The Balkan Mega-ethnos: National Doctrines of Macedonia's Neighbours
КРАТОК ПРЕГЛЕД НА МАКЕДОНСКОТО ПРАШАЊЕ
КРАТОК ПРЕГЛЕД НА МАКЕДОНСКОТО ПРАШАЊЕ
1. ГРЧКИОТ ИДЕНТИТЕТ НА МАКЕДОНИЈА: ИСТОРИСКА ОЧИГЛЕДНОСТ
Сите историски извори се согласуваат околу географската положба на Македонија: таа се простира меѓу Егејското Море, планините Пиерија и Олимп на југ, Охридското и Преспанското Езеро и планината Бабуна, Скомион (Рила Планина) и Родопите на север, реката Места на исток, додека на запад се граничи со масивите на Грамос и Пинд.
Жителите на тој регион (Македонци) се сметаат за најстари грчки племиња и им се блиски на Тесалите, а посебно на Магнезијанците, кои што, како и тие, се од еолско потекло. Јазикот на кој говореле е еден од најстарите идиоми на Грција, а бил сличен на еолскиот, аркадо-кипарскиот и микејскиот дијалект. Што се однесува до религијата на Македонците, таа била онаа на другите Грци, а нивните митови и традиции се наоѓаат низ целокупниот грчки свет. (1)
Филип II Македонски и неговиот син Александар Велики -кому Скопје сега сака да му припише славо-македонска националност (сиц!)- не само што делувале како Грци, туку и како шампиони на панелинизмот, со тоа што ја инкарнираа старата идеја за обединета грчка држава во која би влегле сите грчки градови.
Како што, меѓу другите, истакнува стручњакот Јохан Густав Дројзен во својата Историја за Александар Велики, Филип и Александар “им ја донесле и им ја внушиле на народите на Азија не македонската култура, зашто таа немала посебен статус, туку грчката култура.”
Во следните години, поточно по појавувањето на Словените и Бугарите на Балканот (VI и VII век по новата ера), географскиот регион Македонија, така како што го дефиниравме, остана бастион и мостобран на еленизмот каков што беше во античноста.
Полиб ја квалификува Македонија како “прва одбранбена линија” и им оддава признание на Македонците зарадни нивната победа врз Варварите (т.е. не-Грците) “со цел да ја сочува безбедноста на (другите) Грци”,(2). став кој за византискиот период го презеде францускиот историчар Пол Лемерл, во неговиот класичен труд: “Филип и Источна Македонија” (Париз, 1945).
Поимот “Македонија” или “Македонци” сметани како посебна етничка група не може да се најде ниту во еден официјален текст, било нов или стар. Ниту Берлинскиот договор, ниту Санстефанскиот договор кој беше поништен од првиот не се повикуваат на такви концепти. Според официјалниот турски попис од 1905 година, во вилаетите Солун и Битола се говори за Грци, Бугари и “бугарофили” со мнозински грчки елемент , но никаде во тој попис не се споменуваат Македонци поради јасната причина што никој не се изјаснил дека има такво потекло. (3) Е. М. Кузинели, кој бил конзул на Франција во Солун, во својата книга Патување во Македонија (Париз, 1851), ни соопштува дека Бугарите (тоа е името што во тоа време им се давало на Славофоните) “никогаш не навлегле во шумите што се наоѓаат во подножјето на планината Вермион каде што населението останало грчко.” Германскиот географ Леонард Д. Шулце, опишувајќи го истиот регион во својот труд Македонските земји (Јена 1927) забележува дека во однос на
јазикот, традициите, културниот афинитет, националната волја и религија, жителите на Македонија се “исто така автентично Грци како и нивните браќа на југ”.
Овој автор, на друг начин, според тоа го прифаќа она што го тврдеше Лорд Салисбели, кој ја претставуваше Велика Британија на Берлинскиот конгрес на заседанието од 19 јуни 1878 г.: “Македонија и Тракија се исто така грчки како и Крит”.
Фактот што еден мал процент од населението на тој регион говори јазик чиј супстрат е бугарскиот, и покрај присуството на бројни позајмици од словенскиот, грчкиот, влашкиот и од албанскиот јазик, во никој случај не би можел да претставува доказ за словенско и за бугарско потекло. Како што во релативно неодамнешното минато се покажа со принудното враќање Грци од Мала Азија во Грција кои не знаеа ниту еден грчки збор, лингвистичкиот критериум земен изолирано нема никаква вредност.
Исто така треба да се забележи дека меѓу борците на “македонската борба”, (1904-1908), многумина говореа на локалниот идиом имајќи притоа совршено грчка свест, како Котас, Далипис, Киру, Гонос и многу други. Во врска со овие негркофонски Грци, рускиот историчар Е. Голубинсти (4) забележува дека “тие имале ужасна омраза и длабок презир за сe што било бугарско или словенско.”
По завршувањето на Балканските војни 1912-1913, старата Македонија беше поделена така што 51% од нејзината територија и припадна на Грција, 38,32% на Југославија и 10,11% на Бугарија. (5). Доброволната размена на населението врз основа на билатерални спогодби (Нејскиот договор, 1919, предвидуваше доброволна размена меѓу Грција и Бугарија, исто и спогодбата од 1926та наречена Протокол Кафантарис-Молов) и населувањето по грчкиот дел на Македонија со Грци повратници од Турција, ја завршија хомогенизацијата на нејзиното население: И покрај двојазичноста на некои жители, таа оттогаш наваму е чисто грчка.
Треба да се каже дека грчка Македонија стана совршено хомоген дел на грчката држава; а она што е уште поточно е дека во периодот по окупацијата (1945-1949), скоро сите двојазични жители кои немаа грчка национална свест заминаа во соседните земји, посебно во Југославија (6). Тие мораа да ја трампаат нивната гркофонска или бугарофонска националност за “македонска” националност, односно за славомакедонска.
Пред појавувањето на таквата состојба дојде до бројни жестоки епизоди, како што е Илинденското востание, во текот на кое Бугарите се кренаа против Турците, на 2 август 1903-та во градот Крушево, во близина на Битола, каде што огромниот дел од населението беше грчко. Всушност, Бугарите се кренаа против грчкото население обидувајќи се да го истребат - со соучество на Турците - без притоа навистина да им наштетат на другите жители на градот. (7).
До 1914, “Македонија”, како словенска држава и “македонска нација”, како посебен национален ентитет, беа сосема непознати поими. Дел од Македонија кој беше приклучен кон Србија, како и оној што ѝ припадна на Бугарија, претставуваше само мал дел од територијата долж грчката граница и претставуваше само незначаен дел на Србија. Скопје кое денес се претставува како главен град на “Република Македонија,” всушност, се наоѓа далеку од Македонија. Кога “Народна Република Македонија”, прекрстена потоа во “Социјалистичка Република Македонија”, беше основана кон крајот на германската окупација - со приклучувањето на регионите Скопје и Тетово кои никогаш не ѝ припаѓале на Македонија -тоа беше заради произволната намера да се прикаже присуството на српско население во тој слабо населен дел на Македонија кој се наоѓаше од другата страна на грчката граница (а во кој живееја Срби, Грци, Власи, “туркофони” муслимани и Бугари) или барем на славофонско население кое имаше сопствен јазик и неопределена национална свест. Создавањето “Народна Република Македонија” за крајна цел имаше создавање “македонска” држава, овојпат под словенска капа, како и излез на море за Југославија.
Use the left and right arrow keys to turn the page.
Printed from https://macedonianhistory.ca/narrative/balkanskiot-megaetnikum/31 on October 29, 2026