VI ДЕЛ - Part 02
“Колку крв треба да потече за да се засите душата на насилникот! До кога ќе се криеме уплашени да не ни зарие нож во грбот некој непрокопсаник или платеник на полицијата или пак самата полиција? Кој е виновен за сето тоа?”, мислеше Ставре. Во главата му се мешаа многу слики. Помисли на Евангелија Гаспарова и близначињата. Потоа се вгледа во меките сочни усни на Уранија и крвта што се засируваше на нив. Му навираа во главата слики на распарталени трупови распрчкани по планината и го заглушуваа неподносливи одѕвонувања на крушуми, силни експлозии на гранати и бомби што ги испуштаа авионите. Му се мешаа слики на луѓе кои гореа заедно со камењата. Пот му се сливаше по телото и чувствуваше како го обвиткува студ. Изморен од толкувањата низ мачните слики заспа. Половина час подоцна. Силен тресок на вратата го потресе неговото тело. Скокна од креветот. Гласови што допираа однадвор му го поматија умот.
“Тука е нејзиниот придружник. Тој е комунист”, слушна глас.
Појде во другата соба. Ја извлече од долапот кожната чанта и ја отвори.
“Не ме излажа Уранија. Овде има цело богатство”, помисли. Го отвори прозорецот и скокна низ него. Потрча меѓу куќите и за неполни пет минути се најде на Игнатија, обиколен со многу непознати лица. Успеа да си го смири погледот. Тргна кон железничката станица.
IV
1. Возот бревташе кон Атина. Ставре Наковски седеше во последниот вагон. Купето беше празно. Се навали на пенџерето и задрема. Спиеше долго. Кондуктерот помина и не го забележа. Завесата на купето беше спуштена и светилката угасната. Доцна во ноќта се разбуди. Непознати луѓе влегоа во вагонот и тој им направи место. Напати им ги погледна загрижените лица. Светилката на машината што ги влечеше вагоните го расече ноќното бунило и пред очите на патниците
се покажаа многу светилки. Ставре Наковски стана од седиштето и го напушти купето. Во рацете ја стегаше рачката на кожната торба. Застана до излезната врата на вагонот и почека возот да застане. Чкрипењето на тркалата на вагоните го заглушија и тој ја отвори вратата. Слезе од вагонот и со брзи чекори го одмина перонот. Влезе во станичната чекална, но не се задржа. Излезе на другата страна на станичната зграда и потрча по улицата.
“Ќе одам во кабарето на Ванко Будбаровски. Тој ќе ме скрие”, помисли и се скри во една куќа за да не се судри со двајца цивили што му идеа во пресрет. Цивилите се загубија по темната улица. Ставре излезе од куќата.
“Полицајци! Сигурно има полициски час? Доцна е”, му прелета низ главата и повтроно потрча. Улиците беа темни и тесни заградени од високи згради. Само понекаде на пенџерињата се забележуваше светлина. Стигна пред кабарето на Ванко Будбаровски. Се стресе од глетката. Пред него на неколку десетина метри самуваше срушена зграда.
“Кабарето го нема. Се е уништено. Сега каде? Дома кај Ванко Будбаровски?”, помисли и почна на размислува. “Можеби кај Ксантина Периклис? И помогнав да стане глумица и да заработува за животот. Но, таа живее на Пелопонез... Можеби е најдобро да појдам на Пелопонез? Во тоа село покрај Средоземното Море никој не ме познава. Кога ќе помине ветерот ќе можам повторно да се вратам во Костанерија”, помисли и насмевка му заигра на испуканите усни. “Но, како се викаше селото на Поликсена? Ох господи боже, како се викаше? Проклет да сум, зар сега да заборавам? Сепак, да појдам кај Ванко Будбаровски”, реши и тргна по темната улица. Потрча. Измина неколку улици и излезе кај големата фонтана и сврти лево кон патот што водеше во подземните ходници. Изби на една чистинка и застана неколку метри подалеку од една камена плоча. Полека, внимателно влезе во една висока куќа. Тивко ги одмина скалите до вториот кат и застана. Го запре дишењето. Тропна на вратата. Чекаше. Никој не се одзва. Повторно тропна. Тишина. Се вознемири. Уплашено погледна во другите четири врати. Тропна уште еднаш. Никој не се одзва.
Сепак остана да наслушне уште миг. Една врата на горниот спрат се отвори. Ставре се уплаши. Ја стегна цврсто кожната торба и потрча по скалите. Излезе низ вратата и се загуби по улицата. Трчаше задишан и не се свртуваше да види од што бега. Ги одмина последните куќи на градот и престана да трча. Зачекори полека. Одеднаш се разведри.
“Ќе одам во старата трошна приземница”, му пролета низ главата, “Не е далеку. Можеби половина час”.
Скриен од дрвата што беа расфрлени десно од патот Атина-Пиреја, наближи до стара куќа сместена во внатрешноста на малата шумичка. Внимателно влезе внатре. Не ја запали ламбата туку уморен се струполи на прашливиот кревет. Прашина му се наполни во устата и тој исплука плуванка на подот. Не се покри со ќебе. Ја стисна кожната торба до градите и заспа.
2. Ставре Наковски се разбуди. Се изми на бунарот со студена вода и се избриша со палтото. Прошета околу куќата. Се врати внатре и легна на креветот. Почувствува глад. Се силеше да заспие. Но, остана буден се до спуштањето на ноќта. Темнината го окружи и тргна по патот кон Пиреја. Во пристаништето стигна доцна во ноќта. Беше уморен и одвај се движеше. На едно бротче забележа човек. Внимателно му пријде.
“Качи се на бротчето! Знам што сакаш”, му рече мирно бродарот.
Ставре Наковски размислуваше.
“Ајде, човеку, може да наиде полицијата или некој џандарм. Качувај се или тргнувам!”.
Ставре несигурно ја стави ногата на палубата на бротчето.
“Добре дојде на “Агамемнон”. Ове е мое бротче. Сум префрлил на другата страна на Коринтскиот залив многумина како тебе. Десет златници и ќе те пренесам до другата страна”.
“Во ред”, рече Ставре. “Кога тргнуваме?”
“Веднаш!”
“Тогаш, тргнувај!”
Бродарот се насмеа тивко.
“Првин златниците, момче”.
Ставре Наковски се посомнева во чесноста на бродарот. Го погледна испитувачки. Бродарот се насмеа.
“Можеби немаш златници. Еден мој земјак го убија тројца што ги префрли на другата страна. Такво е времето, момче”.
Ставре ја отвори кожната торба. Го извлече одвнатре ќесето во кое беа златниците и извади десет златници. Му подаде пет.
“Другите пет ќе ги добиеш на другата страна на заливот”, му рече и ги врати другите пет златници во ќесето. “Ќе ми продадеш и еден пиштол.”
“Немам пиштол”, рече бродарот мирно.
“Ќе ти дадам десет златници за пиштолот”, настојуваше Ставре.
“Договорено?”, му рече бродарот и се насмеа тивко. “Мора да си многу богат”.
“Со пиштолот ќе ми дадеш и муниција”.
“Една кутија куршуми”, му рече бродарот.
“Три кутии муниција”, му рече Ставре. “Десет златници се многу. Треба да работиш десет години за да ги заработиш.”
“Ке ти дадам три кутии”, му рече бродарот. “Сега влези во кавината”.
Ставре Наковски внимателно слезе во внатрешноста на бротчето.
“Дај ми го пиштолот и муницијата!”
Бродарот се насмеа. Го активира моторот на бротчето. Зацепија низ водата. Бродарот со едната рака го придружуваше кормилото на бротчето и управуваше. Со другата рака извади од еден долап три кутии. На картонската амбалажа беа нацртани куршуми. Ставре воздивна. Бродарот му ги подаде кутиите.
“Пиштолот”, рече Ставре нервозно.
“Пиштолот ќе го добиеш на другиот брег”, му рече мирно бродарот и се насмеа.
Ставре Наковски го погледна испитувачки. Бродарот му кимна потврдно со главата.
“На другиот брег, момче”, му рече мирно и се загледа во недогледаното темносиво мирно море.
3. Другиот брег беше пуст. Ставре Наковски му даде петнаесет златници на бродарот.
“Еве ти го пиштолот, момче! Внимавај твојата глава во оваа земја не вреди ни скршена драхма. Секој посакува да ја има зошто за неа се добива цело богатство. Внимавај!”, му рече бродарот и му мафна пријателски со раката. Моторот на бродарот забрмче. Ставре Наковски се накашла и си го покри лицето со раците.
“Добар човек. Колку ги има вакви во земјата? На Пелопонез? Проклето име! Никако да си спомнам како се вика селото”, помисли. Погледна во бротчето, но го немаше на брегот. Успеа да ги забележи неговите црти далеку на водената површина. На другиот брег се гледаше Пиреја. Гореа светлата во
пристаништето. Тргна полека. Набргу го заболеа нозете од нерамниот терен. Заморот не го чувствуваше. Гладта го тераше да се превиткува од болки во стомакот. Стигна во подножјето на едно ритче. Здогледа светлост.
“Сигурно е тоа куќата за која ми зборуваше бродарот”, помисли и го забрза чекорот.
Куќата беше ниска, соѕидана од кал и покриена со слама. Чукна на вратата. Почека. Се појави жена ненормално дебела. Џвакаше леб.
“Влези”, му рече жената грубо.
Ставре Наковски влезе внатре. Просторијата беше малечка. Таванот низок. Ставре се наведна да не удри во гредите на таванот. Лево од вратата имаше сламарица фрлена врз тврдата земја, а отспротива залепен за ѕидот, дрвен кревет покриен со грубо закрпено ќебе.
“Ќе спеиш на сламарицата”, му рече дебелата жена грубо. “Ако сакаш да јадеш, храната чини заедно со спиењето еден златник”.
“Ќе платам”, рече Ставре.
“Плати веднаш!”, му рече дебелата жена.
Ставре извади од торбата еден златник. И го подаде. Жената го зеде златникот и го пикна во закрпениот џеб на извалканиот фустан од чоја. Извади чинија од еден сандак и со големата дрвена лажица тури чорба во неа. Се истави од котлето што висеше среде собата на ченгел и му ја даде чинијата на Ставре.
“Леб нема”, му рече грубо.
Ставре ја прифати чинијата. Сркна од чорбата со големата лажица. Се намршти. Дебелата жена се насмеа. Ставре ја дојаде чорбата.
“Сега на спиење. Наскоро ќе се раздени. Мене ми треба одмор”, му рече дебелата жена, ја изгасна лоената свеќа и тромо се спушти на креветот.
Ставре Наковски легна на сламарицата. Заспа.
4. Утрото стана рано. Дебелата жена не излезе да го испрати. Тргна по сувата каменеста земја.
“Ќе одам во овој правец. Само господ може де ме одведе до Ксантина Периклис... Ох, господи ти, благодарам”, се израдува Ставре и гласно се насмеа. “Селото се викаше Периклисис”.
Одеше и се надеваше да наиде на човек. Студот го принудуваше да се замота со палтото. Еден стар човек му идеше во пресрет. Застанаа двајцата. Почнаа да се испитуваат со погледите.
“Ти си полн со вошки”, рече човекот.
Ставре Наковски се насмеа.
“Мора да си спиел кај слатката Мелина”, се насмеа и човекот.
“Кон каде е Периклисис?”, праша ненадејно Ставре.
“Таму има само камења. Што ќе правиш таму? Оди во Спарта, таму бараат овчари”.
“Сакам да посетам еден пријател. Ми вети работа”.
“Периклисис е на другата страна од островов, чевлите ќе ги искинеш додека стигнеш. Оди кон запад!”
“Ти благодарам”, му рече Ставре.
“Ништо, синко. Само врви по патот. Внимавај, има многу потери”, му рече загрижено старецот.
Ставре Наковски ги рашири очите од изненадување.
“Не грижи се, синко. Пелопонез нема да те предаде. Синот ми загина во војната”, заплака старецот.
“Збогум, старче!”
“Збогум, синко! Чувај се!”
Ставре се поздрави со старецот и продолжи по каменестиот пат кон запад.
V
1. Ставре Наковски долго талкаше по островот. На седмиот ден стигна во Периклисис. Застана пред куќата, за која едно кривоного дете му покажа со раката дека и припаѓа на Ксантина Периклис. Куќата во долниот дел беше ѕидана со камени блокови, а во горниот дел со штици. Од предната страна имаше чардак до кој се стигнуваше по дрвени скали. Ставре се искачи по дрвените скалила внимателно. Штиците беа премногу скапани. Чукна на дрвената врата. По миг му отвори едно девојче со сплетени прцлиња на симпатичното високо чело.
“Калимера, кир Ставро”, му викна насмеано девојчето. Се поклони пред него понизно и театрално и го пропушти да влезе внатре. Потоа потрча по него. “Седнете, кир Ставро!” му рече љубезно и му покажа да седне на дрвениот кревет.
Ставре Наковски се збуни. Седна на креветот не симнувајќи ги очите од девојчето.
“Мајка ми не е дома. Ќе се врати за половина час. Отиде да собере круши”, и седна спроти него. Лицето и стана сериозно. “Ти си Ставре Наковски од Атина”, го изненади уште повеќе. “Имаме слика од тебе. Мајка ми често раскажува за тебе. Јас се викам Поликсена”.
Ставре зина изненаден. Девојчето со прцлињата стана од столот и влезе во соседната одаја. Се врати. Во рацете држеше една стара пожолтена фотографија.
“Мама ја чува под перницата”, му рече гордо.
Ставре не знаеше што да одговори. Гледаше во сликата збунето. Го погледна девојчето нежно.
“Ќе ми дадеш ли чаша вода?”
“Секако, кир Ставро. Мама одамна ни рече дека еден ден ќе дојдете и ќе не посетите. Ни рече да ви дадеме се што ќе посакате”, му рече, слезе во дворот и се врати со чаша полна со бунарска вода.
Ставре Наковски се напи вода. Извади од џебот неколку банкноти, и и ги подаде.
“Земи купи си што си милуваш!”
Девојчето ги зеде банкнотите. Кимна понизно со главчето во знак на благодарност.
“Мора да си многу уморен, кир Ставро. Ќе те оставам да спиеш а јас ќе ја чекам мама на скалите”, му рече весело и излезе од собата.
Ставре Наковски поседе уште неколку мига на креветот. Вошките почнаа да го касаат. Излезе надвор. Седна на скалите малку подолу од Поликсена. Му беше непријатно од неа да се чеша и отиде зад куќата. Почна да гребе по косата. Го чешаше целото тело. Го слушна гласот на Поликсена и се вознемири.
2. Поликсена затропа по скалите.
“Мамо, тука е кир Ставро, твојот пријател од сликата. Таму е зад куќата”.
Ксантина Периклис потрча зад куќата.
“Ставре!”, викна радосно. “Ставре!”, повтори и заплака. Му се фрли на широките рамења и го стегна со рацете околу вратот. Плачеше.
Ставре Наковски ја прегушна околу половината и го истера од себе бунилото кое го гонеше да се посомнева во пријателските чувства на Ксантина.
До нив пристапи Поликсена. Го гледаше вознемирено секое нивно движење. Им ги виде насолзените очи и го слушна плачот на мајка си. Заплака и таа. Ксантина ги олабави рацете, нежно се истргна од прегратката на Ставре.
“Мамино дете, немој да плачеш! Мама плаче од радост”, и рече Ксантина и ја помилува по косата. Сакаше да ја крене во раце, но прцлето беше тешко за нејзините кревки мускули. Не успеа. Ставре ја помилува Ксантина по косата и ја крена Поликсена високо над главата.
“Многу си умна и убава”, и рече Ставре во блага насмевка.
Поликсена престана да плаче. Си ги избриша солзите. Ставре ја гушна со другата рака Ксантина и по неколку мига влегоа во куќата насмеани. Ставре ја спушти Поликсена на креветот. Ксантина ја спушти главата на неговите гради. Стоеја неколку мигови. Поликсена се збуни. Ставре и Ксантина се насмеаја. Поликсена им се придружи.
“Мора да си гладен. Ќе ти подготвам нешто за јадење”, рече тивко Ксантина и се извлече од неговата прегратка. Ставре седна на креветот. Поликсена излезе во дворот.
“Уморен си. Нечист. Ќе стоплиме вода да се искапеш. Само да го подготвам јадењето”.
“Не брзај! Се плашев дека ќе стигнам до тебе”.
“Како ме пронајде?”, праша заинтересирано Ксантина и стави компири во едно големо тенџере. Го наполни тенџерето со вода и ги стави компирите на шпоретот да се варат.
“Првин не знаев како се вика селово. Сепак тргнав. Бев сигурен дека ќе ми текне...”
“И...”, се насмеа Ксантина.
“Ми текна. Инаку не би бил овде со тебе.”
“Некогаш беше поинаку. Тогаш јас бев во неволја. Се сеќаваш ли на денот кога ме најде на железичката станица смрзната и расплакана? Ох господи боже...”
“Беше добра глумица. Не ме измами носот”.
“И добра курва”.
“Каде ти е другото дете? Колку што ми е познато ти имаше две деца?”
“Главена е кај двајца старци во соседното село. Таа е голема и умна девојка. Знаеш, немаме доволно храна за да преживееме. Ќе дојде во недела... Колку ќе останеш кај нас?”
“Се зависи од времето. Не знам колку ќе потрае.”
“Значи, куќата може да смета на домаќин?”, се насмеа Ксантина.
“Секако. И тоа каков домаќин”.
Се насмеаа двајцата заразно.
Користете ги левата и десната стрелка за да ја свртите страницата.
Испечатено од https://macedonianhistory.ca/mk/narrative/smrt-vo-solun-macedonian/22 на 29 октомври 2026