Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Become a member!

Wanderers

ГЛАВА ДЕСЕТТА - Part 02

By Стојан Кочов · Part 12 of 46 · About 6 minutes

Read in English Read in English Read in Македонски

Еден ден, со насмевка на вратата се појави Мице Диневичин, жител на прифатилиштето “Чаир”, коњест во лицето, мошне пристоен, всушност - достоинствен борец кој секогаш зборуваше, како да држи говор. Всушност, тој навраќаше кај Сувогорци, почитувајќи го старото пријателство уште од дните на војната, но сега дискутираа повеќе околу неуспехот и тоталното распаѓање на револуцијата во Грција. Румена се помалку учествуваше во наметнатите спорни прашања и ценеше дека сето тоа и во сечии мемоари е лажно сведочење и презирање. Срцето на Румена и стана нечувствително, а мислата сосема и запре. Ценеше дека нема никаква смисла да се прават такви анализи од една загубена револуција. Но, по бурната расправија го допреа прашањето:”Зошто и по изминатите 20 години, не сме признати како борци за национални права во заедничката борба со Грците, туку само ние живееме како виновници на едно време.

- Од кого да бидеме признати? - ги запраша налутено Румена. -Од комунистите? Ете, тие се вратија во своите огништа, ние ќе талкаме по прифатилиштата.

- Од сопстевниот народ - громно одговори Мице Диневичин, даскал со двомесечен курс од времето на граѓанската војна.

- Ааа, од сопствениот народ! Не те разбрав. Што ти немаш картонче? Нас ни дадоа од Социјалното. Ете, пишува: Одбор за егејски прашања и грижа за повратниците од источните земји.

- Тоа во секоја земја можеш да го добиеш, почитувана Румено -и одговори Мице, со скриена доза на директно искажување, дека работите со нас Егејците имаат подлабоки корени.

- Ние не дојдовме во татковината да живееме во “гетата” на “Автокоманда”, “Кисела Вода”, “Чаир”, “Ѓорче Петров”, “Три чешми” и други. За што сме се бореле ако не за Македонија? Нели сме дел од овој народ!?

- Ех, мој Мице - се насмеа иронично Румена и продолжи: -Навистина, сега и тебе не те разбирам, но добро е што уште се силиш со тие твои револуционерни тези, како и Добрин мој. Сполај му на господа, што и ти се уште го имаш тој револуиционерен дух. Делбите се идеолошки, а не македонски, даскале. Тоа му зборувам и на мојот Добрин. Нашата историја е претворена во делби. Делби што доаѓаа одвнатре и однадвор. Да се потсетиме на делбите од паѓањето на Македонија под турско ропство. Турците почнале да не делат, потурчувајќи не. Доброволно или насилно, не поделиле на муслиманизирани и на каури, односно рисјани. ХIХ и ХХ век пак се векови на србизирање, бугаризирање, грцизирање, албанизирање та се поделивме на: србомани, бугаромани, гркомани... Востанијата ни пропаѓаа пак од делбите. Дојдоа балканските војни, ја претрпевме најтрагичната делба. Од една Македонија ни создадоа четири: Вардарска, Егејска, Пиринска и еден дел не е уште крстен кај Албанците. Ја дочекавме Втората светска војна и малку воздивнавме; белким сега ќе ги пребродиме делбите? Создадовме своја република, но пак на нишан ја држеа други -туѓи и свои. Кога кај еден дел од нас - на југ ние егејците се кренавме на востание, братот од север само со малото прсте мрдна и ја препушти низ територијата на својата родна татковина изнемоштената колона од дечиња, за да се распрска потоа низ Источна Европа. Долги години оваа татковина

заборави на нив. Но сепак се сети и почна да си ги прибира своите чеда. Сега се враќаме, се разбира, но мораме да поминеме низ ходниците на затворот во Идризово за да не запишат Строговци или по канцелариите на Секретеријатот за внатрешни работи, поради безбедносни мерки. Непријателот, ако го нема, ќе го измислиме, па сега сме прогласени за граѓани од втор ред. Не само тоа, туку се поделивме на Егејци и Вардарци, а ги оставивме Пиринците да стенкаат под Пирин, а и оние што останаа во Егеј. За да бидеме посигурни во себе, ние обичните Македонци, се поделивме на подобни и неподобни -рече излегувајќи во ходникот да им свари кафе.

Од ходникот се почувстува мирис на манџи со разни вкусови, но најмногу мирисаше од Унгарците (така ги викаа, а тоа зависеше која фамилија од која држава се вратила) кои беа мајстори за готвење гулаш. Романците беа прочуени со момалигата, Полјаците по вареното зелје, Чесите повеќепати пржеа компири, а Русите катадневно вареа боршч и доста го рекламираа како најздрава храна која била општествено призната во целокупниот социјалистички лагер под мотото “здраво тело, здрава храна”. Така, катадневно се вкрстуваа вкусовите од се, освен во петок, кога сите вареа грав. Во таквите вкрстосувања се појавија нови лебарки, поагресивни од првобитните што беа донесени од разни земји, но сега напаѓаа дури и на бело видело. Жителите ставаа разни отрови, но тие беа станале толку имуни и многубројни, што повеќе од луѓето кренаа раце и во очајност ги нарекоа “руски тенкови Б-15”. Така и ги однесоа во новите еднотипични по големина живеалишта, што ги добиваа по редослед од Одборот за Егејците.

- Добрине разочарана ти е Румена. Кај неа наполно се исцрпени идеалите. Добро е што издржа овие шест години. Лина моја поинаку мисли. Вели “шо аку поседиме уште малку на државна грижа...” - налутено згазна една лебарка која иташе да му се скрие.

- Повелете кафе, - насмеана ги нудеше Румена.

- Вие барем имате чиста вода, кај нас во “Чаир” водата од пумпата мириса на лајна, - шмркајќи од кафето, рече Мице.

- Значи и подземните води сме ги загадиле? - запраша Румена.

- Наскоро, да одиш кај генералот. Повеќе не можам во овие прифатилишта, се претворив во истребувач на лебарки, не можам, немам нерви, ги гмечам со рака и не знам зошто инаетот го истурам на тие гадинки. Мирисаш на манџи и на нафталин. Глибиме во кал, а уште морам да носам цокули. Ех, мој Добрине, толку долго не служеа ни војниците на Џингиз Хан.

- Смири се мила... Биди цврста. Ти знаеш што рекле за комунистите, дека тие се од посебна раса луѓе...

- О, Боже мили, досега не сретнав комунист и не знам навистина какви се или и тие се како нас... Не сакам само син ми Делјан да има ген од таа Каста на интриганти, самољубимци, лакташи, самоуверени, тврдоглави интернационалисти... Недај мили Боже, ќе скапе по прифатилиштата, нека остане во умот само чист Македонец, без никаква идеологија. И ти мој Добрине, тоа ќе го разбереш, но треба да мине време. Пишуваш за црвот на делбите што одамна глода во нашите души и бевме беспомошни да се организираме. Господе, каква полза имаш да им говориш на неразбраните!? Можам ли и јас да прашам - кој народ на светот прифаќа други да му ја одредуваат мерата на правдата, слободата, а не ние самите? Вие НОФИТИТЕ им верувавте и на КПГ и КПЈ. Ех, колку е животот чуден и превртлив! Ете ти ги твоите соборци, си ја прочитал рецензијата за твојата книга од Делиплашовски, Пешодомски и Безликоустов. Глеј првиот што пресудува: “... Трудот на Добрин Сувогорски е промашена работа и не може да биде од полза. Поради тоа што текстот содржи и провокативни тврдења против југолсовенското раководство, предлагам трудот да не се дава на користење на пошироката читателска публика”.

Ти си неподобен, разбери! И јас сум неподобна и Делјан, се додека не дојде некоја идна кадровска револуција... О, Боже, ќе дојдат ли некогаш тие луѓе кои имаат само македонско чувство!

Можеби тогаш ќе замолкнат сите туѓи и оттуѓени наши воени барабанџии.

О, боже наш, врати ни го божјото потекло!