Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Become a member!

Wanderers

ГЛАВА ШЕСТА - Part 01

By Стојан Кочов · Part 7 of 46 · About 8 minutes

Read in English Read in English Read in Македонски

ГЛАВА ШЕСТА

Од Сибир во Идризово

Маглата и студениот дожд над Идризово, Добрина го повратија во реалноста. Тој го привршуваше цртежот што кој знае по кој пат го повторуваше во сибирските затвори. Румена беше насликана невообичаено величествена, со гордо поставена глава на телото, прикриени, помалку сурови црти на благородното лице и над сето тоа израз на бесконечна тага. Таа изгледаше како трагична кралица.

Дури и човек како Добрина, кој малку посветуваше внимание на барањата на Румена, се почувствува некако поразен и потиштен, кога и го покажа цртежот, со нејзиниот совршен лик. Таа се сврте кон него, лицето и пламна, небаре оган ја потфати. Тој разочаран што пред неа ја откри тајната, се најде во прегратките на Румена.

- Значи, колку и да сум била подалеку од тебе, толку сум била подлабоко во тебе. Мил мој, дај му радост на срцето исполнето со мене. Не мачи се, живеј! Знај и земај се што можеш додека уште имаш моќ за земање од мене... Значи, не заборави дека денес ни е тринаесетата годишнина во брак, а само неколку месеци сме заедно. Ти во Сибир, јас во Полска.

Сеќавањето на ова ја натера да се насмее.

- Добрине, колку би биле среќни и ти и јас пак да сме на Вичо. Тревата висока, начичкана со бели пупки и виолетови цвеќиња што луѓето ги викаа перуники, и некои други, синкви-светли и папрат колку што душа ти посакува... Имаше нешто слатко во воздухот таа пролет во четириесет и осмата...

Добрине, дали навистина чувствуваше колку имаш завладеано со мене?

- Да, мила јас веќе се знам, - возврати Добрин и ја префати преку половина. Се насмеаја и тетеравејќи се кинисаа кон креветот.

- Во животот јас сум безмерно дива и на мнозина им се слизнав. Сега целата сум твоја, љубов моја. Но, никако не би можела да љубам како што те љубев. Ти знаеш дека по налог на Партијата посакуваа да ме омажат за осакатени луѓе кои и биле потребни на партијата? Ми предлагаа секакви. Но, ајде овој ден да го прославиме како празник на нашата љубов и никогаш да не го заборавиме како лош сон. На овој свет, а посебно и на оној свет, зашто тој е сега сиот во нас...

- Ништо не е вечно мила, - и рече Добрин со затворени клепки, но радоста и сјајот му се читаше на лицето.

- Ама бакнежот ти беше руски, дури небаре партиски братски бакнеж, - му рече Румена и продолжи. - Можеби од твоите вечни мечти за живеење во комунизмот, твојот живот стана отсутен од мојот дом!

- Зошто мислиш дека е руски? - низ насмевка ја праша Добрин.

- Па нели Русите бакнуваат три пати: првиот - за отецот, вториот за синот, а третиот за светиот дух. Ех, мој Добрине, бакнуваш на руски, а не знаеш за кого?

- Во далечната четириесет и осма, таму во папратот, бакнежот твој нешто ми корнеше од душата. Сега, овој твој бакнеж, ме потсети на Брежневиот бакнеж, што го прави при пречекот на луѓе од братските републики. Просто ќе го изџвака човека, а гледаше на телевизија како се бакнува царот Хаиле Селасие со Тодор Живков? Тодор му се истопори да го прегрне, но царчето не му се фрли во прегратката, како овие од нашите републики.

- Не спомнувај ги царевите, оти знаеш кај сме, туку и старите грци се бакнувале. И тоа многу. Ова сум го читал во историјата. А Плутарх го напаѓал најголемиот антички државник Перикле, бидејќи се навикнал двапати дневно, наутро и навечер да ја бакнува својата жена!

- А ти, тоа не го правиш ни еднаш во неделата. Ех, мој Добрине црвените усни треба да се бакнуваат, бидејќи тие се за

бакнување... Тука нема што да се открива некаква посебна филозофска дијалектика. Ова е моја децениска тажачка, заради неможноста да бидам бакнувана жена!

- Никогаш јас не би можел да го одгатнам тоа, признавам - рече тој.

- Па вие комунистите многу работи сте прифатиле и сте откажале не знаејќи ја суштината на нештата што на обичниот човек му ги дал господ Бог. Можеби затоа и жените ги откажувавте како “стари торби” и ги заменувавте со помлади. Но, ние двајцата имаме болни животи, а ти си заглибил во вербата што ја нуди комунизмот... Сега имаме за што да зборуваме, оти времето полека го сее сеќавањето како низ сито, го ситни и развејува низ светлината. Кога моите родители се разведоа, за мене тоа беше поразувачки. Ја гледав својата мајка како минува низ огромна емотивна болка. Не сакам и јас да бидам повредена на тој начин...

- Тоа, од мене не очекувај го - и потврди Добрин.

- Ех, мој Добрине, те познавам, како самата себе си. Кога сама го минував времето во Полска, во ноќите, единствен човек со кого разговарав беше Господ. Многу се радував на нашата средба. Живеев и не знаев дали ти се уште ме сакаш? Го чекав часот кога ќе си наздравиме. Еден маглив ден врнеше густ снег, кога го добив твоето писмо... Што да ти кажам? Деценијата мината во прифатилиштата ме исполува уште, редица кревети, робусни звучници, смрдливи нозе како во мртвачница, уморни жени рчат на сон вратени од третата смена и мокри крпи. Бањите полни со стрижени влакна и коси, чешми што вечно капат како расплачени очи. Кога го добив твоето писмо што завршуваше со крик, ме охрабри; по неколку месеци ќе бидеме заедно! Мене тоа како да ми шепна: “Ајде повторно да живееме”, но не така навредливо без наш дом. Тоа беше и твоја и моја обврска... Јас би колнела... Посакував убаво да ме пречекаш, посакав да ме љубиш поинаку од обичен надуенко, како партиски големец. Не сакав, веќе Партијата да биде меѓу нас. Партијата ми велеше да се откажам од тебе, оти ти си бил предавник на политичките идеали. Организацијата НОФ беше

прогласена за агентурска и предавничка и беше формирана нова организација “Илинден”. Гледаш колку лесно чкрткаа-мрткаа твоите комунисти. Но, веднаш потоа втаса и големото разочарување. Партијата ми нудеше за маж еден со една нога и без два прста на десната рака. Во се личеше на вистинско животно. Имаше изразито цврсти вилици. Очите му беа крупни и крвави. Погледот му беше необично груб и беше набиен со мускули. Не знам зошто Партијата посакуваше јас да му ја ублажам несреќата од војната. Многу девојки така беа “усреќени”... Тоа беше грижа на Партијата. Во тоа време воопшто не беше битно што мислиш и што чувствуваш. Вистина и само вистина и сурова и најстрашна вистина... Сега не сакам предолго да мислам на тоа, не сакам да знам дека можеби еден ден се ќе се измени, дури и нашите чувства, и дека по малку ќе ме боли. Но, не помислував дека љубовта која се роди во таа топла ноќ, полна со ѕвезди, ќе стивне и ќе замрзне... Мојот свет, кој беше осветлен со живите бои на радоста, љубовта и нежноста, одеднаш се замати и се измеша со сивилото на студениот есенски ден во едно прифатилиште во Згожалец, во Полска. Ми се испомеша љубовта спрема тебе со она што ми велеа да ја имам кон Партијата на која и припаѓавме. Можеби наивно... Сакато, но и тогаш успеав да го најдам светлиот зрак на пожолтеното лисје и продолжив да живеам со спомените кон неа.

Добрин остана да лежи испружен на железниот кревет, на кој немаше место да се свртат. Не ги отвори очите, но од неговите голи гради се гледаше задоволство, а креветот чкрипеше. Румена стана и почувствува дека ја фати едно убаво расположение.

- Си спомнуваш?

- На што?

- На првата наша брачна постела. Ех, таа бескрајна шума! Распосланиот папрат, миризбата на пролетта. Можеби тоа не траеше предолго.

Исплакна две чаши, расече две маринирани краставички и ги наполни чашите со руска вотка.

- Давај по руски! Да се напијам за оваа моја тажачка...

И туку одеднаш силно загрме звучникот.

“Внимание! Внимание! Се моли Добрин Сувогорски да се јави кај иследникот Строгов, во павиљонот број еден, соба број два.”

Објавувањето се повторуваше неколку пати. Румена, слушајќи го внимателно престана да се смее и со гола рака замавна по огледалото. Од тоа почувствува некакво задоволство и почна по зидовите да пишува пароли што ги беше слушала низ револуцијата и прифатилиштата.

Сега се слушаше само одот на домарот кој забрзано доаѓаше кон нив.

Румена, слушајќи го одот на домарот се присети на зборовите од долгогодишната робијашка Зосја Полоцкаја: “... Знаеш ли како убиваат иследниците? Со насмевка! Жртвата и не се сомнева дека и се приближува смртта. Со неа разговараат, се смеат, божем животот е прекрасна работа. И одеднаш - истрел. И човекот повеќе го нема. Кога велам истрел што не убива одеднаш...”