XIII
XIII
1. “И оваа година измина. Владата повторно не храбри дека ќе победиме. Петмината од отаде граница што ни носеа оружје, муниција, храна и облека ги нема да се појават. Мора да е голема кавгата штом не доаѓаат. Кој знае каква каша е ова? Во последно време само обвинувања слушам. Не ме интересира дали водачот го обвинуваат за десна ориентираност во политиката, или за опортунизам. Што ми е грижа? За мене сето тоа е лош знак. Се ќе отиде во мајчината. Јана е на Вториот пленум на народноослободителниот фронт на Македонците и ќе донесе нови вести. Само какви? Ќе ја изменат ли програмата на борбата и политиката?”, мислеше Ставре и пиеше полека од ракијата.
Во дуќанот влезе Туши Гонев.
“Стигна Јана Чакаларова. Сигурно носи нови вести од Врховната команда?”, рече Туши.
“Викни ја! Веднаш да дојде ваму!”
Туши Гонев се токмеше да седне, но наместо на столот да го смести својот задник излезе низ вратата. Се врати по неколку минути заедно со Јана Чакаларова.
“Здраво, Ставре!”, му викна Јана и седна крај него. “Многу си се замислил?”
“Не мафтај ме, зборувај!”, и рече Ставре нестрпливо.
“Не ми дозволуваш да се одморам. Ќе се жалам”, се пошегува Јана.
“Зборувај, Јано, инаку ќе пукнам! Се прели чашата”, и рече сериозно.
“Главешините предлагаат борба за обединување на Македонците во единствена независна македонска држава. Што велиш на тоа?”
“Главешини... Зошто сами не ја уништат владата во Скопје, туку не тераат сега нас во братоубиствена војна во која ќе се уништиме самите меѓусебно. Мисли ли тој пичован дека ние не знаеме колку време си го топлеше газот во Белград, пиејќи странски пијалаци во владините кабинети? Не ја заборава Ставре Втората војна. И тогаш сакаа да не турнат меѓу себе да се истребиме. Само тогаш ветерот дуваше од Берлин. Кому му пречиме? На Балканот? Во светот? Кому? Нека удрат сами на Скопје. Јас не им помагам. Напротив, би требало да им ги скршам главите за тоа... Пушти го радиото, Стефанос! Можеби ќе слушнеме уште некоја шега од врховната команда. Можеби ќе бараат да си ги убијам сопругата и децата...”
“Зошто си толку малодушен? Наше е што ќе правиме”, му рече Туши.
Радиото се огласи. Третата вест беше: ЦЕНТРАЛНИОТ КОМИТЕТ НА ККЕ ГИ ДЕМАНТИРА ВЕСТИТЕ ДЕКА
ПОСТИГНАЛА СПОГОДБА ЗА СОЗДАВАЊЕ НА БАЛКАНСКА КОМУНИСТИЧКА ФЕДЕРАЦИЈА И МАКЕДОНСКА ДРЖАВА ШТО ЌЕ ГИ ОБЕДИНУВА МАКЕДОНЦИТЕ ВО ЕДНА ДРЖАВА. ТАКВИТЕ ВЕСТИ ГИ ШИРИ АТИНА.
“Ете ти ја твојата конференција.Политиканти! Војната бара човечки животи, а не политиканти. Ова нема да помине тукутака. Некој треба да даде отчет пред народот”.
Јана молчеше. Туши Гонев си го допи пијалакот и ја напушти просторијата. Ставре Наковски гледаше во една точка од ѕидот. Јана помисли дека е луд.
XIV
1. Јана Чакаларова и Маноли Стрезовски повторно се најдоа во Преспа, во Врховната команда. По краткиот престој тргнаа назад во Костанерија. По патот брзаа. Јана беше нервозна. Маноли се напрегаше да ја следи. Во Костанерија стигнаа ноќе. Јана бувна во селото. Маноли потрча по неа. Не успеа да ја стигне. Не стравуваа да не ги запре стражата или по грешка ги убие. Јана влезе во дуќанот на Стефанос. Ставре седеше со Пондилаки, Туши Гонев, Стојан Џавалеков и пиеше мирно ракија. Очите ќе му излетаа од шуплините кога ја виде Јана нервозна и задишана. Сакаше да ја покани да седне, но...
“Ова е нечуено! Ќе збудалам!”, викна Јана.
“Што е? Секогаш кога доаѓаш од Преспа си нервозна и решена сите да не стрелаш”, и рече Пондилаки сериозно.
“Не ми е до шега.”
“Тогаш, изјасни се!”, и рече Ставре. “Седни!”
Јана Чакаларова се смести во столот крај Пондилаки.
“Не одам повеќе во Преспа. Испратете кого сакате!”
“Полека, Јано! Што се случило?”, рече Ставре загрижен.
“Само мамат. Се колваат. Измислуваат. Впрочем, да ви кажам се што се случи. Само да се напијам чај. Донеси ми чај, Стефанос!”
“Веднаш, госпоѓице млада”, викна понизно Стефанос.
Јана Чакаларова се насмеа.
“Ќе зборуваш ли?”, праша Пондилаки.
“Се жалат на нас, Македонците. Многу сме дезертирале од редовите на армијата. Велат сме бегале гас преку глава”.
“Кој вели така?”, праша збунето Ставре.
“Новиот командант. Македонската организација отпечати леток во кој се осудува паролата за слободна и единствена држава на Македонците во составот на балканската федерација на комунистите со напомена дека била штетна за грчкото и македонското демократско движење. Тоа е новината. По патот наидовме на пекол. Ги раселуваат селаните. Селата ги уништува монархистичката војска. За малку што не залутавме. Среќа наша што го познававме патот. Никаде жива душа. Само еднаш јадевме. Нема село што си остана на местото. Ни луѓе. Се случи она што не се надевавме. Каде исчезнаа селата и селаните господ знае. Среќа”.
“Ме зафркаваш”, и рече Ставре и сомничаво се насмевна.
“Основавме Комунистичка партија на Егејска Македонија. Се надевам голема новост ви кажувам. Од пред некој ден престанавме да живееме во Македонија. Сега сме жители на Егејска Македонија.”
“Значи, колата тргна прудолу. Но, барем правилото е сочувано: ниедна љубов не завршува среќно. Исто како во античките драми. Се е трагично како во трагедиите... Каква каша стана
нашата желба? Ни највидовитиот човек на светот тешко ќе го предвидеше ова. Колата се скрши и ја однесе нашата надеж... Секој ден пиштат за збратимување на војските. Каква каша... Кажи нешто, Пондилаки! Само молчиш како да не те засега тебе кашата”.
Стефанос и донесе чај на Јана. Го стави на масата. И донесе и шеќер во сад од керамика.
“И да ме засега, свршено е. Што можам јас во целата оваа бркотница да сторам? Немам маѓосно стапче”, рече Пондилаки и си ја допи ракијата од чашата.
“Тогаш, да запееме!”, рече Ставре и солза му лизна од окото. Запеа. Пееше за Апостол војводата. Неговиот лирски длабок глас ја исполни просторијата. Мелодијата ги проби ѕидовите на дуќанот и излезе на селската улица, ја подигна прашината што се беше наталожила од врнежите и ја понесе кон полето.
Пондилаки не можеше да и одолее. Песната му ја разбудинка крвта. Го спои својот глас со Ставревиот. Им се придружија и другите. И Јана Чакаларова запеа со нив. Песната го исполни селото. Гласовите стигнаа до Вангелиос Котинарис. И тој почна да пее. Се огласија гласови од сите страни на селото. Ечеше коријата. Плачеа планините. Песната не стивнуваше.
2. Евридика Цакондас, сопругата на Милкијадис ја покажа својата ситна глава на пенџерето. Песната и внесе немир. Се уплаши да не се повтори денот кога господ и го спаси сопругот од куршум. Покрај неа застана сиот растреперен Милкијадис. Очите му играа уплашено. Ги зграби дечињата и пеши да ја чека смртта.
3. Васил Дигаловски лежеше во креветот. Трепереше. Знаеше дека Костанеричани ја пееја песната со години наназад најповеќе во комитлакот и само кога требало да се случи нешто големо. Во другата соба неговата мајка ги прифати зборовите на песната.
“Ти си бивол! Само ти испадна изрод од Костанерија. Куќата ми ја осрами, семето да ти секне. Со таков срам и говедата не сакаат да живеат”, му рече гневно.
Васил Дигаловски не и одврати. Знаеше дека неговиот живот лежи во нејзините старечки раце.
“Не те уби Ставре од страв да не си ја испогани душата со твојата крв. Благодари му за тоа на мојот покоен татко Јован за кого целиот крај пееше песни и го слави до небеса. Секогаш ги бранеше бедните и угнетените. Го положи животот за Македонија. Затоа не те уби Ставре. Те остави самиот да си прострелаш куршум во главата. Ако не се срамиш пред твојот сој, живеј, но нема пород да раѓаш. Не го продолжувај сопствениот срам. Ќе ги покажуваат твоите деца, внуци и паравнуци, со прст поколенија нанапред. Јуда го предал Христос во стариот свет и ние во новиот го паметиме. Таква судбина те стигна и тебе, синко”, му рече и солза и лизна по образот. “Подобро господ да ми ја земе душата и да ме куртули од тебе. Зошто ми го фрли достоинството на буниште кучињата да играат со него?”
Васил Дигаловски молчеше. Песната и го распаруваше телото. Сакаше да слезе и да ги помилува сите војници. Немаши сили да им погледне во очите.
Се довлечка до пушката што висеше на ѕидот и ја зграби. Го тргна чкрапалото и го притисна петлето. Одекна пукот. Пламенот бувна и куршумот се зари во градите на Васил кој потоа полека се спушти на подот и легна неподвижен.
Старицата заплака. “Прости, синко, тоа е посилно од мене”, промрмори и истиот миг падна на подот.
4. Истрелот ги надвиши гласовите и песната стивна како пресечена со нож. Ставре Наковски скокна од столот. Излезе на улицата и потрча кон куќата на Дигаловци. По него се стурија и другите. Влегоа внатре. Глетката ги вознемири сите.
“Нека ти прости господ, мајко”, рече гласно Ставре. Го крена најзиното кревко тело и го положи на креветот. “Утре ќе ја закопаме на селските гробишта со сите воени почести”, му рече строго на Вангелиос Котинарис.
“А него?”, рече Котинарис и покажа на мртвото тело на Васил Дигаловски.
“Него фрлете го на буништето да го растргнат кучињата талкачи и дивите ѕверки. Не заслужил да биде со Костанеричани”, му отсече и застана над креветот, загледан во лицето на старицата. “Оставете не насамо!”, им рече и почека да ја напуштат собата, потоа го врати погледот на старицата. Седна на креветот крај нејзините нозе. Цела ноќ ја помина без да помести жила по телото. Ја дочува како своја мајка.
5. Долу во одаите, Милкијадис Цакондас трепереше како лист. Евридика си ги кршеше нервозно тенките прсти. Само дечињата спиеја. Стравот што се всели во Евридика и Милкијадис од пукањето ги стегаше цела ноќ и ги остави будни. Се надеваа небаре така нема да дојде проколнатата смрт.
6. Изутрината старицата ја закопаа на селските гробишта. Ставре од гробиштата појде кај Пондилаки. Седна на другиот кревет покриен со козинак.
“Владата во Атина повела општа офанзива за уништување на се што се движи по планината и полето а припаѓа на Демократската армија”, му рече загрижено Пондилаки. “Каков ти е планот?”
“Немам никакви планови. Поточно, се планира Вангелиос Котинарис. Тој е командант”.
“Разбирам... Во градот борбата се води поинаку...”, рече Пондилаки и само ја заниша главата како да имаше намера да си ја поврати бистрината.
Туши Гонев лежеше на ритчето и гледаше низ двогледот. Пондилаки стоеше до него. Ставре Наковски кашлаше суво. Туши Гонев му го подаде двогледот.
“Види си ги одблизу пријателите! Како да не можат без нашето присуство да живеат”, рече Туши.
Ставре Наковски го зеде двогледот и погледна низ малечките кругчиња низ кои се гледаше далеку.
“Идат право на нас”, рече Ставре. Му го подаде двогледот на Вангелиос Котинарис кој се чешаше по брадата со рапавата дланка.
Котинарис се насмеа.
“Нашите животи се во твои раце. Исто така и на селаните од Костанерија. Решавај побргу за да не биде доцна!”, му рече Ставре мирно.
Вангелиос Котинарис погледна низ двогледот. Свирна од изненадување.
“Ги има преку пет илјади. Каде ли ја собраа? Да одиме, луѓе!”, рече Котинарис и тргна кон селото. По пат собра неколкумина војници. Тие од врата на врата ги собраа селаните и нивните совојници средселото. Вангелиос Котинарис застана пред нив. Беше мирен.
“Луѓе!... Кон селото забрзано се движи голема војска. Мораме да отстапиме веднаш. Кој сака може да остане во селото. Оние што сметаат дека нема да бидат безбедни ќе ги евакуираме отаде границата. Јасно!”, викна гласно Котинарис.
Сите молчеа. Потоа се разотидоа по домовите и се подготвија за патување. Секој носеше што може да држи в раце. Селаните со една група од десет војници тргнаа по сртот на планината за да ја преминат границата.
“Зар не знаеш дека ја расипавме калимерата со Југославија?”, праша Ставре зачуден и не го симна погледот од селаните и војниците кои го поминаа превојот и се загубија зад него.
“Политиката си е политика, Ставре, но народот си е народ. Каква да е политиката, народот си го наоѓа патот. Не грижи се, тие ќе стигнат на безбедно место”, му рече Котинарис и се сврте кон војниците. “Тргнувајте!”, им рече.
Војниците тргнаа. Ставре и Котинарис зачекорија по нив.
“Ние сме нешто друго, затоа мораме да и робуваме на политиката и да одиме во сосема друга насока”.
“А каде”?, праша Ставре.
“Мораме кон Преспа. Таму е Врховната команда. Барем се надевам дека е таму.”
На првата височинка Котинарис погледна низ двогледот. Се насмеа.
“Можеш да бидеш задоволен. Војската тргна по нас. Твоите соселани безбедно ќе стигнат отаде границата”, му рече Котинарис. Појде по борците.
Ставре Наковски се насмеа. Тргна по него.
“Ќе ни се сотре коренот”, промрморе и го забрза чекорот. Го стигна Котинарис и зачекорија заедно кон врвот на планината.
XV
1. Вангелиос Котинарис испотен чекореше пред бригадата. До него полека се движеше Јана Чакаларова и почесто се придржуваше за рамото на Ставре. Молчеа. Вангелиос Котинарис застана и ги пропушти борците да изврват по козјата патека. Го подигна двогледот и ѕирна низ тркалезните стакла.
По лицето му везеше заморот. Му го подаде двогледот на Ставре Наковски.
“Два дена и две ноќи не следат. Одат мирно зад нас сигурни дека ќе не фатат. Можеби знаат каде одиме?”, рече Котинарис загрижено.
Ставре Наковски го истави двогледот од очите. Му го подаде на Котинарис.
“Зошто не пукаат по нас?”, рече Стојан Џавалеков.
Пондилаки се насмеа.
“Кога ќе почнат да пукаат петиците ќе ни ги помодрат газовите”, се пошегува. Го зграби силно Стојан за рака и го погледна в очи. “Дојде од Скопје да го положиш животот за нас. Можеби нема да ми се укаже друга прилика да ти се заблагодарам, затоа прими искрена благодарност за се што правиш, не само за нас туку за доброто на сиот македонски и грчки народ”.
Туши Гонев се расплака. Му ја стегна цврсто раката на Стојан Џавалеков.
“Не е време за плачење”, ги прекори Јана. “Да појдеме!”
Вангелиос Котинарис ја погледна чудно. Јана му одврати со строг поглед.
“Да побрзаме, луѓе! Штабот е далеку”, рече Котинарис и појде по колоната. По него тргнаа другите.
2. Уморни се искачуваа по сртот на планината. Влегоа во густата шума. По еден час папсани седнаа да одморат. Се стемни. Далеку во подножјето светна огин. Вангелиос Котинарис го дојаде парчето леб и стана од студениот камем.
“Тргнуваме!”, рече строго.
Борците станаа од тревата и се подготвија за тргнување. Вангелиос Котинарис ги поведе низ темнината. Зашумолеа нивните чекори по нерамниот терен. Се искачија на врвот на планината.
“Владините трупи не идат по нас”, му рече Пондилаки.
“Зошто би иделе? Според мојата проценка ние сме пет километри оддалечени од Врховната команда... Не можам да сфатам што се метка по главата на нивниот командант? Зашто не не нападнаа? Сиргурно имаат некаков план!?”
“Не си ја тепај главата, Котинарис! Погледни околу себе и се ќе ти биде јасно”, му рече Ставре.
Вангелиос Котинарис се сврте околу себе. Свирна од изненадување. Се вознемири.
“Ние стигнавме во центарот на огинот... Да побрзаме инаку ќе не печат на ражен владините трупи”, рече Котинарис и побрза кон челото на колоната. По него запруса Јана Чакаларова. Беше вознемирена.
“Внимавај кога приоѓаш до нашите стражи! Имаат наредба од Врховниот командант да пукаат на се што се движи пред нивните очи... Подобро јас да одам пред сите зашто ја знам јавката”.
Вангелиос Котинарис стануваше се позагрижен. Почесто гледаше во големите огнови што ја опкружуваа планината. Почувствува како срцето посилно му чука. Се движеше со последните сили. Ги поведе борците преку една рамнинка што им се испречи на патот и влезе во шумата. Почека неколку мига и продолжи.
“Стој! Кој иде?”, слушнаа сите строг глас.
Вангелиос Котинарис застана. Се израдува. Се опушти сосема и го откопча горниот дел на блузата. “Најпосле”, промрмори.
Потоа куршум му пролета над главата. Јана Чакаларова го турна во смреката а самата падна врз него. Борците полетаа зад дрвата. Се засолнија. Вангелиос Котинарис излезе од честакот. Ги рашири рацете.
“Наши сме. Борци на Демократската армија”, викна гласно.
Настана молк. Јана Чакаларова си го слушаше сопственото дишење. Вангелиос Котинарис гледаше во темнината.
“Не пукајте! Наши сме”, викна повторно Котинарис.
“Од која единица сте?”, се одзва строгиот глас.
Вангелиос Котинарис ја погледна Јана.
“Кажи му што било! Мораме да поминеме инаку ќе се печеме на два огна”, му рече тивко.
“Од 114 дивизија. Овде е баталјонот на капетан Котинарис”, викна гласно Котинарис. Се трудеше да не му затрепери гласот.
“Капетанот Котинарис напред, другите стој”, се одѕва строгиот глас.
Вангелиос Котинарис ги подигна високо рацете. Пушката ја пушти и кундакот се зари во тревата.
“Одам”, рече Котинарис.
“Чекај, можеби не се наши!”, викна тивко Пондилаки.
“Навистина, можеби не се наши?”, рече Ставре.
“Сепак, одам! Немаме друг избор. Ако не се вратам по вас, снаоѓајте се како знаете и умеете”, им рече и полека тргна кон местото од каде што до нив допираше строгиот глас.
“Чекај! Ќе смислиме нешто поумно”, му викна Јана возбудено.
Вангелиос Котинарис не се сврте да и ги види уплашените очи. Се искачи по нерамнината и застана.
“Натаму, капетане”, му викна строгиот глас.
Вангелиос Котинарис зачекори внимателно.
“Стој!”, викна строгиот глас. “На хесо тон патерасас... Котинарис, мој стар пријателу”.
Вангелиос Котинарис се изненади. Стоеше возбуден и се напрегаше да си спомне каде го слушнал гласот на човекот што му се обраќаше.
“Котинарис, мој...”
Вангелиос Котинарис гледаше збунето. Пред него од темнината изникна висок човек со реденици на градите.
“Ти...”, викна изненаден Котинарис.
“Да, јас, побратиме. Дојди да те гушнам.”
Вангелиос Котинарис му пријде. Се гушнаа. Заплакаа.
“Од каде ти овде, Вангелиосе?”
“Долга приказна, побратима. Ќе ти ја раскажам во друга прилика”, се олабави сосема Котинарис.
“Не пукајте! Тоа се наши борци”, им довикна човекот на другите стражари и придружуван од Котинарис се искачи до стражарското место.
“Ти го препознав гласот”, му рече човекот. “Инаку немаше да ти поверувам”.
“Како? Зашто?”, се збуни Котинарис.
Човекот се насмеа гласно.
“Ние сме од 114 дивизија”, му рече весело. “Викни им на твоите борци да дојдат ваму.”
Вангелиос Котинарис се замисли.
“Ќе ги викнеш или да го сторам тоа самиот.”
“Нема да дојдат. Ти зборуваш дека пушката не сум ја оставил да мирува цели девет години. Оваа е десета ако не се лажам. Морам да појдам самиот по нив.”
“Оди, потоа ќе поразговараме. Сега е мигот да размениме по некој збор. Наскоро ќе почне пеколот”.
Вангелиос Котинарис се насмевна болно. Се спушти низ падинката. Во темнината ги побара борците. Не можеше да забележи ништо.
“Ставре!”, викна пригушено. “Јас сум Котинарис.”
Од зад едно дрво излезе Ставре Наковски. По него одеше Јана Чакаларова.
“Готово е. Можеме да се качиме горе кај нашите”, им рече Котинарис.
“Успеавме. Браво Котинарис!”, му рече Јана.
“По мене!”, викна Котинарис и тргна назад кај стражите.
Се искачија по падинката. Вангелиос Котинарис забележа дека не се тоа стражарски места туку ископи во кои имаше војници.
“Влезете во ископите! Наскоро ќе почне борба. Веќе неколку дена се бориме со владините трупи. Ги има како плева.”
Вангелиос Котинарис влезе во ископот. По него долж целиот ископ се распоредија војниците. Јана Чакаларова уморна се навали на Котинарис.
“Како ти се гледа местово?”
“Се уште не можам да се снајдам”, и рече и го турна со кундакот на машинската пушка Стојос Панајопулос. “Не спиј! Само буден можеш да го видиш денот што ќе пристигне и можеби за последен пат во животот”.
Ставре Наковски се насмеа гласно. Сите се вознемирија. Го погледнаа строго.
“Ние сме на крајот на светот. Ако излеземе од оваа дупка, нашата земја за нас е загувена. Ќе ни се загуби дирата”, рече Ставре.
Вангелиос Котинарис се збуни. Пондилаки го потчукна Ставре по рамото.
“Што велат твоите политичари, Јано?”, праша Ставре.
“Политичарите ја обвинуваат Југославија. Велат дека се збратимила со владата во Атина и им дозволува да не удрат од грб”.
“Тоа ви го кажаа на последниот состанок?”
“Да. Немав време да ти кажам”.
“Лажат! Ние четири дена одевме покрај самата гранична линија. Ти беше со нас. Впрочем, многу пати чекореше покрај границата. Зошто не им кажа дека нивната лага е измислена. Им треба жртвен јарец за да си го покријат газот. Денес Југославија, а утре? Кого ќе обвината утре?”
“Не знам. Можеби нема да има утре. И можеби е така најубаво”.
“Чувај се, Јано! Лошо време наидува. Раженот е подготвен и огнот е запален. Се чека само пристигнувањето на овците”
“Ти си уверен дека ќе има утре?”, се зачуди Јана.
“Ќе има за многумина од нас. Огинот не може сите да не голтне. Историјата вели дека мора да остане некој и да им ја раскаже приказната на поколенијата. Секогаш било така. Не гледам зошто сега би било поинаку”.
Јана Чакаларова молчеше. Немаше сили да го продолжи разговорот.
“Ех, живот”, промрморе Ставре.
Тресок на гранати го исполни ридот. Им ги заглуши ушите. Ставре ја зари устата во земјата и ја покри главата со рацете. Насекаде околу него летаа парчиња од железо помешани со земја. Небото се наоблачи од авиони. Во подножјето на планината се појави непрегледна војска. Навираше од сите страни кон врвот. Авионите поминаа над нив и оставија пустош и оган. Околу Ставре Наковски имаше многу камења. Почнаа да горат. Се издигаше од нив пламен висок и до три метри.
“Господи боже, што е ова? Какво е ова чудо? Зар е можно каменот да гори?”, промрмори и погледна во Јана.
“Ние сме последни. Зад нас е пропаста на светот”, му викна Јана збунето.
Три гранати едноподруго паднаа во ископите. Војниците се разбегаа. Вангелиос Котинарис излезе од ископот и почна да мафта со машинската пушка.
“Да одиме, луѓе! По мене!”, викна и потрча повисоко во планината. По него тргнаа оние што беа во ископите. Се искачија на врвот и се спуштија на другата страна на планината. Фрлаа се што им го сопираше брзото напуштање на пеколот.
Пондилаки преку чистиот простор се стркала низ падината. Запре дури во подножјето. Стана и не си ги исчисти пантолоните и блузата од прашината и калта. Се сврте неколку пати околу себе. Ги бараше докерите. Не забележа никого од нив. Се упати по стапките на другите војници. Стигна на една
голема ливада. Немаше пушка. Пријде до еден мустаклест војник.
“Каде се наоѓаме?”, го праша Пондилаки.
“На Билешко Поле. Ова е Албанија. На сигурно сме се додека не се вратиме назад на Грамос”, му рече војникот.
“Повторно назад?”, се зачуди Пондилаки.
“Така рекоа главешините од Врховната команда”, му рече војникот и се спушти до колибата што беше оддалечена од нив неколку десетина метри.
Пондилаки се упати по војникот. Се надеваше да ги најде докерите. Кај колибата наиде на Јана. Продолжија да бараат заедно. По десетина минути се собраа.
“Го нема Ставре Наковски”, им рече Пондилаки загрижено.
“Морам во штабот”, им рече Јана. “Ставре е можеби со некоја друга група”, се поздрави со сите и исчезна меѓу војниците. Пондилаки и докерите диво загледани еден во друг не знаеја што да преземат.
“Ќе чекаме. Сигурно ќе издадат наредба за враќање на фронтот”, рече Котинарис и седна на тревата.
По него седнаа сите. Чекаа.
Користете ги левата и десната стрелка за да ја свртите страницата.
Испечатено од https://macedonianhistory.ca/mk/narrative/smrt-vo-solun-macedonian/20 на 29 октомври 2026