Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Devenir membre !

History of the Macedonian People: From Ancient Times to the Present

ГЛАВА 7 - АЛЕКСАНДАР III – ГОСПОДАР НА АЗИЈА Победата кај Ис означила нова ера - Part 09

Par Ристо Стефов · Partie 22 sur 64 · Environ 19 minutes

Lire en English

До крајот на летото 198 година пред Христа, римските легии стигнале до Коринтскиот Залив и битката со Филип наближувала. Присуството на Римјаните во регионот ги уверило сите, освен некои членки на Ахеанската лига, да се откажат од Македонија и да стапат во сојуз со Рим. Филип внимателно ја одмерувал ситуацијата и, во ноевмри 198 година пред Христа, се вратил на преговарачката маса со противпонуда. Тој бил подготвен доброволно да ги напушти градовите-држави под услов да ја задржи контролата врз неколку одбранбени позиции и ако Римјаните му гарантираат дека нема да упаднат во Македонија.Понудата не била ниту прифатена, ниту одбиена, бидејќи Римјаните одолговлекувале за да добијат во време. Тоа било година на избори и Фламинин морал да замине за Рим. На Филип му било речено дека, ако сака да ги продолжи преговорите, ќе мора да испрати мисија во Рим.

Додека биле во Рим, преговорите тргнале од лошо на полошо. Главните точки на препирката било инсистирањето на Филип да ја задржи контролата врз Деметриас, Калкис и Коринт, подобро познати како окови на градовите-држави.

Кога Фламинин повторно бил избран, преговорите одеднаш прекинале и на легиите им било наредено да продолжат со нивните походи.

Филип сега бил очаен и им се обратил на Спартанците за помош. Им го понудил Аргос, еден од ахеанските сојузници кој останал верен на Македонија, и бракот на Филиповата ќерка со синот на спартанскиот крал. На издајничките Спартанци, за жал, не можело да им се верува. Ја прифатиле понудата на Филип, а потоа го предале, правејќи посебен договор со Фламинин. Она што било полошо, сега имало примирје помеѓу Спарта и Ахеанската лига и Спартанците биле обврзани да му обезбедат трупи на Фламинин да се бори против Македонија.

Додека Римјаните и нивните сојузници станувале се посилни, водените борби ја редуцирале македонската војска на околу дваесет и пет илјади трупи. Филип сфатил дека неговата сила постепено се намалува и дека сега било потребно да се дејствува. Како и многумина од неговите претходници, решил се да стави на коцка во една единствена битка.

Во јуни 197 година пред Христа, кај Киносцефал /Cynoscephalae/ во Тесалија, непоразената македонска војска се нашла лице в лице со римските легии. Со масовен јуриш македонската фаланга водела со Римјаните една застрашувачка битка која тие никогаш нема да ја заборават.

Во текот на првиот јуриш, Македонците биле успешни и победиле. Тоа било ужасна глетка за зајакнатите Римјани, калени во битки, кои за првпат влегле во сериозен контакт со македонската фаланга. Во текот на вториот јуриш, за жал, фалангата ја преминала римската борбена линија и ја изгубила формацијата. Римјаните брзо ја искористиле предноста, така што ја опколиле фалангата и ја пресекле на помали делови. Секој римски војник бил опремен со орудија за борба во формација и за борба со една рака, нешто што Македонците никогаш порано не доживеале. Неспособна да се регрупира, фалангата се повлекла и била уништена. Без фалангата, на Римјаните не им требало голем напор да го докрајчат остатокот од македонската војска. Римјаните не само што биле подисциплинирани отколку што очекувал Филип, туку тие, исто така, брзо учеле и биле способни бргу да се адаптираат на борбените техники употребени од нивните противници. Иако и двете војски биле еднакво дисциплинирани, Римјаните се докажале дека се пофлексибилни, што им дало предност потребна да победат.

Победносниот Рим ја презел контролата врз регионот, ограничувајќи го Филип само на Македонија. Условите на договорот биле далеку поостри отколку оние предложени претходно. Сега, од Филип се барало да ги евакуира сите региони што претходно ги држел во Азија и Европа, со исклучок на Македонија. Освен тоа, од Македонија се барало да му плати на Рим една илјада таленти воена отштета. Тоа било горчлива пилула за Филип, но каков друг избор имал тој?

Пред да продолжам со главната сторија, би сакал да направам дигресија и да направам преглед на другите придонеси, освен освојувањата, кои Македонците му ги подариле на светот. Повторно сакам да нагласам дека, иако царството на Александар било поделено на три кралства, на Антогинидите, Селеукидите и Птолемејците, со него се уште владееле Македонци и се уште било под голема македонска контрола. Наспроти обидите на Александар да ги интегрира своите македонски војници во културите што ги освоил, тие се противеле. По смртта на Александар, тие ги отфрлиле странските носии и се развеле од странските жени, напуштајќи го на тој начин неговиот концепт на “фузија помеѓу расите во едно универзално царство”. За еден Македонец, особено македонски војник, немало поголема чест отколку да се биде Македонец. Тогаш, зошто би сакале да бидат помалку од тоа?

Во врска со ширењето на хеленскиот јазик и култура, сосема се согласувам со Питер Грин кој вели:

“Хеленизацијата, ширењето на грчкиот јазик и култура што се дефинирани дури од делото “Geschichte der Diadochen” (1836) на Драјзен, како суштина на хеленистичката цивилизација, е феномен кој изискува темелно проучување.

Нејзините цивилизациски, дури нејзините мисионерски аспекти, во голем степен се преувеличени, не најмалку од оние нестрпливи да откријат некое морално оправдување за империјализмот.” (Стр. 312, Питер Грин, Александар до Актиум, Историска еволуција на хеленското доба).

Никогаш немало мисија од било која империја, античка или современа, да ги шири својот јазик и култура меѓу оние кои таа ги освоила. “Студена” вистина е дека империите тежнеат по освојувања за профит и земја, така што тие самите може да станат подобри, а не оние кои тие ги освојуваат. Македонските империјалисти не биле различни.

Нивната пропаганда можеби пропагирала и тврдела многу нешта, но, како што покажува историјата, она што тие го направиле, навистина, било многу различно од она што го велеле.

Најголемиот придонес што Македонците го направиле за светот, особено за Европа, било отворањето на Азија и Африка за европската трговија. Македонците проверувале дали трговски патишта се создавани секаде каде што биле и дали потоа нивната безбедност била загарантирана.

Трговските патишта не биле органичени само на поморските линии. Голема трговија се вршела преку копно и се протегала од Европа па се до планината Хинду Куш.

Трговското подрачје, поврзано со голема патна мрежа, било еден голем правоаголник што се протегал од Хелеспонт до планината Хинду Куш на исток, до долната страна на Персискиот Залив на југ, преку Арабија до рамнината на реката Нил на запад и назад, до Хелеспонт на север.

Трговијата во голема мерка била сконцентрирана на егејската страна од Мала Азија и подолу на рамнината на реката Нил. Западниот дел од Мала Азија бил средиште на економските активности, и на море и на копно.

Веднаш по трговијата, Македонците во текот на овој период, придонеле со богатство информации од природните науки, морепловството, географијата, биологијата, ботаниката, астрономијата, историјата и литературата. Се вели дека градот Александрија во Египет, во неговите славни денови, ја поседувал најголемата збирка книги и знаење што било кога биле собрани во една единствена библиотека.

Изградена од Птоломеј Сотер, величествената библиотека на Александрија поседувала близу половина милион свитоци.

Најголемиот дел од овие свитоци биле напишани на коине јазикот и биле на располагање на читателот. Имало само малку за или во врска со обичниот египетски јазик, што е контрадикција на тврдењата на Драјзен во однос на мисијата на Диадохите, односно наследниците на Александар /Diadochoi’s mission/, да ја шират т.н. “хеленска култура” на странци.

Ако нешто било раширено или споделено меѓу културите, тоа биле техничките вештини. Најкарактеристичен пример на ефикасно адаптирање на вештината има во еволутивните техники на војување. И Македонците и странците учеле едни од други и бргу се адаптирале кон меѓусебните борбени стилови и техники. Од номадите, Александар научил за стрелци кои јаваат коњи, техника што тој ја адаптирал и ја употребил против герилските напади.

Размената на вештини не била ограничена само во областа на војувањето. Еден пример на ефикасно пренесување на знаење од една на друга култура, има во областа на медицината. Има многу примери кога Македонците учеле од други култури како да прават и применуваат лекови за различни болести.

Во однос на јазикот, Македонците навистина го ширеле меѓународниот јазик коине или lingua franca, но единствено за комерцијални, административни и религиозни цели, оставајќи го обичниот човек надвор од тоа. Значи секој кој бил значаен, особено ако бил деловен човек, морал да го научи коине јазикот за да се дружи и комуницира на меѓународно ниво, особено во Египет каде Птоломејците инсистирале на користење на коине јазикот. Но, сепак, ваквите лица биле исклучоци, бидејќи мнозинството од освоеното население било исклучено.

Со вели дека Македонците вработувале локални робови како послуга, кои биле носени со нив во странските земји.

Додека живееле во изолаија, ваквите робови често се навикнувале на јазикот и на културата на нивните господари, на Македонците, и тие ги пренесувале на своите поколенија.

Еден пример за ова се Евреите од Александрија во Египет.

Се верува дека првите Евреи што пристигнале во Александрија биле воени заробеници донесени од страна на Птоломеј I. Нивната продолжена изолација од нивните заедници и континуираниот контакт со големото македонско население, влијаеле врз нив да научат да зброуваат на јазикот на Македонците.

Градовите кои Македонците ги граделе во странските земји служеле за повеќе цели. Пристанишните градови биле порти за поморската трговија и центри за снабдување на македонската војска. Други градови, како бројните Александрии кои Александар III нарачал да бидат изградени и ги изградил во текот на неговите освојувања, биле таму за да ги поддржат воените потреби. Секаде каде Александар наишол на непријателски народ, градел град и го населувал со македонско население за да ги поддржат потребите на македонската војска. Со време, а во текот на натамошните освојувања, била изградена мрежа од македонски градови населени со Македонци низ цела Азија и Европа. Овие населеници дошле директно од Македонија и ги донеле со себе родниот македонски јазик, обичаите, вештините и културата. Населбите служеле како воени колонии и биле сконцентрирани околу Лидија и Фригија. Некои биле големи градови кои му служеле на трговскиот сектор, додека други биле гарнизонски воени бази, односно претстражи распрскани низ целото Царство, служејќи им на потребите на македонските трупи.

За разлика од било кои други градови, новите македонски градови биле градени по осовинско-решеткаста шема и биле далеку поголеми и космополитски, отколку било кои претходно изградени градови. Пергамон, Антиох, Селеукија-на Тигар /Seleucia-on-Tigris/ и секако Александрија во Египет биле пространи градови и главни центри за меѓународна трговија и културен развој. Тие биле многу поголеми од Атина каква што била во нејзините славни денови. По сето ова кажано, секој се прашува зошто модерна Европа покажува толку големи почести за Атина, а речиси никакви за Александрија? Најпосле, Александрија била најважен град на т.н. “хеленистички период”. Лоцирана и исправена помеѓу Африка и Европа, Александрија била средишно место за среќавање на сите раси и вери. Се уште цветајќи до ден-денес, таа издржала два и пол милениума насилство и опстојала. Тоа е признание за големината на нејзините градители, Македонците.

Додека сме кај темата за античките македонски градови, сакам да напоменам дека Александрија не била единствената по својата величественост. Имало дузина величествени градови изградени по освојувањата на Александар, но само неколку се истакнувале. Еден од тие градови бил градот Антиох. Тој бил подигнат на плодна крајбрежна рамнина, поврзувајќи ја јужна Анадолија со Палестина, на левиот брег од реката Оронт /Orontes/, под високиот врв на планината Силпиос /Silpios/. Тоа било место каде Александар III претходно поминал и пиел вода од обилните ладни извори.

Но, Селеук бил тој кој во 300 година пред Христа, го одбрал местото поради неговиот пристап до караванските патишта во внатрешноста, поради свежите развигори откај морето и поради неговите богати околни земји кои нуделе вино, житарици, овошје и нафта. Како и Александрија, и Антиох бил етнички мешан град; заедница од многу етнички групи, вклучувајќи и пензионирани војници. Антиох стекнал важност кога станал главен град на Селеудското Царство под владеење на Антиох I. Птоломејците го анексирале Антиох, за еден краток период, но тоа било под владеењето на Антиох IV кога градот повторно се развил и се проширил.

Од 175 година пред Христа па наваму, неговата раскошност почнала да и конкурира на онаа на Александрија.

Античките Македонци од овој период, особено оние кои живееле во дијаспората, биле космополитски народ и слободно патувале низ целиот нивен свет, од град во град, за да се борат за својот крал, да бараат работа или да се збогатат од трговија. Не им било под честа да разменуваат идеи и своите вештини, обичаи и знаење да им го пренесуваат на другите култури. Македонските научници, архитекти, инженери, уметници, занаетчии и лекари патувале со македонските војски секаде каде што оделе и, без сомение, оставиле свои траги.

Во врска со образованието, во тие денови, немало јавни институции да им служат на потребите на широките народни маси. Образованието било стриктно приватна работа, спроведувано од страна на професионални тутори и на располагање само на оние кои можеле да се го дозволат тоа.

Театарот и игрите, исто така, биле во приватна сопственост и ограничени само на клубските членови, ретко биле посетувани од странци. Дури необразованите македонски населеници и војници се дружеле само меѓусебе и ретко се социјализирале со оние од другите култури. Народот кој ги напишал натписите во Дура-Еуропос, претходно спомнати, се добар пример за Македонци кои се дружеле само меѓусебено. Речиси по три века живеење во дијаспората, Македонците од Дура-Еуропос не го заборавиле и се уште го користеле својот мајчин македонски јазик.

Ако имало некакво ширење на македонскиот јазик и култура во пост-Александровата ера, тоа било во македонската дијаспора во Азија и Египет. Како што претходно е спомнато, Македонците често опатувале помеѓу Европа, Азија и Египет. Со себе, носеле вести, озборувања, уметност, музика, пронајдоци, итн., кои единствено ги привлекувало и имало смисла за другите Македонци.

Се вели дека голем број македонски населеници од Мала Азија до Индија, кои на почетокот биле донесени за да и служат на војската, со време станале богати земјопоседници и изградиле куќи и вили во македонски стил, украсувајќи ги со сите видови македонска уметност. Многу од овие земјопоседници и нивните семејства останале таму и ги практикувале своите обичаи и култури со години, по пропаста на македонските кралства. Пример за ова е античката населба Аи Канум /Ai Khanum/ во северен Авганистан. Таму, францускиот археолог Пол Бернард /Paul Bernard/ и неговиот тим пронашле мавзолеј од таканаречен “хеленистички тип” и една вила украсена со прекрасна фонтана која имала изрезбани одводни олуци и млазници за течење на водата во форма на лав и глави од делфин.

Уметноста и архитектурата се иденични на оние пронајдени во Македонија. Историјата цитира многу примери каде културата на античките Македонци опстојала со векови, откако Македонија потпаднала под римско владеење.

Што се однесува до литературата, Македонците повеќе биле заинтересирани да учат од оние кои тие ги освоиле, отколку да ги подучуваат освоените. Бидејќи не била заинтересирана да ги учи јазиците на оние кои ги освоиле, македонската елита често нарачувала преводи на нивните дела. Птоломеј Сотер нарачал египетскиот свештеник Мането /Manetho/ да ја напише историјата на Египет на коине јазикот. Слично, Селеук Никатор нарачал свештеникот Берасос /Berassos/ да напише краток приказ на вавилонската мудрост, повторно на коине јазикот.

Во врска со владеењето, на еден монарх кој теоретски бил воин кој победува, кој оддавал почит на вистината и кој бил достапен на своите поданици, му било дозволено да владее со Македонците од матичната Македонија. Ова било точно за Македонија, но не и неопходно за Азија и Египет, земји добиени со копје и контролирани според правото на освојување. Азиските и египетските династии биле под власт на автократски монархии, поддржани од централизирани бирократии. Немало национална база на политичка моќ, односно бастион, ниту локална етничка поддршка. И азиските и египетските династии ангажирале платени војски за одржување на состојбата status quo. Двете династии увезувале Македонци од Македонија да управуваат со нивните бирократии. Освен тоа, македонската елита го оддржувала своето владеење со сила и бирократија врз локалната работната сила. Круната ги поседувала сите земји, и се во Азија и Египет било правено како поддршка на кралот.

Разликата помеѓу матичната Македонија и другите две македонски царства била таа што матичната Македонија имала национална база на политичка моќ, т.е. бастион и што Македонци владееле со Македонци.

ГЛАВА 11 - ВОЈНАТА СО РИМ, ПАДОТ НА МАКЕДОНСКИТЕ ЦАРСТВА По Втората македонско-римска војна, влијанието и движењата во Европа на Филип V биле редуцирани на матичната Македонија. Рим, се уште плашејќи се од гневот на Македонија, го направил Филип сојузник, игнорирајќи ги барањата на Аетолците за негово отстранување од македонскиот трон. Контролата врз стратешките воени пунктови, како градовите Деметрија, Акрокоринт и Калкис (оковите), била преземена од страна на римски гарнизони.

Аетолската и Ахеанската лига, очекувајќи да бидат ослободени, го смениле едниот тиранин за друг и сега се нашле под римска контрола. Пред тоа, тие се жалеле поради тоа што Македонците им ја зеле слободата, но подоцна се жалеле од Римјаните кои не само што им ја одзеле слободата, туку им го украле и материјалното богатство.

Набргу по поразот на Филип, светското внимание почнало да се фокусира врз Антиох III кој тогаш вршел агресивни походи во Мала Азија.

Прв кој реагирал на активностите на Антиох бил Еумен II /Eumenes II/, крал на Пергамон. Еумен бил син на Атал I и наследник на кралството Пергамон. Тој имал право да се жали за многу нешта, бидејќи неговото кралство најмногу страдало во рацете на амбициозниот Антиох. Сит од агресијата на Антиох, Еумен го свртел своето внимание кон Рим и нашол бројни римски уши кои биле волни да ги слушнат неговите поплаки. Антиох, од друга страна, се обидувал да го смири Еумен, нудејќи му ја за жена својата ќерка, но Еумен одбил.

Еумен вредно се трудел да го прикаже Антиох како амбициозен империјалист, опасен не само за неговото кралство, туку и за Рим. Тој дури поттикнал и подучувал други градови во Мала Азија, исто така, да одат во Рим и да се жалат.Неговата поплака, која била со несмалена жестина, конечно се исплатела во 196 година пред Христа, кога Фламинин, преку еден пратеник, му испратил абер на Антиох да ги остави намира автономните градови во Мала Азија, да остане надвор од Европа и да ги врати градовите на Птоломеј кои биле земени сосила.

Како и Филип V, така и Антиох III не се исплашил од римските закани и му рекол на Фламинин дека Рим нема авторитет да зборува за градовите во Мала Азија. Освен тоа, Антиох ја повторил својата претензија кон Мала Азија според правото на освојување и на поседување. На Римјаните им рекол дека, едноставно, повторно си ги враќа големите имоти на своите предци. Што се однесува до градовите на Птоломеј, Антиох се надоврзал на претстојниот договор со Птоломеј V.

Неспособен да го убеди Антиох на било кој начин, Рим се понудил да дејствува како арбитер помеѓу него и оние кои се жалеле. И таа понуда била одбиена, а Римјаните ги прекинале разговорите и си заминале.

До зимата 195 година пред Христа, римските сенатори повторно станале нервозни. Дознале дека прогонетиот Ханибал од Картагина нашол азил кај Селеукидите во Ефес /Ephesus/ и дека го поттикнувал Антиох да изврши инвазија на Италија. Сенаторите се плашеле дека Антиох планира да изврши инвазија на Европа. За да се заштитат од една таква инвазија, Скипио Африканецот /Scipio Africanus/, еден од главните Римјани, заедно со група сенатори, му препорачал на Сенатот да одобри повторно зацврстување на гарнизоните во Аетолија и Ахеја. Но, Сенатот гласал против барањето и во 194 година пред Христа ја евакуирал целата римска оружена сила, вклучувајќи го и гарнизонот во Акрокоринт.

Фактот што Фламинин ниту организирал некаков вид сојузна одбранбена лига меѓу Аетолците, Ахеанците и Спартанците, ниту договорил некаква римска канцеларија за врска за да надгледува евентуален премин, укажува дека Антиох имал лесна цел за инвазија. Дали ова било сторено итро за да се одврати неговото внимание од Италија? Ќе излезе дека е така. Дури и Филип бил поттикнат да ги гони и следи Аетолците за да поврати дел од земјите што претходно ги имал изгубено. Можеби да го намами Антиох.

Се вели дека за да ја разубави својата победа, кога заминал од Рим, Фламинин зел со себе многу уметнички предмети и големо богатство што ги украл од Аетолците. Исто така, го земал и Деметриј, еден од синовите на Филип, како свој заложник.

Аетолците, несреќни од искуството со Римјаните, ја прославиле римската евакуација. Но, сосема свесни дека Римјаните наскоро ќе се вратат, тргнале во потрага по нови сојузници. Најистакнати, покрај Спартанците, биле Македонците Филип и Антиох. Филип просто ја одбил понудата на Аетолците, помнејќи дека не така одамна тие повикувале на негово отстранување од македонскиот трон.

Спартанците, од друга страна, побрзале да ја прифатат понудата и веднаш презеле напад врз новоавтономните градови во Лаконија. Но, веднаш штом започнале агресиите, Римјаните ги одбиле Спартанците. Самата Спарта била поштедена, бидејќи на Римјаните им требале Спартанците за да одржуваат рамнотежа на моќ на Пелопонез.

По поразот на Спарта, Аетолците му се обратиле на Антиох. За жал, Антиох имал мешани чувства да биде вплеткан во нечија туѓа збрка. Од една страна, бил поттикнуван од Ханибал да ја нападне Италија, а, од друга страна, отворено бил поканет да изврши инвазија на Пелопонез. Соочувајќи се со дилемата, Антиох решил, најпрво, да си ја осигура својата позиција со Рим. Во 193 година пред Христа, направил втор обид за преговори со Фламинин во Рим. Фламинин, дејствувајќи во името на Сенатот, му дал понуда на Антиох која тој не можел да ја одбие. Во замена да се откаже од своите претензии во Тракија и да му овозможи на Рим да дејствува како дипломатски арбитер во Европа, Рим бил подготвен на Антиох да му даде одврзани раце во Мала Азија. Но, бил предупреден дека во случај да одбие, Рим ќе продолжи да бара сојузници во Азија.

Антиох од се срце сакал повторно да ги добие сите законски права на своите предци и решил да не се откажува од Тракија, прекинувајќи ги затоа преговорите. Антиох не сакал да ги налути Римјаните, па си оставил време да реши што да прави.

Во текот на есента во 192 година пред Христа, Антиох ја прифатил поканата на Аетолците и се подготвил да го нападне Пелопонез. Го преминал Егејското Море и се истоварил во пристаништето Деметрија (денешен Волос). Во меѓувреме, Аетолците ја нападнале Спарта и почнале да ја ограбуваат, што веднаш ја вовлекло Ахеанската лига.

Ахеанците ги истерале Аетолците од Спарта и ги охрабриле Спартанците да им се придружат во нивната лига, што тие и го сториле тоа. Како што Ахеанците станувале се посилни, така привлекувале се повеќе и повеќе аетолски сојузници. До есента во 191 година пред Христа речиси сите од Аетолците дезертирале, а Пелопонез бил во ахеански раце.

До времето кога Антиох бил подготвен да го направи својот потег, Аетолците немале сојузници кои би му помогнале. Било предоцна за него да се врати назад и затоа, со не повеќе од десет илјади луѓе и со само шест слона што имал на негово располагање, извршил инвазија на Калкис. За да ја зацврсти својата позиција, се оженил со една млада Халкидијка и ја преименувал во Еубоеја за да ги импресионира Еубоејанците (Euboeans).