VIII ДЕЛ - Part 01
VIII ДЕЛ
1. Пондилаки седеше покрај колибата на Билешко Поле. Некои војници ги ставаа пушките на еден куп. По половина час му дадоа сува храна. Го изеде сендвичот и стана од тревата. Се прошета меѓу војниците и повторно се врати кај докерите. По две недели поминати на полјанката Пондилаки и докерите се качија во камионот што застана близу до нив и чекаа да тргне. Молчеа. Камионот тргна. Седеа на штиците и размислуваа. По некое време камионот застана и еден албански војник ја подигна церадата. Им покажа со раката да слезат. Пондилаки скокна прв на тревата. По него слегоа сите. Камионот замина. Се погледнаа изненадени. Седнаа на тревата.
Полето на кое ги остави камионот беше големо. Немаше куќа во близината. До вечерта не дојде никој да ги посети. Следниот ден заврна дожд. Ги намокри до гола кожа. Вечерта дождот стивна. Заспаа на мократа трева. И наредните шест дена врнеше дожд. На седмиот ден Пондилаки се качи во еден камион.
“Внимавајте! Ќе одам во Бурели. Чекајте ме овде! Ќе се вратам”, им рече на докерите.
2. Кон квечерината стигна во Бурели. Градот вриеше од војска. Им се загледуваше во лицата на сите на кои наидуваше. Го бараше Ставре Наковски. Доцна во ноќта се навали на едно дрво. Една силна рака го размрда. Се сврти и се насмеа.
“Од каде ти, Вангелисе?”
“Немам време, Пондилаки. Ако ја видиш Јана, кажи и да не оди на состанокот. Ќе биде жешко за Македонците”.
“Зошто, Вангелисе Котинарис? Што треба да значи тоа?”
“Не прашувај ме! Не пуштај ја таму!”
Пондилаки збесна. Вангелиос Котинарис исчезна во темната уличка. Пондилаки се истави од дрвото и возбуден тргна да ја пронајде Јана Чакаларова. Пред една висока зграда ги забележа докерите. Стоеја на ѕидот. Им пријде сиот задишан.
“Ја видовте ли Јана Чакаларова?”
“Не. Сите се во салата. Има некаква кавга во раководството. Да влеземе”, му рече Туши Гонев.
“Зошто дојдовте? Ќе се вратев”.
“Сите дојдоа. Не донесоа со камиони.”
“Да влеземе во салата”, рече Пондилаки.
Влегоа низ вратата. Салата беше голема.
“Колку народ! Сигурно има две илјади војници”, рече Пондилаки.
“Можеби и повеќе”, му одврати Туши Гонев.
Пондилаки се поткреваше на прсти да види што се случува на другиот крај на салата. На бината седеа десетина луѓе и мрдаа нервозно со рацете. Еден од десетината луѓе стана. Пондилаки се поткрена на прсти и ги начули ушите да слушне што ќе рече. Слушна како човекот покажа на толпата со прстот и рече: “Леси, микро скулики!?”, и потоа виде како го плука човекот што седеше најблизу до него. Некој го поттурна Пондилаки и немоќен да се додржи на прстите на стапалото се заниша. Една група војници се пробиваше во внатрешноста на салата и го истуркаа. Испотен се извлече меѓу војниците и излезе надвор. Застана покрај ѕидот и воздивна длабоко, дури болно.
Никос Зајкопулос излезе по него. Му се придружи. Беше нерасположен.
“Да не беа советските офицери ќе ги стрелаа македонските раководители. Нив ги стави Врховната команда и КПГ да се печат на раженот. Каква гнасотија!”
“Значи, старата песна”, рече Пондилаки и си ја подигна косата од врз челото.
“Војна е, Пондилаки. Песните, впрочем, секогаш се исти, само мелодијата се менува.”
3. Пондилаки и докерите ноќта ја поминаа крај зградата. Пондилаки мислеше на Ставре Наковски. Се прекоруваше што не се врати назад во планината да го побара. Не му беше грижа што цела вечер гласноговорниците од Агитпропот на Демократската армија го пренесуваа гласот на раководството: “Само да се престроиме и ќе се вратиме назад”. Му беше јасно дека војската невооружена не оди на фронтот. Подоцна од Дирахио товарени на советски брод тргнаа во непознат правец. Пондилаки и докерите седеа под палубата и молчеа. Беа збунети. Диво се загледуваа еден во друг. Поминаа долг пат. До нив допре глас на оџа. Се напрегнаа да дознаат уште нешто. Но, ништо. Потоа бродот застана. Слушнаа тропање на многу нозе на палубата. Пондилаки по говорот на луѓето кои чекореа по палубата свати дека се работи за државни службеници. Луѓето зборуваа турски. Пондилаки знаеше турски. Го разбираше секој нивни збор. Сепак молчеше. Потоа ги снема гласовите. Бродот тргна. Пондилаки знаеше воздивна. Долго пловеа...
Ги симнаа од бродот. Лицата им беа згуросани. Очите замижани. Усните залепени. Ги потераа кон пристаништето и ги качија на воз. Пондилаки седна во истото купе во кое се сместија докерите. Патуваа долго време. Молчеа замислени. Близу еден голем град слегоа од возот. Потоа пешачеа. Стигнаа во една касарна. Се сместија во касарната. Гласноговорниците од Агитпропот на Демократската армија го разнесоа гласот на раководството: “Се наоѓаме во Советскиот Сојуз во Близина на градот Ташкент. Нашиот престој овде е привремен”. Некои војници веруваа. Пондилаки се помири со судбината. Почна да голта поголеми количини воздух, готов да се соочи со новата
клима и средина. Докерите го следеа во чекор. Првата вечер се изненадија од белите чисти чаршафи и удобните кревети.
“Што ќе правиме сега, Пондилаки?”, праша Туши Гонев.
“Ќе чекаме”, му одврати мирно Пондилаки.
II
1. Пондилаки појде во управата. Малото човече со скршен нос ги запиша во еден голем тефтер. Пондилаки се насмевна. Ги прими од човечето рублите. Ги изброја. Точно петстотини. Човечето му даде нова бунда. Излезе од канцеларијата без поздрав. Попладнето отиде на часот по руски јазки. Кога заврши часот по руски јазик заедно со докерите се најде во друга сала. Седнаа на дрвените столови. Чекаа. По миг, на вратата се појави висок човек со питомо лице.
“Здраствујте товариши!,” им рече љубезно.
“Денес повторно ќе зборува за големите победи на Советите, големиот патриотизам. Сепак, убаво раскажува.”
“Не биди злобен, Никосе! Човекот си ја врши својата должност”, му рече Пондилаки.
“Црвениот комесар Пјотр Семјонович Габиров”, рече Никос и се насмеа гласно.
Пондилаки му упати прекорлив поглед. Пјотр Семјонович Габиров се насмеа пријателски.
“Драги пријатели, Грци...”, почна Пјотр Семјонович Габиров.
“Не сме сите Грци, товариш Габиров!”, викна Туши Гонев.
Пјотр Симјонович Габиров ги сокри тенките нерви некаде длабоко во внатрешноста на своето крупно тело и испитувачки го погледна Туши Гонев.
“Како? Станете, товариш! Објаснете ми!”, му излета од устата на Пјотр Семјонович Габиров.
Туши Гонев стана од столот. Многу погледи го следеа неговото крупно тело.
“Ние сме Македонци. Словени како и вие, товариш преподавател! Ве молам, во иднина да ни се обраќате со зборот Македонци”, потоа седна.
Пјотр Семјонович Габиров не можеше да го сокрие изненадувањето.
“Харашо... Товариши Грци и товарише Македонци!”, почна Габиров и кришум погледна во Туши Гонев.
“Така , другар Габиров, треба да се знае кој е кој, ако сакаме да бидеме пријатели. Ќе ме побараш ти мене подоцна. Го знам јас тоа”, помисли Туши Гонев.
2. Пјотр Семјонович Габиров го заврши предавањето точно во определеното време. Ги поздрави и излезе од предавалната. Пондилаки и докерите се вратија во собите. Не разговараа. Туши Гонев се надеваше дека ќе се сретне повторно со Габиров.
3. Наредниот ден ги напуштија касарните, облечени во нови градски алишта. На Пондилаки му годеше влегувањето во градот. Го сместија во една соба во двособен стан во кој живееше едно помало семејство. Со него во собата се најде и Стојан Џавалеков. Тргнаа на работа. Пондилаки и Стојан почнаа да работат во големиот завод “Ташелмаш”, каде што се произведуваа машини за берење памук. Пондилаки не можеше да го запамети името на заводот. Со Стојан тргнаа на обука. По кратко време станаа машински бравари. Заработуваа добро. Исто како и тамошните.
Стојан Џавалеков се излежуваше на креветот. Беше загрижен. Пондилаки дојде нешто подоцна Седна на другиот кревет.
4. “Слушна ли дека македонските раководители ги накажале строго.”
Пондилаки скокна од креветот.
“Што? Зошто? Како?!”, викна збунето.
“Јана Чакаларова е накажана со строг затвор од пет години за предавство на интернационалното комунистичко движење. Другите повеќе. Но, зашто?”
“Лошо време. Чувај се, Стојане! Имаш ли пари? Моите летнаа брзо”.
“Немам ни јас. Знаеш дека половината од платата ми ја зема КПГ.”
“Тоа е грабеж, Стојане. Нека ми земаат мене, можеби некој ќе го оправда тоа, но зошто ти земаат тебе? Ти не си член на КПГ и немаш никаква врска со нејзиниот раководен кадар кој седи во Москва и си го грее газот во големите ресторани и ужива во приемите на господинот Сталин. Војната заврши. Останува да чекаме да се смири светот и да се вратиме дома”.
“Ако е тоа можно”, додаде Стојан разочарано.
Си легнаа. Утрото ги разбуди тропање на вратата. Пондилаки стана и буновен ја отвори вратата.
5. Во собата влезе ниско човече со орловски нос и очи кои шараа непрестано. Работеше заедно со Пондилаки во “Ташелмаш”. Пондилаки го пушти да седне на креветот.
“Нешто си вознемирен”.
“Мораш да ни помогнеш. Ќе подготвиме една претстава”.
“Кој? Кога? Каде?”, се збуни Пондилаки.
“Ние од драмската секција на дванаесетото гратче”.
“И што треба да направам за вас?”
“Ни требаат костуми и реквизити за претставата”.
“Добро”, му рече Пондилаки. “Дај ми список!”
Човечето се насмеа задоволно. Му даде еден лист на Пондилаки.
“Ти благодариме сите, ќе подготвиме убава претстава”, му рече човечето и замина без поздрав.
“Нови задолженија. Тоа ти е животот, Стојане”, му рече Пондилаки. Се облече и излезе низ вратата. Отиде во комитетот на дванаесетото гратче. Го дочека еден црномурест мустаклија.
“Здраво, Гаврас!”
“Кое добро, Пондилаки?”
Пондилаки му го даде списокот.
“Ни требат костуми и реквизити за претставата”.
“Веќе беа кај мене. Не можам да ви помогнам”, му рече човекот и поцрвене.
“Не можеш или не сакаш”, мирно му рече Пондилаки.
“Не сакам. Таа претстава нема да се постави на сцената”.
“За тоа ќе видиме”, му рече Пондилаки и излезе трескајќи ја зад себе силно вратата. Тргна по улицата. Одеднаш се насмеа. Зачекори побрзо. По неколку минути се најде во фоајето на
“Театар новој”. Потоа во канцеларијата на управата. Го пречека средновечен човек со мирен израз на лицето.
“Повелете, товариш! Со што можам да ве услужам?”
“Имаме еден мал проблем. Сакаме да поставиме една претстава и ни требаат костуми и реквизити”.
“Лесно за тоа. Ќе ви дадеме. Ќе морате сами да одберете што ви е потребно од фундусот на театарот... А како се вика драмата што ќе ја поставите?”
Пондилаки се збуни. Погледна во папката што ја држеше. Полека ја отвори. Го прочита насловот неколку пати внимателно.
“Македонска крвава свадба,” товариш Лебедеов.
“Не сум слушнал за таков драмски текст. Ве молам, да ми го позајмите да го прочитам”.
Жалам, товариш Лебедеов, но напишан е на македонски јазик. Се плашам, нема да разберете ништо.
“Ќе го преведеме, товариш Пондилаки. Ако е добар ќе го поставиме на нашата сцена”.
“Секако, товариш Лебедеов. Спасиба”, рече Пондилаки. Стана од фотелјата. Се поздрави и излезе од канцеларијата. Со трчање отиде во менза-клубот. Таму ги затекна активистите на драмската секција од дванаесетото гратче. Седна на масата.
“Пондилаки, кажувај!”, викнаа гласно сите.
“Се е подготвено. Костуми и реквизити ќе ви дадат во театарот само ќе морате сами да си одберете зашто тие не знаат што ви треба. Ќе му се јавите на Лебедеов”, им рече. Им го подаде списокот и текстот. Се поздрави со нив и тргна да си оди.
“На 2 август, те чекаме на премиерата”, му викнаа весело.
III
1. Туши Гонев излезе од големата железна врата на заводот “Ташелмаш” и се упати кон центарот на градот. На половина пат се премисли и замина дома. Беше доцна. Пондилаки беше се уште буден. Туши влезе во собата. Го соблече палтото и го закачи во шифоњерот. Седна на креветот.
“Каде се Стојан Џавалеков? Не сум го видел неколку дена”.
“Се пресели. Живее во седмото гратче. Вчера бев кај него. Ја гледавме претставата “Македонска крвава свадба”. Ја изведуваа активистите на драмската секција од нашето гратче”.
“Убаво е кога се слуша својот мајчин збор... Сталин умре. Треба да внимаваме. Кога се менуваат владарите времето е матно”.
“Не грижи се! Нас не не засега смртта на Сталин. Ние сме гости во оваа голема земја и така треба да се однесуваме”.
“Добро велиш, Пондилаки. Така треба да се однесуваме”, рече Туши. Ги соблече панталоните и кошулата и се пикна во постелата. Му го сврте грбот на Пондилаки и набрзо заспа.
Пондилаки седеше уште неколку мига, потоа и тој се пикна во постелата. Набрзо заспа.
2. Утрото стана порано. Го стави ѓезвето со кафе на шпоретот и влезе во бањата. Се изми и се избриша со шарената крпа за бришење лице. Се врати во собата. Кафето се подигна готово да излезе од ѓезвето. Пондилаки го тргна ѓезвето од плочата што се црвенееше и го стави на масата. Го исклучи шпоретот. Тури кафе од ѓезвето во една порцуланска чаша. Седна на столот и по миг се напи од топлата црна течност. Погледна во Туши Гонев.
“Сакаш кафе?”
“Зошто да не”, рече Туши и скокна од креветот. Ги облече панталоните и кошулата. Се изми во бањата и седна на масата. Пондилаки му наполни кафе во друга порцуланска чаша. Му ја подаде.
“Си спомнуваш ли на пансионот “Македонија” Туши?”
“Секако. Понекогаш сонувам како седам внатре и ја слушам бузуката на Јани Ронков. Се занесувам... Што е со Стојос Панајопулос? Одамна не сум го видел.”
Пондилаки се насмеа гласно.
“Зошто се смееш, Пондилаки?”, се зачуди Туши.
“Стојос Панајопулос се ожени за една Монголка. Убаво му е и не жали по пансионот “Македонија”. Ме замоли да не му го спомнувам повеќе”.
“Така, Критјанинот засновал семејство. Нека му е со среќа”.
Пондилаки се напи кафе. Долго гледаше во чашата и го мазнеше порцуланот со прстот.
“Не можам да го прежалам Ставре Наковски”, рече Туши Гонев и си ги покри очите.
“Кој знае можеби е жив. Не закопувај го додека не му ги затвориш очите. Го извлековме од Еди Куле мртов... Оживе. Бев готов да им го вратам неговото тело и да си ги земам назад златниците... Оживе човекот. Самиот си сведок”.
“Туку, не ти кажав. Се шушка за враќање назад во земјата. Што мислиш за тоа?”
“Ништо. Будалштини. Се уште не е време. Биди спокоен, Туши! Ќе ти кажам кога ќе тргнеме повторно да го освоиме пансионот “Македонија”. Засега мирувај!”
Туши Гонев кимна потврдно со главата и си ја разбушави косата. Го испи кафето од порцуланската чаша. Стана од столот. Го поздрави Пондилаки војнички и театрално и излезе од собата. Потоа се врати.
“Заборави нешто?”
“Вечерва ќе се сретнам со Лазарос Пападоглу во менза-клубот. Поканет си да дојдеш. Лазарос те кани”, му рече и излезе.
Пондилаки се насмеа. Го испи кафето. Ги собра чашите и ѓезвето и ги стави во мијалникот. Ги изми со топла вода и ги стави на масата. Легна на креветот. Се загледа во распуканиот таван. Воздивна тешко. На вратата нечија рака тропна нежно. Пондилаки стана од креветот и полека ја отвори вратата. Пред него стоеше Евангелија Гаспарова Наковска. Немаше солзи по лицето, но скоро и висеа на белилото. Се гушнаа. Пондилаки ја подигна на раце и ја однесе на креветот. Самиот седна на столот крај масата.
“Ќе ти сварам кафе”, рече Пондилаки. Стана од столот. Го наполни ѓезвето со вода, стави две лажички шеќер и две кафе и го стави на шпоретот.
“Каде е Ставре?”, ненадејно праша Евангелија низ насмевка.
Пондилаки ја наведна главата. Очите му се собраа. Срцето почна посилно да му тупка. Евангелија стана од креветот и му пријде. Го допре со раката.
“Нешто се случило? Остана во планините? Кажи ми!”
Пондилаки молчеше. Кафето беше готово. Истури од црната течност во порцуланските чаши. Едната и ја подаде на Евангелија.
“Земи, напиј се кафе!”
“Зошто молчиш и ме измачуваш?”
Пондилаки се напи кафе. Ја погледна право во очи.
“Испиј го кафето! Ќе разговараме подоцна”.
“Мораш да ми кажеш. Како можам да пијам кафе во ваква состојба? Кажи ми каде ми е сопругот?
Пондилаки воздивна длабоко.
“Не знам”, рече низ воздишка.
“Загинал”, рикна Евангелија.
“Никој од нас не виде каде исчезна. Кога се најдовме на албанска територија, него го немаше. И во бродот го баравме, но залудно. Претпоставувам дека остана во планините, но дали загина, не знам. Не сакам да си ставам рана на душата велејќи ти дека е загинат.”
“Значи, жив е. Господи, половина Европа ја пропатував за да го пронајдам и ништо”, заплака Евангелија.
“Среќна жена си, Евангелијо! Не плачи! Ставре е сигурно жив. Си спомнуваш ли кога го извлековме од Еди Куле. Среќна жена си”.
“Да бев среќна ќе живеев на своето огниште и немаше да талкам по светот. Ги оставив децата во Унгарија. Сега морам назад по нив”.
“Не плачи! Не можам да издржам солзи сами ми идат на очи. Ако продолжиш да плачеш ќе излезам надвор”.
“Излези, Пондилаки. Остави ме сама да се изнаплачам над сопствената судбина”.
Пондилаки се најде во недоумица. Сепак го нарами палтото и излезе низ вратата. Евангелија Гаспарова Наковска легна на креветот и заплака гласно.
3. Пондилаки долго време шеташе по улиците. Влегуваше во некои ресторани, но веднаш излегуваше. Не наоѓаше никого од познаниците. Отиде во менза-клубот и таму го најде Туши Гонев. Седеше во ќошот и пиеше вотка. Седна до него на дрвениот стол. Туши Гонев му порача вотка. Келнерот му донесе вотка.
“Загрижен си?”
“Евангелија Гаспарова ми дојде на гости. Го бара Ставре Наковски. И рекле дека е во Ташкент”.
“Затоа си загрижен?”
“Сакам да се вратам во Солун. Таму ми е местото. Душата ми плаче од болка по родниот град”.
Туши Гонев отпи од вотката.
“Ќе си одиме, Пондилаки. Не верувам Советите да не држат овде вечно”, воздивна.
“Нашето сврши, Туши. Сега треба државите да се договорат за нашата судбина. Тоа е висока политика. Секој ќе трга на своја страна и се ќе биде на наша штета”.
“Што ќе правиш со Евангелија?”
“Ќе ја испратам во Комитетот на нашето гратче. Тие ќе знаат што да прават. За сега ќе остане кај нас. Ќе и ја отстапиме кујната.”
“Мислиш ли дека смртта на Сталин ќе измени нешто во земјата?”
“Ако мислиш што ќе се случи со нас, побрзо ќе пцовисаш. Накриви ја капата и чекај! Нешто мора да се промени во државата. Да се надеваме ќе има нешто добро и за нас”.
“Евангелија ја остави сама?”
“Да сама. Не можам да поднесам кога некој плаче”.
“Можеби е гладна. Да и однесеме нешто да касне”.
“Препушти ми мене да се грижам за неа. Навикнав на семејството Наковски да му помагам”, му рече Пондилаки. Ја допи вотката од чашата и стана. “Довидување, Туши, ќе се видиме вечер”.
“Господ нека е со тебе, Пондилаки. Ако ти затребам ќе бидам овде”.
Пондилаки го напушти менза-клубот и се упати кон центарот на градот. Во големата продавница близу театарот купи леб, половина килограм салама, неколку конзерви, едно шише природен сок и се врати дома. Евангелија лежеше на креветот. Не плачеше. Беше замислена. Пондилаки влезе во сосдната просторија што ја користеа како кујна и ја остави торбата со купените производи. Се врати во собата и седна крај масата.
“Сигурно си гладна?”
“Цревата ми кркорат од глад. Леб не ми се става во устата. Проклета судбина!”
“Не си единствената што доживеала таква судбина. На десетици илјади македонски семејства се растурени по светот. Се ќе биде само здравјето да си го сочуваме... Децата, велиш, ги остави во Унгарија? Ние мислевме дека си во Гевгелија! Така ни кажа Јана Чакаларова”.
“Не останав долго во Гевгелија... Мене со неколку семејства ме префрлија во Скопје и оттаму во Унгарија. Ни самата не знам како се случи тоа. Сепак, се најдов во Унгарија”.
“Таму сигурно има многу наши?”
“Илјадници луѓе. Секој ден плачат. Мајките на една страна, децата на друга. Татковците не се знае каде се наоѓаат. Секој ден пристигаат возови и носеа нови пратки луѓе...”
“Сакаш ли да каснеме малку? Купив топол леб”.
“Не можам да јадам, Пондилаки, душата ми гори од мака. Сега мислам на дечињата. Ги оставив со Сливарови. Морам назад во Унгарија”.
“Не грижи се! Ќе средиме децата да дојдат ваму. Утре ќе одиме во Комитетот. Не грижи се!”
“Лесно е да се рече. Да не си во мојата кожа”.
“Ако не сакаш да каснеме, тогаш да прошетаме малку. Градот е убав и ќе се успокоиш малку. Ајде да прошетаме!” и рече Пондилаки, и стана од столот. Ја зграби за рака и ја подигна од креветот.
Евангелија неволно тргна по него. Надвор по улицата имаше многу народ. Тргнаа кон центарот на градот. По два часа се стемни. Полека, уморни од пешачењето, се вратија дома. Вечераа. Чекаа да се врати Туши Гонев. Него го немаше и Пондилаки и подготви на Евангелија во кујната за да си легне. Евангелија ја напушти собата и се префрли во кујната. Легна на креветот и уморна заспа. Пондилаки седеше уште малку време во собата, навален на масата, потоа се соблече и си легна. Сонот го измами и заспа.
Утрината Пондилаки стана порано. Чекаше половина час да се разбуди Евангелија. Потоа заедно појадуваа. Се напија кафе и отидоа во Комитетот на дванаесетото гратче. Евангелија ја заведоа во големиот список на Комитетот. Човекот беше љубезен. Пондилаки ја одведе во менза-клубот. Таму пиеја чај. Се вратија дома. Евангелија приготви ручек. Пиеја кафе. Ручаа. Пондилаки се облече.
“Каде?”, се зачуди Евангелија.
“На работа, Евангелијо. Од понеделник и ти ќе појдеш на работа. Така рече човекот од Комитетот”, и насмеан излезе од собата.
Евангелија остана сама. Ја прибра масата и ги изми чиниите и лажиците. Легна на креветот и ги затвори големите клепки.
“Нека ми е на здравје престојот во Ташкент”, промрмори. “Можеби сонцето овде ќе ме огрее”.
IV
1. Евангелија Гаспарова Наковска работеше во текстилната фабрика. Имаше нов стан во седмото гратче. Пондилаки често одеше кај неа. Пиеја чај. Во градот зачестија кавгите меѓу дојдениците. Се почна во раководството на Партијата. Се створија четири групи и секоја имаше свој кандидат за водач на Партијата. Настана затегната состојба. Секој ден имаше тепачки меѓу групите. Пред куќата на Евангелија најдоа мртов човек. Им припаѓаше на дојдениците. Евангелија немаше да дознае доколку не се скараа Стефана Макеларова и Ванко, нејзиниот сопург, кои живееја во другиот дел на станот. Вечерта беше и Пондилаки кај неа. Слушнаа караница и ненајавени влегоа во собата на Макларови. Мажот и жената се тепаа. Собата беше свртена наопаку. Насекаде расфрлани алишта и постелнина.
“Тоа го сторија твоите Маркосовци, гниди, проклети да сте сите!”
“Повлечи си го зборот, жено!”, беснееше мажот и ја држеше за косата.
“Да цркнете сите, да даде господ!”, врискаше жената.
Ванко ја турна грубо и таа падна на подот. Од носот и потече крв. Врисна уште посилно.
“Оди си!”, и рече Ванко.
“Ќе си одам. Зар ќе живеам со Маркосово копиле?”
“Ни твоите не се подобри. Држете го Захаријадис за...”
Пондилаки гледаше вџашено во нив.
“Полека, луѓе! Не ви личи да се карате. Имате дечиња”, им рече Пондилаки мирно.
“Зар го личи него да се држи за палтото на Маркос? Гниди, вошки!” викаше Стефана.
“Полека, Стефано! Размислете...”
“Нема што да мислам. Или нека помине на страната на која сум јас или ќе го оставам”, рече Стефана и почна да полни една поголема торба со алишта што ги вадеше од шифоњерот.
“Не поминувам во твојата група ни мртов”.
“Тогаш, цркни!”, рече Стефана и со торбата в раце излезе од куќата.
Ванко седна на масата. Беше нервозен.
“Не си тактичен. Се однесуваш како дете. Зар не ти е жал за дечињата? За нив треба да се воздржувате од кавга. Да ви ебам политиката. Да беа добри, немаше да ја загубиме војната и да чмаеме во туѓа земја. Ќе си бевме во седелото”.
Ванко молчеше. Евангелија Гаспарова Наковска си ги кршеше прстите од нервоза. Пондилаки и пријде и ја фати под рака. Излегоа од собата и низ ходникот се вратија во кујната на Евангелија.
“Глупав народ! Ќе се испотепаат за некаква политика”.
“Не е народот глупав, Пондилаки! Таква ни е судбината”.
“Каква судбина? Зар не гледаш дека се колваат за други? Што ми е грижа кој ќе биде на чело на партијата? Сакам да се вратам дома и да се топлам на своето огниште. Другото може да оди во мајчината”.
“Сите сакаме да се вратиме на огништето, Пондилаки. Со денови и ноќи не спијам. Мислам на Ставре, на дечињата. Ќе се прибереме ли еднаш сите заедно да ручаме. Проклета судбина!”
“Морам да си одам. Доцна е. Се надевам, нема да ми забележиш што те напуштам”.
“Оди, Пондилаки! Дојди кога ќе имаш време. Кога сум сама ми навира во главата лудилото и мислам дека ќе споулавам”
“Довидување, Евангелијо! Ќе наминам повторно”.
“Довидување, Пондилаки и дојди!”
Пондилаки исчезна низ вратат. По половина час стигна дома. Туши Гонев спиеше. Не го разбуди. Внимателно се пикна во креветот и по кратко време заспа.
V
Користете ги левата и десната стрелка за да ја свртите страницата.
Испечатено од https://macedonianhistory.ca/mk/narrative/smrt-vo-solun-macedonian/25 на 29 октомври 2026