The Balkan Mega-ethnos: National Doctrines of Macedonia's Neighbours
БУГАРИЈА ВО ДВАЕСЕТ И ПРВИОТ ВЕК
БУГАРИЈА ВО ДВАЕСЕТ И ПРВИОТ ВЕК
Бугарска национална доктрина. Прв дел Фундамент на бугарската национална доктрина Проф. Григор Велев, одговорен редактор, проф. Ангел Г’лабов, проф. Георги Бакалов, проф. Георги Марков, и др. Софија, 1997 . Книгоиздателство “Знание” ЕООД Книгоиздателството “Знание” ЕООД и Институтот за металознаење при БАН, финансиски ја помогнаа разработката на Првиот дел на Бугарската национална доктрина.
Белешка
По 1990 година, односно по паѓањето на бившиот режим, во Бугарија се оформија повеќе т.н. национално-стратешки центри и институти, кои се фокусираа на бугарската национална стратегија. Главно се сврзани со Бугарската академија на науките (БАН), иако не официјално. Тоа се: Научниот центар за бугарската национална стратегија, Фондацијата “Манфред Вернер” во Софија, Македонскиот научен институт, Софија, списанието “Македонски преглед” и повеќе други.
Неформално, и според составот на авторските, редакциските и соработничките или спонзорските кругови, тие се бездруго цврсто поврзани со политичките центри во оваа земја како и со Бугарската академија на науките (БАН). Пренесуваме изводи од три документи: од Првиот и Вториот дел на Бугарската национална доктрина (објавени 1997 и 1998), при што од Првиот дел ја пренесуваме содржината на целиот документ и делови од дефинициите и концепцијата, како и пошироки изводи кои се однесуваат на клучните оценки за ставовите кон Македонија и Македонците; додека од Вториот се пренесува дел со оценките и стратегијата во истата насока. Се изоставуваат картите и мапите, кои, се разбира, селективно ја прикажуваат најшироко дефинираната етничка територија во различни периоди.
Третиот документ се препораки за “добрососедските односи” со РМ, објавени 2008 година во Софија, во брошурата насловена како – “Бугарската политика спрема Република Македонија,” од која исто така пренесуваме само еден клучен извод.
1. СУШТИНАТА НА БУГАРСКАТА НАЦИОНАЛНА ДОКТРИНА “БУГАРИЈА ВО 21. ВЕК”
Во времиња тешки за нацијата и за државата, никнува неопходноста од нов поглед на изворите на нашата национална историја, за да ги извлечеме поуката и мудроста. Тоа ни налага да погледнеме и кон нашите соседи, па и подалеку - кон цела Европа и светот, за да се запознаеме со нивната национална политика и со средствата со кои ги постигнуваат своите национални видувања.
Многу од тие држави им го должат успешното и трајно опстојување и реализација на своите национални интереси, на своите национални доктрини.
Националната доктрина претставува теориски заснован систем на официјално прифатени погледи и начела (принципи) за историските стремежи, перспективи и цели на нацијата, кои што го посочуваат патот на остварувањето на националниот идеал.
2. ТЕОРИСКИ ОСНОВИ (ПОИМИ И НАЧЕЛА) НА БУГАРСКАТА НАЦИОНАЛНА ДОКТРИНА
Пред да се пристапи кон изградување на националната доктрина, неопходно е да се објаснат некои основни поими и начела, како што се:
нација; национално сознание и идентитет; национализам; национално самочувство, гордост и достоинство; национален дух; национален идеал; национални интереси. Ова е важно затоа што кај нас наведените поими долго време се дискредитирани од “марксистичко-ленинистичката идеологиа”. Дотолку повеќе, што оние кои користеа поими произлезени од “нација” во годините на тоталитарниот режим, во својата научна или политичка дејност, се прогласуваа за “непријатели.”
Така се дојде до манипулирање и деформирање на мислењето на цели поколенија и до искривување на реалното значење и суштина на овие поими.
Use the left and right arrow keys to turn the page.
Printed from https://macedonianhistory.ca/narrative/balkanskiot-megaetnikum/18 on October 29, 2026