Front Matter - Part 01
Смрт во Солун
роман
Јован Парлапанов
Смрт во Солун роман
June 11, 2017
I ДЕЛ
I 1. “Војната заврши, Евангелијо Гаспарова, межеш да се радуваш”, и рече Пондилаки весело на жената што седеше спроти него и си ги бришеше со шарено шамивче насолзените очи.
“Војната почнува, Пондилаки, можеби не за тебе, за светот и за сите што ја пронајдоа својата среќа... Ставре Наковски го убија... Тие се убијци... Се грижат за нас.... Кому му е грижа за нас? Стражарите ме набркаа од портата на затворот Еди Куле, иако очите ми беа потонати во солзи... Родителите ги загубив во војната и, сега... сама сум и што ми советуваш да правам? Да ги заборавам родителите и Ставре Наковски и да се вљубам во некој друг и со него да створам семејство?”
Пондилаки ги згрчи истурените вилици, го собра во една точка безизразниот поглед што му извираше од светлозелените очи, ја помилува Евангелија Гаспарова по косата и нежно, без да ја утешува, ја допрати до излезната врата на кафеаната “Македонија”. Евангелија Гаспарова молчеше и со шареното шамивче си ги бришеше насолзените очи.
“Животот е поган, Евангелија Гаспарова. Фрли ја шамијата и црниот фустан! Ако милуваш бори се со ветриштата. Викни ме и заедно ќе почнеме нова војна... Не плачи, солзите се лош знак, така ми велеше мајка... Оди си дома, подоцна ќе наминам за да го завршиме разговорот... Ставре Наковски ќе го извлечеме од затворот, верувам, не го докрајчиле”, и рече Пондилаки и нежно ја турна со раката за да си замине дома.
Евангелија Гаспарова си ја собра косата во шамијата. Молчеше. Очите и беа потечени, лицето црвено и дејствуваше уплашено.
“Довидување!”, му рече тивко и зачекори по улицата.
Пондилаки се врати во кафеаната. Загриженост му се оцртуваше по мазното лице. Седна на масата, на која имаше уште четворица мажи, облечени во темнокафеави костуми од камгарн, слични еден на друг како сијамски близнаци, кои
молчешкум и со почит го проследија неговото приклучување во нивното друштво. Сопственикот на кафеаната му донесе чашка ракија. Пондилаки ја прифати чашката, им наздрави на четворицата и ја испи целата течност од неа. Стана од масата и ја стави капата на главата.
“Ќе се видиме подоцна”, им рече на четворицата и ја напушти кафеаната. Талкаше по градот два часа. Уморен, повторно се најде во кафеаната. Се добра до масата, каде што се беше собрала поголема група докерски работници и бучно расправаше. Не му беше до разговор и затоа не дискутираше со докерите. Сопственикот на кафеаната му донесе чашка ракија. Пондилаки им наздрави на докерите и испи голтка од ракијата. Докерите му одвратија на здравицата.
“Бадијала си ги мелете умовите. Политичарите се немоќни да се спогодат меѓу себе и затоа ги пренесуваат своите интриги на улица. Не мешајте се во нивниот нечист потег! Имајте трпение! Се ќе си дојде на своето место”, им рече Пондилаки мрзоволно и воздивна длабоко. Испи од ракјата нова голтка и ја остави чашката на маса.
“Нивните расправии и сплетки предизвикуваат несигурност кај народот. Ние не сме стадо овци и кој кон каде милува таму да не води. Знаеме што е демократија”, му возврати бунтовно едно помладо момче што седеше спроти него.
Пондилаки го гледаше испитувачки момчето. Почна да ја милува со прстите чашката. Беше нервозен. Немаше желба да го дополни говорот на младото момче. Им се вгледа во лицата на другите што седеа на масата. Сите очекуваа да прозбори.
2. Сопственикот на кафеаната “Македонија” беше млад човек. Се викаше Фоти Стерјов. За него зборуваа дека не е толку умен. Донесе нова чашка ракија и му ја подаде на Пондилаки.
“Ова е кафеана, луѓе. Зошто не најдете некоја сала и во неа да ги водите вашите политички разговори. Може некој да ве
накодоши кај власта. Времето е лошо за сиромашните. Вие си заминувате, доаѓаат други и се така редум...”
“Од што се плашиш Фоти? Ние сме во кафеанава секој ден”, му рече момчето на Фоти Стерјов, луто, што сопственикот на кафеаната се плаши од власта. Удри со тупаница по масата и поцрвене во лицето. Стана од столот. “Не се плашам од никого. И на кралот да му ебам мајката”, викна гласно и нафрли ново црвенило на лицето. “Ќе цркнете како ставорци од страв”.
Фоти Стерјов се почеша по косата. Му стана непријатно. Сакаше да се повлече во близина на шанкот за да го избегне дијалогот со момчето. Во кафеаната освен докерите други гости немаше. Докерите молчеа.
“Не сум страшливец, момче. На твои години зборував исто како што се изрази пред малку. Имам обврски. Од денот кога низ градот се пронесе глас дека нам, Македонците, поради учеството во војната ни се даваат сите права кои им припаѓаа досега само на Грците, сон не ме фаќа. Ројалистите и националистите се се погласни... Се плашам за кафеаната, можат да ја демолираат исто како на Маноли Стрезовски минатата недела... Му го запалија дуќанот само затоа што рекол дека Македонија е слободна. Залудно Маноли пцуе по денот кога отвори уста и изблува од неа политика... Може да ме снајде истото...”, му рече Фоти на момчето и се сврти да појде кај шанкот.
“Не плаши се, Фоти. Се што ќе загубиш заради нас ќе ти надоместам од сопствениот џеб”, се насмеа момчето. Седна на столот.
“Фоти Стерјов има сопствен џеб, момче, и запамети го ова што ти го велам. Обиди се да бидеш пристоен”.
Момчето поцрвене. Фрчеше од лутина. Стана од столот.
“Да си ебам најмилото, ако не си најстрашливиот ставорец во Солун”, му рече момчето предизвикувачки.
Фоти Стерјов се почувствува навреден. Немаше желба да се врати кај шанкот. Му се внесе в лице на момчето.
“Поврати си го зборот, момче!”, му се закани.
Момчето се насмеа бизарно. Лиги му потекоа од уста.
“Поврати си го зборот, момче!”, му повтори Фоти Стерјов лут.
Момчето продолжи да се смее, игнорирајќи го Фоти.
Фоти Стерјов збесна. Му набабрија жилите на вратот и по челото. Го зграпчи момчето цврсто за јаката и го подигна во височина. Момчето се обиде да се одлепи од неговите раце и откако не успеа го плукна в лице. Фоти го спушти неговото слабечко тело пониско и го удри со главата во лицето. Потоа го пушти да падне на подот. Момчето тресна на дрвениот под и остана да лежи неподвижно. Фоти си го избриша челото со дланката и ги погледна докерите. Во нивните очи не забележа непријателство. Го спушти погледот на момчето и повторно ги погледна докерите.
“Простете ми”, им рече тивко. “Долго време другаруваме и никогаш не се случило некого да навредам. Попрскајте го со вода по лицето и однесете го каде било само да е подалеку од мојата кафеана”, додаде и замина кај шанкот. Си ги изми рацете и влезе во кујната. Остана таму подолго време. Кога излезе од кујната докерите беа заминале од кафеаната. Фоти се накашла. Ги запали светилките во кафеаната и застана за шанкот.
“Вошкар”, промрмори, “ Фоти Стерјов е газда и неговото мора да се почитува”.
3. Два часа Фоти стоеше зад шанкот. Мислеше на инцидентот со момчето. Не се обвинуваше себе си. Замислен ги дочека првите гости. Ги послужи со ракија и повторно се најде зад шанкот. Во кафеаната влезе високо момче со лузна на лицето. Носеше црна облека. Околу вратот имаше сребрен синџир на кој висеше
некаков медалјон. Момчето пријде до шанкот. Се навали со лактите на него.
“Узо”, му рече на Фоти мрзоволно и се наклешти.
Фоти Стерјов се накашла и го дофати шишето со узо. Му наточи од течноста во мала чаша и му ја лизна по шанкот. Момчето ја довлечка чашата до своите прсти и вртејќи ја, ја подигна високо.
“Во твое здравје, Славомакедонче!”, му рече на Фоти. Испи неколку голтки од течноста и ја тргна чашата од уста. “Повторно грешиш”, додаде цинично. “Ти реков да ги набркаш докерите од твојата кафеана”.
Фоти Стерјов молчеше.
“Не ми возврати на здравицата”, го предизвика момчето.
“Откога влезе во мојата кафеана здравјето не ме служи најдобро. Сепак, ти благодарам”.
Момчето се насмеа гласно. Неколкуте гости во кафеаната се свртеа да видат што се случува кај шанкот.
“Ќе ти го запалам дуќанот. Ти не си вистински газда туку обичен комунистички пес. Подобро речено – ѓубре комунистичко”.
На Фоти срцето почна да му тропа посилно. На вратата на кафеаната се појавија петмина неизбричени момчиња и весело го поздравија момчето што стоеше на шанкот и му се закануваше на Фоти.
“Здраво, Хаш!”, го поздрави првото момче. “Наточи ми узо!”, му рече заповеднички на Фоти.
“И за нас по чашка”, му рекоа гласно другите четири момчиња и се навалија со лактовите на шанкот.
Фоти Стерјов извади четири чаши од под шанкот и ги стави пред нив. Ги наполни со ракија и го повлече шишето назад.
“Остави го шишето! Сами ќе си точиме ракија”, му рече строго Хаш. “Ќе ти ја запалиме кафеаната”, му се закани повторно.
Фоти Стерјов не му одврати ниту покажа со нешто дека е загрижен. Им го остави шишето на шанкот и влезе во кујната.
4. Кафеаната се полнеше со гости. Луѓето поседнуваа по столовите и бараа ракија. Фоти Стерјов излезе од кујната. Ги прими порачките и почна да полни чаши со ракија. Понекогаш погледнуваше во Хаш и неговите пријатели. Мислеше како да се извлече од нивното заканување. Набрзо Хаш и неговите пријатели го испија узото. Хаш му се внесе в лице на Фоти.
“Кафеаната ќе гори”, му рече и се наклешти. Потоа мирно, придружуван од петмината, ја напушти кафеаната.
Фоти Стерјов почна да шетка нервозно низ кафеаната. Погледот му се замагли. За малку што не се судри со Пондилаки.
“Загрижен си заради Филип”.
Фоти Стерјов молчеше. Му понуди маса на Пондилаки и самиот седна на еден од столовите.
“Ројалистите ќе ми го запалат кафанчето”, му се пожали.
Пондилаки се насмевна.
“Донеси да се напиеме по една ракија”!
Фоти неволно стана од столот. Од шанкот зеде две чаши и шише со ракија и повторно се најде на столот. Налеа ракија во чашите и едната чаша му ја подаде на Пондилаки.
“Помогни ми да се ослободам од ројалистите!”, замоли Фоти загрижен.
“Не грижи се!”.
“Тие не се шегуваат. Ќе ми ја запалат кафеаната, човеку, помагај!”.
“Не грижи се!”, повтори Пондилаки и ја испи ракијата од чашката. “Морам да одам”, му рече. Стана од столот и излезе од кафеаната. Фоти остана неколку мига на масата. Главата си ја држеше со рацете.
“Дај две уза!”, викна по него човекот со шапка што седеше на масата покрај пенџерето. “Побрзај!”
Фоти мрзоволно стана од столот и со шишето во рака се упати кај човекот со шапка. Му налеа узо во чашата, потоа налеа и во другата и се врати кај шанкот.
5. Фоти Стерјов вечерта ја затвори кафеаната порано. Дома си замина замислен. Легна во креветот нерасоблечен. Зората ја дочека буден и со потечени очи.
“Хаш му го запали дуќанот на Маноли. Ќе ми ја запали кафеаната”, помисли и реши да побара помош од Уранија Папајоану, која имаше бордел на улицата Одос Иринис. Стана од креветот и бунтовен излезе од станот. По половина час се најде во една од одаите на приземницата со кат, лево од ходникот што водеше на катот во собите што девојките на Уранија Папајоану ги водеа муштериите во железните кревети, покриени со свилени чаршави. На диванот ја затекна Уранија.
“Влези, одамна не сум те видела”, му рече низ насмевка Уранија.
Фоти Стерјов се збуни. Пред себе имаше раскошна убавица на триесетгодишна возраст – со расплетени коси. Срамежливо го пречекори прагот.
“Не срами се!”, нежно го прекори Уранија и помина преку бујните усни со тенкиот прст на десната рака, потоа го забоде долгиот нокт измастен со лилјакова боја во горната усна и се растресе како лист во гората на силен ветер. Одамна го посакуваше Фоти. Сега и дојде како нарачен. А толку пати го молеше да се пикне во нејзиниот кревет. Сметаше дека доаѓа од чисто љубовни побуди. Не и легна на умот дека причината за неговото нелегнување во нејзиниот кревет е неговата мрзеливост.
“Сега си мој”, помисли Уранија Папајоану и на широко одгрлениот фустан го покажа својот сјај. Му се насмевна привлечно.
На Фоти Стерјов му застана здивот во гркланот од тоа што го виде, иако го беше мазнел повеќе пати. Почна да се вртка по одајата, покажувајќи ја сета своја возбуденост што го обзеде од она што извираше под тенкиот проѕирен фустан, од нејзините јадри дојки со крупни брадавици кои како да сакаа да го пробијат темноцрвениот проѕирен фустан што сјаеше на слабата светилка и ширеше мирис на костен. Фоти го криеше погледот од бурата што се стремеше да го кутне во свилената покривка на железниот кревет и помисли дека може да ја загуби главата поради неа. Си спомна за средбата со Уранија од пред неколку години. Кога дојде кај неа, му зеде однапред дваесет драхми, но по спиењето му ги врати и од тогаш го заврте во нејзиниот кревет уште неколку пати, но тоа не беше доволнода ја засити страста туку стана повод да го посакува се повеќе. Не му наплатуваше. Последните три навраќања му ги надомести со по триесет драхми затоа што единствено Фоти можеше да ја задоволи нејзината немирна и гладна душа која не знаеше за милување и нежност, за љубов и достоинство, туку само за интерес. Сега Фоти стоеше пред неа и трепереше. Уранија го гледаше како да милува јагне со погледот. Се плашеше да не го разлути и да си замине. Полека потстана од креветот и нежно го повлече кон себе. Се прилепи до него, затворајќи му ја устата со долгите тенки прсти и почувствува како му трепени телото и и го подигнува духот готов да ја убоде нејзината разгалена душа.
“Помогни ми, Уранија! Сакаат да ме уништат”, промрморе Фоти.
Уранија Папајоану се насмеа нежно. Го помилува по косата.
“Ќе ти помогнам зашто единствено ти можеш да ме држиш во гетото на маломозгашите”, му вети нежно низ пригушен шепот полн со страсти.
Фоти Стерјов задоволно воздивна и ги развесели питомите, скоро, заспани очи.
“Благодарам”, промрморе полека, нежно ја легна на креветот, покривајќи го нејзиното ѓаволесто тело со сета површина на својата машкост.
“Ти си единствениот што ми ја рани душата. Ќе ти помогнам”, му шепна тивко на увото и испушти здив на задоволство.
Лежеа во креветот. Нечија силна рака тресна трипати по вратата, над која висеше црвениот фенер. Звукот што го испушти вратата само за миг ги раздвои. Не му отворија на дојденикот, иако неколкупати потоа удираше уште посилно, туку продолжија да се гмечат и гушкаат, заборавајќи на тивкото ветре што надвор го лулкаше црвениот фенер.
II
1. Фоти Стерјов стоеше покрај шанкот и си ги триеше рацете задоволно. Уранија Папајоану се појави во кафеаната, облечена во црн сатенски фустан долг одвај да и ги покрие долгите обли нозе зашилени на колената. Нејзината испапчена задница ги напаѓаше очите на посетителите во кафеаната. Со гостите што ги зазедоа масите покрај шанкот почна да кокетира, истакнувајќи ги валчестите гради кои прскаа под фустанот и бараа да бидат сопрени од градник или што било друго за да не полетаат во рацете на некој мажјак, какви што ги имаше доста меѓу гостите и што сите до еден беа гладни за женка. Уранија седна на една од многуте високи столици, наредени покрај
шанкот и му намигна на Фоти заводнички. Потоа се заврте накај гостите и на неколкумина од нив им упати милозлив поглед и нежна насмевка.
“Вечерва ќе имаме добри гости”, му рече на Фоти. “Биди подготвен да ги пречекаш со насмевка.”
Фоти Стерјов кимна со главата потврдно. Се останува. Беше задоволен од присуството на саканата жена по која почна да лудува неговата машкост.
2. Во кафеаната влегоа неколку полуоблечени девојки со убаво измазнети коси, со шавови на црните чорапи исполнети со уште потемни и поцрни дамки и со црвени жертери прикачени за свилените чорапи, чиј ластик висеше на белите чипкани гакички. На сите им беа разголени градите и малку недостасуваше да им се видат црвените пуполки кои се подаваа од под широките заоблени диколтеа. Тоа ги правеше многу атрактивни за гостите кои веднаш ги насочија очите кон нив. Девојките беа млади. Секоја од нив во устата имаше забиено чибуче, долго преку десет сантиметри, измастено од црвило. Се смешкаа милозливо. Поседнаа на столовите покрај шанкот и ги разголија нозете. Нивните разголени бутини на кои се црвенееја трендафилови китки, закачени со тенка карфица за жертерите, ги предизвикуваа уште повеќе присутните гости. Почесто се загледуваа во девојките. Една од девојките стана од столот и се упати до масата покрај пенџерето. Им се придружи на тројцата средовечни луѓе. Уранија Папајоану се насмевна. Ги погледна строго другите девојки и продолжи да пие бренди.
Фоти Стерјов не мируваше. Влезе во кујната. По миг излезе со две шишиња узо. Ги стави шишињата во првиот рафт зад шанкот и остана загледан во полната полица.
“Добра вечер, Уранија!”, слушна нечиј глас и се сврте.
“Како си, Фоти?”, го пречека гласот.
“Благодарам на прашањето, добар сум”, му се насмевна Фоти на човекот што му го упати прашањето. “Како ти оди работата?”
Човекот беше црномурест и висок. Очите му беа црвени од неспиење.
“Загубив се на комар. Сега можам да се опијам и да се фрлам во морето”, се насмеа човекот.
“Не е можно. Вие, Турците, сте многу необичен народ. Не ти верувам”.
“Што има да му веруваш. Загубил се што има и тоа не треба да те чуди. Единственото што му преостанува е достоинствено да го поднесе губитокот”, се замеше Уранија Папајоану и му упати блага насмевка на човекот. “Напиј се еден пијалок, Џемаиле, куќата чести”, му понуди стол Уранија.
Џемаил се насмевна и седна на столот. Фоти му налеа го голема чаша бренди.
“На здравје!”
“Во ваше здравје!”, му одврати Уранија. “Што ќе правиш сега?”
Џемаил не и одговори веднаш. Молчеше и ја вртеше чашата со рака. Се насмевна.
“Ќе заминам во Истанбул”.
“На печалба?”, заинтересирано праша Уранија.
“Немам друго решение. Морам”, воздивна Џемаил длабоко. “Сакам да го продадам станот, можеби можеш да ми помогнеш?”
Уранија Папајоану се замисли. Му даде знак на Фоти да пријде. Фоти се навали на шанкот.
“Колку бараш за станот?”
“Малку, онолку колку што е потребно за патување до Истанбул”, и одврати низ воздишка Џемаил.
“Договорено”, му рече Уранија Папајоану низ насмевка, “Налеј му уште еден бренди”, му заповеда на Фоти и го покани Џемаил да седнат на една од празните маси во кафеаната.
“Не разбирам. Што е договорено?”, збунето праша Џемаил и стана од столот.
Уранија Папајоану го фати под мишка и го поведе до празната маса во аголот на кафеаната. Седнаа. Фоти Стерјов им донесе две чаши дополовина полни со бренди.
“Јас ќе го купам твојот стан”, му рече Уранија и ја подигна чашата да наздрават.
“Сериозно!?”
“Сосема сериозно”, му рече Уранија. Ги удрија чашите и во ист миг испија од течноста.
“Ќе ти испратам една од девојките. Забавувај се до бесознание. Куќата чести”, му рече Уранија низ блага насмевка. Стана од столот и се врати на столот покрај шанкот.
“Афродита, гостинот на масата во аголот е сам”, и рече на девојката што седеше во нејзина близина и си налеа во чашата, што ја остави пред малку, неколку капки бренди. Испи голтка и се заврте да види дали Афродита ја исполни нејзината наредба. Се насмевна. Афродита седеше и нежно го милуваше Џемаила по челото.
“Ќе го купиш станот на Џемаил?”, праша Фоти.
“Зошто да не. Неговиот стан е над нашите глави. Ќе го претвориме во пансионски соби и ќе добиеме многу повеќе пари. Ќе бидеме богати, Фоти”, му се насмевна нежно.
“Во градот нема поумен човек од тебе, Уранија. Среќен сум што те имам за партнер” и рече Фоти и се загуби во кујната. Уранија седеше уште неколку мига и полека, незабележана од гостите, тргна по него.
III
1. Фоти Стерјов стана нешто порано од обично и почна да ја увежбува дежурната насмевка, наменета за секаков гостин. Го напушти другарувањето со големото огледало, урамено во плитка резба во ореовина, со навезени цветчиња од некој непознат копаничар, дури кога беше сигурен дека успеал да го улови задоволниот израз на замислениот гостин кој со допирање на шеширот, качкетот или едноставно со кревање на десната рака во висина на челото како знак на поздрав. Неколку дена го уигруваше љубезниот израз, наменет за гостите и беше наполно задоволен. Слезе во кафеаната. Им ги покажа белите заби на гостите, кои први му се најдоа на патот, и забележа на масата на која седеа Пондилакиевите докери, четворица луѓе, не постари од триесет години, облечени во униформи кои за првпат ги гледаше и не знаеше на кое знаме му припаѓаат. Помисли дека владата сошила нови униформи за своите војници. Не беше сигурен во претпоставката. Се врати назад во собата.
“Некакви чудни луѓе се во кафеаната”, и рече тивко со вознемирен глас.
Уранија Папајоану стана од креветот уплашена.
“Какви чудни луѓе, човеку. Што се случува?”
“Слегувај долу, Уранија!”, и рече уште повознемирено.
Уранија се облече набрзина. Излезе од собата. Слезе во кафеаната со грациозен од. Во аголот ги забележа луѓето во униформа. Се насмевна.
“Шашавко, тоа се англиски војници или поточно речено офицери на кралството Англија”, му рече на Фоти кој чекореше покрај неа. Фоти не и одврати.
“Џебовите им се полни со пари. Офицерите се најголеми непријатели на парите. Ги трошат безмилосно, посебно за убави девојки”, потоа им пријде на офицерите заедно со вештачката насмевка на Фоти.
“Гут монинг, господа! Почестени сме од вашето присуство”, им рече љубезно и ги размести усните во блага насмевка. “Ќе бидам почестена доколку ми дозволите да ви се приклучам”.
Офицерите како на договорен знак, станаа и и понудија стол и во таа бркотница од брзоплетост малку недостасуваше да се повредат. Благата заводничка насмевка на Уранија ги смири и ги врати на столовите, предизвикувајќи возбуда во нивната душа и страст. Им ја распламти желбата да и ги допрат големите обли гради, чии крупни и издолжени брадавици се наѕираа под тенкиот полупроѕирен сатенски фустан со темнозелена боја.
Питер Макдоналд седеше до неа и нападно гледаше во нејзината заоблена нога што завршуваше во широк колк кој се подаваше низ расцепениот фустан.
Уранија Папајоану почна да се смее. Им ги допираше палетите.
“Донеси пијалак за господата офицери”, му рече на Фоти.
Фоти направи понизен наклон. Појде до шанкот и им донесе шише бренди и пет длабоки чаши.
“Повелете, господа”, им рече низ насмевка и ги стави чашите и шишето на масата. Потоа се повлече до шанкот. Си ја измазни уредно залижаната коса, намачкана со маслиново масло и разделена со патец над левото уво, и ги ококори очите од нередот што заигра во него.
“Англичаните седат на масата на демократите. Господе, што да правам? Само што не пристигнале. Ќе се налутат и ќе ми направат некое зло. Пондилаки е строг и силен. Ми ја спаси кафеаната од уништување”, мислеше и црвенееше во лицето од сознанието и ниезвесноста што ќе се случи кога демократите, кои сите во Солун ги викаа докери, ќе дојдат. Го побара погледот на Уранија и незабележливо и даваше знаци да дојде за миг крај шанкот за да се договорат. “Би било добро да ги преместиме Англичаните на некоја друга маса”, мислеше.
Питер Макдоналд беше поручник по чин. Имаше сини пробивни очи од кои избиваа искри на нежност. Жолтата коса како узреано некосено жито, препечено од жешкото сонце му паѓаше врз крупните светлокафеави веѓи и му го затскриваше виделото. Имаше правилен нос, тенки усни и една помала бемка на лицето.
“Одлично зборувате грчки, господине Макдоналд”, му рече и им ги покажа на сите белите заби.
“Добро забележувате”, се насмевна благо Питер. “Им припаѓав на англиските интервентни единици. Поминав долго време на овие терени и научив”.
“Бистро момче”, забележа Уранија низ заводничка насмевка.
“Да се напиеме во ваше здравје, убава Уранијо”, рече Макдоналд и ја подигна чашата високо. “На здравје и да живеете сто години!”
“На здравје и да сте секогаш вака убава”, додадоа другите тројца офицери.
“Во ваше здравје, господа”, им рече Уранија и ја удри чашата од нивните.
2. Уранија се насмеа гласно. Питер Макдоналд и ги допре градите. Фоти Стерјов ги ококори очите. На вратата на кафеаната се
појави Пондилаки, придружуван од петмина докери. Се упати до шанкот. Му пријде на Фоти.
“Немој да трепериш. Внимавај да не се повтори истава слика. Главата ќе ти ја скршам”, му рече строго. “Стокми две маси соединети до масата на Англичаните”.
Фоти Стерјов не можеше да се соземе од страв. Набрзина подготви две маси споени.
“Нема да се повтори истата слика”, му рече на Пондилаки. Гласот му трепереше. Се обвинуваше себеси, но истовремено посакуваше да отиде кај Англичаните и да им каже дека масата е резервирана за други луѓе, кои се тука, на домашното огниште, и кои се скоро сопственици на пансионот. Сепак не го стори тоа. Немаше храброст. Им донесе шише узо на докерите и се врати до шанкот.
Користете ги левата и десната стрелка за да ја свртите страницата.
Испечатено од https://macedonianhistory.ca/mk/narrative/smrt-vo-solun-macedonian/1 на 29 октомври 2026