Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Become a member!

The Balkan Mega-ethnos: National Doctrines of Macedonia's Neighbours

ПРЕДГОВОР БАЛКАНСКИОТ МЕГАЕТНИКУМ - ОД ЕТНО-РОМАНТИЗАМ ДО ЕТНО-НАСИЛСТВО - Part 01

By Димитар Мирчев · Part 2 of 50 · About 18 minutes

Read in English

ПРЕДГОВОР: БАЛКАНСКИОТ МЕГАЕТНИКУМ - ОД ЕТНО-РОМАНТИЗАМ ДО ЕТНО-НАСИЛСТВО

1. Претставување и историјат

Оваа книга содржи десет текстови, поправо фрагменти од текстови кои ги претставуваат етнополитичките платформи на соседите на Македонија. Тоа се: “Меморандумот на Српската академија на науките” од 1986 година, објавен на повеќе места, овде преземен од загрепски “Наши теми”; потоа – фрагменти од делото на В. Шешељ – “Идеологијата на српскиот национализам” од 2002, како и извод од научниот труд на Момчило Суботиќ – “Српската држава во програмите на српските политички партии до Дејтонската спогодба”, од 2006 година. Поместени се два грчки текста и тоа - “Македонското прашање. Преглед на обидите за создавање вештачка нација”, на Институтот за меѓународни политички и стратешки студии во Атина, објавен во февруари 1993, и “Скопје во потрага по идентитет и меѓународно признавање” издаден во Солун, 1994. Вклучени се фрагменти од три бугарски текстови - “Бугарија во 21 век. Бугарска национална доктрина. Прв дел”, изработена од Научниот центар за бугарска национална стратегија, издадена во Софија, 1997, и Вториот дел на истата доктрина, издаден следната година во Софија, а потем – подолг фрагмент од брошурата – “Бугарската политика спрема Република Македонија”, објавена десет години подоцна од друг издавач, исто така во Софија. Албанската доктрина е содржана во “Платформата за решавање на албанското национално прашање”, усвоена и издадена од Академијата на науките на Албанија, во Тирана, 1998; едновремено со овој документ, во Њујорк, на веб-страницата на Албанско-американската граѓанска лига е објавена програмската спецификација на документот, под наслов “Предизвиците на демократијата во мултиетничките држави”, од Арбен Џафери, што, исто така, се поместува во оваа книга.

Документите се подредени според азбучниот ред на земјите и потоа според времето на објавувањето; преведени се од расположливите оригинали и на ова место се анализирани и

квалификувани во предговорот. Снабдени се со потребните библио-податоци и кратки објаснувања.

Нема сомневање дека овие документи беа основа, а некаде и најава и предвесник на многу политички движења во регионот; некои од нив играа и непосредна улога во настаните (немири, судири и насилство) на Балканот, во последното десетлетие и половина. Впрочем, тоа е случај со сите надворешно-политички доктрини, посебно со оние на големите сили, или, пак, на историски познатите доктрини; да ги споменеме овде американските – Монроовата доктрина од 19-от век, или Вилсоновата доктрина и Маршаловиот план од 20-от век, јапонската Мејџи доктрина, германската Дранг-нахт Остен, советската Брежњева доктрина на ограничен суверенитет и многу други. Овие што потекнуваат од Балканот не се толку далекусежни, но несомнено имаат влијание врз регионалните, па и врз пошироките политички односи. Се јавуваат како втор бран на национални или етнополитички доктрини, во последните дваесетина години, односно по големите системски промени и државнополитички промени на Балканот, по 1990. Првиот бран доктрини, бил оформен во деветнаесеттиот век, во ерата на националната преродба и романтизмот, во ерата на установувањето и консолидирањето на балканските држави, кога сите создавале ослободителни, но и експанзионистички и освојувачки програми и политички концепции.

Да ги споменеме тука, “Начертанијата” на српскиот надворешен министер Илија Гарашанин од 1844 година, кој предвид го имал обновувањето на Душановото царство; истата, 1844 година, е објавена “Мегали идејата” на грчкиот премиер Јоанис Колетис која Грчкото кнежевство, како стремеж, го проектирала на територијата на Византиското царство; Мегали-идејата е содржана во говорот на грчкиот премиер Ј. Колетис на уставотворното собрание во Атина, во јануари 1844; потоа следува - Наредбата (Уставот) и програмата на Бугарскиот револуционерен централен комитет до работниците, а за ослободување на бугарскиот народ, што во 1869, во Букурешт ја изготвиле - Г. Раковски, Љ. Каравелов, В. Левски, Х. Ботев, Ј. Цанков и Т. Пеев; потоа доктрината на Кемал паша Ататурк од 1925 – “Мир во земјата, мир во светот”, но и претходно

усвоената Програма на албанската Призренска лига од 1878 година. Доктрините што овде ги поместуваме и ги анализираме, се главно модернизација на текстовите од минатите два века, приспособени на новите околности.

Смислата на оваа анализа не е тие текстови да се критикуваат или да се омаловажат, уште помалку пак да се спори со историографската и со другата аргументација што тие ја претставуваат, макар што на некои места тоа не може докрај да се избегне. Не може да се одрекне ниту легитимноста и правото на секој етникум, националност, нација, па и на која и да е друга социјална група или човекова заедница, да се сосредоточи на своите проблеми, да ја визира својата иднина и да ги сонува своите сoништа… Етникумот и нацијата, без оглед на динамиката на глобализација и на подемот на цивилното општество во светот, се реалност и, бездруго, не толку куса иднина на човековата општествена организација и духовност. Отука, тие не се анахронизам, ниту пак напливот на модернизмот е алтернативен или конкурентен на етницизмот, па и на нацио-центризмот.

Затоа и збирот од социјални врски, репродукциски обрасци, емоции, чувства како и нивните транспозиции на човекот во иднината, што со себе ги носат етникумот и нацијата, впрочем слично како и кај религиските обрасци и транспозиции, ги заслужуваат придавките реално постојни и легитимни, па дури и кога се социјално и особено политички - противречни и ретроградни. Но оттука и тогаш, исто толку легитимно, повикано и задолжено на аналитички и критички пристап, е и научното истражување на овие социјални појави.

Проблемот настанува, како што ќе нагласи познатиот истражувач на модерниот национализам, Антони Смит, во тоа што во научните текстови за нациите и национализмот се јавуваат антиномии што не ѝ се иманентни на науката: онаа меѓу “суштината” на нацијата и нејзиниот “конструиран” квалитет; меѓу древноста на нацијата и нејзината чисто сегашна појавност, како и меѓу културната база на национализмот и нејзиното соочување со исклучиви политички аспирации и цели. Во тие антиномии се раѓа еден едностран и

искривоколчен етно-симболизам во кој спаѓаат и обидите нацио-центризмот научно и рационално да се легитимира и легитимизира. Тоа често длабоко влијае врз историската наука и политичките активности на ткн. нови нации, но и врз нивните националистички кругови (Smith, 1998, стр.170). Во социологијата, на еден повоопштен начин, проблемот пред повеќе од 30 години го поставија Бергер и Лукман, расчленувајќи ја “социјалната конструкција” на стварноста, во која науката не малку учествува (Berger and Luckman, 1967).

Нема сомневање дека етно-симболизмот со сe она што го рефлектира од социјалната стварност, споен со етно-политиката, суштински влијае врз современиот човеков живот, колку внатре во етничката група како социјална група и заедница, толку и во групите и заедниците што се по состав повеќеетнички или повеќенационални; но, исто толку влијае и врз настаните и движењата во регионите и во меѓународната заедница севкупно. Произлегува дека сите социјални појави или процеси, што фокално ги испитува социологијата - на пр. општествените групи и групирањето, продукциските и репродукциски обрасци, општествената мобилност и динамика, културната и духовна продукција и одразност, се под силно влијание на етно-феноменологијата и на етно-симболизмот, но под исто толкаво влијание е и нивното проучување и обмислување. Тоа еднакво се однесува на процесите што ги испитуваат политологијата, економијата, културологијата и други базични науки: напр. управувањето и владеењето, пазарот и сопственоста, производството, а особено распределбата итн.

Отука, смислата на објавувањето на оваа збирка е да се даде прилог на запознавањето со етно-симболизмот, етно-центризмот и етно-политиката во регионот во кој живееме, и тоа не со поинаква цел одошто поарно да ги разбереме и посоодветно да реагираме на нивните манифестации и изрази. Зошто токму овие документи, а не и некои други? Зошто не многу повеќе документи, подруги и постари? Имено, се знае дека регионот, односно Балканот, а посебно земјите на бивша Југославија, беа толку плодна почва и ткн. фертилизатор, колку

на движења и сили, толку и на етно-политички платформи, документи, акти.

Во поширокиот регион, напр. во другите републики на бивша Југославија, има варијации на такви доктринарни документи; и словенечката, а посебно хрватската и бошњачката, многу влијаеја врз конфликтите, па и врз насилствата, посебно во декадата 1990-2000 година. Да ги споменеме на ова место -“Прилози кон Словенечката национална програма”, објавени во декември 1987, во бр. 57 на љубљанската “Нова ревија,” од авторите Хрибар, Урбанчич, Рупел, Пучник, Јанчар, Графенауер и др., потоа кон крајот на 1989, политичките програми на ХДЗ во Загреб, изработени од групата научни работници околу Лексикографскиот завод, предводена од Фрањо Туѓман и на бошњачката СДА на Алија Изетбеговиќ во Сараево.

Сите тие текстови и документи, историски и понови, вредно е да се проучат на едно место, со еднаква методологија и аналитичка постапка. Сепак, во изборот на документи се одлучивме за еден поскромен зафат, за оној на новите документи на соседите со кои граничиме, со кои живееме и непосредно комуницираме, со кои меѓусебно се засегаме и со кои, кај нив или кај нас, најчесто имаме етнички заедници “зад границата”. Освен тоа, има значително повеќе доктринарни документи, освен овие поместени во збиркава: имено, медиумски, учебнички, публицистички и дури – литерарни. Па сепак, требаше да се стави граница на опфатот, а таа граница беше - нивната важност и влијание врз политиката.

Документите што ги објавуваме се едно поново сведоштво. Макар што ја градат својата концепција врз историската улога, права, заслуги и придонеси на својот етницитет, тие се обликувани во еден напор и грч да се соочат со модернизмот и да устројат и престројат некаков поредок што има основа во сегашните промени и динамика на Балканот, во Европа и во светот пошироко. Во тоа, тие имаат тешки проблеми не само со редефинирањето на национализмот и етно-центризмот какви што биле поимани во 19 век, туку и со надминувањето на очебијниот контраст со современите трендови на цивилно-

општествен развој, на глобализација и регионализација, на неомеѓен пазар, на демократијата и човековите права (посебно на вторите) итн.

Не може да се каже дека во многу од нив, или, пак во дел од секоја од нив, нема реализам и објективност во оценките за тогашната состојба на работите и условите, како и преобразена и либертарна реторика. Како што има и многу етно-центризам, деструктивност, закани со насилство и минување од другата страна на правата на другите етникуми, нации, држави и заедници. Заради тоа, и покрај воздржувањето од критичност и негација или дисквалификација, тие документи не можеме а да не ги разгледуваме и како националистички, а некои од нив и како агресивно-националистички.

Прашање е каде е во оваа збирка македонската етно-политичка програма или национална доктрина? Ја нема, бидејќи едноставно не постои или пак не можевме да ја најдеме, како документ или текст. Инаку, бездруго, би ја вклучиле и проучиле. Се разбира, национално-доктринарни елементи има во многу извори од периодот на преродбата, на востанијата и по нив. Да ги споменеме тука - Уставот (Правилата) на Штабот на Кресненското востание, односно на Македонскиот востанички комитет од 1878, па Уставот на Македонската лига, во Софија, 1890, потоа Државотворната програма и Манифестот на Привремената влада на Македонија 1880/81, потоа повеќе државотворни документи на МРО (ТМОРО) и подоцна ВМРО, итн. (Миноски, 2008, прв дел, гл.3; Поповски, 2002). Па сепак, тие и таквите документи имаа само проективно-ослободителен и државотворен карактер, не доктринарно-завојувачки, експанзио-нистички и негаторски карактер кон соседите. Најмногу од нив сметаа и се стремеа на соработка и заедничко дејствување со националните сили на соседите.

Во поново време, имаше повеќе обиди за изработка или барем за скицирање на таква платформа или програма. Од 1990 година наваму, вистина имаше иницијативи и апели на различни форуми и совети, интелектуални и академски кругови, предлози и пропозиции за сe-партиски или меѓу-партиски тимови, за наводно консенсуално да се постават барем некои основи и

“репери” на ткн.национални интереси. Не се успеа. Имаше, а и денес има, лаички, интелектуални, но и медиумски критики за недостатокот на таква платформа. Се јавуваа и се пројавуваат сериозни мислења дека проблемите со кои се соочува Македонија и македонскиот народ, се главно отука што се нема таква платформа, што не се знае која е линијата на политиката, развојот, движењата; отука, наводно, доаѓаат сите проблеми со кои се соочуваме, отука, наводно, немоќта пред едностраните предизвици на другите нации и националности, но и на модернизмот, на неизвесностите на иднината. Можеби во тие барања и критики има зрно рационалност и вистина. Но, она што е суштински е секоја стратегија да го одразува плуралниот, граѓански и мултикултурен карактер на државата и јасната и долгорочна државна политика, демократски обликувана и легитимно усвојувана. А тоа секако функционира.

Не велиме со ова дека во Македонија не постои македонски национализам, етно-центризам, етно-романтизам, ниту пак дека нема документи, партиски, програмски, публицистички и други текстови, што нив не ги изразуваат. Секако дека ги има. Но, сепак не во некоја вообличена, осмислена, идеолошки и систематски заокружена форма, што би била пандан на овие документи во збиркава.

Македонија има перспективи и иднина како развиено граѓанско општество, со силно впрегнати продукциски и хумани ресурси, економски просперитетно, стабилно во своите демократски институции и пазарна економија, како општество-мултикултурно во својот состав и репродукција, либерално и толерантно во своите духовни и вредносни агрегати. Европската и глобална интеграција е насоката, реперот и можноста за такво општество. Само во такви развојни услови може да опстане и да се гради македонското национално битие, идентитетот, јазикот, културата, вклучувајќи го во него и опстојот на македонските малцинства и дијаспората надвор од Републиката. Нема други национални интереси на македонскиот народ надвор или зад тие квалификативи. Тоа пак, значи дека идентитетниот знак, историската и реалитетна втемеленост, потенцијалот, перспективата, предизвиците и амбициите на македонскиот народ можат да се

материјализираат и позитивно да се насочат само во услови на модерност, демократија и човекови права, развој, добрососедство, толеранција и дијалог. Овие вредности, пак, се заеднички, а не наспроти, или - на сметка на своите соседи, ниту на етничките заедници со кои во Македонија се живее заедно. Доколку е тоа така, а развојот на внатрешните односи и структури во републиката се движи во таа насока, македонскиот народ има дотолку повеќе легитимно право и морален авторитет да се бори и да не се откажува од својот идентитет, од националната самобитност и државност, заради кого и чии и да се – плановите, доктрините, платформите, амбициите и илузиите - ќе се покажат како немоќни и неперспективни. Потребна е, значи, развојна, државна и граѓанска стратегија, што само може да отвори простор за процут на нашата национално-културна самобитност.

2. Проблемски кон Балканот

Па, сепак, во однос на Македонија и на Балканот се поставува едно основно прашање - од каде сиот тој национализам, етноцентризам, етно-политички набој, има ли тој некакво значење и иднина по сите трагични настани, судири, доктринарни дебакли и неуспеси или разочарувања што се случија во последните две десетлетија кај нас и во сиот регион?

Распадот на социјализмот во Источна и во Средна Европа, посебно во драматичното последно десетлетие на минатиот век, не беше нужно причина или предизвик на национализмот и етноцентризмот. Ниту пак до тој распад дојде како последица на надворешни притисоци, удари или изолација на кои социјализмот, евентуално, беше изложен. Како што оцени еден словенечки аналитичар, спротивно на многубројните очекувања, социјалистичките политички и стопански системи не ги победи нивниот генерички противник, западниот капитализам. Не дојде ниту до нивна експлозија, до револуции и контрареволуции. Се случи нивна имплозија, растворање во сопствените противречности, урнување во натрупаните проблеми што самите не можеа да ги разрешат (Kociјančič,1996, стр.7-8).

Тие системи, всушност, се распукаа на основните шевови на својата репродукција: економската и производна ефикасност, слободата и демократијата, човековите и граѓанските права, животниот стандард. Токму на тие шевови, имплозијата ослободи една огромна еманципаторска енергија, еден, дотогаш длабоко скриен потенцијал, да се надополни застојот во развојот и да се влезе во модерните цивилизациски текови.

Ништо помалку, таа енергија не беше и национално-еманципаторска: имено, да се реафирмираат националната слобода, културата, вредносниот систем, традициите и творештвото, токму како дел на човековата и граѓанска слобода и култура, дотогаш потиснати во претсобјето на “ослободувањето на трудот”. Па сепак, во некои општества и заедници, тие можеа да се развиваат и вистина се развиваа правонасочно, со подемот на граѓанските, пазарни и демократски институции и придобивки, вклучувајќи го и механизмот на разрешување на исклучително чувствителните, експлозивни и обременети прашања. Такви прашања беа, напр. судбината на големите федерации - СССР, ЧСР, или пак положбата на малцинствата, кои во некои од новоустановените држави достигнуваа и до 40% од населението. Во други, пак, општества и заедници, Балканот и бившата Југословенска федерација се типичен пример за тоа, националната енергија често се разгоруваше во една конфликтна, деструктивна, а некаде и виолентна насока. Зошто токму Балканот и можеби Чеченија и понекоја подкавкаска република?

Која е таа дијагонала која во тие земји ја затвори или ја затвора можноста енергијата на националната и етничка еманципација или афирмација да се вклучи во транзицијата на системот кон граѓанската демократија, кон човековите права, претприемништвото, кон либералната култура и кон слободата? Дали е тоа наследството на социјализмот што некаде ги заостри јазлите на националната и етничката нееднаквост до степен на неможност на коегзистенција и до трајна конфликтност?

На прагот на распадот на социјализмот, кон крајот на 1980-те години, сите очекувања и предвидувања, како во балканските и југоисточно-европските земји така и на Запад, беа дека развојот

на тие земји ќе тргне по колосекот на либералната демократија, граѓанското општество и држава, а дека т.н. “изградба на нацијата” (nation-building) ќе ги следи моделите на западната демократија. Тоа напр., низ новите обрасци на комуникација, урбанизација, масовно образование и политичка партиципација, низ институционализацијата на т.н. нација-држава и нација со граѓанско учество и еднаквост. Тоа беше моделот кој требаше да произведе национална афирмација и културен развој, побрз и врамнотежен економски раст и просперитет, отворени канали на изразување, одговорна и организирана јавност, зрела и “реактивна”, реагирачка елита. Впрочем, таквиот nation-building се очекуваше и пред тоа, напр. од процесот на деколонијализација во Африка и Азија. Во дел од речничките и концептуални извори од тоа време, тој модел дури се изедначуваше со национализмот, што во некои документи од оваа збирка комично се презема во смисла “да станеме националисти”. Но тоа кон “другите и наспроти другите”.

Во доцните 1980-ти и во 1990-те години, ваквиот оптимизам се покажа трогателно наивен, вели веќе споменатиот британски теоретичар на нацијата и национализмот, Антони Смит. Имено, не само што раните демократски сништа на африканските и на азиските држави не беа реализирани, туку и развиените западни земји, исто така започнаа да искусуваат потреси на етничко незадоволство и фрагментација, додека на Исток, исчезнувањето на последната голема мултиетничка империја го распарчи космополитскиот сон за братство на неговите етно-национални компоненти. Смит ќе напише: “Големите бранови на имиграција и масовниот раст на информациската технологија ги доведоа во прашање поранешните верувања во единствена граѓанска нација, со хомоген национален идентитет, кој може да се употребува за “здрав” национален развој… Деконструкцијата на нацијата (унитарната - Д.М.) ќе услови и повлекување на теоријата на национализмот” (Smith, ибид. стр.3).

Дел од документите во збиркава, не само што остануваат врз концептот “nation building” сфатен на стариот начин, туку, всушност, во тој концепт транспонираат марксизам или го помируваат марксизмот со уште постари и потрадиционални

теории, како што се оние на примордијализмот и етно-романтизмот.

3. Претставите и стереотипите

Во секој случај, збиднувањата и трагичните настани на Балканот во деведесеттите години, придонесоа да се обнови, па дури и да се зацементира традиционалната претстава за него како арена на меѓуетничка омраза, судири и насилство, фрагментација и непрекинати борби и претензии за завојување, за територии, за отцепувања итн. Синдромот на “буре барут” и на виолентен и примитивно-племенски регион е длабоко вкоренет во свеста и стереотипиите за Балканот во меѓународната јавност, наука и политика, без оглед дали е заслужено или не. Незаслужено, бидејќи никојпат немало судир или позначаен настан на Балканот, а странскиот фактор да не одиграл извесна, често и примарна улога во иницирањето или во одвивањето на тие настани, а заслужено бидејќи вистина секојпат поводите и изведбата биле автохтоно балкански. Персистентноста на тој синдром е одразен и во документите во оваа збирка. Но, без разлика на тоа кој народи или етникуми биле, порано или сега, жртви, учесници, или можеби “корисници” на судирите, речиси нема такви што биле имуни или невини во “синдромот на балканизмот”.

Па сепак, таа претстава за Балканот треба да подлегне на критичка анализа, на ревизија и на промена, зашто има индикации дека колку што е неправедна толку е и несоодветна, дека дури и ментално им пречи на сегашните преобразби во регионот. На пример, крајно му пречи на побрзиот и интегрален социо-економски развој на регионот и на сите земји оделно, на инвестирањето, на комуникациското, на туристичкото, на културното итн. отворање, доколку тој насекаде важи за ризичен регион. Па сепак, тоа не зависи претежно од јавноста и од медиумите или од факторите надвор од него, тоа зависи, пред сe, од движењата внатре, во него.

Вистина е дека историски и традиционално, Балканот се смета за трусно подрачје во Европа. Во последните два века, речиси немало посеризна криза во Европа или во светот, а Балканот да

не бил во нејзиниот фокус или епицентар. Да се вратиме, на пример, на Големата источна криза во 1870-те години, на Руско-турската војна во 1877, на Илинден 1903, на двете Балкански војни 1912-1913, на двете светски војни од кои Првата започна на Балканот, конечно и на петте “војни” што ја рефлектираа дезинтеграцијата на Југославија, 1991-2001. Ова ја вклучува и последната, македонската “амплитуда” на тие војни. Но, листата ќе биде многу подолга ако се додадат национално-ослободителните војни и многубројните билатерални вооружени конфликти, како што беа српско-бугарските, грчко-турските итн.

Вистина, сите овие судири, војни и непријателства, одразуваа, но и самите создаваа една огромна количина негативна и деструктивна енергија, етно-национализам, шовинизам и омраза, што посочуваше, речиси, на склоност кон фрагментација, сепаратизам, поделби и само-изолација. Отука, во речничката и во енциклопедиската литература, Балканот, балканизмот и балканизацијата, станаа синоним за конфликтуалност, фрагментација, етноегоизам, етнопри-митивизам, синоним за бесконечни поделби и демаркации.