Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Станете член!

History of the Macedonian People: From Ancient Times to the Present

Front Matter - Part 08

Од Ристо Стефов · Дел 8 од 64 · Околу 19 минути

Читај на English

Преживувајќи внатрешни проблеми, феудалните кралски семејства на Тесалија и се обратиле на Македонија за помош.

Александар интервенирал, ја окупирал Лариса и на престолот вратил еден од своите поранешни сојузници. Тоа, за жал, го разочарал другиот сојузник кому Александар, исто така, му го ветил престолот. Бидејќи не бил способен да обезбеди мир со дипломатија, Аледкандар продолжил да ја окупира Тесалија со сила. Фракцијата на власт, разочарана од неспособноста на Александар да ја реши таа безизлезна ситуација, се откажала од Александар и им се обратила на Тебанците за помош. Тие прифатиле без двоумење и донеле војска за да го истераат Александар. Не можејќи да им се спротивстави, Александар се повлекол од целата тесалиска територија.

Незадоволен од неговата неспособност да владее, а особено од начинот на кој постапил со Тесалијците, позицијата на Александар како владетел на домашен план била оспорувана и ставена под знак прашање од Птоломеј /Ptolemy/. Бидејќи не бил способен да го реши предизвикот, Александар се согласил да се донесе надворешен арбитер. На барање на Птоломеј, избраниот арбитер бил еден тебански командант, истиот оној кој го протерал Александар од Лариса.

На крај, спорот бил решен во полза на Александар, но не без цена. Заради сигурност дека Александар нема да преземе никакво дејство против своите ривали, или да ги обнови активностите во Thessaly, истакнати членови на неговото семејство, вклучувајќи го и неговиот најмлад брат Филип II, биле однесени во Теба како заложници. Филип, во тоа време, имал тринаесет години.

Иако го осигурил своето враќање на престолот, Александровите проблеми, за жал, се уште не биле завршени. Бил убиен додека учествувал на една прослава.

Птоломеј, се разбира, бил осомничен бидејќи со тоа тој најмногу добивал. Александар II умрел во пролетта 367 година пред Христа, а владеењето со Македонија му било оставено на Птоломеј.

Се верува дека една жена, по име Евридика, наводно била вклучена во ковањето заговор за атентатот врз Александар.

Во текот на истрагата, било забележано дека пред смртта на Александар, Птоломеј и Евридика тесно соработувале и можеби го планирале отстранувањето на Александар од позицијата. Кога тоа не успеало, тие сковале заговор тој да биде убиен со атентат.

За да добиете претстава која била таа жена, корисен е податокот дека мајка и била ќерка на линкестијскиот крал Архабеј, а нејзин татко бил Сирхас /Sirrhas/, илирски поглавар, односно племенски врховен командант. Евридика станала жена на Аминта III, со еден договорен брак од корист. Нејзината поврзаност со Птоломеј не е позната

(можеби и бил љубовник?), но таа помогнала тој да дојде на власт. Делата на Евридика, иако озлогласени, се врежани во историјата на македонскиот кралски двор како дела на жена со цврста волја и жена која сакала да владее.

Ќе се покаже дека, за разлика од нивните соседи на југ, Македонците покажувале почит и восхит кон своите жени и како водачи, и како рамноправни и дораснати. Всушност, Македонците многу се разликувале од оние на југ, кога станува збор за обичаите, културата и особините.

“Македонците биле потполно здрав народ, обучени не од грчката атлетика, туку, како и Римјаните, од воената служба.

Но, напоредно со тоа она што било позитивно, тие имале и многу груби навики, ... заради кои во очите на Грците изгледале како варвари. Ненаклонетоста била обострана, бидејќи Македонците израснале во една горда заповедничка нација која, со високо развиената национална свест, од високо гледала на Хелените со презир.” (Стр. 26, Урлих Вилкен, Александар Велики /Ulrich Wilcken/; превод на македонски јазик: Славе Николовски-Катин “Александар Македонски”).

Смртта на Александар изгледала како лесна победа за Птоломеј, но всушност факт е дека тоа не било така.

Поврзаноста на Птоломеј со Евридика, позната како предизвикувач на нереди и осомничена дека ковала заговор за атентат на нејзиниот сопствен маж, го довела во неволја.

Иако Птоломеј бил легитимен наследник на престолот, начинот на кој тој го постигнал своето назначување вознемирил многу Македонци. Нови предизвикувачи му се испречиле на патот и наредните три години кралството живеело во немири и превирања.

Еден од најсериозните предизвикувачи бил еден протеран Македонец по име Паусаниј /Pausanias/. Тој собрал мала војска и окупирал делови од централна Македонија.

Неспособни да го протераат, Птоломеј и Евридика побарале помош од Атина. Желна повторно да добие влијание на север и надевајќи се повторно да добие пристап до Амфипол, Атина го прифатила предизвикот и му помогнала на Птоломеј да го протера Паусаниј надвор од Македонија.

Друг предизвик дошол од една фракција лојална на мртвиот Александар која побарала поддршка од Тебанците.

Не губејќи време, моќните Тебанци извршиле инвазија на Македонија и го принудиле Птоломеј во несакан сојуз, наметнувајќи му повеќе услови на неговото кралство и земајќи уште повеќе заложници. Една добра работа што произлегла од овој сојуз било раскинувањето на македонските односи со Атина, ставајќи крај на атинските амбиции за Амфипол и за северот.

Птоломеј умрел во 365 година пред Христа, веројатно, убиен од Пердика, вториот син на Аминта III кој станал нареден владетел на Македонија. Кратко време откако Пердика III бил поставен за владетел на Македонија, го вратил својот помлад брат Филип од Теба. Филип, во тоа време, имал шеснаесет години.

Од спартанскиот пораз во 371 година пред Христа, тебанската сила била во пораст и до 365 година пред Христа била доволно голема за да ја предизвика атинската флота на море. Да се биде тебански сојузник под такви услови, имало свои предности. Во замена за македонската дрвена граѓа, Тебанците биле волни да обезбедат долгорочни гаранции за безбедноста на Македонија, како и за заштита на нејзините гранични интереси, особено против атинското мешање во Амфипол. Но, Атина воопшто не била планирана во таа дарежливост на Тебанците, па таа си имала свои лечни планови. Кога една силна атинска поморска војска се појавила во Термичкиот Залив /Thermaic Gulf/ и започнала да одзема македонски пристаништа и да го загрозува суверенитетот на Македонија, Пердика брзо и попуштил на волјата на Атина. Кога бил информиран дека Теба ќе ја нападне атинската флота, Пердика повторно размислувал за поддршката на Атина и истата ја повлекол. Освен тоа, се вратил на поранешното спротивставување на желбите на Атина за Амфипол. Очекуваниот напад на тебанската морнарица, за жал, никогаш не се остварил, но тоа не го спречило Пердика да продолжи да им се спротивставува на Атињаните на секаков можен начин.

Тукушто војната почнала да се стабилизира на јужната граница, еден сериозен напад на Илирите се случил од север, вовлекувајќи ја војската на Пердика во втор судир. Со своите поделени сили, Пердика го издржал главниот удар на двата фронта. Неговата војска, добро обучена и опремена, можела успешно да се справи со предизвикот. За жал, среќата го напуштила Пердика и тој бил убиен во една од битките.

Пердика III умрел во 360 година пред Христа, бранејќи ја својата татковина. Како и неговиот татко пред него, и тој го оставил кралството во безредие. Тогаш, останало неговиот помлад брат Филип да ги исправи работите и да ја среди состојбата.

Филип II го заменил својот брат Пердика III како владетел на Македонија во 360 година пред Христа. Филип бил потполно свесен дека за Македонија да постигне мир и економски просперитет, треба да се ослободи од надворешното влијание и од постојаните препирања и заткулисни борби. Филип, исто така, бил свесен дека тоа било можно само преку силна одбрана.

Мое убедување е дека историчарите погрешно го сфатиле Филип II. Имајќи ја предвид ослабеноста на неговото кралство и неговото искуство во еден свет на немири и метеж, единствената желба на Филип била поврзана со безбедноста на неговото кралство. Од неговите дела, а не од зборовите на други, можеме да видиме дека почетните амбиции на Филип не биле освојувачки, туку одбранбени.

Неговата идеја да постигне сигурност и мир била преку градење на една заштитна зона или тампон зона околу целото негово кралство. Она што го направило Филип да биде навистина голем, бил фактот што тоа го постигнал економично, за релативно краток временски период.

Само од неговите дела секој може да види дека Филип немал амбиција да ги “обедини” државите-градови, туку дека повеќе претпочитал да им ја искорени нивната желба да се мешаат во неговите работи. Филип знаел дека со уништување на способноста на непријателот да води војна, неговиот непријател нема повеќе да му претставува закана.

Од она што античките автори Диодор Ликул (Diodorus Liculus) ни го велат, Филип не бил обичен човек. Кога бил однесен како заложник во Теба, имал само тринаесет години, а сепак на толку рана возраст бил повеќе заинтересиран за работите на тебанската влада и војска, отколку да си игра со неговите врсници. На возраст од четиринаесет години, Филип ја проучувал опремата и тактиката на тебанската армија, вклучувајќи ги и елитните тајни групи. На осумнаестгодишна возраст, во 364 година пред Христа, му била дадена војска од Македонци за тој да им командува.

По смртта на Пердика, Филип бил повикан на македонскиот двор каде му била дадена функција водач на армијата. “Филип ги знаел Македонците како војници и тие го знаеле него кога го избрале не за крал (таа функција му била дадена на Аминта IV, малиот син на Пердика), туку како чувар и заменик на кралот како врховен командант.” (Стр. 58, Николас Г. Хамонд, Чудото што било Македонија).

Постои мало несогласување помеѓу Хамонд и Борза во однос на наименувањето на Филип. Борза (и други) верува дека Филип можел да биде именуван за крал, не чувар на Аминта.

Во секој случај, Филип бил тој кој го презел владеењето од Пердика и кој ја подготвувал својата армија да го брани неговото кралство. Со Илирите, Пеонците, Тракијците и Атињаните, кои биле подготвени да нападнат секој миг, никој не можел да предвиди што се ќе се случи. Но, како што Диодор ни кажува, Филип директно се справил со сите прашања. Првиот акт на Филип како владетел било да ги подмити Пеонците и Тракијците. Но, за да се справи со Атињаните, Филип морал да научи да го користи својот дипломатски шарм. Атина имала многу стара амбиција да го поседува Амфипол, а нејзините мотиви биле многу јасни.

Повторно разуверувајќи ја дека нема да се меша во нејзините работи, Филип си купил време да продожи со реорганизирањето на неговата армија и со градење на неговата база за политичка моќ.

По неколку успеси во неговата реорганизација, Филип добил можност да ги тестира своите војници на дело. Во текот на летото 358 година пред Христа умрел пеонскиот крал и можноста да ја обезбеди северната граница сама му се појавила. Еден краткотраен поход на Филип му донел одлучна победа и безбедна северна граница.

Илирите, кои вршеле упади, биле следните на неговиот список и затоа им се обратил со предупредување да ја напуштат западна Македонија или тешко ним. Сместени на врвот од западните планинин на Линкус /Lyncus/, агресивните Илири биле уверени и сигурни дека ќе можат да си продолжат по старо и ги игнорирале предупредувањата на Филип. Всушност, тие биле толку сигурни во победа, така што на Филип му дале дури и противпонуда “мир или статус кво”. На Филип не му било до забава и битката почнала. Со изедначени сили, Македонците храбро се бореле и ја десеткувале илирската војска, донесувајќи му на Филип уште една победа. “Противниците биле изедначени по сила; секоја страна имала по околу 10.000 пешадинци, со тоа што Македонците биле нешто подобри во коњаници, 600 наспроти 500. Повеќе од 7.000 лежеле мртви на бојното поле, според нашиот извор, Диодор (Стр. 202, Еуген Борза, Во сенката на Олимп, Појавувањето на Македон, Њу Џерси,

1990 година).

Дали таа надмоќна победа била резултат на Филиповата супериорна воена обука, на неговата тактика или едноставно на преголемата увереност на Илирите? По моја проценка, од оваа временска точка, таа била комбинација од сите три причини. Таа победа против непријател од кого се плашела, не само што ја спасила Македонија, туку на Филип и на неговата војска им ја дала потребната сигурност дека може да се справат и со поопасни непријатели.

Филип не губел време и почнал со неговата реорганизација истиот ден кога го презел владеењето со своето кралство. Наспроти она што историчарите тврдат, јас верувам дека главната мотивација на Филип за повторна изградба на неговата армија била да се создаде силна и трајна одбранбена бариера околу неговото кралство.

Македонија, која Филип ја наследил, била опкружена со воинствени, агресивни племиња кои сакале војна. Визијата на Филип била да постигне мир преку силна одбрана. За да го постигне тоа, морал да ги потчини агресивните елементи околу неговото кралство и да се осигура дека тие нема да кренат глава. Тука било и прашањето со поголемите сили кои немало да се согласат со една силна и голема Македонија и кои би го предизвикале само за да си ги заштитат своите интереси и опстанок.

Како што искрснувале проблемите, така Филип ги користел своите извонредни таленти да вара решенија. За да се бори со помоќен противник, Филип морал да измисли подобри воени стратегии и супериорни оружја. За да зачува траен мир, на Филип му била потребна добро обучена, професионална и редовна армија со полно работно време. За да ги држи во покорност своите непријатели, му било потребно да ги разбие нивните воени капацитети и да спречи тие повторно да ги изградат. Сите овие фактори биле комбинирани за да ја продуцира најголемата воена сила што античкиот свет некогаш ја видел.

До времето на Филип, војниците биле селектирани од племството и обично живееле и се обучубале дома, а биле повикувани на служба пред битка. Филип, од друга страна, издигнал и ригорозно обучил професионална армија со полно работно време. Освен тоа, Филип ја комбинирал употребата на пешадијата и коњицата во координирани тактики на начини кои никогаш пред тоа не биле применети.

Во однос на оружјето, Филип го искористил искуството од Теба за да ги зајакне своите воени техники и да создаде модерно оружје за неговата армија. Најефикасното оружје била македонската фаланга која користела копја од шеснаесет до дваесет стапки, познати како сарисас /sarissas/.

Копјето било направено од дрен, додека врвот бил остро метално сечиво со должина од една стапка. Фалангата користела правоаголен или кос борбен распоред на војници, а секој од нив држел копје под рака накосено под агол.

Првиот ред ги држел копјата паралелно со земјиштето, додека последователните редови ги подигнувале малку нагоре. Копјата, кои биле со должина од дваесет стапки, се протегале пет реда вон првиот ред војници што ја правело фалангата да биде непробојна тврдина составена од многу остри копја. Предниот и задниот ред војници носеле оклоп на телото и тешки штитови, додека внатрешните редови не носеле оклопи, туку носеле само лесни штитови.

Наспроти популарните противречни верувања, на Филип му требало долго време да ја трансформира својата армија во една ефикасна борбена машина. Многу време било потребно да се регрутираат мажи, да се развие администрацијата, да се акумулираат финансии, да се обучуваат војници и да се добие искуство на терен, пред неговата армија да биде подготвена за сериозни ангажмани.

“Новата македонска армија се истакнувала поради нејзината голема брзина на движење, поради многустраноста во тактиките и оружјето, и поради координираноста на коњицата со пешадијата. На крај, не може да има сомневање дека невообичаени вештини во командувањето со поединци и со целата војска, совршено се создале, се рефлектирале и се продлабочиле во македонската војска, како што кралевите и мажите се надополнувале едни со други”. (Стр. 205, Еуген Борза, Во сенката на Олимп, Појавувањето на Македон, Њу Џерси, 1990 година).

Да не го заборавиме придонесот на македонскиот корпус од инженери кои ги направиле плановите за величествените машини за опсада кои го прославиле Александар.

Повторно морам да нагласам дека нема докази кои укажуваат дека Филип поседувал конзистентна политика за изградба на империја, или пак планови за освојувања надвор од неговите лични потреби за да го обезбеди своето кралство. Филип, едноставно реагирал на настаните онака како што тие се развивале и, судејќи од неговите акции, тој повеќе претпочитал да употребува дипломатија отколку сила. Верувам дека тоа се омразата и недовербата на државите-градови што му дале на Филип лоша репутација.

“... било тоа лоша среќа по Филипа за противник да го има највештиот оратор од неговата ера, а најголемиот број класичари од деветнаесеттиот и од дваесеттиот век, импресионирани од моќта на Демонстеновата ораторика, го гледале Филип како варварин, решен да ја прекине слободата на грчките градови-држави.” (Стр. 198, Еуген Борза, Во сенката на Олимп, Појавувањето на Македон, Њу Џерси,

1990 година).

“Во овој најкритичен момент во македонската историја, Филип, кој тогаш имал дваесет и четири години, дејствувал со запрепастувачка енергија и вештина. Со брилијантните подвизи на оружјето и со најсуптилната и препредена дипломатска вештина, тој брзо успеал да ги отстрани опасностите и однадвор и одвнатре и наскоро со акламација бил прогласен за крал од страна на македонската војска.

Во првата година од неговото владеење, Филип постигнал највисоко ниво во својата моќ. Неговите извонредни способности како генерал, државник и дипломат, кој го овозможил тој брз и темелен спас на државата, исто така, ни ги објаснуваат и врвните успеси во неговата кариера. Сепак, големината на овој човек не била сфатена се до деветнаесеттиот век. Причината не е само тоа што неговата слава била затемнета од величествените достигнувања на неговиот син Александар. Споменот за него, исто така, трпел и од тоа што најголемиот оратор што Грција го дала, Демостен, бил негов политички противник. Тој страсно го напаѓал во неговите неспоредливи говори, а, во интерес на неговата политика, од омраза на Атињаните им претставувал искривена слика за Филип “варваринот”. Посебно во ерата на красицизмот, сите биле заслепени од убавите реченични пасуси на Демостен и прифаќајќи ги истите буквално, сите суделе за животното дело на Филип, единствено од гледиште на Атина, а тоа, исто така, произлегувало од гледиштето на Демостен. Тоа било нагласено од страна на политичките тенденции од тој период. Бартолд Џорџ Нибур /Barthold Georg Niebuhr/ чувствувал многу силна омраза кон Филип во кого, во својата живописна концепција за историјата, гледал паралела со Наполеон и, пред Аустерлиц, објавил превод на првите филипики на Демостен за да создаде политички ефект против галските бунтовници (Gallus), што се гледа од мотото кое тој го прилепил во преводот. За да се постигне праведна оценка за Филип, историската наука требало, најпрво, да биде ослободена од атинското – Демостеново гледиште.

Само современото истражување кое, следејќи го водството на Ј. Г. Драјзен, има се поголема и поголема тенденција да тргне од правилното гледиште; македонскиот крал Филип мора да биде оценет според стандардот само на македонските интереси.

Ако го сториме тоа, Филип стои пред нас како еден од големите владетели во светската историја, не само поради тоа што тој ги поставил темелите за подвизите на неговиот уште поголем син Александар, врз кои Александар, во согласност со својата генијалност, создал еден нов свет, туку, исто така, и како човек, сам по себе, со далековидни цели и постигнувања”. (Стр. 27-29, Урлих Вилкен, Александар Велики).

Поривот да го обезбеди своето кралство, го однел Филип на запад до Орестис /Orestis/ и /Lincus/ каде подигнал одбранбени бариери и создал нови граници кои до ден-денес ги одбележуваат западните граници на географска Македонија. Во 357 година пред Христа, на југ, Филип барал и обезбедил сојуз со Епир, делумно запечатен со неговиот брак со Олимпија, внука на епирски врховен командант и многу важна фигура за македонската иднина, и делумно со тоа што го земал братот на Олимпија, Александар, во македонскиот двор. Бидејќи бил Филипов штитеник, долгорочно земено, Александар самиот се покажал како добар сојузник на Македонија.

Македонските соседи на север и на југ со големо сомнение ги гледале сите тие добри работи што се случувале во Македонија. Она што се случувало дотогаш било само прелудиум на нештата што ќе дојдат, а главните битки за Филип допрва требало да бидат водени.

ГЛАВА 5 - ФИЛИП II – НАЈГОЛЕМИОТ ОД СИТЕ ЕВРОПСКИ КРАЛЕВИ Филип II е роден во 382 година пред Христа во Пела, главниот град на античка Македонија и владеел со Македонија од 359 до 336 година пред Христа. Филип бил најмалиот син на кралот Аминта III и Евридика.

По смртта на Аминта III, стабилноста на Македонија почнала да опаѓа, бидејќи Александар II, и подоцна Пердика III, неуспешно се бореле да ја сочуваат негибната, т.е. цела.

Нестабилноста била предизвикувана, главно, од надворешните напади од соседните Тракијци, Илири и од јужните градови-држави. Тракијците окупирале делови од источна Македонија, додека Илирите се заканувале од подалеку од северозападна Македонија. Теба, најмоќната воена сила во тоа време, често се мешала во македонските работи, додека колониите на Халкидики претставувале пречки за македонскиот економски просперитет и често биле закана по македонската безбедност.

Од она што Диодор Сикул /Diodorus Siculus/ ни кажува, додека Тебанците го држеле Филип како заложник од 368 до 365 година пред Христа, тој покажувал необичен интерес за проучување на нивните воени техники и оружја. Филип бил особено заинтересиран да го разбере борбениот стил на елитната тебанска Тајна група, што подоцна ќе стане важно за неговата кариера, при реформирање на неговите оружени сили. Откако Филип бил ослободен од Теба, по барање на неговиот брат (Пердика III), тој веднаш почнал да ги спроведува своите реформи и да ги реорганизира македонските оружени сили.

За жал, пред Филип да заврши со ова, умрел неговиот брат.

Додека се борел со Илирите во северозападна Македонија, Пердика III бил смртно ранет и умрел во битката. Уште полошо, во текот на истата битка, Македонците претрпеле деморализаторски пораз, губејќи околу 4.000 војници кои го сочинувале поголемиот дел од македонската армија.

Победоносните Илири навлегле и ја окупирале севернозападна Македонија. Сместени високо на планината Линкус, станале закана и за самото постоење на македонското кралство.

Наименуван од македонската армија, по смртта на својот брат, Филип се искачил на македонскиот престол во најтешките времиња. Неговото кралство практично било на работ на пропаста, а неговите соседи, чекајќи како мршојадци, имале намера да стават крај на неговото постоење. Освен вообичаените закани однадвор, Македонија била дополнително ослабена од внатрешните раздори.

Претенденти одвнатре сакале да го узурпираат македонскиот престол за себе. Некои од нив биле поттикнати и потпомогнати од странски сили. Наспроти огромниот притисок, 21-годишниот крал не се обесхрабрил и наскоро ги демонстрирал своите способности не само како компетентен владетел, туку, исто така, и како вешт дипломат.

Кратко време откако ја презел контролата над своето кралство, тој го подмитил тракискиот крал со подароци и го убедил да го егзекутира првиот македонски претендент кој, во тоа време, се криел на тракискиот двор. Вториот претендент, поддржан од Атина, го поразил во битка.

Внимавајќи да не ги вознемири Атињаните, ги смирил со потпишување договор со кој им го отстапил Амфипол. За нешто повеќе од една година ги отстранил сите внатрешни закани и го обезбедил своето кралство со тоа што цврсто се сместил на престолот.

Решен да ја ослободи северозападна Македонија, во 358 година пред Христа, Филип ја ставил својата реформирана армија на тест и се борел со Илирите лице в лице во една жестока борба. Оставајќи ги настрана сите стравови од претходната битка, моќната македонска армија се соочила со легендарните Илири и постигнала убедлива победа. Илирите се разбегале во паника оставајќи 7.000 мртви, речиси три четвртини од нивната армија.