Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Станете член!

Death in Solun

VIII - Part 03

Од Јован Парлапанов · Дел 9 од 28 · Околу 21 минути

Читај на English

VIII

Ставре Наковски не можеше да си ја успокои возбуденоста. Мислеше на Зинда Нијархос. Беше се повознемирен. Се враќаше од Бојмица. Не пазареше во дуќанот на Стефанос. Кога стигна до кафеаната ѕирна и внатре го забележа попот, Васил Дигаловски и Милкијадис како играат ксира и пијат ракија. Се смееја гласно и повремено се чукнуваа по рамениците.

“Копилиња, ќе ни ја уништат семката”, промрморе и тргна дома. Чекореше тромо по прашината. Лицето му беше потемнето од сонцето и се потеше.

“Ќе мора нешто да се стори инаку ќе станеме Грци”, умеше. Замижа и ја протресе бујната црна коса, небаре ќе го истера бунилото од главата. Влезе во дворот и по триесетина чекори седеше покрај буџакот и долго време не се сврте да им ги види разиграните ноџиња и рачиња на близначињата кои игриво се умилкуваа околу дојките на Евангелија која беше скоро сосема исклучена од секојдневието на селото.

“Што е за тебе животот, Евангелијо?”, ја праша ненадејно Ставре.

Евангелија се насмеа милно. Близначињата и се нафрлија на набабрените од млеко дојки.

“За мене животот си ти и овие две наши дечиња”, му рече весело и им се сврте на дечињата.

“Ќе има ли господ милост”, промрморе Ставре. Влезе во другата одаја и легна на креветот. Замижа. Уморот го совлада и заспа.

2. Зинда Нијархос фрли карта на масата. Се насмеа грубо.

“Ти си на ред”, му рече и го чукна Васила по рамото. Васил се насмеа несмасно и фрли карта на масата.

“Зар таква карта фрлаш?”, се зачуди Милкијадис.

“Имам и подобра од неа”, се правдаше Васил.

Зинда Нијархос се почеша по косата. Ги згрчи усните. Ги фрли картите на масата. Милкијадис го погледна зачудено. Васил Дигаловски ја наведна главата срамежливо.

“Што се случува со тебе, Зинда?”, му рече луто Милкијадис.

“Сешто, господине Милкијадис. Некои луѓе во селово се привилегирани од власта. Се однесуваат кон црквата како да е беззаба лавица. Како да живеат во друга држава”, бесно му одврати Зинда.

Милкијадис Цакондас си го подигна појасот и си ја закопча блузата. Стана од столот. Гореше од лутина.

“Никој не е привилегиран во ова село. Мене ме магарчиш?”, му се опули Милкијадис и се фати за пиштолот.

“Тогаш, зошто Ставре Наковски не ги носи децата во црква и да ги крстам каков што е редот во оваа држава. Можеби тој живее во друга држава и ги крстил во друга црква?”

Милкијадис Цакондас воздивна длабоко и ја спушти раката од футролата во која мируваше пиштолот. Се насмеа заразно и го исполни меанчето со груба смеа. Го погледна строго Васил.

“Каков си ти кмет. Веднаш да се повика Ставре Наковски на одговорност. Уште утре да ги однесе децата в црква”, му грмна на Васил.

Васил Дигаловски понизно се поклони. Си ги стисна рацете од страв.

“Се ќе биде во ред, господине Милкијадис”, одвај промрморе.

“Уште денеска и тоа во овој миг. Ќе не одведеш кај него и самиот да каже што мисли. Копилето си одбрало нова црква. Ти, Василе, молчиш и го заштитуваш, нели?”, бесно викаше

попот. “Станувај! Ќе одиме тројцата. Сигурно не очекува”, стана од столот попот и тргна кон вратата.

“Треба внимателно да се изведе тоа”, се поколеба Милкијадис. “Може да си створиме неприлика.”

“Каква власт си, Милкијадисе? Тргнувај! Си се уплашил а ваму си власт. Ако ти е страв, извади го пиштолот и тргнувај! Пукај, убиј некого, па да се знае дека си власт”, му рече попот и излезе од меаната.

Милкијадис си го истри лицето со рацете. Го зграби Васила за ракавот на палтото и го истурка пред себе.

“Да одиме! За се си виновен ти. Каков кмет поставиле!? Зошто не ме прашаа мене? Оди!”, го турна грубо.

Васил Дигаловски излезе од меаната и му се придружи на Зинда Нијархос. По нив излезе Милкијадис. Беше црвен во лицето и лут.

“Тргнувајте! Ќе ми плати тоа копиле”, рече Милкијадис и тргна на чело на тројката.

3. Влегоа во куќата на Ставре Наковски како фурија, готови да посеат троскот во нејзините одаи. Ги дочека Евангелија Гаспарова. Се уплаши, но набргу се смири.

“Повелете, господа”, ги поздрави негостољубиво и вознемирено.

Зинда Нијархос збесна.

“Каде ти е сопругот?”, викна попот и тропна со чизмата по подот.

“Не е дома. Во планината е. Бере дрва”, излажа Евангелија. Не поцрвене во образот.

Зинда Нијархос бесно ‘ржеше. Ја гледаше испитувачки. Евангелија одвај издржа да не врисне од страв. Се уплаши да не им сторат нешто на дечињата.

“Зошто толкава лутина, господине Милкијадис? Ние сме чесни луѓе. Целото село го знае тоа”, проба да го смири бесот на Зинда Нијархос.

Милкијадис се почеша по косата. Го смири изразот на лицето. Го фати попот за ракавот на мантијата и го повлече кон вратата. Попот се истргна од неговата рака и и се опули на Евангелија.

“Пренеси му на Ставре и заедно со него утре да ги донесеш децата в црква, да ги крстам. Ако не ги донесете ќе ти ја отсечам главата”, и рече бесен што не го затече Ставре во куќата. Потоа излезе низ вратата. По него собата ја напуштија Милкијадис и Васил Дигаловски. Се најдоа на прашливата улица и зачекорија молчешкум.

IX

1. Заканата на Зинда Нијархос се пронесе како чума по селото. Цела ноќ светеа кандилата во селските куќи. Сите се молеа да не стане зло. Ставре Наковски стана порано. Се подготви набрзина и отиде во планината по дрва. Евангелија го испрати до првите костенови дрва зад куќата.

“Внимавај на дечињата! Можеби ќе се задржам во шумата”, и рече нежно Ставре и зачекори во густата шума.

“Оди, мил мој, само оди! Не грижи се! Јас ќе се снајдам. Подобро да не знаеш ништо”, промрморе задоволно Евангелија. “Можеби беше подобро да му кажам што се случи вчера? Маж е, ќе преземеше нешто. Не, не. Подобро е вака. Него можат да го убијат. Јас сум жена и нема да ме гибнат”, се насмевна Евангелија и се врати во собата покрај дечињата кои се уште спиеја. Седна на креветот замислена. Времето одминуваше и стануваше се повознемирена. Одеднаш скокна од креветот и ги рашири очите од она што го виде.

“Каде е? Реков да ги доведеш в црква, кучко”, бесно ‘ржеше Зинда Нијархос и тропаше нервозно со чизмите.

По него со чавкина врева влезе Милкијадис. И тој почна да чекори нервозно по одајата.

“Ставре не е се уште вратен од планината”, им рече уплашено Евангелија и стана од креветот. “Повелете, седнете! Ќе ви турам ракија.”

“Ќе ти дадам јас тебе ракија, кучко славомакедонска”, рикна попот и ја разбуфта со клоци. Евангелија си го покри лицето. Не писна . Попот ја удираше со тупаници. И прокрвари носот, устата. Забите и попуштија пред кундакот на краткоцевната пушка на Милкијадис, се накривија, испуштија црвенило кое потече низ правилната нежна уста и го поцрвене целото лице.

Попот се истави од неа. Милкијадис исто така. Беа задишани. Евангелија лежеше на подот претепана. Одвај дишеше. Лицето и беше покриено со крв.

“Подготви ги децата и в црква!”, беснеше Зинда Нијархос.

Евангелија молчеше и диво гледаше во неговите очи од кои искреше сериозна закана. Не се помести. Го плукна в лице и му го поцрвене.

Милкијадис се насмеа. Внимаваше неговата насмевка да не ја забележи попот. Зинда Нијархос збесна. Извлече од под мантијата нож со две острици и пријде до креветот. Го збраби машкото дете и му го стави ножот на гркланот. Детето врисна уплашено и исфрли солзи по лицето. Беше малечко за да распознава добро и зло. Ножот како прерано да разбуди нешто во него. Врисна и другото дете. Зинда Нијархос не го симнуваше погледот од Евангелија. Се закани уште еднаш ставајќи го ножот на грлото на детето.

Евангелија Гаспарова воздивна длабоко. Стана од подот.

“Ваша сум, правете што сакате со мене”, им рече.

Зинда Нијархос се насмеа задоволно. Ја потера Евангелија кон селската црква. Милкијадис прусаше по нив смеејќи се цинично. Дечињата пиштеа. Одеа по единствената улица. Прашината им се зариваше во чевлите. Од куќите се подаваа скриените погледи на селаните. Изврвеа по улицата и влегоа во црквениот двор. Евангелија застана. Попот ја турна грубо. Таа ги испушти дечињата и се зари со носот во прашината. Дечињата заплакаа избезумени од страв и си ја побараа мајка си. Евангелија почувствува како и потече топла крв од носот. Ги прифати дечињата кои се дофатија за нејзиниот фустан. Попот ја зграби за рамеиците и ја повлече со себе во црквата.

На улицата се појавија селаните. До нив допреа пискотници што излегуваа од устата на Евангелија. Совеста како да им раскопа по бедотијата. Тргнаа неми и диво загледани едни во други. Одеа по трагите на пискотот. Влегоа во црквата. Стравот како да исчезна од нивните лица. Евангелија Гаспарова Наковска лежеше, силувана на подот, тонејќи во бесознание. Врз неа плачеа избезумените дечиња. Селаните ги подигнаа двете близначиња кои ронеа солзи над мајка си, им ги избришаа очињата со шамивче и ги лулнаа да се смират. Гоне Сливаров со уште тројца мажи ја подигнаа Евангелија од црковниот под и на раце ја изнесоа од црквата. Ја поведоа дома. Чекореа бавно. До нив, нешто подалеку од црквениот двор пријде Кољо Бочваров.

“Како да пропаднаа в земја попот и Милкијадис”, му рече на Гоне.

“Пребаравте ли се?”

“Никаде ги нема. Нема да вдишат воздух ако ги пронајдам”, се закани Кољо и воздивна длабоко и тажно.

“Копилиња”, викна Гоне и ја клоцна дворната врата. Ја внесоа внатре во куќата Евангелија. Нежно го спуштија обесчестеното тело на Евангелија и излегоа надвор. Две жени ги спуштија дечињата на другиот кревет и и помогнаа Евангелија да се

соземе. Хрисанта Сливарова стопли вода во котлето што висеше над буџакот и со неа ја исчисти крвта што се беше засирила на нејзиното лице. И потекоа солзи, небаре плачеше врз сопствената судбина. Успеа да ја поврати во живот и по два часа ја оставија сама со дечињата. Евангелија ги легна дечињата во креветот и самата легна до нив. Од очите и извираше страв. Очекуваше нова бура.

2. Зинда Нијархос и Милкијадис со трчање се одалечуваа од Костанерија. Уплашени, не се вртеа назад да видат дали некој ги брка. Милкијадис дишеше тешко.

“Ти си виновен, копиле белосветско. Ќе ми ги убијат сопругата и дечињата”, викаше Милкијадис по попот и трчаше.

“Не лелекај! Внимавај да не се сопнеш од некоја гранка. Ќе те оставам да те изедат со заби. Во ова село таквите како тебе живи ги дерат со заби.”

Трчаа. Набргу стигнаа во гратчето. Задишани и уплашени влегоа во зградата на џандармеријата. Ги пречека заповедникот што го наименува Милкијадиса за власт во селото. Се зачуди кога ги виде уплашени.

“Селаните кренаа бунт. Ќе ја турнат државата”, викна Зинда Нијархос воспаничено.

“Ќе ми ги убијат сопругата и дечињата”, залелека Милкијадис и си го покри лицето со здебелените дланки.

“Помагајте, господине заповедниче, помагајте ако знаете за бога!”, замоли понизно Зинда Нијархос и очите му светнаа диво.

“Смирете се! Ќе тргнеме веднаш. Ќе видиме кој се кренал против власта и кралот”, викна заповедникот.

“Побрзајте, господине заповедниче! Ќе ми ги убијат сопругата и дечињата. Проклети да се, изроди!”, лелекаше Милкијадис.

“Тргнуваме веднаш”, им рече заповедникот. “Подготвите ги коњите!”, му заповеда на џандармот што стоеше покрај него и вџашено гледаше во попот и Милкијадис.

Излезе од канцеларијата. Кога се врати заповедникот беше подготвен за пат.

“Тргнуваме, господине заповедниче”, му рече понизно и излезе од канцеларијата. По него излегоа заповедникот, попот и Милкијадис. Се качија на коњите и тргнаа. Патот ги водеше низ раззеленета шума. Немаа желба да и се восхитуваат на природата. Можеби беа такви скроени. Влегоа во селото и застанаа пред меаната. Слегоа од коњите.

“Стигнавте, господине заповедниче”, ги дочека понизно и уплашено Васил Дигаловски.

“Кој се дрзнал да го сотре кралството?”, викна на него заповедникот.

Васил Дигаловски молчеше. Не знаеше што да му одговори.

“Водиме кај бунтовникот!”, рече заповедникот.

“Наваму, господине”, му рече попот и го поведе кон куќата на Ставре Наковски.

Влегоа во дворот. Од зад куќата излезе Ставре Наковски. Носеше секира во рацете. Фрчеше од лутина. Тргна да му ја расцепи главата на попот. Заповедникот го извлече пиштолот од кожната футрола и испука два куршума во десната нога. Ставре Наковски се стркала во прашината. Заповедникот му пријде и го погледна иронично.

“Креваш рака на кралството? Врзете го за дрвоно!”, викна заповедникот и се насмеа цинично.

Двајца џандарми го зграбија Ставре и со ортома го врзаа за дебелиот костен. Тој преташе, но ништо не им можеше. Зинда

Нијархос се смешкаше иронично. Милкијадис влезе во куќата. Евангелија седеше на креветот. Беше уплашена.

“Станувај и право в црква!”, и заповеда строго Милкијадис.

Евангелија стана од креветот. Му пријде на Милкијадис и го плукна в лице. Милкијадис си го избриша лицето со раката и се воозбили.

“Не сум виновен јас. Ќе те убијат, ако не ги послушаш”, и рече со молбен глас.

Евангелија не го послуша. Зинда Нијархос влезе во одајата. И залепи шлаканица. Евангелија не испушти глас.

“В црква со децата”, викна цинично низ насмевка попот.

Евангелија се скамени од страв. Се повлече до креветот и ги гушна дечињата. Тие писнаа уплашени. Заповедникот влезе во одајата. Попот и ги истргна дечињата од рацете и почна да ја буфта со клоци. Евангелија се опираше. Попот ја удри со нога в глава и таа се онесвести.

“Освестете ја”, заповеда заповедникот на џандармеријата.

Џандармот што го следеше заповедникот зграби едно тенџере полно со вода и и го истури врз главата. Евангелија ги отвори очите. Плачот на дечињата и го помати умот. Остана да лежи на подот. Двајца џандарми ја зграбија под мишка ја изнесоа надвор. Ја влечеа по улицата. Трет џандарм со мустаќи ги носеше двете дечиња кои вриштеа избезумено.

Ставре Наковски рикаше и се напрегаше да ја скине ортомата. Го оставија сам во дворот врзан за дрвото. Селаните повторно ги подадоа очите под пердињата. Нивните питоми погледи, исполнети со омраза и страв, наидоа на цевките на пушките вперени кон нив. Селаните корнеа месо од себеси, колнејќи го денот кога решија да се вратат во своето огниште. Но тоа беше единственото што го имаа на светот. Отсекогаш беше нивно.

“Не измамија да ги истераме Турците. Кога ги истеравме ни зедоа се. Сега ни го бараат генот”, и рече Ичко Бонев на сопуругата и ја спушти завесата.

Евангелија Гаспарова Наковска порвторно се онесвести во црквата. До селаните не допре пискот. По половина час, влечејќи се полека со децата црвсто стегнати на градите, се враќаше дома. Не гледаше во пенџерињата. Знаеше дека ја следат очите на соселаните. Можеби тоа беше заради солзите што и го матеа виделото. Стигна до куќата. Не го забележа Ставре во дворот. Очите и заиграа уплашено. Ги стави дечињата во креветот да плачат и излезе да го побара. Не го пронајде. Застана до дебелиот костен.

“Го убиле, проклети да сте!”, промрморе уплашено. Го дофати сиџимот со кој го врзаа Ставре за дрвото и заплака.

“Не плачи, жено. Ставре е на сигурно. Гледај си ги децата. Ние ќе ти помогнеме колку можеме. Ставре ќе те посети штом оздрави”, и рече еден пригушен глас.

Евангелија се сврте да го види човекот што и зборуваше, но околу неа немаше никој. Се врати назад во собата и ги гушна дечињата. Плачеа тројцата.

X

1. Снегот се стопи. Тревата по планината солзеше од влага. Малечката Луда Мара надојде и со подивената вода понесе што се најде во тесното корито. Нејзиното бучење навечер го слушаа сите селани. Донка Попгонева не спиеше. Во душата како да и влезе проклетството од оној ден кога го убија Димитар. Чекаше да се врати нејзиниот постар син кој замина од дома без поздрав. Донка Попгонева се распрашуваше кај селаните да не го сретнал некој и да и каже барем дали е жив. Со секој изминат ден стануваше позагрижена. Три дена по Велигден отиде кај Гоне Сливаров. Седна на софрата и заплака. Гоне Сливаров ја утешуваше. Не и зборуваше, само ја чукнуваше по рамото за да се смири.

“Не знам зошто дојдов кај вас. Можеби зашто сте ми блиски.”

“Доаѓај кога сакаш. Нашата куќа чувствувај ја како своја”, и рече Хрисанта и ја гушна.

“Го нема Пено. Не се јавува. Можеби го убиле некаде. Душата ми гори од болка.”

“Ќе се врати. Сигурно е заминат в град. Нашол работа и нема време да дојде. Не грижи се! Пено е возрасен и умен”, ја утешуваше Гоне.

“Пено е во Солун”, ненадејно им рече Агапи Сливарова која седеше на креветот и се чешлаше.

Донка Попгонева скокна од столот.

“Како од Солун? Кога отишол? Ме мамиш чедо мое!” гледаше во Агапи избезумена.

“Се разделивме кај златолисниот бор. Тој замина во Солун. Ќе се врати.”

“Господи боже, ќе умрев од с’клет и немаше да знам каде ми е чедото.”

“Сега знаеш и не грижи се!”, ја смири Гоне.

Хрисанта постави вечера на софрата. Вечераа. Донка се поздрави и си замина дома.

2. Коста Попгонев, помладиот син на Донка, лежеше на креветот. Донка влезе во одајата и седна на креветот до него. Лицето и беше облеано во солзи. Коста стана од креветот и ја гушна мајка си.

“Не плачи мајко! Пено сигурно ќе се врати. Не си сама во куќава.”

“Пено е во Солун. Ми кажа Агапи Сливарова.”

“Од каде разбрала?”

“Трудна е. Носи Пеновво семе. Тој отишол во Солун да спечали. И ветил да ја земе подоцна кога ќе спечали пари”, не престануваше да плаче Донка.

“Сигурно ќе се врати. Штом ветил – ќе се врати. Не плачи! Болна мајка никому не му е потребна. Што ќе правам ако се разболиш. Да седам покрај тебе дома или да печалам за да можеме да се прехраниме. Мораш да бидеш здрава, разбираш, мораш!”

Донка не ги симна солзите од очите. Си го бришеше лицето и плачеше. Стана од креветот. Извади од долапот леб, биен пипер и две јајца и ги стави на софрата.

“Стани да вечераш! Сигурно си гладен”, му рече. Не плачеше. Лицето и беше тажно и бледо.

“Не сум гладен. Подобро да си легнеме порано. Кандилото догорува а немаме ни газија за ламбата. Утре купи газија кај маџирот” и рече Коста и се сврте кон ѕидот.

Донка го врати лебот, биениот пипер и јајцата во камарата. Се врати крај софрата и седна на столот. Се замисли.

3. Силен тресок на вратата ја натера Донка да скокне од изненадување и уплав. Се стаписа. Усните и се укочија. Очите и светнаа. Гледаше во Милкијадис и попот збунета. Коста стана од креветот и полека им пријде. На вратата зад Милкијадис и попот се појави заповедникот на џандармеријата.

“Што е? Кого чекате? Водете го копилето”, викна луто, се проби меѓу попот и Милкијадис и го зграби Коста за ракавот на кошулата. Коста без двоумење му препушти да го повлече кон вратата.

“Ќе се вратам, мајко. Не грижи се!”, и рече Коста и излезе следен од заповедникот, Милкијадис и попот.

Донка си го покри лицето со дланките и се чини немаше сили да заплаче. Не отиде до прозорецот да види каде го водат Коста. Стоеше среде одајата заглибена во некој нов свет, непознат за неа.

4. Зачекорија по улицата. Заповедникот фрчеше од лутина. Попот цупкаше по него и се смешкаше. Милкијадис одеше најодзади и беше замислен. Влегоа во црквата. Внатре имаше и други селани. Коста го забележа Гоне Сливаров и му пријде.

“Што треба да значи ова, стрико Гоне?”, го запраша.

“Не знам, синко. Ќе ни кажат. Имај трпение!”, му рече мирно Гоне и го чукна по рамото.

Коста не мируваше. Му се сврте на Васил Дигаловски кој стоеше подалеку од групата селани и се чешаше со прстот по големиот нос.

“Што си смислил за вечерва? Некоја нова игра? Овие ќе си одат! Ти ќе останеш во селото. Внимавај што правиш?

Васил Дигаловски се насмеа иронично. Пријде до заповедникот.

“Ќе почнеме ли, господине заповедниче?”, му рече понизно.

“Почни, луѓето се тука. И внимавај да те послушаат инаку ќе ти летне главата”, му рече сериозно заповедникот.

Васил Дигаловски ја подигна раката високо. Селаните се свртеа кон него. Го внесоа неговото грдо лице во своите очи.

“Луѓе!”, викна гласно Васил. “Ми нанесувате голема неправда и ме присилувате да бидам груб со вас. Попот ми се пожали дека

не доаѓате в црква. Зошто мислите дека црквата не е ваша? Кому му пркосите? Слушајте ме внимателно и извршете го она што ви го велам, инаку глави ќе сечам. Од утре сите да доаѓате в црква. Редовно. Ќе носите подароци за црквата и доброволен прилог. Уште во текот на утрешниот ден да внесете во црквената каса по два златника. Кој нема да внесе ќе биде накажан сред село да знаат сите каква казна ги очекува доколку не се покоруваат на законот што владее во оваа земја. Немој некој да се осмели да не дојде. Ќе го запалам со се покуќнина. Ова држава ви даде се: земја, покуќнина, челад и треба да бидете задоволни.”

Ичко Бонев не издржа. Излезе пред групата селани.

“Копиле низаедно. Државата ни дала се. Сигурно државата спиела со жена ми па се роди син ми. Земјата е моја од памтивека и не ја давам никому. Црква не ми треба, можам и без неа. Немаме да ставиме залак леб во устата а вие барате лири. Ќе се богатите на нашата несреќа и не само на нашата туку и на целиот македонски и грчки народ. Ние се боревме и државата треба да знае да го почитува тоа. Не давам пари. Подобро погледни околу себе. Опкружен си со грабливци. Ним речи им да стават лири во црковната каса. Тие живеат на нашиот селски грб...”, му излезе пена од устата.

“Што зборува овој непрокопсаник?”, праша заповедникот и се фати за пиштолот.

“Не разбирам. Нивниот јазик не го знам”, ги слегна рамениците Зинда Нијархос. “По изразот на лицето се чини нема намера да ја слуша власта а власт сте вие, господине заповедниче. Тој е бунтовник и комунист”, се наклешти попот. Сакаше да го предизвика заповедникот и тој да почне да убива.

“Што вели човекот?”, праша повторно заповедникот и му пријде на Васил Дигаловски.

“Човекот вели да си одите од Костанерија и да не оставите да живееме мирно”, викна на него Ичко Бонев.

“Вели да си одите во Грција”, му преведе Васил Дигаловски на заповедникот.

Заповедникот ги рашири очите од изненадување. Почна да фрчи. Го извлече пиштолот и го впери во Ичко Бонев. Селаните зинаа изненадени.

“Пукај!”, викна на него Ичко. “Затоа си дојден. Не ќе можете да не истребите сите. Земјата е наша. Пукај, копиле монархистичко!”

“Фатете го!”, викна заповедникот.

Тројца џандарми го зграбија Ичко Бонев и го врзаа на столбот среде црквата.

“Ќе те обесам средсело! Гнасни копилиња... Сега сите купете по две свеќи и запалете ги за душа на живите и умрените. Кој нема да купи и запали свеќи ќе биде обесен в зори средсело.”

Селаните молчеа. Гледаа уплашено во заповедникот. Милкијадис му намигна на Гоне Сливаров. Му покажа со очите кон свеќарницата. Гоне не му одврати туку појде и купи свеќи. По него тргнаа и другите селани. Зинда Нијархос се насмеа цинично. Васил Дигаловски го наду лицето и задоволно се смешкаше.

Гоне Сливаров ги запали свеќите. Стоеше омагиен до свеќарникот. Му пријде Кољо Бочваров.

“Зошто, стрико Гоне! Ќе наведнеме глава пред секого?”

“Молчи и прави што ти велат. Не е време за самоубиства. Ќе дојде ден и ќе им вратиме со иста мерка.”

Заповедникот се накашла. Беше задоволен.

“Можете да си одите дома. Овој ќе остане цела ноќ во црквата. Утре ќе биде извршена казната над него. И секој да донесе по

две лири во црквената каса. Слободни сте”, им рече со поблаг тон заповедникот.

Гоне Сливаров со крената глава ги поведе селаните надвор од црквата. Го помина дворот молчешкум. Се разделија на крстопатот. Коста се поздрави со Гоне.

“Црно му се пишува на селото. И нам”, му рече Коста и воздивна тешко и болно.

“Не ломоти, дете, врви по патот, те чека мајка ти”, му рече Гоне и го потурна нежно да си оди дома. Самиот се упати кон својата куќа.

5. Коста Попгонев мајка си Донка ја затече будна. Седеше на софрата замислена. И пријде уплашено и ја помилува по главата.

“Легни си, мајко! Доцна е”, и рече Коста. Ја подигна од столот и ја допрати до креветот. И помогна да легне и ја покри со козинакот. Потоа отиде во другата одаја и застана до прозорецот. Во темнината забележа три сенки кои се движеа по улицата. Ги препозна: заповедникот, Васил Дигаловски и попот.

“Проклети да сте! Се колнам, нема да го гледате светот долго време”, рече тивко и се кутна на креветт. Лежеше со отворени очи. Ноќта помина. Денот го дочека со незатворени очи. Повторно се залепи за прозорецот. Чекаше да види што ќе се случи средсело. Беше загрижен.

6. Рано изутрината заповедникот со петмина џандарми влезе во цркваа. Џандармите го одврзаа Ичко Бонев и го поведоа пред пушките кон средселото. Коста Попгонев ги гледаше од прозорецот. Пукаше од мака што не може да му помогне на Ичко. Скоро ја скина завесата од нервоза. Џандармите застанаа средсело. Заповедникот му пријде на Ичко Бонев.

“Сега ќе видиш кој ќе замине од Костанерија”, му рече цинично.

Ичко Бонев го плукна в лице.

“Ова е моја земја и ти ќе заминеш од неа. Јас останувам”, му рече мирно.

Заповедникот збесна. Си го избриша лицето со дланката.

“Обесете го!”, им викна на џандармите бесен.