Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Devenir membre !

History of the Macedonian People: From Ancient Times to the Present

ГЛАВА 7 - АЛЕКСАНДАР III – ГОСПОДАР НА АЗИЈА Победата кај Ис означила нова ера - Part 02

Par Ристо Стефов · Partie 15 sur 64 · Environ 20 minutes

Lire en English

Откако малку се одморил и релаксирал, Александар повторно тргнал, но овојпат се упатил кон Парса (Персиполис). Но, најпрво, морал да ја помине земјата на Уксите /Uxii/. И додека луѓето од рамнините се покорувале без борба, гораните, врзани за традициите, барале данок за премин преку нивните земји. Секој морал да плати, вклучувајќи го персискиот крал, како и тие пред него. За жал, Александар не бил од таков сој лесно да им попушти на бандити и ограбувачи-мародери. Наместо да им плати данок, тој ја пуштил својата војска по нив. Испратил силен одред зад нивните борбени редови за да им го отсече повлекувањето, додека тој со својата војска ги нападнал одоздола. По кратката битка, Уксијците биле совладани и тие побегнале, но само за да бидат уништени од Македонците кои ги чекале одзади. Сега било ред на Александар да им наметне казна, барајќи од нив годишни даноци од 100 коњи, 500 животни за влечење и 30.000 овци.

Во тој миг, Александар решил да ја подели својата армија на два дела. Парменио отишол со сојузничките сили во Парса преку главниот јужен пат, додека Александар, со втората сила, трнал по пократкиот пат до Персиските Порти (Persian Gates) преку опасните планини. По пет дена брзо марширање, Александар стигнал до преминот, но само за да наиде на сериозен отпор. Очекувајќи го, Персијците изградиле еден ѕид преку преминот. Голема воена сила ги чекала Македонците да пристигнат. Кога се судриле, Александар иницирал директна опсада, но не можел да ги пробие бариерите. Персијците имале артилерија и стрелци поставени над ѕидот. Оттаму тие тркалале големи камења и како со дожд ги опсипале со Македонците, а од долу ги напаѓале со стрели и копја. Александар претрпел големи загуби и морал да се повлече. Обесхрабрени поради тешките загуби, офицерите на Александар биле подготвени да се откажат од опсадата, тврдејќи дека било полесно да се оди одоколу, отколку да се изгубат уште повеќе луѓе за да се постигне невозможното. “Невозможното? Не е невозможно,” извикнал Александар. “Толку е лесно што и оној стар овчар онаму може да ви покаже како се прави тоа. Донесете ми го старецот и ќе ви докажам.” Кога старецот пристигнал, Александар наредил да го испрашаат за локалниот терен.

Бидејќи цел живот бил овчар, старецот ја знаел околината како својот џеб, особено премините кои воделе низ опасниот терен. Со релативна леснотија старецот бил во состојба да ја поведе армијата на Александар зад позицијата на Персијците.

Александар оставил силна коњица и два баталјона од фалангата кај влезот на клисурата. За да го измами непријателот во врска со бројот на војниците, Александар им наредил на своите луѓе да запалат нормален број логорски огнови преку ноќ. Потоа, кога ќе биде даден сигналот, тие требало да јуришаат на ѕидот. Во меѓувреме, Александар повел командоси и јуришни војници по кривулестиот и долг дваесеткилометарски пат. По еден ден и две ноќи патување, стигнал на своето одредиште. Го дал знакот за јуриш в зора и, по крвавиот судир што уследил, персиските сили биле сосема уништени.

Победнички, Александар го продолжил своето патување кон Парса, но само за да заглиби поради големите снежни наноси, ровови и водени текови. На дел од патот, добил поттик повторно да продолжи кога дошол гласник со вести дека Парса била подготвена да се предаде. Но, ако Александар не побрзал и не стигнел таму на време, жителите ќе го ограбеле неговото богатство.

Александар веднаш дејствувал наредувајќи им на пешадинците да го следат колку што можат побрзо, додека, пак, коњицата полетала со страотна брзина, јавајќи цела ноќ, додека не стигнала до реката Аракс /Araxes/ взори. Немало мост, па затоа неговите инженери бргу изградиле мост од дрвена граѓа и камења за рекордно време, овозможувајќи и на коњицата да помине преку реката и да продолжи со јавање. Александар стигнал навреме за да се восхитува на раскошот на персиската култура и да го обезбеди своето богатство. Неговиот втренчен поглед во величественоста на градот ја зацврстило реалноста дека персиското владеење завршило. Александар сега бил новиот господар и владетел на Азија кој се зацврстил во Парса и лично седнал на престолот на Ксеркс /Xerxes/. Набрзо откако ја земал контролата врз градот, Александар им наредил на своите трупи до темел да ја изгорат зградата на Ксерксес, како симболичен чин дека сега тој го има постигнато она што си го поставил. Тоа ќе биде чин за кој подоцна ќе зажали.

Додека уште бил во Парса, Александар добил вести за конечната победа на Македонија врз Спартанската коалиција. Александар мора да бил воодушевен од сознанието дека Спартанците, кои некогаш биле моќни и сееле страв, се потчиниле не пред него, туку пред Антипатер кој бил само обичен генерал. Немало ништо што можело сега да му застане на патот на Александар. Неговата армија се докажала дека е непобедлива против било кој непријател и доволно ја демонстрирала својата вештина и моќ во секакви видови битки и под секакви, дури и несфатливи околности.

Сега, кога спартанската закана била тргната од патот и кога паднал и последниот бастион на отпорот од градовите-држави, на Александар повеќе не му требало да ги држи воените заложници на градовите-држави. Со многу фанфари, давање подароци и бонус-плаќање, тој ги отпуштил од служба сите војници на Лигата. Тесалиската коњица, која се покажала достојна во битките, богато ја наградил и ја испратил дома. Оние кои претпочитале да останат во Александровиот строј, биле прифатени како платени наемници, а не како сојузнички војници. Со падот на Спарта, таканаречениот “сојуз”, исто така, завршил, а походите на Александар оттука па натаму ќе ги водат само Македонци.

Александар и неговата армија земале долг заслужен одмор во текот на зимските месеци, пред да тргнат во освојување на Екбатана /Ecbatana/, послледниот од главните градови на Персија.

Богатството што Александар го нашол во Парса било дури поголемо од она во градот Сус. Се проценува дека собрал 120.000 персиски таленти само од Парса и уште 6.000 таленти од Пасаргада /Pasargadae/, град во близина кој, исто така, се предал без борба.

Во мај 330 година пред Христа, по околу четири месеци одмор, Александар заминал од Парса и се упатил на север.

Изгледало необично Александар да остане мирен толку долго, но Питер Грин верува дека тој ја чекал прославата на персиската Нова година за да учествува во неа. Но, за жал, тоа не се случило, бидејќи Александар заминал за Екбатана со цел повторно да го бара Дариј. Дариј, во меѓувреме, се надевал дека Александар ќе биде толку опиен од примамливоста на големото богатство и од декадентниот живот во Парса, така што ќе се повлече во луксузните квартови на западните палати и ќе заборави да го гони. Но, сепак, за да биде сигурен, Дариј почнал да собира нова армија, во случај Александар да се осмели да го нападне.

Тогаш Дариј брзо ќе побегнел во Бактрија (Bactria), уништувајќи ги селата и не оставајќи ништо зад него.

Кога Александар открил дека Дариј бил во Екбатана, тргнал по него. Очекувајќи го потегот на Александар, Дариј брзо ја испратил својата придружвба, со неговиот багаж и харемот, до Каспијските Порти /Caspian Gates/, додека тој подготвувал стапица за Александар во Екбатана. Сметајќи дека неговите сојузници, Скитијците и Кадусијанците /Scythians, Cadusians/, ќе му помогнат со тоа што ќе му дадат големо засилување, Дариј го предизвикал Александар да се бори. Кога Александар слушнал за предизвикот на Дариј, и наредил на својата придружба за багажот да го следи додека тој, заедно со своите Македонци, тргнал да го гони со брз марш. Но, пред да пристигнат во Екбатана, Александар дознал дека Дариј не го добил засилувањето што го очекувал и решил да побегне. Кога Александар пристигнал во Екбатана, всушност задоцнил една недела. Неговиот 500-километарски марш, со вратоломна брзина бил залуден.

Дариј го собрал градското богатство од 7.000 таленти и побегнал на исток со 6.000 пешадинци и 3.000 коњаници.

Тоа било големо разочарување за Александар, што го направило дури и уште порешителен и понатаму да го гони Дариј.

Пред да замине на неговото патување во внатрешноста на Азија, Александар изградил една куќа-трезор во цитаделата на Екбатана за да ги чува 180.000 таленти или приближно толкуте што ги собрал од градот Сус и од Парса. Парменио бил задолжен да ја чува истата. Откако ги распуштил сојузничките сили, на неговиот лојален македонски генерал Парменио, останат без армија која ќе ја командува, му бил смален чинот на реонски командант. Тогаш бил задолжен да ја чува куќата-трезор на Александар во Екбатана и да ги обезбедува неговите комуникациски линии со заднината.

Парменио бил седумдесет години стар кога Александар дипломатски го наговорил да се повлече од предните борбени редови.

Бидејќи го обезбедил своето богатство, а Парменио бил одговорен за локалните прашања во потесна Персија, Александар можел слободно да го гони Дариј во денешен Иран, се до Касписките Порти. Штета е што вложил толку голем напор да гони само еден човек на таков невнимателен начин, и тоа во текот на јули, во пустинска жега.

Александар со армијата, во брз марш, се упатил на север и поминал 320 километри за единаесет дена, неуморно движејќи се во обид да ги престигне Персијците пред да ги поминат Касписките Порти. Кога стигнале во Рага /Rhagae/, околу осумдесет километри од Касписките Порти, Александар открил дека Дариј веќе поминал оттука. Во тој миг решил да го сопре гонењето и на својата армија и дозволил да се одмори пет дена, пред да продолжат понатаму преку Портите. Кога ги поминале Портите, Александар бил информиран дека Дариј бил симнат од власта од неговите лични намесници и дека сега бил нивен затвореник.

Александар брзо ги распоредил своите најбрзи коњаници за целоноќна потера, но утрото, кога стигнале до логорот на Дариј, откриле дека Дариј веќе бил притворен и однесен.

Александар ја продолжил својата потрага и кога неговите Македонци конечно го стасале, го нашле Дариј во окови и ослабен од рани од бодежи. По дивата целоноќна потера, наредниот ден луѓето на Александар откриле дека Дариј бил смртно ранет од бодеж со копје. Личните намесници на Дариј го убиле за да спречат да му падне жив в раце на Александар. Дариј имал околу педесет години кога трагично го завршил животот во јули, 330 година пред Христа.

Откако дознал во какви околности на агонија умрел Дариј, Александар го вратил неговото тело во Парса и организирал кралски погреб во една од археменидските кралски гробници /the Archaemenid/. Александар, на изненадување на своите Македонци, а особено на граѓаните на градовите-држави, направил нешто необично, изјавувајќи дека сака да се освети за смртта на Дариј. Изјавил дека бунтовниците кои го убиле својот кралски господар ќе бидат строго казнети, додека оние кои му биле верни ќе ги добијат сите почести.

Со смртта на Дариј, се добило впечаток дека војната завршила. Започнале гласини во кампот дека крстоносната војна можеби е завршена и дека на сите ќе им биде дозволено да си одат дома. На крајот на краишта, сојузничките сили биле отпуштени, а Дариј бил мртов, па каква друга цел може да постои за да продолжат натаму? Тоа му било очигледно секому, секако, освен на Александар, кој сега сакал да се освети за смртта на Дариј со тоа што ќе ги гони неговите убијци. Било очигледно дека Александар имал мотиви поинакви од оние на Македонците. Тој немал намера да се освети било кому, туку повеќе да ги продолжи своите освојувања кои ќе ги задоволат неговите лични желби. За жал, неговите лојални војници станувале се поуморни и се прашувале кога, ако било кога, ќе можат да си одат дома и да уживаат во нивните тешко спечалени пари и награди во мир.

Александар свикал состанок со своите офицери и војници и им ставил крај на гласините за одење дома, а на армијата и наредил повторно да се подготви за тргнување. Иако Александар повторно сторил по свое, овој пат, за жал, почнала да се јавува пукнатина меѓу неговите лични желби и желбите на неговите луѓе. Александар бил свесен за проблемите со кои се соочува и почнал да гледа во немакедонците како можни кандидати за неговата цивилна, но и за воената администрација. За да ја намали нивната осаменост, тој дури ги поттикнал своите луѓе да се оженат со заробените жени, па да ги земат и нив во походот. Бидејќи се повеќе и повеќе се оддалечувал од Македонија, Александар знаел дека и добивањето нови регрути и одржувањето комуникациски линии со оние дома, на толкаво големо растојание, ќе станува се потешко, особено што планирал да “освои” еден начин на живеење.

По неколку дена одмор, армијата повторно била спремна за тргнување и се упатила на исток кон Хирканија /Hyrcania/.

На својот пат преку Ирак, Александар сретнал диви племиња кои никогаш порано не биле освоени, па избувнале жестоки борби. Откако потчинил дел од нив, ги натерал да платат данок во коњи и добиток. Некои од нив, особено многу вештите јавачи и стрелци, ги регрутирал во своја служба.

Додека минувал низ Иран, Александар “налетал” на нов непријател, со различни борбени вештини, кој не му понудил големи битки. Тоа биле малубројни непријатели кои се криеле во текот на денот, а напаѓале ноќе. Тие се појавувале во заднината, и гаѓале во неколку места истовремено и брзо исчезнувале. Кога Александар одел во потера по нив, тие се вкопувале во непристапни терени или исчезнувале и се губеле во шумовитиот крај. Александар, како одговор на нивните напади, ја реорганизирал својата војска во мали мешани единици кои ќе можеле да водат многу независни битки едновремено, или да се здружат како една голема единица, ако биде потребно. Александар, исто така, за првпат, распоредил стрелци-фрлачи на копја кои јавале на коњи и можеле да напаѓаат во движење. Со новите методи на борење и со регрутирањето странци во своите оружени сили, Александровата армија веќе не била истата како онаа со која тргнал во походите.

Откако во текот на летото поминал две недели во Хирканија, Александар тргнал на исток кон северната страна на Ареја /Areia/. Таму, добил вести дека Без /Bessus/, еден од немесниците на Дариј кој, исто така, бил еден од осомничените за неговото убиство, бил препознат во провинцијата Бактрија како крал на Азија. Само што се подготвил да тргне за Бактра, главниот град на Бактрија, да го гони Без, Александар добил вести дека немесникот од Ареја го поддржал признавењето на Без и дека лично тој планира побуна во Ареја. Без да губи ниту миг, Александар, со дел од својата армија, со дводневен брз марш, неочекувано се појавил во Артакоана /Artacoana/, главниот град на Ареја. Неговото присуство предизвикало голем страв меѓу побунетите и бунтот доживеал крах.

За жал, во текот на брзиот марш, Александар го изгубил Никатор, синот на Парменио и командант на неговата гардиска бригада. Никатор се разболел и умрел на пат за Артакоана. Александар премногу брзал, гонејќи го Без, за да остане и лично да му оддаде почит на паднатиот борец, како што направил за многу други, па затоа таа задача му ја доверил на Филота /Philotus/, братот на Никатор, што, долгорочно гледано, се покажало како грешка. Александар бил решен да го уништи Без што е можно побрзо и откако стигнал во Артакоана, продолжил со гонењето. Дознал дека Без собира голема армија, регрутирајќи војници од Бактрија и од дивите номадски племиња подалеку од Окс /Oxus/.

Сега Александар навлегувал во непроверена територија и не знаел што да очекува. За да избегне натамошни неволји, основал една македонска населба која ја крстил Александрија на Аријанците /Alexandria-of-the-Areians/, првиот од многуте воени гарнизони позиционирани на стратешки точки насекаде низ источните провинции.

Од некоја причина, Александар се откажал од брзањето да стаса во Бактрија по директна маршрута, па решил да патува на југ, можеби за да ги скроти останатите провинции пред да се упати на север кон планината Хинду Куш /Hindu Kush/. Ги обезбедил овие региони, исто така, со основање неколку нови македонски населби како Александрија во Аракозија /Alexandria-in-Arachosia/, денешен Кандахар и Александрија на Кавказ /Alexandria-at-the-Caucasus/. За да ги изгради своите градови, армијата на Александар во текот на зимата работела без одмор.

Во пролетта 329 година пред Христа, по еден краток одмор, Александар ја повел својата армија преку снежната планина Хинду Куш. Иако Без му пружил отпор, Александар излегол како победник и влегол во Бактрија. Без побегнал и исчезнал во Согдијана. Александар ја освоил Бактрија, вклучувајќи го и главниот град Бактра, а потоа продолжил на север преку реката Окс. Се вели дека немало дрва за да се изгради мост, па затоа на армијата и требало пет дена да ја премине реката Окс. Тие пливале преку реката со помош на надуени штавени кожи кои биле сошиени заедно од нивните покривачи за шатори.

Штом Александар влегол во Согдијана, Без веќе не бил во милост кај оние кои го поддржувале и останал без нивната поддршка поради тоа што не се борел. Потоа постепено го напуштиле и неговите сопствени војници. Тоа што Без паднал во немилост, не значело дека буната завршила. Со време, нов и многу поопасен противник ќе го заземе неговото место и ќе организира национален отпор.

Откако го фатил Без, Александар го продолжил својот пат на север покрај Мараканда /Maracanda/, додека не стигнал до реката Џакарта /Jaxartes/, до крајната североисточна граница на Персиското Царство. Надвор од таа граница, во широките степи, живееле номади кои секогаш претставувале опасност за Империјата. За да се одбрани од нападите и да внимава на реката, Александар основал погранична македонска населба и ја нарекол Александрија-Ексата или Којенд /Alexandria-Exchate или Khojend/.

Додека Александар бил зафатен со подготовките за основање на неговиот нов град, една персиска буна се засилувала и избувнала во насилни побуни во бројни места.

Александар не губел време и ја пуштил својата армија да го задуши востанието со многу крвопролевање. Сите градови кои учествуале во буната биле уништени, а нивните жители погубени. Но, наместо да го скрши нивниот дух, борбените операции на Александар ги запалиле побунетите и наскоро се случиле уште повеќе побуни, со поголеми размери. Во еден миг, побунетите успеале да ги поразат македонските експедициски сили и да го стават градот Мараканда во обрач. Меѓутоа, нивната акција го налутила Александар до тој степен, што тој лично земал контингент лесно вооружени војници и форсирал брз марш од 300 километри за три дена, гонејќи ги побунетите додека не биле совладани и строго казнети. Кога завршил, се упатил на југ кон Бактра каде ја поминал зимата 329-328 година пред Христа, одморајќи се.

Во текот на наредната пролет, Александар ја поделил својата армија на два дела и го оставил Кратер /Craterus/ во Бактрија да го штити градот, додека тој тргнал на север за Согдијана за да задуши повеќе побуни. Додека Александар ги опколувал побунетите, му дал инструкции на Хефестион внимателно, до детали, да планира неколку градови во Согдијана. Никнал еден нов град по име Александрија- најоддалечениот град /Alexandria-the-furthermost/, кој подоцна бил населен со македонски иселеници.

Откако ги победил побунетите, Александар му ја дал командата на Согдијана на Коен /Coenus/, додека тој и неговата армија тргнале за Наутака /Nautaca/ да ја поминат зимата таму.

Од сите побуни што избувнале помеѓу 329 и 327 година пред Христа, само една останала непоразена. Побунетите биле вгнездени високо на една непристапна цитадела на една карпа во планината Согдијана. Во пролетта 327 година пред Христа, Александар марширал со својата армија од замрзнатото земјиште на Наутака до високата тврдина на Согдијана и ги повикал бунтовниците да се предадат. За жал, единствениот одговор што го добил било смеење и потсмевање. Тие рекле дека единствен начин да се предадат ќе биде ако на војниците на Александар ненадејно им пораснат крилја.

Александар им се обратил на своите луѓе и побарал доброволци, нудејќи им големи награди на оние кои ќе се искачат на највисокиот врв. Како што се покажало, меѓу македонските војници имало планинари и околу 300 од најхрабрите и најсмелите се јавиле како доброволци. Тие се нафатиле да се искачат под превезот на темнината, користејќи јажиња и железни шаторски клинци како крампони кои ги забодувале во замрзнатата ледена карпа.

Додека се качувале, триесет од нив паднале и загинале, но останатите успеале да стасаат до врвот. Потоа, рано изутрината наредниот ден, во првите мугри, побунетите виделе, на свое вчудоневидување, дека овие македонски супермени се високо над нив и веднаш капитулирале, предавајќи ја својата тврдина. Меѓу фатените побуненици бил и бактрискиот принц Оксарт /Oxyartes/ кој со себе ја имал својата убава ќерка Роксана. Според мислењето на Александровите компањони, Роксана била најубавата жена што некогаш ја виделе, веднаш по Статеира /Stateira/, жената на Дариј. Александар страсно се вљубил во неа и кратко време потоа му станала жена.

Наскоро по завршување на овој поход, Александар марширал на исток кон Параетацен /Paraetacene/ за да го скрши отпорот на уште една цитадела. Тука, исто така, Александар се нашол пред тврдина вгнездена високо на една стрмна карпа, опколена со длабоки ендеци и екстремно нерамен терен. Колку понеосвоива изгледала тврдината, толку повеќе Александар бил решен да продре во неа. Тој сакал предизвици, а сакале и неговите Македонци, бидејќи и тие биле желни да го сторат невозможното.

Со малку македонска ингениозност, голема решителност и се што природата може да го понуди, македонските инженери конструирале долги скали од околните високи борови дрва, што ги спуштиле во ендеците. Од дното подигнале еден издигнат пат врз ендекот до ѕидовите на цитаделата. Потоа изградиле куќичка-натстрешница врз издигнатиот пат за да ги штити војниците од артилеријата и почнале да ги бомбардираат ѕидовите на цитаделата. Не поминало долго време и исплашените бунтовници понудиле да се предадат.

Бидејќи тоа бил последен бастион на отпорот, Александар ги скршил сите отпори на Далечниот Исток и бил слободен да се врати во Бактра. Александар се двоумел да ја напушти Согдијана нерасчистена, пред да го продолжи својот пат кон Индија. Тука тој сретнал борбен народ со голема решителност, каков што бил и неговиот народ.Морал да ги смири, но не така што ќе ги победи во борба. Морал да им покаже дека ја заслужува нивната почит, но не така што едноставно ќе ги вработи во негова служба. Морал да ги направи партнери на старомодниот начин, така што ќе се ожени за една од нивниот род, онака како што би го сторил тоа Филип.

Пред да се врати во Бактра, Александар се оженил со Роксана на врвот на цитаделата во замокот кој тукушто го освоил. Неговиот брак со Роксана бил симбол на помирување со неговите поранешни непријатели и бил наменет за стекнување голема политичка важност.

Свадбената церемонија била извршена според иранските обичаи, со цел да и се ласка на иранската национална гордост. За жал, она што било добро за Персијците и за немакедонците, сигурно било гледано со презир од некои Македонци, барем така ни е речено.

Голем дел од овие информации ни доаѓаат од изворите на античките градови-држави, но јас лично мислам дека тие информации се пристрасни. Можеби имало разлики во мислењата помеѓу Александар и неговите офицери, но не до оној степен како што се нагласува. Александар секогаш покажувал интерес за странските култури, бидејќи знаел дека може да искористи од нивната различност. Тој, исто така, знаел дека не може да владее со толку големо царство, какво што било тоа, единствено со копја. Морал да го издигне чувството на припаѓање меѓу сите луѓе. Каков подобар пример би можел тој лично да им покаже на сите нив, отколку да им покаже дека дури и на еден крал не му е под честа да учествува во обичаите на другите народи.

Сигурно постоела извесна фрикција помеѓу неговите најконзервативни офицери и него лично, но не верувам дека тоа било нешто бунтовно. Филота можеби имал добра причина да го мрази збратимувањето на Александар со непријателот. Неговиот брат умрел за Александар, а сепак Александар бил премногу зафатен за да му направи погреб што му прилегал. Имало и такви кои биле изморени од водењето војна без крај и такви кои биле склони да се жалат.

Какво е тоа богатство, ако не може да се ужива во него?

Историјата треба да ги оцени Македонците не според она што рекле другите народи, особено оние од градовите-држави, туку според она што тие направиле. Наспроти негативните коментари од античките автори, постои една најважна вистина која не може да биде негирана.