VIII - Part 01
VIII
1. Уранија Папајоану слезе по скалите во пансионот. Застана крај шанкот. Му се насмевна на Фоти.
“Налеј ми еден коњак!”, му заповеда строго на Стојос кој ги подготвуваше чашите за првите муштерии.
“Веднаш” и одврати Стојос и зграби шише од рафтот. Го отвори вешто и и налеа во чиста чаша коњак “Повели”, и рече и повторно се зафати со миењето чаши.
“До кога мислиш да ми набиваш рогови”, и рече мирно Фоти и отпи голтка од чашката.
Уранија Папајоану седна на барскиот стол. Се напи коњак и ја остави чашата на шанкот.
“Роговите се за луѓето непријатни, тоа ми е познато. Зар мислиш дека се омажив за тебе од љубов? Се замислуваш дека си принц од приказните за Мара Пепелашка. Нашиот брак е створен од интерес и однесувај се така”.
“Значи, нашиот брак е ортаклак. Зошто веднаш не ми рече така и да си спијам мирно. Зар не забележуваш колкумина ми се потсмевнуваат заради твоите авантруи со Американецот? Или тебе не те засега тоа. Кој е Фоти Стерјов во споредба со твоето височество! Гамото. Зошто не седнеш на задникот и почнеш да се однесуваш како сиот нормален свет. Мислиш, младоста е вечна. Еден ден ќе ја снема твојата убавина и се ќе биде поинаку. Тогаш Американецот нема да те посакува. Ќе бараш некој да се грижи за тебе. Мислиш ли на тоа време или се залажуваш дека јас ќе се грижам за тебе!”
“Престани да ломотиш! Што знаеш ти за животот. Отвори си ги очите, човеку, или ќе ти ги дозатворат други за кои мислиш
дека ти се пријатели. Плаши се од блиските! Тие ќе те сотрат. И не надевај се на селски идиличен брак. Мене ми требат пари и ќе ги заработам. Не мислам цел живот да заработувам со телото.”
“Во ред, само да знаеш дека не ми е сеедно што спиеш со други мажи”, и рече Фоти и со чашата в рака седна на една од масите покрај пенџерето.
Уранија Папајоану се насмевна. Се напи коњак. Беше замислена.
2. Во пансионот влегоа двајца луѓе облечени во градски костуми, со бели кошули и вратоврски што им висеа над палтата. Во рацете држеа секој по една бунда од јагнешка кожа. Од вратата го забележаа Фоти и се упатија кон неговата маса. Му застанаа до главата. Седнаа до него. Молчеа. Фоти ја подигна главата и им ги виде ситните очиња.
“Сакаме да тргуваме со тебе”, му рече едниот од нив.
“Вие сте браќата Штериови, нели? Со мене ќе се договарате само за храната. Другото го порачува онаа дама што седи крај шанкот”, им рече и покажа во Уранија.
“Мислевме дека си главниот”, му рекоа двајцата одеднаш.
“За жал, Уранија е главната, мислам на вас, одете кај неа и договорете се со неа. Мене оставете ме мирно да си ја допијам ракијата и да си ги пречекам првите гости во пансионот. Само внимавајте со неа. Има добри пријатели во полицијата, лично шефот на полицијата, господинот Пампас и е љубовник.”
“Ни се закануваш”, скокнаа двајцата.
“Не, само ве предупредувам да бидете внимателни со неа”, им рече. “Сега одете кај неа!”
Двајцата браќа станаа од столовите на кои седеа и и пријдоа на Уранија, која си го допиваше пијалокот. Ги очекуваше.
“Повелете, господа, што ве мачи?”, им рече грубо.
“Полека, Уранијо, не сме дојдени за кавга. Сакаме да тргуваме со тебе”, и рече постариот од двајцата браќа што имаше бенка под десното око.
“Не тргувам со црноберзијанци. Одете си!”, им рече строго.
“Полека, Уранијо, сакала или не мораш да тргуваш со нас”, и рече помладиот брат.
“Реков дека не тргувам со црноберзијанци. Губете се од мојот пансион!”, збесна Уранија и слезе од барскиот стол. “Надвор, копилиња на ѓаволот!”
Постариот од браќата поцрвене по лицето. Очите му светнаа. Фрчеше од лутина. Го зграби помладиот брат за рака и го повлече кон вратата.
“Ќе зажалиш за ова, Уранијо, курво белосветска! Ќе те убијам додека догори денот!”, и рече и со брата си излезе од пансионот.
Уранија си наполни коњак во чашата. Фоти Стерјов се закикоти. Неговиот лирски тенор ја исполни просторијата. Стојос Панајопулос влезе во кујната.
“Што се кикотиш? Мило ти е што ќе ме убијат скотовите”, му рече бесно Уранија.
“Тие го извршуваат ветеното. Внимавај, господарке моја, да не бидеш нивната најубава жртва!”, и одврати Фоти со иронија.
“Грижи се ти за твојата шуплива глава. Може некој да ти ја отсече а да не почувствуваш.”
Фоти престана да се кикоти. Му се врати на коњакот. Голтна неколку голтки и задоволен се навали во столот.
3. Двајца непознати, со чавкина врева и мирис на овенато полско цвеќе, влегоа во пансионот. Внатре гости немаше.
“Каде е Македонката”, викнаа гласно двајцата и диво ги внесуваа погледите во ќошовите на просторијата. Погледот им застана на суровата насмевка што се појави на лицето од Стојос Панајопулос. Зинаа од изненадување. Стојос Панајопулос почна да се смее гласно. Двајцата, изненадени извлекоа пиштоли. Стојос Панајопулос ги рашири рацете да ги прими во прегратка.
“Скријте ги тие железа”, им рече додека одеше кон нив. “Кое добро ве донесе кај мене?”
Двајцата пиштолџии си ги покажаа пожолтените заби од тутун и му пријдоа на Стојос. Се поздравија со него.
“Седнете, ќе ви турам по една ракија”, им рече и им покажа да седнат на масата до пенџерето. Двајцата седнаа. Стојос донесе шише ракија и три чаши. Седна на столот до нив. Налеа во чашите ракија и ја подигна својата чаша.
“Во ваше здравје! Да живее Крит и сите критјани!”, наздрави весело.
Двајцата му одвратија на здравицата. Се напија ракија и ги ставија чашите на шарениот чаршав. Едниот од нив ги рашири очите. На скалите што водеа во одаите ја забележа Уранија Папајоану како слегува, придружувана од Дастин Бровн. Го гледаше збунето нејзиното тажно лице кое имаше боја на расцутен јоргован. Уранија чекореше спокојно како да го владееше со магија целиот свет. Крај неа со високо крената глава и горделив што за себе ја има најубавата жена во Солун, одеше Американецот.
Американецот ги вознемири двајцата Критјани. Ги оставија чашите и ги заковаа погледите во Уранија и во Американецот.
Се погледнаа со дивите очиња закопани во густите веѓи и ги надуја змучките.
“Мораме да ја свршиме работата”, му рече едниот Критјанин на Стојос. “Примивме пари за да ја убиеме”, и ги извлекоа пиштолите.
Стојос Панајопулос скокна од столот и застана пред нив.
“Не”, им викна на Критјаните.
“Чувајте ги пиштолите за некое друго време”, грмна зад Критјаните и Стојос, пештерскиот глас на Алексеј Иванович Старовкин. Потоа се насмеа толку гласно што затреперија стаклата на пенџерињата.
Двајцата Критјани се свртеа да видат чиј е гласот. Се изненадија. Потоа прснаа во смеа.
“Великиот донски атаман, Алексеј Иванович Старовкин”, викнаа во еден глас. “Здравствујте, Алексеј!”, рекоа, ги спуштија пиштолите и го поканија да седне на масата со нив.
Алексеј Иванович Старовкин не престана да се смее. Се поздрави со Критјаните и седна на нивната маса. Стојос Панајопулос здивна. Уранија Папајоану, речиси, се онесвести. Стојос и пријде, ја поведе за рака нежно на масата на Алексеј Иванович Старовкин и двајцата Критјани.
“Ова е Уранија Папајоану, господар на пансионот”, им ја претстави.
Алексеј Иванович Старовкин го исполни просторот со дива смеа. Очите му заиграа весело.
“Ваква убавица не е за убивање”, им рече на Критјаните и и ја бакна грубо, со лигавите усни раката на Уранија, која, иако се згрози, не оддаде со ништо.
Стојос Панајопулос и понуди стол.
“Понекогаш треба и со вакви да си пријател”, и шепна на увото додека таа седнуваше на столот, и се оддалечи од нивната маса. Беше задоволен што успеа да го исфрли од нејзината близина Американецот. Го виде како стои крај шанкот со кисело лице. Влезе во кујната.
4. Алексеј Иванович Старовкин уште еднаш и ја намачка со плунка нежната рака на Уранија Папајоану. Неговата смеа не престана да го задушува воздухот во пансионот. Беше задоволен што седи крај него и му дозволува да и ја љуби раката.
“Ова е најубавата жена што сум ја сретнал од тивките води на реката Дон до солените води на Белото Море”, викна гласно и се насмеа.
Двајцата Критјани во стапка го следеа неговиот пештерски глас, покажувајќи си ги повремено пожолтените заби. Уранија Папајоану, иако незадоволна од новото друштво, седеше и во нивно здравје лизнуваше со усните по малку коњак. Кога беше сигурна дека го освои Алексеј Иванович Старовкин, за кого мислеше дека има полна контрола над Критјаните што дојдоа да ја убијат, му дозволи на Украинецот да и го допре мазното лице со неговите лигави усни и да рикне од задоволство, сигурна дека е надмоќна над нив.
“Кој ве пратил да ми го одземете животот?”, ги праша Критјаните.
Двајцата Критјани се погледнаа збунето. Ги средија впечатоците за нејзината убавина, кои во нив предизвикаа повеќе желба да и се мушнат меѓу нозете отолку жед за долготраен семеен живот, се обидоа да го одбегнат одговорот.
Уранија Папајоану не им попушти. Повторно му го понуди образот на Алексеј Иванович Старовкин.
“Зборувајте, магариња, кој ве пратил?”, рикна Алексеј луто.
Двајцата Критјани потресени од пештерскиот глас се погледнаа збунето.
“Зборувајте!”, грмна Алексеј и ја крена раката високо и заканувачки.
“Немој, Алексеј, не испратија браќата Штериови. Ни платија однапред сума драхми во злато”, се правдаа Критјаните.
Уранија Папајоану поцрвене во лицето. Лутина и се појави на маѓосните очи. Повторно ги помилува со нежната кожа на своето лице лигавите усни на Алексеј.
“Можеби на браќата Штериови им доакал животот. За моја љубов можеш ли да им помогнеш да го загубат сосема”, му рече нежно, триејќи му ја мечкината шепа. Му ги допре своите усни на неговото брадосано грубо лице толку страствено што Алексеј ќе паднеше во бесознание од задоволство.
“Тие крастави копилиња уште вечерва ќе ги закопаме во Белото Море”, и рече, и строго ги погледна Критјаните кои уплашено потврдија со главите.
Уранија Папајоану реши да го зададе последниот удар. Се накашла.
“Ќе те чекам во одајата да ми ја донесеш веста за нивното напуштање на овоземието”, му шепна тивко на увото и му го гризна нежно со бисерните заби. Стана од столот и полека, одминувајќи ги масите, се искачи по скалите во одајата.
“Ќе имаат безболна смрт”, викна гласно. Го допи пијалокот и заедно со двајцата Критјани го напушти пансионот. Беше нестрплив да се пикне во креветот на Уранија Папајоану и да го почувствува слаткиот колач.
Дастин Бровн ги испрати со погледот, постоја некое време крај шанкот, потоа потиснат од силната жед по Уранија се качи во
одајата и ја затекна како ја протега змијулкавата снага во креветот. Беше црвен во лицето како пиперка.
“Значи, си заминуваш од мене”, и рече бесен што не може да ја задржи за себе, скоро избезумен од болка.
Уранија Папајоану се насмеа благо.
“Јас никаде не заминувам. Ако мислиш дека ти е време да заминеш нема да ти забранам”, му рече мирно.
Дастин Бровн поцрвене уште повеќе во образот и ја искажа сета своја збрканост и несигурност.
“Јас купувам и продавам се, господине Американо! Ако нешто не ти се допаѓа кај мене, речи му го тоа на Украинецот”, му ја дофати раката, и онака збунет, го кутна во креветот. “Ти си мојата љубов, Американо”, му рече тивко и заводливо.
Дастин Бровн ја прифати нејзината прегратка несигурно и проба да го истави црвенилото од своето лице. Помисли на Украинецот кој му стана трн во окото.
5. Програмата во пансионот почна нешто порано. Софија и нејзините придружнички, под закрила на слабата светлина и музиката, им ги покажаа на присутните, своите тела само наместа разголени. Успеа толку вешто да ги предизвикува очите на присутните, што и самата помисли дека може да командува со нив дури и да ги поведе во војна. Беше толку самоуверена што им се пикаше со нозете во носот а тие намокрени од нејзината пот долго време шмркаа како да им се топеше во устата пита од јаболка. Се лутеше заради присебноста на докерите, кои, иако присутни во пансионот, не ја следат нејзината атрактивна точка на предизвикувачко соблекување. Играше на подиумот и гледаше во Пондилаки. Често се фаќаше во сопствената мрежа која ја душеше и се повеќе ја тераше да мисли на Пондилаки, на неговите ситни зелени очиња. Сакаше да го проголта неговото секогаш мирно лице.
“Пондилаки нема да тргне со мене и да се задоми. Можам да ги кревам нозете до таванот. Сепак морам да се борам”, помисли. “Ќе му се фрлам некоја вечер во прегратка, пред сите и ќе му ја изразам мојата покорност на роб”, доуми. “Понекогаш се мразам себе си што не изучив занает и да бидам како другите жени. Вака ќе полудам... Сега можам само да жалам. Ќе го раскопчам елечето и тој ќе си замине...”
6. Софија Гелева почна да го раскопчува елечето. Пондилаки стана од столот и полека незабележано се проби меѓу гостите и излезе на улицата. Софија Гелева го забави ритамот на играта и по телото и се појавија црвеникави дамки а лицето и стана попривлечно и помамливо за лакомите погледи на присутните.
7. Пондилаки чекореше брзо по улицата. Измина повеќе улички и набргу стигна на гробиштата Зејтинлик. Се ракува со човекот во црна облека и со долг нос.
“Ги носиш ли златниците?”, му рече човекот мирно.
“Договорено е триесет златници од кои петнаесет однапред а другите по приемот на пратката”, му рече Пондилаки остро.
“Цената се зголеми. Ќе платиш педесет златници од кои половина однапред.”
“Не е така договорено”, се побуни Пондилаки.
“Времето ја диктира цената. Не се лирите за мене. Јас само ги пренесувам нивните барања”.
Пондилаки извади од џебот на зимското долго палто кожно ќесе. Му даде на човекот со црна облека дваесет и пет златници. Го затвори ќесето и го врати во џебот.
“На полноќ ќе ги добиеш другите. Главата ќе ти ја пресечам, ако ме измамиш”, му рече и му мавна со раката во знак на збогување.
“На полноќ ќе го имате вашиот човек”, му одврати човекот во црна облека и зачекори по ридот.
8. Пондилаки по истиот пат се врати во пансионот. Внатре Софија Гелева, под слабото светло ја изведуваше втората рунда на соблекување по ритамот на бузуките. Пондилаки седна со докерите и почна да го следи соблекувањето на Софија.
“Подобро е да заминам дома и малку да се одморам”, помисли, но не стана од столот. Некоја непозната сила што пробиваше од мазната кожа на Софииното тело, го насочи погледот кон нејзините гради што се нишкаа во воздухот, и остана така, скаменет и збунет од убавината на Софија, се до крајот на нејзината точка. Забележа како Софија му се насмевнува задоволно. Ги споија погеледите. Пондилаки се насмевна.
“Ѓаволеста жена”, помисли Пондилаки и не го симна погледот од нејзините весели очи.
“Го имам, најпосле го уловив”, промрморе Софија. Го заврте колкот уште еднаш и се повлече од подиумот. Одекна силно ракоплескање.
9. Дастин Бровн излезе од собата на Уранија и по скалите слезе во пансионот. Се напи бренди и со чувство дека нешто губи се најде на улицата. Стојос Панајопулос се насмевна задоволно. Софија Гелева се појави повторно на подиумот. Присутните живнаа. Почнаа да и ракоплескаат. Одеднаш се се стиши. Звукот на бузуките го исполни просторот со нежна бавна музика. Софија направи неколку чекори во ритамот на бузуките. Скришум погледна во Пондилаки. Го забележа на масата со докерите и задоволно ја развлече устата во насмевка. Почна да танцува поживо.
10. Во пансионот влезе Алексеј Иванович Старовкин, придружен од двајцата Критјани. Во рацете носеше голема кожена чанта. Се насмеа гласно. Софија се вознемири од неговото присуство и пештерското смеење и срамежливо се повлече во сепарето. Бузуките престанаа да свират. Пондилаки воздивна.
“Украинецот ги носи подароците за Уранија”, му шепна тивко Маноли Стрезовски.
“Какви подароци”, се зачуди Пондилаки.
“Главите на браќата Штериови”, се насмевна Маноли.
Пондилаки не му одврати. Се замисли.
“Да си одиме. Вечерва не чека голема работа”, им рече на докерите. Стана од столот и тргна накај вратата. По него, без да си го допијат пијалакот во чашите, тргнаа докерите.
Излегоа на улицата. Во пансионот одекна музика. Гостите повторно живнаа. Почнаа да ракоплескаат за да се врати Софија на сцената.
11. Алексеј Иванович Старовкин ги остави Критјаните да си ја допијат ракијата и се искачи по скалите во собата на Уранија. Ја затекна во проѕирен фустан. Лежеше на креветот. Почна да се умилкува криејќи си ги облините во свилениот чаршав. Алексеј Иванович Старовкин си ги натопи усните со јазикот и ги истури двете глави облеани во крв пред креветот, задоволно развлекувајќи ја лигавата уста во смеа. Беше задоволен. Очите му светкаа радост.
Уранија Папајоану замижа пред отсечините глави на браќата Штериови, се насмеа иронично и го покани Алексеј Иванович Старовкин да седне на свилениот чаршав.
Алексеј Иванович Старовкин долго размислуваше дали да седне.
“Да слеземе долу и да прославиме за нашето пријателство”, и рече со грубиот глас.
“Зар не е подобро да останеме овде”, го предизвика Уранија.
“Како милуваш”, и одврати Алексеј и седна на креветот до неа.
Уранија му ги префрли рацете преку вратот и се подигна од креветот. Го зароби во својата женска мрежа и го претвори во послушно маченце готово да заигра со клопчето што му го стркалува господарката по подот. Го легна Алексеј на креветот и го потисна со убавото тело.
IX
1. Во мракот, на гробиштата Зејтинлик, неколку сенки вешто криејќи го своето присуство, застанаа пред една поголема надгробна плоча. Набргу им се придружија и други петмина кои донесоа на дрвено носило еден недовршен живот. Човекот лежеше на носилото, завиткан во старо кафеаво војничко ќебе, и не даваше знаци на живот. Лицето му беше избраздено од рани, устата целата испукана и зарасната во засирена крв,очите покриени од исушен измет, косата порасната скоро до рамениците, валкана и разбушавена. Испушташе реа на скапано. Избразденото лице, зараснато во долга, густа, нечиста брада мируваше како одамна од него да исчезнал животот.
Пондилаки се доближи до него, го разгледа неговото згуросано лице и воздивна тешко. Се вгледа лут во човекот во црна облека.
“Што сте сториле со човеков?”, му рече грубо. Го извади кожното ќесе од џебот, го отвори и извади од него дваесет и пет златници. Му ги подаде на човекот во црна облека.
“Не се пазаривме за мртов човек”, му рече Пондилаки бесно, лут што човекот на носилото не дава знаци на живот.
Човекот во црна облека се накашла.
“Жив е. Шест месеци беше во самица. Последните триесетина дена ги помина без леб и вода. Ако мислиш дека е мртов ќе ти ги вратам жолтиците и ќе го сместам повторно во ќелијата за да го доџвакаат мушичките”, му рече мирно и почека да види каква реакција предизвика тоа кај Пондилаки и бидејќи не наиде на студен ѕид, ги прибра своите луѓе и без збогум се загуби во темнината.
Пондилаки го симна погледот од лицето на човекот што лежеше во носилото.
“Да одиме”, им рече на докерите што го придружуваа. Полека заоди по снегот.
2. Двајца од докерите го подигнаа носилото и зачекорија по Пондилаки покрај мермерните плочи. Набргу излегоа од гробиштата. Поминаа неколку темни сокачиња и се најдоа пред куќата на Евангелија Гаспарова. Влегоа внатре. Ги пречека Евангелија целата возбудена. Тие го сместија човекот во креветот што им го покажа Евангелија и се тргнаа настрана.
Евангелија Гаспарова се доближи до креветот. Го виде лицето на човекот што го спуштија на него докерите и од изненадување падна во бесознание. Пондилаки беше најблизу до неа и успеа да ја задржи да не тресне на подот. Внимателно ја легнаа на другиот кревет. И го попрска лицето со вода и Евангелија ги отвори очите. Ја разгледа собата и го запре погледот на лицето на Пондилаки.
“Жив е. Не грижи се!”, и рече Пондилаки , “Каде имаш кромид?”, ја праша внимателно.
Евангелија Гаспарова успеа да покаже со раката во долниот дел на креденецот. Пондилаки и ја спушти главата на перницата и по миг стегаше во раката главица кромид. Потоа му го стави под носот на човекот. Остриот мирис на кромидот се почувствува во собата. Докерите се поздравија со Пондилаки и
заминаа. Евангелија Гаспарова ги згрчи усните. Човекот ги покажа првите знаци на живот. Евангелија заплака. Пондилаки задоволно се насмевна. Евангелија стана од креветот. Плачеше со солзи радосници.
“Ти благодарам, Пондилаки”, му рече болно.
“Внимавај на него! Потребна му е нега. Прости, но морам да одам, ме чекаат моите луѓе”, и рече. Се поздрави со неа и излезе низ вратата.
“Ваков човек мајка не раѓа двапати”, помисли Евангелија и седна на креветот покрај човекот што ги отвори очите и со болка во душата ја развлече устата да се насмевне.
X
1. Снегот почна да се топи по улиците. Од покривите на зградите капеа крупни водени меурчиња. Пондилаки излезе од дома и набргу се најде во пансионот “Македонија”. Седна на масата на која седеше Маноли Стрезовски. Порача ракија.
“Што има ново во градот, Маноли?”
“Многу нешта се изменија во последните неколку дена. Ти како да пропадна в земја”.
“Имам многу обврски. Кажувај што се случува. Немам трпение. Сакам да слушнам се”, му рече и ја прифати чашката што му ја подаде Стојос Панајопулос.
“Благодарам, Стојосе”.
Стојос Панајопулос се насмевна дискретно и се повлече кај шанкот. Маноли Стрезовски голтна неколку голтки ракија.
“Згасна желбата на Македонците откај горното течение на големата река да тргнат со оружје кон Солун. Многумина во градот се налутија. Фрчат по улиците”.
“Подобро. Ќе беше тоа братоубиствена војна”.
“Вчера во пансионот “Патера Хани”, националистите зборуваа дека Македонците кренале глава и го сакаат Балканот за себе. Гласот брзо се рашири до полицијата. Од вчера попладне непрестано апси. Ако продолжи така, за кратко време ќе ги наполни логорите по островите и затворите каде што и онака нема слободни места. Луѓето се плашат. Се затворија граѓаните во домашните четири ѕида... Градот тоне во паничен страв. Претпладнево се појавија по улиците некои чудни групи луѓе. Вооружени се со пиштоли и ножеви. Пред очите на неколкумина граѓани од пазарот, убиле недолжен човек. Полицијата дошла за да се поздрави со убијците...”
“Во градот нема доволно храна. Така ми рекоа”.
“Храна одамна нема со Солун. Црноберзијанците ликуваат. Жените домаќинки почнаа да се продаваат на непознати мажи за корка леб. До тука ја дотера владата со својата политика. Како да ја гледам сликата од 1942 година кога од глад умираа по стотина луѓе на ден. Исто како тогаш и сега ги кријат мртвите заради купоните. Куќите мирисаат на мрша...”
“Значи се враќа светот во 1942 година”, праша зачуден Пондилаки. “Божем ни ветија мир и демократија. Ме чуди што им значеше судењето на неколкумина злочинци од војната”.
“Сите се на слобода. Шетаат по Солун и околината. Имаат свои луѓе и вооружени чекаат знак да се активираат...”
“Тоа беше се што имаше да ми кажеш?”
“Не. Во пансионот и по градот се поприсутни се луѓе кои побегнале од другите Балкански земји. Сите наликуваат на Алексеј Иванович Старовкин”.
“Како се држи Американецот спрема него по она со Уранија?”
“Американецот не стигна да го истисне Украинецот од леглото на Уранија. Се вразуми. Се оди на наша штета. Зар не гледаш дека не ни ја отстапуваат масата. Сите седат заедно. Уранија кокетира со нивните чувства. Секој ден се заедно Американецот, Укреинецот, Критјаните, Англичаните, Хаш со неговите пријатели и се почесто со нив седат луѓе пребегнати од другите Балкански земји. Ги има од Албанија, Србија, Бугарија, од Скопје и од каде не”.
“Така значи. Капиталот, поддржуван од политиката на силните, со помош на пиштолџиите треба да ги збрише демократите. Многу итро замислено. Да се надеваме дека Уранија не е толку силна и ќе може да не истера од пансионот...”, се почеша по косата Пондилаки.
“Црно ни се пишува, Пондилаки, црно”, му рече загрижено Маноли Стрезовски.
“Донеси ни уште по една ракија!”, викна Пондилаки по Стојос.
Молчеа. Стојос им донесе ракија. Ги зграбија чашите и голтнаа од течноста.
“Се врати ли некој од робија? Видов некои луѓе на улица. Се вратиле”.
“Не сум информиран многу. Ме загрижуваат гостите од соседните земји. Волкот ги поканил за да си ја сочува совеста пред народот. Треба да бидеме внимателни. Тие сечат глави без да прашаат кому им припаѓаат. Лошо време настапува... Скоро ќе заборавев, се врати Ника Марија, знам дека сте пријатели. Била многу изменета”.
“Каде можам да ја видам?”, праша Пондилаки заинтересирано. Ги стисна вилиците и му набабрија жилите на вратот.
“Во истата куќичка, на Одос Вардарис”.
Пондилаки ја испи ракијата од чашката. Лицето му поцрвене од бес.
“На хесо тон патерасу, тоа нема да помине со алал. Ти благодарам за информациите, Манолисе, и чувај се!”, стана од столот и без да се ракува со Маноли Стрезовски излезе од пансионот. На улицата се вклучи во колоната луѓе кои брзаа кон центарот на градот.
Користете ги левата и десната стрелка за да ја свртите страницата.
Испечатено од https://macedonianhistory.ca/mk/narrative/smrt-vo-solun-macedonian/4 на 29 октомври 2026