VIII - Part 05
VIII
1. Пред пансионот улицата ја исполни мала поворка. Луѓето во поворката скандираа: МАКЕДОНЦИТЕ НАДВОР ОД ГРЦИЈА.
Лазарос Пападоглу седеше на масата во пансионот заедно со Пондилаки и докерите. Викањето на луѓето од поворката му ги распара ушните тапанчиња.
“И весникот пишува дека ние Македонците ќе бидеме причина за Третата светска војна. Грција сака да се ослободи од нас. Не тераат од огништето”, рече мирно Маноли Стрезовски.
Лазарос Пападоглу беше вознемирен. Гледаше во поворката што извикуваше пароли.
“Успокој се, Маноли! Тој гнасен весник не е грчкиот народ туку сврталиште на националистите собрани околу Англичаните и Американците. Од вашата земја нема никој да ве изгони”.
“А овие надвор?”
“Не грижи се! Грчкиот народ нема да дозволи да се оствари желбата на грст луѓе.”
Маноли Стрезовски заврте сомничаво со главата. Гласот на Лазарос како да му беше прекршен на безброј парчиња кои вревата што допираше од улицата ги разнесе како пепел на ветер.
“Не верувам многу во силата на твоите зборови. Свикнав да ја гледам власта како си зема се што и се допаѓа”.
2. Маноли Стрезовски и Лазарос се вратија во пансионот и седнаа до Пондилаки и докерите.
“Весели ви се очињата?”, им рече насмеано Пондилаки.
“Комунистите ја враќаат вербата во народот. На митингот говореа за обесправеноста на нас, Македонците, и желбата да живееме заедно во иста држава”.
“Тоа ми се допаѓа. Што мислиш ти, Лазаросе?”
“Никако поинаку, иако ми е желба да ве видам сите Македонци заедно. Само тоа би била друга приказна”, рече Лазарос и отпи голтка од ракијата.
3. “Ти реков ли? Се договорија”, викна Лазарос.
Маноли Стрезовски се изненади. Диво се вгледа во неговото убаво лице.
“Што си ми рекол?”
“Македонската организација и грчките демократи се договорија заедно да ја водат борбата против владата”, му рече победоносно Лазарос.
Пондилаки се насмеа. На Маноли Стрезовски му олесна. Во главата му одекнуваа зборовите на Лазарос Пападоглу: “Грчкиот народ не го претставуваат група разјарени националисти”. Се почувствува посилен, готов да се бори и со ѓаволот.
“Готов сум да се борам”, викна гласно Маноли.
“Тоа не ги засега луѓето кои ја кројат судбината на земјата. Тие го фалсификуваа плебесцитот. Вчера за тоа зборуваа партиите на левицата и централистите. Велат, таква влада сакаат само Англичаните и монархистите. Ќе се врател кралот од Лондон”, рече Лазарос и се накашла.
“Не ми се допаѓа враќањето на кралот. Повторно ќе ми забранат да зборувам на мајчиниот јазик, исто како пред војната”, скршено рече Маноли.
“Внимателно! Доаѓа Пампас со неговата свита полицајци”, им рече тивко Лазарос.
“Не грижи се за Пампас! Се плашам единствено војската да не влезе во пансионот. Пампас се плаши од децата”, се насмеа Пондилаки.
“Се венчал со Софија Гелева. Жената и трите деца ги пратил во некое село близу Солун. Оди како прч”, рече Маноли.
“Дури сега Уранија нема да го извлече брата си Христо”, дофрли Туши.
“Зошто?”, се зачуди Пондилаки.
“Софија се омажи за Пампас само за да се ослободи од заканите на Уранија. Гледајте ја како оди! Ќе се сопне од возбуда”, додаде Маноли.
На подиумот излезе новата ѕвезда на Уранија. Светлата се угаснија. Повторно се запалија. Пампас се насмевна. Ја погледна Софија откосо.
“Сега си само моја и само јас можам да те гледам гола и да го мазнам твоето тело најубаво во светот”, и рече и се насмеа.
Софија Гелева не му одврати. Се смешкаше и гледаше во подиумот. Се појави Јани Ронков. Софија се насмеа и заплеска со рацете. Пампас се наоблачи. Софија полека го стиши ракоплескањето. Ја подигна чашата.
“Да наздравиме, мили!”
“На здравје, убавице!”, и рече Пампас.
Се напија. Светлата се запалија. Потоа одеднаш се угасија и одекна бузуката на Јани Ронков. Сите гости во пансионот се претворија во уво и око.
4. Докерите седеа на истата маса. Во пансионот невообичаен џагор.
“Денес, заедно со големиот брод “Франклин Рузвелт” кој е укотвен во Пиреја, пристигна кралот”, му шепна Лазарос на Пондилаки.
“Значи затоа Хаш и монархистите се толку радосни. Се собра целото друштво. Значи, го прославуваат враќањето на кралот во земјата”.
“Зар не гледаш дека со нив се Англичаните и Американецот!”
“Им недостасува уште полицијата и шљамот од балканските држави. Го нема ни Алексеј Иванович Старовкин”.
“Полицијата доаѓа, Пондилаки. Внимавај како чекори!”, се насмеа Лазарос.
“Нека ни е на здравје новата власт во пансионот”, му рече Пондилаки и се напи од ракијата.
Пампас под рака со соборениот поглед на Софија Гелева го зеде местото резервирано за него и порача бренди за двајца. Дури тогаш ја забележа прославата на Хаш. Се насмевна задоволно што секој се поклонува на неговата полициска униформа и му отпоздрави на понизниот наклон на Хаш, на Англичаните и на Американецот Им даде истовремено знак да ја продолжат веселбата. Се загледа во убавината на Софија. Потоа лизна малку од брендито.
5. Расим бег го подигна грубото лице. Им наздрави на неговите двајца набиени придружници. Пампас не го поднесуваше нивното присуство во пансионот, но се плашеше отворено да им се спротивстави. Им се насмевна и ја подигна чашата да му наздрават. Хаш го забележа Албанецот и неговите придружници. Стана од столот на кој седеше. Им пријде.
“Придружи ни се, Расим! Имаме прослава.”
“Каква прослава? Празник?”
“Се врати кралот во земјата. Сега имаме крал”, му рече надуено.
Расим бег се почеша по увото.
“Ќе дојдеме. Не радува враќањето на вашиот крал.”
“Нашиот крал, Расиме. Нашиот”, му рече Хаш гордо.
Расим бег стана од столот и во придружба на Хаш дојде на масата на која го покани самиот Хаш. По нив зачекорија двајцата негови придружници.
“Здраво!”, им рече Расим бег на Англичаните и на Американецот.
“Халоу!”, му одвратија тие.
Расим бег седна. Му се придружија и неговите двајца пријатели. Хаш им подаде чаши и им налеа во нив џин. Се смееја.
6. На бината се појави Јани Ронков. Почна да го испробува инструментот. Нежниот звук на бузуката ја исполни просторијата. Хаш му даде знак со раката да пријде до неговата маса. Јани Ронков со бавен чекор пристапи.
“Свири нешто весело, нешто што ќе го круниса доаѓањето на нашиот крал во земјата”, му рече како на потчинет.
“Морам да се подготвам за вечерната претстава. Мене не ме плаќа кралот туку Уранија Папајоану”, му рече мирно Јани.
Хаш скокна од столот. Од устата му изби пена.
“Ќе свириш, инаку ќе те протерам во Скопје!”, му се закани и се сврти да види како го прифатија неговото заканување гостите. Се насмеа цинично.
Јани Ронков мирно го проследи неговиот циничен збор. Не засвире и самиот не знаеше зошто. На Хаш му избија искри од очите. Поцрвене во испиените и груби образи. Носните шуплини му се раширија. Лицето му се искриви од бес. Јани Ронков отстапи два чекори.
“Ќе свириш, мамичето твое Славомакедонско!”, му се закани Хаш. Извлече кама од појасот. Големото сечило блесна на слабата светлина и за миг му ги ослепе очите на Јани.
“Свири, копиле!”, грмна на него Хаш и му го приближи сечилото до очите.
Јани Ронков заигра со црнките на очите и се повлече уште два чекори. Тоа го предизвика Хаш уште повеќе да се настрви на бузукистот. Ги изврте очите, ја разбушави косата и го замагли погледот. Рикна неодредено како ранета ѕверка и замавна со ножот да го убоде бузукистот. Сечилото профуче покрај главата на свирачот. Хаш повторно замавна да убие. Јани Ронков не се вознемири. Со два скока се најде на бината. Смирено дофати една железна шипка што ја користеа како потпирач на големиот сандак во кој ги чуваа инструментите и зазеде одбранбен став. Не се појави во него желба да убие. Не љубеше ниту лигавење.
“Можеби ќе те развеселев и сите што сега немо го следите нашиот дуел и се повлекувате во аглите на пансионот, доколку не ја покажавте вашата лигавост. Мене ми е сеедно дали е кралот во земјата или во некој егзотичен предел некаде на земјината топка. Живеам од бузуката и таа ми е единственото мило што го имам”, мислеше и чекаше Хаш да нападне. Јани навистина, љубеше, една жена, но последната војна му ја одзеде оставајќи го самиот да броди по стапките на животот во големиот град. Му наметна самотија и сопствен режим на живеење и однесување со луѓето. Никого не мразеше ниту пак некого посебно сакаше. Сите луѓе му беа исти. Не се занимаваше со политика. Сметаше дека нема што да бара од луѓето. Исто така немаше ни што да земе од нив. Последната година се повлече толку многу што ништо освен неговата бузука не можеше да го покрене во акција. Сега кога Хаш посака да му го симне достоинството, се пробуди во него силна желба да го згазне под нозете и да го столчи, но неговата затворена природа, секогаш мирољубива, надвладеа со неговите сетила и го натера да премолчи, но не и да се предаде.
Го гледаше Хаш во подивените очи пред кое шеташе сечилото на големиот нож и светкаше повремено одземајќи му го виделото. Ја стегна цврсто шипката и реши борбата да престане додека еден од нив не умре. Како да се враќаше во детството и играше на Епатапиргон. Често со крајот на окото загледнуваше во докерите кои се двоумеа дали да ја сопрат крвавата пресметка.
Во пансионот одекна звук на бузука. Хаш се препоти. Се сврте и на бината го виде другиот бузукист што свиреше во оркестарот на Јани како одмерено удира по жиците на инструментот за по малку да почувствува како низ жилите му се леди крвта.
Пондилаки мирно го следеше двобојот. Докерите кои седеа околу него беа вознемирени.
“Оваа игра се вика балада за непобедениот. Често ја игравме како деца. Еден од двајцата мора да падне. Во случајов Јани е решен да се бори на живот и смрт”, им рече Пондилаки за да ги смири докерите. Но, не успеа. Напрегнати ги следеа движењата на Јани и на Хаш. Очекуваа што ќе се случи.
Јани Ронков ги разигра очите и го внесе во сопствените жили болниот звук на бузуката. Направи два чекори кон Хаш. Насмевка му заигра на тенките усни. Хаш се повлече. Јани повторно тргна кон него не испуштајќи го сечилото на големиот нож од видот.
Двајцата набиени придружници на Расим бег ги напуштија столовите и тргнаа накај него внимавајќи да не ја пореметат мелодијата што извираше од бузуката со некаков шум. Сепак едниот придружник на Расим бег не успеа докрај да ја сочува присебноста. Извлече кама со ребрасто сечило од футролата што ја носеше во близина на подмишките и на присутните им најави оти бузукистот доби нов соперник. Но, не беше негова среќа да убива бузукист. Чекореше полека и внимаваше да не се сопне од сопствениот страв или сигурност, само тој знаеше од што. Налета на подадената нога на Маноли Стрезовски и падна главечки на подот. Не успеа да види дали присутните со голема возбуда го проследија неговото паѓање. Успеа да се подигне од подот, но пиштолот што се најави во рацете на Туши Гонев го предупреди да не го напушта местото ако сака да преживее. Остана стаписан на подот.
Вториот придружник на Расим бег, од чии очи извираше необична носталгија по нешто не така одамна загубено, направи уште два чекора и исчезна зад шанкот незабележливо за очите
на присутните во пансионот. Само Пампас виде кога Стојос Панајопулос му го стегна вратот и силно го повлече зад шанкот.
“Стори нешто! Ќе се пролее крв”, му рече Софија.
Пампас се насмеа.
“Ако се тие будали не ми се оди мене во гроб”, и рече и ја потчукна нежно по раката.
“Ова е музика на смртта”, пламна Софија.
“Смири се, ‘лудо’! Што ти е грижа за шљамот”, ја смири Пампас.
Бузуката и понатаму испушташе топли звуци кои се влеваа во крвта на присутните и им го парализираа чукањето на срцето. Толку вешто ја разбиваше тишината што ни во најтемниот предел на земјата не можеше да се почувствува посовршен мир. Никој во пансионот не се осмели по двајцата придружници на Расим бег да ја разруши нејзината болка што извираше од жиците. Сите како да ги прикова за подот и аглите на пансионот. Дури и Пампас кој добиваше плата секој месец за да спроведува мир и љубов помеѓу жителите на големиот град.
Јани Ронков го стегна поцврсто железото и забележа како очите на Хаш отстапуваат пред музиката на смртта. Небаре почувствува земја над себе. Потоа го растресоа телото на Хаш и се појави несигурност на неговата рака во која острото блескаво сечило на големиот нож се олабави и покроце се повлече кон половината на шарената кошула во висина на џебот. Нешто ги вознемири неговите очи и почнаа да бараат помош, но наидоа на две револверски цевки, едната вперена во првиот придружник на Расим бег а другата кон масата на која седеа Англичаните, Американецот, Расим бег и монархистите. Го забележа скаменетиот придружник на Расим бег. Вториот не успеа да го пронајде. Му светна мисла да го заобиколи бузукистот, но музиката со три отсечни тонови му ја прекина мислата и го врати во природните немилосрдни води на езерата
на бузукистот. Се повлече два чекори назад. Тоа му го спаси животот.
Во пансионот кај скалите што водеа во одаите се појави Уранија Папајоану. Беше облечена во раскошна белузлава непроѕирна ноќница.
“Комедијата заврши, господа”, им рече строго и заповеднички, при што престана музиката.
Крвта на присутните повторно почна нормално да тече во нивните тела и тие се смирија. Појдоа полека и несигурно на своите маси. Хаш иронично се насмеа повеќе за да се прибере отколку некого да убие или понижи со насмевката. Се врати со несигурен чекор кај Англичаните, Американецот и Расим бег, и седна одвај погодувајќи го столот. На масата се врати и првиот придружник на Расим бег пропуштен од пиштолот на Туши Гонев. Вториот придружник не се појави. Од таа вечер никој повеќе не го виде. За среќа на Стојос Панајопулос никој не го побара, скоро како таква личност да не постоела.
Уранија Папајоану му пријде на Пампас. Со снисходливост го бакна во образот и откако беше сигурна дека не е пореметено нивното пријателство го ослободи од своето присуство и и го препушти на Софија, која не можеше да си дојде на себе. Избезумено гледаше во крвавите очи на бузукистот. Се смири.
“Ова е првпат играта на смртта да заврши без победник”, им рече Пондилаки на докерите.
“Не донесувај заклучок предвреме!”, му одврати загрижено Лазарос кој во меѓувреме се најде на масата.
Јани Ронков беше разочаран.
“По очите му читам силна желба да победи барем еднаш во животот”, изусти Пондилаки. Потоа забележа како Јани исчезна зад бината.
По половина час се се смири. На осветлениот подиум се појави голото тело на новата ѕвезда што Уранија Папајоану ја доведе од Атина. Девојката почна да се разголува под налетот на музиката за која сите забележаа дека недостасува најдобриот тон. На бината го немаше Јани Ронков. Но, играта на новата ѕвезда од Атина упспеа да влезе во сетилата на присутните и сосема да го истисне од нив виртуозното свирење на кралот на бузуката.
Докерите седеа на својата маса. Беа загрижени.
“Ветерот нема да мине без да остави крвава трага”, рече Туши.
8. Новата ѕвезда на Уранија Папајоану појде зад бината. Се слушна пискот. Потоа девојката истрча во пансионот уплашена. Стојос Панајопулос ја дочека и ја гушна.
“Бузукистот е мртов. Лежи окрвавен зад бината”, низ плач му рече девојката.
“На хесо тон патера су”, викна Стојос. И помогна да седне на столот крај шанкот и истрча за бината. Се згрози.
“Ова е масло на Хаш и оние негови неранимајковци”, помисли. Гостите вознемирено очекуваа да се појави Стојос. Тој се појави и во рацете го носеше телото на Јани Ронков. Застана крај шанкот и го спушти пред нозете на новата ѕвезда. По скалите слезе Уранија Папајоану. Немаше болна нитка на очите.
“Истави го трупот од пансионот. Наскоро ќе дојдат гостите”, му рече со смирен тон што не беше вообичаено за неа кога му се обраќаше на Стојос. “И пронајди го Фоти! Веќе со недели го нема и немој да ми речеш дека не знаеш како ќе го сториш тоа”, потоа го потчукна нежно по рамото и по скалите се врати во одајата.
Стојос Панајопулос со помош на двајцата носачи што помагаа во пансионот, го свитка телото на Јани Ронков во два чаршафи
и им го препушти да го однесат на градските гробишта. Двајцата носачи без збор го понесоа чаршафот со телото на Јани Ронков и по три часа се вратија во пансионот. Стојос Панајопулос уредно им надомести за свршената работа. Ги почести со чаша ракија за душа на бузукистот со кого живееше добро. Ги остави луѓето да си ја допијат ракијата и се здружи со својот ум кој му наложуваше да го пронајде Фоти Стерјов зашто така сакаше Уранија. Излезе од пансионот и се упати по улицата. Големиот град имаше многу тајни места. На Стојос никако не му влегуваше во главата во кое се крие Фоти. Најпосле опцу по нејасната слика на тајните скривалишта и реши да не го бара, зашто и онака Уранија се уште не го ставаше во својот кревет туку наместо него го лижеше влакнестото тело на Алексеј Иванович Старовкин кој скоро и не излегуваше од нејзината постела во која свилата го потсетуваше на домашниот оџак и мирните води на големата река Дон. Се врати во пансионот и се пикна во кујната.
IX
1. Пондилаки стоеше на перонот и гледаше во крупните очи на Јана Чакаларова. Напати очите му ги подземаше милото лице на Марија Ставридис.
“Ќе го поздравите од мене. Лозинката да не ја заборавите. Нема да ве прими без неа”, им рече Пондилаки.
Јана Чакаларова се насмеа. Марија Ставридис срамежливо го погледна.
“Не грижи се! Ќе внимавам на се”, му рече Јана.
Возот тргна и набргу ја напушти станицата. Пондилаки замислен го помина перонот, потоа и чекалната и излезе од станичната зграда. Низ улиците чекореше забрзано и не гледаше во луѓето кои понекогаш му го попречуваа патот. Кај Патера Хани му се придружи Маноли Стрезовски. Заедно појдоа кон улицата Вардарис.
“Собери ги луѓето и на полноќ кај гробиштата! Вечерва тргнуваме. Не можеме да ризикуваме повеќе”, му рече Пондилаки и го пропушти пред себе а самиот сврте во улицата Вардарис. По малку влезе во куќата во која живееше Ника Марија. Внатрешноста му беше позната зашто доаѓаше секој ден. Влезе во одајата и ја забележа на креветот. Ника Марија прилегаше на куп коски и кожа покриени со долга црна коса. Се бореше да го сочува она малку живот што го имаше во себе. Пондилаки сакаше да ја испрати преку граница, но кога ја виде сфати дека е доцна. Ника Марија влегуваше во другиот свет, оној за кој проповедаа поповите. Два часа седеше крај неа. Потоа се што требаше да стори беше пристојно да ја закопа на градските гробишта. Ја покри со чаршафот преку главата и излезе од куќата. Брзаше кон црквата. Улиците беа без шетачи и непречено стигна во црквата. Внатре го затече попот Иракло.
“Сигурно Ника Марија?”, му рече попот и воздивна.
“Да, попе, ќе ми треба ковчег и неколку свеќи. Ред е да ја закопаме според обичаите”.
“Вечер во десет часот на гробиштата. Сега оди!”, му рече попот.
“Ти благодарам, попе. Нема да заборавам што правиш за мене”.
“За секоја душа, синко. Сите сме ние чеда на бога и треба да се однесуваме така”, му рече Иракло.
Пондилаки замина. Се најде во куќата на Ника Марија. Штом се спушти ноќта го погледна часовникот. Беше рано и малку прилегна на другиот кревет. Се разбуди нешто пред десет. Го замота телото на Ника Марија во чаршавот и го нарами на грбот. Се движеше полека и внимателно да не го забележи некој. На гробиштата во темнината го препозна попот Иракло и му пријде. Покрај Иракло на земјата имаше сандак и врз сандакот неколку свеќи. Попот го отвори капакот на сандакот и Пондилаки внимателно го спушти телото на Ника Марија внатре. Го стави капакот и ги закова клинците па така го спои капакот со основата. Попот се насмеа.
“Се е подготвено. Уште да ископам дупка”.
“Има и дупка, Пондилаки. Само помогни ми да го спуштиме ковчегот во неа. Моите луѓе ги пуштив да заминат за да не те видат. Се може да се случи. Парите се примамливи за секого во денешно време”, му рече попот кротко и го дофати едниот крај на ковчегот. Пондилаки го зграби другиот и одвај, полека и внимателно го спуштија во дупката. Потоа попот кажа неколку реченици над гробот и ковчегот што самуваше во отворениот гроб. Пондилаки го затрупа ковчегот и кога дупката беше исполнета со земја, постави крст на крајот од гробот. На крстот пишуваше: ТУКА ПОЧИВА НИКА МАРИЈА. Беше задоволен.
“Да одиме, Пондилаки!”
Пондилаки кимна повторно со главата. Косата му се разбушави. Притаени од темнината стигнаа во црквата. Иракло забележа дека ги следат двајца непознати луѓе.
“Заборавив да ги запалам свеќите”, рече Пондилаки. “Ќе се вратам на гробиштата.”
Иракало се насмеа. Му беше мило. Заради луѓето што ги следеа и стојеа пред црквата. Иракало го изведе Пондилаки на задната врата. Се ракуваа без зборови. Пондилаки замина на гробиштата. Го пронајде гробот на Ника Марија и свеќите до крстот. Ги запали и ги стави покрај крстот. Стоеше некое време, потоа забрзано се упати во својот стан во кој живееше Христо Сотировски и неговата ќерка Параскева. Беше доцна. Сакаше да се поздрави со нив пред заминувањето од градот. Ги затекна замислени и со темни облаци на очите. И тие се изненадија кога го видоа. Пондилаки седна на столот.
“Што се случува со вас?”, ги праша сосема сериозно и си ги истри уморните очи со дланките.
“Ние заминуваме утре”, му рече Христо со глас на мртовец.
Пондилаки се вознемири.
“Зошто, по каква причина?”
“И самиот знаеш. Комунистите ги гонат, безмилосно ги убиваат. Полицијата трага по Параскева. Сакам да си ја сочувам ќерката и внучето.”
Пондилаки се замисли.
“Од твоите зборови наполно некоја непозната сила ми ја урна кулата што долги години ја градев како да е од шеќер. Многумина кои ги познавав и сметав на нив како на свои луѓе исчезнуваат од мојот видокруг, па дури и од земјата... Премногу бргу се одвиваат настаните за да можам да си ги средам мислите. Не знам што да ти кажам, единствено можам да се понудам за помош. Почна војната и ...”, не дорече Пондилаки, “Клучот оставете ми го кај соседите.”
“Лошо време, синко”, му рече Христо. “Ти благодариме за се што стори за нас. И тоа е премногу. Другото ќе го среди Македонската организација во која членува Параскева. Би сакал повторно и во поинакви услови да се состанеме. Овие години како да немавме смисла за такво нешто а време имавме.”
“Тогаш, да се збогуваме и да се надеваме на повторна средба”, им рече Пондилаки и им ја подаде раката да се ракуваат. Се ракуваа и потоа го напушти станот. По половина час се најде на гробиштата. Наиде на Маноли Стрезовски и Туши Гонев. Им се придружија на другите. Меѓу нив го забележа насмеаното лице на Вангелиос Котинарис. Му пријде и се ракуваа.
“Да тргнеме!”, му рече.
Вангелиос Котинарис само му ги покажа белите заби. Даде знак за тргнување. Една сенка ги запре. Сенката бешумно се движеше меѓу надгробните плочи и дрвените крстови. Се притаија следејќи го внимателно движењето на сенката.
“Кој е овој? Никого не очекуваме”, тивко рече Котинарис.
Молчеа и ја следеа сенката. Потоа пред нив се покажа Стојос Панајопулос. Сите се изненадија. Стојос Панајопулос највеќе.
“Простете, што задоцнив. Не можев да се извлечам од пансионот.”
Сите се насмеаја. Тргнаа. Имаа само една пушка. Неа на рамото ја носеше Стојос Панајопулос. Другите носеа пиштоли. Чекореа со забрзан од. Пред изгрејсонце стигнаа во Влашките колиби. Котинарис застана. Ја подигна раката високо.
“Стигнавме на целта. Можете да се сместите во колибите. По половина час сите да дојдете пред онаа колиба. Тоа ќе биде колибата на штабот. Сега повелете одберете си место.”
Докерите се растрчаа по колибите. Тоа траеше само неколку мигови. Потоа настана тишина. Само од некоја колиба излегуваше тешко ‘рчење и ја цепеше за миг глувотијата.
Користете ги левата и десната стрелка за да ја свртите страницата.
Испечатено од https://macedonianhistory.ca/mk/narrative/smrt-vo-solun-macedonian/13 на 29 октомври 2026