Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Become a member!

The Balkan Mega-ethnos: National Doctrines of Macedonia's Neighbours

ПРЕДГОВОР БАЛКАНСКИОТ МЕГАЕТНИКУМ - ОД ЕТНО-РОМАНТИЗАМ ДО ЕТНО-НАСИЛСТВО - Part 04

By Димитар Мирчев · Part 5 of 50 · About 18 minutes

Read in English

Особено воените и административни изискувања на модерната држава, образованието, даноците, функциите и вработеноста во државната управа, пензиите, воениот рок итн. ги “политизирале” општествените односи и секојдневните активности. Постепено, народот станувал свесен за својата припадност на “споделена”политичка заедница, онаа во која има заедничка судбина со “другите”. Макар што, ќе напишат Хелд и Мекгру, природата на оваа врзувачка идентификација била иницијално дубиозна и дискутабилна, таа со времето станувала подефинитивна и попрецизна... Нивниот заклучок е дека - “Консолидацијата на идеите и приказната за нацијата и националноста е врзана за многу фактори, вклучувајќи го и обидот на владејачките елити и влади - да создадат нов идентитет што ќе го легитимизира засилувањето на државната власт и координирањето на јавната политика... во врска со тоа е и создавањето, преку општото образование, на идеите на заедничка рамка на разбирањето на - значењата и практиките, во насока на јакнење на процесот на државно-координирата

модернизација... што значително ги олеснува меѓукласните комуникации и дифузијата на националните истории, митови и ритуали, кои се, всушност, новозамислената заедница односно – нација.

Тврдејќи го ова, Хелд и Мекгру, особено се повикуваат на истражувањата на Б. Андерсон и Е. Смит. Овие пак, на тој начин ја објаснуваат изградбата на историското чувство на “татковината” и на длабоко вкоренетите мемории и консолидација на етничките заедници – преку заедничката јавна култура и споделени јавни и човекови права и должности. Прашање е, сепак, колку т.н. нација како политички “проект”, како експлицитен проект поттикнат од елитите, бил “комплетна имагинација”. Веројатно е дека елитите и државата обликувана од нив, не се потпирале само на генерирањето на чувството на националност и приврзаност кон нацијата, на “националната заедница на судбината”, и не сметале само на нацијата како чисто социјален и културен ентитет кој се простирал на една територија.

Нациите, според овие автори, биле “заедници на историјата и на културата”, на една посебна територија, често засновувајќи се на дистинктивна традиција на заеднички права и должности на нивните припадници. Но, во тој поглед многу нации биле изградени врз база на “предмодерни етнички јадра” чии митови и спомени, вредности и симболи, ги обликувале нациите така што модерните елити успеале да ги фалсификуваат и злоупотребат. Повторно, значи, се враќаме на етно-политичкиот инженеринг, во смислата што му ја дава А. Смит (Smith, 1990, s.181). Идентитетот што националистите настојуваат да го одржат е, во голема мера, оној што ја сокрива и експлоатира “етно-историјата” на заедницата за да се истакне нејзината различност во светот на конкурентни политички и културни вредности...

Модернистите воопшто, веруваат дека нема историски нации, дека тие се плод на национализмот што го генерира индустријализмот и неразвиеното граѓанско општество, а државата го претвора во нација. Се разбира, никој не оспорува дека за ефективното созревање на нацијата се потребни некои

предуслови и предиспозиции: јазичка, религиска или културна хомогеност, етничко потекло и сл., но и дека државите, во основа, го насочуваат, го афирмираат и го заокружуваат тој процес. Се смета дека модерните националистички лидери, можат со ефективни институции и со норми на граѓанската држава и “националната држава”, вистина да изградат нација која го хомогенизира граѓанството и го насочува кон истоветни цели.

Според тоа, за мнозина од модернистите, секако пак за Антони Гиденс и Ерик Хобсбаум, национализмот и нацијата се врзани и зависни од државата и од политичките елити. Без неа, тие немаат ниту смисла ниту шанса. Национализмот, на пример, мора да има политичка програма. Без таква програма и без власт како цел, тој нема резон. Државата им дава структурна рамка на национализмот и на нацијата, овие, пак, на државата ѝ даваат социо-психолошка смисла (Giddens, 1985, Hobsbawm, 1990). Хобсбаум посебно го истражува сиот апарат на ритуали, симболи, средства, што го следат или кои го помагаат подемот на националните држави, пред сe во Европа во XIX и XX век, но и т.н. процес на производство на националната историја во минатото, дури и со полуфикции и фалсификати. Национализмот, во таа смисла, е речиси panem et circences на модерното доба, речиси “супститут на изгубените сништа”.

Концептите на нацијата и на етносот што денес ги развиваат етно-симболистите и модернистите се влијателни колку во социологијата, политологијата и етнологијата, толку и во социјалната психологија. Разликите меѓу нив не се главно во тоа што нацијата и етносот ги сметаат за неисториски или историски појави, за појави што се подложени на дијалектиката на развој: раѓање, развој, залез. Разликите во основа се во поимањето на тоа дали и колку може врз нив да се влијае со социјална и со политичка акција, доколку нацијата и етносот се историски или неисториски категории, односно доколку се плод на објективен развиток или пак на инвенција и имагинација? Можеби со социјален и политички инженеринг? Со етно-инженеринг, во која и да е насока? Модернистите главно одговараат позитивно, етно-симболистите главно одречно. Но, кај етно-симболистите, тоа пак е значајна

специфика, самоопределувањето на нациите, етникумите, самоидентификацијата, не зависи од “другите”, тоа е основно човеково право, колку индивидуално, толку и колективно. Без разлика колку на нив може да се влијае и со инженеринг.

Обете струи се согласни што се и што не се нациите. Имено, дека не се религиозна, компактна социјална група, јазична, расна итн. Според Жан Мари Гуно, политолог од Универзитетот во Париз, во познатата студија – “Крајот на демократијата” (Гуно, 1997), нацијата е уникатна комбинација на историски дадености, кои никојпат не се ограничуваат на една мерка – јазична, религиозна, расна, социјална. Тој ќе напише дека европската определба на “нацијата ги обединува луѓето не врз основа на тоа што се, туку врз основа на то “што биле”. Една нација нема друга дефиниција освен историската, а тоа е прашање на општата историја, на општата несреќа или среќа. Тоа е место на општата, заедничката судбина. Во Европа, тој “спомен”, според Гуно, се однесува на некоја “запаметена” територија... на која некој полагал право на сопственост уште од периодот на Рим и римското право (ибид. стр. 15-17). Ова, всушност, се однесува на сите балкански нации и национализми, макар што некои од нив немаат такви “историски претензии”, некои, пак, имаат. Проблемот на нацијата и на државата-нација, размислува Гуно, е во тоа што во современиот свет, тие економски, политички и културно губат во значењето, колку и да се персистентни. Државата-нација е во очигледна криза. Можеме да проследиме дека ова мошне многу се однесува на Балканот.

Меѓутоа, исто така е сигурно, дека модернистите притоа, во афирмацијата на “државата-нација” и на пристапот кон национализмот како потреба на индустријализмот, на анти-колонијализмот или како резултат на распадот на тоталитарните државни творби, не мислат на “етно-инженерингот”, на присилното асимилирање нации или создавањето нации без социјална и културна подлога. Отука, повеќемина од нив ги употребуваат придавките граѓански и културен национализам (Д. Милер), либерален и економски национализам, политичко-демократски (Ман и Хобсбаум) и дури “уставен патриотизам”, особено во врска со модерните

евро-интеграциски процеси (Хабермас), правејќи притоа јасна дистинкција од нео-национализмот, етно-национализмот, етно-популизмот или етно-центризмот, од етно-сецесионизмот, етнолингвистичкиот национализам, итн. Дали се работи искривоколчени видови национализам од, во една Аристотеловска логика, супстанцата на граѓанскиот национализам? Дали се нужно агресивни, деструктивни, изолационистички? Дали и колку го попречуваат цивилизацискиот развој, и на крајот - кои социјални причини и последици ги имаат? Тоа се прашања за продлабочена дискусија. Познатиот германски мислител, Јан Вернер Милер, проблематизирајќи го Јирген Хабермас од 2002 година, вели дека националните држави остануваат неопходни и покрај процесите на глобализација и европеизација, дури и кога не можат да понудат модел според кој, на пример, Европската Унија би требало да се обликува себеси. Во истата насока, либералните форми на лојалноста кон националната држава, не се потиснати туку се “дополнети” со европскиот уставен патриотизам. Меѓутоа, “дополнување” е веројатно погрешен збор, затоа што сугерира дека “идентитетот” е нешто, повеќе или помалку како - куп цигли. Хабермас, вели Милер, барал Европејците да надѕидаат уште еден кат (европски кат) над своите национални идентитети, или пак да го зголемат за една “европска димензија” (Muller, 2010, стр. 166).

Изводот на тие анализи е дека граѓанската верзија на национализмот е повеќе приврзана на вредностите на модерната цивилизација, дека има рационална и активна компонента во партиципацијата на сите заеднички цели и дека подразбира дистинктивна јавна култура. Тоа е максимумот што не им пречи, напротив, им погодува на тековните процеси на глобализација во светот (Habermas, 2002, Held and McGrew, 2002). Над тој максимум, национализмот станува не само анахрон туку и активна пречка во развојот на демократијата и човековите права, тој се судрува со граѓанската култура, станува инконгруентен на таа култура.

Смит, а во голема мера и Фил Барт, Џон Фајн, Лоринг Данфорт и Џон Бројли, (Barth, 1969; Fine, 1991; Danforth, 1995; Breully, 1944) нудат една посредничка, но многу релевантна парадигма

во објаснувањето на современиот национализам и нација, онаа на етно-симболизмот и на заедничката култура како стожер на националната свест. Таа вистина може да се покаже како продуктивна во истражувањата на проблематиката на модерните нации и национализмот, но и на нивните соодноси. Овие автори со право укажуваат на некои нерамнини и контрасти на модернистите, пред сe на тоа дека национализмот денес се јавува во сите општествено-економски контексти, и дека не е автоматски врзан со развојот, дека дури не е нужно врзан и со територија или аспирации за “своја” држава. Нацијата во однос на историјата, ќе рече Смит, сепак не се јавува без никаква основа, чисто случајно.

Не е нужно национализмот да му претходи и судбински да влијае врз креирањето на нацијата, ниту, пак, такво влијание да има државата. Етно-симболистите се прашуваат да не е преценета улогата на елитите во процесот на создавањето на нацијата? Конечно, согласувајќи се дека меѓународниот поредок, создаден по Втората светска војна е инклузивен за принципите на апсолутен суверенитет на државите и за правото на самоопределување на нациите, го поставуваат прашањето: Што ако голем број аспиранти за национална независност, објективно се нашле однапред, надвор од тој поредок? Што ако тој поредок со своите норми не се покажал доволно пермисивен за сите субјекти во еманципација? (Smith, 1998, c.79). Со ова прашање, всушност Смит и етно-симболистите го проблематизираат сиот денешен меѓународно-политички и правен поредок, посебно Повелбата и Статутот на ОН.

При определбата на нацијата и етникумот (инаку, тој го употребува францускиот термин етнија, ethnie), според А. Смит суштински е идентитетот или само-идентитетот на една популација, оној што самата таа си го придава и истиот што другите ѝ го придаваат нејзе. Таа е тоа кога ги има своите идентитетни ознаки, своето препознатливо име, симболи, свој мит на заедничко и единствено минато. За Смит и за етно-симболистите, воопшто не е помалку значајно споделувањето и чувањето на историскиот спомен и традицијата (што инаку не мора да се совпаѓа нужно со историската вистина), сфаќањето на “историската територија” на етнијата како “татковина”, и

конечно, елементите на заедничката култура, мерката на солидарност, барем на ниво на елитите.

Смит го релативизира значењето на политичкиот фактор, на пример, на државата, на армиите, на црквите и сл. бидејки таквите фактори колку што се значајни за креирањето на нацијата, толку се значајни и за креирање на контра-етнии, контра-групи. Ако некоја социјална група гради идентитет, тоа се чини наспроти или во однос и сооднос со други групи, што, инаку, е закон и на дијалектиката. ( Smith, 1998, c.170; Smith, 2001,c. 57-61). Со ова колку Смит толку и етно-симболистите го решаваат прашањето на историзмот и митологијата (или -историската вистина) во создавањето, опстојувањето и во развојот на современите етникуми, нации и национални држави. Всушност, според него, но и според сета истражувачка литература, речиси сите современи нации, па и најголемите, и сите современи национални држави, својот идентитет го засноваат на митови и митологија. Зошто тогаш тоа право да им се одрече на новите или неодамна “воспоставени”нации и национални држави? Особено затоа што многу често нациите и националните држави споделуваат исти или слични симболи, митови и митологии? Основното прашање што етно-симболистите, посредно или непосредно го поставуваат е: Зошто треба една нација или етникум, или, пак, една национална држава да докажува дека е автентична, историски и културно-јазички, етногенетски или религиски заснована, ако нејзината популација се чувствува различна од другите или од соседните? И тоа дефинитивно е случај со македонската нација и држава.

Хелд и Мекгру, во својот теориски пристап значајно го потврдуваат А. Смит. За нив, “нациите се наткласни колективитети што споделуваат чувство на идентитет и колективна политичка судбина. Нивната база во стварните и во замислените културни, лингвистички и историски општости е многу променлива и флуидна, често резултирајќи во различно изразување и противречни односи кон државата. Национализмот е сила што ги врзува државите со нациите; тој ја рефлектира колку комплексната и психолошка поврзаност на поединците со посебните национални идентитети и заедници,

толку и проектот на државата во која дадената нација е доминантна ( Held and McGrew, 2002, s.27).

Веќе покренатото прашање на национализмот, може да се согледува, во модерни и балкански услови, токму од тој аспект. Дали, на пример, врската на државата и нацијата што го определува, пред сe, статусот на нацијата и на етникумите, или националните малцинства во државата, се по природа и по дефиниција единствена, еднонасочна, позитивна? Или пак е – двосмислена, повеќесмислена, противречена и дури - агресивна кон другите?

На точката на ова прашање, произлегува дека, според анализите на Андерсон, Гелнер, Хелд и Мекгру и особено Смит, тој се разделува вредносно - и во формата и во суштината. Има ли позитивен и негативен национализам? “Добар и лош”? Граѓански и етнички? Има разлика. Едната форма и суштина се однесува на национализмот во развиените граѓански општества во кои државатанација, националната држава, се развивала паралелно и го вклучувала дури - поредокот на човекови права и граѓански слободи, воведувањето на автономното граѓанско општество кое подразбирало и право и практика на каква и да е самоопределба на граѓаните.

Тој “национализам” превладува денес во развиениот западен, граѓански свет, тој се однесува на хомогените нации и нивниот позитивен однос до малцинските. Хелд и посебно Хабермас се залагаат за проширувањето на тој поим и категорија дури на наднационално ниво, посебно во врска со процесите на глобализација и европеизација односно европско обединување, при што Хабермас ќе го “исфрли” концептот на европски уставен патриотизам.

Втората форма и суштина е национализмот во ново-демократизираните земји, на кои најмногу им припаѓаат балканските земји и македонски соседи. Тој национализам настојува да го вбројат во модерните национализми, имајќи на тој начин алиби за насилното и принудно асимилирање на многубројни етнички заедници и малцинства, посебно на македонското, но и на други. Неговата специфика е што -

прогласувајќи се за модерен и за припадник на “градител на модерна нација,” истрајува на негирање на постоењето на другите нации, етникуми, малцинства, на нивото насилно, бесправно и неправно вклучување, асимилирање, прогласување на сите граѓани за припадници на својата нацијадржава а врз база на “еднаквите граѓански права”

7. Употребата на теоријата и на историјата

Пишувајќи за идејните извори на национализмот, професорот на Лондонската економска школа Ели Кедури, уште 1960, во своето познато дело “Национализам”, ќе рече дека јазикот, културата, понекогаш дури и религијата, според национа-листичката доктрина претставуваат различни аспекти на примордијалниот ентитет - нацијата... Имено, вон секое сомневање е дека оваа доктрина го дели човештвото на посебни и меѓусебно различни нации, дека тврди оти таквите нации мораат да засноват свои суверени држави, а дека припадниците на нацијата ја постигнуваат слободата и себеисполувањето со негувањето на својот особен национален белег, како и со втопувањето во поголемата целина на нацијата ( Keduri, 2000, s. 87-87). Кедури дава многу аналитичка евиденција за процесот на образување на европските државинации уште од 16-от век, но исто така смета дека тој процес создава конфузија кога се анализира од аспект на националистичките категории во историографијата. На пример, кога една особена антропологија и метафизика се користи во интерпретација на минатото, тогаш историјата поприма сосем поинакви и извитоперени обележја. Кедури дава примери - кога луѓето кои мислеле дека дејствуваат во насока на божјата волја, на остварувањето на вистината или пак, за остварување династички интереси, или едноставно за одбрана на земјата од агресија, сега се вбројуваат во оние што се гении на манифестацијата и изградбата на посебна националност... Авторот укажува на злоупотребата на историографијата во националистички цели.

Слично на ова, кога националистичката историографија ќе се примени на европското минато, се добива слика на нации кои настануваат полека, бавно, за да се потврдат на крајот како територијални суверени држави. Прусија, Венеција, Фландрија

беа типични такви ентитети, ќе посочи Кедури, прикажувајќи го тој метод како иритирачка научна аномалија. “Изумителите на оваа доктрина настојувале да покажат дека нациите се резултат на природната поделба на човечката раса, повикувајќи се притоа на историјата, на антропологијата и на лингвистиката. Но ова настојување е неодржливо, бидејќи независно какви етнолошки или филолошки доктрини во некој момент можеле да бидат вообличени, не постои уверливо објаснување на причините од кои луѓето што говорат ист јазик или пак ѝ припаѓаат на иста раса итн., би требало со самото тоа да образуват исклучиво своја држава...” ( Keduri, 2002, s. 93 ).

Тоа што останува од оваа доктрина, вели Кедури, е дека луѓето имаат право да истрајуваат на разликите кои ги одде-луваат од другите, без оглед дали овие разлики се стварни или имагинарни, важни или не, имаат право од тие разлики да направат свој прв политички принцип.

Следејќи ја логиката на Кедури, но и на Гелнер и особено на Смит, може да се каже дека национализмот е доктрина врзана за Европа во последниот век и половина, како потреба за изградба на државите и државотворноста. Но и дека во државотворноста од Француската револуција наваму превладува политиката на човековите права, на граѓанските слободи, на автономијата на граѓанското општество. Каде е тогаш спојот на западниот или европскиот или, пак, американскиот национализам и демократскиот поредок и политика? Пак во човековите права, во правото на самоодредување, па и правото на самоодредување на колективитетите, вклучувајќи ги и етничките и нацио-налните. Овие права се веќе уредени со повеќе меѓународно-правни акти, посебно на ОН, на Советот на Европа, на Европската Унија. Бидејќи, тие права се спој и симбиоза на идентитетот и на самоодредувањето, национализмот конвертира во патриотизам, во наклоност кон својата земја и група, во лојалност кон нејзиниот поредок и подготвеноста за нејзина одбрана. Па сепак, не и кон потиснување на другите. Од друга страна, националистичката доктрина е комплексна; таа понекогаш опфаќа и универзални чувства во една заедница, како што се: ксенофобијата, нерасположението кон странците,

кон аутсајдерите, кон “другите”. Спојот, понекогаш создава и конфузија, кога националната доктрина се базира на специфична антропологија и метафизика, како што ќе напише Ели Кедури (Keduri, 2002, str.88 ). На оваа точка се чини дистинкцијата на национализмот како патриотизам, и национализмот како политика на задушување, потиснување и негирање на правата на “другите”, на малцинствата, на етникумите, на сите ранливи и депривилегирани групи. На оваа точка се разликува “добриот од лошиот” национализам, граѓанскиот патриотизам од етничкиот национализам.

Добар дел од балканските национализми, дури и кога се прогласуваат за национализми од западен тип, кога реферираат на “граѓанство на нација-држава”, се всушност етнички национализми во служба на “специфична антропологија и метафизика”. Тоа исклучително добро го сфаќа американскиот историчар Том Галагер, кој ја парафразира М. Тодорова, велејќи дека не се работи за создавање “држави-нации” од западен тип, туку за создавање “етнички хомогени држави”, кои во коренот имаат многу од организираното насилство, слично на она во Западна Европа, во многу подолга временска рамка, и во кое “екстерните фактори” имале многу повеќе влијание од – локалните фактори (Gallagher, 2001. Стр.3)

Етно-симболизмот, во својата критика на етничкиот национализам, всушност ја гради и ја афирмира идентитетната теорија на нацијата и етницитетот. Познатиот хрватски културолог, лингвист и македонист, З. Крамариќ, концептуално и аналитички ја следи линијата на етно-симболизмот на Б. Андерсон, А. Смит и др., особено во проблемот на “самоидентификацијата” и “двојната идентификација” на етникумите, анализирајќи го случајот со македонската книжевност, култура и национална самосвест. И за него, дораснувањето на “етнијата” во “нација” е чисто прашање на претворањето на една доминантна политичка или владејачка елита во државна структура и потем на објективно стандардизирање на групната, заедничка, евентуално – етниска меморија и чувство на блиска поврзаност...Тоа сe заедно станува една култура, национална свест или самосвест, станува чувство на солидарност, чувство на припадност на држава која

има политичка моќ, суверенитет, владејачка регулација. Културниот идентитет, (јазикот, етничкиот идентитет, чувството на единство, чувството на заедништво, на заедничкото минато, митовите итн.), за Крамариќ е битна основа на државотворноста. Оваа пак ги формализира, ги институционализира, ги стандардизира тие елементи во официјална, превладувачка национална свест. А што и како без држава или со “спречена” држава? Културна основа на националниот идентитет и свест постојат, исто како и чувството на заедништво, но државата значително ги зајакнува, некаде и до степен на национализам.

Истражувајќи го ова на примерот на македонскиот и грчкиот идентитет, Лоринг Данфорт ќе го заклучи и следното: “Релативно доцното создавање на македонската држава, во споредба со другите балкански држави, не значи, како што тврдат грчките националисти, дека македонската нација е “вештачка” додека грчката нација е “автентична”... И македонскиот национален идентитет и грчкиот национален идентитет се еднакво конструирани.” (Danforth, 1995, стр.108).

Следејќи ја таа линија на аргументирање, во неодамна објавената студија “Идентитет, текст, нација” (Крамариќ, 2010), Крамариќ укажува дека е важно што во создавањето на модерната нација се користи “материјалот” т.е. културното, историското и другото наследство од преднационалистичкото доба (според Гелнер), но дека потоа тој материјал губи значење. Крамариќ е повеќе наклонет кон мислењето на Андерсон и Смит кои сметаат дека сепак “папокот” меѓу преднационалната заедница и модерната нација останал нераскинат, но дека тој главно се состои во: името, митовите, симболите, вредностите, во сеќавањата. Нацијата е и минатото и иднината... неповратната меморија и неограничената иднина. Вакумот меѓу нацијата и државата може да се надополни, но доколку таа надополна се сведе на национализам, тој во условите на Балканот може да биде колку прогресивен, толку и повеќе ретрограден.

Крамариќ обрнува големо внимание на веќе наведениот М. Хрох и неговото објаснување на тешкиот процес на