V ДЕЛ - Part 02
Уранија Папајоану стоеше како онемена. Иако се заколна гола пред никого да не се соблече и да го открие срамот на нејзиното прекрасно тело, посака да го има непознатиот во своја близина. Се понадева дека непознатиот повторно ќе ја посети. Се врати во одајата. Ја заклучи вратата и легна на креветот.
“Гадовите отидоа во војна, но зошто ги нема Англичаните и Американецот?”, се зачуди. Ги склопи очните капаци и се заврте кон ѕидот. Се вртеше повеќе пати во постелата се додека не заспа.
II
1. На дваесетина километри југозападно од Солун, Питер Макдоналд смирено и со насмевка на усните шеташе меѓу војниците. Имаше нова униформа. Чизмите му се зариваа во тревата и корнеа тревки од земјата. Влезе во штабот на единицата. Внатре ги затекна Хаш, Алексеј Иванович Старовкин и Расим бег.
“Напиј се бренди!”, му рече Хаш, “Одличен е”, и се насмеа диво.
Питер Макдоналд седна на столот што му го понуди Расим бег ја симна капата од главата. Хаш наполни една чаша со жолтеникава течност од шишето на кое пишуваше БРЕНДИ и му ја подаде.
“Да наздравиме, господине полковнизе.”
Питер Макдоналд ја прифати чашата со брендито и ја подигна високо. Се насмеа гласно.
“За уништувањето на комунистите!”, рече дрско и се напи бренди.
“За уништувањето на комунистите! Да живее Англија!”, викна воодушевено Хаш и го испи брендито воеднаш. Си ја наполни чашата повторно. Лицето му поцрвене од алкохолот. Очите му светнаа диво.
“Кога тргнуваме, господине полковниче? Одвај чекам да стапам во акција.”
“Тргнувате попладне. Ќе бидете сто луѓе. Имате оружје, облека и храна. Од вас се чека задачата да ја извршите беспрекорно.”
“А коњи?”, праша зачудено Хаш.
“Коњите ќе ги добиете на десет километри северно од Воден.”
Алексеј Иванович Старовкин се насмеа заразно и брендито му се истури од чашата.
“Ќе добиеме војнички коњи?”, праша заинтересирано.
“Војнички. Првокласни. Најдобри”, му рече Питер. “Се надевам ќе ги оправдате средствата што ги потрошивме за оваа акција.”
“Не грижете се! Ќе пресечеме повеќе комунистички глави и од самиот Хитлер.”
“Добро, Алексеј, се надевам така ќе биде”, им рече Питер, стана од столот и излезе од зградата, мала селска куќа со неколку соби. Надвор му пријде едно високо забрадено момче со реденици на градите. Момчето се насмеа и Питер му го забележа златниот заб на горната вилица.
“Како си, господине Ковачевиќ? Те слуша ли твојата војска”, му рече Питер шеговито.
Владета Ковачевиќ се насмеа срамежливо. Повеќе од страв. Питер не можеше да си објасни од каде кај Владета страв, иако се напрегаше се му беше попусто.
“Подготвени сме за борба. Моите десет луѓе чекаат”, му рече Владета.
“Добро, Владета. Се надевам, ќе се борите подобро отколку што тоа го правевте во Србија против комунистите на Тито”, се воозбили Питер Макдоналд. Извлече кутија со цигари и го понуди со цигара.
“Благодарм, пушам качак”, му рече Владета.
Питер Макдоналд извади цигара од кутијата. Ја врати кутијата во џебот на палтото. Ја штракна запалката и со сивкастиот пламен ја запали цигарата. Повлече дим и во долг интервал го испушти.
“Пристигнува полковникот Бортас. Ќе се видиме подоцна, господине Ковачевиќ”, му рече пријателски и му појде во пресрет на човекот со необично големи мустаќи што јаваше на коњ.
“На ваша заповед, господине полковниче”, му рече Бортас и слезе од коњот. Се ракуваа.
“Моето почитување, господине полковниче”, му рече љубезно Питер. “Владата ни го испратила најдобриот офицер на грчката армија. Комунистите против вас немаат никакви шанси.”
“Партали ќе летаат од нив, господине полковниче. Каква војска ми подготвивте да водам?”, праша заинтересирано Бортас.
“Најдобра. Сите се проверени и прекалени борци. Војната против комунистите ја посакуваат многу. Ќе се уверите сами на фронтот.”
“Мислите дека немаат друг избор? Господе, каква војска ќе бидеме? Од каде се?”
Питер Макдоналд се насмевна дискретно.
“Од соседните земји. Комунистите им понудиле јаже околу вратот и тие побегнале. Секој од нив има по стотина животи на совеста. Оваа земја е за нив Елдорадо. Се надевам ќе знаете да го цените тоа и најдобро да го исползувате се разбира во наша корист.”
“Секако, господине полковниче. Кој офицер не би посакал војска за која не треба да се грижи дали ќе ја уништат во правата борба”, се насмеа гласно Бортас.
“Не ме разбравте, господине. Тоа се изроди, очајници и луѓе без никакви шанси да почнат нов живот. За нив ништо не значат еполетите на вашата униформа. Ќе ве убијат ако им застанете на патот. Во земјите од каде се дојдени ги третираат за злочиници од прв ред и за нив нема враќање во татковината...”
“Тогаш, ќе приредуваме забава секој ден”, се насмеа повторно Бортас.
“Кланица, полковниче, кланица. Нека потече крв. Никој не смее да биде поштеден. Се од ред под сечилото на ножот”, рече сериозно Питер и тргна кон зградата од која пред малку излезе. По него зачекори Бортас. Влегоа во собата.
“Ова е командантот на единицата, господинот полковник Бортас”, рече Питер со строг глас.
Хаш, Алексеј Иванович Старовкин и Расим бег станаа од столовите на кои седеа.
“Седнете!”, им рече љубезно Бортас.
Хаш наполни чаша со бренди и му ја подаде на Бортас.
“Напијте се со нас, господине Бортас!”
Бортас се наоблачи. Не ја прифати чашката со бренди. Го погледна Хаш строго.
“Господин полковник сум за тебе, момче”, викна Бортас строго.
Хаш се насмеа цинично. Повторно му ја подаде чашката со бренди.
“Напијте се со нас, господине полковниче”, рече понизно.
Бортас се насмеа дискретно. Ја прифати чашата.
“Благодарам, момче. Ќе бидеш добар војник.”
“И служам на монархијата, господине полковниче”, му отсече Хаш. Бортас се насмеа. Ја крена чашата.
“За монархијата и нашите пријатели од Англија!”, рече и се напи.
“Напијте се и вие!”, викна Хаш.
Сите се изненадија. Бортас се закашла. Питер Макдоналд се повлече два чекори кон прозорецот. Алексеј Иванович Старовкин и Расим бег се воозбилија.
“Наздравете му на кралот!”, викна повторно Хаш.
Алексеј Иванович Старовкин и Расим бег му ги подадоа чашите. Хаш им ги наполни со бренди.
“За здравје на кралот!”, викнаа в глас.
“Така треба секогаш да пиете. Да знаете кому му служите”, се исклешти Хаш задоволно.
Бортас издиша длабоко. Се успокои. Питер Макдоналд си ја проголта плунката и полека се олабави.
“Да одиме господа!”, им рече Бортас и ја голтна течноста од чашата. Ја стави чашата на масата покриена со мушама и излезе надвор. По него во дворот се најде Питер Макдоналд. Зад нив зачекорија Хаш, Алексеј Иванович Старовкин и Расим бег.
“Собери ги луѓето! Време е да тргнеме”, му заповеда Бортас на Хаш.
“Веднаш, господине полковниче”, одврати Хаш и се одвои од групата. Довлечка еден војник кој во рацете држеше труба до средината на дворот и строго го погледна. Војникот се вознемири.
“Ние сме војска, бре”, му рече заканувачки Хаш.
Војникот се олабави. Му се внесе в лице.
“Каква војска, лепешкару. Немаме ни униформи. Тука сме за да си ги откупиме животите”.
“Тогаш, свирни со трубата да се соберат луѓето!”, му рече смирено.
Човекот свирна со трубата. Набргу се створи троен ред. Потоа, испратени од погледот на Питер Макдоналд, се загубија во шумата.
III
1. Денот догоруваше. На железничката станица во Бојмица, Јорго, првиот човек на железницата во гратчето, ја крена палката со која ги сопираше и испраќаше возовите. Големата парна локомотива го покри местото околу себе со голема магла и испушти неподносливо чкрипење. Запре неколку десетици метри, подалеку од Јорго.
“Бојмица!”, викна гласно Јорго и ја стави палката под мишка. Чекаше цела минута и повторно ја крена палката. Парната локомотива повторно направи голем облак од пареата и си ги покри големите железни тркала, кои ослободени од кочилата направија круг и ги повлекоа вагоните. Јорго ја држеше палката високо крената. Помина пред него последниот вагон на долгата композиција. Ја спушти палката и мижурна со очите. На перонот забележа две жени со дробни дечиња. Едната калеша и ситна погрда од другата, но со симпатично лице и слабички нозе, во рацете држеше детенце.
“Детето е се уште цицалче”, помисли Јорго и им пријде. Се насмеа љубезно.
“Добар ден!”, ги поздрави Јорго и не ја симна насмевката од усните.
“Секое добро, чиновнику на државната железница!”, му рече Јана Чакаларова. “Го бараме Герман Гелебешев. Можете да ни кажете каде живее?”
Јорго ја исфрли на лицето сета своја доброта.
“Ќе ви покажам”, им рече љубезно. “Појдете со мене!”, и тргна кон станицата. По него одеа Јана Чакаларова, нејзиниот син а зад нив Марија Ставридис со бебето в раце. Влегоа во чекалната. Низ вратата излегоа на другата страна на станицата.
“Ќе завртите во втората уличка и во третата куќа ќе го најдете Герман. Домаќин човек е”.
“Благодарам на помошта господине!”, му рече љубезно Јана и појде по улицата. Зад неа зацупкаа нејзиниот син и Марија.
“Среќен пат!”, им довика Јорго. “Каква убавица?”, помисли за Јана и не се врати во канцеларијата туку ги следеше со погледот се додека не се загубија зад аголот на втората улица. Една дождовна капка го олади неговото ќелаво главче и го принуди да влезе во чекалната.
2. Јана Чакаларова прва стигна до портата на Герман Гелебешев. Портата беше отворена и влезе во дворот. Внатрешноста на дворот не беше уредена по нејзин вкус. Гледаше зачудена во расфрланите сандаци и исушеното цвеќе. Потоа се искачи по скалите. Тропна во вратата на двокатната куќа. Малку почека. Потоа пред неа се појави жена постара од четириесетина години, забрадена со темнокафеава шамија, наместа извезена со копринен конец, со испиено лице, очи пропаднати во шуплините, нос правилен, уста распукана на повеќе места.
“Влезете дома!”, ги покани.
“Благодариме. Го бараме Герман”, рече Јана.
Жената не и одговори. Ги смести во една поголема одаја украсена со килими на кои се протегаа нијанси на повеќе
видови боја и сочинуваа некаква чудно убава топла шара. Седнаа на креветот покриен со темноцрвена јамболија и воздивнаа, истерувајќи го привремено заморот од долгото патување.
“Герман ќе се врати вечер”, им рече жената на чие чело се уште се оцртуваше моминска нежност и привлечност. Јана Чакаларова заклучи дека некогаш жената била многу убава. Жената беше ведра, иако одаваше сосема поинаква природа.
“Се викам Неда и Герман ми е сопруг. Сега простите, морам во кујната. Подготвувам јадење”, им рече и се загуби зад вратата.
Марија Ставридис со малечкиот Коста се навали на креветот и заспа. До неа, пикнат во јаболијата, дремеше Ристо, синот на Јана. Единствено Јана беше со отворени очи.
Во собата влезе Неда. Ги забележа заспаните. Се насмеа нежно.
“Уморни се”, и рече Јана.
“Нека спијат! Ти не спиеш?”
“Сон не ме фаќа неколку дена”, воздивна Јана.
“Тогаш дојдете во кујната! Ќе ручаме. Тие нека јадат кога ќе се разбудат”.
3. Ручекот беше скромен. Неда излезе во дворот. Јана се навали на миндерот и замина. Се разбуди по три часа. Приквечер се врати Герман. Јана не можеше да ги тргне очите од него. Таков убав маж немаше видено дотогаш. Герман имаше благ збор. Во неговиот глас се чувствуваше блаженство. Јана ги впиваше неговите зборови од неговата добрина.
“Пондилаки ми помогна многу. Му го должам животот. Пред три години ме извлече од Павлос Мелас. Германците ќе ме стрелаа. Многумина наши луѓе не излегоа живи од логорот”, рече Герман.
Јана молчеше. Го голташе со очите неговото убаво лице и се насладуваше од таквиот прецизен збор. Доцна во ноќта Герман ја напушти нивната соба. Утредента стана многу рано. Го напои добитокот и испече леб во фурната. Јана Чакаларова спиеше до десет часот. Герман ги дочека во кујната нивните нерасонети очи. Ги понуди на трпезата со топол леб и млеко. Појадуваа.
“По два дена треба да префрлам поголема група отаде границата. Со нив ќе одите и вие.”
Јана Чакаларова немаше зборови за гостопримливоста. Секој што можеше да и го подземе погледот ќе забележеше како со него го голта лицето на Герман. Молчеше. Повремено воздивнуваше среќна што планот за префрлање отаде границата не им го попречува некоја сила од која најмногу стравуваше. Герман внесе во неа голема надеж.
Марија Ставридис се уште трепереше за судбината. Блееше во устата на Герман зашто не знаеше македонски. За неа остануваше тајна натамошниот развој на нивното збегство.
4. По тродневниот престој во куќата, Јана Чакаларова со синот Ристо, Марија Ставридис со својот син Коста, придружени од Герман Гелебешев ја напуштија куќата и се упатија во шумата. Пешачеа два часа. Високо во планината наидоа на поголема група на луѓе, кои исплашено самуваа на една ливатка. Герман им пријде насмеано. Беше љубезен. Со некои од луѓето се ракуваше.
“Стигнавме”, рече Герман.
Јана Чакаларова уморна кимна со главата. Во пресрет и појде еден средновечен човек со црно шајачно палто и со очила.
“Според описот што ми го дадоа во Костанерија, вие би требало да се викате Јана”, и рече човекот и и ја подаде раката. “Јас се викам Зисо”.
Јана Чакаларова се вознемири. Му ја подаде раката на Зисо и се ракуваа. Јана беше збунета. Не го познаваше однесувањето на овдешните луѓе. Мислеше дека човекот се шегува.
“Се викам Јана Чакаларова”, и рече Јана со строг глас.
“Токму така ми рекоа. Ве поздравуваат Пондилаки и Ставре Наковски од Костанерија”.
Јана се насмеа задоволно. Исчезна црвенилото од нејзиното лице Зисо и го сврте грбот. Му пријде на Герман.
“Ќе чекаме уште пет минути. Кој дојде-добродојде, потоа тргнуваме”, му рече Зисо.
Герман му кимна потврдно со главата. Пет минути подоцна Зисо погледна на часовникот.
“Тргнуваме, луѓе”, викна Зисо гласно.
Герман тргна напред. Другите по него. Се упатија по сртот на планината, кон врвот, зад кој Јана насетуваше дека е нивната цел. Планината беше дива и теренот нерамен. Тоа им го забавуваше одењето. Сите беа облечени во меки обувки. Стапалата почнаа да ги болат и колената да им се сечат. Заморот набргу ги совлада, и седнаа да се одморат. Тревата беше влажна. Се задржаа малку. Мекиот глас на Герман ги поведе по скрките.
Марија Ставридис почна да се тетерави. Падна од заморот. Успеа со грбот да ја допре тревата и да не го повреди детето кое и го стисна стомакот и ја принуди тивко да офне. Јана Чакаларова притрча, го зеде детето, и и помогна да стане.
“Ќе го носам јас”, рече Јана.
Марија Ставридис ги насолзи очите. Колоната од стотина луѓе застана. Набрзо тргна. Сонцето немилосрдно почна да ги бие по главите.
“Одмор!”, викна Герман гласно да го слушнат сите. Застана.
Луѓето поседнаа на тревата. Герман им дозволи да јадат, некако незадоволен од темпото на движење.
“Не оставајте никаков траг дека сме престојувале овде. Ако не откријат владините трупи или злосторничките банди од нас ќе останат само партали”, ги предупреди Герман загрижено и строго.
“Подобро да се засолниме во шумата и да патуваме ноќе”, му рече Зисо.
“Нема што да се засолнуваме во шумата. Ние сме во шумата. Ќе останеме овде додека се стемни. Потоа ќе продолжиме. Близу сме до граничниот појас и опасно е. Можеме да налетаме на граничната патрола”.
“Договорено!”, му рече Зисо и легна на тревата.
5. Скриени под големите костенови крошни денот го поминаа со исчекување на месечината. Зисо беше задоволен. Герман мижуркаше нервозно со очите. Јана Чакаларова немирно седеше на тревата. Марија Ставридис јадеше леб и сирење.
Денот измина. Повторно забраздија низ шумата. Зисо чекореше прв. Почнаа да го искачуваат вториот врв на планината. На Зисо насмевка му заигра на усните. Влегоа во граничниот појас. Загазија во еден подлабок трап исполнет со врежовина. Грмушките им ги покриваа телата скоро до градите. Малечкето на Марија Ставридис заплака. Страв заигра во очите на луѓето. Јана Чакаларова го полулка на рацете, но плачот не му го истави од устата. Герман го смени руменилото на лицето. Стана жолт како восок. Од очите му избиваше лутина. И пријде на Јана.
“Затни му ја устата!”, и рече луто.
Јана се вознемири.
“Може да се загуши”, му одврати со ист тон.
“Подобро еден да замине отколку сите да умреме овде. Затни му ја устата! Ти наредувам!” и се закани.
Јана Чакаларова се двојумеше. Луѓето почнаа да мрморат.
“Зар сакаш сите да не убиеш?” и викна една жена што беше близу до неа, “Задави го ако не сакаш ние да го сториме тоа!” и се закани.
Марија Ставридис пребледе од страв. Иако не го разбираше јазикот на кој зборубаа Јана и жената, насети дека нејзиниот син Коста е причината за нивниот бес. И пријде на Јана и и се загледа уплашено во очите. Солзи и потекоа. Насети во телото како нешто се издвојува од него.
Луѓето стануваа се понервозни. Детето не престануваше со плачењето. Јана Чакаларова го лулкаше. Герман и го грабна на Јана детето од раце. Марија Ставридис врисна. Се втурна во Герман и му го истргна од раце.
“Убијте ме мене! Тоа треба да живее! Не е виновно што луѓето немоќни да се разберат меѓу себе почнаа да се убиваат”, му рече нервозно на Герман. Го раскопча фустанот и на месечината ја покажа десната дојка. Му ја стави со тенките прсти пуполката во устата на детето и му го истави плачот.
“Ќе не откријат со тоа дете!”, викна жената што беше близу Јана.
Јана и се втури во очите. Слушна топот на коњи. Замолча. Тоа го сторија сите. Се мушнаа тивко во честакот. Беа немирни во душите. На сите мислите им беа свртени во детето. Се плашеа да не писне. Марија Ставридис го покри лицето на синчето. Беше готова да го жртвува. Ги подзеде неговите очиња и го чекаше нивното смирување. Топотот на коњите исчезна во далечината. Воздивна длабоко и болно. Скоро се онесвести. Беше среќна. Излезе од честакот придржана од Јана и од
Герман. Им се придружија и другите. Тргнаа. По десетина минути го поминаа граничниот превалец. Марија Ставридис наполно се смири. Беше сигурна дека нејзиниот син Коста ќе ја надживее.
6. Групата бегалци, предводена од Зисо, се спушти по падината. Еден час подоцна влегоа во мал град. Улицата по која врвеа беше тесна и калдрмисана со ситна камена коцка. Застанаа пред една поголема зграда. Зисо влезе во зградата и по неколку минути излезе заедно со еден човек облечен во кожна виндјакна и имаше долга коса. Застанаа пред групата бегалци. Непознатиот им ги набљудуваше љубопитно уморените лица и постојано ги подигнуваше веѓите. Зисо му пријде.
“Каде да се сместиме, другар Божин?”
Човекот се сврте накај Зисо и повторно го врати погледот на групата. Очите му застанаа на убавото лице на Јана Чакаларова. Се замисли.
“Сместете се во училишната зграда! Ќе ви покажам каде е тоа”, му рече Божин и го завлече за ракавот.
Зисо тргна по Божин. Чекореше уморно. По нив тргнаа другите. Јана Чакаларова го носеше во рацете детето на Марија Ставридис. Нејзиниот син Ристо прусаше покрај неа, бришејќи си го лицето од потта. Марија Ставридис одвај се додржуваше на нозе. Набргу стигна во училиштето и се сместија во училниците. Уморни поседнаа на клупите и задремаа. Божин се раздели со Зисо и заедно со Герман го напушти училиштето.
IV
1. Јана Чакаларова и Марија Ставридис излегоа од зградата на Одборот и се упатија на адресата што им ја запиша службеникот на едно ливче. Набргу стигнаа до една двокатна куќа, обоена со сива фасада. Јана тропна на дрвената врата. Од внатре се огласи машки баритон.
“Веднаш доаѓам. Само да се облечам”.
Се погледнаа. Марија Ставридис испушти солза од очите. Јана ја помилува по косата. Вратата се отвори и на прагот-човек. Лицето му беше насмеано. Подолго време не беше избричен. Имаше питоми очи и правилно обликуван нос.
“Ве испратија од одборот? Влезете!”, ги покани човекот. Ги пропушти крај себе да влезат во собата. Го помилува по косата синот на Јана и влезе по нив. Внатре ги пречека неговата сопруга. И ја подаде раката на Јана. Се ракуваа.
“Се викам Трајанка. Седнете, ќе ве почестам слатко”, им рече Трајанка и се поздрави со Марија Ставридис. “Сигурно сте уморни?”
“Како ти е името?”, праша човекот.
“Јана Чакаларова”, му одговори Јана. “Ова е Марија Ставридис”, му рече и поткажа на Марија која во скутот го нишкаше Коста.
“Лошо е долу. Пукањето се слуша до овде. Градот е полн со бегалци. Што му сторивте на господ, та така ве прогонува?”
“Не знам. Простете, но не можам да ви го кажам тоа што и самата не го знам”.
Трајанка се врати во собата. Во рацете носеше послужавник и слатко во една поголема тегла. Го стави послужавникот на креденецот и извлече од полицата три плитки мали чинии. Ја отвори теглата и со мало лажиче тури од теглата во чинивчињата. Потоа ги стави на послужавникот. Ги понуди сите.
“Ќе живеете во онаа соба”, и покажа човекот.
Јана Чакаларова зеде слатко.
“Како те викаат?”
Ристо, кому му беше упатено прашањето, срамежливо ја погледна Јана. Таа се насмевна.
“А како те викаат тебе, чичко?”
“Мене ме викаат Кочо”, му рече низ насмевка.
“Мене ме викаат Ристо”, му рече испитувајќи ја неговата намера.
“Ме мамиш, а?”
“Не те мамам, чичко”, му рече Ристо зачуден што не му верува. “Прашај ја мама!”
“Добро, малечок. Одмори се! Подоцна ќе те одведам во бавчата. Ќе собереме јаболки. Сакаш?”
“Сакам. Можеме да појдеме веднаш. Многу сакам јаболки. Не сум уморен”.
“Сепак да го оставиме тоа за подоцна”, му рече нежно Кочо и излезе од собата.
2. Трајанка ги собра малечките чинивчиња од нивните раце и ги стави на креденецот.
“Ќе ви ја покажам собата. Уморни сте. Подоцна ќе ручаме”, им рече Трајанка. Ги одведе во другата соба до која се стигнуваше по еден мал ходник и ги остави да се одморат. Марија Ставридис го легна Коста на креветот и го покри со старата куверка. Потоа легна до него. Јана Чакаларова се оптегна на другиот кревет. Ристо остана среде собата, загледан во трошните ѕидови.
“Легни си!”, му рече Јана. Гласот и трепереше. Очите и се насолзија.
“Ќе излезам во дворот. Не ми се спие”, и рече Ристо и излезе од собата. Јана лежеше замислена долго време. Потоа уморна заспа. Се разбуди доцна попладнето. Марија Ставридис се уште спиеше. Во собата ѕирна Трајанка. Забележа дека Јана е будна.
“Треба да одите во Одборот. Ќе ви дадат купони за храна. Овде се добива храна само со купони. И леб”, и излезе.
Јана Чакаларова стана од креветот и загрижена ги облече обувките и истрча во дворот. Надвор го виде Ристо покрај оградата. Го завлече за ракавот по себе. Набрзо беа во зградата на Одборот. На шалтерот ги поздрави весело едно човече со орловски нос.
“Еве ви купони за три дена. Потоа ќе видиме дали ќе останете или ќе заминете на друго место.”
“Каде ќе не носат? Господе зошто не си останав во Солун? Каде сега?”
“Не грижете се! Ќе ве сместат во некое село во околинава”, и рече љубезно човекот.
“Секако”, промрморе Јана Чакаларова. Го зграби нервозно Ристо за раката и го повлече накај вратата. Излезе и задишана стигна дома. Влезе во собата. Марија Ставридис се уште спиеше. Малиот Коста беше буден. Легна на креветот. Ристо излезе во дворот. Јана безгласно заплака.
“Проклето време!”, помисли. “Враг да те земе!”
3. Јана Чакаларова се најде пред шалтерот зад кој седеше човечето со орловскиот нос.
“Добро утро!”, и викна весело човечето. “Вие ќе одите во селото ... проклето му било името ... го заборавив. Впрочем овде
пишува. Близу е селото. Одете, подгответе се! Ќе ве однесат со камион.”
Јана Чакаларова го зеде големиот лист од неговите раце. Погледна во напишаното. Ништо не разбра.
“На кое писмо е напишано ова?,” му рече зачудено на човечето.
“На кирилско писмо”, слушна глас зад себе Јана. Се сврте. Ги отвори широко очите од изненадување.
“Евангелијо! Од каде ти овде?”, ја гушна цврсто и заплака.
“Одамна сум овде. Кога дојде?”
“Пред три дена. Како е Ставре? Тука ли е?”
“Тоа сакав јас да те прашам. Ставре не сум го видела неколку месеци. Тука сум со дечињата. Имаме близначиња, знаеш?
“Нека ти се живи и здрави! А Ставре, велиш, го нема. Да појдеме кај мене! Таму ќе позборуваме повеќе”.
“Да појдеме”, и рече Евангелија и тргна по неа. По патот се расплакаа. Потоа се смееја и пак плачеа. Насмеани влегоа во куќата.
“Проклета судбина! Ќе се вратиме ли назад?”, рече Јана и влезе во собата. По неа на дрвениот под згазна Евангелија.
Марија Ставридис направи необична гримаса. Евангелија се изненади. Потоа пиеја чај. Го испија чајот. Евангелија стана.
“Морам да одам. Денес патуваме. Судбина”, рече и замина.
Јана и Марија набрзина се подготвија за патување. Се поздравија молкум со Трајанка и Кочо и појдоа во Одборот. Таму ги дочека човечето со орловски нос.
Користете ги левата и десната стрелка за да ја свртите страницата.
Испечатено од https://macedonianhistory.ca/mk/narrative/smrt-vo-solun-macedonian/17 на 29 октомври 2026