Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Become a member!

The Balkan Mega-ethnos: National Doctrines of Macedonia's Neighbours

Вовед

By Димитар Мирчев · Part 17 of 50 · About 14 minutes

Read in English

Вовед

Од падот на комунизмот, економските, социјалните, етничките и културните проблеми што претходно беа прикриени и потиснати од комунистичките идеологии, повторно се кренаа, често и на трагични начини. Петте декади на потиснување на етничките и социјалните конфликти во служба на комунистичката идеологија, резултираа во “одмазда на историјата врз идеологијата”, која во пост-комунистичките држави се манифестираше во два вознемирувачки феномена: создавање “етнички држави”и создавање колонијални односи, а во некои случаи и апартхејд-односи меѓу различните етнички групи.

Како последица на тоа, во пост-комунистичките држави има, и во догледна иднина ќе има, борба меѓу силите што бараат афирмација и негување на диверзитетот и демократијата и оние што бараат етничка, религиозна, економска и политичка доминација на една група врз друга. Обидот на доминантните етнички групи да постигнат хегемонија е оркестриран низ злоупотреба на западните вредности. Демократијата е прогласена, и потоа потисната од функционери кои ја претвориле во инструмент на елиминација, во метод на маргинализација на недоминантните етнички групи.

Во Бившата Југословенска Република Македонија (БЈРМ) на пример, парламентот што ја претставува доминантната група Македонци, “гласа”да се озакони нивното “право”да доминираат над малцинството.

Со распадот на бившиот Советски Сојуз и со последичниот подем на етничките војни за наследство, меѓусебно се

конфронтираат две спротивставени барања во сферата на меѓународното право: правото на самоопределување, вклучувајќи ја еманципацијата и деколонизацијата, и правото на суверенитет, вклучувајќи ја неповредливоста на границите. Првото право е неотуѓиво, додека второто не е апсолутно - тоа едноставно ги дефинира патиштата преку кои границите можат или не можат да бидат променети.

Правото на самоопределување се напаѓа од оние кои би го замениле идеолошкиот тоталитаризам на комунистичкиот систем со етнички тоталитаризам. Во Босна бевме сведоци на етничко чистење. На Косово, набљудуваме како апартхејдот отворено станува геноцид; во БЈРМ, видовме како втората најголема етничка група, Албанците, се маргимнализираат, а во Русија претежнува славофилската дипломатска политика.

Настојувањата на доминантните етнички групи во светот, по Студената војна, да ги негираат индивидуалните слободи и етничките, културните, лингвистичките и религиозните права меѓу етничките групи во барањето слобода и самоопределување, беа оправдувани со употреба на аргументите на - легалитет; неповредливост на границите; заговор (неосновани шпекулации за настојувањата на “надворешните непријатели” за разбивање на државата); расистички и етноцентрични теории; историјата, вклучувајќи фикциски барања на националната судбина; закана со нестабилност поставена со лажни споредби, на пример, меѓу барањата и статусот на американските Јужноамериканци, на Абориџините во Австралија, Баските во Шпанија, Арапите во Франција и на Албанците во бивша Југославија.

Српскиот претседател Слободан Милошевиќ и неговите соработници најмногу се потпираат на овие аргументи кога расправаат за факторите што воделе кон дезинтеграција на Југославија.

Тие ги обвинуваат странските агенти, Западот воопшто, бившиот конгресмен на САД Роберт Дол и бившиот германски министер за надворешни работи Ханс Геншер посебно, како одговорни за дезинтеграцијата на нивната земја. Едновремено,

тие цврсто ја посочуваат Србија како бастион на православието кој го спречува пробивот на католицизмот на Исток и на исламот на Запад. За да ја оправда својата хегемонија, српскиот режим осцилира меѓу етничкиот аргумент (Босна и Херцеговина) и историскиот аргумент ( Косово е “Ерусалим” на Србија).

Слично на тоа, во БЈРМ, кога Албанците бараа поширока употреба на албанскиот јазик и официјално признавање на албанскиот универзитет на Тетово во рамките на македонскиот образовен систем, владата на Киро Глигоров ги отфрли овие барања аргументирајќи дека ако такви права им се дадат на Албанците, истите треба да им се дадат и на Јужноамериканците во Тексас и на Арапите во Марсеј.

Па сепак, се наоѓаме на почетокот на нова ера во која старите федерации се распаѓаат, нивните составни делови се отцепуваат, додека правото на самоопределување се појавува растечки како определувачко прашање на историската фаза. Со оглед на масовните злоупотреби на човековите права и економското, културното и политичкото обесправување, правото на народот на самоопределување мора да има приоритет над територијалниот интегритет.

Новите држави што никнуваат треба да се признаат само ако ги гарантираат човековите права, слободата, еднаквоста, мирот и демократијата за сите групи.

Југославија

Титова Југославија беше изградена врз принципи кои претпоставуваа засекогаш спречување на српската хегемонија. Беа формирани осум конфедерални единици, вклучувајќи шест републики и две автономни покраини, кои ги почитуваа етничноста и историските наследства. Титовиот систем, кој ја оневозможи доминацијата на поголема група врз помала, беше производ на конзенсус заснован врз лојалноста кон комунизмот. Кога комунизмот издивна, тој не беше заменет со демократија, туку со ултранационализам, појава брутално манифестирана од српскиот силник Слободан Милошевиќ, кој се издигна во

власта врз принципот “еден човек, еден глас” што требаше да ја обезбеди српската мнозинска владејачка (во овој поглед нема суштинска разлика меѓу политиката на Милошевиќ и политиката на Киро Глигоров во Македонија).

Српскиот национализам, кој резултираше во поништувањето на човековите права на сите не-Словени, беше примарниот фактор во распадот на Југославија. Србија под Милошевиќ манифестираше не само неподготвеност и неможност да гради системи што опфаќаат други, туку низ нејзината кампања на етничко чистење, и склоност кон невоздржана доминација врз другите.

Нема правни, морални или геостратешки аргументи што ќе ги убедат Албанците да ја прифатат или да останат под српска доминација. По горчливото искуство од последната декада, меѓународната заедница треба да им даде на Албанците историска шанса, која Србите не можеа да ја искористат, да создадат свои сопствени држави и да изградат толерантно, инклузивно и демократско општество.

Косово

Косово отсекогаш беше независен ентитет - географски, етнички и административно. Во старите времиња, се викаше Дарданија. Подоцна, тоа стана вилает Косово, а во Титова Југославија, тоа беше автономно. Автономијата му беше доделена бидејќи ја бараа Албанците, а не Србите. Косово беше конститутивен елемент на бивша Југославија, со право на вето. Косово автоматски го стекна правото на сецесија, како и сите други еднакви членки на конфедерацијата.

Независноста на Косово се потпира на цела серија правни, историски, економски и гео-стратешки аргументи, вклучувајќи ги следните:

1. Југославија се распадна бидејќи формулата за коегзистенција не функционираше и оттука сите конститутивни делови,

вклучувајчи го и Косово, го стекнаа правотона самоопределување.

2. Косово има сопствени административни граници, свој сопствен устав и институции.

3. Косово е кохезивен и посебен ентитет, етнички, географски и економски.

4. Повеќе од 90% од Косоварите гласаа за независност, на референдум.

5. Косово е окупирано од странска сила што го експлоатира како колонија во систем на апартхејд. Затоа, мора да се деколонијализира.

6. Независноста на Косово ќе воспостави мир и стабилност во регионот. Неговата окупација или останување во рамките на бивша Југославија, го дестабилизира регионот и претставува закана за мирот и за цивилизациските вредности.

7. Косово има право на сецесија врз основа на прецедентноста. Нема аргументи што го оправдуваат присилувањето на Косово да остане во рамките на Србија или Југославија, освен оние кои ги оправдуваат хегемонијата, експанзионизмот, колонијализмот и апартхејдот.

Бившата Југословенска Република Македонија (БЈРМ)

И покрај својата изразена двонационална и и мултикултурна структура, БЈРМ е дефинирана како национална држава на Македонците, држава во која на Албанците им се гарантираат само нивните граѓански, технички права. Тие се лишени од својата историја и од својата земја.

Некои критички грешки беа направени во времето на сецесијата на Македонија од бившата Југословенска федерација. Правото на самоопределување му беше дадено само на славомакедонското население на државата, не и на албанското население кое наспроти својата волја се најде себеси

сепарирано од дел од своето национално тело. Референдумот за независноста на БЈРМ беше прогласен без претходно определување на премисите и општествените односи во новата држава. Беа опфатени само правата, а не и обврските што произлегуваа од бившиот југословенски систем, какво што е прашањето на новото државјанство или на компензацијата на институциите на албанскиот национален ентитет. Конечно, политичката волја на Албанците кои го бојкотираа македонскиот референдум и организираа албански референдум за политичка и територијална автономија, беше повредена и игнорирана.

Во процесот на изградба на БЈРМ како независна држава, беше направен еден број грешки низ институционализација на исклучиво националистички дефиниции што ги елиминираат и маргинализираат “другите”, какви што се:

1. Во Уставот на БЈРМ , суштинските интереси на Албанците не се одразени;

2. Уставот беше усвоен против волјата на претставниците на Албанците, кои апстинираа “ан блок”

3. Меѓународните спогодби за бивша Југославија, посебно втората глава на Карингтоновиот документ, беа игнорирани;

4. Духот на албанско-македонските разговори водени во Охрид, со посредство на Герт Аренс, не се почитуваше;

5. Концептот “еден човек- еден глас” се употреби да се наметне волјата на еден народ врз друг, за време на сецесијата но и во текот на воспоставувањето на парламентарни процедури и во создавањето на уставот и законите што ги определуваат националните права.

Во новите мултиетнички држави во кои неотуѓивите национални права не се претходно определени, искривоколчените демократски процедури, како што констатирав порано, се претвораат во ефикасен инструмент за правна маргинализација, дури и за елиминација на

недоминантната група или групи. БЈРМ е класичен пример на искривоколчена демократија што функционира, во која механизмите на моќ примарно го фаворизираат македонскиот народ, а секундарно го казнуваат албанско население, кое како и да е, чини една третина. Изборниот систем, на пример, е мнозински систем што го минимизира влијанието на гласот на Албанците низ кроење изборни единици, што резултира во тоа, просечно, еден албански пратеник да има двојно повеќе гласови од еден македонски пратеник. Неодамна, кога се одржа јавна дебата за овој изборен модел, еден професор на Правниот факултет на Универзитетот во Скопје, кој претходно беше на чело на Форумот за одбрана на човековите права, министер на полицијата и внатрешни работи и министер за надворешни работи, инсистираше на тоа дека во БЈРМ пропорционалниот систем не може да се примени, бидејќи тоагаш Албанците би ги имале сите гласови, би избирале повеќе пратеници и евентуално би обезбедиле мандат за формирање влада. Неговата порака беше едноставна: осигурајте Албанците да не ги добиваат своите гласови.

Во истиот стил, извршната власт во БЈРМ има моќ да ги одобрува одлуките на локалните администратори. Локалната администрација (општината), која правно е во рацете на Албанците, спаѓа под контрола на егзекутивата, која е речиси потполно контролирана од Славомакедонците. Правата на локалната администрација, како што е пропишано во чл. 115 од Уставот, се поделени во три категории: 1) непосредни права на општината; 2) права што се стекнуваат само со одобрение на славомакеднската извршна власт; 3) права што БЈРМ може да им ги пренесе на општините. Дури ниту првата категорија права не може да се оствари без закон, што резултира во тоа она што е определено во Уставот да не се вклучува во закон. Всушност, сите одлуки се прават во центарот на моќта, дури и именувањето директори на училиштата. Во овие рамки Владата на Македонија може да суспендира која и да е локална управа а тие, во Западна Македонија се сите во рацете на Албанците.

Односите и инструментите на моќ што беа воспоставени во БЈРМ во процесот на нејзината сецесија од бивша Југославија и на нејзиниот подем како нова држава, во стварноста

произлегуваат од примордијалните намери да се исклучат, потчинат и да се експлоатираат Албанците и другите не-славомакедонски групи.

Статистиката го потпира ова тврдење: Албанците кои чинат една третина во земјата, претставуваат само 3% од јавните функционери и професионалци во неа, во владата, во армијата, во судството, во медиумите и во различни културни и научни институции. Не изненадува што во овој колонијален систем, процентот на инвестиции во подрачјата на Македонија населени со Албанци, од инфраструктурата до културните и образовните институции како и во сферата на вработувањето е десет пати понизок од придонесот на Албанците на општеството во целина.

Во светлината на овие факти, оправдано можеме да тврдиме дека системот бил изграден за да ѝ служи на славомакедонската популација, на сметка на другите националности. Наследената нееднаквост не може да се поништи со именување на неколку Албанци на министерски функции, или со величење на правниот систем кој ги искривоколчува демократските вредности, или, пак, со констатирање дека статусот на Албанците во Македонија е понадмоќен од оној на другите “малцинства”на Балканот. Во врска со ова последното, претпоставката дека Албанците се “малцинство”на Балканот оди наспроти историските факти: Албанците се третата најголема етничка група во регионот и се потомци на Илирите, најстарото автохтоно население. Тие се мнозинство што беше насила поделено.

Начините на кои славомакедонската структура на моќ ги злоупотребува формите на демократија за да го подјарми албанското население што трагично се третира погрешно како опасен компетитор, може правилно да се нарече “етнички инжинеринг”.

Етничкиот инженеринг води кон постојан редук-ционизам во јавниот живот. Уставот е потесен од реалноста; бидејќи она што се дозволува со Уставот се забранува со закон. Тоа што е дозволено со закон, од своја страна, е ограничено од

институциите, а тоа што е од институциите не се остварува од поединците. Овој феномен се манифестира на сите нивоа на општеството, сe до шалтерот на ситниот бирократ.

Албанците сега се свесни за нивната вистинска позиција во македонскиот систем, за проектите што се стремат да ги маргинализираат, низ отворено брутални, или низ пософтицирани средства, а за задушување на нивната творечка енергија. Како резултат на тоа, денес во БЈРМ постои опасна конфронтација меѓу волјите на двата народа - Албанците и Македонците, излезот од која може да биде конструктивен или деструктивен. Идеално, конфронтацијата треба да се разреши со мирни, цивилизарани средства, но тоа не мора да биде мир по секоја цена. Максимата “поарно лош мир одошто добра војна”е кусогледа, бидејќи неизбежно лошиот мир води кон ужасна војна. Кризата на Балканот е продукт на вештачки изработен мир. Мирот не може да се изгради со етноцентрични и хегемонистички проекти. Во БЈРМ, етничката компетиција може да се запре и да се воспостави стабилен мир само преку вистински дијалог и консенсус за следните прашања:

Правото на самоопределување кое е уважено во Резолуцијата на ОН, бр.637 А ( vii), 1962 и Резолуцијата на ОН, бр. 1514, 1960.

Декларацијата за човечки права која која им го обезбедува на сиот народ правото на “живот, слобода и сигурност на личноста,” а ги забранува сите форми на прогонување.

Декларацијата од 1970 година на ГС на Обединетите Нации која дефинира што се подразбира под пријателски односи меѓу државите.

Пактот на ОН од 1966 година за граѓанските и политичките права и Пактот на ОН за економски и културни права, кој утврдува во чл. 1 дека “сите луѓе уживаат право на самоопределување и дека со ова право тие слободно ја определуваат својата полиитичка положба.”

Признанието дека во БЈРМ државата не ги претставува интересите на сите нејзини граѓани и дека, всушност,

македонскиот систем е обликуван така да го маргинализира и да го контролира албанското население.

Референдумот за политичка и територијална автономија на Албанците во Македонија,

Бојкотот во 1991 година, на македонскиот референдум.

Документот на Карингтон (втора глава).

Признанието дека Албанците ја подржуваат стабилноста на државата Македонија, дека тие се политички свесни и организирани и дека заради тоа, тие треба да бидат признаени како субјекти способни да го остварат правото на самоопределување на одговорен начин.

Создавање систем на еднакви можности, демократија и толеранција.

Заемна одговорност за интересите, правата и судбината на другите.

Албанците и Македонците треба да дојдат до спогодба што го менува националниот систем во двонационален и мултикултурен систем, а оваа спогодба мора да се засновува на разбирање на следните прашања:

- Наследените права; - Државотворноста, јазиците и знамињата; - Карингтоновиот документ; - Референдумот за политичка и територијална автономија; - Демократизација, вклучувајќи слободни избори и пропорционален изборен систем. - Конституирање дводомен парламент; - Воспоставување пазарна економија; - Прифаќање на европските стандарди на човековите права; - Усвојување на европските стандарди и, на крајот, вклучување на БЈРМ во западните институции; - Слободно движење на албанскиот народ, идеи и стоки насекаде низ албанските територии.

Оваа спогодба не подразбира промена на границите и не ги загрозува националните интереси на Славомакедонците. Наместо тоа, таа би послужила да се стави крај на етничката компетиција и конфликт, и оттука да се создаде стабилност во рамките на постојните граници ма БЈРМ. Доколку, од друга страна, не се постигне спогодба од овој вид, БЈРМ ќе тргне по една надолна спирала, слична на онаа на бивша Југославија. Таа не може да преживее врз база на исклучивиот етноцентризам. Таа може да преживее само ако вклучи децентрализација, различност и искрена интеракција по етничките линии врз основа на заемни интереси. Како што аргументираше Аренд Липхарт, политички филозоф од Јелскиот универзитет во својата книга Демократијата во плуралните општества, консесуалното одлучување ја нуди единствената шанса за преживување на мултиетничките социјални формации. Што и да е друго води кон конфронтрација, поларизација, кон етнички деспотизам и, на крајот, кон дезинтеграција на државата.

Октомври, 1998

Научен центар за Бугарска национална стратегија