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Devenir membre !

History of the Macedonian People: From Ancient Times to the Present

ГЛАВА 7 - АЛЕКСАНДАР III – ГОСПОДАР НА АЗИЈА Победата кај Ис означила нова ера - Part 11

Par Ристо Стефов · Partie 24 sur 64 · Environ 20 minutes

Lire en English

Оттука па натаму, работите тргнале надолу за Деметриј.

Прво, имал проблеми со кападокијанската династија за мешање во нивните внатрешни работи. Тогаш тој жестоко задушил едно востание во Антиох, што го направило многу непопуларен кај својот народ. Се нашол во уште потешка неволја, во 160 година пред Христа, со Атал II, по смртта на Еумен, кога Атал ставил еден претендент, по име Балас /Balas/, на селеукидскиот трон. Балас, кој тврдел дека е син на Антиох IV, сигурно бил измамник, но бил поддржан од Атал II од Пергамон (наследник на Еумен) кој, како и Еумен, бил многу популарен кај Римјаните. Балас бил испратен во Рим и со помош на Атал бил озаконет како селеукидски крал. По неговото враќање, во 152 година пред Христа, Балас се истоварил во градот Птолемија-Аке /Ptolemais-Ake/ каде го предизвикал Деметриј. Откако добил локална поддршка, го пoразил во битката. Деметриј умрел борејќи се, а измамникот Балас ја присвоил неговата круна во 151 година пред Христа.

Една работа е да се има Македонец на селеукидскиот трон, а сосема друга со знаење да се дозволи еден измамник да ја присвои круната, особено ако се знае дека Коеле-Сирија е на коцка, односно во опасност. Птоломејците, дефинитивно, не биле задоволни со ситуацијата и нешто морало да се направи. Војна не доаѓала предвид, па затоа Птоломеј VI смислил еден лукав план. Додека на Балас му нудел мир, со тоа што ќе се оженел со неговата ќерка Клеопатра Теа /Cleopatra Thea/, Птоломеј му понудил на синот на Деметриј, Деметриј II, кој го избегнал масакрот на Балас, помош да се врати и повторно да го положи правото на тронот на својот татко. Со помошта на Птоломеј, младиот Деметриј собрал војска од платеници и се вратил во Сирија. Птоломеј, под изговор дека доаѓа да му помогне на својот зет, се пробил во Палестина и брзал да стигне во Антиох, пред неговите планови да бидат откриени. Балас се обидел да го убие.

Откако не успеал, побегнал од Антиох и подоцна, додека се борел во Северна Сирија, бил убиен, Клеопатра, во меѓувреме, направила нејзиниот брак да се прогласи за правно неважечки.

Народот на Антиох, откако ја пренел својата верност од Балас на младиот Деметриј, радосно го поздравил Птоломеј како свој нов селеукидски монарх. Како и неговите претходници пред него, така и Птоломеј имал доволно здрав разум да не ја предизвикува судбината и се повлекол благодарно, дозволувајќи му на Деметриј II да го заземе своето законско место. Но, не било се изгубено. Нудејќи му на Деметриј да се ожени со неговата ќерка Клеопатра, Птоломеј бил способен да добие сигурна позиција во Коеле- Сирија. За жал, не премногу долго потоа, Птоломеј VI Филометор бил ранет во битка и умрел. Патот сега бил отворен за да се врати неговиот ривал, братот Птоломеј VIII Евергет /Euergetes/.

На ова место сакам да се осврнам на кратко во Египет во 169 бил убиен пред Христа. Како што е претходно спомнатно, ривалските (полу)браќа Птоломеј VI Филометор и Птоломеј VIII Евергет, заедно со нивната сестра Клеопатра II, ги надминале своите разлики, но не за долго. Откако Римјаните му наредиле на Антиох да си замине од Египет, и откако опасноста од инвазија исчезнала, ривалството помеѓу браќата повторно се појавило. Бидејќи не била кадра да избере страна, Клеопатра II се откажала од својата позиција.

За целото тоа време, Птоломејците се соочувале и со незадоволството од Египќаните, а помали побуни избувнале насекаде. Бидејќи не биле способни да излезат од ќорсокакот, браќата конечно решиле, со одобрение на Рим, да го поделат Египет на две кралства. Во мај 163 година пред Христа постариот Птоломеј Филометор го земал Египет, а на својот помлад брат Птоломеј Евергет му ја дал западната провинција Сиренајка /Cyrenaica/. Иако и двајцата се согласиле со договорот, Евергет бил сведен на престолонаследник и не бил сосема задоволен со својот дел.

Ривалствата продолжиле се до смртта на Филометор во 145 година пред Христа. Додека се уште бил со Сирена, Евергет барал шанса да го поврати целото кралство по смртта на брата си. Пристигнал во Александрија и барал поддршка за преврат, но не успеал во тоа. Клеопатра II, вдовицата на Филометор, заедно со нејзиниот шеснаесетгодишен син, Птоломеј VII Неос Филопатор /Ptolemy VII Neos Philopator/, му се спротивставиле.

Неспособен да добие власт со сила, Евергет се понудил да се ожени со Клеопатра и заеднички да владеат со Египет.

Клеопатра се согласила и следела свадба. Во текот на свадбените прослави, Евергет наредил младиот Птоломеј да биде убиен. Откако Птоломеј VII бил елиминиран, немало веќе ниеден законски претендент за тронот, освен Евергет.

Евергет се докажал како ужасен владетел. Една година откако станал крал, самиот се востоличил за фараон во Мемфис. Кога се вратил во Александрија, го прославил своето враќање со групни чистки и прогонства на сите оние кои му се спротивставувале во текот на краткото владеење на Птоломеј VII. Меѓу оние кои биле протерани имало многу учители, научници, уметници и интелектуалци, вклучувајќи го главниот библиотекар и географ. Но, и наспроти неговите брутални методи, успеал да опстане многу години и владеел со Египет со железна тупаница се до 116 година пред Христа.

Во меѓувреме, во Македонија, римското владеење било сурово и се создале многу тензии помеѓу Македонците и нивните нови господари. Економската ситуација била посебно загрижувачка и понекогаш неиздржлива. Сепак, олеснување пристигнало во форма на претендентот по име Андриск /Andriscus/. Тој тврдел дека е Филип VI, син на Персеј со Лаодица, ќерката на Селеук IV која, исто така, била сестра на Деметриј I. Андриск отишол во Рим да го застапува својот случај за Македонците, но Сенатот не бил заинтересиран да го сослуша. Разочаран, Андриск се вратил и побарал помош од македонскиот народ кој му го дал она што му било потребно, вклучувајќи кралски одори, дијадема, признание и трупи. Добил признание од Визанија и трупи од разни тракиски врховни команданти.

Земајќи ги предвид условите во Македонија, повеќе се претпочитало владеење од страна на претендент, отколку да се биде поделен и под владеење од страна на Римјаните. Кога бил спремен, Андриск влегол од Тракија во Македонија и по две битки во 149 година пред Христа, ја земал власта на Македонија. Но, за жал, слободата на Македонија била од краток век. Две римски легии, под водство на Квинт Македоникус /Quintus Macedonicus/, биле испратени и неочекувано ја завршиле кариерата на Андриск кај Пидна, во 148 година пред Христа.

По оваа неуспешна побуна, Македонија сосема ја изгубила својата независност и станала римска провинција. Целосната смрт на Македонија и римската бруталност внеле страв во срцата на водачите на Ахеанската лига. Римските ѕверства во Македонија ги претвориле Ахеанците од римски сојузници, во римски непријатели. Во 146 година пред Христа, во еден очајнички последен обид, Ахеанците отпочнале рововска битка против Римјаните, но загубиле. Римската одмазда била решителна и брутална, вклучувајќи пљачкосување, палење, силување и поробување цивилно население. Коринт бил разрушен и останал куп руина се до 44 година пред Христа, кога повторно бил изграден од страна на Цезар.

Во исто време во Египет, жителите на Александрија биле сити од лошото владеење на Птоломеј VIII Евергет и во 132 година пред Христа избувнале немири. Народот на Александрија, потпомогнат од Клеопатра II, која била полна со сомилост за нивната непријатна состојба во која се наоѓале, заедно сакале Евергет да биде истеран.

Секојдневното насилство ескалирало и достигнало максимум кога масите, во фрустрирана состојба, ја запалиле кралската палата. Во паника, Евергет и неговото семејство, жената Клеопатра III и децата, побегнале на Кипар, оставајќи ја Клеопатра II како единствен суверен. Според македонскиот закон, Клеопатра, како жена, не можела да владее сама.

Единствениот можен маж, за кој таа би се согласила да го замени Евергет бил нејзиниот дванаесетгодишен син Птоломеј Мемфитис, кој во тоа време не бил во Александрија. Во секој случај, Клеопатра наредила Птоломеј да биде прогласен за ко-владетел во отсуство, што, за жал, било грешка. Веднаш штом Евергет го открил тоа, тргнал во потрага по момчето и наредил да го погубат.

Во 130 година пред Христа, Евергет кришум се вратил во Египет и се скрил во Мемфис каде вршел подготовки повторно да се врати на власт. Барал и добил поддршка од противниците на Клеопатра II и се побунил против неа.

Додека била под блокада во Александрија, Клеопатра II барала помош од нејзиниот селеукидски зет Деметриј II Никатор.Му го понудила египетскиот трон во замена за негова помош со цел да го срушат нејзиниот брат Евергет.

Деметриј прифатил, но се уверил дека Евергет е потежок непријател отколку што очекувал. Додека се борел со Евергет, Деметриј бил повикан да се врати во Сирија за да се справи со повеќе лични прашања. Клеопатра, предвидувајќи ја својата сопствена смрт, решила да ја напушти Александрија и да му се придружи. Без водач, Александријците пружале отпор и издржале уште една година, но непопустливиот Евергет продолжил да притиска се додека не се вратил повторно на власт, во 126 година пред Христа.

По неговото враќање во Сирија, Деметриј бил нападнат од група бунтовници-олоши, предводени од неговата жена Клеопатра Теа, ќерка на Клеопатра II. Клеопатра Теа, како и нејзината мајка, имале сомилост за несреќата на својот народ и им се придружила за да го истераат Деметриј. Како и Евергет, и Деметриј не бил многу сакан владетел, па на Антиохите им било доста од него.

Неволјата започнала кога Евергет, за да му врати на Деметриј поради неговото мешање во Египет, испратил еден претендент по име Забианс /Zabians/ да го предизвика за неговиот трон. Забианс тврдел дека е син на претендентот Балас, спомнат претходно. За разлика од Деметриј, Забианс бил љубезен и дарежлив и многу сакан од Антиохите.

Забианс го предизвикал Деметриј на борба и постигнал голема победа против него. Деметриј побегнал во Птолемаика-Аке но открил дека и таму не е добредојден.

Неговата жена одбила да му даде засолниште дури и за таа ноќ, Оттаму, Деметриј побегнал во Тир каде бил фатен и мачен додека не умрел, во 126 година пред Христа.

Во отсуство на Деметриј, Клеопатра II ги расчистила разликите со нејзиниот брат Птоломеј VIII Еуергетс и до 124 година пред Христа, повторно се вратила во Александрија.

Откако му се осветил на Деметриј, Евергет ја откажал својата поддршка кон Забианс и ја пренасочил кон својата внука, Клеопатра Теа.

Најстариот син на Теа, кој владеел како Селеук V кратко време, бил убиен, веројатно, од страна на Теа. Во негово отсуство, Теа го назначила нејзиниот шеснаесетгодишен син Антиох VIII Грипос /Grypos/ за нејзин ковладетел. Подоцна, по приближно една година, Грипос се оженил со Клеопатра Трифаена /Cleopatra Tryphaena/, една од ќерките на Евергет, и се грижел Селеудско-птоломејскиот сојуз да биде силен.

Забианс, без поддршката од Евергет, прибегнал кон собирање пари така што ограбувал храмови. Ова, за жал, довело да не биде повеќе омилен и кај неговите следбеници и пред законот. Во 123 година пред Христа, откако бил гонет од страна на Антиох VIII, Забианс бил фатен и погубен.

Антиох VIII, од друга страна, не се покажал покорен и попустлив како што сакала неговата мајка да биде и затоа во 121 година пред Христа се обидела да го отруе. Но, свесен за нејзините планови, Антиох ја натерал таа да го испие отровот. По нејзината смрт, Антиох станал единствен владетел на Сирија, барем до 114 година пред Христа.

Во Египет, во меѓувреме, лошото владеење на Еуергатес продолжило да предизвикува немири. Соочен со една дилема во 118 година пред Христа, бил присилен да направи отстапки кои требало да ги направи уште многу одамна.

Амнестиите биле критикувани, даноците отпишани, службените злоупотреби биле осудени, а казните изречени според законот биле поништени. За жал, дотогаш египетската бирократија била толку корумпирана, што без ефикасно спроведување на законот ниедна од отстапките на вредела колку што вредел пергаментот на кој биле напишани. Како резултат на тоа, состојбата на status quo продолжила до смртта на Евергет, во 116 година пред Христа.

Птоломеј VIII Евергет умрел на шеесет и петгодишна возраст и своето богатство и власт ги оставил на својата млада жена Клеопатра III. Изборот кој од нејзините синови ќе владее, бил исто така оставен на неа. Клеопатра III имала два сина и три ќерки. Нејзиниот најстар син Птоломеј IX Филометор бил роден во 142 година пред Христа и, кога умрел Еуергетс, тој станал гувернер на Кипар. Нејзиниот помлад син, роден во 139 година пред Христа, се викал Птоломеј X Александар, а нејзини ќерки биле Клеопатра IV, Клеопатра Трифаена, спомната претходно, и Клеопатра Селена /Cleopatra Selene/. Тука бил и вонбрачниот син на Евергет од една љубовница, по име Птоломеј Апион, кој во тоа време бил гувернер на Сиренајка.

Клеопатра не го сакала многу својот постар син. Можеби ме можела лесно да манипулира со него како што таа сакала и претпочитала да владее заедно со својот помал син Александар. Но, Александријците повеќе го сакале друштвото на Филометор и не сакале да го поддржат нејзиниот избор, Тврдоглава, Клеопатра ги игнорирала своите поданици и се обидела по секоја цена да го оствари наименувањето. Но, поради гневот на опозицијата, таа се откажала и морала да се задоволи со Филометор.

Филометор бил донесен во Александрија, а Александар бил испратен на Кипар да го замени него. Незадоволна со нејзината позиција како ко-владетел со Филометор, Клеопатра продолжила да предизвикува тензија и во 115 година пред Христа започнала целосна кампања против него за негово ослабнување. Таа ја раскинала венчавката на Филометор со нејзината сестра Клеопатра IV и го принудила да се ожени со Селена, другата нејзина сестра. Потоа се обидела да го истера од неговиот трон, но не успеала. По растурањето на бракот со Филометор, нејзината ќерка Клеопатра IV побегнала на Кипар и откако собрала војска, го предизвикала Александар по прашањето за неговата позиција. Тоа било смислено со цел да се убеди тој да се ожени со неа, но Александар не бил заинтересиран. Откако не успеала, побегнала во Сирија и откако му ја понудила својата војска како чеиз на Антиох IX Цизикен /Cyzicenus/, син на Антиох Сидетес /Antiochus Sidetes/ и Клеопатра Теа, тој прифатил и се оженил со неа. Незадоволна од тоа да биде само принцеза, Клеопатра IV го наговарала својот маж да го предизвика неговиот роднина Антиох VIII Грипос, спомнат претходно, за селеукидскиот трон. Семејните ривалства избувнале и ескалирале во војна од големи рамери.

Селеукидскиот конфликт ги привлекол Птоломејците и направил мајка да се сврти против син. Филометор испратил шест илјади војници да му помогнат на Цизикен, што ја разбеснило Клеопатра III. За жал, оваа мала препирка меѓу браќата и сестрите завршила катастрофално. Во 112 година пред Христа, Клеопатра IV била фатена и егзекутирана од страна на нејзината сестра Трифаена. Една година подоцна,Трифаена била фатена и била понудена како жртва на осветољубивиот дух на нејзината сестра. На крај, победил Грипос и си го вратил своето кралство, додека Цизикен бил избркан и оставен само со неколку крајбрежни градови во свој посед.

Во меѓуврме, во Египет во 107 година пред Христа, Клеопатра III се обидела да го избрка својот син од неговиот трон. Овојпат таа успеала. Ги убедила своите следбеници во Александрија дека Филометор се обидува да ја убие и дека таа е во смртна опасност. Александријците брзо се собрале и се втурнале во палатата за да ја спасат. Филометор избегал во паника, оставајќи ја својата втора жена Клеопатра Селена со нејзините два мали сина во палатата.

Заминувањето на Филометор била добра вест на Птоломеј X Александар кој брзо се вратил од Кипар и како крал ја земал палатата. Во меѓувреме, Птоломеј IX Филометор побегнал во Сирија а оттаму повторно се сместил на Кипар.

До 103 година пред Христа, Птоломејското Царство било поделено на три независни кнежества. Клеопатра и Александар владееле со Египет, Филометор владеел со Кипар, а Птоломеј Апион владеел со Сиренајка. Ривалствата помеѓу мајката и синот продолжиле и се прелеале во Сирија, каде Клеопатра III продолжила да го поддржува Грипос, додека Филометор му ја дал својата поддршка на Цизикен.

Интригите на Клеопатра III во странство изгледа не ги задоволиле нејзините апетити за возбуда, па дома се свртила против својот син Александар и направила да биде симнат од тронот. Молејќи ја мајка си за негово враќање, во 101 година пред Христа, под изговор за помирување, Александар насилно влегол во палатата и ја убил. Така, со смртта на Клеопатра III заваршиле братските ривалства помеѓу Александар и Филометор. Тие склучиле мир и го зацврстиле својот сојуз преку оженидбата на Александар со Клеопатра Береница, ќерка на Филометор.

Од друга страна, пак, бидејќи Птоломеј Апион не бил срдечно дочекан од Клеопатра III, останал аутсајдер и на својата смртна постела во 96 година пред Христа ја оставил Сиренајка во наследство на Рим. Исто така, во 196 година пред Христа, во текот на еден преврат поттикнат од неговиот ривал Антиох Цизикен, Антиох VIII Грипос бил убиен од еден негов генерал. Во 95 година пред Христа, Цизикен бил поразен во битка и убиен од Селеук VI Епифан, најстариот син на Грипос. Владеењето на Цизикен му било предадено на неговиот син Антиох Побожниот /Antiochus the Pious/.

Помеѓу 96 и 80 година пред Христа, Птоломејската династија искусила големи промени. Во пролетта 87 година пред Христа, Птоломеј X Александар бил истеран од Египет поради продажба на златниот мртовечки ковчег на Александар Велики. Подоцна бил убиен во текот на една морска битка во близина на Кипар. Но, пред да умре, тој, исто така, своето кралство му го завештал на Рим.

Смртта на Птоломеј X Александар отворила пат за да се врати неговиот постар брат Птоломеј X Филометор. Но, по неговото враќање, открил дека не е добредојден. Со помош на неговата ќерка Береница (жена на Птоломеј X) успеал повторно да се утврди како ко-владетел на Береница.

Освен Филометор, имало тројца други кои го барале тронот на Птоломејциите, но кога умрел Александар, тие станале заложници на Партијанците /the Parthians/. Митридат VI /Mithridates VI/ од Понд /Pondus/ ги бил фатил во Кос /Cos/, во 88 година пред Христа. Биле испратени таму од нивната баба Клеопатра II поради нивна лична сигурност. Еден од нив, синот на Александар, избегал и му се предал на римскиот проконзул Сула /Sulla/.

Во меѓувреме, во Азија, еден напад на Арменија врз Сирија во 83 година пред Христа ги принудило Селеукидте да побегнат од Антиох. Во нивно отсуство, Антиоханите му го понудиле селеукидскиот трон на Тигран /Tigranes/ од Ерменија. Клеопатра Селена се спротивставила на преземањето од страна на Арменија и пружала отпор од Птоломеја-Аке.

Во 69 година пред Христа, Митридат бил нападнат и поразен од Римјаните и селеукидското владеење било повторно воспоставено, но за кратко време. Антиох XIII Азијатот (син на Клеопатра Селена и Антиох X Евсебес /Antiochus X Eusebes/) станал зависен римски крал.

Од 83 година пред Христа па наваму, селеукидското владеење во Азија никогаш повторно не било целосно воспоставено. Остатоци од поранешното царство постоеле како кралства под различни зависни кралеви, се додека целиот регион не потпаднал под Рим.

Во 81 година пред Христа, Птоломеј IX Филометор умрел на шеесет и двегодишна возраст, не оставајќи машки наследници да го заменат. Имал два сина кои умреле многу млади. Но, тој навистина имал ќерка по име Клеопатра Береница која, накратко, владеела на своја рака.

Немајќи на располагање маж кој би го заменил Филометор, Римјаните го решиле проблемот со поставување марионетски крал. На Птоломеј XI Александар II, Александровиот син кој претходно му се предал на Сул, според тестаментот на неговиот татко, кој претходно го завештал Египет на Рим, сега му било дадено да владее со Египет. На новиот Птоломеј сега му било дозволено да носи круна и бил присилен да се ожени со Клеопатра Береница како нераздвоен дел од поставувањето на должноста.

Несреќен со неговата избрана невеста, неколку недели по женидбата младиот Птоломеј ја убил својата средовечна жена, но за возврат бил линчуван од група македонски Александријци лојални на Береница.

По смртта на Птоломеј XI, единствените живи наследници на птоломејскиот трон биле двајца незаконски сина на Филометор (затвореници на Партијанците) кои живееле во Сирија. Римјаните, се уште неспремни да го анексираат Египет, побарале од Партијанците да ги ослободат момчињата. По нивното доаѓање, помладиот син бил поставен за гувернер на Кипар, додека постариот бил однесен во Александрија и му била доделена титулата крал.

Иако историјата го именувала постариот син како Птоломеј XII Аулет /Auletes/, за неговите александриски поданици тој отсекогаш бил познат како Копилето или Свирач на флаута.

Птоломеј XII бил немилосрден владетел. Единствениот придонес што тој го направил вреден да се спомене е што бил татко на неговата славна ќерка Клеопатра VII. Птоломеј XII владеел невознемируван триесет години, се до 59 година пред Христа, кога бил исфрлен од страна на Александријците затоа што му овозможил на Рим да го анексира Кипар и што волно бил римска марионета. Во негово отсуство, неговата најстара ќерка Береница IV била прогласена за ко-регент со нејзината мајка. Птоломеј XII, исто така, имал и два сина-доенчиња, но биле премногу мали да владеат.

Кога кралицата-мајка умрела во 57 година пред Христа, Береница IV се омажила за Селеук Кибиосакт /Seleucus Kybiosaktes/, за кого се верува дека бил потомок од династијата на Селеукидите. Кога било откриено дека присвојувањето на птоломејскиот трон бил мотивот што бил зад женачката на Кибиосакт со Береница, таа наредила тој да биде задавен. Потоа таа се омажила за Архелај, немакедонец, кој можеби имал римски корени. Владеењето на Архелај траело се до 55 година пред Христа. Тој бил поразен од прогонетиот Птоломеј XII, со благослов на Помпеј, во обид повторно да претендира за својот трон.

Во текот на неговото враќање во палатата, Птоломеј XII бил придружуван од еден млад римски командант на коњица, по име Марк Антониј, кој бил привлечен од убавината на Клеопатра, четиринаесетгодишната ќерка на Птоломеј. Но, Клеопатра не му обраќала внимание. Како принцеза и иден наследник на птолемејскиот трон, таа целела многу високо, а Антониј се уште не бил таму.

Се уште немајќи интерес да го анексираат Египет, Римјаните му овозможиле на Птоломеј XII да владее се додека не умрел од старост, во 51 година пред Христа. По неговата смрт, кралството останало под заедничка грижа на неговата осумнаесетгодишна ќерка Клеопатра VII и нејзиниот дванаесетгодишен брат Птоломеј XIII.

ГЛАВА 12 - КЛЕОПАТРА VII, ПОСЛЕДНИОТ ОД ГОЛЕМИТЕ АКЕДОНСКИ ВЛАДЕТЕЛИ Клеопатра VII, една од петте браќа и сестри, е родена во 69 година пред Христа. Откако нејзиниот татко Птоломеј XII Аулет умрел во 51 година пред Христа, таа, заедно со нејзиниот дванаесетгодишен брат Птоломеј XIII, станала ко-регент на Египет. До времето на нејзиното владење, Птоломејците ги загубиле Кипар, Коеле-Сирија и Сиринајка.

Сето она што останало сега било еден осиромашен Египет, економски во беспарица и задушен во својата сопствена бирократија. Нејзините предци и оставиле еден истрошен свет кој страдал од глад и анархија. Но, Клеопатра не била обесхрабрена и сонувала за голема слава која ќе ја надмине онаа на Александар Велики.

Ова е сторија за Клеопатра, последната од македонските монарси, не во холивудска или шекспирова верзија.

Римската пропаганда можеби и ја намалила нејзината репутација, Шекспир можеби ја донел во средиштето на вниманието, а Холивуд можеби ја направил славна во целиот свет, но Клеопатра VII ја заслужила нејзината слава со својата брилијантност, снаодливост и решителност. Како што Плутарх вели: “Да се познава Клеопатра е како да си допрен од неодолив шарм. Нејзиниот облик, во спрега со нејзината убедливост и нејзиниот прекрасен стил на однесување – сето тоа произведува мешавина од маѓија.

Нејзиниот глас бил како лира...” (Стр. 13-14, Ернл Брадфорд, Клеопатра /Ernle Bradford, Cleopatra/, Hodder and Stroughton Ltd, Лондон 1971).

Вистинската Клеопатра не била ниту извонредна убавица, ниту толку многу уживала во љубовта, како што Холивуд сака да веруваме. Таа била страствена, но никогаш блудна, а повеќе имала изглед на обична жена со карактеристичен долг македонски нос. Убаво изгледала, но не била привлечна. Она што и недостасувало во убавина, таа многукратно го надоместувала со својата интелигенција, снаодливост и шарм.