History of the Macedonian People: From Ancient Times to the Present
Front Matter - Part 07
Што се однесува до ширењето кон исток, Македонците не биле единствените кои посакувале да ги поседуваат тракиските земјишта со рудно богатство. Откако Персијците се повлекле, соседите на Александар од југ исто така дале на знаење дека и тие сакаат удел. Но, Александар бил првиот кој го направил својот потег и ја окупирал напуштената крестонска /Crestonian/ територија, ридски регион помеѓу вардарската рамнина и струмичката долина. Тракијците, кои не ги сакале Персијците, претпочитале да ги напуштат своите домови отколку да му се потчинат на персиското владеење, оставајќи ги своите земји незаштитени. Со новостекнатата територија, дошле и богатите рудници за сребро Дисорон /Dysoron/, кои ќе го обезбедуваат толку потребното сребро за македонската ковачница на пари.
За жал, Атина не била задоволна од потегот на Александар.
Во 476 година пред Христа една атинска експедиција била испратена да ја освои долината по долното течение на реката Струма, подрачје што некогаш било витална персиска база за снабдување. Откако ги поразила и ги протерала Персијците и локалните Тракијци кои останале, Атина го населила подрачјето со околу 10.000 Атињани. Тоа навистина било проблематично за Александар и до 460 година пред Христа конфликтот помеѓу Македонија и Атина бил блиску. Изгледа дека Атињаните се подготвувале да извршат инвазија на Македонија. Но, пред да ја добијат својата шанса, побунетите Тракијци, кои не го ценеле атинското присуство на нивните земјишта, особено не на оние кои се населиле, ги нападнале и им ја уништиле нивната војска. Оваа последна конфронтација не само што ја спасила Македонија, туку индиректно создала нов тракиско-македонски сојуз. Што се однесува до Атињаните, за наредните десет години, или приближно толку, тие ги пренасочиле своите интереси кон југ и запад, оставајќи ги Македонија и Тракија сами.
Херодот изгледа дека молчи за последните години на владеењето на Александар, но веројатно не се случувало ништо што било значајно или вредно за да се запише. Се верува дека Александар починал од старост, во 454 година пред Христа, на возраст од 80 години.
Владеењето на Александар траело 43 години, од 497 до 454 година пред Христа Тој бил татко на најмалку шест деца.
Три биле машки и легитимни наследници на македонскиот трон, но Пердика бил тој кој се издигнал над сите нив и станал владетел и крал.
Она што започнало како интереси на Атина во егејското крајбрежје за да се заштити Балканот од персиските инвазии, со време се претворило во Атинска Империја. До втората половина на 450 година пред Христа, Атина го експлоатирала регионот за нејзини лични економски и воени интереси.
Истовремено со Александровата смрт, Атина им се вратила на своите интереси на север и почнала да увезува повеќе доселеници. Нејзините планови биле да ги насели северните и источните брегови на Термичкиот Залив /Thermaic Gulf/ во близина на делтата Вардар-Галик /Galik/. Тоа навистина бил смел потег бидејќи нејзиното крунско достигнување не се материјализирало до формирањето на Амфипол /Amphipolis/ во 437 година пред Христа. Не можев да најдам никакви иформации а македонската реакција на тоа, но убеден сум дека Пердика, исто така, не бил среќен. Не е познато дали Пердика бил пријател на Атина пред ова, но потоа тој сигурно станал непријател. За да бидат работите полоши, Атина започнала кампања против Пердика со тоа што отворено ги поддржувала неговите непријатели, вклучувајќи ги побунетите фракции во рамките на неговото сопствено семејство. Влогот за Македонија бил голем. Атина била моќна империја, премоќна да биде воено предизвикана.
Освен тоа, таа била добар муштерија за македонската дрвена граѓа и (црна) смола – муштерија кого Пердика не можел да си дозволи да го изгуби. Ако ништо не направи, Пердика би можел да ризикува да ги изгуби рудниците Дисорон, нешто што, исто така, не можел да си го дозволи. Атина, од друга страна, можела да профитира со тоа што ќе ги добие рудниците и можела да изгради своја сопствена индустрија за дрвена граѓа на македонска земја ако Пердика не сторел ништо да ја запре.
Како што се покажало, Атина немала намера да започне војна со Македонија. Наместо тоа, таа верувала дека со поддршка на побунетите фракции во рамките на династијата Аргеад, таа би можела да го држи Пердика дома зафатен, и тоа премногу зафатен, за да ги забележи атинските упади во басенот на реката Струма, каде што таа се надевала да изгради нејзина сопствена индустрија за дрвена граѓа.
Поради ваквото предавство на Атина, Пердика се соочувал со побуни и немири во текот на две декади. Премногу слаб за да преземе било што, им дозволил на Атињаните да продолжат непрекинато да го населуваат регионот.
“До 432 година пред Христа, Пердика и Атина не се согласувале и нивното непријателство довело до отворање на северните плотуни на Пелопонеската војна. За да се соочи со атинската политика усмерена против неговиот трон, Пердика, осетлив на настаните кои се наталожувале во Грција, се обидел да започне една општа војна со инволвирање на Атина во непријателствата против Пелопонежанците, особено против Спарта. Ги охрабрил Коринтјаните да го поддржат револтот на нивната лојална колонија Халкидики /Chalcidic/ во Потида /Potidaea/, која била даночен обврзник на Атина барем од 446/5 година и тој го предизвикал востанието против Атина кај Халкидијците и Ботиеканци /Bottiaecans/. Тоа претставувало агресивна надворешна политика и за чудење е како Пердика се надевал да ја поддржи истата со сила.” (Стр. 141-142, Еуген Борза, Во сенката на Олимп, Појавувањето на Македон, Њу Џерси,
1990 година).
Како што можело да се претпостави, реакцијата на Атина била брза и решителна. Во почетокот на летото, во 432 година пред Христа, Атињаните испратиле ударна војска да го нападне Пердика и да го задуши востанието. Кога пристигнале, Атињаните сфатиле дека нивната сила е премногу слаба да ја изврши задачата. Тие запомниле што им се случило последниот пат кога се судриле со Тракијците.
Разумно, никаква битка не отпочнала.
Атинскиот командант побарал засилување и кога тоа стигнало, им се придружиле на побунетите Македонци надевајќи се дека ќе го отсечат Пердика од Халкидики.
Знаејќи дека не може успешно да ги ангажира, Пердика ги убедил своите сојузници да ги напуштат своите одбранбени позиции и да побегнат во планините. Иако била на сигурно, во планините, Македонско-халкидиската коалиција се уште не можела да и парира на зајакнатата атинска војска, но за среќа, времето било на нивна страна.
Засегнати за своите сопствени интереси, Коринтјаните интервенирале така што испратиле војска да ги нападне Атињаните. Во контекст на овој противнапад, Атина се откажала од своите планови и наместо да го нападне Пердика, таа му се обратиле нему за помош. Но, тоа било само уште едно предавство што Атина го смислила за да ја растури македонско-тракијската коалиција. На крај, Атина, навистина, победила, ама одвај.
Потоа, Атина го свртела своето внимание кон задушување на востанијата на Халкидики и го оставила македонскиот крал сам. За жал, несигурниот мир имал своја цена. Пердика бил принуден да ги напушти своите сојузници и да ја повлече својата поддршка што ја давал на Халкидики.
Поради неговата соработка и поради неговото ветување дека ќе ги штити интересите на Атина на север, Атина ги вратила окупираните земји кај Терма /Therme/ и ја повлекла својата поддршка што им ја давала на побунетите фракции во семејството на Пердика.
Ваквиот несигурен однос меѓу Македонија и Атина не траел долго. Во 492 година пред Христа, Атина повторно се подготвувала да ја нападне Македонија, овојпат со помошта на Тракијците. Во исто време, Атина го притискала Пердика на отстапки, со тоа што се спријателувала со врховните команданти на тракиското племе со убави подароци и искажувајќи големо почитување. Атина планирала да направи Тракијците да ја нападнат Македонија од север, а нејзината флота да нападне од југ. Тракијците навистина направиле како што се очекувало и се појавиле зад Родопските Планини, навлегле во Македонија и напредувале кон долниот дел од Вардарската Долина. Бидејќи биле помалубројни, Македонците избегале во планините и повторно се групирале на своите традиционални упоришта.
Борза верува дека таа последна промена во однесувањето на Атина кон Македонија била провоцирана од тајните односи на Пердика со непријателите на Атина – со Пелопонежанците. (Стр. 146-147, Еуген Борза, Во сенката на Олимп, Појавувањето на Македон, Њу Џерси, 1990 година).
Овојапат, Атина била решителна да ја уништи Македонија и еднаш засекогаш да се ослободи од тие наметливи Аргеади, но околностите, сепак ќе ја лишат од таа победа.
Додека Тракијците напредувале кон Ега, прилично бројна коњаница од западна Македонија пристигнала точно навреме за да ги одбие. Војската не била доволно силна да ги совлада Тракијците, ама таа доволно ги заплашила за да го запрат нивното напредување. Иако не се развила никаква битка, нападот на Тракијците бил спречен.
Проблемите дома ги спречиле Атињаните да испратат флота, така што нападот од југ никогаш не бил реализиран.
Со Тракијците кои скитале по македонските низини, Пердика знаел дека ќе нема лесно решение, па затоа прибегнал кон дипломатија и им понудил на Тракијците мирољубив излез. За да им покаже дека е искрен, понудил брак меѓу неговата сопствена сестра Стратоница /Stratonice/ и внукот на еден од тракиските врховни команданти.
За жал, проблемите на Пердика не завршиле. Една нова закана почнала да се појавува, овојпат внатрешна, од самата Македонија. Не можев да најдам никакви информации кои подробно го опишуваат проблемот, но во 424 година пред Христа кралот Архабеј /Arrhabaeus/ од Линкестија /Lyncestia/ (битолско-охридски регион) му станал непријател на Перкика.
Неспособен сам да го совлада, Пердика побарал помош од Спартанците кои, пак, очајно барале сојузници на север.
Здобивајќи се со помошта на еден тесалиски пријател, Пердика бил во можност да обезбеди премин за 1.700 спартански пешадијци преку Тесалија. Кога Атина го насетила тоа, таа веднаш реагирала со тоа што ги прекинала односите со Македонија и пратила засилувања кон нејзините колонии на Халкидики. Се уште очајни да стекнат сојузници, Спартанците, кога пристигнале во Линкестија, наместо да го нападнат Архабеј како што се договориле со Пердика, побарале од него да стане сојузник на Пелопонез. Бидејќи му било дадено да избере помеѓу борба со Спартанците или да им се придружи, Архабеј го избрал ова последново и се согласил да финансира дел од спартанскиот напад. Архабеј бил привремено поштеден, но Пердика не бил задоволен од исходот.
Ослабени на северните граници, Спартанците го истуриле својот бес така што ги опустошиле атинските градови и воените бази, т.е. претстражи. Како резултат на тие средби, Атина, во иднина, ќе ја преиспита својата политика во однос на смели потфати кон север.
Несреќен поради спартанскиот исход, Пердика се свртел кон Илирите кои биле повеќе од среќни за да го потчинат Архабеј. Но, откако пристигнале во Линкестија, Илирите се предомислиле. Наместо да го нападнат Архабеј, тие решиле да му се придружат и да го нападнат Пердика. Кога војската на Пердика го насетила тоа, војниците излегле од редовите и панично побегнале во планините.
Тогаш Пердика западнал во сериозна неволја. Освен Атињаните, Пердика сега имал уште тројца непријатели повеќе кои му се приблежувале на неговото кралство – Архабеј од север, Спартанците од југ и суровите слободни илирски борци. Што ќе стори Пердика?
ГЛАВА 4 - ИЗДИГНУБАЊЕТО НА МАКЕДОНСКАТА ИМПЕРИЈА Пердика внимателно ја разгледал својата ситуација и решил да оди кај Атињаните за помош. Бил сигурен дека Атина ќе го поздрави неговото сојузништво само за да им се спротивстави на Спартанците. Секако, атинските генерали на Халкидики ја прифатиле понудата на Пердика, но не без услови. За да го осигури сојузништвото, Пердика на Атина требало да и даде ексклузивно право на неговата индустрија за дрвена граѓа и да и се придружи во борбата против Пелопонежаните. Пердика, двоумејќи се, ги прифатил и ги испочитувал спогодбите.
Што се однесува до Архабеј, Атина му понудила договор за пријателство и можност да ги надмине разликите со Пердика. Спартанците, пак, од друга страна, откако ја изгубиле финансиската помош од Пердика и Архабеј, пропорционално ги намалиле своите походи. Освен тоа, Пердика го искористил своето влијание и ја убедил Тесалија повеќе да не им дозволува премин на спартанските засилувања преку нејзина територија.
Зделката што Пердика ја добил од Атина можеби изгледа дека е повеќе наклонета во корист на Атина, но таа имала свои предности за македонскиот крал. Присуството на Атињаните го одржувало мирот и стабилноста во регионот, а со губењето на Амфипол, Македонија станала главниот добавувач за дрвена граѓа на големиот атински пазар. Не можев да најдам никакви информации за тоа што се случило со илирските платеници-убијци, но сигурен сум дека по губењето на поддршката од Архабеј, тие се вратиле во Илирија.
Во текот на целата Пелопонеска војна, Пердика го оджувал своето сојузништво со Атина и се обидувал да не биде вплеткан во аферите на Атина. Во 421 година пред Христа, Атина склучила мировен договор со Пелопонежаните и повторно стекнала контрола врз делови од нејзината северна империја. Иако Пелопонежаните го одобриле договорот, Халкидијците, кои повеќе претпочитале автономија отколку окупација, не го сториле тоа . Војната траела се додека Амфипол не добил своја независност. Пердика, пак, во меѓувреме успеал да се држи понастрана и избегнал да биде инволвиран во конфликтот.
Кога мирот стапил на сила, моќта на Атина повторно почнала да расте што ги вознемирувало Македонците. Но, Пердика не бил единствен што бил загрижен. Чувствувајќи ја самодовербата на Атина на север, Спарта, во 418 година пред Христа, се обидела да и контрира на Атина со врбување на Пердика во една Македонско-пелопонеска алијанса. Атина, од друга страна, се надевала на една Атинско-македонска алијанса. Изгледите да го изгуби Пердика, особено негово евентуално преоѓање на непријателска страна, ги разбеснело Атињаните. Атина сметала на македонска помош за нејзината флота да може да ја предизвика Халкидиската коалиција.
Во врска со спартанската понуда, Пердика внимателно ги разгледал своите опции и решил да и се придружи на Пелопонеската алијанса. Како казна, во зимата во 417 година пред Христа, Атина го блокирала јужниот македонски брег и ги стопирала сите испораки на дрвена граѓа. Блокадата не ја повредила толку Македонија колку што ја повредила Атина, па затоа во 414 година пред Христа бил постигнат нов договор, а Македонија и Атина повторно станале сојузници.
Пердика починал една година подоцна, а го наследил неговиот син Архелај /Archelaus/ во 413 година пред Христа.
Владеењето на Архелај, кое траело приближно 14 години, од 413 до 399 година пред Христа, било малку постабилно од она на неговиот татко. За разлика од татка си, Архелај и останал лојален на Атина, што му обезбедило сигурен пазар за неговата индустрија за дрвена граѓа и сигурност што му била потребна во грижата за должностите дома. Архелај ја задржал политиката на неговиот татко во однос на Линкестите и Илирите по должината на западната граница и успеал да ги држи под контрола. По должината на источната граница, отсуството на атинското влијание и опаѓањето на тракиската моќ на Архелај му гарантирале можност да добие контрола над Базалтија /Basaltia/ и нејзините вредни рудници.
Поради политичките и општествените промени во Тесалија, на Архелај му била дадена можност да интервенира во корист на владејачката фракција за што бил награден со жителство на Лариса и со земјиште на Перхибија /Perrhaebia/, важна стратешка локација на запад од Олимп која ја поврзува Македонија со Тесалија.
Што се однесува до внатрешните промени, Архелај извршил поправки на патиштата, изградил утврдувања во руралните подрачја, ги зајакнал влезните пунктови во Македонија и ја модернизирал својата армија. Но, најважно, на Архелај му се оддава призание што главниот град на Македонија го преместил од Ега во Пела. Аегеа се уште останал кралски град, ама Пела станала кралска резиденција на Архелај и административен и воен центар за неговото кралство.
Главната причина што градот Пела станал главен град била неговата стратешка местоположба во рамките на македонското кралство. “Најголемиот од сите македонски градови во античко време, Пела, бил изграден на ниска висорамнина каде планината Пајко се спојува со мочуришното земјиште од централната рамнина и онаму каде што патот Виа Егнација го обиколува северниот раб на мочуриштата. Пела можела да биде (или била) морско пристаниште, бидејќи, во тие времиња, највисокиот дел од Термичкиот Залив /Thermaic Gulf/ се проттегал во рамнината. Стратешката местоположба на Пела, која лежела на главниот пат исток-запад, во близина на западниот брег на Вардар /Axios/ и дала важност која подоцна била надмината само од Солун (Salonica).” (Стр. 41-42, Еуген Борза, Во сенката на Олимп, Појавувањето на Македон, Њу Џерси,
1990 година).
Архелај ја избрал Пела за свој главен град бидејќи му давала лесен пристап до многу водени патишта кои ќе му обезбедат премин кон пошироко подрачје, а не само кон централната македонска рамнина. Пела била изградена според проект, се распространувала на еден мрежен план, со користење блокови со приближна димензија од 100 метри на 50 метри. Со археолошките ископувања, на локацијата била откриена “една низа богато украсени приватни куќи со добро избработени подни мозаици... Овие големи мозаици од троскот, кои ги формирале подовите на собите и ходниците на вилите во Пела, отсликувале разни сцени, вклучувајќи го Дионис како јава пантер, лов на лав, една Амазонка и величествен лов на елени...” (Стр. 170, Еуген Борза, Во сенката на Олимп, Појавувањето на Македон, Њу Џерси,
1990 година).
Преместувањето во Пела бил првиот чекор за Македонија на патот кон нејзината големина. Пела станувала импресивна македонска политичка, воена и културна локација, која со време ќе стане родното место на Александар III, најголемиот освојувач што било кога живеел за да ја стекне титулата
“Велики”.
На ова место би сакал да напоменам дека Архелај, исто така, е заслужен за формирањето на уникатниот македонски Олимписки фестивал што се одржувал во Дион /Dion/, во чест на богот Зевс и на музите. Дион било важно место каде Македонците учествувале во нивните олимписки игри, драмски натпревари и каде прославувале многу свои религиозни обреди.
Архелај бил случајно застрелан во тек на еден лов во 399 година пред Христа и умрел од здобиените рани. Неговата прерана смрт предизвикала хаос во аргеадската династија речиси шест години, време по кое Аминта III се појавува на површина како водечка фигура која ќе биде нареден владетел на Македонија. Аминта III бил правнук на Александар I.
Разнишаноста на македонското кралство поради прераното и неочекувано заминување на Архелај, била сигнал за македонските непријатели да го направат својот потег. Само што седнал на престолот во 394 години пред Христа, Аминта имал несогласување со Илирите. Дури од инцидентот помеѓу Пердика II и Архабеј од Линкестија, илирско-македонските непријателства биле во пораст. Состојбата кулминирала во 394/93 година пред Христа кога една моќна илирска војска ја нападнала и навлегла во Македонија, протерувајќи го Аминта од неговиот престол и надвор од неговото кралство.
Само со голема дипломатија, концесии на земја и со помош од Тесалијците, Аминта успеал да ги смири Илирите, што му овозможило да се врати на престолот. Како што се покажало, Илирите ненадејно ја нападнале Македонија поради плен, а не поради политичка добивка, што било вообичаена практика во тие времиња.
Овојпат Аминта бил задоволен, но неговите непријатели биле премногубројни за да дозволат случајност да ја води неговата судбина, па затоа напорно работел да воспостави сојуз со своите непосредни соседи на југоисток, со градовите на Халкидики. Договорот, потпишан во очај, изгледа дека бил едностран во корист на халкидиските градови. Но, тој бил неопходен за Аминта, ако Македонија сакала да опстане.
Слободни да се послужат со македонската дрвена граѓа и црна смола, халкидиските градови станувале се побогати и посилни, со секоја измината година. Чувствувајќи се непријатно поради тој неправеден сојуз и поради рамномерното зајакнување на илирската моќ, Аминта не бил среќен со Халкидијците и се почувствувал принуден да бара нови сојузници.
Во 386 година пред Христа, тој го направил својот потег и преку својот усвоен син, кој бил оженет со ќерката на еден истакнат тракиски врховен командант, Аминта воспоставил контакт со Тракијците. Претчувствувајќи го Македонско-тракијскиот сојуз, Илирците ја заобиколиле Македонија и тргнале против Епир. Во 385 година пред Христа, Илирите го нападнале Епир, несвесни дека тоа ќе провоцира противнапад на Спартанците. Спарта брзо реагирала и навлегла во регионот. Овој смел чекор бил загрижувачки не само за Македонците, туку и за Тесалијците кои наскоро ќе станат волни партнери на еден Македонско-тесалискиот сојуз.
Откако ги обезбедил своите западни граници, Аминта своето внимание го насочил кон лакомите халкидиски градови. Откако искористиле многу од тој неправеден сојуз, Халкидијците не биле воодушевени да го прекинат истиот.
Кога Аминта им се обратил на Спартанците за помош,открил дека тие биле подготвени да станат партнери. Една здружена спартанска војска, под спартанско водство, била испратена од Спарта и стигнала во близина, во летото 382 година пред Христа. Со мала македонска и тракиска помош, Спартанците ја нападнале Халкидиската лига (Chalcidic League), но, не можеле да ја совладаат. Спартанскиот комадант повикал зајакнување и во 381 година пред Христа нападот бил обновен и до 379 година Халкидискиот сојуз се распаднал.
Атина и нејзините сојузници него одобрувале спартанското присуство на Халкидики, па затоа приближно за една година бил формиран нов и помоќен Анти-спартански сојуз.
Доволно паметен за да не биде фатен на страната која губи, Аминта полека се повлекувал од Спартанскиот сојуз и почнал се повеќе да се приближува кон Атина. Новата поврзаност не само што ја зацврстила безбедноста на Македонија, туку, исто така, го вратила стариот и доверлив муштерија за дрвената граѓа и за (црната) смола. За жал, никогаш немало “добра” поврзаност со “јужните соседи” без некоја стапица. Наскоро по воспоставувањето врски со Македонија, Атина побарала Аминта да ги поддржи нејзините барања за контрола на Амфипол. Тоа изискувало целосен пресврт во македонската долговечна позиција која секогаш била за поддршка на независен Амфипол. Да и се даде на Атина контрола врз Амфипол, претставувало катастрофа која чекала да им се приближи на македонските економски и политички интереси.
Оставајќи ги односите во своето кралство нерешени, Аминта III умрел во 370 година пред Христа (веројатно од атентат извршен од неговата поранешна жена?), оставајќи го својот престол на неговиот најстар син Александар II.
“Декадата во 360 година го турнало кралството на Македонија во нова династичка криза, интензивирана со континуираните надворешни закани. На почетокот од своето владеење, Александар бил принуден да ги поткупи Илирите, иако е проблематично дали тој, исто така, го предал и својот брат Филип (идниот Филип II) како заложник.” (Стр. 189, Еуген Борза, Во сенката на Олимп, Појавувањето на Македон, Њу Џерси, 1990 година).
Хамонд верува дека Филип бил илирски заложник пред да им биде предаден на Тебанците. Но, Борза верува дека хронологијата на настаните не го поткрепува тој настан.
Новиот поход на Илирите против Македонија не започнал додека не завршила зимата во 370/69 година пред Христа.
“Во текот на една година (368 година, според хронологијата на Хамонд), Филип бил испорачан како заложник на Теба (Thebes). Не е за верување дека принцот Филип бил толку изманевриран (но што е тоа што ги натерало Илирите да се откажат од него?), хронологијата е премногу оскудна, а нашиот најдобар извор за Филип, Диодор /Diodorus/, дава мешани сигнали во врска со илирското заложништво.
Грифит /Griffith/ (HM 2: 204 n. 5), исто така, се соменва за Филип во Илирија.” (Стр. 189, Еуген Борза, Во сенката на Олимп, Појавувањето на Македон, Њу Џерси, 1990).
Младиот Александар немал доволно искуство да одржува едно силно и стабилно кралство, или да обезбеди било какви перманентни сојузи. Му била дадена можност во Тесалија, но не можел да ја искористи.
Користете ги левата и десната стрелка за да ја свртите страницата.
Испечатено од https://macedonianhistory.ca/mk/narrative/istoriata-na-makedonskiot-narod/7 на 29 октомври 2026