History of the Macedonian People: From Ancient Times to the Present
ГЛАВА 7 - АЛЕКСАНДАР III – ГОСПОДАР НА АЗИЈА Победата кај Ис означила нова ера - Part 06
Конфликтот со Птоломеј, го вовлекол Антигон до Сирија, но поради победата на Птоломеј, Антигон заклучил дека сега не е вистинското време да продолжи понатаму со плановите.
Повлекувањето на Антигон сигнализирало крај на агресиите.
Повторно се преговарало за условите за мировен договор, а улогата на секој од играчите била потврдена. Касандер требало да остане генерал на Европа, додека малиот Александар стане полнолетен; Лизимак требало да остане во Тракија, Птоломеј во Египет, а Антигон требал да биде на највисока положба во Азија. Селеук и Полиперхон не биле присутни на мировните разговори и затоа не биле вклучени во ниедна спогодба. Според тоа, технички, Антигон се уште бил во војна со Селеук. Од сите ветувања дадени на градовите-држави, иако голем дел од дискусијата се однесувала на нив, ништо конкретно не се материјализирало.
Во 311 година пред Христа, по склучување на мировниот договор, царството на Александар се уште останало цело и негибнато, но сега било контролирано од Птоломеј, Антигон, Лизимак, Селеук и Касандер, сите Македонци. Но, како што се покажало, мировниот договор од 311 година пред Христа, ни бил ништо повеќе отколку привремено примирје, пауза во бескрајната битка за власт. Антигон, Лизимак и Селеук – секој од нив имал амбиции да го обедини царството на Александар, но под своја власт.
Како што биле изработувани деталите од мировниот договор, така секој од протагонистите не гувел време и се подготвувал за наредната етапа конфликти. Желбата на Птоломеј била да си ги поврати провинциите Сирија и Феникија. Деметриј бил зафатен со повторна изградба на својата база на моќ, односно бастион, додека Антигон бил нестрплив да се справи со Селеук.
До 310 година пред Христа, само што не започнала нова рунда судири, поттикнати и раширени од обвинувањата на Птоломеј за прекршувања на слободата на Силицијанците /Cilicians/ од страна на Антигон. Згора на тоа, гласини доаѓале од Македонија дека малиот Александар и неговата мајка Роксана биле мртви, погубени од страна на Касандер.
Не се знае дали Касандер веднаш го спровел погубувањето или подоцна, но нивната смрт била потврдена во 306 година пред Христа.
Додека се случувало сето ова, Антигон и Полиперхон ширеле гласини дека Александар III имал незаконски син по име Херакле /Heracles/, роден од врската со една жена по име Барсина /Barsine/. Херакле во тоа време имал шаснаесет години. Вооружен со оваа нова информација, Полиперхон бил подготвен да тргне во поход на Македонија за да положи право на тронот за Херакле. Но, кога се соочил со Касандер, се што сакал Полиперхон било повторно да биде потврден како генерал на Пелопонез. Касандер бил повеќе од желен да му направи услуга како возврат за убиството на Херакле.
Потоа, ништо повеќе не се слушнало за Полиперхон се до неговата смрт во 302 година пред Христа.
Откако Херакле веќе не му стоел на патот, единствениот жив потомок на Аргеадската лоза била Клеопатра, сестрата на Александар III, која во тоа време живеела во Сардис, барајќи си маж. За жал, и таа, исто така, била убиена околу 309 година пред Христа, без сомнение од следбениците на Антигон, кои ја прекинале Аргеадската лоза на Филип II и на Александар III.
Откако ги изгубил шансите да постигне успех во Македонија, Антигон своето внимание го свртел кон Селеук.
Околу 309 година пред Христа, го испратил генералот Никанор да го нападне Селеук во неговата дамашна војничка база, но наместо победа Никанор бил поразен, а наскоро Антигон се согласил да склучи пакт за ненапаѓање со Селеук. Борбата помеѓу Антигон и Птоломеј за контрола на медитеранските води продолжила се до околу 308 година пред Христа, кога Птоломеј извршил инвазија на еден мал регион на крајбрежјето на Пелопонез. Во 307 година пред Христа, Деметриј бил испратен од Антигон да ја ослободи Атина од Касандер. Конфликтот меѓу Антигон и Птоломеј избувнал на Кипар и победоносниот Деметриј бил повторно испратен, потиснувајќи го Птоломеј назад во Египет, во 306 година пред Христа. За да ја прослави својата победа во Кипар, Антигон ја зел титулата крал за себеси и за неговиот син Деметриј. Антигон бил првиот од старите маршали на Александар кој себеси си прогласил за крал и ја вовел идејата да формира нова династија. До 305-304 година пред Христа, и Птоломеј и Селеук го следеле неговиот пример, па и тие, исто така, си ја присвоиле титулата крал и започнале свои династии. За да не останат покуси, Лизимак и Касандер го сториле истото.
Со Деметриј, кој извојувал победа по победа, Антигон станувал се посилен и посмел. Во 302 година пред Христа, тој ја одбил понудата за мир на Касандер и го испратил Деметриј да заврши со него. Соочувајќи се со повикот за безусловно предавство или за тотална војна, Касандер им се обратил на другите македонски маршали, Птоломеј, Селеук и Лизимак, за помош. Дотогаш, Антигон на сите им дошол преку глава и затоа тие ја поздравиле идејата за формирање коалиција против него. Заедно изготвиле план и почнале да го спроведуваат. Им требало да ги привлечат и Антигон и Деметриј во Мала Азија. Птоломеј нападнал прв со лажна инвазија на Сирија. Тоа го поттикнало Антигон да се откаже од својот поход во Европа и брзо го испратил Деметриј во Сирија. Но, штом Деметриј пристигнал во Азија, тој и неговиот татко биле навлечени во битка во Фригија.
Лизимак, Селеук и Касандер ги чекале кај Ипсус.
Претчувствувајќи победа, Деметриј јурнал со неговата коњица и се пробил низ непријателските борбени редови.
Неговиот непосреден успех му дал самодоверба да ги гони непријателите кои бегале подалеку од бојното поле. Тогаш Селеук видел шанса да се вклучи во меѓупросторот со своите индиски слонови, практично пресекувајќи ги шансите на Деметриј да се врати во битката. Антигон се борел жестоко, но без Деметриј, не бил дораснат на своите непријатели. За да бидат работите уште полоши, самиот Антигон бил смртно ранет и умрел додека битката се уште беснеела. Без водството на Антигон или Деметриј, Антигоновата војска била лесно поразена. Деметриј, со околу 9.000 војници, успеал да избега и да побегне во Ефес /Ephesus/, но понижувачкиот пораз го оставил со не многу голема војска.
Но, сепак, Деметриј не изгубил се. Ја имал флотата на татка си и се уште го контролирал Кипар и некои раштркани крајрежни градови во близината. Од друга страна, победничките сојузници сега го поседувале пространството на Азија и сето нејзино богатство.
Во 301 година пред Христа, на почетокот на II век, по дваесетгодишна борба за повторно да се изгради Александровото царство, уште еден македонски маршал стапил на сцена. Антигон бил мртов и неговиот дел од царството преминал кај неговите преживеани колеги кои не покажале двоумење да го распарчат за себе. Лизимак, со исклучок на делови од Лиција, Памфлија и Писидија /Lycia, Pamphylia, Pisidia/, зел најголем дел од Мала Азија, до планината Таур. Птоломеевата лажна инвазија му ги донела цела Сирија и Феникија. Селеук го добил источниот дел од Азија, но не бил сосема задоволен и ја побарал Коеле-Сирија /Coele-Syria/. Птоломеj, кој во тоа време ја контролирал, одбил да се откаже од истата. Касандер немал никакви претензии во Азија, ама очекувал да му бидат дадени целосни концесии во Европа.
Пред да продолжам со главната сторија, би сакал да направам мала дигресија и да зборувам малку за едно од седумте светски чуда. Се вели дека таканаречената Колосална статуа на Родос, која стои на влезот на пристаништето, била статуа на Хелиос, изградена од народот на Родос.
Приказната започнува со желбата на Антигон да ги контролира и да доминира со водените патишта во Егејското и Средоземното Море. За да го постигне тоа, Антигон морал да ги контролира сите пристаништа, вклучувајќи го и неутралното и жестоко независно пристаниште на остовот Родос. Трговците на Родос, на кои во тоа време им било дозволено да вршат трговија по целото Средоземно Море, биле исклучително богати и, иако биле неутрални, биле наклонети кон Птоломеj бидејќи поголемиот дел од нивниот бизнис се вршел во места под негова контрола. Знаејќи во каква ситуација би можеле да се најдат, најпрво, жителите на Родос одбиле да се предадат. Но, заканата од војна ги натерала повторно да размислат, по што се предале без борба. За несреќа, Антигон не им верувал и барал сто од нивните најголеми благородници како заложници. Жителите на Родос одбиле да се одделат од своите најголеми благородници и затоа ја поништиле понудата да се предадат.
Антигон веднаш започнал опсада, испраќајќи го Деметриј со јака сила од четиристотини бродови и големи машини за опсада. Откако војувале една година без накаков резултат, бил постигнат компромис. Заложниците биле предадени, а за возврат жителите на Родос добиле автономија и им било дозволено да ги поседуваат своите приходи. Договорот ги принудил жителите на Родос да станат сојузници со Антигон, освен во походите против Птоломеj. Како благодарност за цврстата воена и економска помош на Птоломеj во текот на опсадата, жителите на Родос го изградиле култот на Птоломеj Спасителот. За да ги одбележат нивните борби во текот на опсадата, тие наложиле изградба на гигантска статуа на Хелиос, висока 105 стапки, за чија изградба биле потребни 12 години, а која подоцна била призната како едно од седумте светски чуда на античкиот свет.
Она што е вредно да се истакне е, дека со исклучок на некои минорни битки помеѓу Селеук и Индијците, во текот на дваесет години по смртта на Александaр, ниту една сила не се издигнала да ги предизвика Македонците.
Битката кај Ипсус била пресвртница за македонските протагонисти кои со своето ривалство ги оттурнале сите вистински шанси за повторно обединување на Царството.
Она што било уште полошо е тоа што се секоја нова генерација која ја преземала власта, шансите за повторно обединување на Царството станувале се помали и помали.
Во наредните дваесет и пет години главните протагонисти ќе се соочат со потешки предизвици, но нивното ривалство ќе биде константно. Старата гарда ќе изумре, но Царството се уште ќе остане во македонски раце.
Деметриј можеби бил поразен, но не бил исфрлен од играта. Во наредните четиринаесет или приближно толку години, помеѓу 301 и 286 година пред Христа, тој се обидувал да ја поврати моќта, но без успех. Тој се уште поседувал најсилна флота на Егејското Море и ги држел Крит, Тир и Сидон. Откако се утврдил во Коринт околу 295 година пред Христа, успеал да ја заземе Атина. Неговите освојувања и профити не останале назабележани. Кога Деметриј би ги зазел градовите-држави и Македонија, би можел да изгради своја база за политичка моќ, односно бастион, во Европа, а потоа да изврши инвазија на Азија, тоа барем било идеја.За жал, ривалите на Деметриј не се согласиле со неговите идеи и затоа, додека тој се занимавал со политиканство со Атина, го лишиле од најголемиот дел од неговите поседи. Лизимак му ги зел јонските пристаништа, Селеук ја зел Силиција, а Птоломеj го зел Кипар.
Касандер умрел во Македонија, во 298/297 година пред Христа, а го наследил неговиот најстар син Филип IV кој, исто така, умрел набргу по него. Касандер имал два помлади сина по име Антипатер и Александaр, кои под старателство на Салоника (нивната мајка, ќерка на Филип II), станале ривали. Салоника го фаворизирала својот помлад син Александaри инсистерала нејзините синови еднакво да го поделат царството на нивниот татко, така што секој од нив ќе има свое место со кое ќе владее. Но, Антипатер инсистирал на македонскиот закон според кој, бидејќи тој е најстаро машко дете, има приоритет над сите други и дека само тој има право да владее со царството на татка си. Неговите несогласувања со мајка му довеле до толкава голема омраза кон неа, што наредил да биде убиена. Тогаш тој му се обратил на Лизимак за помош против сопствениот брат.
Помладиот Александaр не ја примил добро ситуацијата и решил да му се спротивстави на брата си, така што формирал сојузи со нивните двајца најблиски соседи, Деметриј и Пирх /Pyrrhus/. A Пирх бил нов играч во македонските политички игри, поставен од Птоломеj како крал на Епир. Пред неговото поставување за крал, младиот Пирх бил заложник на Птоломеj, даден од страна на Деметриј. Птоломеj го засакал Пирх и го направил свој штитеник. По смртта на Касандер, Птоломеj му дал војска на Пирх и го вратил на епирскиот трон.
Додека Деметриј бил зафатен во Атина, Пирх брзо реагирал на молбата на Александaр и почнал да стекнува земјишта на неговите западни граници. Деметриј, кој во тоа време водел битки на Пелопонез, се откажал од своите моментални планови и почнал да се движи кон север. Но, стигнал предоцна за да му помогне на Александaр. Пирх веќе ја завршил работата и го убедил Александaр да го извести Деметриј дека неговите услуги повеќе не се потребни.
Деметриј не го сфатил Александaр со омаловажување и наредил да биде убиен кога ќе се прикаже прилика за тоа.
Деметриј не губел време за неговите следбеници во македонската војска да го прогласат за крал на Македонија.
Во 293 година пред Христа се упатил на север и ја освоил Тесалија, формирајќи ново пристаниште-град кое го нарекол Деметријас /Demetrias/, денешен Волос. Околу 292/291 година пред Христа, извршил извесни освојувања во градовите-држави и двапати ја уништил Теба. До 291 година пред Христа, почнал да доаѓа во допир со Пирх и новата рунда конфликти само што не избувнала.
Додека Деметриј водел походи, Пирх не седел со скрстени раце. Чувствувајќи ја се поголемата сила и влијание на Деметриј, Пирх решил да се зацврсти, формирајќи свои сојузништва. До 290 година пред Христа стапил во сојуз со Аетолијанците (Aetolians), го зазел Фокис /Phocis/ и му забранил на Деметриј и на неговите сојузници, вклучуајќи ја и Атина, да учествуваат во Питинските игри во Делфи. Сега, било само прашање на времето кога ќе избие друг конфликт.
Пирх не бил единствена закана по Деметриј. Птоломеј, Селеук и Лизимак, исто така, биле незадоволни од осовјувањата и профитирањата на Деметриј и сакале тој да биде тргнат од нивниот пат.
За помалку од две години подоцна, во пролетта 288 година пред Христа, Лизимак и Пирх отпочнале напад од исток и од запад, фаќајќи го Деметриј неспремен. Иако Деметриј ја поседувал најсилната флота и имал повеќе од 100.000 војници, неговата поддршка брзо се распаднала и до средината на летото истат година, тој изгубил се. Кога се се завршило, Македонија му припаднала на Пирх, додека регионот околу Струмичката долина, вклучувајќи го Амфипол, му припаднал на Лизимак. Деметриј, пак, избегал и отишол да се скрие во Касандра /Cassandra/ на Халкидискиот Полуостров.
Уште еднаш Деметриј бил поразен, но не и надвор од играта. Додека се криел, продолжил со кампањи за поддршка и ја добил. Не поминало многу време и добил доволно голема поддршка да формира војска за да го нападне Пелопонез. Неговото појавување на портите на Атина ги испровоцирало Атињаните и тие го повикале Пирх на помош. Кога пристигнал Пирх, заедно со моќната флота на Птоломеј, ниту Пирх ниту Деметриј не сакале војна па затоа била постигната спогодба. До средината на 287 година пред Христа, бил потпишан мировниот договор според кој Деметриј бил отстранет од Атина, но му било допуштено да ги задржи тврдините Коринт, Калкис и неколку други региони околу Атика. Со губењето на Атина, Деметриј за миг го изгубил апетитот за освојување на градовите-држави и заминал за Мала Азија, оставајќи го својот син Антигон Гонатас /Antigon Gonatas/ да командува. Деметриј, за жал, не можел да седи мирен и започнал да му прави проблеми на Лизимак. До пролетта 286 година пред Христа, Деметриј формирал војска и почнал да ги напаѓа градовите во Мала Азија, заземајќи ги со сила. Откако го освоил Сардис /Sardis/, го свртел вниманието на Лизимак. Тогаш, Лизимак го испратил својот син Агатокле /Agathocles/ во потера на Деметриј. Во меѓувреме, Лизимак ја нападнал заднината на Деметриј, го отсекол од неговата флота и му ги блокирал комуникациските линии. Деметриј буквално бил фатен во стапица, но, наместо да се врати назад, решил да оди уште подлабоко во Азија, преку планинскиот венец Таур право во рацете на Селеук. Неспособен да му се спротивстави на Селеук, Деметриј во пролетта 285 година пред Христа се предал и бил однесен во Апамеја /Apamea/ на Оронт /Orontes/ и бил оставен да живее во раскош. За жал, заробеноста во раскошност не била во согласност со животниот стил на Деметриј и до крајот на летото 283 година пред Христа, на возраст од педесет и четири години, умрел од пијанство и здодевност.
Без својот татко Деметриј , Антигон Гонатас не бил закана за никого и, тогаш за тогаш, живеел повлечено. За жал, тоа не било случај со Лизимак кој, во вакуумот на власта оставен од Деметриј, видел можност да го зголеми својот голем посед, но за сметка на Пирх. Во 285 година пред Христа, Лизимак се упатил да ги зграби западна Македонија и Тесалија. Пирх, послабиот од двајцата ривали, се повлекол во Епир.
Откако Пирх веќе не му стоел на патот, Антипатер, синот на Касандер, имал големи очекувања за конечно да биде повторно поставен на тронот на својот татко. Тоа, за жал, не се случило бидејќи Лизимак, кој сега ја контролирал Македонија, ги убедил своите лојални следбеници во македонската војска да го прогласат него за крал наместо Антипатер. Како крал на Македонија, првото нешто на Лизимак било да го погуби Антипатер затоа што му се спротивставувал нему. Смртта на Антипатер, буквално, ставила крај на династијата на Касандер.
Бидејќи поседувал сиромашни имоти, Антигон Гонатас немал средства да ја поддржува морнарицата на татка си и затоа, заедно со западните пристаништа-градови, му ја предал истата на Птоломеј.
Откако Пирх и Антигон Гонатас не им стоеле повеќе на патот, победници во овој натпревар, барем во тој момент, биле Птоломеј, Лизимак и Селеук.
Птоломеј бил остроумен човек кој знаел дека преголемата амбиција е опасна. Тој го практикувал тоа што го проповедал и успеал да остане надвор од проблемите, па така седејќи настрана профитирал исто толку колку што профитирале и другите кои биле во фокусот на вниманието. Птоломеј стареел и, за разлика од неговите ривали, наименувал наследник да го замени. Две години пред неговата смрт во 285 година пред Христа, Птоломеј го назначил Птоломеј II за свој ко-владетел и наследник. За жал, неговото назначување не му се допаднало на неговиот друг син од друга жена по име Птоломеј Кераунос /Ptolemy Keraunos/. Веднаш по назначувањето на Птоломеј II, Кераунос му се пожалил на Селеук. Селеук му препорачал да чека додека Птоломеј- сениор не умре, па потоа да преземе дејства. За жал, тоа не било она што Кераунос сакал да слушне, па затоа го напуштил Селеук и отишол кај Лизимак за помош. Тој навистина му дал совет, но тоа не бил советот што Кераунос го сакал. По смртта на Птоломеј во 283 година пред Христа, Лизимак се откажал од Кераунос и побарал сојуз со неговиот ривал, Птоломеј II, нудејќи му една од своите ќерки за жена.
Иако бил разочаран од потегот на Лизимак, немајќи други опции во тој момент, Кераунос решил да остане со него како еден од неговите поручници и оттаму да го спроведува своето подбуцнување.
Сега, Лизимак веќе имал повеќе од осумдесет години и било прашање на време кога ќе назначел свој наследник пред да умре. Затоа, пред да може да се средат работите, Селеук, во 282 година пред Христа, решил да го нападне и да го лиши од неговиот имот. Нападот не само што бил успешен, туку и охрабрил некои од гувернерите на Лизимак доброволно да се префрлат во други сојузи. До 281 година пред Христа, поголемиот дел од Анадолија му се предала на Селеук. Лизимак се осветил со противнапад, давајќи се што имал, рескирајќи дека ќе извојува уверлива победа во една битка. Големата битка се одиграла кај Курапедион
/Curapedion/. Како и неговиот стар ривал Антигон пред него, и Лизимак изгубил се, вклучувајќи го и животот. Кераунос бил заробен, но не бил повреден, а Селеук продолжил да ги игнорира неговите молби повторно да го добие египетскиот трон.
Победникот Селеук тргнал за Европа бидејќи можел да положи право на својата татковина, Македонија. Но, на патувањето, во текот на една вжештена расправија со Птоломеј Кераунос, бил прободен до смрт.Исполнет со бес и лутина, Кераунос веднаш го убил стариот Селеук.
Смртта на Селеук означила крај на лозата на сите маршали на Александар III. За жал, нивната оставнина и ривалство продолжиле и натаму да живеат меѓу нивните потомци.
Од веселиот дочек што Птоломеј Кераунос го добил во Македонија, изгледало дека или Македонците го пропуштиле Лизимак, или пак дека Селеук не бил воопшто популарен.
Наскоро по неговото пристигнување, ветераните на Лизимак го прогласиле Кераунос за крал на Македонија.
Првиот акт на Кераунос како крал било да се ожени со жената на Лизимак и да ги посвои неговите деца како свои.
Птоломеј, едно од тие деца, одбил да биде дел од бракот и побегнал во Илирија и тоа со добра причина. Наскоро по венчавката, неговите браќа и сестри биле убиени, а неговата мајка едвај си го спасила животот од следбениците на Кераунос и се скрила во Самотракија /Samothrace/.
Бидејќи не бил задоволен да ја има само Македонија, Кераунос го нападнал Антигон Гонатас и, со исклучок на Деметриас (пристаништето Волос), му земал се што поседувал. Но, како што сакал случајот, несреќен каков што бил, Кераунос бил нападнат од Галите /Gauls/. Претходно, кога Лизимак бил поразен од Селеук, граничните одбранбени линии биле напуштени и останале небранети. Небранетата граница им дала можност на Галите да упаднат и да ја опустошат Македонија, убивајќи го притоа Кераунос. Се вели дека Галите му ја отсекле главата на Кераунос, ја набиле на колец и ја носеле секаде каде што оделе.
Галите продолжиле да ја пљачкосуваат Македонија, особено внатрешноста, се додека не останало ништо за пљачкосување. Потоа се упатиле на север, пљачкајќи и на крај извршиле инвазија на Мала Азија.
По смртта на Кераунос, Антипатер, младиот внук на Касандер, направил друг обид повторно да ја заземе македонската круна, ама без успех.
За пополнување на вакуумот во власта во Македонија, се појавиле двајца нови ривали. Првиот бил Антиох I /Antiochus I/, син на Селеук. Нему му се спротивставил Антигон Гонатас. И двајцата ја посакувале македонската круна, но не можеле да постигнат мирољубиво решение, па затоа нивното лично ривалство на крај ескалирало со војна од големи размери.
Додека Селеук и Антигон се бореле еден против друг, еден генерал, кој извојувал победа против Галите, навлегол во Македонија, го симнал од престолот младиот Антипатер и ја земал круната, но не за себе.
Популарноста на Антигон почнала да расте откако ги поразил Галите во една решавачка битка. По некоја случајнот, неговите оружени сили налетале на широка колона со повеќе од осумнаесет илјади Гали кои марширале низ Тракија кон крајбрежниот град Керсонес /Chersonese/. Со еден мудар потег, Антигон изманеврирал, ги фатил во стапица и ги масакрирал Галите, извојувајќи крвава, но решавачка победа. Тоа му го донело признанието кое тој го посакувал за повторно да се афирмира во играта за власт и да го добие македонскиот трон, кој толку го посакувал. Не му требало долго време да го истера младиот Антипатер и другите ривали. Но, пред да може задоволно да седне на македонскиот трон, допрва требало да се соочи со Пирх.
До 276 година пред Христа старите ривалства за тоа кој ќе го наследи Александар III како врховен владетел на целото македонско царство веќе не биле важни и семејствата на Антигонидите, Селеукидите и Птоломејците постигнале политичка рамнотежа.
Додека Антигон уживал во својата слава во Македонија, Пирх имал некои работи во Италија за кои морал да се погрижи, но при крајот на 275 година пред Христа, тој повторно се вратил. Му требал добар дел од зимата да се подготви и до почетокот на пролетта навлегол во Македонија. Неговите причини за инвазијата биле лични и прашање на неопходност. Пирх сакал да му врати на Антигон што одбил да му помогне во текот на неговата војна со Рим. Но, неговите походи во Италија го осиромашиле Пирх и тој требало да пљачка за да ги исплати своите војници. Имало ли подобро место од она на неговиот стар ривал Антигон? Но, она што е најважно, е што Пирх ја сакал Македонија само за себе.
Оружените сили на Антигон Гонатас биле нападнати и поразени. Самиот Антигон побегнал со дел од својата коњица во Солун. Остатокот од неговата војска му се предала на Пирх. Како и неговиот татко пред него, Антигон бил поразен, но не и исклучен од играта. Тој се уште поседувал неколку крајбрежни градови и моќна флота. И, што е најважно, тој се уште бил крал.
Use the left and right arrow keys to turn the page.
Printed from https://macedonianhistory.ca/narrative/istoriata-na-makedonskiot-narod/19 on October 29, 2026