ГЛАВА ПЕТТА - Part 01
ГЛАВА ПЕТТА
Патиштата и планините беа полни со народ
Утредента стигнаа вестите. Уште од зори во април четириесет и прва година бучеа тенковите, Германците навлегоа во Грција и грчката војска во Албанија капитулира. Асфалијата (државна безбедност) му ги предаде затворените комунисти на Гестапо, за да бидат физички ликвидирани.
Од Албанија, со многу војници, се вративме пеш до Лерин. Училиштата не работеа. Владееше страв од апсење и убивање.
Пред војната бев назначен за даскал во селата Цакони и Биџово, во Воденско. Од Лерин си отидов, со надеж да почнам со работа. Во Цакони го поминав утрото одејќи без цел, во неред и под сонце, а потоа во суредување на регистарот на класот. Собирав, заклучував, одвреме навреме ја подигав главата кон ходникот, кон празните слушални.
Изговарајќи ги во тишината имињата на децата, се почувствував како човек што изговара молитви. Никогаш не сум посакувал да станам даскал. Сонував да тргнам по патот на Горки, да ги истерам заблудите од себе си.
Си припомнив на прекрасниот комунист Џанис Апостолос, кога велеше: “Може, во одредени услови, да биде потребно да постапиш против сопствената волја и совест. Ако! Но останувај тоа што навистина си - дете на поробен народ, Македонец!”
- Нека те благослови семоќниот Бог, но дали си им го проповедал ова и на другите? - го прекина Румена, со некаков авторитативен глас и продолжи: - Македонското национално прашање е најголема болка на душата и на срцето на македонскиот човек, без разлика каде се наоѓа тој, тоа многупати го велеше дедо ми, - рече Румена.
- Отпрво молчев, мислев дека не треба секого да го уверувам во комунистичката идеологија, но кога настапи мрачната правда,
во тие страшни времиња, срамота беше човек да седи со скрстени раце.
Прангите, смртта, заедничката надеж, стекнуваа страшна и секојдневна смисла. Но, политиката сега одново ја променија грчките “Патриоти”.
Тие беа од врвот на комунистите, на чело со Никос Захаријадис, преку Третиот пленум на ЦК и Шестиот конгрес на КПГ (Комунистичка партија на Грција), одржан во декември 1935 година и на демонстративен начин ги нападнаа демократските права на Македонците, третирајќи ја Македонија како малцинска народност на Грција, без право на самоопределување. Можеби тоа е фактот што од селско годарче стигнав до политробијаш во логорите на Берија и на Сталин во Сибир.
- Токму така, - одговори Румена. - Ти требаше уште тогаш да почнеш да го менуваш животот, а не да чуваш “мачка во вреќа”. Грците знаат да ветуваат... Тие се вртикапи.
- Ох, прекрасно. Колку е убаво што сега ми го велиш ова, драга моја, - се насмевна и се поклони малку, небаре задоволен што барем не му ја одреди казната.
- Тогаш работите се одвиваа, малку поинаку. Патиштата и планињето беа преполни со бегалци, со војници облечени во мантили за дожд, во партали, џакети, избегани од градовите и касарните каде што Германците и нивните слуги се разбеснуваа.
Германците ги конфискуваа сите превозни средства и големи количества храна. Селата се поплавија од гладни луѓе кои продаваа дури од сопствената облека за малку пченка или грав.
Окупаторите варварски ги применија зборовите на Гебелс: “ Европа ќе умре, за да живее Германија”. Пустош и смрт насекаде. Стотици, невини луѓе од сите возрасти ги снајде ужасна бавна смрт од глад, додека масовното истребување на населението со масовни стрелања и разурнувања немаше крај.
Раководителите на КПГ и ЕАМ (Национален ослободителен фронт) вешто ги насочуваа народните маси да го истурат својот гнев против странците.
На први јуни 1941 година се донесе проглас од Шестиот пленум - ДА СЕ ОРГАНИЗИРААТ НАРОДНИТЕ МАСИ НА НАРОДНО ВОСТАНИЕ!
Комунистите со овој проглас објавија:
“Чекајќи ја крајната цел - социјализмот, Партијата на пролетеријатот, Комунистичката партија на Грција, се бори денес за национално ослободување, а потоа, по војната, за народна демократија! “
За нас Македонците се се оставаше по победата...
- Зарем сега не ти е страв од Строгов?
- Не ми е страв од народот, - и одговори Добрин. Тој не се противеше. Знаеше колку е тврдоглава, доколку науми нешто. Тој знаеше дека жената е многу нежна, претерано емоционално чувствителна и повредлива. Така несреќна, често Румена се навраќаше на местата од минатото, се испитуваше дали можеби можела да направи подобар избор, во што згрешила и слично. Нејзиното однесување не се разликуваше многу.
Таа е жена полна со хумор, помалку агресивна кога зборува за позицијата на жените, и вознемирена кога зборува за жените во комунизмот и вели дека за сметка на блескавата фасада, треба да се развиваат и ценат внатрешните квалитети на животот.
Мина времето на жените накитени како новогодишни елки. Сега таа, сепак од таква висина, спокојна, ги гледаше човечките несреќи и ту се смееше, ту сожалувачки ја нишаше главата кога ги гледаше нагиздените жени на високите раководители; но тоа беше само едно нејзино студено сожалување, кое некогаш и таа го посакуваше.
- Спиеш ли? - запраша Румена.
- Не само одвреме - навреме дремнувам.
- Јас веќе неколку ноќи не успевам да спијам добро, не знам што ми се случува... Размислувам, можеби вистински ќе живееме, можеби само ќе си претставуваме дека живееме.
Кај Румена, небаре како средство за лекување на трауматски состојби, за момент сосем се предаваше под власта на солзите и на некакви звуци од носот и грлото.
- Ама и ти си ми била некаков борец? - и рече Добрин и продолжи: - Тие твои солзи ги сметаш за предност?
- Но, треба да знаеш дека има мажи кои чувствуваат и должност да преземат нешто во врска со женските солзи... Тоа што ми го велиш ти, кога ќе умрам, ќе ти биде помалку тешко ако се сетам дека сме биле револуционери, а и тебе можеби ќе ти биде помалку тешко кога ќе се сетиш на иследниците кои немаа име. Немаа презимиња. Сите се викаа така, Другари...
Утредента, времето се стопли, денот беше прекрасен и се беше ни живо ни мртво. На Румена и се стори бескрајно далечно доаѓањето на тоа утро. Барајќи нешто со што ќе ги исполни своите утрински часови на здодевност, таа имаше обичај да ги преместува шејовите во куферите, и со својата женска љубопитност ја гледаше прекрасната свила и нежно ја туткаше со рацете.
- Оваа е од тебе. Ти ги паметам, зборовите кога ми рече: “Што би добил за возврат ако ти пренесам една пријатна новост, Румено?” Тоа беше во Алма-Ата.
- Човек каков што сум јас, со таков карактер и скршен дух, па тој воопшто не може да се изненади од ништо, драга моја!
- Јас не заборавам ништо, тоа ме крепи, мој Добрине.
- Интересни сте како луѓе, вие комунистите, кога нашето поклонение го сметате дека ви се прави како на вистински Бог, а сте обични женомрсци. Системот на строга послушност наложувал “слепо покорување”. Но тоа важеше и за вас. Ме обзема ужас кога помислувам на ова.
Како да почувствува жежок здив зад себе кога со тивок чекор и се приближи Добрин.
- Па што сакаш да кажеш? - и се обрати Добрин со машко перчење.
Румена извади шише вотка “перцовка” и риба “саљотка” од најлонската торба и ги наполни чашите.
- Господе боже, што ти се случило? - извика Добрин вознемирен.
Пијалокот од руската вотка што ја пиеше Сталин и беше како средство за смирување, меѓу нив постојано рееше некакво потсвесно чувство дека треба да разговарат, да дискутираат. Како да излезат од овие прифатилишта? Каде?
Добрин повеќепати ги прелистуваше делата на Ленин или беше пред телевизорот или радиото. Но, тој беше мошне искрен и чесен човек и никогаш таа не можела да си го претстави дека може да биде толку ранлив додека не дозна колку му значеше нему да слушне пофалба за тоа како комунист му отслужил на интернационализмот.
- Добрине, ние со тебе сме еден дел од светот што исчезнува... Напиј се, алкохолот го неутрализира стравот...
Боже! Ноќеска гласот на иследникот ми се чиенеше толу близу, а ние сите врзани за синџирот, клекнувавме...
- Истраав. Овде сум. Но тоа не заврши... - охрабрен и осилен и одговори Добрин.
- Што? Не заврши? - извика Румена задушувајќи се од бес. -Сериозно ли говориш?
- Да! Можеби настаните што ќе ни нанесуваат смртен удар, ќе почнат да се навираат кога ќе излеземе од ова прифатилиште.
- Ех, мој Добрине, несоница, глад, борба - како да издржи кутрото срце? Тоа не е прнар или камен, од месо е. Тогаш значи, само за некого треба да биде благословена оваа одвратна војна? Ме обзема ужас од таквиот претрес на судбината!
Низ прозорецот блесна сонце и собата беше топла и пријатна. -Сонцето кај масоните е носител на вистината, храброста и правдата, а месечината е симбол на чиста љубов, - и рече Добрин.
Use the left and right arrow keys to turn the page.
Printed from https://macedonianhistory.ca/narrative/wonders-talkachi-e-book-macedonian/6 on October 29, 2026