III ДЕЛ - Part 02
Стојос Панајопулос го погледна испитувачки. Се насмеа љубезно.
“Многу Пеновци доаѓаат во пансионот”.
“Еден е Пено во целата Костанерија. Се дружел со некој Пондилаки и некакви докери”.
“Смири се, момче! Јас само служам во овој пансион”, му одврати Стојос. Го врати шишето од кое му наполни ракија во чашата во горниот ред на рафтот. Замислено влезе во кујната. Потоа излезе насмеан.
“Ти си Стојос Панајопулос”, му рече Коста како да го познаваше многу одамна.
“Полека, момче. Ова е пансион. Смири се!”, му рече Стојос и се трудеше гласот да не му трепери од возбуда.
“Се викам Коста Попгонев. Пено ми е брат”, смирено му рече Коста. “Само што пристигнав од Костанерија”.
“Нервозен си”.
Стојос Панајопулос му го заврте грбот. Во пансионот влегоа Пондилаки и неколкумина докери. Седнаа на масата на која седеа секогаш.
“Донеси ракија, Стојос!”, му викна Пондилаки.
“Веднаш, Пондилаки”, му го препозна гласот Стојос. Се сепна.
Коста Попгонев ја остави чашката и пријде до масата.
“Ти си Пондилаки?”, го праша нервозно.
Пондилаки почека неколку мига.
“Седни, гледам ти врие крвта”.
“Го барам брат ми Пено Попгонев од Костанерија. Ти знаш каде е”, настојуваше Коста и чкрташе со забите.
Пондилаки се насмеа.
“Седни! И ние го бараме. Јас честам, ако го пронајдеш”.
Коста ги симна веѓите. Облаци му се спуштија над очите.
“Ќе ми кажете ли каде да го најдам?”, рече со инает.
Пондилаки не му одврати. Ја прифати чашата што му ја донесе Стојос и се напи ракија. Потоа ја спушти чашата мирно на масата.
“Значи, го криете од мене”.
Туши Гонев скокна од столот. Го зграби Коста за јаката и го натера сосила да седне на столот пред него. Потоа го остави а самиот седна до него. Му се опули во очите заканувачки.
“Цел месец го бараме брат ти. Што си наумил со твојот детски ум. Кој може да потврди дека Пено е твој брат!”
“Тој самиот. Одведете ме кај него и ќе ви потврди”, се побуни Коста.
“Тогаш, пронајди го! Донеси го во пансионот! Ние ќе те чекаме. Нека потврди дека сте браќа. Тогаш, ќе ти верувам”, му рече Туши и голтна од ракијата.
“Каде да го најдам? Кога би знаел не би ве прашувал вас”, се побуни Коста.
“Го нема Пено. Исчезна. Го бараме и ние.”
“Ви направил нешто лошо?”, праша наивно Коста.
Пондилаки се насмеа.
“Пено ни беше пријател. Сега ако си задоволен седи со нас, ако не врви си по патот по кој си дошол”, му рече Пондилаки малку налутено. “Никој не е должен да те слуша како попуваш”.
Коста Попгонев збесна. Очите му поцрвенеа од лутина. Стана од столот.
“Ќе се сретнеме повторно. Ќе го пронајдам дури и да се пикнал во змиска дупка. Порачајте му дека нема да куртули од мојата рака”, им рече и ја напушти просторијата.
Стојос Панајопулос воздивна.
“Момчето е спремно да убие”, му довикна на Пондилаки.
“Натаму оди целата земја. Не е чудо што сиот народ врие.Се е можно.”
Туши Гонев порача друга ракија.
“Весникот “Елефтерија” пишува за теророт на владината војска во Кукушко. Илјада луѓе побегнале во Југославија. Многу повеќе талкале по планините за да го избегнат апсењето”.
“Луѓето ќе гинат се додека правиме митинзи. Минатата недела се огласивме, но помина се како она на стадионот “Ираклеос”. Баравме да запре владата со теророт над македонското население и да ги почитува принципите на демократијата. И ништо. Десничарите од Етникис еносис приредија митинг, навистина малкумина собраа, бараа уништување на комунистите. Ги обвинуваа соседните држави со најпогрдни зборови, бараа од владата во Атина да ги ослободи териториите северно од Македонија, се до изворот на големата река и источно од Тракија. Сите пукаа во празно. Само зборови. Десните сакаат да не уништат нас, ние сакаме со нив заедништво. Јазелот си стои онака како го постави владата”, рече Пондилаки.
“Повторно зачестија штрајковите на работниците”, рече Туши.
“Што бараат тие?”
“Подобрување на условите за работа, поголеми надници. Бараа владата да го укине законот за принудна мобилизација и да престане политичкиот терор. Не знам како поминаа.”
“Жешко е. Летнава горештина е неиздржлива. Целата земја се вари. Не се знае дали е пожешко во политичкиот казан или под сончевата корона. Понекогаш помислувам, онака собрани, да тргнеме на градската управа и да ја срамниме со земјата.”
“По селата во Македонија војската ги присилува Македонците да потпишуваат дека се Грци. Кој не потпишува – го убиваат. Затоа има толку народ подбегнато во планините.”
“Владата е едно, грчкиот народ друго. Самиот знаеш дека владата не ги спроведува желбите на народот”, му рече Пондилаки. Алкохолот што го испи му загорчи и ја турна чашата понастрана.
Туши Гонев немаше желба да зборува понатаму. Си ја стегна главата со рацете. Се замисли. На масата настапи тишина. Во пансионот влезе Коста Попгонев. Пријде до нив. Стојос Панајопулос зина од изненадување.
“Ќе се видиме еден ден. Тогаш ќе прославувам јас”, им рече лут и го напушти пансионот.
Стојос Панајопулос ги затвори очите задоволен што не настана метеж во пансионот. Пондилаки се насмеа љубезно. Туши Гонев шеташе со црнките по пансионот. Беше возбуден. Повторно настана молк. Стојос влезе во кујната. Софија ги навали градите на шанкот и ја спушти главата на касата. Ги затвори очите. Задрема. Пондилаки ја забележа. Се насмевна. Стана од столот.
“Да си одиме! Вечер ќе дојдеме повторно”, им рече на докерите и следен од нив го напушти пансионот.
VI
Коста Попгонев стигна во Костанерија. Ги слушна мрморењата на селаните. Не беа задоволни од однесувањето на учителот Јоанидис Карахопулос. Децата одеа на училиште. Карахопулос задоволно се смешкаше. Сепак не му поаѓаше од рака да се разбере со нив. Освен децата на Милкијадис другите не знаеја грчки. Јоанидис почна да ги накажува. Некои од дечињата со часови стоеја со колената зариени во пченкарни зрна. Плачеа. Учителот беше немилосрден. Само децата на Милкијадис безгрижно ги минуваа часовите. Девојчињата беа весели, но секојдневното казнување на нивните другарчиња чиј јазик почнаа да го зборуваат помалку им ги изврте цревата и почнаа да изостануваат од училиштето. Милкијадис не го знаеше тоа.
“Твоите деца не доаѓаат на училиште”, му рече Јоанидис.
Милкијадис ништо не му одговори. Појде дома. Ја изнатепа Евридика. Цели два часа плачеше. Потоа се се стиши.
2. Децата на Милкијадис од тој ден редовно одеа на училиште. Јоанидис Карахопулос ликуваше. Секој ден измислуваше се пожестоки казни. Се повеќе се разлеваше детската крв по штиците на училницата, оставајќи темноцрвени дамки кои крпата на училишниот ѕвонар не можеше да ги избрише.
3. Селаните се стуткаа во своите куќи. Излегуваа само кога одеа во полето.
4. Васил Дигаловски го мафташе шкембето по калливата улица. Катавечер играше комар со Милкијадис и со Зинда Нијархос. Џандармеријата беше во селото. Сметаше дека никој не може да му напакости. Селаните му се тргаа од патот. Тоа му правеше задоволство. Почна да и се извикува и на родената мајка, која, како растеше кај него омразата така го бришеше од своите мајчински чувства. За тоа како да не му беше грижа, туку напротив и тој ја избриша од списокот на роднините. Почна да живее секогаш придружуван од попот, учителот, Милкијадис и џандармите. Нивните зборови за него беа најважни.
5. Селото потона во страв. Евангелија Гаспарова Наковска загазуваше се подлабоко во беда. Секоја вечер очекуваше да се појави Ставре и да и донесе ронка среќе. Не излегуваше од дома. Последната вреќа брашно ја преточи во качамак и нешто мораше да стори за да се прехрани себеси и дечињата. Последните два дена, наместо со леб се хранеше со варени компири. Потоа гладуваа. Излезе од дома и замотана во црна шамија влезе во продавницата на маџирот. Купи прехранбени артикли и се врати дома. Внатре го затече Гоне Сливаров. Седеше на софрата. Дечињата весело мрдаа на креветот.
“Кое добро те донесе, Гоне?”
“Ќе одиме преку граница. Неколку семејства. До утре да кажеш дали доаѓаш” и рече Гоне и ја напушти собата. Отиде кај Попгоневи. Го затече Коста на софрата. Јадеше. Донка седеше на креветот.
“Добра вечер, стрико Гоне”, му рече Коста. “Повели да каснеме заедно!”
“Се преселуваме преку границата, Донке. Размисли ли! Еднаш веќе разговаравме. Ќе ми кажеш?”
“Каква граница, што зборуваш, стрико Гоне? Зар ќе ја напуштиме земјата, родната грутка?”, се вџаши Коста, скоро не веруваше во зборовите што му допираа до ушите.
“Мораме. Ќе не исколат како кучиња. Штом се смири времето во земјата повторно ќе дојдеме. Ова е наше, синко, и никој нема никогаш да стане стопан. Сега морам да одам. Доцна е. А вие како си милувате. Задутре на полноќ ќе ве чекаме кај Големата Стена. Ако не дојдете до 12 и 30 часот, заминуваме со мисла дека останувате во Костанерија. Збогум”, им рече и излезе. Се врати дома. Вечерта не можеше да заспие. Другиот ден го помина во подготовки. Пред полноќ со сопругата и децата излегоа кришум од куќата и низ бавчите влегоа во густата шума. По еден час стигнаа кај Голема Стена. Местото беше
скришно. Седнаа во една дупка над која се издигаше голема стена. Чекаа.
“Колкумина ќе останат на дофат на ножот на Зинда Нијархос?”, помисли Гоне и се накашла.Наслушна шум. Се скрија зад стената. Гоне ги напрегна очите. По миг ја забележа Евангелија Гаспарова Наковска со дечињата. Едното го носеше на грбот, другото отспреди. Уморна, не ги забележа и сакаше да седне на стената. Гоне излезе од темнината. Евангелија се уплаши. Не писна.
“Ние сме”, и рече Гоне тивко.
“Кога ќе тргнеме? Се плашам за дечињата. Тие се единствената причина што заминувам преку границата”, заплака Евангелија.
Гоне ја помилува по главата.
“Не е време за плачење. Ќе почекаме уште неколку минути и ќе тргнеме.”
Евангелија се смири.
6. “Да тргнеме, луѓе!”, рече Гоне и ја пропушти Евангелија да појде прва.
“Идат Попгоневи”, извика Евангелија.
Попгоневи се придружија на групата. Молчеа. Грабеа низ шумата кон границата. Нозете ги болеа. Изминаа долг пат.
“Стигнавме!”, им рече Гоне. “Оттука натаму е слободата. Долу зад другиот рид е Гевгелија”, им рече и продолжи. Тргнаа и другите. Сите се свртија назад.
“Не гледајте назад толку таговно! Ќе се вратиме штом стивне бурата”, им рече Гоне и продолжи.
Луѓето тргнаа по него. Само дечињата на Евангелија и Ставре гледаа назад. Се насмевнаа нежно и носталгично.
VII
1. Пондилаки седеше на еден поголем сандак на докот што го симна Туши Гонев од прекуокеанскиот брод. Читаше весник. Повремено се накашлуваше. Маноли Стрезовски му подаде цигара. Пондилаки ја прифати цигарата и ја стави во устата.
“Ти не пушиш?”, му рече Туши.
“Ќе истрошам едно цигаре. Да си ги смирам нервите”.
Туши Гонев се насмеа гласно. Пондилаки се насмеа уште погласно.
“Владата на господинот Вулгаракис падна”, им рече и продолжи да се смее. Неговата смеа ги зарази и докерите па и тие почнаа да се смеат.
“Да не ни преседне смеата. Не оди на арно кога многу се смееме”, престана да се смее Туши Гонев.
“Денес е празник. Ќе одиме на плоштадот”.
“Каков празник, Пондилаки?”, праша Туши.
Пондилаки се насмеа.
“Ослободување на Солун”, низ насмевка рече Маноли.
“Тогаш, да појдеме”, предложи Пондилаки и стана од сандакот. Стигнаа во центарот на градот и се слија со другите луѓе кои излегоа да го одбележат денот на ослободувањето на Солун. Толпата носеше транспаренти и извикуваше: САКАМЕ НОВА ВЛАДА и ЗА НОВА ДЕМОКРАТСКА ЗЕМЈА.
“Народот ќе тргне на државата. Ќе му се придружиме ли?”, праша Туши.
“Секако. Каква е оваа држава во која се прогонуваат луѓето што ја ослободија од хитлеристите. Од потпишувањето на договорот во Варкиза, според кој ние Еласитите го положивме оружјето и се согласивме да се спроведат слободни избори, убиени се 750 луѓе, 5.677 луѓе се ранети, 28.450 се малтретирани и 1.528 луѓе се уапсени. Зар се уште ќе прашуваме во каква земја живееме?”
“Каде го прочита тоа?”
“Во весникот. Новинарите пишуваат се. Ние треба само да прочитаме и ќе знаеме се. Да одиме во пансионот. Овие луѓе се луди. Го собрале народот како стадо овци. Власта се презема само со оружје”, рече и сврте на првиот агол. Вечерта ја поминаа во пансионот. Неколку вечери по ред последни го напуштаа пансионот.
“Веќе неколку дена си одиме последни. Да заминеме порано”, им предложи Маноли.
2. “Кој има семејство нека оди! Ние што немаме можеме да се топлиме бесплатно во пансионот”, се насмеа Пондилаки. “Доаѓа Лазарос Пападоглу, нашиот новинар. Сигурно носи нови вести”.
Лазарос Пападоглу беше млад човек. Неговите весели очи ги познаваа сите што доаѓаа во пансионот. Насмеан пријде до масата на која седеа докерите.
“Почна војната. Во Ламија се судриле владините трупи и одредите на самоодбрана. Војската го извлекла подебелиот крај”, им рече тивко и седна на столот што му го понуди Пондилаки.
“Што ви реков”, им рече Пондилаки. Му подаде чаша на Лазарос. Лазарос си налеа ракија во чашата и ја џапна во устата
до капка. Потоа испи уште една не обрнувајќи внимание на докерите кои онемени ги следеа неговите весели движења.
“За демократија!”, им рече Лазарос и ја испи третата чаша.
“Што е со оној силен заем на владата што го зема од Англија?” праша Пондилаки. “Владата ветуваше стабилизација на земјата”.
“Каква стабилизација! Будали! Кој верува во стабилизацијата? За да се преживее, се потребни 400.000 драхми месечно. Работниците добиваат од своите работодавци одвај 30.000 драхми, а чиновниците 60.000 драхми месечно. Владата од Англија зема нов заем. Првиот заем го изедоа”.
“Кој?”, се зачуди Пондилаки.
“Волците. Новиот заем е за средување на војската. Се зборува дека новиот заем Лондон го дал за да се обезбеди и да не и ги врати на Грција златните шипки вредни два милиони фунти стерлинзи, кои беа однесени во англиските банки на чување во почетокот на војната со хитлеристите. Ти, Пондилаки, веруваш во она што го вели владата? Гладот се посигурно навлегува во Солун. Затоа има ката ден штрајкови. Има бунџии. Те видов на годишнината на ослободувањето. Не остана до крајот на прославата. Требаше да видиш што се случи.”
“Слушнавме. Дошла џандармеријата. Се пролеала крв на обете страни”.
“Секој ден се пролева крв. На секое барање леб, полицијата одговара со затвор. Луѓето се во недоумица. Во Солун има многу одбранбени групи. Народот се организира за да го сочува животот. Земјата пелтечи како заразена од чума”.
3. “Новите избори се фалсификувани. Новата влада е монархистичка и аминува на Англичаните. Сабајлината се судриле кај Литохори војската и одредите. Крв ќе потече каква
до сега вековите не паметат не само во Грција и Македонија туку низ цел свет”.
“Ние не сме виновни”, му рече Пондилаки.
“Виновни или не јас морам во редакцијата. Збогум”, им рече шеговито и испратен од Стојос го напушти пансионот.
Стојос беше многу изненаден. Како да заборави на маѓосните очи на Уранија Папајоану. Се врати кај Пондилаки и докерите.
“Што е, Стојосе? Вознемирен си?”, се пошегува Пондилаки.
“Да ги исчистиме пушките. Не чека долг пат”, им рече на Пондилаки и докерите сосема сериозно и се врати во кујната.
На изненадување на сите во пансионот сврати Кољо Бочваров.
“Да го дополнам Лазарос”, им рече. “Се ми кажа. Во Костанерија и мртвите гласаа за монархистите. На списокот имаше имиња кои исчезнаа и умреа уште во 1908 година”, потоа ја прифати нивната молчаливост и замисленост, затворајќи го сосема видикот на своите очи.
Користете ги левата и десната стрелка за да ја свртите страницата.
Испечатено од https://macedonianhistory.ca/mk/narrative/smrt-vo-solun-macedonian/12 на 29 октомври 2026