ПРОТЕСТ И МОЛБА ДО СВР
ПРОТЕСТ И МОЛБА ДО СВР
Од Добрин Сувогорски обвинет во социјалистичкиот логор за соработник на “Интелиџенс сервис”, “Титов агент”, “Руски шпион” и “...”?
Присилен сум да потсетам дека на 23 април 1945 година, тука во Скопје, во просториите на ЦК КПМ, беше конституирано Основачко биро на НОФ за Егејска Македонија. За среќа (или несреќа) се случи, еден од тие петмина што ги удрија темелите да бидам и јас.
Со ова мое писмо протестирам и молам за заштита. Знам, против мене постојат дамнешни изјави на луѓе кои се плашеа да не им ја загрозувам кариерата и сакаа да се избават од мене. Измислија дека сум некаков руски агент. Но тоа е само гнасна клевета што отсекогаш решително ја одбивам. Решив со ова мое писмо да протестирам и да барам заштиа и рехабилитација, не толку за мене, колку за да ги заштитам жената и синот...
Сакам да верувам, дека ќе покажете потребно разбирање и добра волја, за еден стар борец и неговото семејство да се избават од измислицата небодобни... Откако издржав пет и пол години робија во сибирските логори и четири и пол години интернација во Казахстан, како “македонски националист”, добив виза за враќање во Македонија. Во Суботица, неочекувано бев симнат од возот со моето семејство. Со затворска кола, бевме префрлени во Панчево. Тука бевме сместени во една милиционерска станица под клуч. Потоа дојде иследникот Строгов... десет денови “разговор” со мене и четири со жената. На крајот ми рече: “Добрине, не тврдиме, зошто немаме докази, но мислиме дека доаѓаш како агент...” Напразно тврдо негирав, ме навредуваше... но горко ме жегна кога во еден момент ми рече: “А бре, за оваа наша Југославија, јас би жртвувал и десетмина Сувогорци...” Чуден патриотизам, дали е само личен негов или... И уште нешто, не помалку горко -нашите курири го добија со закон достоинството на борци, јас не... Фатална грешка од моја страна оти дваесет и шест години изминаа оттогаш... Тоа е доста време... Морам да го прекинам понижувањето, јас сум син на овој народ, не на вашата власт,
јас сум борец за мојот македонски народ, а за вашата власт неподобен...
Признавам: Во овој момент, со извесна горчина, се присетувам дека сум се обраќал и порано до ЦК СКМ и неговиот претседател Чемерски, но моето обраќање, ја имаше судбината на крик во пустина... Сега и тоа потсетување ме прави понижен... Останувам син на македонскиот измачен народ, а ти Строгов, можеш само да провериш, кога ќе умрам, дали сум уште жив...
Скопје, 25 март 1985 година, Добрин Сувогорски
Го прочита напишаното и небаре покајнички си помисли дека политиката е сепак, можеби нашата единствена природа.
- Дали доволно верно ја изнесов суштината? - се запраша, потоа се задлаби во мислите. “Војната можеби е селективен биолошки и психолошки зафат, можеби е нужен тој зафат за секој народ... Но, ние сме мал народ, и однесувањето на луѓето би не довело до гибел... Јас и руски шпион!? “ - повторуваше смеејќи се во глувата ноќ.
“Животот мој стана бесперспективен, бесмислен - недостоен воопшто за човек”. Си припомнуваше уште од дамните години, август 1949 година на Грамос, на предната линија на фронтот, во условите на последната решавачка битка со монархофашистите, по неговата деградација од функционер на НОФ сега во обичен војник.
“Таму сакаа да ме ликвидираат физички. Задачата му беше доверена на командантот на самостојниот баталјон, со тешко вооружување, при 10 дивизија на ДАГ, човекот-мајор се викаше Хрисостомос...”
Нуркаше се до зори со уморните мисли по минатото и се присети како ја создаваше македонската азбука, првиот буквар во 1945 година негувајќи го се до 1947 година со цел да се овозможи културно и просветно издигнување на македонскиот човек; во Леринско, Воденско, Костурско. Се радуваше на
десетте илјади македонски ученици. Ги слушаше како слободно пеат на македонски јазик, зборуваат. Грцизираните имиња и презимиња ги беа отфрлиле и сите си ги беа зеле своите македонски. Се присети како го уредуваше весникот “Непокорен”, потоа го удрија мислите кога го отвори првиот курс за народни учители, велејќи им - “Вие сите тука што сте собрани ќе се подготвувате на овој курс и ќе станете народни учители...” и така му провеа низ ушите тој дамнешен долготраен аплауз, почна да ги набројува по ред новоотворените училишта; во Желево, Оровник, Штрково, Раби, Герман... и така изброи дури 87 училишта, припомнувајќи си на пустешот што го имаше оставено Метаксас. Мислите му надоаѓаа како извор што клокоти и исфрла бистра вода. Се гордееше на говорот што го одржа во Прага на 27 април 1949 година, извикувајќи на македонски јазик во чехословачкиот парламент, каде се одржуваше првиот Светски конгрес за мир во светот. Извикуваше поткрепен со ракоплескањата на присутните:
“Од името на оној дел од македонскиот народ, кој од Балканските војни наваму живее заедно со грчкиот народ, под истиот угнетувачки експлоататорски режим на буржоаско чифликсајбиската олигархија во Грција, срдечно ги поздравувам делегатите на нашето социјалистичко сонце, великиот Советски Сојуз, делегатите на херојскиот кинески народ, делегатите на демократската Шпанија и сите вас тука, делегатите на демократски и мирољубиви народи на социјалистичкиот лагер... Што и да се случи, колку жртви да се потребни, ние Македонците со херојски грчки народ ќе ја извојуваме слободата и мирот...
Да живеат слободата и мирот во целиот свет! Да живее големиот Сталин!”
Во еден миг се почувствува опуштен и наполно смирен, небаре доби признание од својот народ, од светската јавност, од социјалистичката работничка класа, од сите мислители на социјалистичкиот лагер, но кога му падна в рака еден лист од купот белешки се вознемири, се обѕрна, обидувајќи се да го одбегне погледот. Но, тој со голема мака го совладуваше своето
несакање и наспроти сите свои сопствени наговарaња да остане мирен за добар сон почна да чита:
“За врски со меѓународната реакција и за организирана активност во нејзина корист по член 58, точки 4 и 11 од кривичниот законик на Руската Федерација - Особое Совешчание - при Врховниот Суд на СССР реши: Се осудува Добрин Михајлович Сувогорски на десет години со одземање на личната слобода и присилна работа во Иследователние Трудовие Логора - ИТЛ - Сибир”.
Се заврти околу себе и го турна прозорецот. Но не се затвори и затоа повторно го турна силно. Суви трошки од туткал му паднаа на дланката, силата тоа го прави, рече во себе. Легна на голиот кревет и се склопчи да заспие загледан во таванот, долго медитирајќи за револуцијата која му се прикажа на сон како смртна убавица со откриени гради и разголено модро тело, негувано во логорите на ИТЛ - Варкута, но стравотно, се разбуди, кога како на јаве, му се појавија подредени во долги кожени палта, иследниците: товариш Фирсов*, товариш Пантелиев, другарот Строгов и...
* Во Москва од 4 јануари 1950 година, останал во затвор во самица под истрага на иследникот потполковникот Фирсов. В.П, две години и пет месеци односно до крајот на месец мај 1952 година.
Use the left and right arrow keys to turn the page.
Printed from https://macedonianhistory.ca/narrative/wonders-talkachi-e-book-macedonian/14 on October 29, 2026