Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Devenir membre !

History of the Macedonian People: From Ancient Times to the Present

ГЛАВА 7 - АЛЕКСАНДАР III – ГОСПОДАР НА АЗИЈА Победата кај Ис означила нова ера - Part 08

Par Ристо Стефов · Partie 21 sur 64 · Environ 20 minutes

Lire en English

Не можејќи да му се спротивстави на својот порив да го гони својот непријател, Антиох го напуштил бојното поле, овозможувајќи им на Птоломејовите команданти да се регрупираат и да преземат противнапад. Без водството на Антиох и во отсуство на помош од коњицата, селеукидската фаланга се распаднала и била победена. Победоносните Птоломејци го спасиле Египет и ги стопирале амбициите на Антиох. Со исклучок на враќањето на поморската база во Селеукија, Птоломеј бил среќен да договори status quo со Коеле-Сирија повторно безбедна во негови раце. Но, не било се така добро во Египет. Египетските трупи вкусиле победа и сакале уште, но не за Птоломеј, туку лично за нив.

Недостатокот на сребро во Египет, ги принудило Птоломејците да користат бронзени ковани пари кои не биле многу популарни кај странските наемници. Без странски наемници, Птоломејците немале избор, освен од локалното население да регрутираат помалку платени војници.

Концентрацијата на Египќани во оружената сила, за жал, стимулирала силно националистичко чувство, што имало негативни последици за Птоломејците. Во почетокот, незадоволството се манифестирало како спорадични екслозии на герилските походи, но со време тоа прераснало во целосно востание. Во крвавиот преврат против централната влада, Египќаните успеале да го ослободат Горен Египет од владеењето на Птоломејците. Без ресурсите на Горен Египет, Птоломејците биле принудени да собираат поголеми даноци за да ја зачуваат безбедноста на својата држава, влошувајќи ја на тој начин состојбата.

Додека Антиох бил зафатен борејќи се против Птоломејците со Сирија, неговиот вујко Акеј /Archaeus/ бил зафатен со повтрното освојување на Мала Азија, само за него. Откако Антиох изгубил од Птоломеј кај Рафија, Акеј направил смел потег и се прогласил за крал на Мала Азија.

Неговата војска не се согласила со неговото прогласување и одбила да го поддржи. Во 216 година пред Христа, Антиох се вратил во Мала Азија, го притеснил во тесно вујко си во Сардис, а во 213 година пред Христа, го фатил како се обидува да побегне. Наредил да биде осакатен, а потоа распнат.

Во наредните седум години, од 212 година пред Христа до 205 година пред Христа, Антиох гo свртел своето внимани кон исток обидувајќи се да ги поврати источните сатрапи.

Откако најпрво ја освоил Арменија, го свртел вниманието кон Медија Атропатен /Media Atropatene/. Извршил инвазија во Медија и поминал две години, организирајќи ја својата војска и собирајќи парични средства да плати за своите походи. Повеќето пари дошле од трезорите на големиот храм на Екбатана. Во 209 година пред Христа, Антиох III, како и Александар III пред него, марширал со својата војска на исток освојувајќи територија по територија. Партија /Parthia/ паднала во негови раце без ниту една борба, а по двегодишните походи во Бактрија и таа паднала во негови раце. Ја преминал планината Хинду Куш и потпишал договор со Индијците, по што започнало неговото патување назад преку Аракозија, Дрангиана /Arachosia, Drangiana/ и Персискиот Залив. Тој испратил и една експедиција да ги освои герхаенските Арапи и добил данок во пари и зачини.

Во 205 година пред Христа, Антиох стигнал со Селеукија на реката Тигар. Таму бил дочекан како победник кој повторно го добил најголемиот дел од царството на својот прапрадедо и повторно ги оживеал империските надежи на Селеукидите.

Сепак, тој се уште не бил задоволен бидејќи Коеле-Сирија, крајбрежните градови на Анадолија и регионите на Хелеспонт, се уште биле надвор од неговиот домет.

Губењето на Горен Египет и неговото паѓање во рацете на домородните фараони, не само што ги лишил Птоломејците од значителни ресурси, туку донело и сиромаштија и угнетување во регионот. Настаните тргнале од лошо на полошо по смртта на Птоломеј во 205 година пред Христа, кога египетските свештеници почнале да се бунтуваат против неговото владеење. Работите не биле подобри ниту во Александрија. Птоломеј V Епифан /Ptolemy V Epiphanes/ се уште бил дете кога Птоломеј IV умрел, а за неговото регентство се воделе битки со крвави последици. Додека Птоломеј IV владеел, со палатата доминирале жени, особено жената и сестрата на Птоломеј IV. Сега кога тој не бил меѓу живите, тие, исто така, се надевале на тронот. Арсиноа, сестрата на Птоломеј IV, најмногу настојувала да владее, но набрзо западнала во неволја кај министрите на Птоломеј кои, исто така, биле заинтересирани за неговиот трон. За да ја отстранат и да не ја земе контролата во свои раце, Арсиноа била убиена од двајца од најмоќните министри. Тие, за возврат, биле убиени од една александриска толпа која ги линчувала. Во меѓувреме, петгодишниот крал бил предаван од еден амбициозен советник на друг. За да бидат работите полоши, Антиох III фрлал око на Египет и, поради неговата слабост, се подготвувал за инвазија на Коеле-Сирија, во она што подоцна ќе биде наречено Петта сириска војна.

Во Македонија, младиот Филип V, кој желно сакал да се докаже, бил вплеткан во сите видови балкански сплетки. Бил инволвиран со еден илирски пират, наречен Деметриј од Фарос /Pharos/ кој во тој момент барал засолниште на неговиот двор. Деметриј бил протеран од Сицилија од страна на Римјаните во 219 година пред Христа, поради вршење напади и поради тоа што претставувал непријатност за жителите на Родос и за Римајните, и во Егејското и во Јадранското Море. Но, Деметриј бил добредојден на Филиповиот двор, бидејќи тој им помогнал на трупите на Антигон Досон во нивниот Селасиански поход. Филип, исто така, го ценел неговиот таканаречен “исправен совет”.

Кога Рим бил поразен од Ханибал во 217 година пред Христа, кај езерото Трисамене, Деметриј го убедил Филип повторно да го постави него на власт на јадранскиот брег.

Филип го послушал неговиот совет, се преместил во јужна Илирија, го истерал Скердилаидите /Scerdilaidas/, неговиот ривал-пират и му овозможил на Деметриј да си го поврати неговото поранешно место. За жал, Скердилаидите не бил задоволен поради тоа што бил избркан и бргу апелирал во Рим за помош. Рим не губел време за да испрати една паторла да изврши истрага. Сакајќи да одбегне една пресудна пресметка, Филип веднаш се повлекол. Запалил 120 негови брода за да избегне да бидат заробени и побегнал со својата војска преку планините. Иако ништо не се случило, во Рим се појавиле сомнежи во врска со вистинските мотиви на Филип. Откако пристигнала на своето одредиште, римската патрола останала во Илирија како заштита од било какви идни напади.

Друга грешка што ја напаравил младиот Филип, повторно дејствувајќи по советот на Деметриј, било потпишувањето на договор со Ханибал Картагинецот. Формулиран од Картагинците, овој договор побарувал од Филип да стане сојузник на Картагина во случај на војна со Рим. За возврат, во случај Картагина да ја добие војната, таа ќе осигура Римјаните да бидат присилени да се откажат од нивната сфера на влијание во Илирија. Единствената причина, верувам, што Филип се согласил на ова било да му го задоволи својот близок пријател Деметриј. Филип, во тоа време, не верувал дека Рим би рескирал да стапи во војна со моќната Македонија поради еден тривијален документ. Рим, исто така, во тоа време немал планови за било какви интервенции на исток. Но, она што Филип пропуштил да сфати е, дека неговите тривијални дејства ќе имаат сериозни последици за Македонија во иднина. Сепак, во тој миг, Рим бил задоволен, а Филип продолжил да бара начини да стекне влијание во Илирија.

Се уште под влијание на Деметриј, Филип почнал да гледа кон север како на авантура, секогаш внимателно гледајќи можност за освојување. За жал, продолжил да прави грешки.

Поттикнувајќи различни фракции на Пелопонез да се борат едни против други, предизвикал страдање и бесмислено крвопролевање. Неговото лошо влијание неочекувано било прекинато кога Деметриј од Фарос бил убиен во 215 година пред Христа при еден неуспешен напад врз Итом /Ithome/. За жал, поданиците што ги освоил Филип дотогаш не го гледале како разумен владетел, туку како еден распуштен, суров и политички мотивиран авантурист. Неговото опустошување на Месина завршило со смртта на Деметриј.

Во текот на наредните две години, од 213 до 212 година пред Христа, Филип го свртел своето внимание кон Илирија.

Ги заменил бродовите што ги изгубил во последниот контакт со Римјаните и, внимавајќи да не биде откриен, се упатил со својата војска на север од територијата на Скердилаидите.

Кога било погодно, ненадејно го нападнал Лис /Lissos/ на Јадранот и ја основал својата западна база на моќ, односно бастион.

Не се знае зошто Филип токму во тоа време го свртел своето внимание кон запад. Неговото образложение можеби било да постави бариера помеѓу себеси и Рим или, можеби, како што некои веруваат, да стекне контрола врз доходовните западни поморски пазари и трговските патишта на Јадранот. Во секој случај, неговото појавување на Јадранот предизвикало паника и хистерија во Рим. Плашејќи се од инвазија на Италија, Рим бил решителен да го сотре него и брзо побарал сојузници меѓу неговите непријатели.

Како што се покажало, Аетолците имале проблеми со Филип и, исто така, барале сојузници меѓу Филиповите непријатели.

Римско-аетолската коалиција не само што го одвратила Филипа од неговите походи на запад, туку, исто така, довела тој да го зацврсти својот сојуз со Ахеанската лига. Аетолците и Римајните докажале дека имаат свирепи навики и својот гнев го искалиле така што пустошеле во Илирија, Тракија, Тесалија и Акарнанија /Acarnania/. За да бидат работите уште полоши, Атал од Пергамон и се придружил на Римско-аетолската коалиција и во 209 година пред Христа бил назначан за генерал на Аетолците.

Филип, со својата дисциплинирана војска, бргу се осветил и успеал да ги победи Аетолците на копно, но се двоумел да ги предизвика Римјаните на море. Ахеанците, исто така, имале неколку успеси и биле способни да ги уништат Спартанците во Мантинеа /Mantinea/. Но, пред да се решат работите, и Филип и Атал биле повикани во своите татковини за да се справат со уште една голема инвазија на Дарданците.

Откако Филип заминал дома и веќе не претставувал закана, Римајните изгубиле интерес за Аетолците и сосема ги напуштиле. Без поддршката од Рим, Аетолците не му биле рамни на Филип и, по неговото враќање, брзо капитулирале.

Во 206 година пред Христа тие го раскинале својот договор со Рим и склучиле мир со Филип, враќајќи му се што зазеле претходно. Римјаните, за жал, не го примиле добро ова раскинување на договорот и биле желни да го обноват сојузот.

Нивната шанса дошла кога Родос и Киос /Chios/ почнале да го обвинуваат локалното население за прекинување на меѓународната трговија со своите мали војни. Во пролетта 205 година пред Христа, Римјаните се вратиле со триесет и пет брода и единасет илјади војници. Тие се истовариле во Епидамнус /Epidamnus/ каде ги пресретнал Филип и им понудил да се борат, но Римјаните одбиле. Нивната вистинска цел била да го раскинат македонско-аетолскиот договор. Тие пресметале дека со својата масовна поддршка можат да ги поттикнат Аетолците повторно на акција, да ги прекинат односите со Македонија и да водат војна против Филип. Кога Аетолците одбиле, Римјаните повторно размислиле и преговарале за посебни мировни договори со различните страни кои биле инволвирани. Резултатот бил Феникијскиот договор кој бил склучен во летото 205 година пред Христа, на тој начин ставајќи крај на Првата македонска војна.

На површината изгледало дека Македонија е најголемиот победник. На Филип му било дозволено да си ги задржи освоените територии во внатрешноста на Илирија. Иако статусот на Лис останал неизвесен, Лис се уште бил под македонска контрола. Рим, од друга страна, изгледало дека е губитник бидејќи се што добил биле зборови на уверување дека Македонија нема да се меша во работите на Јадранот.

Но, под површината, Рим бил вистинскиот победник бидејќи спречил еден активен сојуз меѓу Македонија и Картагина.

Завршувањето на Првата македонска војна било крстосница и за Македонија и за Рим. Филип бил задоволен од својот договор со Рим, повторно уверен дека неговите проблеми со Рим се завршени. Тој веќе немал причини да се плаши од запад. Зборот на Филип дека нема да се меша во римските работи, бил доволно добар за хистеричните римски сенатори кои сега чувствувале дека можат слободно да го посветат своето целосно внимание на справување со Картагина. Во случај Филип да водел сметка за се поголемата закана западно од него, тогаш тој ќе застанел на страната на Картагина само за да одржи рамнотежа на силите. За жал, тој дозволил Рим да стане силен. Наместо да зададе парализирачки удар, додека се уште можел, Филип ги затворил очите и го оставил Рим, без да биде ослабен, во наредните пет години да ја опустошува Картагина со несмалена жестина.

Во Азија, отприлика во исто време додека Филип склучувал мир со Римјаните, Антиох III се упатил кон Хелеспонт преку Мала Азија и Егејското Море. Дотогаш, Филип морал да знае за подвизите на Антиох и за неговата амбиција да го прошири царството на својот прадедо и веројатно предвидувал инвазија. Но, како што се покажало, преокупацијата на Антиох не била Европа, туку Коеле- Сирија. Па така, наместо да го нападне Филип, тој склучил таен пакт со него за напад на Птоломеј и за поделба на неговите поседи. За изненадување, Филип го прифатил планот и додека Антиох се подготвувал да ја нападне Коеле-Сирија, тој тргнал по егејските поседи на Птоломеј.

Антиох не губел време и во 202 година пред Христа ги уништил Коеле-Сирија и Феникија, нанесувајќи им тежок пораз на силите на Птоломеј. Кога завршил со тоа, тој го поправил пристаништето Сидон и сите крајбрежни упоришта од Карија па се надолу до Силиција. Во 197 година пред Христа, извршил инвазија врз териториите на Пергамон што го натерало Атал брзо да отиде кај Римјаните. Египет, исто така, морал претходно да му се пожалил на Рим, бидејќи околу 199 година пред Христа Рим му испратил строго предупредување на Филип, барајќи од него да го извести Антиох да не изврши инвазија врз Египет. Антиох брзо се покорил, бидејќи воопшто и немал намера да го нападне Египет.

Тука, повторно македонските монарси ја потцениле важноста на Рим и пропуштиле друга значајна индиција. На Рим не му било грижа за Египет или за опстанокот на Птоломеј. Она за што тој се грижел била една цврста конкуренција помеѓу Птоломеј и Антиох. Со други зборови, Рим не сакал една голема консолидирана азиска империја под еден владетел на неговиот праг и правел се за да не се случи тоа.

Верувам дека кратковидите македонски монарси, преокупирани со своите лични ситни препирки, ја пропуштиле вистинската закана која демнела на запад која конечно, не само што ја уништила нивната татковина, туку и засекогаш го сменила текот на историјата.

Во 96 година пред Христа, заслепен од своите брзи победи, Антиох преминал во Хелеспонт, од Азија во Европа, и почнал повторно да го гради напуштениот град Лизимахеја /Lysimacheia/. Тоа требало да биде воена база и дом за неговиот син Селеук. За жал, неговата заслужено стекната репутација како освојувач била преголема за хистеричните римски сенатори. Му издале ултиматум да ги стопира своите непријателства, да се откаже од територијата што ја здобил во Мала Азија, да се воздржува од натамошни напади врз градовите и, пред се, да се држи понастрана од Европа.

Антиох не обрнал големо внимание на пораката и си продолжил по старо. Кога една римска мисија пристигнала во Лизимахеја, предавајќи му ги претходните барања на Сенатот по вторпат, Антиох објаснил дека неговото присуство во Мала Азија и во Тракија било добро оправдано, бидејќи територијата била добиена од поразот на Лизимак во 281 година пред Христа од Селеук I. Според наследениот обичај, територијата му припаѓала нему. Антиох мора да се сомневал дека ултиматумот бил блеф и дека Римјаните не биле расположени да се борат, па затоа продолжил со изградбата на Лизимахеја, што му служела како воена база барем до 190 година пред Христа.

Во 195 година пред Христа, Антиох ја завршил својата седумгодишна војна (Петта сириска војна ) со Египет, со мировен договор кој вклучувал свршувачка на неговата ќерка за Птоломеј. Набргу потоа, во 194 година пред Христа, Птоломеј се оженил со Клеопатра, ќерката на Антиох, запечатувајќи го договорот.

Во меѓувреме, во Македонија, по Феникијскиот договор, Филип решил дека е време да ја зацврсти својата морнарица и се фрлил на работа градејќи моќна флота. До 201 година пред Христа неговата флота била готова и оперативна. По неговиот таен пакт со Антиох, Филип го зазел островот Тасос, стратешко место од каде може да се држат на око трговските патишта на Босфорот и на Црното Море. Во 201 година пред Христа ја освоил поморската база на Птоломеј во Самос и таму на својата морнарица и додал голем број бродови. Подоцна тој ја нападнал и поразил флотата на Родосјаните и извршил инвазија на Јонија и Пергамон.

За жал, Македонците никогаш не биле добри во војување на море, но сепак се уште била потребна комбинацијата од Родос, Киос, Пергамон и Византија за да се сопре македонската морнарица. Во една поморска битка во близина на Киос, македонската флота претрпела пораз кој ја онеспособил, губејќи речиси половина од бродовите. Она што било најалармантно во врска со оваа битка, било тоа што овде биле изгубени повеќе Македонци отколку во било која претходна битка на копно или на море.

Скршен од овој пораз, Филип брзо се повлекол на Милет, а потоа ги регрупирал своите сили во енклавата Карија, каде се одморал се до 196 година пред Христа. За жал, остатокот од неговата флота морал да остане на море и во текот на 201/200 година пред Христа флотата била блокирана во Бргилиа /Bargylia/ од Родосјаните и Пергамонците, кои брзо отрчале во Рим за да ги поткажат дејствата на Филип.

Во текот на пролетта во 200 година пред Христа, македонската флота се ослободила од блокадата и се вратила во Европа правовремено за да биде ангажирана во уште една војна, овојпат помеѓу Атина и Акарнанија /Acarnania/.

Бидејќи бил сојузник со Акарнанците, Филип испратил експедициска сила да ја нападне Атина и една ескадра да зароби четири атински галии во пристаништето Пиреј. Но, галиите биле лесно изгубени како што биле лесно и заробени. Без знаење на Македонците, ескадрите на Родос и Пергамон ги гонеле преку Егејот и наеднаш се појавиле од нивната база во Аигина /Aigina/, враќајќи ги украдените бродови. Атињаните биле среќни што повторно ги имаат бродовите и, поважно, биле возбудени што имаат такви пријатели кои ќе им притекнат напомош, рескирајќи го гневот на Филип. Но, се воспоставило дека сето тоа го сториле од политичка корист, а не од пријателство.

Атињаните, зад грбот на Македонија, гостеле една римска делегација, која во тоа време, по некоја случајност била во посета на еден град во кој се одржувал саем. Кога седумдесетгодишниот Атал дознал за тоа, не можел да чека да го поканат. Покрај престижот да се биде со делегацијата, Атињаните му доделиле големи почести на старецот.

Возбудувањето на Атињаните достигнало кулминација кога Рим, Родос и Пергамон и ветиле своја поддршка на Атина против Македонија.

Ова, навистина, бил момент на слава за Атина кој бил восхитувачки прославен, со објавување војна на Македонија.

Тоа бил импулсивен потег, кој, за жал, бил возвратен. На призорот на македонската војска, Атина ги изгубила нејзините нови пријатели. Тие имале да прават попаметни работи и затоа си заминале, оставајќи ја Атина сама да го прими и издржи првиот удар на македонската војска.

Филиповата реакција на атинскиот потег била брза, енергична и карактеристична за еден македонски крал, најблаго речено. Македонците не толерирале непокорност, особено не од Атина. Филип го испратил генералот Никанор со наредба да ја десеткува Атика, вклучувајќи ја Академијата во Атина каде отседнала римската мисија. Иако ниеден Римјанин не бил убиен во нападот, гледано ретроспективно, тоа било грешка. Вестите за дивите напади брзо стигнале до римскиот Сенат, убедувајќи ги дури и оптимистите дека презреното однесување на Филип не може да се толерира и дека нешто мора да се преземе. Римјаните почувствувале дека немале избор, освен да испратат ултиматум, наредувајќи му на Филип да ја стопира својата агресија против Атика и да ги реши разликите со Атал по пат на арбитража.

Филип знаел дека Рим, многу бргу по војната со Ханибал, не бил во форма да и се спротивстави на Македонија. Тој воопшто не бил вознемирен од можноста за војна и сосема го игнорирал ултиматумот. Наредил повеќе напади врз Атика и, исто така, ги нападнал градовите околу Хелеспонт, надевајќи се дека ќе го прекине патот на атинското жито по Црното Море.

Римјаните испратиле втор ултиматум, кој бил повторување на првиот, но дополнет со две други клаузули. Во вториот ултиматум од Филип се барало да го обештети Родос за нанесените загуби, како и да се откаже од нападот на Египет и египетските поседи. Моја претпоставка е дека Римјаните го откриле тајниот пакт помеѓу Филип и Антиох.

Во секој случај, кои биле овие Римјани и како се осмелувале да и диктираат услови на една супер-сила?

Филип останал на своето и одбил да биде ставен пред ултиматум. До сега, требало да му стане јасно дека Рим нема да се откаже тукутака. Всушност, по неговата победа во Картагина, со секој ден Рим станувал се посмел. Филиповиот одговор на ултиматумот бил многу едноставен – ако има војна, тогаш Македонците ќе војуваат. Се уште невознемирен, Филип продолжил со своите напади се додека не бил задоволен, а тогаш се вратил во Македонија. Неговата арогантност, конечно го стигнала. Неговото неповинување на римските барања, како и неговото континуирано вознемирување на соседите, не само што го лишило него од неговиот дигнитет како добар државник, туку го убедило римскиот Сенат дека тој е опасен и треба да биде совладан што е можно поскоро.

Наспроти нивната ослабната состојба поради Римско-картагинските пунски војни, Римјаните всушност го прифатиле предизвикот на Филип за војна. Било есен, 200 година пред Христа, кога во Македонија стигнала веста дека римската војска веќе се истоварила кај Аполонија, додека една римска флота зимува во Коркира /Corcyra/.

Она што било полошо отколку да се има Рим на вратите на Македонија, била положбата на Филиповите односи со неговите соседи. Неговата последна серија незагарантирани напади врз неговите егејски соседи го оставиле со малубројни сојузници. Всушност, тој сега имал повеќе непријатели желни да ја променат страната и да се здружаат со Рим, отколку што имал сојузници. Ахеанскат лига, која во тоа време била преокупирана од војната со Спарта, пресметала дека таа има подобри шанси за победа со Рим, отколку со Македонија на своја страна. Во 199 година пред Христа, Аетолците, исто така, решиле да му се придружат на Рим бидејќи верувале дека ако избувне војна, Рим ќе победи.

Атина, исто така, решила да ги отфрли македонските окови во корист на Рим. Освен тоа, како што Ливиј вели: “На свештениците, секогаш кога се молеле за Атина и нејзините сојузници, исто така, им било наредено да го проколнуваат и да фрлаат клетви на Филип, неговите деца и кралство, неговите копнени и поморски сили, и на целиот народ и името на Македонците.” (Стр. 309, Питер Грин, Александар до Актиум, Историска еволуција на еленистичкото доба).

Ништо од ова не му значело на Филип. Бил уверен дека може успешно да се справи со било кој предизвик и да победи, исто како што и неговите предци правеле со векови наназад.

Во следните две години, Филип продолжил со своите походи и ја уништил дарданската инвазија, ги блокирал Римјаните во Илирија и не покажал милост кон проблематичните Аетолци. За жал, дури и со сите свои напори, Филип не можел да го смени текот на настаните и само што не се сретнал со Римјаните.

Филиповите проблеми започнале со пристигнувањето на младиот римски конзул, Фламинин /Flamininus/, кој бил испратен од римскиот Сенат да се сретне со него и да му ги испорача на Филип римските услови за мир. Филип се согласил на состанок, кој се одржал на реката Аос /Aoos/ во Илирија, но не се согласил со римските услови. Според римските барања, Македонија требало да ги евакуира и отстрани сите свои гарнизони од градовите во Тесалија, Еубоеја /Euboea/ и Коринт и да им даде автономија. Со други зборови, од Македонија се очекувало да ги предаде своите најважни одбранбени позиции, но за што? Филип бил навреден од понудата и бесен бргу го напуштил состанокот.

Фламинин не губел време и веднаш им наредил на своите сили да ги нападнат градовите-држави и да почнат да ги протеруваат Македонците.