Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Станете член!

Death in Solun

IV ДЕЛ - Part 02

Од Јован Парлапанов · Дел 15 од 28 · Околу 3 минути

Читај на English

1. Во Костанерија животот се нормализира. Селаните почнаа слободно да ги вршат своите катадневни поледелски работи. Се движеа по прашливата улица опуштено, самоуверено и гордо. Лицата им станаа ведри и по многу години насмевката заигра на нивните усни испукани од студениот ветер што дуваше откај морето и ги брануваше големите лисја на костеновите дрва. Селаните сечеа дрва и ги полнеа дворовите за да имаат огрев за следната зима. Не гласаа за новата влада.

2. Кољо Бочваров го држеше весникот во рацете и ги прочита имињата на луѓето што ја сочинуваа новата владина гарнитура во Атина.

“Во изминатите дванаесет влади кои стапија по војната со хитлеристите новите членови на владата заземаа високи функции. Сега се собрани на куп. Никој не може да ме увери во добрите намери на водачите на земјата”, рече Кољо и удри со тупаницата по масата.

“Весникот е стар”, се насмеа Пондилаки.

“Како стар?”, се побуни Кољо.

“Новата влада зеде заем од Соединетите Американски Држави и тоа сума од триста милиони долари. Господинот Труман ги уверил американските конгресмени дека доларите се наменети за уништување на комунистите во Грција. “Катемерини” пишува за новите газди во земјата, Англија и САД, и ги отфрли тврдењата на новата влада дека во земјата постои демократија е независна”, рече Ставре.

“Труман заемот го даде за да создаде база со која ќе и се заканува на Советската земја. Таков заем сигурно дал и на Турција, или ако не дал, ќе и даде. Ќе видите”, рече Пондилаки.

“По нашата победа се ќе им падне во вода”, рече Котинарис, толку убедено што сите помислија дека веќе ја гледа демократијата во топлите столови на атинскиот парламент.

“Простете, но денес имам средба со луѓето од отаде границата. Да одиме, Котинарис”, рече Ставре, стана од столот и излезе на селската улица следен од Вангелиос Котинарис. Набрзо со уште десетина луѓе се упатија кон Бел Камен.

3. Чекореа тромо по козјата патека. Котинарис одеднаш застана и им даде знак со раката да запрат и тие. Наслушнуваше. Ставре Наковски му пријде.

“Доаѓа поголема група луѓе”, му рече загрижено Котинарис.

“Испрати човек да види кои се”, му рече Ставре.

“Ќе одам самиот”, предложи Котинарис и не почека да добие одобрение од Ставре. Се искачи на ритчето. Потоа се врати.

“Селани. Со покуќнината талкаат по планината”, му рече.

“Да ги пресретнеме.”

Им појдоа во пресрет. Запреа пред нив. Од групата стапи напред едно момче.

“Каде сте се упатиле?”, праша Ставре.

“Одиме на север преку границата”, му одврати момчето.

“Можете да останете во Костанерија. Ние ќе ве чуваме”, сакаше Ставре да ги одврати од намерата.

Од групата истапи постар човек. Од очите му течеа солзи.

“И во Костанерија ќе дојдат. Се ни изгореа, проклети биле. Не оставија без покрив. Уште ни рекоа да си одиме во Скопје кај нашиот крал.”

“Ако заминете ќе ни се сотре лулката. Ќе повлечете многу народ по вас”, му рече Ставре загрижено и сфати дека зборовите му одлетаа во ветер. Одреди петмина да ги придружуваат луѓето до границата. Се раздели од нив тажен. Групата замина. Тие стоеја уште неколку мига и тргнаа кон Бел Камен. Набргу стасаа. Се поздрави со луѓето од отаде границата.

“Кралот е мртов. Имате нов крал. Се вика Павле. Нека ви е со среќа новиот џелат”, му рече човекот од отаде границата што ги предводеше другите четворица.