ГЛАВА ДЕСЕТТА - Part 01
ГЛАВА ДЕСЕТТА
На сон сум го читал статусот на партијата
Нам ни дадоа ручек - му рече Румена и го загледа вознемирено, бидејќи тој се задржа кај Строгов цел ден. Беше блед.
- Што ти е Добрине? Ој, човеку! Значи и тука ти отворија картон? Ех, боже мој, оваа казна нема свој крај... каква иронија? Ех, мој Добрине. Ти си моја несреќа. На 35 годишна возраст да талкам низ светот и се уште да морам да го читам Статутот на партијата.
Никогаш не сум сакала да им се умилкувам на тие твои партиски полтрони. Ништо, мој Добрине, единствено што успеав да научам, всушност е она што ми беше неопходно, е како да се придржувам на нивните манири.
Ние се претворивме во машини, цело време ме водиш во некаква послушност... Вие сте типични солдати, вооружени граѓани и партиски величија... Ти, мој Добрине, научи се да размислуваш со својата глава, мислам дека така ќе бидеме ослободени од партиската евиденција... Колективот ти е како стадо овци, додека пасе во мајските треви, но кога ќе дојде волкот, секоја бега на своја страна. Ете, што остана од вас револуционерите?.. Одамна, по овие наши талкања, сакам да ти речам, престани да и веруваш на полициско-партиската пирамида, што мислиш, зашто сите се така слепи од омраза кон тебе? Соборци ти се нели? Тие сега, ете, повеќе мислат дека ја сакаат татковината, тоа е уништувачка работа, мој Добрине, кога секому му е дозволено да прави што сака во името на народот... Такво е времето, кое дава можност за фанатични уверувања и тоа се така ќе си оди. Се што е под тебе бараш да биде послушно, а пред се што е над тебе се превиткуваш и само една цел имаш, на тие кои треба да бидат послушни... Но тешко на оној кој ќе ја загуби линијата на рамнотежа, како нас, тогаш ќе го прогласат во името на народот... Тоа е нашата максима, Добрине мој, а сега ќе чекаш да победи вистината. Ако, дојде до тоа што нема веројатност, ќе биде подјадена совеста на тие твои Фирсови, Пантелееви и сега Строговци.
Нашата вредност е, што вели народот, колку и онаа со коњот и кучето.
Добрин, со своите 45 години, буквално помина низ се. Дури и многу повеќе од кое и да е суштество. Седеше и гледаше во Румена. Со заматено и згмечено чувство ги погледна книгите што лежеа на масата. Книгите му оставаа впечаток на нешто туѓо, непријателско, но и непотребно... Ги поттурна со рака и се налакти на масата. Го удрија мислите во дамнината и му навираа спомени.
- Навистина, голема беше приврзаноста на нашиот народ кон КПГ - рече, гледајќи во Румена како виновник, па продолжи. -Стрико ми Јован имаше коњ и кола од оние што растоваруваа само со превртување. Тој беше пролетер, носеше песок по градилиштата на Лерин. Но, за да натовари побрзо ме земаше со него да му помогнам. Имав неполни четиринаесет години. Еден ден (некаде во 1936 година) бевме надвор од градот, покрај реката и одевме до местото за копање песок. Стрико Јован извади од пазувата летоци со голем црвен срп и чекан преку напишаното. Ја запре колата и ми тутна в рака повеќе ливчиња, па ми рече: “Истрчај до онаму и расфрли ги по главниот пат, секој нека види што е комунизам... ова е наша партија, партија на сиромасите и поробените... добро ќе биде ако изгласаме некој што ќе не сака и ќе не разбере. Таа е партија која ќе ни дозволи да зборуваме во градот пред сите, а не да се криеме кога лафиме на нашки...”
Овие зборови на стрико Јован многу ми значеа, така мислеше и татко ми, но тој никогаш не ми рече ништо за комунизмот... Тој работеше ден и ноќ за да можам да станам даскал, а јас станав револуционер, кој сега не го признава ни едното ни другото. Во Сибир кога бев, тогаш му пукнало срцето. Ме сакаше, бев единец и сакаше да бидам даскал.
Секоја револуција се плаќа со жртви, без жртви нема ништо,- и рече на Румена, небаре бараше оправдување.
- Сега веќе се повеќе се замрсени патишатта на нашата судбина, мој Добрине.
- Што? Чудно расудување. Што сакаш да кажеш?
- Си припомнувам кога ти беше на власт, и првото што го научив за односите беше како да се однесувам во партиската елита, тоа беше важен момент како пред најголемиот да бидам со сила расположена и да сум подготвена да заиграм со него танго. Тогаш верувам и тебе ти се развлекуваше насмевката од задоволство. Но, тебе пак ти беше страв да ја поканиш првата дама, оти тоа зависеше од расположението на тој што го викавме “мудриот наш водач”.
Добрин привидно се смири и сега пред се ја чувствуваше нејзината мирнотија, потврдената безгрижност најверојатно под влијание на седативите што се повеќе дејствуваа врз нејзиното расположение.
- Токму од тој момент зовре во мене мојот прв протест, првпат сретнав елита со загрижена совест за зачувување на партиската хегемонија. Чудни се тие моменти, признавам... Значи нешто потсвесно те тера да се обидуваш само да се насмевнуваш, небаре ти е навлезено некое задоволство и од се треба да правиш добар хумор. Тоа не беа незначајни потези од сите нас понижените, туку докази кои останаа до ден денес и си се закоренија во мнозина од нас.
Ти знаеш дека јазикот на љубовта се наоѓа во очите... барем јас така се вљубив во тебе. Понекогаш ќе ме пречекаше твојата љубезна насмевка, а долго не знаев зошто. Што е тоа? Но, пак да се вратиме на тоа што го немало никаде и никогаш. Велиш, целокупната историја на човештвото е историја на жртви. Првпат слушам, се насмевна силно.
Зарем и вие комунистите ќе оставите таква историја? Гледаш, Добрине, во моментот кога сите жртви се против следното големо потсетување, човек остава впечаток дека кога ќе се врати од логорите му се скусува неговото интересирање. Останува сиромашко и грубо. Моралните препреки на повеќето
од тие елити им се поместија некаде настрана, но ти и во оваа безнадежна позиција си останал верен на себе си. Уште браниш некаква чиста партиска линија... Види какво совпаѓање на судбината, така уверливо да го впери прстот, пак на кај нас. Зар ние малку страдавме и сега судбината пак си ги зема нашите животи во свои раце. Твојот и мојот живот, по истата подобност, и тука во татковинава ќе претствуваат загатка. Повторно ќе се изнајдат Фирсови, Пантелееви и сега Строговци наши што ќе сакаат да профитираат благодарение на бесчувствителните лаги со кои ќе биде направен уште еден обид да те дискредитираат. Никогаш не можам да си простам, како дозволив да бидам толку несреќна? Сонував приеми, свечени мигови по простарни салони, средби со нагиздени луѓе, со безгрижни лица, а сето тоа ме правеше да лудувам по тебе мој Добрине... Можеби и требаше да се обидеш пред саканиот водач да продолжиш да се адаптираш и така сето тоа денес ќе се претвореше во добар хумор. Можеби ќе успеевме да кажеме се што сакаме денес, а не сега да заглибуваш во бладањата на логорското минато и во идните прифатилишта.
Добрин ја наведна главата и со доза на вина рече:
- Утре треба да се преселиме во прифатилиштето “Кисела Вода”.
- Но ти ништо не ми кажа за иднината. Во тие изминати десет часа Строгов не остави малку простор за нас.
- Не. Тој повеќе се интересираше за режимите во сибирските “Исправителние трудови логори”. Но и за истражните како што беа “Бутирка” и “Лефортово”. Грижливо ги бележеше болшевичките методи. Ти знаеш дека тие логори се од најсовршен тип. Строгов сам си призна дека тука уште се експериментира...
- Да не сакаат да градат исти, - лекомислено праша Румена.
Добрин се насмевна и рече:
- Можеби мојот разговор со Строгов не даде никаков резултат. Му кажав: “Одвај го собрав семејството и до кога може да заврши истрагата што сега е отворена против мене?” Не, рече тој, истрагата била отворена уште со доаѓањето на моите соборци Апостол Мараковски, Ристо Коларов, Лазор Рогожаров, Филип Хаџиевски, Силјан Лилјакот, Манол Форевски, Оливера Петочка и Небеска Тимјанова. Тие сите дале изјави дека не сум го изневерил раководството на НОФ и ми рече “Добрине, јас сум дел од “железната тупаница” на Партијата... Ние претпостваувавме, не тврдиме, зашто тоа се само изјави... но мислиме дека доаѓаш како агент..” Не рече чиј, но од разговорот претпоставува дека сум бил сега советски шпион...
Си прпомнувам кога и Фирсов ми велеше дека е “железна тупаница” на Партијата. Да, досега комунистичката полиција е “железна тупаница “ на Партијата.
- Руски шпион? Румена стоеше вџашена . - Зар ист сој сте вие комунистите? Захаријадис го обвини Маркос за најголем шпион и го прати како умоболен да се лекува во Русија. Кога се подзаврте тркалото на историјата, генерал Маркос прати писмо до Центарлниот комитет на КПСС, во кое Захаријадис го обвини дека е шпион и предавник од меѓународен карактер. Главна причина, според него, за писмото не било обвинението против Захаријадис, туку обидот самиот Маркос да ги симне од себе сличните шпекулации и озборувања дека е агент на Британската разузнавачка служба. Ти си руски шпион!? Ех, мој Добрине. А Русите ти велеа дека си англиски шпион од голем калибар и дека од таквите како тебе беше загубена Граѓанската војна. Така и стои една од историските причини за поразот на едно прогресивно движење, дури тоа го прифати и Сталин.
Ист сој сте. Кој може друг тоа да ти го стори освен твојот соборец Апостол Макаровски и твоите најблиски соработници? А погледни како се одиваат работите. Захаријадис изврши самоубиство во едно сибирско село, а Маркос во Атина. Макаровски во вила, а ти во прифатилиште. Тука се гледа дека е загубена линијата на хоризонтот, но интересно е дека вие комунистите сето тоа го правите во името на народот. Зошто?
Расудувањето на Румена, го натера Добрина да ја слуша и небаре се израдува од сето тоа, но тој размислуваше на она најстрашното - кога човекот се судрува од внатре. Тука настојуваше да биде издржлив.
- Немој да ме разбереш погрешно, мој Добрине. Комунистите засекогаш се заминати. Одамна ги нема, а во светот се поретки, меѓутоа сега ќе постојат уште тие од “железната рака”, тие што се уриваат на крајот од тупаницата како Фирсови, Строгови... Ако ги имаше комунистите не ќе ги имаше овие лигави пијавици. Што ќе им се на комунистите иследници? Тие не треба да се плашат од вистината и способноста на човекот. А вие комунистите од овој сој, прво измисливте логори, мачилишта, паролашки изјави, дека главна грижа на партијата е благосостојбата на народот.
- Не би можел да го сторам она што го направи Макаровски, и да се појавам пред соборците, бидејќи секогаш ценев да бидам до последен час со нив и заедно да ја делиме судбината, оти досега нас не одликуваше она што го нема во никој народ, при најлошото да си ја спасува главата само раководството. Ете, моја Румено, зошто сакав да се вратам во Ташкент, по логорските маки, а не оттаму да се вратам сам без народот наш, кој за време на војната имаше доверба во нас од НОФ, а не во Грците.
А ме зачуди Строгов кога ми рече како да ме сожалува: “Добрине, ќе чека на некоја идна кадровска револуција...” Но, нема да дозволам да ме скршат. Тоа задоволство, нема да им го приредам. Јас сум, само македонец и ништо друго, моја Румено.
Кога на Захаријадес, му го откажав медалот што ми го додели за заслуги, што НОФ ги имаше за будењето на националната свест и успеа паролата “Старо и младо во редовите на ДАГ”, напишав дека тоа го правам како знак на протест против партиската хегемонија над македонскиот народ и реков: “Народот македонски, масовното учество го изрази како потреба за национална слобода, а не за исклучива победа на комунистичкиот систем” и поради тоа што мојот став бил
“антипартиски”, тенденциозно бев симнат од функцијата, под обвинение дека афирмативно сум зборувал само за херојската борба на македонскиот народ независно од грчкиот Макаровски и другите тогаш молчеа. Но по убедувањето на Захаријадис, сите сме биле исти и така сите членови на НОФ што беа во секретеријатот бевме испопикани во “Исправителние трудовие логора” во Сибир да ја делиме судбината со: саботници, јеховисти, грекокатолици, староверци, белоруси, есесовци и гестаповци, украинци и молдовани, шверцери и шпиони од Иран и Турција, Унгарци и Полјаци, Бугари и Југословени, сите осудени според рускиот кривичен законик на Руската федерација, член 58, точка 4 и 11.
Гледаш Румено каква услуга му направи Централниот комитет на СССР, на водачот Захаријадис. А денес се менуваат работите и не знам зошто во сопствената татковина, меѓу својот народ кој му ја направи таа услуга на Мараковски или на кој било друг.
Утредента со дежурното комбе беа префрлени во прифатилиштето “Кисела Вода” и им беше доделена соба со четири кревети со поглед накај манастирот “Свети Ѓоргија”.
Собата беше долго непроветрена и кога ги отворија прозорците, се чувствуваше мирис на запалени свеќи. Тој ден беше празник, Ѓурѓовден и насобраниот народ се подготвуваше за општа веселба.
По богослужбата, народот испоседна и секој имаше донесено обилно јадење, посебно поголемите групи од развеселените Цигани му оставија убав впечаток на новодојденото семејство Сувогорци. Румена и Добрин, тој ден го минаа налактени на прозорецот, дозволувајќи да ги дразнат мирисите на печено јагне, на младо лукче и кромитче, а ги заинтересираа и ората што ги играа циганите. Сувогорци во нив гледаа слободни, сити и весели луѓе, без никакви грижи што можат да го мачат денешниот човек.
- Ова е вистинската социјалистичка слобода - одушевено рече Румена.
- Да, човек крева глава само при едно благородно чувство ако владее кај сите луѓе... Навистина, овие луѓе никогаш не би постапиле со лоша волја на нивните срца. Тоа се придобивките на слободата,- потврди Добрин и почна да го мести креветот со развласените покривачи, што очигледно не беа испрани од поодамна, но затоа тука беа да се постелат и двата чаршафа што имаа печет “социјално” и имаа попримено засивена боја од долгите вриења во воените перални.
Пред секоја врата од левата и од десната страна на ходникот имаше во разни големини по неколку исечени или подгазени скорни за одење понадвор, бидејќи заедничкиот нужник беше доста оддалечен од живеалиштето, а најмногу мака имаа постарите кога се искачуваа по стрмната патека, особено на калливо време, но бог да го прости Геле Маџуковски, стар искусен жител по таквите заеднички живеалишта, кој имаше направено, по сопствен изум, скалила се до местото каде што се двоеја машкиот и женскиот нужник. Тој оддамна страдаше од воспаление на мочното бабуле и затоа му стана грижа одењето до нужникот, но и без личниот проблем имаше забележано дека мнозина од жителите набрзина ја вршат малата нужда по ќошовите, па дури едно утро ја видел запретана Малина Туриманџова под прозорецот на Сувогорци.
Геле Манџуковски остана запомнат и по уште една добрина што ја направи за овие луѓе. Му текнало да заостри еден голем клинец и да го закова од внатрешната страна на вратата со малку наклон нагоре, со строга намена за набоднување на исечени парчиња од весник, во неодредена мера, така што со тоа луѓето веќе престанаа да носат стуткана хартија в раце. Арно ама, потоа се јави извесна алчност кај одредени жители од прекумерното расфрлање и повеќето парчиња паѓаа пред грлото на нужникот. Не беше толку голема вознемиреноста од неекономичното растурање отколку што стана политички проблем еден ден, кога едно парче останало прилепено за цементната подлога и секому како му стигнувала шурката, така и сликата на весникот, катадневно беше биена од секоја шурка, па тоа некој ги наведе на сомневање и сето тоа беше одоколу испитувано. По неколку дена Миле Мицајков со своето око, по
испитувањето на самото место, потврди уште едно сомневање за одредени жители на прифатилиштето.
Порнографски слики, вообичаени за такви нужници немаше, и тоа се должеше на воспитната младина, која беше уште под влијание на комсомолот во тие земји, а имаше озборувања и за ѕиркања низ цепотинките во женскиот нужник.
Особено беше најживо секое утро во ходникот каде што беше врвулица, а луѓето се однесуваа агресивно во разминувањето. Но имаше и такви кои ги красеше особена почит спрема женскиот пол. Така дури еднаш Румена иташе во разминувањето, еден маж дојден од Чехословачка и даде помин правејќи благ наклон со подигање на раката, што и се пристори како да ја поканува за танго.
Секој од жителите со години си живееше со навиките од каде што дошол, од Полска, Чехословачка, Венгрија, Романија, Русија, а тие од Чехословакија секогаш даваа предност во разминувањето и никој од нив немаше оставено во ходникот наредени сандаци се до таванот како што беа повеќето дојдени од Ташкент и Полска. Тие од Полска дури и најмногу се расправаа употребувајќи го поначесто зборот “Холера јасна”.
Обично наутро се отвараше секоја врата и луѓето се раздвижуваа низ тесниот ходник, а од собите испаруваше топол тежок мирис, дури имаше и такви зони каде што Румена повјаснуваше да измине што побрзо, а однатре се слушаше разновидна музика се до доцните часови. Најмногу ѕунеше песната “Казачок”, “Линка Малинка”, “Волга, Волга руска река”, но имаше понекогаш и по некое танго. Во утринските часови се слушаа вести, со очевидни пречки, а при изборот на бараната станица, небаре се губеше најмногу време, мажите стануваа се понервозни поткашлувајќи зачестено. Тоа го правеа сите мажи за да можат да коментираат при денското играње домино или играта “џандар”. Но при фаќањето на бараната станица и кога ќе изговореше спикерот “Говорит Москва” или било која друга станица од Варшава, Букурешт, Софија, Атина, во собата настануваше молк од присутните, само се мешаа гласовите низ ходникот од разните спикери.
Овие жители имаа и свои проблеми, не само со заедничкиот ходник, каде што преку денот беше врвулица, туку и ноќе, бидејќи како Геле Манџуковски имаше уште неколку разболени со акутно запаление на мочното бабуле, па тие речиси цела ноќ се сновеа, влечкајќи ги аритмично поткованите и подгазени чевли. Таквиот ропот, дури и од најдлабокиот сон ја будеше Румена Сувогорска. Таа, пред овие луѓе беше немоќна да стави ред, па размислувајќи како да најде решение, остануваше будна по цела ноќ. По цели ноќи не спиеше поради чувствителноста и раздразливоста на нервниот систем, па во никое време го будеше и Добрина.
- Добрине, Добрине, спиеш ли? - велеше, превртувајќи се вознемирена во железниот единечен кревет.
- Кај беше толку доцна? - мамурливо ќе прашаше Добрин.
- Ех, мој Добрине, сакаше да живееш во базата... Сега ми се чини дека ги уживаш плодовите на твојата револуционерност.
- Добро - велеше Добрин, запри со цимолењето.
- Се разбира, практично јас не знаев ништо за ваквите прифатилишта. Всушност, се беше поради љубовта. Тебе ти е добро! Зар не гледаш дека ти е добро? Се бањаме во легенче, ти турам и ми тураш со котленце вода. Економично, нели? Навистина не те разбирам... Ќе бидам отворена со тебе. Освен твоето лице и телото, ништо друго не е убаво...
Мислиш на воспитувањето, што го нарекувате “револуционерно”. Сполај му на господа, не ми треба - ќе се насмееше иронично и продолжуваше. - Што и да кажеш, јас не ти верувам ниту еден збор. Можев да бидам дама, а не телото да го мијам со едно котленце вода по прифатилиштата. Ти благодарам, ти си добар човек, но треба да разбереш до кога можеш да имаш имунитет како револуционер. Никогаш нема да заборавам, кога бевме на прием во земјанките кај Винени, тогаш Захаријадис ви ги врачи медалите на сите големци од НОФ. Таму беа и тие што не сакаа да се вратат во базата, а сега
се против тебе. Тие и тогаш медалите ги примија и пак се вратија како херои, а ти? Тоа ти се политичари, мој Добрине, а не ти, бараш одмазда за измамата од грчките комунисти. Ете, сега имаш празен простор, докажувај, но знај дека никој нема да ти признае. Кој политичар од тој ваш сој, си ја признава сопствената грешка, а ако тоа го стори ќе биде избришан од списокот на перспетктивните и подобни кадри...
Си припомнувам уште од тие години на тебе, кога виде дека тие медали што ви ги даде водачот се фарса, те гризеше совеста, оти тие беа поради успехот на партиската хегемонија над македонскиот народ и паролата беше за тотално искоренување на македонскиот народ. Не требаше ништо повеќе само знаење, мој Добрине, да опстанеш заедно со “елитата” и ќе те ценеа, а ти ете, и сега ти ги читам мемоарите што ги пишуваш и велиш дека тенденциозно си бил симнат, како “партиски елемент” под обвинение дека афирмативно си зборувал за самопрегорот на македонскиот народ, а не како за движење од меѓународен карактер. Но, за тоа прашање сите немате никаква заслуга, бидејќи вие како декларирани раководители на НОФ им ги доверивте под команда на грчките комунисти, а вие како револуционери лелекате и ден-денес. Народот добро помни, оти тој даде се верувајќи во вас, а не во Грците. Зарем може да се заборави тој последен чин, кога на фронтот беа донесени илјадници деца од домовите по државите во кои беа евакуирани за да се спасат. Тоа беа деца со неполни петнаесет години... Европа помни такво нешто само од Хитлер, а вие комунистите, “елитата”... Сега те гледам, за сето тоа те гризе совеста, но каде е совеста кај другите твои блиски соработници... Твојот искрен став, мислиш дека ќе го докажеш со своите мемоари, а луѓето од “елитата” измислиле пред Русите да те наречат југословенски шпион, а сега кога тие се вратија пред тебе, ти рекоа, можеби е “Руски шпион”. Ех, мој Добрине, едно е вистината - што кај нив брзо исчезна интернационализмот, а кај тебе не, затоа што сакаш уште борба за правда, во базата, во Ташкент кај борците кои не беа веќе под никакво влијание на НОФ, туку беа обични војници на една победена армија која не знае каде ќе се најде и ти не го сфати тоа дека на Грците повеќе не им сме потребни. Тие си ја свршија работата со нас
македонците, сега за нив не постоиме. Гледаш тие се враќаат во своите домови, а за нас велат оти не сме “Грци по род”.
Ете тоа им се случува на лидерите. Тоа е рамно на човек кога ќе крене рака врз сопствениот живот! Ајде кажи, која жена на функционер ќе си дозволи такво нешто? Со време, мој Добрине ќе сфатиш, дека животот наш е запечатен и тоа е моќ кога човекот тоа ќе го сфати дека докажувањата не се битни во сегашниот свет, бидејќи во тоа иследниците си ја наоѓаат својата загадочна игра се до смрта на виновникот, а неподобноста останува на неговото поколение. На сцената и збрката мора да биде јасна.
- Зошто си дозволуваш да ми зборуваш катадневно на тој начин? - на повисок глас еднаш и рече Добрин, посакувајќи заборав и мир.
- Потивко ќе го разбудиш Делјан, тој барем не треба да носи вина. Утре има напорен ден в училиште. Но чудно дете, историја како предмет не му е по волја. Нека стане инженер, можеби сето ова нашево ќе му остане во заборав, ќе има мирна иднина...
- Оф, каков бучен живот. Дали на овие бледи, пожолтени мажи и жени, им е грижа што толку рано стануваат како војници -истегнувајќи се во железните кревети рече Добрин.
- Фаќаат ред пред нужникот, потоа одат по топол леб и други продукти, за да бидат потоа слободни се до ручекот, кога домаќинките ги повикуваат од отворените прозорци.
Сите мажи освен Сувогорски играа домино под големите разлистени дрвја, раскажувајќи ги своите приказни со притивнати тонови, како по улиците ги викаат Егејци, или пак огорчени од некоја битка на Грамос или Вичо, критикувајќи ја воената тактика на генералот Гусјас кој по професија бил чевлар, но бил човек со долг партиски стаж...
Сувогорски макотрпно работеше на замислениот проект. “Разобличувањето на грчката политика спрема Македонците”,
преку цел ден чукаше на машината, густо пишувајќи во повеќе примероци, оддавајќи им посебно значајно место на цитатите кои беа досега изречени по националното прашање од разни лидери, но строго внимавајќи на секој исказ и... што денеска по тоа прашање мисли западниот свет. Така со години, но никако да го објави, бидејќи рецензентите однапред имаа задача да спречат, да речат дека напишаното не е гледано од вистинскиот агол и како резултат на тоа Сувогорски повторно се нурнуваше да допишува, да ревидира и да докажува.
А, Румена, како си минуваа годините, таа се повеќе навлегуваше во суштината на нештата. Си припомнуваше кога била девојка и како и задаваше големи потешкотии на мајка и бидејќи таа не и дозволуваше да оди во партизани. Се разбира и сега си призанава, оти таа ништо не знаела за комунизмот, со исклучок на неколку цитати од Сталина, што ги слушала по младинските собранија.
Use the left and right arrow keys to turn the page.
Printed from https://macedonianhistory.ca/narrative/wonders-talkachi-e-book-macedonian/11 on October 29, 2026