Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Become a member!

Wanderers

ГЛАВА ОСМА - Part 01

By Стојан Кочов · Part 9 of 46 · About 15 minutes

Read in English Read in English Read in Македонски

ГЛАВА ОСМА

Нова година 1950 во столипински вагон

Ги начулив ушите кога од назад му го почувствував здивот на Строгов, кој посака да ми поттпикне молив и бели листови. Досега со никого не бев зборувал за сето тоа, за тој долгогодишен гнев и излив на горчина. Помисли дека целиот свет живее како во некоја зараза, да се испитува, да се обвинува, да се разгрнуваат крастави рани, па дури на човек и смртта да му биде недостојна. Барањето да зборувам за сето тоа ме направи бесен и не сакав да почнам, го гледав Строгов како тоне во фотељата, најверојатно чувствуваше некаков трепет на жилите, како што велеше мојот пријател Кандикјан. “Ако темето од десната страна ти заигра, ќе претставуваш судија, а ако ти заигра брадата ќе те советуваат...”

Во еден миг се вратив во напластените купишта од факти, во историјата, но не поради добродетелствата на Лаврентиј Берија и Јозев Гебелс, туку поради злото. Од нив двајцата, како инспиратори и организатори на еден систем на телесната и духовната контрола кај две “револуционерни” земји, едниот беше таткото на Гулазите и на советската бомба, а другиот го покри со смоквин лист геноцидот. Сега, Строгов бараше од мене да му ги опишам Гулазите. Ех, тие мои СИБИРСКИ ГУЛАЗИ, таа мртва постела на светот!

Повторно ме натераа да викнам. Во молкот, во тишината на најсилниот Гулаг!

На пат за Москва, некаде пред Киев во ноќта на Нова година илјададеветстотини и педесетата во столипински вагон, сонував возвишена трибина од бел мермер, под отворено небо. На четирите ќошиња високо се издигаа кон небото монументални столбови на дворец. Од изгревот на месечината зрачеше розова светлина, насекаде, дури до далечниот хоризонт, а на толпата од човечки лица и болскотеа очите свртени кон трибината.

Сонував, стојам и в раце држам таблица, како онаа на Мојсеј со десетте заповеди, само што оваа е врамена и е под стакло со

текст во две колони. Првата на македонскиот народ, па небаре се обраќам до народите на целиот свет, читам со необично силен глас.

Се разбудив, можеби сетики од сопствениот глас.

Мојот голем брат не ме слушаше. Беше заглушен од бучавата на триумфалниот дострел на созијализмот, од бучавата на шампањското, но јас слушав само тик-так, тик-так и студот се повеќе ми се вгнездуваше, а јас како да се смалував, чувствував како железото ми ја исцицува топлината.

Сињак, студ, крцкаше снегот, се ежев. Мускулите ми играаа и се тресев. На десетина метри од вагонот, ме втераа во една црна затворска кола. Неочекувано, се најдов во положба на седната мумија, како во кутија. Посакував да крикнам... Боже, како да ми шикнаа големи млазеви од мене. Постои ли моја татковина која треба да ми суди?!

Преку колената и грбот ги чувствував металните ѕидини. Темнина. Пред носот ми беше мал правоаголен решеткаст отвор за дишење. Не беше по мера на човекот, ами како за некаква ѕверка.

Затворската кола се движеше несигурно, беше лизгаво низ улиците на Москва, се тркалаше ужасно бавно, а пеколно студеше. Си реков, ако вака потрае, наместо мене, во кутијава ќе најдат мумија со смрзнати воздишки и испарени мисли од едно време...

Но, ете бевме стигнале во Лефортовискиот затвор. Ме водеа двајца снажни стражари. Едниот пред мене, другиот по моите стапки. Слеговме по неколку скалила, потоа низ долг ходник и многу врати од обете страни. Застанавме пред бројот 513. Оној пред мене ја отклучи вратата и бавно ја отвори гледајќи ме в очи. Црна тешка врата. Веројатно дабова. Десетина сантиметри дебела, а и скована со железни обрачи.

Ме поттурна и ја заклучија вратата зад мене. Си реков, ова е мојата одаја што ми ја доделија во земјата на Социјализмот и во

неа почнаа утрата да се раѓаат без да ги објаснат ноќта, стравот и неизвесноста...

Во форма на квадрат, со ширина до два метри и толку должина, можеби и нешто повеќе. А висината, околу три метри. До самиот таван, во дебелиот ѕид, наспроти вратата, мал отвор со армирано жолтеникаво стакло. Од некаде преку денот се отвораше само. Од него струеше воздух и потскокнуваше како змија и ја носеше миризбата некаде подалеку од Москва.

Темничаво беше, особено кога надвор не блескотеше сонцето и тогаш се запалуваше млечната ламба што висеше обесена како задавен стаорец. Си реков, тука повеќе не ќе ги видам утринските извори. Сите ѕвезди како да ми умреа во душата... Времето се беше скаменило. Никаде ни земја, ни небо. Ни птици ни луѓе. Срцето уште рамномерно ми чукаше, во изгорените ноќи. Ја одмерував должината на боиштето. Немаше преданост, немаше смеа, освен смеа на моќниот над надмоќниот.

На два чекора од вратата застанав. Во носот ми удри остра реа од стара скисната нечистотија, пот, сперма, нокти, влакна и плунки од засирена крв. Сето беше измешано со трулежот на една стара покривка, која можеби уште го чуваше стравот од некое боиште од воините. Раната ми беше отворена во скршеното срце, во душата-пепелишта, пустош, молк...

Ги немаше издолжените сенки на претците, се беше збрано во една точка, дури и смислата на сите походи беше покриена од робијашката кошула...

На подот, се до спротивниот ѕид кон прозорчето, јасно беше отцртано патчето. По него, најверојатно чекорел мојот претходник.

Свртувал до мијалникот на левиот ѕид и до дупката на нужникот. Тоа беше веднаш до мене, во левиот ќош. Натаму подот како да беше послан со некаков сив ќилим. Слојот беше дебел, нагазен од влакна и прав... По должината на десниот ѕид тесно легло на рѓосани ногарки вкопани во подот. Тука до мене

имаше мало дрвено масиче со дрвено триножно столче. Значи, тука десно требаше да спијам и јадам, а лево да серам и со голи раце да си го чистам задникот, но ако сакав можев и да си го измијам со студена вода што џвркаше од рѓосната цевка. Во средината, меѓу мијалникот и леглото, имаше можност за прошетка и уште неколку чекори понатаму и уште толку за назад, како што тоа го правел и претходникот, кој потајум исчезнал како тревка...

Ќе изумев една среќна околност; секое утро ми даваа метла, леген и крпа од излитени гаќи. Уште првиот ден го исчистив подот и се виде дека е асфалтиран. Потоа секој ден го миев, заедно со високото цокле по ѕидовите. Според ова, веројатно ме третираа како во поблаг режим од мојот претходник... Тој живеел во нечистотија... Стражарот велеше дека бил сумашедшиј (лудак). Генерал Никита Игорович Грненко. Тука војувал по боиштето на осамата.

Во ѕидовите оставил вџарени очи... Скаменети. Низ оваа патека си ги спомнувал, сосем сам, сосем сам, сите битки, го растргнувал конецот на истрајноста... и ги стишувал во душата разгорените огнови, но некој на крајот му влегол во сопствената скривница...

Сега, Строгов од мене бараше да проговорам за режимот. Можеби не било на одмет да се одбележи нешто. Се разбира, за тоа се уште со огорченост и протест се сеќавав - Делото против мене, како и против останатите од групата НОФИТИ (Членови на македонската организација НОФ), на крајот беше укината. Беше ликвидирано поради “Отсуствија состава преступленија”. (Недостиг на факти за прекршок и за злосторство). Пресудата беше анулирана. Бев прогласен за невин и правно рехабилитиран. Сите оние долготрајни понижувања, она префинето насилство врз човекот во невоља, човекот жртва, останаа да висат во воздух, како онаа светилка во ќелијата, матна, исплукана од муви, прав и... Без правна основа.

Само како “право на посилниот”, како злосторство... Но колку сум бил наивен дотогаш, колку далеку сум стоел од жестоката реалност, од суровата вистина, што можеше да ја доживее

обичниот човек во земјата на идниот комунизам... Не само моето физичко уништување, туку и моралното разоружување, духовното смачување и бескрајното самопонижување!

Кога ќе влезеа во ќелијата беа по тројца, некаде по полноќ. Сонлив ќе станев.

По нивно барање, ќе се соблечев гол и ќе застанев во еден агол. Така стоев, чекав, а тие намерно полека вршеа претрес. Така минуваа час, два, небаре ме заборавиле, покрај линијата на смртта. Мирно разговараа, се смееја безгрижно и весело. Не обрнуваа никакво внимание.

Ги нарекував темничари. Не би требало да се премолчи и тоа дека овие товаришчи, додека ме гледаа беспомошен, понекогаш беа склони да пројават и за удувачко “сожалување”, исклучителна “љубезност”, а тоа беше кога си помислуваа дека жртвата нема да пројави никаква готовност за поголема “соработка”. И така, тие веднаш стануваа брутални на крајот со сета “добрина” се зафаќаа со мене. “Дојди ваму! Испружи ги рацете! Рашири ги прстите! Преврти ги дланките! Покажи ги мишките! Отвори ја устата и направи а..а.а.а!..”

Ѕиркаа под јазикот, лево и десно, меѓу забите и гркланот. Ѕиркаа во носот, во ушите, како да сум коњ за продавање. “Рашири ги нозете” и ѕиркаа ту лево ту десно и под машкиот дел, а од срам и од страв ми се имаше собрано како на мало дете. Можеби и од студот.

“Покажи ги стапалата! Сврти се со грб, навали се и со рацете рашири си го задникот!” Што гледаа не знам... Потоа си заминуваа бучно, ме оставаа како Адама, а облеката и постелнината расфлани по асфалтниот под. За нив, бев само експонат а не борец, против англоамериканскиот империјализам како што се деклариравме на првиот конгрес на НОФ и како комунисти.

Се обидував да го задржам достоинството и се прашував -зошто ги пишував и ги прокламирав кај моите Македонци комунистичките погледи?

Така фатен во безнадежност низ сенката на дамнината, истекуваа несоницата и немирот на душата.

Сослушувањата почнаа уште од првата ноќ. Редовно, но никогаш дење. Траеа по неколку часа. Иследниците се менуваа, а јас цело време бев седнат на едно столче на кое се здрвував и дури пред разденување ме враќаа во ќелијата.

И само ќе дремнев, слушам “падјом!..” Морав да станам.

Преку денот шетав, натаму две метра, наваму исто. Со часови, како нервозна мечка. Малку ќе седнев и пак чекорев. Размислував, се бодрев. “Морам да издржам!” Не сакав да дозволам да ме скршат. Но тоа предолго траеше...

Во несоница ги напојував раните, ноќта одминуваше како крај мртов воин со вџарени очи, а во нем крик нечујниот ветар однесуваше се низ моите тажни очи. Утрото заруменуваше, нов ден...

Имаше несовладливи денови. Не ми дозволуваа да склопам очи. Но јас сепак успевав. Спиев простум. Стоев со раширени нозе, потпрен со дланките на студениот ѕид, токму под прозорчето. Чуварот зад вратата гледаше низ шпионката дека стојам, па ништо не ми можеше...

Планирав збирка раскази со мотиви од нашата борба. Еден расказ, втор, трет... Ги разработував. Хартија и молив не даваа. Еднаш си го сонив пред мене мојот гроб. Ѕидините од мозаик. На половина метар од земјата, близу, навален и капакот... Плоча, исто таква, а гробот уште не ископан. Затревен, се уште се чекаше... Потоа ми беше речено дека чуварот треба да ми ги гледа лицето и рацете при спиење. Оттогаш спиев со главата кон прозорчето, а струењето на воздухот ме пронижуваше, ме поткаснуваше како змија. Чувствував тенки трепки, потајум како да ми ги поткинуваат златните конци на мојата љубов кон татковината. Нема магични мириси, само трулеж и смртна постела...

Еднаш на сон, сум се свртел кон ѕидот, па чуварот не издржа и грубо ме разбуди. Потоа лежев се така како труп и не се осмелував да се помрднам. Зима. Прва зима во земјата на социјализмот, уште сонце немав видено. Времето беше најчесто намуртено како сиот персонал во Лефортово. Одвај се насетуваше денот преку матните стакла. Ламбата понекогаш гореше деноноќно. Чудно беше, колку тишината можела да биде неподнослива. Апсолутно, без звук, никаков глас или шепот. Чувствував како смртта лази крај мене.

Откинат од светот, изолиран, небаре некаде извеан во пустината... Ја слушнав тишината, но си реков можеби е некаков придушен далечен шум. Веројатно си го слушав сопствениот крвоток, како крвта ми шурка низ набабрените жили и огнот во моето вжарено огниште се уште не беше згаснат. Иако тука смртта се избираше пред времето кога исчезнуваа зборовите на човека му остануваше да вика: “Верувајте во револуцијата! Верувајте во комунизмот!”

И така се седнува на ноќната трапеза, под нишалката на стравот, молкот и безгранична надеж во иднината ќе се забележи низ ќелиите на насмеаните ведри револуционерни лица... Тоа го регистрира само чуварот кој везден ѕирка, да види во каква положба е заклучониј номер 513.

Ме обземаше носталгија и копнеж да видам небо, или некоја ноќна ѕвезда, како плови и умира. Чувствував како ми се насобираат големи води во немирот на душата. Како умираше Вождот. Срцето на Великанот... Посакував иследникот Фирсов да ме премести во некоја друга ќелија. Но, пак ја криев мојата слабост. Решив да молчам, седнат како јунак на врв од карпа, но таа ноќ беше многу студено. Во еден миг, сонував како полека од една скопска улица сум се свртил наназад. Од споредната уличка небаре излегуваа членови на ЦК КПГ. Излегуваа од некаков собир. Сите заминаа, а тројца се вратија кон мене. Средниот извади револвер и ме зеде на нишан. Стрелаше во мене, токму во моментот кога се свртев ме погоди под десната плешка. Ме здоболе џигерот. Помислив на случајот со Горки, кога тој сам си стрелал во сопствените гради, но не умрел... Сонот го доживеав зачудувачки и јасен. Всушност, тоа беше

клеветењето на грчките раководители, токму така постапија спрема мене, ми стрелаа в грб. Ме обвинуваа за формирање на НОФ на 23 април 1945 година во Скопје. Ме нарекуваа агент на Интелиџенс сервис, на ОЗНА, на сите светски агентури. Ме обвинуваа за говорот што го одржав на Вториот Конгрес на НОФ во селото Нивици, Преспа, на 25 март 1949 година. Во рефератот на тема “Идеолошките основи на НОФ” и тогаш го реков и ова: “И еве сега, ние тука, стотици претставници на македонскиот народ, ја прокламираме пред целиот свет нашата нова основна придобивка - правото на самоопределување, правото да го организираме нашиот македонски национален и државен живот така како што ние сакаме”. Но сето тоа остана само на хартија. Зошто? Значи раководството на НОФ беше уапсено. Потоа се срамев како комунист од таквата манипулација што беше сторена кон македонскиот народ.

Ех, мој народе! Што е со мечот, што е со зборовите? Што ќе биде со твоето опстојување?

О, боже, јас синот твој... Се присетувам на ехото што ми го поматуваше умот, а ми го поматува и сега. Слушнав и сам викав: “Верувајте во револуцијата!”

Утредента, како и обично, мојот чувар загрме на вратата и извика: “Падјом!..” Се миев и главата ја чувствував необично тешка. Како во менгеме да ме стегаа... Исплукав свежа крв. Си реков, можеби сум ранет во градите!..

Ми ставија голема инјекција во крстот. Ужасно ме болеше цела недела. Ме вратија во ќелијата, со силно вопаление на белите дробови и оттогаш ми дозволија да ги покривам рамењата и рацете да ги држам под покривалото... Но, по ова “сожалување”, уследија цели три месеци кога ми даваа само шчи, наутро шчи, на ручек шчи и навечер шчи. Првиот месец шчи, вториот шчи и третиот шчи. Гнетев само шчи и чувствував како мирисот на шчи (кисела чорба од зелка) од далеку ме убива и ми се повраќа. А еден ден кога навлегов во вториот квартал со јадење на шчи, ме праша страшниот Леитинант: “Зошто одбиваш да ја примиш храната?!. Штрајкуваш ли со глад? Ти си зломислител!”

“Не, реков. Туку од теме до петици сум нагнетен со зелка. Крвта ми се претвори во чорба од зелка. Душата, здивот ми смрдат на расипана зелка. Желудникот не ја вари. Ми откажува, можеби затоа што сомлел повеќе од еден вагон зелка. Не сака, што можам, не сака да ја вари...”

Леитинатот се насмевна и ми рече: “Ну харашо, тепер давај тољко картошка...” (Но, добро, сега ајде само компири).

И така, наутро картошка, на ручек картошка и навечер картошка. Во вториот квартал на првиот месец, картошка, во вториот квартал на вториот месец картошка.

Си реков, ако останевме во рацете на Захаријадис, тој одамна ќе ја ликвидираше целата група на НОФИТИ. Така, од бес. А јас ако излезам од тука, тогаш ќе се зафатам со разоткривање на антимакедонската политика на грчките раководители и со одбрана на правдата на македонскиот народ во грчката држава. Со тоа би го разнишал нивниот неприкосновен авторитет, би го оштетил бункерот на нивниот “Марксизам”, би го открил оној кој го активира “македонскиот синдром” за нашето (само)уништување. Ќе ги откријам времето закопано во правта на урнатините и нека ме убие вината пред очите на прогонетите. Ќе си признаам дека сум измамен се повeќе, секоја ноќ, тој нем рев...

Минуваа месеците. Иследникот Фирсов беше упорен и ми приредуваше акустични сеанси... Глас, небаре некому зад соседната врата, му пукна срцето од болки. Mирно слушав и се обидував да пронајдам низ лелекањата и офкањата елементи на артист. Во еден миг, Фирсов, кимнувајќи со глава кон гласовите од соседната ќелија ми рече: “Сакаш ли нешто слично да ти се случи и тебе?..”

Спокојно одговорив: “Сакам да му се извинам на мојот народ, дека сум виновен за осумнаесет илјадната мртва војска, за стоипедесет илјади искорнати од татковите огништа и за стотина македонски села што ги снема од картата...”

Ме укори со зборовите: “Тоа може да го каже само некој како тебе, реакционер на социјализмот од меѓународен маштаб, со обмислена реакционерна дејност против Советскиот Сојуз и агент на меѓународниот империјализам. Ета, војна, била справедлива, борба пролетеријата за социјализам в Греции. Поњатна!” (Таа војна беше справедлива, борба на пролетеријатот за социјализам во Грција. Разбра!)

Едноставно, тоа беше правдата на посилниот - мојот Иследник, потполковникот Василии Петрович Фирсов.

Ех, си реков, ете како можела судбината да ни ги измеша картите, а ние Македонците да играме...