Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Станете член!

History of the Macedonian People: From Ancient Times to the Present

Front Matter - Part 09

Од Ристо Стефов · Дел 9 од 64 · Околу 19 минути

Читај на English

“Без одлагање, тој (Филип) свикал собрание, го подигнал борбениот дух на своите луѓе со соодветно избрани зборови и ги повел кон територијата што ја држеле Илирите, а неговата армија броела не помалку од 10.000 пешадинци и 600 коњаници. Бардил /Bardylis/ (илирскиот водач) се уште не извршил прозивка на огромните сили кои имал намера да ги води во понискиот дел од Македонија. Затоа понудил мир врз основа на статус кво. Филип одговорил дека мирот е прифатлив само ако Бардил ги евакуира своите војници од сите македонски градови. Бардил не бил подготвен да го стори тоа. Самоуверен од величествениот успех и од бројните победи на неговите елитни илирски војници, кои броеле 10.000 пешадинци и 500 коњаници, тој тргнал да започне битка на отворената рамница на Линкус. Воените крикови на 20.000 војници одекнувале од планините.

Без разлика дали имало претходна битка со коњиците или не, Бардил сфатил дека бил победен во коњицата. За да го заштити крилото и заднината на неговите копјаници од нападите на непријателската коњица, наредил неговата пешадија да формира еден празен правоаголник чиј фронт, кој се соочувал со непријателот, бил составен од неговите најдобри луѓе, а другите страни од помалку вешти војници, сите со лицето свртени кон надворешната страна.

Недостатокот на таа формација лежел во нејзината неподвижност. Иницијативата сега била кај Филип кој веднаш ги уочил добрите страни од еден напад врз крајната лева страна на челото и на левата страна на непријателот. И наредил на својата фаланга да маршира напред во кос агол кон челото на непријателот; неговата десна страна напредувала, а левата заостанувала, па ја концентрирал својата пешадија на неговата десна страна. Кралот и војниците на кралската национална гарда ја предводеле пешадијата на македонското десно крило. Како што им се приближувале на неподвижните Илири, јуришале кон непријателскиот лев фронт со концентрирани спуштени копја (Илирите никогаш пред тоа не виделе копја), комплетно го разбиле аголот од правоаголникот, овозможувајќи и на коњицата да ја нападне растурената формација на крилната страна и одзади. Илирите биле разбиени и се разбегале. Гонењето од страна на коњицата по рамнината предизвикало големи загуби: 7.000 од 10.500 војници. Бардил испратил претставници да бараат мир.

Филип ги закопал мртвите на бојното поле во согласност со македонскиот обичај и ги поставил условите за мир кои вклучувале не само враќање на сите македонски градови, туку, исто така, и предавање на територијата се до североисточниот брег на езерото Лихнида /Lychnitis/. Мирот со Бардил бил зацементиран со бракот на Филип со илирската принцеза Аудата /Audata/.” (Стр. 62, Николас Г. Л.

Хамонд, Чудото што било Македонија).

Северозападна Македонија тогаш била слободна, а сите кантони во Горна Македонија, вклучувајќи ја Линкестија, родното место на мајката на Филип, биле под цврста македонска контрола и биле лојални на својот ослободител Филип II.

Филип бил свесен дека со мала армија од 10.000 војници не може да го брани своето кралство, дури ниту против поразениот илирски водач кој на свое располагање имал побројни резервни војници. За да го обезбеди своето кралство и да создаде фонд, т.е. извор на нови регрути, Филип ги убедил водачите на помалите кралства да му се придружат. На оние кои го сториле тоа, им понудил почесни позиции на неговиот двор.

Со обезбедена западна граница, Филип напредувал кон исток за да го обезбеди басенот на реката Струма, северно од Халкидики. Неговото присуство таму ги алармирало колониите, особено Амфипол, и во паника тие отишле да и се жалат во Атина. Но, Атина, имајќи свои проблеми, била немоќна да дејствува и овозможила Филип да ги спроведе своите операции неослабен.

По неуспешниот обид да осигура сојуз со мирољубиви методи, Филип концентрирал голема војска и го нападнал Амфипол. Употребувајќи го својот модернизиран начин на опсада, со заднинско засилување, тој бил во состојба брзо да се пробие низ тешко утврдените градски ѕидови. “Во 357 година, по пробивањето низ ѕидовите со своите машини за опсада (Диод. 16.8.2), го зазел Амфипол, на тој начин постигнувајќи го, за само неколку недели, она што Атињаните не успевале да го сторат повеќе од шеесет години.” (Стр. 213, Еуген Борза, Во сенката на Олимп, Појавувањето на Македон).

Како што ветил пред опсадата, останувајќи доследен на својот збор, Филип, откако го окупирал, на Амфипол му дал независност под надзор на македонски надгледувачи.

Во текот на истата година (357 година пред Христа)

Филип, наспроти противењето на Атина, го освоил градот Потида на Халкидики. Одејќи кон север, Филип, исто така, ја освоил Пидна /Pynda/, уште еден град-држава колонија на македонскиот брег.

Неколку години подоцна, Филип го освоил градот Метон /Methone/, кој долго време бил атинска база, сместен во близина на Пидна. За жал, таа посебна победа била горчлива и блага едновремено, бидејќи Филип, во текот на опсадата, го изгубил видот на едното око, поради удар со стрела.

Истата година, македонската армија напредувала кон исток во тракиска територија и го зазела градот Кренид /Crenides/ (сместен во близина на денешниот град Драма) кого неговите жители подоцна го преименувале во Филипи. Кренид не бил само вообичаена оддалечена населба и воена база; тој бил и седиште за обработка на златото од рудниците во планините и во заднината, а кои Филип ги присоединил кон македонските поседи. Дел од приходите од откопаното злато бил реинвестиран за исушување на блиското мочурливо земјиште, правејќи го регионот околу Филипи најповолна локација за нов развој. Источна граница на Македонија, која се протегала до реката Места, тогаш била безбедна.

Пред да продолжам со подвизите на Филип кон југ, би сакал, за момент, да направам дигресија и да зборувам за бројните бракови на Филип. Македонската традиција да се обезбедат сојузи преку сколопување бракови, се практикувала долго време пред Филипа. Можеби таа била измислена уште во текот на каменото доба за да се зацврстат семејните врски. Според Борза, најдобриот извор за да се објаснат комплицираните бракови на Филип е биографот Сатир /Satyrus/. Сепак, се сомневам, дека Сатир било кога го сфатил вистинското значење на оваа традиција. Исто така, сакам да разјаснам дека античкото однесување кон браковите нема ништо заедничко со нашето современо сфаќање и со вредностите од бракот. Еве што Борза има да каже:

“Тој се оженил со Аудата, Илирка, и со неа ја имал ќерката Сина /Cynna/. А потоа се оженил со Фила /Phila/, сестрата на Дерд /Derdas/ и на Махат /Machatas/. Потоа, бидејќи сакал да го придобие и тесалискиот народ, пак, врз основа на сродство, добил деца од две тесалиски жени, од кои едната била Никесиполија /Nikesipolis/ од Фера /Pherae/, која му ја родила Тесалоника /Thessalonike/, а другата Филина /Philinna/ од Лариса со која го имал Архидеј /Arrhidaeus/.

Потоа го добил кралството на Молосијаните /Molossians/ исто така, женејќи се со Олимпија. Од неа ги имал Александар и Клеопатра. А тогаш, кога ги освоил Тракија и Котел /Cothelas/, кралот на Тракијците дошол кај него носејќи му ја својата ќерка Меда /Meda/ и многу дарови.

Откако, исто така, се оженил со неа, ја донел во своето домаќинство покрај Олимпија. Потоа, се оженил и со Клеопатра, сестра на Хипострат /Hippostratus/ и внука на Атал/ Attalus/, во која се вљубил. Но, кога ја донел и неа во своето домаќинство покрај Олимпија, целиот свој живот го претворил во конфузија. Веднаш, во текот на свадбената прослава, Атал рекол: “Сега сирурно ќе ни бидат родени легитимни кралеви, а не вонбрачни деца.” Штом Александар го слушнал тоа, го фрлил пехарот, што го држел во својата рака, кон Атал; на тоа, тој, исто така, го фрлил својот пехар кон Аледкандар. По ова, Олимпија побегнала кај Молосијанците, а Александар кај Илирите. А Клеопатра ја родила ќерката на Филип по име Европа.” (Стр. 206-207, Еуген Борза, Во сенката на Олимп, Појавувањето на Македон).

Од бракот на Филип со Поликсена /Polyxena/ (на која Филип и дал прекар Олимпија), во 356 година пред Христа, се родил Александар кој за неколку години ќе стане крал Александар III.

Уште на почетокот на својата кариера, Филип сфатил дека за да се брани против актуелната агресија, му треба армија со цело работно време. Ја изградил својата армија така што оружените сили ги направил начин на живеење за обичниот Македонец. Да се биде војник, станало професионално занимање кое било добро платено и од кое добро се живеело преку цела година. За разлика од порано, кога да се биде војник значело да се има работа со скратено работно време, нешто што мажите го правеле во своето слободно време, на војниците на Филип можело да се смета во било кое време.

На новиот македонски војник му била дадена можноста да развива тимски вештини, единство, кохезија и доверба во племството, квалитети кои му недостасувале на војникот со скратено работно време.

Македонските војници не биле единствените кои профитирале од Филиповите реформи. За армија со цело работно време биле потребни оружје, засолниште, храна и облека. За да се обезбеди сето тоа, требало да се развие цела нова индустрија која вработувала луѓе со разновидни занимања и вештини.

Исто така, сакам да нагласам дека не смееме да го заборавиме општиот придонес на македонското население кое, не само што му обезбедувало војници на својот крал, туку, исто така, му обезбедувало работна рака за обработување на неговите земји и храна за неговата армија, ги градело неговите патишта, изработувало оружја, машини за опсада и бродови. Филип ќе бил беспомошен без поддршката и лојалноста на македонскиот народ.

Со реорганизирана армија, исполнета со самодоверба и опремена со модерно оружје, Филип го свртел своето внимание кон југ. Прво отишол во Тесалија каде постигнал лесна победа. До 352 година пред Христа имал цврста контрола над регионот кој се проширувал на југ, се до преминот на Термопилите. Како дел од мировниот договор со Тесалијците, Филип се оженил со Никесипола, истакната жена од месното население. Таа на Филип му родила ќерка која ја крстил Тесалоника за да ја прослави неговата победа над Тесалија.

Со Тесалија на негова страна, Филип фрлил око на северната врата на градовите-држави кои во тоа време биле добро чувани и бранети од атински, спартански и ахајски сили.

Со обезбедена јужна граница, Филип се вратил во Македонија да се погрижи за работите поблиску до дома. Во 348 година пред Христа, ја испратил својата македонска армија до полуостровот Халкидики и освоил дел од колонијалните земји, почнувајќи од градот-држава Олинт /Olynthus/. Олинт бил голем меѓу северните градови-држави, симбол на моќ што и стоел на патот на Македонија. Филип го ограбил Олинт и неговото население го продал како робови, практика која во тоа време се очекувала од градовите-држави, но не и од Македонците. Како и Метон пред тоа, така и Олинт и околу 31 друг град на Халкидики биле расчистени, а нивните земји биле прераспределени на Македонци. Еден од опљачканите градови бил Стагерија

/Stageria/, родното место на Аристотел. Кога Филип завршил со проширувањето на својата земја со присвојување други колонии, извршил мелиоризација на целиот полуостров Халкидики за своите Македонци.

До 348 година пред Христа, иако Филип контролирал практично се што било на север од Ламинскиот Залив /Lamian Gulf/, тој никогаш не бил вистинска закана за моќните градови-држави на југ. Можеби ги анексирал нивните колонии и им го пресекол пристапот до дел од нивните пазари, но никогаш не бил закана по нивниот начин на живеење или постоење.

Но, 348 година пред Христа работите почнале да се менуваат. Тоа започнало со Филиповата интервенција, во интерес и корист на Тесалија, да го ослободи Делфи од побунетите елементи. Делфи бил религиозен центар чија неутралност била штитена од Амфиктионската лига /Amphictyonic League/, античко и главно религиозно здружение на централните градови-држави. Кога една побунета фракција на Амфиктионската лига избегала од контрола и се заканила по неутралноста не центарот, Филип бил повикан да ги разреши работите.

Филип многу сакал да ги обврзе своите тесалиски сојузници, но во исто време морал да внимава да не ги вознемири Атињаните и Тебанците кои се спротивставувале меѓу себе, ама, исто така, имале свои стекнати права во Делфи. Во таа фаза, еден Атинско-тебански сојуз би бил катастрофален за Македонија и по секоја цена морало да биде избегнат.

Бидејќи веќе бил во сојуз со Теба, Филип размислувал за еден дипломатски потег кон Атина, нудејќи им на Атињаните заедничко учество во отстранување на бунтовниците. За жал, Атињаните во Атина, бидејќи биле сомничави кон мотивите на Филип, одбиле и меѓусебе предложиле да преземат противмерки за сосема да го сопрат Филип да интервенира, ако е потребно дури и со сила. За среќа, пред да биде нанесена било каква штета, мудроста преовладала и Атињаните решиле, најпрво, да разговараат со Филип пред да го нападнат. Бидејќи бил мајстор за дипломатија, мудриот Филип ги убедил постарите Атињани дека не мислел ништо лошо и дека само сакал тоа прашање да биде решено по мирен пат. За да ги смири нив, отишол чекор понапред и лично понудил гаранции за атинската хегемонија над неколкуте региони во близина на Атина, нешто што Атињаните го посакувале долго време.

Последниот предлог на Филип бил успешен и бил целосно прифатен од Атињаните. Тој дури добил поддршка од Демостен, Филиповиот “најверен” критичар.

За жал, она што од Атина било сметано за фер, очигледно било сметано за нефер од Теба и проблемите почнале да се трупаат. За да се извлече од сето тоа, Филип му се обратил на Амфиктинскиот совет и побарал од неговите членови со гласање да ја исклучат од членство групата бунтовници и истата да ја заменат со македонскиот крал. Со тој генијален потег, Филип ја одбегнал блиската војна со Атина, му ставил крај на бунтот во Делфи, го спасил Амфиктини, спречил војна со Теба, напрабил сојуз со Атина, а станал и член на Амфиктинската лига со право на глас. Тоа, навистина, била дипломатска победа, достојна за македонскиот крал.

Антагонистите на Филип, за жал, со сомнение гледале на она што било добро за Македонија. Тука спаѓал и големот атински оратор Демостен. Во 351 година пред Христа, Демостен ја одржал првата филипика, серија говори со кои ги предупредувал градовите-држави во врска со македонската закана по нивната слобода. Неговата втора филипика била одржана во 344 година пред Христа, а третата во 341 година пред Христа, а неговите три олинтиаки во 349 година пред Христа и сите биле насочени кон поттикнување на Атина и на другите против Филип.

Најпозната беседа на Демостен биле третите филипики во кои се зборува дека Филип “не само што не е Грк, ниту, пак, е поврзан со Грците, не е дури ни варварин од било кое место што може да се именува со почести, туку тој е никаквец од Македонија, заразен од чума, каде никогаш и не било можно да се купи пристоен роб” (од третата филипика, 31). Ова се зборовите што го рефлектираат фактот дека античките градови-држави ги сметале античките Македонци како “опасни соседи”, но никогаш како сродство.

Наспроти Демостеновата критика и одржливиот мир, барем тогаш, Филип бил слободен да се врати во Македонија бидејќи имал рамноправно седиште во Советот на власт.

Поголемиот дел од 345 година пред Христа, Филип ја поминал водејќи ја својата армија против Илирите, Дарданците и Тракијците и обично угушувајќи буни. Во 344 година пред Христа, Тесалијците се побуниле, но лесно биле скршени. Во 342 година пред Христа, Филип вмарширал во Епир и го заменил кралот Арибас /Arybbas/ со неговиот млад штитеник и зет Александар (Амакс) /Amaxis/.

Чувствувајќи се поголемо незадоволство кај Атињаните, Филип проценил дека е прашање на време кога ќе избие војна меѓу Македонија и Атина, особено откако Атина го изменила и дополнила Македонско-атинскиот мировен договор, надеваќи се дека тој ќе биде неприфатлив за Филип.

Решен да привлече колку што е можно повеќе градови-држави на своја страна, Филип продолжил да прави сојузи со помалите градови. Бил решен да ги привлече градовите кои биле непријателски расположени кон многу помоќните држави, со надеж да ги подели и да ги ослаби.

До 340 година пред Христа со Атина било стасано до точката од која веќе немало враќање, кога Филип веќе не можел да им угодува на атинските барања за да го одржи мировниот договор, особено откако Атина ги спонзорирала антимакедонските буни во северен Егеј /in the northern Aegean/. Како одмазда за ова последно предавство на Атина, во 340 година пред Христа, додека бил во поход против внатрешните буни на исток, Филип заробил една мала флота на Атина. Тоа била последната капка за Атина и под лично водство на Демостен, Атињаните ги убедиле Тебанците заеднички да и објават војна на Македонија. Послабите држави, немајќи голем избор по ова прашање, исто така, и се придружиле на декларацијата. Она што Филип се обидувал да го одбегне по секоја цена, сега било неизбежно.

Пред да може да им удоволи на своите соседи на југ, Филип морал да заврши некои работи на север. Брзо составил голема војска и вмарширал длабоко во тракиската територија па до 339 година пред Христа го освоил поголемиот дел на Тракија. За жал, не бил во состојба да ги потчини градовите на источниот брег, Византија /Byzantium/ и Перинт /Perinthus/, кои ги издржале дури и неговите најжестоки опсади. Било јасно дека ниту еден од тие градови немало да опстанат ако не била помошта од јужните градови-држави и од Персијците. Иронично, иако Персија, повеќе од еден век била најомразена држава, дури и тогаш градовите-држави застанале на страната на Персијците против Македонците.

Реагирајќи на еден скитијски предизвик, Филип ги напуштил опсадите на источните градови и, во пролетта 339 година пред Христа ги повел своите Македонци подалеку од Тракија. Таму, во близина на реката Дунав, се судрил со Скитијците и постигнал фрапантна победа, крунисана само со смртта на Ареас, скитскиот крал. За жал, при враќањето дома, конвојот на Филип бил нападнат и неговиот плен бил земен од тракиските Трибалци /Triballians/. За време на спорадичните борби, Филип бил сериозно ранет во ногата, што довело да биде осакатен за цел живот. Откако се вратил дома, закрепнувал неколку месеци.

Додека Филип закрепнувал, градовите-држави на југ правеле сојузи и натрупувале голема армија за да извршат инвазија на Македонија. Кога слушнал за тоа, Филип решил дека дошло време директно да се соочи со таа агресија и со тоа предавство да заврши еднаш засекогаш. На 2 август 338 година пред Христа, во долината на плитката река Цефис /Cephisus/, во близина на селото Херонеја /Chaeronea/ на патот кон Теба, двете спротивставени армии се судриле лице в лице. На северната страна биле Македонците на Филип, кои броеле 30.000 пешадинци и 2.000 коњаници, најголемата армија која било кога била собрана. Меѓу генералите-команданти на Филип бил и неговиот 18-годишен син Александар, кој бил одговорен за коњицата. На јужната страна биле здружените Атињани, Тебанци и Ахејци, кои собрале 35.000 пешадинци и 2.000 коњаници, најголема војска што била собрана од инвазијата на Персија.

Речиси изедначени, војските се судриле и, додека битката се разгорувала, македонското десно крило прибегнало кон повлекување. Кога виделе дека Македонците се ослабени, сојузничкиот генерал дал наредба да притиснат, да ги одбијат Македонците и да ги принудат да се вратат во Македонија. Како што Македонците се повлекувале, така сојузничките крила ги растуриле своите воени редови и го започнале гонењето. Не сфаќајќи дека тоа било трик, сојузниците се нашле опколени и биле заклани од коњицата на Александар. Кога се било завршено, најголемиот дел од сојузничката војска, вклучувајќи ја и тебанската Тајна група, лежеле мртви на полињата на Херонеја. Филип подигнал статуа на лав за да го прослави споменот на жртвата на тебанската Тајна група, која ја потврдила нивната традиција и се бореле до последниот човек.

Античките градови-држави и римските историчари битката кај Херонеја ја сметаат како крај на слободата, историјата и цивилизацијата на градовите-држави.

Победоносно, наскоро по битката, Филип продолжил да ги обезбедува своите најнови освоени територии со тоа што стратешки поставувал македонски гарнизони во Теба, Калкија, Амбракија, Коринт и Пелопонез /Thebes, Chalcis, Ambracia, Corinth, Peloponnesus/. Потоа, ги свикал претставниците на сите градови-држави на една голема мировна конференција во Коринт, каде склучил мир со секој од нив. Спарта била единствената која се воздржала. Бидејќи не му претставувала закана, Филип решил да ја остави Спарта на мира.

Филип ги организирал градовите-држави во еден сојуз познат како Лига на Коринт. Тоа бил сојуз помеѓу градовите-држави и сојуз меѓу градовите-држави и кралот на Македонија. Лигата формирала еден посебен сојуз со Македонија, но самата Македонија не била член на Лигата на градовите-држави. Тоа било сојуз кој сите држави, големи и мали, ги третирал еднакво. Обратно, помалите држави барале од Македонија, како голема сила, да им ги гарантира нивните права и опстојувањето меѓу поголемите држави.

Да живее во мир со своите соседи, било токму она што Филип го имал предвидено десет години пред тоа. Тоа можело да се случи преку дипломатија. Дури и во оваа фаза, јас верувам дека Филип сакал да го обезбеди своето кралство на мирен начин и дека тој посегнал по војна откако сите други средства биле исцрпени. Ако некому треба да му се припише одговорност, тогаш истата треба да ја сносат Атињаните поради нивните сомнежи и недоверба.

Откако го осигурил мирот со градовите-држави, Филип почнал да гледа кон неутрализирање на следната голема закана, Персија. Идејата да ја потчини Персија привлекувала дел од градовите-држави, но не сите. Оние кои биле наклонети кон идејата, особено оние кои припаѓале на Лигата на Коринт, го избрале Филип како главен командант на азиската експедициона сила. Оние кои се спротивставувале, особено оние градови-држави чии вооружени силе и команданти сега биле невработени, отишле во Персија да добијат повисоки чинови како персиски наемници и да се борат за пари против Македонците. Според римскиот историчар Куртиј /Curtius/, до времето кога македонската војска стапнала во Азија, сила од 50.000 бојници на градовите-држави веќе и се придружиле на армијата на персискиот крал и се скриле чекајќи да се соочат со Македонците.

Филип, кој повеќе или помалку бил задоволен од завршувањето на работите со градовите-држави, се вратил дома за да се подготви за походот во Азија.

Се вели дека ако било кога Филип направил некаква грешка, тогаш тоа било што се “оженил од љубов”, редок луксуз за било кој монарх, а уште повеќе што пред тоа се женел не еднаш, туку шест пати. Жената на неговата љубов била Клеопатра, девојка од македонското племство. Заслепен од својата љубов кон младата Клеопатра, Филип занемарил да види дека неговиот брак со неа ќе води кон раскинување со Олимпија и до оддалечување од неговиот син Александар.

Олимпија била горда жена и голем заштитник на својот син.

Бракот на Филип со помлада жена и, освен тоа Македонка, ја направило да се почувствува и несакана и занемарена во нејзиниот сопствен дом. За неа, последниот брак на Филип бил срам за нејзината репутација како сопруга и закана по легитимноста на нејзиниот син како наследник на македонскиот престол.

Не знаејќи што друго да направат, Олимпија и Александар заминале во Епир. Веднаш штом ја однел мајка си дома, Александар заминал од Епир и отишол кај Илирците. Оттаму тој преговарал да се врати во Пела каде неговиот татко му простил за неговите недела. За несреќа на Олимпија, бракот на Филип со Клеопатра траел подолго отколку што очекувала и Клеопатра му родила дете.