Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Станете член!

History of the Macedonian People: From Ancient Times to the Present

ГЛАВА 7 - АЛЕКСАНДАР III – ГОСПОДАР НА АЗИЈА Победата кај Ис означила нова ера - Part 03

Од Ристо Стефов · Дел 16 од 64 · Околу 20 минути

Читај на English

Македонската армија му останала лојална на Александар до крај. Ниедна армија не може да остане цела, да остане негибната или да ги добива битките онака како што тоа го правеле Македонците, ако постоело несогласување помеѓу нејзините водачи. Александар им бил неспорно лојален на Македонците, а и Македонците, за возврат, биле неспорно лојални на Александар. Останатото не е ништо друго освен гласини. Освен тие гласини, ниту еден антички автор не оставил ниеден запис за вистинска побуна или завера, што, наводно, се случиле внатре во македонската армија. Не постои ниту еден запис дека еден Македонец кренал рака против друг Македонец. Со ова, се повикувам на судењето на Филота и егзекуцијата на Парменио. Постојат тврдења дека Филота бил запознат за една завера да се убие Александар и дека Парменио можеби бил дел од таа завера.

Мене ми се чини дека во преокупираноста со нивниот таблоиден став да го оцрнат Александар, античките автори “едноставно заборавиле” да ги наведат неговите поважни и поголеми достигнувања. Тие едноставно заборавиле да ја истакнат желбата на Александар да ги обедини сите култури на светот како еднакви, што претставува еден македонски квалитет кој се пренесува од генерација на генерација и опстоил во срцата на многу македонски револуционери.

Оние кои го презирале Александар, не оставаат со впечатокот дека Александар и неговите офицери биле одвратни пијаници и безначајни сомнителни мали луѓе кои меѓусебе се шпионирале и изнудувале освета еден на друг.

Дали се тоа квалитети на една голема армија? Треба ли да веруваме дека Александар и неговите офицери кои, наспроти сите тешкотии, ја добиле секоја битка што ја воделе и кои невозможното го правеле возможно, биле група пијани параноидни мегаломани?

Навистина е штета што практично не знаеме ништо за визијата на Александар за еден иден свет. Неговата желба да создаде едно навистина демократско и плуралистичко општество е помрачувана и обојувана од оние кои се премногу мали за да гледаат подалеку од себеси и од нивните предрасуди. Визијата на Александар, без разлика дали била резултат на потреба или претходен план, била толку пред времето, така што ние денес се трудиме да ја сфатиме. Можеби Александар го освоил светот со сила, но нема сомнение дека тој имал желба да го претвори светот во модерни “Обединети нации”.

ГЛАВА 8 - АЛЕКСАНДАР III– ДО КРАЈОТ НА СВЕТОТ, ПАТУВАЊЕТО ДО ИНДИЈА До 328 година пред Христа, Александар го освоил целото Персиско Царство, барем царството што му припаѓало на Дариј III. Античките автори не даваат објаснување зошто Александар сакал да оди подалеку од Персиското Царство и зошто штом звршил со освојувањето на источен Иран, Александар ги почнал подготовките за инвазија на Индија?

Мислам дека Александар дејствувал не од желба да освојува, туку заради својата нескротлива љубопитност да види што има подалеку од Источното Царство, подалеку, односно надвор од светот што дотогаш бил познат. Без сомнение, додека се справувал со планинските Индијци на источен Иран, слушал стории за Индија кои не се вклопувале во неговото претходно знаење за тој дел од светот.

Пред да замине од Бактра, Александар се збогувал со традицијата и го наименувал Аминта, Македонец, наместо странски сатрап (гувернер), да ја обезбедува важната провинција Бактрија. Аминта останал со добро вооружена војска од 10.000 пешадинци и 3500 коњаници, повеќе војници отколку што имал Александар кога започнал седум години пред тоа.

Во пролетта во 327 година пред Христа, додека неговата војска стоела на планинскиот венец на Хинду Куш, набљудувајќи ја источната граница на светот, Александар педантно го планирал следниот чекор од неговиот поход. За Индијците, Александровиот приод преку планината Хинду Куш ги потсетувало на инвазијата на Аријците многу одамна. Номадските Аријци ја зазеле Индија околу 1.500 година пред Христа, ја уништиле индуската цивилизација во долината на реката Инд и го истребиле населението покрај реката Инд, ставајќи на тој начин крај на најбрилијантната цивилизација на античкиот свет.

На своето патување кон Индија, Александар со себе ја повел својата млада кралица Роксана, која по една година му родила син. За жал, набрзо по раѓањето, бебето умрело.

Во почетокот на летото во 327 година пред Христа, Александар ја поделил својата војска на два дела. Главната колона, под команда на Хефестион и Пердика, тргнала надолу по течението на реката Кабул и преку преминот Кубер (Khyber Pass) за да изгради мостови и да се подготви за инвазија. Во меѓувреме, Александар, со своите лесно вооружени единици, тргнал по друг пат, по должината на долината Кунар во источен Авганистан и оттаму преминал во северозападниот дел на Пакистан.

Во текот на патувањето Александар наишол на силен отпор, што предизвикал жестоки борби. Бестрашните индиски племиња на планинскиот терен имал бројни воини и претставувале потешкотија за напредувањето на Александар, Борбите биле толку жестоки, што уште во првиот судир, и Александар и Птоломеј биле ранети.

Откако ја преминал реката Сват /Swat/, Александар се судрил дури и со поопасни племиња, па борбите станале и поинтензивни. Индијците се бореле храбро, но на крај попуштиле. Откако ја изгубиле Масага /Massaga/, нивното главно упориште, Индијците отишле во Аорнос (Пир-Сар), другото нивно упориште. Искачувањето на ова 1.500 метри високо упориште, сместено на свиокот на реката Инд, било невозможно. Чувствувајќи ги ограничените способности на својата војска, Александар, тогаш за тогаш, решил да не го гони непријателот понатаму. Ја свртел војската и тргнал со марш на југ, по течението на реката Инд.

Подоцна, користејќи различни стратегии, Александар се обидувал неколк у пати да го опседне упориштето Аорнос, но безупешно. Александар не можел да влезе во Пенџаб (Punjab) без да го уништи Аорнос. Морал да го скрши отпорот на ова упориште. Кога не успеал со конвенционални средства, морал да измисли нови методи за напад. Од сите нови методи што ги испробал, како најдобро се покажало потопувањето на клисурите што го опкружувале упориштето. Штом водата надошла доволно високо во клисурата, за да може војската да го премости растојанието до карпата, Александровите машини за опсада се приближиле за да го уништат истото. Наскоро отпорот престанал, а војската можела да јурне и да ги покори своите непријатели. Александар бил прв што се искачил на врвот, завршувајќи го со тоа освојувањето на Аорнос. Тоа било една од најбрилијантните постигнувања во неговата кариера во однос на стратегијата и тактиката. Откако Аорнос веќе не му пречел на патот, Александар сега слободно можел да го продолжи своето патување до Пенџаб. Соборувањето на Аорнос ја родило легендата за македонскиот супермен.

Индијците упориштето го сметале за неосвоиво и верувале дека и богот Херкул еднаш се обидел да го освои, но не успеал.

Во март 326 година пред Христа, Александар свртел на југ и продолжил со патувањето за да ги стигне Хефестион и Пердика. Кога ги стигнал, на војската и дал еден месец заслужен одмор. Откако ја поминал реката Инд, преку понтонски мост што претходно го изградиле инженерите на Хефестион, Александар навлегол во земјата на неговиот сојузник Амби (Ambhi). Александар, кој никому не верувал, со марширање влегол во Таксила (Taxila) подготвен за борба, но ништо не се случило. Амби го пречекал Александар со многу подароци и го примил како гостин во главниот град Таксила.

Во Таксила, Македонците за првпат наишле на многубројни чуда, непознати манири и обичаи. На радост на научниците, пронашле флора што пред тоа никогаш ја немале видено. Исто така, токму таму Александар се запознал со тие “голи филозофи” (будистички калуѓери, монаси) и дошол во допир со доктрината на Буда. Во текот на наредните три дена Македонците биле третирани кралски, со многубројни подароци. За да не остане покусо, Александар повторно го поставил Амби за раџа на Таксила и го опсипал со свои подароци, кои се состоеле од триесет коњи и не помалку од 1.000 таленти. Оваа дарежливост била мотивирана од желбата на Александар да го има Амби на своја страна, бидејќи добивал разузнувачки извештаи за голема концентрација на непријателски војници пред него.

Иако го направил раџа, Амби сепак се уште бил вазален крал. Еден македонски воен гувернер, со силен гарнизон на располагање, всушност, владеел со Таксила.

Александар инвестирал многу време и вложил големи напори во преговорите за условите за мир со други двајца индиски раџи во тој регион, но изгледало дека мирот не бил можен пред претходна војна. Пор (Porus), еден од раџите кои преговарал со Александар, многу јасно го изложил својот услов. Ако Александар го сака неговото кралство, ќе мора истото да го стекне во битка.

Војската на Пор веќе била натрупана на бреговите на другата страна на реката Џелум (Jhelum), но, сепак, почнало да пристигнува уште поголемо засилување. Александар не можел да си дозволи да губи многу време, па затоа им наредил на своите инженери да изградат мост. Бидејќи немало градежен материјал на располагање во близина, Александар го испратил Коен да го расклопи понтонскиот мост од реката Инд, да го исече на помали делови и да го донесе со воловски запрежни коли. Додека Коен го барал мостот, Александар ја засилил својата војска така што на пешадијата и додал слонови и индиски регрути.

Кога бил подготвен да се судри со Пор, Александар не ги земал предвид монсуните. Можеби не познавајќи ја индиската клима во јуни, Александар ја повел својата војска во текот на постојан пороен дожд што испарувал. Небото се отворило и врз многуилјадните Македонци непрекинато врнело во текот на два месеца. Александар патувал преку планинскиот венец Солт Ренџ (Salt Range), поминувајќи 180 км за помалку од два дена, пред да стигне на реката Џелум.

Голем потфат во монсунски услови!

За несреќа, реката Џелум била толку надојдена од монсунските дождови, што било невозможно да се премине.

Освен тоа, дури и да било можно да се премине реката, Пор чекал од другата страна со стрелци, бојни коли и слонови. На обичен набљудувач би му изгледало дека спротивставените војски се наоѓале во пат-позиција. Ниту една од нив не можела да дејствува без тешки последици.

За да ја зацврсти идејата дека ќе чека поповолни услови пред да нападне, Александар наредил набавките континуирано да бидат испорачувани до неговиот логор пред погледот на неговиот непријател. Додека го правел тоа, пратил извидувачи надолу и нагоре по реката да бараат добро место за да ја преминат. Во меѓувреме, трупите биле ставени во целосна готовност со активности кои сугерирале можност за непосреден напад. Откако долго време ништо не се случило, непријателот се изморил од Александровите лакрдии и почнале да ги игнорираат маневрите кои им го одвраќале вниманието. Како што сакала среќата, извидниците навистина нашле добро место за премин. Тоа било лоцирано на 25 километри низводно од логорот и било идеално бидејќи имало една теснина во близина на реката од истата страна, што било добро место за да се скријат војниците.

За да обезбеди успешно преминување на реката, Александар морал темелно да го збуни непријателот во врска со неговите вистински намери, па затоа им наредил на своите трупи да палат огнови на голем простор во текот на секоја ноќ. Во исто време, Птоломеј водел поголем број коњаници горе-долу по речниот брег, правејќи колку што може поголема врева додека правел лажни обиди да ја премине реката. Во почетокот, сите овие демонстрации сериозно биле земени предвид и секое движење и секој маневар бил проследен со исто такво дејство од непријателските сили на другата страна од реката. Но, по извесно време, кога станало очигледно дека тоа биле само трикови за да се вознемират непријателските војници и да се намали нивниот морал, Пор почнал да ја намалува својата будност. Пор морал да мисли дека вистинската цел на Александар е да го скрши моралот на неговата војска и да го нападне тогаш кога ќе биде најслаб. За несреќа на Пор, Александар бил многу попаметен и помудар од тоа.

Александар морал да стапи во акција за помалку од два дена бидејќи другиот раџа, Абисар од Кашмир (Abisares of Kashmir), бил на околу 80 км северно и се приближувал.

Иако Пор бил спокоен во врска со вежбите на Александар, неговите патроли постојано дежурале. Било каков обид да се премине реката, дури и без да биде откриен, би бил совладан од страна на силите на Пор штом ќе биде лоциран. За да ги зголеми своите шанси максимално, Александар ја поделил својата армија и наредил истовремени, но одвоени напади на различни точки на реката. Не знаејќи од каде ќе дојде нападот, Пор морал да ги подели своите сили за да ги пресретне Македонците. Во меѓувреме, понтонскиот мост бил тајно составен и бил подготвен за употреба.

Во превезот на ноќта, Александар, со 10.000 пешадинци и 5.000 коњаници, нечујно се приближувал до брегот за да измине 25 км, со цел да нападне в зори. Заднинската придружба за багаж и голем дел од војската останале во базниот логор. Александар дал наредба отворено да се започне со вршење подготовки за напад штом ќе започне да се зазорува. Освен тоа, некој што личел на него и што бил облечен во кралска одора, излегол од неговиот кралски шатор и почнал да дава гласни наредби.

Втората група, која се состоела од три баталјони тешко вооружени пешадинци, наемни коњаници и пешадинци, била испратена од главниот логор на половина пат помеѓу главниот логор и местото за премин на Александар, со наредба да чека и да премине само тогаш кога Александар ќе стапи во битка. На Кратер (Craterus), кој командувал со силите во главниот логор, му било наредено исто така да чека и да не преминува додека Пор не се помести од неговите сегашни позиции за да го гони Александар.

Ова било навистина брилијантен план кој сигурно му задавал дилеми на Пор. Што да направи? Го сторил она што секој вешт командант би го направил. Испратил силна војска да го спречи Александар да ја премине реката. Александар, пак, предвидувајќи го неговиот потег, му се спротивставил со противнапад, потпирајќи се на своите најдобри македонски војници за да изврши молскавичен премин и да ја пренесе главната битка на другата страна; потег што ќе остане ненадминат до ден-денес.

Александар, сепак, добил и мала помош од неговите богови кои му обезбедиле заглушувачки грмотевици и пороен дожд, кои ја замаскирале вревата при неговото истоварување. Иако преминот бил успешен, не било се добро. Изгледа дека извидниците на Александар направиле грешка. Земјиштето на кое Александар се истоварил не бил очекуваниот брег, туку друг, продолжен остров. Било тоа долга и напорна борба да се преминат брзите струи на бујната река Џелум.

Истоштени и извалкани во кал, Македонците најпосле успеале да ја преминат реката. Пор се уште не знаел каде ќе се води главната битка. За оваа истоштувачка и бесцелна вежба на Александар, Пор претпоставувал дека е уште едно лукавство за да ги намами неговите сили подалеку од главниот напад. Сепак, но мало двоумење, а и за да биде на безбедна страна, Пор на крај го испратил својот син со 2.000 коњаници и 120 воени коли, но тогаш веќе било предоцна.

Најголемиот дел од десантните сили на Александар веќе ја преминале реката и лесно ги совладале Индијците.

По краткотрајниот судир, Индијците побегнале оставајќи околу четири илјади мртви, вклучувајќи го и синот на Пор.

Додека ги гонел Индијците кои бегале, на Александар му се приклучила и втората група од неговата војска, која дотогаш успеала да ја премине реката. Александар повторно ја поделил војската и ја презел командата врз коњицата, која со галопирачка брзина јурела напред, а пешадинците ги следеле одзади со марширачки чекори.

Кога Пор ја добил веста дека синот му загинал и дека Александар ја преминал реката, решил дека е време да се соочи со него и ги повел своите оружени сили низводно за да се бори. Само мала сила, што се состоела, главно, од слонови, била оставена во позадина да го спречи Кратер. Се проценува дека Пор имал на располагање приближно 2.000 коњаници, 20.000 пешадинци, 130 слонови и 180 бојни коли.

Пор одбрал пространа, песочна рамнина за бојно поле и ги позиционирал своите пешадинци во еден широк централен фронт, засилени со слонови поставени на растојание на околу 30 метри. На крилата ги поставил своите бојни коли и коњаниците, заедно со една странична група пешадинци.

Коњаниците на Александар пристигнале први, но стоеле настрана и не стапиле во битка додека не пристигнале пешадинците. Александар имал околу 11.000 македонска пешадија и 6.000 коњаници. Додека чекал, Александар ги држел своите коњи надвор од видокругот и вршел подробно извидување на борбениот поредок на Пор. Фронтален напад со коњаници би било тешко да се изведе, спротивставувајќи ги коњите против слоновите. Фалангата може да го реши проблемот, но не додека коњицата на Пор се уште е активна.

Но, најпрво, мора да се онеспособи коњицата за да нема можност таа да ја заобиколи фалангата.

За да се ослободи од индиската коњица, Александар решил да го нападне левото крило на Пор. Идејата била да се држат двете коњички дивизии скриени од непријателот, додека се врши напад со целата видлива коњица, која броела нешто помалку отколку вкупниот број коњаници на непријателот.

Било сигурно дека вооружена сила од толкава големина ќе го совлада левото крило на Пор и дека тој ќе мора да повлече засилување од неговото десно крило. Командантот на скриените дивизии добил специфични нареби да го заобиколи десното крило на Пор и да остане надвор од видокругот се додека левото крило не влезе во битка. Кога Пор ќе прекомандува војници од десното крило за да ги вовлече во борбата, тогаш тој ќе мора да јуриша зад непријателските редови и да нападне од заднина. Во спротивен случај, нормално ќе го вовлече непријателот во битка. На фалангата и било наредено да одолговлекува со вовлекување во борба додека нема докази дека непријателот е збунет.

Стрелците, кои јавале на коњи, први нападнале и речиси веднаш ги онеспособиле бојните коли. Коњицата на Александар потоа јурнала и, како што се очекувало, Пор му наредил на своето десно крило да зададе фрапантен удар.

Двете скриени дивизии, под команда на Коен (Coenus) и Деметриј (Demetrius), излегле од засолништето и ги вовлекле во битка Индијците од заднината. Наместо да му нанесе удар на Александар, коњицата на Пор добила удар, а Индијците се повлекле и прибегнале кон заштитата на слоновите.

Откако непријателската коњица била онеспособена, македонската фаланга и тешко вооружената пешадија напредувале кон центарот на Пор. Но, да се нападнат налутени слонови не било лесна задача. Секој слон, најпрво, требало да биде заобиколен, јавачот на слонот да биде застрелан од страна на стрелците и додека слонот давал отпор, требало да биде прободен со копје и боден додека не биде соборен. Пешадинците морале да прибегнат кон отсеување на сурлата на слонот со мечови, а со секири да му ги пресечат нозете, пред животното да падне на земја. Многу од оние кои го вршеле сечењето и отсекувањето поминале лошо, бидејќи многу слонови давале отпор така што ги удирале, набивале, клоцале и ги гмечеле своите мачители, се додека не се претвориле во крвава каша.

Бидејќи борбениот ред на Пор бил потиснат, слоновите се збиле и почнале да ги газат своите војници, предизвикувајќи натамошни жртви. Додека Александар се повеќе го смалувал обрачот на својата коњица околу војската на Пор, и наредил на својата фаланга да ги остави штитовите и да се впушти во убивање. Дотогаш, Кратер ја преминал реката и ги гонел оние кои се пробиле низ обрачот на Александар.

Македонците само што поминале низ трауматично искуство и не биле расположени за простување, така што битката наскоро се претворила во масакр.

Слоновите станале избезумени и газеле повеќе Индијци отколку непријатели. Индијците, вклучувајќи го и Пор, се бореле и давале отпор до крај. Ранет со копје, Пор веќе не гледал смисла во натамошното давање отпор и одјавал со својот коњ. Александар го гонел и со дипломатија го убедил да се предаде. Александар покажал голема почит кон Пор каква што заслужува еден крал. Тоа била последна голема битка што ја воделе Македонците. Земајќи предвид дека таа се одвивала под монсунски услови, нешто што Македонците никогаш пред тоа не искусиле, таа може да се смета за најтешката битка во целиот поход на Александар.

Кога се било готово, Александар го назначил Пор за крал на неговите сопствени доминиони, а подоцна го проширил неговото кралство до Хифасис (Hyphasis). За возврат, Пор му останал лојален на Александар додека не умрел. За да ја осигура својата позиција во Пенџаб, Александар наредил изградба на два нови града, Никеа и Букефала (Nicaea) и (Bucephala), по течението на реката Џелум. Никеа бил изграден онаму каде што Александар ја преминал моќната река Џелум, во чест на неговиот успех, а Букефала, пак, бил изграден на бојното поле и бил посветен на Букефал, коњот на Александар, за кого се вели дека умрел од старост.

По еден месец долг и заслужен одмор, Александар ја свикал својата војска и се упатил на север. Ја преминал реката Ченаб (Chenab) која поради преобилните дождови станала широка три километри. Во близина на Ченаб основал друг град кој, се разбира, го нарекол Александрија (Sohadra).

Некаде источно од Ченаб, во близина на градот Сангала (Sangala), Македонците наишле на лут отпор и отпочнала ужасна битка, во која биле заклани 17.000 Индијци, а повеќе од 70.000 биле заробени.

Александар го продолжил своето патување кон исток, движејќи се под венците на високите планини и пробивајќи си го патот преку натопените полиња со вода, во задушувачка топлина и врнежливо монсунско небо. Долги колони валкани индиски бегалци со искинати одори ја следеле македонската војска, која како змија се вијугала низ подрачјата. Откако ги преминала рекита Рави (Ravi) и Беас

(Beas), во сегашен Пенџаб (Punjab), војската се влогорила за краток одмор, но само да биде дестимулирана и незадоволна од плановите на Александар за идни походи. Мора да било кратко пред тоа кога Александар сфатил дека неговата почетна претпоставка за географијата на овој регион била грешна. Тој, исто така, морал да открие од Индијците дека реката Инд не се влева во Нил, како што претходно ги информирал своите војници. Не се знае зошто таа информација ја чувал во тајност од своите војници.

Александар чекал погодно време да ги информира своите војници дека неговите мапи не биле точни и дека крајот на светот не се наоѓа во близина. Всушност, ги информирал своите војници дека треба да маршираат уште дванаесет дена во пустината и да преминат уште една голема река, Ганг, пред да може да стигнат до крајот на светот. Таа информација не била добро примена од неговите војници.

Изгледа дека Александар сакал да го продолжи својот поход на исток и да се изложи на опасност кон Ганг, но неговиот џиновски план не бил дочекан со одобрување.

Неговата војска била преморена, се приближувала до точка на изнемоштеност и веќе не сакала да го следи. Поминале 18.000 километри за осум и пол години и биле изморени.

Спарното време и постојаните поројни дождови кои ги поднесувале седумдесет дена, не оделе во прилог на ситуацијата. Александар се нашол во неприлика која му било тешко да ја прифатил. Дури и откако одржал многу говори и покажал големо негодување, неговите луѓе не попуштиле и останале на своето. Александар бил немоќен да дејствува.

Откако поминал три дена во својот шатор, размислувајќи за неприликата во која се нашол, сфатил дека неговите луѓе се во право, дека дошло време за враќање.

За да ги одбележи своите големи успеси и да им искаже чест на боговите кои му ги дале победите, Александар наредил изградба на дванаесет олтари во вид на кула, на источната страна на реката Беас, по еден за секој македонски бог. На војската и наредил да ги изградат кулите од четвртасти камени блокови, со вкупна висина од пет метри и вкупна должина од седумнаесет метри.

Со тешко срце, Александар ја повел својата војска назад и некаде во средината на септември, 326 година пред Христа, го започнал маршот назад кон новооснованиот град во близина на реката Џелум (Jhelum). Наредната голема задача која ќе ја презел било да се изгради флота бродови кои ќе ја пренесат војската надолу по реката Инд, а потоа во океанот кон југ. Биле изградени приближно 800 брода за транспорт на коњи, жито, луѓе и товар. Биле изградени околу 80 воени бродови со по триесет весла за одбрана. Александар немал намера да командува со флотата и затоа го назначил Неарк (Nearchus), својот близок пријател од младоста, за адмирал.