Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Станете член!

History of the Macedonian People: From Ancient Times to the Present

Front Matter - Part 03

Од Ристо Стефов · Дел 3 од 64 · Околу 19 минути

Читај на English

Илјадници години мајсторите на занаетите ја поседувале тајната на металите од кои правеле скулптури и украси, разубавувајќи ги на тој начин своите градови. Било претскажано дека ако се дозволи тајната за металот (бронзата) да побегне, боговите на мирот ќе ги проколнат луѓето и ќе дозволат илјада години да ги снајде несреќа. За жал, по приближно илјада години такво задоволство, игнорирајќи ги старите предупредувања, старите мајстори станале арогантни и невнимателни и дозволиле да се открие тајната за металот. Никој не можел да го предвиди исходот од она што допрва требало да се случи, особено не питомите, благи племиња кои не знаеле ништо за зло, насилство или крвопролевање.

Кога боговите на војната, кои живееле северно и западно од питомите племиња, ја научиле тајната за металот, исковале моќни оружја. Ветувајќи им моќ и слава, тие ги маѓепсале водачите на племињата да ги употребат оружјата против своите непријатели. Лакомоста и тежнеењето за моќ набрзо ги заслепеле членовите на племињата кои отпочнале со крвопролевање, убивање и уништување. Кога градовите на светлината се претвориле во прав, војните завршиле, а загинатите биле закопани во градови-гробници под површината на земјата каде што нивните коски почивале во мир, невознемирени со векови и векови или додека археологијата не ги откопала.

Во 800 година пред Христа, кога катастрофалните војни конечно завршиле, преживеаните од малите племенски кралства биле слаби, опустошени и ранливи. Едно од тие мали кралства била Македонија. Но, македонската сторија не завршува со племенските војни; напротив, таа тукушто започнува.

Постојат такви кои веруваат дека името “Македонија” првпат било изговорено од децата-воини кои тежнееле да се вратат во своите домови во текот на племенските војни. Она што тие од љубов го нарекле “Македон” не било нивното кралство, туку нивната желба да се вратат во “мајчиниот дом”. “Маке” (мајка) и “дон” (дом) или Македон, како што подоцна му било познато на надворешниот свет, е “мајчиниот дом” за децата на Македонија. Потојат и други стории кои упатуваат на значењето на името “Македон”, но оваа, верувам, е најреалистичното објаснување.

Еден од најстарите извори на докази, напишани на камен на антички македонски фонетски јазик, датира од неолитот, од времето на “Зетс”. Тука сакам да напоменам дека “зет” значи “маж на ќерката”. Од дешифирираните записи произлегува дека зетовци на различни племиња биле инволвирани во некој вид меѓусебен конфликт.

Можеби еден од најкарактеристичните документи, што било кога е пронајден, е текстот изгравиран на еден камен во форма на долга риба, пронајден во Осинчани во близина на Скопје. Натписот на тој камен опишува една битка помеѓу зетовците и кажува како еден зет потчинил друг.

Друг опис, што датира помеѓу 2.100 година пред Христа и 1.200 година пред Христа, ни кажува пофална сторија за тоа како зетот Иг”лал /Ig”Lal/ го уништил кралството Еге /the Ege Kingdom/. (Васил Иљов, стр. 51, 15.08.2000 година, број 580 од списанието “Македонија”)

Уште еден неолитски напис од локалитетот Црна Лома или Илина Гора, во близина на селото Осинчани, ја пренесува следнава порака: “Таа, речта, засега е утеха за мајките на кои војната штета им нанесе”.

Освен Хомеровите епови, ништо повеќе не ја освојува имагинацијата на младите отколку авантурите на античките митолошки богови и херои. Зарем овие богови и херои биле исклучително само Египетски, Грчки и Римски? Токму во ова современите Грци сакаат ние да веруваме.

Спротивно на тврдењата на современите Грци, професорот Ташко Белчев мисли дека митологијата каква што денес ја знаеме, потекнала од животните искуства на многу постар народ отколку античките градови-држави и дека тој народ бил античките Македонци. Античките градови-држави, едноставно, ја преземале митологијата и си ја приспособиле.

Дури и зборот “митологија” доаѓа од античките македонски зборови “мит” и “лог”. Во современиот македонски јазик зборот “мит”, значи “зборување/кажување” или “подмитување” (подмити го), а зборот “лог” значи “логика” или “наука”. Составувајќи ги двата збора доаѓаме до зборот “митолог” или, на современ македонски јазик, “митологија”

– наука за кажување или наука за подмитување на младата имагинација. (Стр. 58, 15 јуни 2000, број 576 на списанието

“Македонија”).

Земајќи ги предвид сите докази, не е тешко да се состави една теорија за тоа како изгледал предмакедонскиот свет.

Веќе многу знаеме за античките градови-држави и како тие се справувале со пренаселеноста и со експанзијата. На пример, како што секој град-држава се зголемувал над капацитетот на градот да го издржува населението, така луѓето биле принудени да го напуштат градот или биле оставени доброволно да си основаат нов град. По должината на морскиот брег никнале нови населени места што ја навестува желбата на луѓето да продолжат да практикуваат сличен начин на живеење. Истиот принцип може да се примени на предмакедонските домордни жители кои живееле во внатрешноста на територијата која денес ја нарекуваме географска Македонија.

За лична заштита и другарување, античките народи своите куќи ги граделе блиску една до друга, слично на оние во денешниве модерни села. Како што населението во заедницата се зголемувало, а капацитетот на земјата да ги издржува се намалувал, така и луѓето се иселувале и започнувале нови заедници. Оваа практика продолжувала непрекинато да се одвива се додека имало простор за проширување. Со време, целото подрачје на Македонија било исполнето со вакви населби. Несопрени од војна, болести и помор, населението се зголемувало и проширувало кон надворешноста. Бидејќи луѓето од различните градови биле меѓусебно поврзани, ги одржувале блиските контакти така што се посетувале, славеле заедно и слично, и на тој начин своите традиции и јазик успеале да ги сочуваат непроменети.

Максималниот број население што еден антички град можел да издржи зависел од способноста на земјата да го издржува истото. Ако едно семејство не можело повеќе да заработува за живот поради тоа што се зголемило, тоа или целото се селело на друго место или се делело на помали делови. Некои членови на семејството се иселувале во помало гратче или започнувале нова заедница на друго место. Новоформираните градови обично биле именувани според името на семејството-основач.

Да се води евиденција за генеалогијата/родословието, било многу важно поради неколку причини. Големината на семејството обично го диктирала општествениот статус во заедницата. Семејната задруга ги штитела членовите на своите семејствата и за возврат очекувала одредена лојалност од нив. Склучувањето бракови помеѓу членови на семејствата било одбегнувано поради тоа што се знаело кој член на кое семејство припаѓа. Во тоа време било вообичаена практика младите момчиња да го напуштат своето семејство, да се оженат и да станат зетовци во други семејства. Врз основа на антички записи, да се биде зет имало свои привилегии, вклучувајќи ја и онаа да се води војна со други зетовци за контрола врз семејството.

Бидејќи балканското земјиште не дозволувало издржување на униформен пораст на населението, група населени места обично се развивале во поголеми градови на плодни низини, опкружени од помали градови на ридовите. Како што постарите населени места растеле и созревале, така тие почнале да тргуваат со другите населени места и развивале сообраќајни патишта, трговија и писмен јазик. Тие, исто така, разбиле и централна администрација, безбедносни сили и именувале централни племенски водачи кои со времето прераснале во племенски кралеви. Со развојот на трговијата надвор од границите на локалната заедница, античките народи дошле во контракт со други народи кои имале нови идеи и иновации.

Со откривањето на металот, биле изработувани моќни оружја, а со тоа крвопролевањето и уништувањето не биле многу далеку. Дури и семејните препирки за ситни нешта се претворале во жестоки и немили сцени. Едно општество кое ги вреднувало сродството и семејството над се друго, имало тенденција да остане здружено, и слободно и мирољубово да влијае на други општества. За жал, околу 1200 година пред Христа нешто страшно тргнало наопаку и избувнала војна меѓу различни групи семејства, што донело четири века смрт и пустош за мирољубивиот народ на предисториска Македонија.

Документирани, но не добро сфатени, се античките “роднински и семејните врски”. Сродството, односно роднинските врски биле многу важни за античкиот народ на Македонија и тие ги рангирале на прво место во својот систем на вредности. Добар пример за ова се браковите на Филип II со различни жени од световите што тој ги присвоил. Браковите биле моќен симбол за осигурување на семејните врски и за ковање моќни сојузи. Оваа традиција можеби денес изгледа бизарна, но тоа била вообичаена практика во античка Македонија.

Од културолошко и лингвистичко гледиште, блиската поврзаност помеѓу античките општества овозможила интеракција, т.е. заемно дејство помеѓу различни народи и ги зачувала нивниот јазик и култура од измени. На ова може да се припише раширеното споделување на заеднички својства и карактеристики на словенскиот јазик на што денес сме сведоци.

До овде, дадов еден краток поглед врз остатоците на еден стар предисториски свет со богата култура и јазик. Изворите на информации на кои се повикувам обезбедуваат вредни докази за постоењето на еден свет кој никогаш порано не бил признат. Исто така, дешифрираните написи и преведените текстови не само што сугерираат дека постоела предисториска цивилизација, туку, исто така, дека народот на тој стар свет се предци на современите Македонци.

Некои од артефактите, како, на пример, написите на камен и преводите на “Илијада”, откриени се и дешифрирани почнувајќи од 90-тите години од минатиот век, но до денес не го свртеле вниманието на вообичаената археологија и палеолингвистиката. Зошто?

Мислам дека постојат неколку причини за ова:

1. Постојат луѓе кои мислат дека работава не е доволно сериозна за да се ангажираат истата да ја земат предвид.

2. Други, особено високо платени администратори, се задоволни со состојбата на status quo и не сакаат да ја влошат состојбата.

3. Сепак, некои мислат дека било какво вклучување од нивна страна може да ја минира целата основа на античката историја, онака како што ние ја знаеме денес.

4. За жал, има и такви, во кои спаѓам и јас, кои мислат дека нормалната античка историја каква што ја знаеме денес, била фабрикувана за да се поддржат политичките цели на големите сили и нивните сојузници од XIX век.

Како што Џорџ Орвел /George Orwell/ еднаш нагласил:

“Оној кој го контролира минатото, ја контролира иднината;

кој ја контролира сегашноста, го контролира минатото”.

Историјата ја пишуваат победниците.

Како што е претходно споменато, кога основата на античката историја била поставена од страна на ревизионистите од XIX век, тоа било сторено за да се помогнат политичките цели. Современа Грција била создадена експресно од страна на Западните сили за да ја смалат експанзијата на Словените. Уште повеќе, Грција била создадена да ги подели Словените и да ја спречи Царска Русија да ја постигне својата амбиција за пловните води на Средоземното Море.

Во својата ревност да ги задоволат своите амбиции, Големите сили од XIX век, можеби без нивно знаење во тоа време, отпочнале едно “балканско премрежје” кое ќе има долготрајни последици за балканскиот народ.

Кога Западните сили вештачки ја создале Грција во 1829 година, ја лансирале на еде н полемичен курс: нејзиниот опстанок да биде единствено можен на сметка на македонскиот народ. Проблемите што се случуваат помеѓу Грција и Македонија денес, не се ништо ново освен уште една фаза во една континурирана и вечна борба.

Грција, Бугарија и Србија генерираат повеќе литература за да го оспорат постоењето на една македонска држава/нација отколку што имаат напишано книги за својата сопствена историја. Тоа, навистина, е тажно, а и толку многу залудно вложен труд.

ГЛАВА 2 - ПОДЕМОТ НА МАКЕДОНИЈА “Историјата многу често се нарекува запис на победниците. Поточна дефиниција би можела да биде дека историјата е “запис како победниците сакаат да бидат видени.” Многу влади, во злобен и низок напор да го оправдаат своето однесување, го искривиле минатото со цел тоа да и служи на сегашноста.” Мајкл Димитри /Michael Dimitri/ Ослабено од племенските војни, малото кралство на Македонија било ранливо на надворешни напади. Луѓето кои со илјадници години не знаеле за војна, по четири века војување, станале уморни и плашливи. Нивните долгогодишни роднини, пријатели и сојузници сега им станале непријатели и ги опколиле од сите страни. Премногу слаби за да им се спротивстават со сила, Македонците од X век пред Христа целата своја енергија ја посветиле на дипломатијата.

Во Глава 1, дадов некои археолошки и лингвистички докази кои упатуваат на идејата дека античките Македонци, вклучувајќи ги и тие од IV век пред Христа, биле од негрчко потекло. Колку и да е спротивно на официјалната историја, овие докази веќе не можат да бидат игнорирани.

Македонците не се осамени во нивната тешка задача правилно да ги постават историските записи. Исто така, има и Словенци, Полјаци, Руси, па дури и Италијанци и Американци кои веруваат дека европскиот континент бил населен од поинакви групи народи отколку оние во кои официјалната историја сака ние да веруваме.

Моја намера е во оваа Глава да дадам повеќе податоци кои ќе го оспорат полагањето право на Македонија од современите Грци, со тоа што ќе докажам дека не само што античките Македонци не биле “Грци”, туку и дека тие биле етнички посебен народ од предисториско потекло. Главниот фокус ќе ми биде анализата на факторите и настаните од X век пред Христа па наваму, кои ги создале условите што ја издигнале Македонија од едно племенско кралстово во една супер-сила.

Четиривековните војни не само што донеле умирање и уништување на предисториските племенски кралства, туку и ги изолирале едни од други. Принудени да бараат патишта за тргување на други места, подалеку од нивните традиционални патишта, завојуваните племиња стапиле во контакт со нови и различни народи и станале изложени на нивните влијанија. Со новите истражувања дошле и надворешните влијанија и изложеноста на нови идеи и нова крв. Племињата што биле најблиску до морето почнале да крстарат по морските патишта, преминувајќи го Медитеранот, а тоа ги донело во контакт со многу понапредни цивилизации отколку што било кога сретнале пред тоа. Освен трговијата, примитивните поморски народи почнале да стекнуваат нови вештини и знаења со кои никогаш пред тоа не биле запознати.

Со време, изолирани едни од други и под влијание на надворешни фактори, завојуваните племиња почнале да се разликуваат етнички и да стекнуваат различни лингвистички и културни карактеристики. Иако можеби споделувале заедничко потекло во минатото, изолацијата и културната еволуција ги направиле посебни и различни едни од други.

Племињата најблиску до Средоземното Море, кои биле под влијание на најнапредните цивилизации од Блискиот Исток, еволуирале во демократски градови-држави со посебен јазик и култура. Од друга страна, народите на копно, под влијание на нивните северни соседи стекнале посебни карактерни особини што ќе биде предмет на оваа студија.

Во корист на современата македонска нација, која од политички причини била експлоатирана од Големите сили и нивните сојузници, мојот интерес овде е да покажам дека македонскиот народ кој живее во географска Македонија денес, спротивно на официјалната историја, се потомци на античките и предисториските Македонци. Македонската лоза опстојала и останала нечепната од предисториските времиња па до денес. Моите аргументи не имплицираат на расна чистота, туку повеќе на културен и лингвистички континуитет. Многу добро се знае дека многу туѓинци, односно натрапници, извршиле инвазија на Македонија и нема сомнение дека оставиле и многубројни свои траги. Но, и покрај сите нивни обиди да го покорат, македонскиот карактер опстанал низ времето.

Потпомогнато од необработениот и тешкопристапен терен, македонското село станало бастион и спасител на македонскиот јазик и култура. Освојувачите на градовите и на плодните земјишта ретко покажувале интерес за селата кои биле сиромашни, сушни, изолирани и тешкопристапни.

Иронично, но етничката сила на Македонија, во бројки, лежи во нејзините села. Секој кој сака да води бизнис во Македонија, мора да ги научи и знае “патиштата на селото”, вклучувајќи го јазикот и културата на селото. Ова е вистината денес, како што била и во времето на Хомер.

Наспроти големите напори на грчките власти во минатиот век да ја искоренат македонската свест во селата, македонскиот јазик и култура опстојале и, со време, повторно ќе цветаат.

Зошто луѓето се уште живеат во практично негостољубиви места? Ова е човеково однесување кое и пркоси на логиката.

Оние кои се родени во такви места, вклучувајќи ме и мене, негуваат необјасанива “длабока љубов” кон нив. И наспроти сите маки и неправди, демонстрираме голем восхит за “нашето парче камен”, но не можеме и да дадеме логично објаснување за тоа.

Мојата поента овде е дека зачувувањето на македонскиот јазик и култура во текот на долгите временски периоди се должи на непопустливата и бескомпромисна природа на македонскиот селанец, чиј начин на живеење во текот на долгите години е врзан за земјата и за старите традиции.

Штом заканата од освојувачот ќе исчезнела, македонскиот јазик и култура како повторно постепено да се ширеле, практично спротивставувајќи се на исчезнувањето. Ова се докажува како точно преку вековната окупација од страна на Грција и петвековното турско ропство. Селата успеале да преживеат бидејќи не претставувале закана и не нуделе големи предности за освојувачите. Да се влијае врз промената на начинот на живеење на селанецот, кој сам се издржува и кој зависи од земјата, за освојувачите било чисто губење време.

Вообичаената историја, освен подвизите на големото македонско царство, нуди многу малку во однос на македонската предисторија. Всушност, Еуген Борза, водечки експерт за историјата на античка Македонија, е првиот кој ќе признае дека не постои синтетизирана идеја за македонската предисторија. “Секој кој е заинтересиран за предисторискиот период ќе стори добро ако се потсети на коментарот на Геер (Geyer), даден пред речиси половина век, дека ‘времето за македонската предисторија се уште не е дојдено’.” (Стр. 283, Еуген Борза, Во сенката на Олимп, Појавувањето на Македон, Њу Џерси, 1990).

Постојат многу историски извори, вклучувајќи ги добро документираните тврдења на Џозеф Гандето дека античките Македонци не биле Грци. За жал, досега не познавам ниеден кој направил било каков обид да објасни кои биле античките Македонци и од каде дошле. Со цел да го објасни потеклото на античките Македонци, ќе треба да се прошири обемот на истражување, а не “само бескрајно да се анализираат Грците”.

Не треба да постои сомневање во било чиј ум дека мнозинството денешни современи Македонци зборуваат на јазик што претставува варијација на словенскиот јазик, имаат култура која е варијација на старо-словенската култура и практикуваат православна (источно православна) религија.

Исто така, не треба да постои сомневање во било чиј ум дека денес Македонија е мултикултурна држава со посебни и единствени обичаи и општествени карактеристики.

Идентитетот, потеклото и времето на доаѓање на малцинствата кои денес живеат во Македонија, може лесно да се пронајдат во настаните од минатото. Петвековното ропство под Турците ги создало турското и албанското малцинство; четиривековната окупација го создала влашкото малцинство, итн. Што се однесува до идентитетот, потеклото и времето на доаѓање на македонското мнозинство, не постојат едноставни и лесни одговори. Повеќето Македонци, вклучувајќи археолози и лингвисти, денес не им веруваат на одговорите на политички мотивираната вообичаена историја и поради тоа тие се разочарани од објаснувањата што таа ги дава.

“Проучувањето на историјата разви еден силен националистички тренд во втората половина на XIX век.

Целта на тоа поле повеќе не беше да се документира развојот на културата и на историјата преку нови и подобрени методи, туку повеќе да се создаде историја која ќе обезбеди културен престиж, па дури и супериорност. Откривањето историски вистини беше од второстепено значење.

Овие идеолошки основи останаа до ден-денес во умовите на многу научници, па дури и цели групи луѓе споделуваат вакви ставови и мислења, како и методи. Повеќето студии за историјата и лингвистиката во Централна Европа обилуваат со вакви националистички ставови, со историчари водени од претходно утврдени цели. Нивна примарна грижа, т.е.

интерес, често е да се задржи верувањето дека Словените не се автохтоно население на Централна Европа. Со трагичните настани во регионот (Југославија) од 1990 година, дебатата станува се повеќе поларизирана, со мала надеж за вистински напредок во развивањето на една вистинска историја на Централна Европа која не и служи на ниту една агенда.

Главната цел на ова дело (книгата “Венети, Првите градители на Европската заедница”) е да го сврти вниманието кон потребата за еден нов став и една нова визија за почетокот на историјата на Централна Европа и, со голема надеж, да промовира непристрастни методи за истражување. Таа претставува молба за поголема отвореност и чесност, како и за признавање на заедничкото наследство на народите на Централна Европа, без оглед на националноста, јазикот и религијата”. (Стр. XI, Предговор од проф. д-р Тарек Ј. Исмаел, Универзитет на Калгари, Канада, мај 1996, Јошко Шавли, Матеј Бор, Иван Томажич, Венети, Првите градители на Европската заедница, Влегување во трагите на историјата и на јазикот на првите предци на Словенците” /Dr. Tareq Y. Ismael, University of Calgary Alberta, Canada, May 1996, Jozko Savli, Matej Bor, Ivan Tomazic, First Builders of European Community, Tracing the History and Language of Early Ancestors of Slovenes/)

За среќа, денес на површина излегуваат докази кои ветуваат расветлување на минатото на Македонија, како дел од едно ново сфаќање за предисторијата на Европа.

На ова место накратко ќе направам дигресија со цел да ве запознаам со дел од новите откритија кои не само што обезбедуваат навестувања за тоа кои биле предисториските Македонци, туку, исто така, ја оспоруваат вообичаената историја во однос на прецизноста во презентирањето на идентитетот на првите Европејци.

Следи еден есеј напишан од Антони Амброжич, автор на неколку дела, вклучувајќи ги книгите “Гордиевиот јазол одврзан”, “Патување назад до Гарумна” и “Збогум Бретања” /Gordian Knot Unbound, Journey Back to the Garumna и Adieu to Brittany/, кој се однесува на преводот на записите врз камења пронајдени насекаде во Европа и кои датираат од предисториско време. Еве што Антони Амброжич има да каже:

“Курганската теорија (the Kurgan theory) за индо-европското потекло, која е широко прифатена уште од XIX век, изложена е на жестоки напади почнувајќи од 70-тите години на XX век и изискува повторно испитување. Нејзина основна пропозиција т.е. сугестија е дека индоевропските почетоци се на северните брегови на Црното Море, онаму каде што денес е јужна Украина. Оттаму, Индоевропејците, главно, сточарски номади, почнале да се прошируваат, а во четвртиот милениум пред Христа го покориле, ако не и сосема искорениле тогашното мирољубиво земјоделско општество на Европа. Како резултат на тоа, индоевропската курганска култура и јазик им биле наметнати на оние земјоделци кои останале на покорениот континент.

Она што ги убедило археолозите и историчарите да ја прифатат оваа теорија толку долго време биле артефактите пронајдени во ископаните гробни насипи (кургани) од XIX век. Курган е кружен гробен насип изграден врз гробна јама што содржи погребни садови, оружје, тела на коњи и едно тело на човек. Било откриено дека првите кургани биле во употреба во руските степи, но во третиот милениум пред Христа се прошириле во источна, централна и северна Европа.

Поддржано од развојното истражување на лингвистичките сличности меѓу постоечките индоевропски јазици, откопувањето на овие кургани ги навело научниците да претпостават заедничко потекло за индо-европските сточаријавачи, кои се уште зборувале на еден меѓусебно разбирлив недиференцијален јазик и во четвртиот милениум пред Христа.