ГЛАВА ДЕВТТА
ГЛАВА ДЕВТТА
Кузмјан Пјурковски Професорот по антропологија
Професорот по антропологија Кузмјан Пјурковски се насмевна и ми рече:
“Вие комунистите сите сакате да ве слават како да сте вистински божества, спасители, небаре од вас почнува историјата и небаре од вас зависи заедничката среќа на сите.”
Катаноќ: “Појдете со мене! Рацете на грб!” се така до јули 1952 година, кога бев одведен во Источен Сибир, во логорот О-41.
Беа изминале 52 месеци од денот 3 октомври 1949 година, кога во логорот Бурели во Албанија, ме уапсија грчките раководители на КПГ. Првите три месеци ги минав во самица, во Тирана. Останатите во Москва, од кои само три заедно со професорот по антропологија Кузмјан Пјурковски. Кога еднаш му се претставив како комунист, тој се насмевна и ми рече:
“Вие комунистите сите сакате да ве слават како да сте вистински божества, спасители, небаре од вас почнува историјата и небаре од вас зависи заедничката среќа на сите. Вашите родни места, предметите со кои се служите, гробниците и споменците стануват “свети” работи на коишто не им се укажува само почитување, туку вистински религиозен култ. На таквите како вас им се полагаат завети и заклетви. Во ваша чест и спомен се создаваат државни празници, се подигнуваат музеи...”
Тој ден сосем ненадејно, се отвори вратата и во мигот кога се појави лајтинатот, силен како горило, тој плеќест Чечен, професорот Пјурковски престана со опишувањето на комунистите и наеднаш изразот на лицето му стана пријателски. Чеченецот ме одмери и ми рече отсечно: “Дојдете со мене!” но за рацете на грб ништо, а јас по навика ги ставив. Ме одведе во една канцеларија кај Гркот Јоанидис, капетан на војските МВД и кај специјалниот иследник полковникот Никитин. Јоанидис зазеде став на судија и ми понуди документ
на “правдата”. Го замолив сам да го читам, но тој ми одговори: “Ние судиме, а не ти...” и почна со висок и одмерен тон. “Особое Совештание при врховниот Суд на СССР, акт АО -238... го осудува на десет години со одземање на личната слобода и присилна работа во Испраителните Трудови Логори -ИТЛ и на 30 мај 1952 година истрагата формално е завршена...”
Тоа беше сторено врз основа на член 58, точките 4 и 11 од Кривичниот закон на Руската Федерација. “За врски со англоамериканската и меѓународната реакција и организирана активност во нејзина корист...”
Бев силно огорчен и разочаран, оти имав поинаква претстава за Правдата на Правосудството на најхуманото социјалистичко општество, каде што најмногу се ценел човекот, како што се вели; наеднаш небаре некој ми го крена превезот што со години ми го покриваше мозокот.
Без суд, бев осуден!?
Без правото да се запознавам со обвинителниот акт и изјавите на моите соработници кои сведочеа против мене. Немав право да се бранам и да се жалам. Некогаш “Светата Инквизиција” така постапувала со своите жртви. Се прашував: зошто и сега се користат оние методи што одамна се осудени од историјата. Дури и сега не ми е јасно како сум можел да го прекршам Кривичниот законик на СССР? Како сум можел јас, Македонец, од грчкиот дел на мојата татковина, и тоа борејќи се против смртниот непријател на македонскиот народ; грчкиот шовинизам и полош од комунистите...
Лежев во вагонската ќелија и го слушав ритмичниот тропот на тркалата тики-тлак, тики-тлак, од Москва кон Источен Сибир. Патешествие за издржување на казната. Зад железните решетки во ходникот над мојата глава, стоеше специјален стражар. Ќе направеше два чекори настрана и пак се враќаше пред мене. Не ми зборуваше, само отпуштено стоеше со прегрнат автомат, но не изгледаше заканувачки и можев да се присетам на професорот Пјурковски, кој во ќелијата остана сам. Се разделивме трогателно. Ги мразеше комунистите, бидејќи му го
убија братот во “Катинска шума”. Тој бил висок офицер. Татко му ги школувал во Париз и како што велеше професорот Пјурковски: “Сакавме да си бидеме само предани на татковината Полска...” не сакавме пред никого да клекнеме и да му се заколнуваме, како што сте го правеле вие НОФИТИТЕ со одбрани зборови: “Се колнеме дека ќе го следиме Никос Захаријадис, тој е нашата судбина и иднина. Ќе му веруваме што и да се случи и ќе го браниме со нашите животи.”
Така ми зборуваше професорот Пјурковски и ме прашуваше: “Зошто трчавте по тој пат, каде понатаму?” Тој во ноќните часови ми зборуваше, а јас се повеќе сакав да го слушам кога ме погодуваа неговите мисли.
“Вие комунистите умеете секому да му изнакалемите обвиненија, со зборови од меѓународно значење, па човекот виновник дури и сам да си признае дека е агент на англоамериканскиот империјализам, иако и самиот немал такви заслуги. Најпрво комунистите ќе ве направат послушни до еуфорични типови, а вие во името на народот ќе му се подадете толку многу, дури и сами ќе учествувате во сопствениот геноцид. Тоа се случи со вас Македонците.
Тоа се случи со вас НОФИТИТЕ!
Тоа се случи и со вас Сувогорски, со вас! Со сите вас, комунистите! Вие сте тие, кои никогаш не го поставивте прашањето - Зошто ви го менуваат етничкиот состав во вашата прадедова земја? Зошто ви ги менуваат личните имиња? Зошто ве прекрстија во “Славомакедонци” и како такви ве натераа да се борите во војните? Зошто Сувогорски, зошто? Тие колонистите станаа македонци, а вие тргнавте по светот и сакате да останете верни на идеалите на комунизмот, но вие признајте си дека сте му ја довериле судбината на вашиот народ да ја решаваат други! Вие, вие Сувогорски, што го натеравте народот во безумна војна, во војна што ја измислиле други! Вие, НОФИТИТЕ и АФ, си велам, веројатно им е обид на психолошко тероризирање. Тоа е несомнен напад врз мојот внатрешен мир... Но зошто? Ја покажуваат мојата гибел, за да не останам како сведок? Зошто? Да бидам клекнат пред
назабените ветришта на Сибир, со јад, катадневно да ми го развеваат горежот на мојот живот...”
Тркалата чкрипеа и како да се раскости целата композиција, се слушна глас: “Новосибирскаја!”
Не наредија и не поведоа кон затворската бања. Пареа како од вулкан. Се слушаше шуркање на бистра сибирска вода. Сите се мачкавме со течен сапун, по еднаш, двапати и пак под шурките вода... Тогаш за првпат видов толку голи тела, подгрбавени, испостени, подјадени од шуга, со вдлабнати задници, како луѓе опфатени со незимерно задоволство зјапаат под шурките вода играјќи си со половите органи... Низ пареата со ококорени очи ме гледаше Лазар Рогожаров и ми рече дека не можел никогаш да помисли дека НОФИТИТЕ ќе се бањаат во Новосибирск. Се смееше и тој низ пареата на сибирската бања, се додека не се слушна гласот :
“Довољно!” (Доста е!).
Така со топли тела, пак во вагоните на трансибирската железничка линија, брзо ме собори сонот. Сум викал на сиот глас: “Луѓе! Еј, Вие добри Македонци! Вратете се на огништата, ова не е наша револуција, ова е измама за нашиот геноцид! Тука не се умира за татковината. Јас, не сум тој што го измислил сето ова наше зло! Вратете се на огништата, ова е нечија злобна измама!..”
Се разбудив кога пристигнавме во градот Тајшед, во логорот О-41 и на место името и презимето мое го добив бројот АО-238 (О-41).
Ох, боже што не сум рекол, спротивно на она што сум го пропагирал пред нашиот народ, дека оваа војна била продолжение на Илинден, на нашиот исконски идеал и дека е достојно така да се загине за Македонија... Можеби се се судрило во мојот измачен мозок?
Во логорот веднаш ме одведоа на стриг, а потоа со задоволство изедов две порции борч. (Руско јадење, кисела зелка).
Наеднаш станав пољубопитен отколку загрижен!?
Ги читав лозунгите. Како недоветен одев низ цела територија на логорот. Ги посетував, хорот, театралната група, оркестарот во кој подоцна се зачленив. Вежбав на виолина, но кога умре тапанарот Игор Василевич Кедро, со декрет на маестро Иван Петрович Кокоткин бев поставен за тапанар. Тој само ме праша: “Ако си комунист, најдобро ќе одговориш на оваа задача...”
Удирав, пустев, повеќе од некаков бес, отколку што водев сметка за некаков музички такт. Кога се свиреа народни ора, играчите викаа “Давај сиљне е е !” Удирав, едноподруго. Кокоткин се лутеше, но најзадоволни беа руските мужики. Играа сите робијаши - Руси, Германци, Полјаци, Романци, Бугари, Грци, Чехословаци, Унагарци, Македонци, Монголци, Кинези, Корејци и Југословени, кои напати и тие ми се обраќаа со “Удри буразеру!.. Нек се чује докле смо стигли ми комунисти да играмо сви заједно са фашистима...”
Градот Тајшед, како да се состоеше само од логори, локомотиви и чад. Кожата ми беше сува и студена, безмирисна. Можеби од чадот на локомотивата. Повторно почувствував треперење кога еден ден ме однесоа во централниот логор О-25 и ме фотографираа. Којзнае по кој пат откако бев робијаш. Ниту налутено, ниту победнички, ме повикаа во една канцеларија и ме снабдија со храна за три дена. Кога стигнавме на излезната врата, црн пес седеше отспротива и ме набљудуваше, неподвижен.
Очите ми беа пропаднати длабоко во шуплините и не ми светкаа. Од назад ми се обрати еден со чкрипав глаас: “Гатов!” Одговорив: “Давно!..”
Сепак почувствував некаква сатисфакција кога стариот портир ми рече:
“Ну молодој человек, счасливого пути и все харошова...”
Пред мене беше нов живот. Имав документ дека сум слободен!?
Тајшедската зора беше тврдосива и бурна. Сега весел под една Берјоза ги повторував стиховите што ги составував во ќелијата, а и до ден денес не ги запишав, така си ги носам во душата како товар...
Но, млад човеку, среќен ти пат и се најдобро
Строгов со мака ја криеше ироничната насмевка, но Сувогорски беше занесен во допишувањето на последниот лист. Можеби уште ќе пишуваше ако некој пак му потпикнеше листови.
Строгов мирно гледаше во него и чекаше да му предаде се што имаше напишано. Настана штама. Молчеа и гледаа во листовите. Сувогорски си помисли: “Глупости. Зборови без значење. Тоа се мои лични песни, а не за полицијата.” Потоа ја крена олеснетата глава кон Строгов. Молкот престана, му блеснаа очите на Сувогорски и рече:
- Ќе изрецитирам само по еден стих од некои песни.
Без да чека одобрение од Строгов, почна занесен, возбудено, со тивка тревога...
Словените не оставија на мртва стражаа чекаме фрлени во заборав уште од пред Самојла и живееме во грчот на времето што лачи злоба...
Од нас создадоа рака бесконечна по светот за иднина недогледно строго корито мрачи...
Не подјадуваат ветрови талкајќи по туѓи патеки и нашите гробови имаат нелогичен ред...
Се будиме заплискани од бескрајни дождови зли Утредента трасираме пат за да се пронајдеме...
Во ридјето наши оставивме стражари вечни и на простување како да знаевме гробовите им ги наполнивме со песни...
Понекогаш во ќелијата викав на сиот глас, а стражарот Русин однадвор ми викаше: “Човеку! престани да бладаш... Ја ничего вас не понимају! Чјорт его знает что он балтает?.. Но, бладај колку што сакаш, тоа не е моја работа. Можеби човекот споулавел, а што му можам јас... Грчки политимигрант, а блада нешто што не е грчки... Се му се сплеткало; Словени, мртва стража, некаков си Самоил. Можеби е татко му, кој ѓавол го знае... Јас неколкупати му реферирав на мојот началник. Тој дојде, послуша, и ми рече дека тој човек не е Грк, а Грците велат дека е тој предател од меѓународни размери... Заедно се бореле во Грција. Но, јас ништо не можам да му помогнам, нели Грците сега се наши браќа по комунизмот, а ние треба да им веруваме. Началникот ми рече дека овој човек ја предал револуцијата на Грција и дека јас треба добро да го чувам, а тој веќе сполулавел...”
Се смееја на глас; Строгов и Сувогорски, но Сувогорски сакаше да објасни дека Русите на Грците им правеле “Братска услуга”. Се воомјази и небаре се задлаби во мислите:
- Што можам, сега можеби не... Не знам, дали помина модата на “Инетрнационалистичката должност...” Така беше пред и по револуцијата, кога јас и сиот наш народ викаше: “Еј, вие, вие! Ако сте епигони на Хомера, не слушате ли? Ние Македонците бараме национална слобода!.. А тие пред дипломатските обврски ги креваа рацете и рамениците во знак на мирољубивост и сите освен ние остануваа со мирна совест, а тие Епигоните, со блазирана насмевка. Всушност, кога не тераа да се влечкаме под нивните тврдини, нивните психолози и историчари изјавуваа дека се работи за наш религиозен обред.
За нас велеа пред светот дека не соработуваме со нив, не поради страв, туку поради совеста... Да, си припомнувам под руската берјоска се радував како дете... А еден Кореец ме гледаше што
сум радосен. Тој се викаше Ким Лан, па ми рече, ние Корејците имаме една поговорка: “Ако ја пуштиш рибата во сад со вода, немој да мислиш дека си и дал слобода... Ти, Добрине, треба да знаеш, јас и ти, цел живот ми се чини дека ќе го минеме во сад со вода.”
По неколку месеци во мај 1957 година се најдов пред вратите на Министерството за внатрешни работи на Алма-Ата. Ми читаа нова пресуда на воениот колегиум при Врховниот Суд на СССР. “Порано донесената пресуда против мене (АО-238) на бившото Особое Совештание се анулира, поради Отсуствија состава преступленија”.
Многу луѓе настрадаа така, дури и денес човек може да си го постави прашањето: “Како и зошто лажно се прогласуваат луѓето за предавници и ги праќаат на робија?”
- Можеби кај нас тука нема такви случаи, - му се обрати на Строгов.
Строгов неочекувано, чиниш се најде како тој да е пред иследник.
- Добрине и јас си го поставувам истото тоа прашање. И нормално е времето да ја покаже вистината. На вистината и е судено да се бори против лагата. А најголем пријател на вистината е времето. Но, ти си веќе во татковината, па да го оставиме времето да покаже.
Добрине, такви се нормите... Не тврдиме, зошто немаме докази, но мислиме, можеби си превоспитан... Мислиме дека доаѓаш како агент!..
Добрин збунето ги ококори очите.
- Значи, уште ум со разум не може да пресуди? Па јас се враќам, зашто сакам детето да ми учи на родниот јазик и да се воспитува и да расте сред родниот народ... Не сум никаков агент!
А бре, за оваа наша Југославија, јас би жртвувал и десетина Сувогорци! - со чуден и нагласен патриотизам му возврати Строгов.
- Зар јас уште треба да чекам?.. И тука, во татковината? За мене правдата задоцнила... Добро вели Румена: “Личам на излитен пустиник... на минатовековен камен со разголен грб...”
Разбирам, како и до сега и понатаму радоста и злото ќе ги пречекувам во прифатилиштата, во тие мрестилишта на туѓи несреќи, во тие наши вечни студени лекувалишта... а можеби не ќе ми одредат да имам и сопствен гроб? Тоа е тешка навреда. Строгов сигурно знае дека НЕ ПОСТОИ ВИНА БЕЗ ДОКАЗИ, а сепак е готов да “жртвува” дури десетина како мене! Само во интерес на оваа Југославија, заради која и јас станав сибирски робијаш...
Зар се заборавило дека на 23 април 1945 година, ние НОФИТИТЕ тргнавме оттука со задачи напишани на едно ливче за да го кренеме македонскиот народ во социјалистичка револуција? Зар не се знае кој го бараше сето тоа? Зарем не се знае, дека сите НОФИТИ бевме осудени за југословенски агенти? Зар не се знае... не, не. Строгов знае дека јас сум само Македонец, а не македонски Југословен... Тој знае дека само јас посакав да се вратам кај моите соборци и да им докажам на Грците дека тие немаат право така да манипулираат со нашиот народ.
Зошто тргнав по тој пат, каде понатаму? Сега јас сум непријател и за КПГ и за КПЈ...
Се покажа дека не знаеме како се умира за татковината, оти татковината не се брани со напуштање на домовите и искоренување на човекот.
Никогаш како комунист не сум верувал дека комунисти од други народи можат еден мал народ за свои интереси да го турнат и да го жртвуваат до геноцид! Никогаш! Никогаш!
Заврна дожд. Потоа болсна сонцето. Се сменуваа едно со друго, ненадејно, дождот и сонцето. Добрин се врати во бараката број 4 соба 13.
Use the left and right arrow keys to turn the page.
Printed from https://macedonianhistory.ca/narrative/wonders-talkachi-e-book-macedonian/10 on October 29, 2026