Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Станете член!

History of the Macedonian People: From Ancient Times to the Present

ГЛАВА 7 - АЛЕКСАНДАР III – ГОСПОДАР НА АЗИЈА Победата кај Ис означила нова ера - Part 04

Од Ристо Стефов · Дел 17 од 64 · Околу 19 минути

Читај на English

Во ноември 326 година пред Христа, Александар ја поделил својата војска во две колони, се качил на бродовите и го започнал своето патување по течението на реката Џелум. Звукот на трубите го дале сигналот да започне веслањето, додека секоја колона ги заземала своите позиции на спротивните брегови од реката. Кратер командувал со колоната на десната страна, а Хефестион командувал со таа на левата. Имало голем метеж додека пилотите ги извикувале командите за веслање и додека веслата едногласно плискале по водата, привлекувајќи ги гледачите кои дошле да го видат спектаклот и да им пеат на војниците на нивното патување. За жал, не било се добро и пред флотата да стаса до реката Ченаб (Chenab), Александар примил информации дека неколку племиња, најбројните и највоинствените, се подготвувале да војуваат со него подолу на реката. Александар, во тоа време, не бил сигурен на кое место ќе се води битката, па затоа ја намалил брзината надолу по Џелум, надевајќи се дека ќе го помине спојот на бурните води онаму каде што Џелум се спојува со Ченаб.

Но, како што се утврдило, немало никаков знак од непријателот кај спојот на реката. Сепак бурните води нанеле големи оштетувања и многу бродови морале да бидат поправени. Додека траеле поправките, војската се влогорила во близина на бреговите, давајќи му време на Александар да состави план за битката. Непријателската територија била затворена помеѓу реките Ченаб и Рави, а една безводна пустина ги заштитувала нивните населени места.

Најлогичниот и најефикасен метод да се дојде до нив било низводно по реката Ченаб. Александар очекувал дека и непријателот ќе размислува на истиот начин, па затоа неговиот план вклучувал и мало изненадување.

Откако завршиле поправките, Александар ја поделил својата војска на три колони. Првата колона ја презел тој и ја повел по колно, преку пустината, право во срцето на непријателската територија. Втората колона, под команда на Хефестион, била испратена низводно по реката Ченаб. На третата колона, под команда на Кратер, и било наредено да ја држи територијата во близина на устието на реката Рави.

Александровата копнена колона наишла на голем отпор и отпочнала крвава битка кога тој тргнал во јуриш и освоил неколку градови. Многумина се обиделе да побегнат, но биле пресретнати од Хефестион и Кратер. Во текот на јуришот врз еден од градовите, Александар бил ранет.

Додека се искачувал по ѕидот на еден замок, бил жртва на непријателска стрела која се забила во неговите гради.

Мислејќи дека е прободен, неговите војници му дале оддишка на својот бес врз непријателот, но тој возвратил со иста таква суровост.

Александар бил положен врз неговиот свет штит и на носила го однеле на неговиот брод. Веста за неговата наводна смрт секавично се ширела, разжалостувајќи ги војниците. Но, на Александар не му било судено да умре и, откако стрелата била извадена, брзо се освестил. Сепак наспроти сите разуверувања, неговите луѓе не биле убедени се додека тој не застанал на нозе, не излегол од својот шатор и не се качил на коњ за да може од далечина да го види секој.

Кога виделе дека нивниот крал е жив, на војниците им се вратила радоста и нивните извици одекнувале низ целата земја. Неговите војници, од сите страни, дошле да го видат, да се ракуваат со него и да му ја покажат својата љубов. Но, најизненадувачко од се била реакцијата на неговиот непријател. Ненадејното “воскреснување” на Александар од мртвите, предизвикало ужас и паника меѓу непријателските војници со висок чин, што довело до масовно предавање.

Дури и непријателските племенски кралеви доброволно и понизно и се потчиниле на волјата на Александар.

Откако Александар закрепнал од раната, флотата продолжила по својот курс, надолу по реката, додека не стигнала до реката Инд каде Александар основал друг град, што го нарекол Александрија (на устието). Веќе било февруари 325 година пред Христа, а Александар стасал на половина од своето патување по реката. Вториот дел од патувањето, исто така, бил немирен како и првиот дел, дури имало и повеќе војувања додека целиот регион не бил освоен. За среќа, Александар веќе имал развиено репутација на жесток борец и многу племиња биле против војување со него и биле помирливи. Но, појужно имало други племиња кои биле под влијание на брамините и жестоко возвраќале.

Откако постигнал победа, Александар строго ги казнил брамините така што некои од нив биле обесени за поттикнување немири и нивното влијание врз населението да се крене на востание против него.

Било јули, 325 година пред Христа, кога Александар пристигнал на делтата на реката Инд и се влогорил за да се одмори во градот Патала. Тука Александар размислувал за патувањето што го однело од Кашмир, преку целиот регион на Панџаб, до Индискиот Океан. Индија била голема, богата и плодна земја, а сега таа припаѓала на Македонија.

Додека Александар бил зафатен со освојување нови земји, неговите научници и истражувачи биле зафатени со испитување на егзотичните растенија и животни на земјата, со проучување на индискиот политички и религиозен систем и рудните богатства на оваа пространа територија. Освен учењето за Индија, големо знаење било пренесено и во спротивен правец. Бидејќи биле многу понапредни во металургијата, Македонците ги научиле Индијците како да го топат своето сребро и злато. Македонците, пак, го споделиле и нивното знаење за медицината и уметностите, особено за вајарството. Бидејќи претходно бил доведен во заблуда од географијата, Александар исто така цврсто решил да ја исправи таа заблуда.

Додека се одморал во Патала, Александар и неговите советници се зафатиле со барање воден премин од Инд во водите на реките Тигар и Еуфрат. Александар испратил експедиции да ги истражат западните и источните притоки на делтата на реката Инд, надевајќи се дека ќе најде сигурен премин. Било тоа токму во текот на таа експедиција кога Македонците за првпат искусиле ненадејна и застрашувачка осека на океанот. Откако утврдил дека источната притока на реката Инд била најлесна за пловење, Александар ископал бунари и подигнал складишта за житото за неговата флота по целата должина на брегот пред да се врати во Патала.

Дотогаш, веќе привршувал август во 325 година пред Христа, и Александар бил желен да тргне. Додека на адмиралот Неарк и на флотата им било наредено да чекаат додека не заврши монсунската сезона, Александар заминал од Патала за да изврши подготовки за снабдување на флотата со намирници за по патот. На својот пат, Александар повторно наишол на отпор и морал да потчини повеќе племиња пред да тргне на запад. Откако назначил еден Македонец за сатрап за до го чува регионот безбеден, Александар го оставил Хефестион назад со наредба да изгради друг град по име Александрија. На брегот, пред да сврти кон запад, Александар го оставил Леонат (Leonnatus)

одзади со наредба да ја чека флотата и да изгради уште еден град со име Александрија.

За дополнително да го обезбеди патот на дотур за неговата флота, Александар и неговата војска свртиле на запад во пустината Гедросија (Gedrosian Desert). Можеби тоа било едно од најтешките патувања кои Александар и неговата војска ги искусиле. Намирниците, особено водата, почнале да се намалуваат и војската многу страдала. Но, сепак, дисциплината не била скршена бидејќи офицерите и самиот Александар страдале заедно со луѓето. Александар дури одбивал да пие вода ако немало доволно за сите. Неговите војници го почитувале тоа и не сакале да дозволат да го разочараат. Патувале ноќе, бидејќи било премногу жешко преку ден, и многу умреле од исцрпеност, дехидрираност и глад. Прибегнале кон убивање на своите животни, вклучувајќи и коњи, за да преживеат. Пустината била сосема пуста и сува и локалното население опстојувало само од морска храна, што се состоела, главно, од школки.

На Александар му требале шеесет дена да ја премине пустината пред да стигне во Пура, главниот град на Гедросија. Тој марширал пешки заедно со своите војници и со нив ги делел намирниците, храброста, како и истрајноста.

Покажал голема почит кон своите луѓе и не се однесувал кон нив како кон обични војници, туку како кон другари. Таков човек бил Александар. Тој секогаш на своите луѓе им го давал она што им требало, дури и во најтешки околности, што го демонстрира неговиот вистински карактер како личност и неговите чувства за неговите Македонци. Не е познато колку луѓе изгубил Александар во пустината, но според античките извори (аријски), голем е бројот на оние кои умреле. Дури и во такви времиња, научниците на Александар правеле паузи за да набљудуваат и запишуваат податоци за животот на пустинските растенија. Пура била како рај за преживеаните кои, со изобилна храна и пијалаци, брзо закрепнале од тешкото искушение.

Со освојувањето на Гедросија, целото Александрово потчинување на Азија било комплетирано. Веќе било почеток на декември 325 година пред Христа, и Александар повторно бил во движење, упатувајќи се на запад кон Карманија /Carmania/ каде претходно се договорил да се сретне со Кратер. Пред неговото заминување војската била поделена, а Кратер бил испратен да оди за Карманија преку друга маршрута каде очекувал да се сретне со главната војска. Кратер тргнал по северниот пат, преку преминот Болан (Bolan Pass), и свртел западно покрај Кандахар (Александрија во Аракозиа) /Alexandria in Arachosia/, каде се борел пред да сврти за Карманија. Овде, копнените војски повторно се споиле и се снабдиле со животни и намирници од локалниот сатрап. Пред да замине, Александар организирал празнување во знак на благодарност за неговиот успех во Индија и што ја преминал пустината Гедросија.

Тука, исто така, Александар ја примил веста дека флотата морала да замине еден месец порано отколку што било планирано, поради промената во однесувањето на индиското население, кое станало непријателски расположено по заминувањето на Александар. Според извештаите, патувањето по вода веројатно било поуспешно отколку патувањето по копно, без загуба на екипажот, освен оние кои страдале од лошата храна и вода. Со исклучок на една незначителна престрелка, морнарите не се соочиле со никаков вооружен отпор.

Како Александровите, така и научниците на адмиралот Неарк никогаш не пропуштиле можност да спроведат научно проучување на локалната флора и фауна, како и да ги запишуваат обичаите на домородното население по должината на индискиот брег. Тоа било тука кога Македонците за првпат виделе китови. Патувањето по вода, за жал, не било крстарење од задоволство и продолжената изложеност на опасностите од водата и недостатокот од соодветна исхрана, покосиле многумина.Кога конечно се истовариле на копно и се сретнале со своите другари, тие биле ослабени, запуштени и тешко препознатливи. Неарк и малкумина други први излегле пред флотата за да рапортираат за своето пристигнување. Кога Александар се поздравил, дури и пред да разменат еден збор, бил обземен од очај и шокиран од здравствената состојбата во која се наоѓале. Мислејќи дека тие биле единствените преживеани од флотата, неконтролирано заплакал. Кога Александар конечно се прибрал и кога Неарк го информирал дека флотата е безбедна, Александар плачел уште повеќе, но сега од радост. Затоа приредил славје со дарувања од благодарност за нејзиното безбедно враќање. Кратко време потоа, Неарк и се придружил на флотата во конечното патување за градот Сус. Хефестион бил испратен по јужниот пат за Персија за да снабди намирници, додека Александар, со лесно вооружни војници, тргнал по северниот пат кој водел директно во градот Пасаргада.

Било јануари 324 година пред Христа и тоа била втора Александрова посета на градот Пасаргада. Изминале повеќе од пет години откако последен пат го посетил градот, но на Александар тоа му изгледало како вечност. Последниот пат кога влегол во градот Пасаргада бил само македонски крал, но овојпат бил големиот крал кој ги надминал не само обичните смртници, туку и легендарните богови. За жал, неговите постигнувања не можеле да го сочуваат мирот во неговото царство. Неговото продолжено отсуство оставало впечаток дека тој е или мртов, или нема да се врати.

Мислејќи слично, многу од неговите персиски сатрапи станале бунтовни, напаѓајќи ги македонските гарнизони, пљачкајќи ги македонските замоци и, главно, малтретирајќи ги неговите поданици.

Александар сега се вратил и требало да ги казни оние кои се свртеле против него, со цел да ги исплаши другите за да не го сторат истото. Казнувајќи ги строго, се надевал дека ќе ги предупреди останатите дека такво однесување нема да се толерира.

Во еден случај, егзекутирал еден сатрап заедно со неговите следбеници за узурпирање на титулата голем крал. Во друг случај, го мачел свештеникот одговорен за еден гроб кој бил опљачкан. Во Персопол, Александар наредил еден човек да биде обесен за узурпирање на сатрапијата (намесништвото)

на претходно назначениот сатрап кој поради тоа умрел.

Пеукест (Peucestas), Македонец кому не му пречеле персиските обичаи и кој го научил персискиот јазик, го заменил обесениот персиски сатрап.

Според Аријан /Arrian/, по неговото враќање во Персеполис, Александар бил многу тажен откако видел какво уништување предизвикал кога бил таму последниот пат. Бил погоден и кога ја сфатил симболичната вредност на вековно старите згради и замоци што тој ги изгорел до темел, а сега засекогаш биле изгубени. Тој го сторил тоа поради градовите-држави, за да им се освети за злосторствата на Ксерксес. Гледајќи ги руините и изгорените остатоци од она што некогаш било голема цивилизација и, сфаќајќи што сторил, го обзело чувство на големо каење. Градовите-држави сега биле само далечна мисла за која воопшто не се грижел, која сега воопшто веќе и не му значела. Во текот на последните години поминати во Азија, Александар сфатил дека има многу богати цивилизации, многу подалеку отколку што тој некогаш можел да замисли. Идејата на градовите-држави дека Азија е населена со нецивилизирани и недостојни варвари била само еден тесноград концепт кој повеќе бил одраз на градовите-држави, отколку на Азијатите.

Ефектите од неговите освојувања не го промениле карактерот на Александар, како што многумина тврделе.

Она што се променило било неговото перцепирање на новите светови кои тој ги сфаќал и ги почитувал.

Во февруари 324 година пред Христа, Александар заминал од Персеполис и отишол во градот Сус каде повторно се споил со Неарк и со флотата. Тука повторно морал да се справи со непокорните сатрапи. Александар го назначил Харпал, негов другар од детството, за благајник на Екбатана, во 330 година пред Христа. Харпал избегал со голем дел од Александровото богатство и го потрошил за својот екстравагантен стил на живеење.

Додека престојувал во градот Сус, а тоа било во пролетта и летото во 324 година пред Христа, Александар ја поддржал идејата за мешани бракови. За да покаже дека бил искрен, ја оженил Статеира (Stateira), ќерката на Дариј. Убедил дел од своите офицери и војници да се оженат за туѓинки и ги наградил со подароци и чеиз.

Овојпат, Александар, исто така, ги амнестирал сите прогонети (околу 20.000), освен оние кои биле криминалци, дозволувајќи им да се вратат во своите домови. На оваа наредба градовите-држави и се покориле со вознемиреност.

Особено на Атина не и се допаѓала оваа наредба, бидејќи мнозинството од тие 20.000 биле политички прогонети и раселени лица од тој регион.

Во текот на летото 324 година пред Христа, Александар заминал од градот Сус и се упатил кон Екбатана. Голем дел од својата војска, на чело со Хефестион, ја пратил да напредува кон реката Тигар, додека тој и неговите лесно вооружени единици отпловиле по реката Еулеј (Eulaeus) кон Персискиот Залив. Откако го разгледал пејзажот и задоволувајќи ја својата желба за пловење, Александар тргнал по реката Тигар и му се придружил на Хефестион во Опис (Opis). Пред да стаса во Опис, во близина на Вавилон, Александар решил да ги обелодени своите идни планови за реорганизација на својата војска. Една од неговите цели, која станала коска на раздорот кај Македонците, повикувала на пензионирање на македонските ветерани за кои Александар сметал дека веќе не можат да се борат поради старост или поради истоштувачки рани. Неговата војска не ја примила веста убаво, особено не идејата да ги загуби своите почитувани ветерани. На Александар му се заканувала побуна. Намерите на Александар можеби биле благородни, но неговите луѓе не гледале така на тоа. За некои изгледало дека Александар постепено ги исклучува конзервативните Македонци само за да ги замени со странци. Дотогаш, Александар неколкупати ја доградувал својата војска со странски регрути, главно, од Персија. Македонците се бореле со нив во минатото и не биле среќни што ги имаат во своите редови. На конзервативните Македонци им изгледало дека Александар сакал Персијците да ги направи партнери и еднакви на нив, а тоа не им се допаѓало многу.

Во текот на побуната, биле разменети остри зборови.

Александар се разбеснил до тој степен што привел тринаесет предводници и веднаш ги погубил. Потоа ја распуштил целата македонска војска, па со викање се втурнал во својот кралски замок, затворајќи се цели три дена, гостејќи ги само Персијците, а одбивајќи да зборува со било кој Македонец.

На третиот ден, некои Македонци побарале прием кај него.

Откако успеале да го измолат за малку време, им било дозволено да го посетат. Средбата била емотивна, бидејќи Александар ги поздравил своите другари без зборови и целиот бил облеан во солзи. Кога се се завршило, Александар приредил голема прослава во чест на помирувањето. Како што се покажало подоцна, тоа не било помирување меѓу него и војниците, туку, во интерес на царството, тоа било помирување меѓу Македонците и Персијците.

Во текот на таа голема прослава, Александар наредил неговите Македонци да седат веднаш до него, а до нив Персијците и другите националности од царството. Се вели дека биле присутни околу 9.000 луѓе од разни националности. Религиозните церемонии биле изведени според македонските и според персиските традиции и без инциденти. Ова ја зацврстува идејата дека дури и тогаш, како и денес, многу култури можеле да живеат заедно во мир и слога.

Александар знаел дека без мир и слога меѓу различни народи, имал мала или никаква надеж дека ќе може да сочува толку големо царство за било каков разумен временски период. Но, мирот и хармонијата не можеле да се постигнат без слобода и рамноправност на сите раси. Таа гозба била голем момент за Александар, бидејќи не само што се обидел да внесе помирување меѓу расите, туку, што е уште поважно, затоа што го создал и осмислил концептот за мултикултурализам, концеpт што бил многу пред неговото време.

По гозбата, Александар продолжил со реализација на своите првобитни планови и отпуштил околу 10.000 од своите војници-ветерани. Секој од нив, покрај платата, добил и екстра таленти. Задачата да ги врати ветераните назад во Македонија му била доверена на Кратер. Му било наредено, исто така, по враќањето во Македонија да го замени Антипатер. За возврат, на Антипатер требало да му се нареди да му ги доведе на Александар свежите трупи. Александар почувствувал дека Антипатер и Олимпија треба да се разделат еден од друг и дека тој, исто така, треба да се спаси од нивните постојани жалби и препирки.

Кога завршила големата прослава, Александар заминал од Опис и го продолжил своето патување кон Екбатан. Откако поминал неколку месеци таму, се упатил кон Вавилон каде почнал да ги открива своите големи планови за во иднина.

Од трговски аспект, Александар открил, преку Индискиот Океан и Персискиот Залив, врска помеѓу реките Инд, Еуфрат и Тигар. Таа врска, во иднина, би можела да се искористи за трговија во корист на царството. Александар, исто така, бил љубопитен за тоа што има од спротивната страна на Персискиот Залив, во Арабија. За да го открие тоа, почнал да организира истражувачка експедиција. Тој бил заинтересиран и да најде брз пат преку Арабија до Египет.

Друго љубопитство на Александар, кое имало корени во минатото, додека учел во Пела, бил дали Каспиското Море било островско море, заливско или друг вид море. Сега, кога имал средства, сакал и тоа да биде проверено и почнал да организира друга истражувачка експедиција. Уште еден градежен план требал да се реализира. Требало да се изградат 1.000 воени бродови во Феникија, Сирија, Цицилија и Кипар (Phoenicia, Syria, Cicilia, Cyprus) за идните походи против Картагинците и другите народи по должината на брегот на зaпадниот Медитеран. Картагина, во тоа време, била најважната поморска и трговска сила на запад. Да живеел Александар доволно долго за да го спроведе својот поход против неа, светот денес би бил поинакво место за живеење.

Плановите на Александар за поход против западот биле базирани врз разузнувачки информации, кои тој ги имал претходно добиени, за силата на различните држави и нивните меѓусебни политички врски. Освен воените планови, Александар имал планови и за научни истражувања, изработување географски карти, исцртување водени маршрути помеѓу градовите Александрија и Сус и развој на трговски маршрути помеѓу различни региони на неговото царство. Планот за освојување на светот никогаш не бил премногу далеку во неговиот ум, но тој план го споделувал само со најблиските пријатели во кои имал доверба, како, на пример, со Хефестион. За жал, тој повеќе ни бил жив. Кратко време пред тоа, додека траела гозбата во Екбатана, Хефестион навлекол смртоносна треска и умрел.

Тоа било голема загуба за Александар и за Македонците.

Александар тешко ја примал таа загуба и жалел за него со денови, без да јаде или да се напие нешто. Телото на Хефестион било однесено во Вавилон каде што бил изграден голем споменик во негова чест. Освен тоа, за да го зачува споменот за него, на неговото место како човек веднаш до кралот, никогаш не поставил некој друг. Тоа место засекогаш останало непополнето.

Како што беше претходно спомнато, Александар ја напуштил Екбатана и тргнал за Вавилон. Во текот на патувањето, со средината на зимата, на планината Загрос (Zagros), наишол на отпор од воинствено племе познато како Косаеанци (Cossaeans), кои повеќе претпочитале да се борат за својата независност, отколку да се откажат од истата. На Александар му требале четириесет дена да ги потчини и тие, исто така, станале дел од неговото царство. Кога и тоа било завршено, тргнал за Вавилон и бил пресретнуван од Либијци, Етиопјани, Картагинци, Луканијанци (Lucanians), Етрурци, Римјани, Иберијци, Келти, достоинственици и амбасадори од целиот свет. Изгледало дека целиот свет е импресиониран од постигнувањата на Александар и дека сите го сакале неговото пријателство. Но, малку знаеле за неговите планови да го освои светот, особено Картагинците кои веќе го изгубиле сестринскиот град Тир. Јас се уште не можам да престанам да се прашувам како ќе изгледаше светот денес, ако Александар живееше доволно долго да го освои западот.

По пристигнувањето во Вавилон прв приоритет на Александар било да подготви експедиција за да ја истражува Арабија. Во тоа време, неговите интереси во Арабија била да се истражи регионот и да се добијат информации. Немал никакви намери да изврши упад во внатрешноста. Само ги сакал бреговите и островите кои претставувале добри пристаништа за неговите трговски бродови. Големата амбиција на Александар била да воспостави водена врска помеѓу Александрија и Вавилон. Бил толку уверен дека неговиот сон ќе стане реалност, па затоа наредил ископувања за да се изгради големо пристаниште во Вавилон. Било доволно големо да собере 1.000 бродови, што ја вклучувало целата негова азиска морнарица и сите трговски бродови во регионот.

По започнувањето на тој проект, Александар се впуштил во градење канали за регулирање на течението на реките Еуфрат и Тигар. Тој сакал регионот да просперира, затоа договорил населување на северниот брег на Персискиот Залив. За да ја унапреди трговијата во Заливот, помеѓу устието на реките Тигар и на Еуфрат, го основал градот Александрија Каракс (Alexandria Charax), град кој според својата географска положба ќе стане големо пристаниште за Вавилон.

Додека бил стациониран во Вавилон, Александар примил нови регрути од разни региони на неговото Азиско царство, како и коњаничко засилување од Македонија. Овде, за прв пат, Александар почнал да ја реорганизира својата војска за да вклучи мешани националности меѓу неговите високи чинови, доверувајќи им командни позиции на Македонците.