Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Become a member!

The Balkan Mega-ethnos: National Doctrines of Macedonia's Neighbours

ПРЕДГОВОР БАЛКАНСКИОТ МЕГАЕТНИКУМ - ОД ЕТНО-РОМАНТИЗАМ ДО ЕТНО-НАСИЛСТВО - Part 06

By Димитар Мирчев · Part 7 of 50 · About 18 minutes

Read in English

Објавена е 1997 година, во форма на научна студија, во едно тешко време за земјата (колапс на економијата и валутата, нестабилност, подем на организираниот криминал), но и време на насочување кон европските интеграции. Макар што колективот автори е независен исто како и издавачот, и авторските имиња и рецензентите и учесниците во “проектот” како и финансиската донација укажуваат дека доктрината е непосредно поврзана со Бугарската академија на науките, БАН, но и со високи воени, државни и црковни кругови. Таа година е објавен само првиот дел, “Фундамент на бугарската национална доктрина”, кој главно се занимава со концепциски прашања како и со историјата, до најново време. Следната година е објавен вториот дел –“Националните програми за остварување на бугарскиот национален идеал и национални интереси”. Обата укажуваат на концентратот на една националистичка идеологија, затскриен зад превезот на академизмот, модерната реторика и “историската наука”.

Доктрината како мотив го зема, наводно, фактот што сите современи држави (се споменуваат САД, Франција, Германија, Јапонија и др.) вклучително и соседите, имале национални доктрини, а Бугарија немала. (Фактот инаку не е точен, исто како и многу други - цврсти “факти” наведувани низ текстот). Освен тоа, тука се набележуваат и потребата од единство и обединетост на нацијата во тешки моменти, водењето на нејзината политика врз “научна основа,” а не врз интуиции, имањето патоказ за развојот на нацијата и државата во 21 век, а тој се состои во дефинирањето на националната доктрина, идеали, интереси итн. Следува, а тоа се потенцира, дека таквата доктрина е супра-општествена, надпартиска, класна, етничка, религиозна, што значи таа има примат над сите други, исто како

што и националниот идеал и интереси имаат примат над сите други, вклучувајќи ги и државните.

Во воведниот дел, целта на доктрината, исто како и во Меморандумот на САНУ, апелативно се насочува кон “држав-ниците и политичарите”, за да дејствуваат активно и целе-сообразно на остварувањето на бугарскиот национален идеал и на бугарските национални интереси, а во истата смисла таа ѝ се нуди на сета нација во насочувањето на нејзината творечка енергија и волја. Во тој воведен дел, документот се обидува да определи некаква научно-теориска основа и оправдување на пристапот, па се поаѓа повторно од наводен “факт” дека денес во светот имало две разбирања на нацијата: едното кое е надминато, во чија основа е “етносот” во тесната смисла на зборот, кое е, т.н. етно-концепција на нацијата, или концепција на етно-нација; а другото е наводно она што превладува од француските просветители до денес и што било, се вели во текстот, основа за државното уредување на најмногу од земјите во светот (Франција, САД, Швајцарија, Шпанија и многу други); тоа е концепцијата на социо-културна (политичка) нација, чија дефиниција им се припишува (без извор) на француските просветители: “општество на граѓани, обединети од идејата за заедничка државност”. Доктрината се определува, ,се разбира, за оваа втора концепција.

Меѓутоа, за големо изненадување, следува дефиницијата на бугарската нација во чиста и строга марксистичка формулација (етнос-народност-национална свест - за создавање своја црква и држава) - историчност - и - територија со целосен и компактен политички, економски и духовен простор. Кога пак започнува изложувањето на етно, односно, нацио-генезата на Бугарите, доктрината не се потпира ниту на марксистичката концепција, туку на најархаичните концепти на етно-романтицизмот и етно-детерминизмот.

Па сепак, во основа, овие два доктринарни текста го следат – марксизмот. Воопшто, и ден-денес, бугарските академици, во голема мера страдаат од марксизмот и ленинизмот кога го разгледуваат националното прашање. Овие два текста се во потполн континуитет и аргументација со познатиот памфлет на

Институтот за историја на БАН од 1968 година, за Македонското прашање, кој наводно требаше да ги појасни бугарските ставови за Македонија, а по извесното подобрување на југословенско-бугарските односи и разговорите Тито-Живков и Крсте Црвенковски-Живков. Ниту милиметар поместување, освен критика на Димитров за “неправилното” разбирање на Лениновското сфаќање, “злоупотребено” политички од Сталин - на правото на нациите на самоопределување до отцепување (Македонскијат впрос, 1968).

Сепак, и на бугарските академици им е јасно дека теориски, доктрината е доста плитка и гола. Треба малку да се зајакне. Во 2000-та, софискиот издавач “Парадигма” како поддршка на доктрината ќе ја објави книгата “Етнос, нација, национализам”, од историчарот В. Тодоров. Многу е интересно што Тодоров, по релативно солидната анализа на делата на А. Смит и Б. Андерсон, Е. Гелнер и другите од кругот на модернистите и етно-симболистите, во заклучоците е потполно збунет. Прво, во Предговорот, ќе го искритикува некогашниот претседател Жељу Желев, што допуштил во 1993 година, неговата книга за “Фашизмот” да се преведе и да се издаде на македонски јазик и што воопшто дошол во Скопје на промоцијата на книгата. Тодоров вели сепак, тој бил повеќе филозоф, а помалку историчар, па донекаде ги измешал историјата и политиката. Но, веќе во четврттиот дел на книгата, Тодоров се определува да не ги признае Македонците како нација. Ќе ги именува како -неалбански политички сили во Македонија, како христијанско мнозинство и раководство во Македонија и “македонски управници” на република Македонија. Внимавајте, “република” Македонија е напишана со мала буква, за разлика од памфлетот од 2008 година, каде е напишана со голема – разликувајќи ја од Бугарија, без “република”. Во обата случаја - се имплицира -вештачка творба и име. (Тодоров, 2000).

Сиот текст на доктрината е организиран за да остави впечаток на длабока научност, систематичност и сериозност, давајќи дефиниции за сите поими и категории, изведувајќи некаква хиерархичност во конструкцијата на: етнос – народност – нација – национализам - национален идеал -национални интереси – практична политика. Многу често тие дефиниции не

се совпаѓаат ниту со теориската ниту со речничката литература, а некои, пак, звучат сколастично, тавтолошки и дури смешно. Конструкцијата на доктрината е доста едноставна: Бугарите како нација и држава се меѓу најстарите во Европа, а секако и на Балканот, меѓутоа по сила на околностите, денес се потиснати само на еден дел на својата територија, а со значителни територии и свое население, надвор од државата. Тие историски околности биле - нападите и посегањата на другите соседи, од Византијците и Турците до Србите, Грците, до Сталин и Коминтерната итн., но, се разбира, имало и некои слабости и грешки на водствата - од царевите Петар и Борис, преку Фердинанд и премиерот Стамболиски до Димитров итн. Многу голема штета на бугарската кауза ѝ нанесле богомилите, големите сили, комунистите и изродените Бугари, како и сите соседи.

Но, денес, наводно, Бугарија е на вистинскиот пат, прогла-сена е, и вистина е, за еднонационална држава, бидејќи така пишува и во уставот, а некои етнички групи, односно граѓани можат индивидуално да се изјаснуваат и поинаку, но важно е дека сите се припадници на бугарската нација. Само што условот за тоа е – да бидат лојални и да се обединат како и сите други национално, како Французите, Американците итн. Се разбира, низ сиот текст провејува трагиката на загубата на Поморавието, на Македонија, Тракија и на Мизија, па и на дел од Добруџа, при што провејува и оптимизам дека, сепак, нешто може да се поправи, особено во Македонија бидејќи Македонците отсекојпат имале најчиста бугарска свест. Критериумот за прогласување на малцинствата за дел на бугарската нација, очигледно не важи за статусот на Бугарите во другите држави. Според доктрината, бугарскиот карактер на Македонија и Македонците е неспорен. Македонската нација е квази-нација, создадена со присилно оттргнување територии и население од бугарската нација, со вешто манипулирање на Србите, на комунистите и на некои автономисти, гладни за слава и моќ. Неспорно е исто така, дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот, а дека сета македонска историја и култура се дел на бугарската, со тоа што српската и другите пропаганди во некои околности во Македонија се покажале како поуспешни (повторно Стојан Новаковиќ). Тезата за вештачкиот карактер на

македонската нација е истоветна со грчката, индиректно и со српската.

Интересно е што доктрината отворено е благонаклонета кон фашизмот и улогата на цар Борис во Втората светска војна, кон некои милитаристички групи и кругови, а слично на грчката доктрина, прескокнува цели поглавја и факти во историјата, како што се Втората балканска војна, Првата светска војна, Народно-ослободителната војна во Македонија, признавањето на македонската држава и независност од страна на Бугарија 1992 година, или, пак, признавањето на јурисдикцијата на СПЦ над МПЦ. Сиот текст е преплетен во еден емотивен набој на жалење за величественото минато, со обвинување на други држави и народи за бугарските национални трагедии, со некритично величење на бугарскиот “генетски капитал” и светлата иднина, доколку Бугарите се обединат и се освестат околу националниот идеал. Последниот дел од доктрината, во кој има обид да се изведе некаква демографска, економска, социјална и научно-културна политика е, всушност, и најслабиот дел, далеку под нивото на официјалните државни програми за приближување кон Европската унија.

10. Грчката доктрина

За неа се индикативни два документа од кои првиот се поместува овде, речиси, целосно. Имено, “Македонското прашање. Преглед на обидите за создавање вештачка нација”, од февруари 1993 година, е документ формулиран во една позната грчка академска и истражувачка институција, поврзана со надворешно-политичките органи на таа земја. Објавен е непосредно пред приемот на Македонија во членството на ООН, и дистрибуиран во седиштето на таа организација но и значително пошироко, со цел да се спречи приемот или, пак, да се олесни и објасни ставот за името - во резолуцијата за приемот на Македонија. Во тоа, делумно се успева, при што може да се каже дека документот ја изврши својата дневно-политичка и прагматска улога. За жал, се покажа дека тој е во една константа и континуитет на непроменети грчки официјални ставови за Македонија, па и за другите грчки соседи што имаат малцинства во Грција. Овие ставови се

изразуваат истоветно повеќе од век и половина и ништо не укажува на каков и да е напредок или еволуција во нивната сушност. Индикативно е, исто така, што кратко време потоа, проф. Евангелос Кофос, главен експерт за “македонското прашање” во Атина, објави многу сличен текст во Њујорк (Kofos, 1993).

Се покажа, имено, дека документот, потпирајќи се на строго селектирани извори и факти или полуфакти, е потполно на линија на старите грчки национални идеали и експанзиски претензии од времето на создавањето на грчката држава, од 1822 до 1850 година. Интересно е дека објавувањето на “Начертанијата” на И. Гарашанин, 1844, временски речиси се совпаѓа со објавувањето на една слична, т.н. “блупринт” книга, имено, “Историјата на грчката нација” на Константинос Папаригопулос, во која се заговара историскиот и културен континуитет и идентитет на грчката нација-држава на просторите од античките хеленски полиси и империјата на Александар, преку Византиската империја до модерна Грција.

Токму во тој композит е и познатиот говор на претседателот на грчката влада, Јоанис Колетис, во јануари 1844, кога на првата сесија на грчкиот парламент, а по усвојувањето на Уставот, ја објавува познатата Мегали-идеја, односно грчката национална и надворешно-политичка програма. Во говорот, Колетис, меѓу другото, ќе рече: “Кралството Грција не е Грција. Тоа претставува само еден дел, најмалиот и најсиромашниот. Грк не е само оној што живее во ова кралство, туку и оној што живее во Јанина, во Солун, во Сер, во Едрене, во Константинопол, во Смирна, во Требизон, на Крит, на Самос и во секоја земја поврзана со грчката историја или со грчката раса… Има два главни центри на хеленизмот: Атина, престолнината на грчкото кралство и “Градот” (Константинопол), сонот и надежта на сите Грци” (цитат од Јust, 1989, исто така -Јовановски, 2005, стр. 31/2).

Тој композит, британскиот социолог С. Грозби ќе го нарече “ретроспективен национализам”, имено, кога поранешните епохи се читаат во светлината на подоцнежните или модерни концепти и преокупации. Впрочем, ова е карактеристично за

сите документи во оваа збирка. И тоа е композит од кој веќе се еманципираат и самите грчки историчари, барем дел од нив. Така, П. Китромилидес, кого го наведува А. Смит, во својата силна модернистичка критика на грчката националистичка историо-графија и на грчкиот национализам, смета дека од Средниот, па сe до раниот 19 век, Грците биле, исто како и со нив ново-установените политички заедници на Србите, Бугарите и на Романците, само дел на сеопфатната Византиска, потоа Отоманска империја и Православна екумена и немале особени национални белези; нив ги поттикнала политичката заедница (Kitromilides, 1998).

Но, документот “Македонското прашање”, исто како и оперативната грчка политика, е далеку од таа свест и сознание. Треба да се наведе, дека во пролетта 1992 година, токму кога Македонија ја водеше најжешката битка за своето меѓународно признавање, тогашниот премиер Мицотакис, најверојатно, синхронизирано со Милошевиќ, ги повика на конференција шефовите на држави и влади на потписничките на Букурешкиот договор од 1913 година, со кој заврши Втората балканска војна, и со која Македонија се подели и припои на трите соседи. Идејата беше да се утврди дека по распадот на Југославија, еден дел, т.е. Република Македонија, кој нема веќе суверенитет заради распадот, ниту пак имал историски и национален идентитет на населението, треба повторно да се разгледа од потписничките на договорот и во новата опстановка да се реши што ќе се прави со него. Имено, дали да се подели според истиот принцип, или да се овласти некоја земја да го анектира? Конференцијата не се одржа, т.е. беше откажана на инсистирање на италијанскиот министер Де Микелис и на ЕУ. Но, Грција подготвуваше аргументи за елиминирање на Македонија од меѓународната сцена. Тие се сумирани во овој документ.

Во неговиот краток вовед, мотивите на публикацијата и на грчката политика во поглед на македонското прашање се содржат во четири точки: прво, прифаќањето на нова словенска нација во Македонија значи легитимирање на кражбата од страна на “Скопје” на голем дел од културното наследство на грчиот народ што стана основен инструмент на неговата

територијална и културна експанзија на штета на Грција; второ, наводите на “Скопје” дека досега бил ослободен само дел од целокупна Македонија, претставува индиректно посегање по суверенитетот на Грција; трето, посегање по суверенитетот на Грција е и самото користење на името и топонимите на Македонија; и четврто, користејќи го името Македонија, “Скопје” изразува културни претензии по однос на Грција во обид на географскиот ентитет во целина да му даде национален идентитет.

Има, меѓутоа, и други мотиви: да се спречат заканите за мирот и безбедноста на Балканот до што би дошло со признавањето на Републиката, да се почитува меѓународното право според кое “Скопје” нема остварен суверенитет на својата територија, и, на крајот најважното, што инаку потполно се совпаѓа со ставот во Меморандумот на САНУ, македонската нација била нација измислена од Тито и од Коминтерната, за да се ограничела српската моќ во Федерацијата.

Потоа, екстензивно се наведуваат извори што би требало да наведат на грчкиот историски идентитет на сета територија на Македонија, чии жители се “автентично Грци исто како и нивните браќа на југ”. До 1914 година, наводно не постоел никаков помен на името на Македонија во национална смисла. Илинденското востание во грчкиот град Крушево го дигнале Бугари, не против Турците, туку со нивно соучество да го истребат грчкото население. Создадената од Тито во 1945 година, Народна република Македонија ги вклучила Скопје и Тетово кои никојпат не биле дел од Македонија, имала територија на која освен грчкото население, живееле Срби, Власи, туркофони-муслимани и Бугари, а целта била - под словенска капа, Југославија да добие излез на Егејско Море.

Во вториот дел, парадоксално, грчката премиса во однос на Македонија, тргнува од една вистина: имено, дека во 19 век, кога народите на Балканот конституирале свои држави-нации, нивните национални идеологии се совпаѓале со зоните со мешано население и токму на тие точки доаѓало до национални претензии.

Според тоа, Македонија била една од тие зони во кои преплетувањето на националните идеологии и претензии било особено остро изразено. Сосем исправно се тврди дека на населението од таа зона му се упатиле четири антагонистички идеологии, ревандикации и пропаганди, грчката, бугарската, српската и албанската, во обид да му го наметнат својот идентитет. Инаку, наводно, историски и географски, Македонците биле Грци, а Македонија – совршено хомоген дел на грчката држава.

Тоа, пак, било можно затоа што самото население било етноаморфно, макар и со грчка подлога, заостанато и селско. Особено бил изразен грчко-бугарскиот антагонизам, при што Бугарите имале поголем успех бидејќи го користеле јазичниот афинитет на населението и влијанието на ново-основаната Бугарска егзархија.

За чудо, ова се вистинити ставови, макар што изречени од грчки извор звучат самокритично и “анти-бугарски”. Илинден и паролата “Македонија на Македонците”, за документот се само маневар на неколкумина раководители произлезени од бугарското национално движење - за автономија на таа зона, но без инсис-тирање да се промени историскиот бугарски идентитет на зоната. Значи, сумарниот заклучок е дека определувањето на етно-карактерот на населението примарно зависело од успехот на пропагандите при што Грците не биле толку успешни. Србите пак, кои биле помалку успешни од Бугарите, дошле до друга тактика (се мисли на С. Новаковиќ), да признаат некаков автономен идентитет на населението со што ќе го привлечат на своја страна, наместо да го одби ваат и да го фрустрираат. Оваа теза е потполно идентична со оцената на делото на С. Новаковиќ во бугарските документи.

На оваа точка се доаѓа до главната конструкција на негирањето. Наводно, во Втората светска војна, Бугарската армија со ентузијазам и поздравена од населението, влегла во Македонија. Но, југословенските партизани (читај Тито и Коминтерната, не српските партизани), предизвикале репресалии кај бугарските окупациски власти, а ова пак предизвикало масовно незадоволство од Бугарите, и на крајот,

тоа му овозможило на Тито, со ветување дека населението по Војната ќе живее поарно и ќе биде еднакво со другите во Југославија, да го привлече населението и да ја создаде републиката во 1945 година.

Дури подоцна се фабрикувале јазикот, историјата, културата, образованието, во голема мера и со кражби од соседните јазици, култури и истории. Идејата на Тито била “империјална”: прво со помош на Димитров и на Бугарија да создаде под своја контрола Балканска федерација, при што веќе биле добиени концесии кон Македонија да се припои и Пиринскиот дел, а потоа со помош на Сталин да создаде и јужно-словенска федерација која ќе анектира и дел од Грција со егејското приморје. За среќа на сите соседи, и посебно на Грција, Сталин не се согласил со таквата политика на Тито, па прво ја одбил идејата за Балканска федерација, а потоа раскрстил со Тито. Интересно е дека текстот не спомнува ниту збор за Грчката граѓанска војна и за периодот по војната.

“Теориската алхемија на Скопје”, според авторите, значи нема никаква национално-идентитетна, културна, јазичка или историска основа, со тоа што можеби мал дел од населението во централниот дел на територијата на “Скопје”, порано имал извесна славофонска јазична посебност и чувство. Последниот дел повторно, заради ефектите врз читателот, наведува извори за да се докаже неприкосновениот грчки карактер на територијата, но и два, три наводи од познатите настапи на некои политичари и пратеници кај нас по 1990 година, кои емотивно и фрустрирачки излегуваа во јавноста со пароли за обединување.

11. Српската доктрина

Во анализата на документите кои се овде застапени, три укажуваат на тезите на српската национална доктрина. Првиот, хронолошки, е Меморандумот на САНУ. Меморандумот се појави есента 1986 година, во период на тешка криза на тогашното југословенско општество, стопанството и политиката. Публикуван е во различни форми, техники и должини. Заради моменталните и остри реакции на

политичкиот врв на државата, па и во повеќето републики, вклучувајќи ја и Србија, изостана сериозна јавна и научна дебата за текстот и за аргументите и тој беше речиси проскрибиран. Повеќето од авторите беа ставени на “црн список” на властите, се разбира до 1991, кога настапија со полна сила на политичката сцена на тогашната СФРЈ, односно подоцна СРЈ и Србија. Вториот (исто така фрагментарно поместен), е екстензивниот труд (книга од над 1000 страници) на Воислав Шешељ, издаден во Белград во 2002 година, со наслов - Идеологијата на српскиот национализам. Научното и публицистичкото дело на проф. Лазо М. Костиќ. Фрагментите на овој труд укажуваат на супстанцата на екстремната српска национална идеологија и доктрина, а се базираат на објаснување на трудовите на српскиот квислинг и емигрант Лазо Костиќ, кого Шешељ го употребува за експликација на сопствените ставови. Хашкиот обвиненик за воени злостори Шешељ, беше долго време шеф на Српското четничко движење и на Српската радикална странка, претставени и во власта и во Парламентот на Србија, а особено во првиот период на југословенската криза, активно и дури оперативно (со паравоени единици) вклучени во насилствата во Хрватска, во БиХ, па и на Косово. Програмите на Шешељевата партија СРП, веќе не се на располагање, едноставно се повлечени, но неговиот наводен научен труд за Лазо Костиќ е во широка јавна употреба во Србија.

Третиот, фрагментарен труд е оној на д-р Момчило Суботиќ – Српската држава во програмите на српските политички партии до Дејтонската спогодба, објавен во 2006 година, не е националистички или доктринарен текст, туку научен, кој само изведува анализа на содржина на партиските програми.

За Меморандумот се смета дека беше идеолошки вовед во распадот на бившата југословенска федерација, исто така дека непосредно влијаеше на настаните во Србија кои доведоа до доаѓањето на Милошевиќ на власт, но и дека во контури ја зацртува подоцнежната политика и на Српската социјалистичка партија, и на екстремните политички формации во Србија и на Србите во другите републики. Меморандумот по себе не е агресивен текст, но го отвора прашањето на натамошниот

опстој на Југославија и на Србија во неа, и повикува на дебата за Уставот од 1974 година, на таа, како што констатира “мошне лабава државна заедница”, која преживуваше тешка стопанска и политичка криза. На крајот на Меморандумот, како претекст на потребата од таква дебата, се наведува дека во други републики “веќе се размислува и за други алтернативи, а не само за југословенската, тоа го покажуваат скорешните изјави на словенечки јавни дејци и поранешните ставови на македонските политичари. Ваквите размислувања и темелно извршената дезинтеграција, наведуваат на помисла дека на Југославија ѝ се заканува опасност од натамошно расточување…”