Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Станете член!

Death in Solun

Front Matter - Part 02

Од Јован Парлапанов · Дел 2 од 28 · Околу 20 минути

Читај на English

3. Два часа подоцна во кафеаната влезе Хаш. Фоти Стерјов не се уплаши. Хаш го разгледа амбиентот на кафеаната. Се насмевна иронично. Ги забележа Англичаните и Уранија. Се упати до шанкот.

4. Уранија го забележа Хаш. И стана сомнителна неговата иронија. Не можеше да ја одгатне на неговото убаво лице, кое го расипуваше искривениот нос и дивиот поглед. Се уплаши да не направи некакво чудо, зошто Хаш почна да удира силно, скоро избезумено по шанкот со својата мечкина шепа, зарасната во влакна испресечена со бразди од залечени рани. Уранија им се насмевна на Англичаните, стана од столот и му пријде на Хаш. Му ги допре широките раменици со нежните раце. Хаш се сврте.

“Биди потивок”, го замоли љубезно.

“Хаш секогаш ги почитувал убавите жени”, и рече. “Биди спокојна Уранијо”.

“Знаев дека си умно момче, повели седни со пријателите”, му рече нежно и го повлече за раката. Го допрати до една од масите покрај пенџерето и му го намести столот да седне. Хаш се смести во столот и им покажа на своите пријатели да седнат на другите столови.

“Прости што ќе те напуштам”, му рече Уранија. “Имам гости со длабоки џебови”, потоа се повлече на масата на која седеа Англичаните.

5. Фоти Стерјов здивна. Срцето престана да му чука силно и забрзано. Се напи бренди да си ја смири душата.

6. Покрај Фоти на шанкот се навали Стојос Панајопулос. Беше готвач во кафеаната. До појавата на Уранија во кафеаната насмевката му беше секогаш пристуна на правилните усни. Се плашеше од Уранија.

Не разговараа со Фоти. Им пријде Хаш.

“Шест чорби од риба донесете на мојата маса”, им рече заповеднички. Си замина.

Стојос Панајопулос се насмеа. Фоти Стерјов збесна. Не се поместија од шанкот. Уранија стана од масата и со љубезна насмевка ги напушти Англичаните. Заобиколи неколку маси и пријде до шанкот.

“Слушнавте што побара Хаш. Веднаш да го послужите”, згрме строго.

Стојос Панајопулос се скамени. Фоти и се внесе на Уранија в лице.

“Однеси му самата”, и одврати грубо и го прекина нејзиното кочеперење на кратко.

Уранија ги спушти темните облаци од големите веѓи. Се насмевна нежно. Фоти ги развлече усните. Уранија се тргна од него и не симнувајќи го погледот го одмина.

“Господинот Пампас Мавропулос, каква чест што ве гледаме овде”, му рече милозливо. Не симнувајќи го погледот од неговите очи им кимна со главата на неговите придружници.

Пампас го извади за миг шеширот со мал обод и нафрли љубезност на дебелите образи што му висеа под жолтеникавите очиња, ја прифати нежната рака на Уранија, ја доближи до големите усни и ја бакна. Уранија се закикоти кокетно. Му посака добредојде со насмевка, го фати под рака, и го поведе низ пансионот до масата за која сите сметаа дека е најдобро поставена и на која секогаш седеше човек кому името и презимето никој не му го знаеше, ниту пак го познаваше некој. Многумина мислеа дека е некоја голема ѕверка од владата, но никој со сигурност не го тврдеше тоа. На масата секогаш имаше шише црвено вино и китка гладиоли кои се подаваа од тенмоцрвената глинена вазна. Имаше и картонче со натпис “Ресерве”, кое никогаш не го симнуваа од неа.

Уранија со насмевка го смести Пампас, кој беше шеф на полицијата на градот токму на таа маса. Како да не го очекуваше гостинот вечерта. Седна до Пампас не обрнувајќи скоро никакво внимание на неговите придружници. Му дозволи да ја милува по нејзината бела мазна кожа на раката. Се обрна кон шанкот. Му даде знак со раката на Фоти за да и пријде. Фоти Стерјов дотрча скоро на прсти.

“Донеси два англиски коњаци, ваков гостин не влегува стално во нашата куќа”, му рече љубезно. “На придружбата на господинот Пампас понуди им домашна ракија”.

Фоти Стерјов кимна потврдно со главата и се врати покрај шанкот. Налеа англиски коњак во две големи чаши и ги стави чашите во послужавник.

“Направи ја таа рибина чорба зашто обајцата ќе страдаме. Зар не гледаш дека е луда?”, му рече на Стојос Панајопулос и го

удри нежно со лактот во слабината. Потоа се оддалечи со послужавникот во раце. Ги послужи Пампас и Уранија и повторно се врати покрај шанкот. Го забележа Стојос покрај големото тенџере и воздивна длабоко. Беше задоволен. Кафеаната беше полна со гости и сите пиеја во изобилство. Се навали на шанкот и се насмевна дискретно. Доцна во ноќта, кога си заминаа гостите, уморен се искачи по скалите во собата, придружуван од Уранија и уште од вратата се фрли на креветот.

“Уморен си?”, го праша Уранија.

“Нозете не ме држат, душата ми спие”.

“Денес имавме прекрасен ден. Спечаливме многу. Нека ни е со среќа”.

Легна до него и нерасоблечени заспаа.

IV

1. И би свадба. Уранија Папајоану и Фоти Стерјов застанаа пред стариот поп Иракло во црквата Света Катерина. Фоти и Уранија не изгледаа среќни. Се заколнаа над темнокафеавата книга што ја држеше Иракло во десната рака на вечна верност. На инсистирање на Пампас се бакнаа. Потоа се вратија во пансионот. Внатре одекна музика. Софрата беше богата со пијалоци и јадења.

“Ова е најбогатата пијанка на која присуствувам”, му рече Пампас на човекот што седеше до него. Потоа му се опули. “Како се викаш?”, го праша зачуден.

“Се викам Дастин Бровн, но сите во пансионот ме викаат Американо”, му одврати мирно човекот.

“На здравје”, ја подигна чашката Пампас.

“Во ваше здравје, господине”, му одврати на здравицата Американецот. Беше облечен во американска униформа.

“Вие сте офицер, господине Бровн?”

“Да, господине Пампас, офицер на американската армија”, му рече горделиво Американецот.

Пампас го тргна погледот од Американецот и се загледа во младата убава девојка, која пијана се качи на долгата маса во проширениот дел на пансионот и по ритамот на бузуките што го сечеа воздухот, почна да се соблекува, не напуштајќи ја играта и ритамот. На сите очите им беа вперени во неа. Софија Гелева ги покажа белите гради со црвени пуполки и тркалезните бутчиња пред очите на присутните, кои ја голтаа неконтролирано и јавно нејзината убавина и се подлабоко се вовлекуваа во нејзината мрежа на сладострастие.

“Не мршти се! Тоа е одлична работа. Слично нешто гледав во Париз. Треба да воведеш во пансионот таква програма секоја вечер. Девојката има талент”, и рече Американецот на Уранија.

V

1. Никос Зајкопулос беше по раст ситно момче. Нозете му беа криви, извртени од внатрешната страна. Имаше питом поглед и решителен. Од сините очи му извираше чесност. Во Солун допатува од Атина. Талкаше долго низ градот. Долгото пешачење го истошти и реши да влезе во првата гостилница. Вниманието му го привлече пансионот “Македонија” и влезе внатре. Чадот му ги расони очите. Топлината и мирисот на узото и тутунот му ги исполнија градите со лош мирис. Сакаше да излезе, но сепак реши да остане. Се прошета низ кафеаната и набргу рикна од изненадување.

“Каква среќа, Пондилаки! Здраво, пријателу”, викна изненаден што го гледа Пондилаки.

“Здраво, Никосе. Дојди да те прегрнам”, му рече Пондилаки. Стана од столот и се ракуваа. “Седни и запознај се со моите пријатели”, му понуди стол Пондилаки, задоволен што го гледа.

Никос Зајкопулос седна на столот. Очите му заиграа весело. Насмевка му се појави на усната.

“Неколку часа талкам по градот и те барам”.

“Одамна не сме се виделе, Никосе. Како се случи да ме побараш токму во оваа кафеана”.

“Сосема случајно. Ми дојади да акам низ градот и да се надевам дека ќе наидам на тебе”.

Пондилаки се насмеа.

“Скоро заборавив. Ова е мојот пријател Никос Зајкопулос”, им рече на докерите, кои седеа на неговата маса. “Наш човек од Атина”.

“Мило ми е што те гледам весел. Сигурно убаво си поминувате?”

“Поминуваме некако. Катаден сме со проблемите на владата. Што мислиш ти, ќе попушти ли и ќе пристапи кон создавање на демократска земја?”

Сите го погледнаа Никоса. Нему му стана непријатно. Не беше свикнал да дава мислења за што било. Најпосле проговори.

“Не верувам, ништо не верувам...”

Маноли Стрезовски му потури под носот чашка со ракија.

“Благодарам”, му рече тивко Никос и продолжи, “веќе неколку дена се кријам од полицијата...”

“Што си им сторил”, се стаписа Пондилаки. Му испадна чашата од раката и тој не погледна по неа, ниту по ракијата што се разлеа по масата. Се вознемирија и другите. Никос Зајкопулос го погледна строго.

“Не грижи се, меѓу свои луѓе си”, му рече Пондилаки.

Никос Зајкопулос ги погледна испитувачки другите, што седеа заедно со него, и Пондилаки на масата. Во нивните очи забележа пријателство.

“Тогаш ќе ви раскажам се”, им рече и воздивна. Испи од ракијата и си ги навлажи испуканите усни со тенкиот долг јазик. “Водевме голема битка, огорчена, против влегувањето на англиската војска во земјата. Владата не ги сака демократите. Во Атина владее хаос. Првиот човек во владата го донесоа Англичаните од Лондон за да им служи како нивен слуга, со налог да формира нова влада и да ги ликвидира сите што не го сакаат кралот кој, впрочем, и самите знаете дека е англиски миленик. Се толчевме по улиците, криејќи си ги главите зад барикадите, борејќи се на живот и смрт со англиските војници. Со мегафони му пренесовме на народот дека новата влада на господинот Папандреу, влада на националниот спас, со својата програма за националното единство, служејќи им на Англичаните, ги поттикнува националните чувства на другите народи кои живеат во земјата кон национална омраза и нагласуваме дека во програмата не е решено македонското прашање за кое Македонците пролеаја многу крв во четиригодишната војна. Со тоа, му велевме на народот, наместо да се создаде нова земја, за што многумина ги положија животите, го врати повторно на сила времето од пред војната. Секој ден владата ги величи сојузниците како заштитници на грчкиот народ. Од кого го штити грчкиот народ? Од самиот себе си? Тоа е предавство на земјата... Многу крв потече по улиците на Атина. Се боревме како лавови, но за да не страдаат жителите на градот, зашто Англичаните фрлаа бомби, се повлековме. Пред десет дена, рано утрото ги напуштивме барикадите и се повлековме надвор од Атина...”, подзастана со кажувањето Никос и се напи од ракијата.

“Слушнавме дека во Атина престојувал некој висок англиски државник”, праша Пондилаки. “Што барал?”

“Тој ни ја замати целата каша и ни ја претвори земјата во пепел. Господинот Папандреу се повлече од челната позиција во

владата а тие само ветуваа. Не ми е јасно зошто владата на националното единство не му одговараше на господинот Черчил и што го натера господинот Папандреу да се истави од владата. Прашуваш што барал Англичанецот? Тој ја бара земјата за себе, за Лондон, За Англија... Се отиде во мајчината. Сите години поминати по планините. Се растуривме кој каде мислеше дека ќе биде безбеден. Градот стана најнесигурно место за нас... Ми беше страв да не ме закачат со ортома на некој електричен столб. Еве ме покрај вас. Мислев кај тебе ќе бидам безбеден”, се насмевна Никос. Отпи голтка од ракијата. Ја спушти чашата на масата и си ги избриша усните со големите дланки.

Пондилаки молчеше задлабочен во сопствените мисли.

“Каква гнасотија”, мислеше, “мојата борба се распадна на парчиња. Нема зашто да не му верувам на Никос. Многу нешта ми поминаа бегло и сега можам само да нагодувам што се случувало и што ќе се случи понатаму... Морам да се погрижам за Ставре Наковски. Се сомневам дека е жив и дека ќе го извлечам доколку е само малку останато од него. Како да го сторам тоа?”, мислеше Пондилаки и со крајот на окото го забележа на масата на која стално стоеше ливчето со натпис “Ресерве”, човекот со долгнавестото лице, питомите очи, бујната костенлива коса и долги зулуфи, правилниот нос и нацртаната усна, истиот непознат за кого беше секогаш резервирана масата и кого не го познаваше.

“Кој е човекон”, мислеше Пондилаки. “Зошто е толку таинствен”, се чудеше. “Зар повторно ќе талкаме со пушките по планините?”

Молчеа сите. Никос Зајкопулос си ја допи ракијата. Пондилаки беше возбуден и со пламен во очите.

“Да си одиме дома”, предложи Пондилаки. “Чувствувам ќе потонеме во молчење”.

Докерите нишнаа потврдно со главите и станаа од столовите. Стана Пондилаки и по него Никос. Докерите излегоа од

пансионот. Никос стоеше на вратата. Пондилаки не се сврте да го види голото тело на Софија Гелева која се нишкаше во ритамот на бузуката. Го забележа само крадливиот поглед полн со изненадување што му го праќаше Фоти Стерјов, и го молеше да не заминува. Како да предвидуваше некаков потоп. Беше полн со страв. Сепак излезе од кафеаната. Надвор воздухот беше студен. Калдрмата влажна. Чекорот тром. Нозете потешки од олово. Опколен од докерите и молчеливата фигура на кривоногиот Никос, замавна широко со рацете, од што се возбудија сите, мислејќи дека се случува нешто што тие не го забележуваат, и тоа го изразија на своите очи. Пондилаки не обрна внимание на нивниот немир, туку застана.

“Се враќаме во пансионот. Имам претчувство дека таму некому сме му потребни”, им рече мирно и тргна назад кон пансионот “Македонија”.

2. Влегоа во пансионот. Седнаа на масата молчешкум, не погледнувајќи си во очите од страв да не им се вознемири снагата. Дискретно ги следеа разголените тела на витките девојки, кои се нишкаа на подиумот осветлени од сноп светло.

3. Нивното неочекувано влегување во пансионот ја вознемири Уранија Папајоану.

4. Во пансионот влегоа петмина луѓе, облечени во долги кожени мантили, со подигнати јаки и со набиени шешири на главите. Во рацете држеа пиштоли, кои беа предупредување за секого во пансионот мирно да ги изврши нивните наредби. Разголените девојки престанаа да играат на подиумот. Едниот од петмината ги запали светилките и пансионот наполно се осветли. Сега сите во пансионот можеа јасно да ги видат лицата на луѓето со долги мантили и со шешири на главите. Послушно ги подигнаа рацете во височина, иако никој не им заповеда. Како да им втера страв во коските силната светлост.

Фоти Стерјов стоеше крај шанкот. Беше блед во лицето. Ги подигна високо долгите тенки раце зараснати во волна и вртејќи со очите го чекаше следниот чекор на дојдените. Повремено го бараше Пондилаки. Забележа како тој и докерите мирно ги следат движењата на дојдените и блага насмевка се појави на неговите тенки усни. Го виде Маноли Стрезовски како ја спушти раката во џебот, истовремено намигнувајќи му шеретски.

Дојдените диво гледаа во лицата на присутните. Уранија Папајоану стана од столот. Дастин Бровн, кого сите го викаа Американо, остана да седи на столот мирно. Само ја погледна збунето. Уранија им пријде на дојдените кои им се закануваа на присутните со своите пиштоли и дивите очи кои немирно им шараа по лицата на гостите.

“Што треба да значи ова, господа?”, им се обрати на дојдените што беа најблиску до неа, гордо и налутено.

Уранија Папајоану во истиот миг зажали што не ја употреби својата кокетна насмевка. Едниот од дојдените грубо ја турна и таа падна во прегратка на Питер Макдоналд. Не му се ни извини на Англичанецот што при судирот му го скрши носот од кој му потече крв. Стана и повторно им пријде на дојдените.

“Скапо ќе платите за оваа комедија. Ќе ве пријавам во полицијата”, им рече со нешто помирен тон и заканувачки.

Дојдениот со лузна на челото ја зграби за раката и грубо ја турна. Уранија одвај се задржа да не удри со главата во шанкот. Падна на подот, фрчејќи како мачка. Тој и пријде, го впери пиштолот во нејзините маѓосни очи.

“Ние сме бладина полиција. Ако имаш некаква пријава против нашите луѓе можеш мене да ми ја дадеш”, и рече. Се насмеа грубо и се оддалечи од неа. Се упати кон масата на која седеше Пондилаки со докерите. Со лесен чекор му пријде на Пондилаки. Му даде озбилен тон и строг израз на своето избрчкано лице. Забележа како докерите ги спуштија рацете во џебовите на платата.

“Не знаев дека комунисти владеат со овој пансион”, му рече на Пондилаки и низ насмевка си ги покажа пожолтените заби.

“Не ве познавам, господине. Можете да се потрудите малку, претставете се”, му рече мирно Пондилаки и со десната рака поцврсто ја стисна студената железна дршка на пиштолот што дотогаш мируваше во џебот од неговото сомотско палто. Ја сврте цевката во правец на полицаецот и реши да го игнорира колку е тоа можно подолго за да не предизвика кавга. Се надеваше дека не се дојдени по него или по некој од неговите луѓе. Во еден миг се посомнева дека го бараат Никос Зајкопулос но набргу ја отфрли таквата помисла.

“Одамна се познаваме, господине Пондилаки. Да не е пиштолот, чиј мирис го чувствувам на километри далеку, ќе зборувавме поинаку. Затоа да ги оставиме нашите работи за следната средба”, му рече и повторно ги покажа расипаните заби покриени со жолт катран.

“Ќе ми биде мило, господине”, му одврати мирно Пондилаки и го заврте погледот кон чашата што мируваше на масата.

Полицаецот ја напушти масата на докерите. Малку недостасуваше Никос Зајкопулос да ги разнесе неговите гради и да го замасти со крв црниот мантил. Само воздивна длабоко и почувствува како му се врати воздух во белите дробови.

5. Пукот се слушна откај одаите. Настана гробна тишина. Полицаецот испрати еден од тројцата придружници, кои беа во пансионот, да види што се случува во одаите. Сувото тело на полицаецот тргна кон скалите што водеа во одаите на пансионот. Стигна до шанкот. На скалите се појави човек од четириесетина години кому му течеше крв од десната бутина и му ги топеше темнокафеавите скапи панталони. Слегувајќи по скалите, не успеа да се задржи на нозете. Се стркала по скалите. Лицето му се искриви од болка. Косата му се разбушави. Се запре пред долгите, заоблени и скоро до бутините голи нозе на Уранија. Потече крв од неговото убаво лице. Остана да лежи

неподвижен на подот. Над неговата разбушавена коса дојде полицаецот што му зари куршум во десната бутина. Тогаш одеднаш стана и го зграпчи за нозете. Му ги свитка и се напрегна да го собори. Не успеа. Полицаецот се оттргна од неговата прегратка и го удри со шпицестите чевли неколкупати едноподруго по лицето. Го впери пиштолот во неговата глава.

“Копиле комунистичко! Куче паљовулгарско! Тука ќе го окончаш својот беден живот!”, викна полицаецот лут и му ја доближи цевката од пиштолот до разбушвената коса.

Човекот ја крена главата и, не гледајќи во цевката од пиштолот, стана. Го погледна полицаецот право во очите и му се насмевна потсмевливо. Беше горд. Лицето му беше покриено со крв. Се загледа во гостите. Во неговите очи немаше молба за помош. Не бараше милост.

6. Пондилаки го препозна човекот. Беше тоа истиот што секогаш убаво облечен седеше на масата со натпис “Ресерве”. Уранија Папајоану не издржа. Очите и се ококорија. Заплака. Солзи и потекоа од маѓосаните очи и и го посолија мазното лице. Човекот се лулееше на сопствените нозе и наговестуваше брзо паѓање на подот. Полицаецот стоеше покрај него и го гледаше право во очи, збунет, што не се предава. За миг се збуни и не знаеше што да преземе. Уранија Папајоану врисна и ги наполни со нови далги страв градите на присутните гости. Го прифати ранетиот човек да не тресне на подот, и го гушна нежно. Сите се сепнаа. Онемеа од глетката што им ги наполни очите со восхит. Уранија плачеше и го бакмуваше човекот. Му ја мазнеше разбушавената коса. Сите ги збуни. И полицајците. Затоа не преземаа ништо, освен што сите ги држеа на штрек и чекаа да се смири напнатата игра. Фоти Стерјов не ги имаше спуштено рацете. Стоеше зад шанкот. Сакаше да и помогне на Уранија, но не знаеше како. Се чудеше откаде толкава болка кај неа.

7. “Христо Папајоану, роден брат на Уранија, близнак. Никој не се надеваше животот да го оконча во пансионот “Македонија”.

Човеку беден, ја видов твојата слика во полициската архива и ти ги донесов на гости моите верни пријатели. Му служам на кралот. Во генот на своите убедувања ја носам омразата спрема комунистите”, зборуваше во себе си и со себе си Хаш и насмевката му заигруваше на устата. Ги посматраше како прегрнати се леат од болка. Мижуркаше со змиските очи и потајно си ја полнеше душата со гордост за стореното дело. Од радост сакаше да го пикне носот во големите гради на Артемис, но не го стори тоа, од страв да не го открие своето учество во крвавата игра и си го скрати задоволството да ужива во благосостојбата што му ја нудеше Уранија. Продолжи сосема мирно да ги набљудува гушнатите, кои се гушеа во сопствената несреќа.

“Кога би знаела кучката дека јас го предадов Христо на полицијата, очите ќе ми ги ископа. Умен сум јас и затоа ќе се насладувам во нејзината кафеана, со нејзините девојки а зошто не и со неа”, умуваше Хаш.

8. “Водете го песот”, заповеда полицаецот што ја турна Уранија. Гласот му беше строг, длабок и зараптавен. Полицајците ја отргнаа Уранија од Христо. Неа во ушите и одекна експлозија. Рикна од болка. Плачеше дури липаше. Сиот бол го изнесуваше низ солзите кои и извираа од маѓосните очи.

“Оставете ми го братот”, молеше низ плач. “Само него го имам на светов”, липаше. Се спушти на колена и почна да му ги бацува чевлите на полицаецот.

“Водете го”, заповеда повторно полицаецот со строг тон и ја клоцна Уранија по лицето. Полицајците го зграбија Христо и го истуркаа од пансионот.

Уранија се влечеше на колена до вратата на пансионот и низ плач молеше. Полицајците не и обрнуваа внимание. Излегоа низ вратата. Уранија стана од подот и тргна по нив. Полицајците го пикнаа Христо во автомобили и заминаа. Уранија остана пред вратата и влезе во пансионот. Со наведната

глава помина покрај масите и без да проговори со некој гостин се искачи по скалите во одајата. Легна креветот и залипа.

9. Во пансионот настана џагор. Пондилаки се накашла. Погледот му беше неодреден, матен и замислен.

“Кој би помислил дека Уранија имала брат комунист”, скршено констатира Маноли Стрезовски.

“Што велиш, Пондилаки, нешто те измачува”, рече Никос.

“Ме интересира зошто полицијата ги апси комунистите. Се боревме заедно и ја ослободивме земјата. За што го обвинија човекот!? Затоа што ја ослободи земјата!? Мораме да го преиспитаме сопственото патување во иднината на тлото на родената грутка. Ѓавол да ме земе, полудувам”, рече Пондилаки и отпи голтка од ракијата.

“Владата во Атина го поддржува апсењето на комунистите. И го пропагира. Ми е жал за човекот. Требаше да ги постелам на подот”, рече лут Никос.

“Не брзај, времето е се позгодно за исполнување на таквата твоја желба Никосе”.

“За жал, ја зборуваш вистината. Можеби ќе мораме повторно во планина. Тогаш ќе нишаниме подобро”.

“Секако, Никосе, тоа ќе биде само наша борба”, му рече Пондилаки и стана од столот.

“Си одиме”, се зачуди Никос.

“Време е да се повлечеме. Главата ме заболе од разговори. Треба да починеме”.

“Тогаш да одиме”, рече Никос и стана од столот. По него стана Маноли Стрезовски. Другите тројца докери ги испразнија

чашките во грлата и им се придружија. Излегоа надвор. Зачекорија по темнината. Заминаа дома.

VI

1. Уранија Папајоану стана порано од постелата. Го облече најубавиот фустан и се упати кон полицијата. По дваесетина минути стигна до зградата на полицијата. Влезе внатре. Сите службеници што беа во големата канцеларија во која влезе, станаа простум и не го симнуваа погледот од нејзиното лице, на кое, во тој миг се појави мала збрканост и ги предизвика чиновниците широко да ги отворат устите стаписани и маѓосани од нејзината убавина.

“Добар ден”, успеа да ги поздрави Уранија сосема срамежливо. Му кимна добронамерно на човечето со средни години возраст, со ниско спуштени очила со здебелени стакла, на бабурестиот нос и пријде до шалтерот зад кој седеше.

“Повелете, ви стојам на располагање”, и рече човечето и и ги покажа белите разретчени запчиња, среќен што успеа да се извлече од магијата што ја фрли врз него убавината на Уранија.

“Го барам господинот Пампас”.

Човечето си ги поткрена очилата со дебели стакла, почека миг и наполно смирен воздивна длабоко.

“Господинот Пампас ќе биде отсутен службено неколку дена. Доколку ми ја објасните причината за вашето доаѓање се надевам да ви помогнам” и рече.

Уранија се збрка и нафрли руменило на лицето. Се двоумеше дали да си ја проба среќата со човечето. Му се насмевна нежно.

“Ви благодарам, господине”, со блага насмевка му се заблагодари, и со присуство на нивните очи врз нејзиното тело ја напушти големата канцеларија. Се врати во пансионот уште

помила во очите и понежна во лицето со соборен поглед од болка. Влезе внатре. Го затекна Фоти пред шанкот.

“Испрати ме до одајата”, го замоли.