Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Become a member!

Wanderers

ГЛАВА ЕДИНАЕСЕТА

By Стојан Кочов · Part 13 of 46 · About 8 minutes

Read in English Read in English Read in Македонски

ГЛАВА ЕДИНАЕСЕТА

Румена патува во Канада

Румена патува на посета кај Фросина во Канада да ја види и да одмери како таа со години живее во тој гнил капитализам.

Едно ведро утро по појадокот, Румена отпатува за Канада во посета на својата тетка Фросина. Добрин и Делјан останаа сами, па сега таткото ги презеде сите грижи за водење на целокупното домаќинство.

- Да ми го гледаш Делјана - последната порака и беше на Румена влегувајќи во авионот.

- Па кој друг - раздразнето и одговори Добрин, емитирајќи најискрено ласкање и отпоздравувајќи со раширена дланка се до одлетувањето на авионот.

Станот беше го добиле, по чекањето од неколку години, го наместија едноставно, небаре по вкусот од минливоста и сознанијата низ железниот самоток на животот во општожитијата, железните кревети, маса и неколку столови без потпирка. Добрин се расположи во една од собите што по проектот беше наречена спална, која сега се повеќе наликуваше на општинска месна канцеларија, и направи таков распоред што се му беше на дофат; секоја книга и се друго што му беше потребно при пишувањето на веќе третата книга, но сега од областа на белетристиката, оти за првите две книги имаше добиено негативни рецензии и беше доста разочаран. Добрин мислеше дека на тој начин ќе заборави на тоа што го нарекле неподобен и постојано повторуваше за една филозофска изрека: навредениот простува, но навредувачот никогаш, па така се стремеше да разбере се, значи да прости се, но тој реши да простува на друг, а не на себеси и неподобниот веќе почна сериозно и главно, копнежливо да сознава дека тој навистина е збунет, неизјаснет и неоспорно погубен човек; постои во него нешто скриено и штетно, објективно, очевидно, а личното неизвесно и ако така продолжи, Румена не ќе може со него да живее. Добрин небаре пропаднал од жив срам, затоа што во

зборовите на Румена имало чиста вистина и таа не туку така непромислено оди кај тетка и Фросина во Канада да ја види и да одмери како таа со години живее во тој гнил капитализам.

Колку повеќе Добрин го објаснуваше својот тек на животот, толку потажно и стануваше на Румена, дури и по толку поминати години во прифатилиштата се уште од устата на стариот Добрин, благодарение на неговиот умерен здив, излегуваше омајот на староста и сомнението дека е примамен да попушти, да признае, но сега веќе понекогаш даваше и своја сопствена забелешка, меѓутоа велеше дека можеби е поединечна појава, но тој веќе беше разочаран и зборовите што и сам ги изговарал некогаш: време е другари, социјализмот да стане не суета, туку грижа на совеста, плакатите патоказ, цитатите на големите водители, духовна храна...

Му станаа празни фрази и на тој начин Добрин како да беше демобилизиран од партијата и се најде во специјалниот состав на неподобните.

И така, откако замина Румена, почна да му се шири студеното чувство, лежејќи сам на железниот кревет, со прекрстени треперливи раце на стомак, размислувајќи да се зафати со пишување роман со наслов “Прогонетиот”, оти оваа идеја ја носеше од поодамна. Во романот повеќе место посвети на тајноста и здодевноста на историското време, при што се повеќе си докажуваше самиот себеси, дека вековечните страси и страдања произлегуваат од тоа што луѓето се одредуваат, се превоспитуваат и како резултат на тоа човекот најпоследно ја губи надежта, но тој сега докажа со својата теза дека организираните социјални прифатилишта и логори се место за превоспитување на човечките желби. Сега тој се чувстува чедољубив и си признава дека порано тој не бил таков, порано тој ја сакал Партијата повеќе и од децата, што постојано и го велеше на Румена, па и затоа почетниот наслов беше “Превоспитување” на замислениот роман. Сега, имајќи добро самочувство, потпикнувајќи се потајно во неговите мисли, со дикат како низ висока папрат, без никакво стеснување, навлегуваше во суштината на нештата, небаре алајќи со прсти како слеп по најскриените патила и сознанија на душата, но

еден од двајцата еминентни критичари (наречени во тоа време) Инаковиќ во својата рецензија напиша: “На околу 250 страници, ракописот на писателот Сувогорски зборува за “Егејскиот синдром”, за геноцидот на својот егејски народ принуден на егзодус по трагичното завршување на Граѓанската војна во Грција и разгромот на народно-ослободителната борба, значи, е превосходна преокупација на овој писател со долг творечки стаж, а без некои посебни вредности во своето досегашно пишување. Евидентна е искреноста на пишувањето со патетични тонови. Сувогорски има свои мотиви, но нема свој израз. Што е најважно изразот му е изнасилен и зборува со политички речник, тука и таму дилетантски, естетски неартикулирано. Се има впечаток дека тој не е школуван писател. Неговото пишување прилега на еден писателски аматеризам, со елементи на пригодништво. Неговата талентираност е рудиментирана наоѓајќи се далеку надвор од главните развојни линии на современата македонска проза...”

Се воомјази и се насмевнуваше со сето свое чисто испотено и чесно лице, но сега цврсто поверува дека е сосем демобилизиран од се и небаре се нашол во специјалниот состав на неподобните. Сочувстувачка жал и колку повеќе си го објаснуваше својот тек на животот, толку потажно му стануваше и не знаеше што е тоа што ги лекува раните кој досега му ги задал разумот. Стоеше кај железниот кревет, личејќи на исцрпен, остарен коњ, му се растрепери срцето и се запраша: “зарем може татковината да се откаже од мене...” Го совлада своето студено чувство, снеможен ги прелистуваше писмата, молбите и протестите што ги пишувал до Генералниот прокурор на СССР. Мора ли пак да зборува за тоа? Зошто не? Вистината не треба да се избегнува. Биди спокоен Добрине, се обидуваше да земе уште еднаш аванс од надежта, како и секогаш во најкризните моменти.

Добрин ги крена рамениците, велејќи си дека работата е јасна, се облакти на прозорецот, беше рано утро, во прифатилиштето е мрачно и студено. Сонцето го огрева дури кога ќе се искачи високо на небото; си помисли на луѓето што ги остави таму, се залеа со блага насмевка и си ја припомна Румена.

Во трепезаријата, крепко спиеше Делјан, невино момче. Тоа не знаеше ништо за комунизмот што треба да настапи како втора фаза... за неподобните, но ниту за религијата, со исклучок на она што го учел од учебниците по најновата програма на насоченото образование. Но, Добрин како стар педагог и љубител на класичното школство, имаше свое категорично мислење за таквата програма и велеше дека децата можат да стант толку подготвени како идни граѓани во животот, ништо повеќе отколку да бидат како коњи за вршење слама. Тој тоа го оцени како самоволие во културата и се искривоколчија, велеше тој и се потсетуваше на неговите цврсти убедувања, сега се повеќе сакаше да навлегува во суштината на нештата, имајќи добро самочувство, да зачекори небаре одново во еден реален свет и сите нему познати социјалистички тези и задачи ги поставуваше на ревизија не чувствувајќи спрема себеси ни непријателство ни заблуденост, но ни нечија сочувствувачка жал. Тој кога по навика се будеше во полноќните часови, во осветлен стан, седеше сред куп книги од марксистичката литература и тишината, опкружен со вообразени спомени, се до самите мугри и тогаш го отвораше прозорецот за да ги слуша птиците и чекорите на минувачите. Наместо надеж, тој остарен од темпото на своите размислувања, сфати дека му остана уште трпение... Сега одамна веќе беше исклучен од Партијата, од својот животен мироглед. Неговото слабо лице на кое од исцрпеност, слабо растеше брадата, беше згрчено и бледо, небаре го имаше попримено ликот на пожолтените излитени томови што го окружуваа цел живот.

Наутро го будеше Делјана, да се подготви за на работа, но во него гледаше како на осакатена фиданка во бујниот развој на социјализмот, оти и Делјан невин, носеше можеби таква вина, но тој неоптоварен со никакви идејни мисли беше среќен по долгото чекање за вработување, што сега беше вработен преку една врска дури од Грција, кај приватникот Маноли Ѕимбров.

Добрин, за сето тоа ова боледуваше но уште не беше решен да проговори имајќи трпение дури и кога му се обраќаше Румена со најжестоки зборови: молчи, молчи, се плашиш, да не ја трогнеш револуцијата.

Конечно почна да ја признава својата немоќ да се соочи со вистината. Му се јавуваше страв од будење и страв од таење, заборав на се. Стаписано утврди дека тоа личи на епитаф и рече: ако јас не можам да ја прикажам мојата стварност, значи дека таа не постои. Ако пак таа постои, значи дека постојам и јас. Сега можам да постојам и да не постојам, да бидам и да не бидам, да сум а и да не сум тука, да сум друг и да не сум ист. Господи! Мојата стварност стана сон. И само почна да го обзема очај, силно одбранбените механизми од неговата потсвест го изнесоа на виделина вистинскиот виновник за овие мрачни мисли; бев активен учесник, на народниот отпор против германската окупација, а потоа учествував во Граѓанската војна во Грција во редовите на демократските сили, против реакцијата и англо-американската интервенција. Тогашното раководство ме обвини за предавство, сегашното за предавство...