VIII - Part 06
VIII
1. Маноли Стрезовски ги разбуди Јана и Лазарос. Двајцата набрзина се облекоа и му се приклучија во дворот. Ја поминаа селската улица и забраздија во планината. Шумата беше наместа многу густа и одвај се пробиваа низ гранките. Теренот беше нерамен и уморот ги совлада бргу. Маноли Стрезовски им дозволи да се одморат. Повторно продолжија. Повремено погледнуваа околу себе. Се плашеа да не налетаат на некоја од
владините единици што крстосуваа по селата и планината. Два пати јадеа. Ранците им се испразнија. Слегоа во едно помало село. Маноли Стрезовски, скриен од темнината, се довлечка до една куќарка и тивко чукна на вратата. По миг во куќарката се запали ламба и слабата светлост се проби низ пенџерето до нив.
“Кој е?”, викна човек одвнатре.
“Краставата риба”, му одврати Маноли тивко.
“Одете во племната! Ќе ви донесам храна”, им рече човекот.
Маноли ги поведе во племната. По неколку минути го видоа човекот што му се одзва на Маноли. Му подаде на Маноли храна замотана во една шарена крпа.
“Нема повеќе. Ако ноќевате, морате пред да стапи зората да заминете. Секој ден не посетуваат владините војници. Ако ве најдат во племната, ќе страда целото село. Останете со здравје и среќен пат!”, им рече и се врати во куќата.
Јана го прифати мирисот на шталата сосема рамнодушно. Лазарос напати го стискаше носот. Маноли го посла шинелот врз сламата, и додека тие одбираа место каде да легнат, заспа. Потоа легнаа и тие. Јана долго не можеше да заспие. Во мислата и доаѓаше синот. Ѕастрината ја дочека будна. Денот стигна во селото порано одошто планираа. Беше доцна за бегање. Селото вриеше од владини војници. Лазарос му подлегна на стравот. Јана ги забележа неговите немирни очи и за да го смири го помилува по косата. Му ја размрси и за миг го натера да ги истави владините војници од главата.
Маноли Стрезовски шараше со очите како лисица кога влегува во кокошарник уплашена да не ја забележи стопанот на живината. Гледаше низ пукотинката. Пред очите му стоеја војниците распоредени во слободни стрелци. Им се приближуваа на куќите.
“Следете ме!”, рече тивко Маноли, и излезе од племната. Јана го турна Лазарос пред себе. Се провлекоа низ дворовите сосема
незабележано и влегоа во густата шума. Над селото застанаа да починат. Потоа очите им се наполнија со крвави слики.
“Како се викаше човекот што ни даде храна?”, праша Лазарос.
“Христо Сотировски”, му одврати тивко Маноли. “Зошто прашуваш?”
Лазарос не му одговори. Гледаше во војниците кои ги извлекуваа селаните од домовите и ги собираа средсело. Го виде последниот селанец што го довлечкаа до куќата каде што им дадоа храна. Селанецот беше стар човек со повиен грб. Едниот војник го удри силно со кундакот по главата и го ничкоса покрај патот.
“Не го гледам Христо меѓу селаните собрани средселото. Сигурно побегнал?”, рече Лазарос.
Јана Чакаларова пребледе.
2. Во куќата на Христо Сотировски влегоа двајца војници. Беа на средна возраст. Христо внимателно ги дочека. Им понуди да седнат. Војниците не му обрнаа внимание. Неговото гостоприемство како да не им требаше. Едниот војник грубо го турна и тој се струполи на подот. На вратата на другата одаја се покажа Параскева. Беше убава и горделива. Војниците нејзината појава ги збуни. Параскева стоеше мирно, одбегнувајќи секакво движење или мимика што можеше да ги предизвика. Војниците тргнаа кон неа. Параскева изли страв од очите.
“Моја е”, викна војникот со брунка на образот.
Другиот војник немо ја проследи неговата реч. Не можеше да ги откачи очите од силното дишење на Параскева. Војникот со закривени нозе и брунка на образот појде да ја внесе убавината во себе. Како да знаеше дека таа нема да влезе во него мирно и покорно.
Параскева се повлече два чекора назад. Потоа ненадејно тргна напред и се судри со војникот. Беше повисока од него за цела педа. Тој се навали и и ја зари главата во стомакот. Параскева падна на подот и се стркала по душемето. Удри со главата во ѕидот. Погледот и се замати. Сакаше да ја истави маглата што не и дозволуваше да ја гледа одајата и да ги распознава предметите во неа. Се силеше да си ја поврати силата, но не успеа. Силен удар ја врати уште подлабоко во маглата. Полусвесна го слушна звукот што го испушти фустанот. И го расцепи војникот со закривените нозе и подиве. Гледаше како и скокаа градите на виделината. Параскева се напрегна повторно. Ја растера маглата, не сосема, но доволно да го види војникот врз себе. Се уплаши смртно. Го турна од себе, но само за кратко. Војникот стана од подот. Повторно и ја зари главата во стомакот. Параскева падна на подот. Крв и потече од носот. Војникот со закривени нозе се фрли врз неа и и ги стегна цврсто градите. Се насмеа. Силен удар му го истави видот од очите. Рикна од болката и се стркала по подот. Од очите му потече крв. Другиот војник се уплаши од глетката. Параскева ги стисна очите на кривоногиот со рацете и ги пушти да му висат над образот со брунка. Потоа стана и со крвавите раце појде на другиот војник. Војникот се воспаничи. Потоа се смири. Ја тресна со кундакот на пушката по главата. Немоќна да се задржи на нозете, Параскева тресна на подот и се онесвести. Војникот појде накај неа решен да и го зарие бајонетот во стомакот. Жилите на главата му скокаа од лутина. Рикањето на неговиот совојник со закривените нозе го воведуваше во лудилото. Одеднаш застана. Се сврте. Зад него беше Христо. Молскавично го изви бајонетот и му го зари во стомакот. Христо се навали и полека се спушти на подот.
“Сега ти си на ред. Ќе те наполнам со семе за да родиш бивол што ќе ти ја скрши главата кога ќе порасне. Вечно да се сеќаваш на овој ден”, и рече низ заби. Се соблече. Легна врз неа. По неколку мига се истави. Си ги закопча панталоните. Го подигна од подот кривоногиот војник и излезе низ отворената врата. Се сврте да види дали Параскева се освестува. Не забележа ништо. Продолжи кон средселото.
3.
Предводникот на владините војници го забележа војникот со извадените очи. Збесна. Го потера коњот поблизу до него.
“Кој го стори ова?”, му викна на другиот војник. “Целото село ќе го запалам. Сиот џган под бајонет!”, викна по војниците. “Наредете ги сите покрај ѕидот!”
Коњот под него се креваше на предните нозе. Војниците со закана ги построија селаните пред училишната зграда. Селаните беа исплашени.
“Кој го стори ова?”, викна предводникот.
“Ги убив, господине. Мртви се, проклети да бидат!”, му одврати војникот.
Предводникот го потера коњот.
“Формирајте стрелачки строј! Брзо!”, заповеда.
Војниците се построија. Нанишанија со пушките.
“Пукај!”, командуваше предводникот нервозно.
Се огласија истрели од пушките. Селаните паднаа покосени од куршумите.
“Само куршум за овој џган. Ќе ве истерам јас од Грција сите, мајката ваша смрдлива!”
Војниците од стрелачкиот строј ги спуштија пушките. Предводникот им пријде.
“По мене! Се што ќе сретнеме ќе ставиме под нож! Ќе го запаметат тие капетаниос Теофилос”, викна и го збодна коњот. По него тргнаа војниците. Го напуштија селото и се загубија далеку по патот.
“Да слеземе! Можеби има преживеани?”, рече Маноли скршено.
IX
1. Јана, Маноли и Лазарос се спуштија низ падинката. Влегоа во куќата на Христо Сотировски. Маноли и пријде на Параскева. Ја подигна од подот и ја стави на креветот.
“Жива е?”, викна Јана.
“Да, жива е”, рече мирно Маноли.
“Да ја попрскаме со вода”, рече Лазарос и почна да бара ѓум. Го пронајде во кујната и се врати во собата. Ја попрска Параскева во водата по образот. Параскева ги отвори очите.
“Детето”, викна Параскева.
“Какво дете?”, се зачуди Јана.
“Долу е, под креветот”, рече Параскева.
Јана Чакаларова го подигна покривачот и во голема кошница го забележа бебето. Устата му беше врзана со шамија. Се гушеше. Го извлече и му ја одврза устата. Детето почна да плаче. Јана го подигна од кошницата. Потоа го спушти на креветот. Му го изми лицето со вода. Бебето се смири и почна весело да мрда со рачињата.
Параскева полека се подигна од креветот. На подот го забележа мртвото тело на Христо. Не заплака. Слезе од креветот и застана пред Маноли.
“Да одиме одовде! Се плашам од ова место”, му рече Параскева.
“Облечи нешто подебело!”, и рече Јана.
Параскева влезе во другата соба и оттаму излезе со црно дебело палто. Го зеде в раце бебето и го замота во ќебето што го симна од креветот на кој лежеше.
“Да одиме!”, замоли вознемирена.
2. Шумата низ која чекореа беше ретка. Нозете им се удираа во камењата и ги болеа. Не починуваа. Параскева беше уморна. Лазарос го носеше бебето. Во штабот на врховната команда стигнаа ноќе. Стражите ги спроведоа до канцеларијата на офицерот за безбедност. Офицерот ги смести во една од неколкуте куќи. Потоа Параскева ја префрлија во друга куќа. Легнаа уморни и заспаа.
Следниот ден претпладнето Јана ја посети Параскева. Влезе во одајата и се зачуди. Имаше многу жени со мали деца. Параскева го доеше бебето. Се насмевна болно. Јана седна на крајот од креветот. Долго молчеа. Потоа нагло стана. Ја помилува по косата Параскева и излезе. Во ходникот и се придружи една жена малку постара од неа.
“Здраво, Донке!”, и викна весело жената.
Јана Чакаларова се сврте. Не ја познаваше жената.
“Простете”, се извини жената. Мислев дека си Донка од Лерин. Ми беше добра пријателка. Не сум ја видела со години.
“Се бидува... Каде е сместен штабот?”
“Одиш во штабот?”
“Да.”
“И јас одам во штабот. Да појдеме заедно”, и рече жената. “Јас се викам Софија Грнчарова. Од Лерин сум.”
Софија ја фати под рака и појдоа заедно. Се смееја. Влегоа во куќата во која беше сместен штабот. Потоа во една од собите. Беше празна.
“Седни! Офицерот ќе дојде. Наш е. Селанец од Поздивишта.”
Јана седна на дрвениот стол покрај прозорецот. Се загледа низ џамот.
“Имаш ли семејство?”, праша Софија.
“Немам. Останав сираче на дванаесет години. Ме одгледаа роднините. Подоцна се омажив. Мажот ми го стрелаа како антифашист во Еди Куле. Имам едно машко дете. Го оставив со пријателката во едно село во Југославија каде бевме евакуирани. Не знам што се случува со него. Не успеав да го видам кога доаѓав наваму.”
“Го остави детето и дојде ваму?”
“Првин бев во Катланово. Таму има болница за ранетите борци на Демокраската армија.”
“Беше ранета?”
“Не. Работев како болничарка.”
“Го остави детето со пријателката за да можеш да учествуваш во борбата?”
“Да. Ова е моја борба.”
Софија се замисли. Вратата се отвори и внатре влезе висок човек со бујни мустаќи. Ги поздрави со кимнување на главата и седна на дрвената клупа крај масата.
“Оваа е нова другарка. Доаѓа од Солун”, рече Софија.
Јана Чакаларова поцрвене во лицето.
“Доаѓам од Костанерија на барање од штабот.”
Офицерот се насмеа пријателски.
“Ќе се напиете чај?”
Јана и Софија одмавнаа со главите.
“Тогаш, да поминеме на главното... Во дванаесет часот е конгресот на жените. Ќе се одржи во зградата покрај куќата во која е сместено раководството на ДАГ. Затоа ве викнавме. Сега сте слободни. Верувам дека сте подготвени за конгресот.”
Софија испушти тешка воздишка. Јана се насмеа. Излегоа од канцеларијата. Се разделија. Јана беше возбудена. Многуте војници што ја опкружуваа и внесуваа немир во душата. Шеташе во кругот и ги набљудуваше уморните лица на војниците. Во дванаесет отиде во конгресната сала. Беше тоа мала зграда наменета за училиште. Салата беше украсена со пароли: ДА ЖИВЕЕ ДАГ! ДОЛУ МОНАРХОФАШИЗМОТ!
Седна на едно дрвено столче. Салата се исполни со жени. Ја виде Софија седната на бината на посебна маса. Конгресот почна. Многу жени зборуваа. Потоа се се стиши. Стана Софија.
“Ја предлагам Јана Чакаларова за член на потесното раководство. Молам, да гласаме”, рече гласно Софија.
“Нека стане да ја видиме”, викна една жена од претпоследниот ред. “Треба да знаеме за кого гласаме.”
Јана Чакаларова стана. Сите жени се свртеа да ја видат. Некои испуштија тивка воздишка.
“Јас сум Јана Чакаларова”, рече Јана возбудено.
“Јана Чакаларова е сопруга на предвоен комунист кој беше стрелан од фашистите во затворот Еди Куле. За да го продолжи неговото сфаќање за човековата слобода, таа го остави своето дете во Југославија да се грижат други за него и дојде да се
бори заедно со целиот слободољубив народ и на тој начин да го докаже своето убедување за оправданоста на нашата борба”, рече Софија гласно да ја слушнат сите.
Жените почнаа да креваат раце. Миг подоцна.
“Според гласовите закучувам: Јана Чакаларова се прима за член на потесното раководство на АФЖ. Јана Чакаларова е првиот кандидат за член на претседателството на АФЖ на земјата”, рече Софија. “Сега да продолжиме со изборот а на Јана да и испратиме многу честитки за изборот и да и посакаме да истрае во борбата за конечна победа на демократијата во земјата.”
По Софија многу жени зборуваа. Јана понекогаш ја подигаше раката високо. Гласаше.
Конгресот продолжи и следниот ден. Јана мирно ги следеше излагањата на жените. Во ушите и одзвонуваше гласот на Софија. Конгресот заврши доцна вечерта и таа побрза да се види со Маноли и Лазарос. Беа во собата.
“Ти си сега функционер. Тоа е голема чест за секој од нас”, и рече Лазарос весело.
“Да ја посетиме Параскева. Не е убаво од нас, да заминеме без да се поздравиме со неа”, го сврте разговорот Јана.
“Параскева Сотировска е евакуирана со групата која замина за Полска”, и рече Маноли.
Лазарос Пападоглу се зачуди. Гледаше во Јана збунето, потоа во Маноли.
“За каква евакуација зборуваш?”, викна Лазарос избезумено.
“Смири се, момче. Евакуација! Илјадници луѓе ја напуштаат земјата и одат на север. Некои од нив ќе останат во Југославија, други во Романија трети во Унгарија, четврти во Полска, петти во Чехословачка... Бројот на луѓето, кои заминаа преку границата на север пешки, со само едно веленце во раката,
според проценките на Врховната команда, е многу висок. Македонија се испразни. Нашите луѓе далеку од своите домови, уморни и гладни, уплашени, во друг свет почнуваат нов живот, живот на тркала. Каде ќе запрат и дали ќе ѕирнат повторно во домовите што ги напуштаат пред пламенот на владината војска, џандармеријата и полицијата, никој не се осмелува да го предвиди. Никој не знае! Господ нека ни е на помош... Одам до командата и, ако нема нови задолженија, се враќам во Костанерија. Таму ми е барем мирна душата”, рече Маноли. Стана од креветот и излезе низ дрвената врата.
Јана и Лазарос самуваа со вџашените погледи од кои им искреа молњи и предизвикуваа немир во нивните млади души. Како да го гледаа ѓаволот како им се потсмева.
3. Јана, Лазарос и Маноли го напуштија селото во кое беше сместен штабот. Планините им станаа дом. Маноли грабеше силно по нерамниот терен. Јана прусаше покрај него задишана. Лазарос се жалеше на болката во глуждот. На педесетина километри пред Костанерија се тргнаа од козјата патека и се пикнаа во честакот.
“Малку недостасуваше да им влеземе во челуста”, рече Јана.
“Молчи и моли се да не одминат”, и рече Маноли.
Лазарос Пападоглу гледаше вџашено во воената единица. Војниците јаваа на коњи.
“Каква е оваа војска? Нема униформи ни ознаки. Сигурно е една од оние банди што ги плаќа владата за да не уништат”, рече Маноли.
“Хаш, Алексеј Иванович Старовкин и Расим бег”, промрмори Лазарос.
“Што велиш?”, се одзва Маноли.
“Тоа се монархисти. Ги гледав секој ден во пансионот “Македонија.” Ги познаваш и ти.”
Маноли Стрезовски го избестри погледот. Пред неговите немирни очи јасно се оцртаа трите познати лица.
“Копилиња! Кој знае колку им плаќа владата за да убиваат”, промрморе Маноли и плукна.
Чучнати во честакот замолчаа. Чудната војска ги одмина. Излегоа од честакот и продолжија. Маноли беше нервозен.
“Ќе си го продадат сопственото дете за американски долари. Ѓубриња! Копилиња!”, се нервираше Маноли.
“Во штабот зборуваа дека владината војска во борбите со нашите борци, кај Костур употребила бојни отрови. Владата воАтина не одбира средства да не уништи”, рече Лазарос.
“Собирај информации, момче! Ти знаеш да пишуваш. Еден ден седни на некој удобен стол и напиши се! Нека се знае...”, не дорече Маноли.
Влегоа во атарот на Костанерија. Одеа внимателно. Јана Чакаларова потрча.
“Застани!”, викна по неа Маноли.
Јана застана. Се сврти. Беше изненадена.
“Зошто?”
“Сега ќе наидеме на стражарите. Треба да внимаваме.”
“Но, тие се наши стражари”, се побуни Јана.
“Долго време сме отсутни. И нашите стражари ќе пукаат во нас. Од каде знаат дека се враќа во Костанерија убавата Јана Чакаларов. Или мислиш целиот свет знае за твоето враќање во селото.”
Јана Чакаларова ја наведна главата.
“Не обвинувај се! Борбата бара искуство”, и рече Маноли.
“Да одиме!”, предложи Лазарос.
“Само внимателно!”, ги предупреди Маноли. Тргна.
Влегоа во селото незабележани од стражарите. Тивко покриени од темнината се вовлекоа во куќите во кои беа сместени.
4. Јана Чакаларова стана порано од креветот. Слезе во дуќанот на маџирот Стефанос.
“Здраво, Ставре!”, викна весело од вратата Јана.
“Добре дојде, кукло! Како помина во Врховната команда?”
Јана Чакаларова седна крај него.
“Сега сум функционер. Голема ѕверка.”
“Кого ќе ловиш?”, се пошегува Ставре и се напи ракија.
“Жени. Ќе ловам жени. Ти се бендисува?”
Ставре Наковски се замисли. Влезе Маноли Стрезовски. Се ракуваа. Маноли седна на слободниот стол.
“Донеси една ракија за Маноли!”
“Дај ми и мене уште една! Ќе се напиеш ти?”
“Ќе се напијам. Нека се знае”, рече Јана и прсна во смеа.
“Стана голем човек. Раководител”.
“Тоа ми се бендисува. Јана е умна жена”, рече Ставре.
Маџирот Стефанос им донесе две чаши со ракија. Ги стави на масата.
Ставре Наковски ја подигна чашата и ја испи одеднаш течноста. Стана од столот.
“Морам да одам. Ќе се видиме подоцна”, им рече и излезе од дуќанот.
Јана и Маноли полека пиеја ракија. Маџирот повремено љубопитно гледаше во нив и ги ловеше нивните зборови.
“Лошо време”, мислеше Стефанос. “Само да преживеам. Војната веројатно нема долго да трае. Ќе одам далеку кај што нема луѓе и ќе останам таму цела година. Што подалеку од овој пекол.”
X
1. Маноли Стрезовски влезе задишан во дуќанот на маџирот Стефанос.
“Големиот Сталин се кара со Југославија. Лоша работа. Настана неред во Врховната команда. Комата го подржува мислењето на Сталин. Сега сме готови”, рече скршено Маноли.
“Имај верба во луѓето, Манолисе!”, му рече Ставре мирно.
“Го суспендираа целото македноско раководство. Ги нарекоа фракционери... Секој ден испраќаат апели до владините војници да се братимат со нашите борци”.
“Слушнавме за тоа на радиото од Кољо Бочваров. Секој ден не ранат со ново овошје, зашеќерено. Треба да се бориме а не да водиме политика. Нож на нож, заб за заб, инаку повторно ќе не јавнат и ќе ни се сотре трагата”, се напи ракија Ставре. Го погледна Пондилаки.
“Не велам ништо”, му рече мирно Пондилаки.
“Треба да формираме народна милиција во Костанерија”, му рече мирно и излезе од дуќанот. Грабеше по селската улица. Умот му беше матен. Влезе во куќата што ја подигна самиот. Му се вратија спомените за Евангелија и децата. Легна на прашливиот покривач на креветот и замижа. Тој ден не излезе. По толку време спиеше во куќата што ја подигна од пепелта.
XI
1. Ставре Наковски излезе од дома и по кратко време стигна кај Кољо Бочваров. Го затекна покрај радиоприемникот.
“Седни!”, му рече Кољо и му покажа со раката на креветот. “Слушам вести.”
Ставре седна на креветот и се навали со грбот на ѕидот. Гледаше во малечката кутија од која излегуваше гласот на спикерот.
“Демократската армија бара прекин на братоубиствената војна. Владата во Атина бара безусловна капитулација”, рече Кољо загрижено.
“Копилиња!”, промрморе Ставре. Стана од креветот. “Да одиме во дуќанот! Сакам да го видам Пондилаки.”
Излегоа од куќата. По улицата се разминаа со неколкумина војници. Влегоа во дуќанот на Стефанос. Пондилаки седеше со Јана Чакаларова и Туши Гонев. Пиеја ракија.
“Ќе се предадеме ли?”, праша сериозно Пондилаки.
“Кому му е грижа за нас? Ние сме отпишани од светот”, рече шеговито Ставре.
“Главешините почнаа да се служат со нова тактика.”
“Каква тактика, Пондилаки? Зар не гледаш дека праат место во владата? Бараат интервенција од Обединетите Нации за отстранување на Америка и Англија од земјата. Па ние не тргнавме сами во братоубиствена војна! Да не беа Америка и Англија ќе живеевме убаво. Победивме во војната со хитлеристите. Ќе формиравме демократска влада и толку ќе беше. Зар нашите водачи не го знаеја тоа кога излегоа во планина?”
“Знам само дека летото изминува и ќе стапи есен. Подобро да не зборуваме за тоа. Се плашам дека ќе изгориме во огинот што сами го запаливме. Гори мерецкиниот и се мислам како се шири и ја зафаќа Костанерија. Ќе биде тешко. Колата почна да се тркала надолу. Сега може да зборува кој како сака.”
“Да се напиеме, луѓе! Нека си ебат мајката монархистите! Земјата е наша и не ја даваме”, рече Туши Гонев и ја испи ракијата.
XII
1. Кољо Бочваров влезе вознемирен и задишан во дуќанот на Стефанос.
“Радиото јави дека еден баталјон од владината војска преминал во нашите редови. Војниците го убиле командантот.”
“Тие ќе повлечат и други баталјони. Ќе никисаме. Верувам”, рече Ставре. Потоа се сврти и на вратата ја виде Јана Чакаларова.
“Кога се врати? Што се случило?”
Јана Чакаларова полека се дограби до масата и придржувајќи се за Ставревото рамо седна на столот.
“Дајте ми чаша вода!”, рече Јана. “Грлото ми е суво од горештина.”
Стефанос и принесе чаша со вода. Јана ја прифати водата и се напи малку. Потоа ја спушти чашата на масата.
“Зборувај! Што се случило?”
“Полека, Ставре, не брзај! Се оди во мајчината!”, рече Јана скршено.
“Не држи ме во неизвесност! Кажувај!”, се вознемири Ставре.
“Имаме нов претседател на привремената влада и нов командант на војската. Маркос Вафијадис е сменет. Суспендиран е и исклучен од членството на Политбирото на Партијата.”
Ставре Наковски ја гледаше збунет. Се смири.
“Зошто го смениле? Кому му пречи?”
“Не знам. Има и друго. Главниот штаб заповеда на подрачјето на планината Вич да се мобилизираат сите машки и женски глави, од седумнаесет до триесет и пет години. Мириса на лошо, Ставре”, му рече низ длабока воздишка што и излета од устата од загриженост по судбината на сите. “Голема кавга имаше меѓу раководителите за односите со Југославија. Оние кои сметаа дека треба да одржуваме добри врски со северните соседи, ги снема од раководните места. Го снема и Вафијадис со нив. Иако не е официјално разрешен, набргу и тоа ќе го сторат”.
“Глупчовци! Кому му е грижа за Сталиновата војна? Кокодакаме по Москва. Го чекав јас тој Сталин во првата војна. Во затворот ме уверуваа дека ќе дојде. Си го избриша газот со нашите молби... Децата ги собираат сосила за да им го чуваат газот. Македонците ќе бидат последниот бедем соѕидан од мртовци што ќе ги чува. Ќе ни се сотре семката”.
“Селаните се обезбедија за зимата, Ставре. Ние почнавме командантите да си ги стреламе а не да се грижиме за обичните борци”, рече Кољо Бочваров.
“Кој стрела команданти? Каде? Зошто?”, збунето праша Ставре. “Мене никој ништо не ми кажува. Се дознавам последен”.
“Командантот на XIV бригада на ДАГ, Георгис Горгадис, војниот суд го осудил на смрт и го стрелале веднаш. Не успеал да го заземе Воден. Во борбата загубил многу борци”, рече Кољо.
“Солун. Треба Солун да го заземеме а не Воден. Еден ден ќе одам во таа команда за да им кажам како се води војна. Политиканти! Затоа го нема човекот и неговите пријатели што ни носеа оружје... На хесо тон патерасас, ја заебавме војната. Ќе се бориме сега со камења”, рече и нервозен излезе од дуќанот. Со трчање ја напушти селската улица и се искачи високо во планината. Почна да испушта неартикулисани гласови.
“Ја посравме работата”, промрмори и седна на тревата. Се загледа во коријата и ги затвори очите.
Користете ги левата и десната стрелка за да ја свртите страницата.
Испечатено од https://macedonianhistory.ca/mk/narrative/smrt-vo-solun-macedonian/19 на 29 октомври 2026