History of the Macedonian People: From Ancient Times to the Present
ГЛАВА 7 - АЛЕКСАНДАР III – ГОСПОДАР НА АЗИЈА Победата кај Ис означила нова ера - Part 14
Солун бил најважниот град во Македонија, не само поради неговата просперитетна економија што се должела на неговото прометно пристаниште и поради тоа што се наоѓал во близина на патот Виа Егнациа, туку и поради неговиот голем културен и интелектуален процут. Солун бил индустриски град кој огромно профитирал од неговата поморска трговија и од неговата близина до воениот автопат, Виа Егнациа, кој многу го олеснувал транспортот на стоките со дестинација во Европа. Освен што имал економско и интелектуално значење, Солун, поради својот ѕид што го опколувал, бил исто така и воена тврдина. Македонскиот крал Касандер добро ја одбрал неговата местоположба и го утврдил градот од добра причина. Солун безмалку бил единствен град во Македонија кој ги издржал и одбил варварските инвазии во 60-тите и 50-тите година пред Христа. Дури и римските дисиденти, како ораторот Цицеро, побегнале на сигурно во Солун, во текот на помрачните времиња. Солун ги имал елементите на успешен развој и бил предодреден да стане моќен град. Во текот на римската граѓанска војна од 49 до 31 година пред Христа, Македонија се претворила во бојно поле. Во исто време, Солун ја поддржувал царската војска на Антон и Октавијан, свртувајќи ја среќата против републиканците. По победата на Империјата во Филипи во 42 година пред Христа, Македонците од Солун подигнале победнички лак на западната врата на реката Вардар во чест на победниците.
Ова демонстрирање на лојалност не само што го спасило Солун, туку им овозможило на неговите граѓани да стекнат слобода, а Солун да стекне статус на слободен град. Во тоа време, еден слободен град уживал специјални привилегии, вклучувајќи го правото да владее сам со себе, да одржува слободни јавни митинзи и сам да се брани. Оваа новопронајдена слобода му овозможила на градот да расте и да се развива, но што е уште поважно, тој привлекол познати научници, писатели, филозофи, поети и учители кои го направиле Солун свој дом и на градот му додале интелектуално богатство. До почетокот на новиот милениум, Солун станал етнички разновиден центар кој почнал да им станува ривал на Александрија и Антиох.
Кога дошло до филозофски дебати за природата на боговите, Солун бил рамен на Александрија и Антиох. Зошто била таа преокупираност со боговите и зошто токму во тоа време?
Имало два фактора кои влијаеле врз креативното размислување во тоа време. Првиот бил софистицирањето на едно интелектуално општество што се развивало и кое со акумулирањето на знаењето созреало и ги надраснало “митските богови” на Хомер. Вториот бил интелектуалната одвратност од подигнувањето на обични личности, дури и немилосрдни, на ниво на божества. Откако Цезар бил обоготворен, претворањето на императорите во богови станала вообичаена практика, па дури и најсуровите луѓе биле прогласувани за богови. Полоши биле очекувањата дека народи од различна раса, култура, религија и интелект, ќе им оддадат почест на ваквите свирепи луѓе, како да се богови.
Зарем не било доволно време да живеат под нивното сурово владеење, а не и да им се молат за духовен совет и водство? Ова бездушно римско однесување навело многумина да ја стават во прашање својата верба во ваквите лажни богови. Со време, станало се поневеројатно дека еден образован човек ќе го поддржи култот на своите родители, а не, пак, на своите баби и дедовци.
Овде, сакам да напомнам дека, освен некои мистични култови, во Римското Царство не било дозволено практикување на ниедна главна религија, освен јудеизмот.
Во текот на првиот век пред Христа, еврејските ривалски секти, наречени фарисеи, Садукејци и Есенeјци /Pharisees, Saddusees, Essenes/ се натпреварувале за вниманието на Евреите. Додека Садукејците стрикно се придржувале на законот од Стариот Завет, Фарисеите биле прогресивни мислители кои произвеле многу интелектуални лидери.
Малку се знаело за Есенеите, се до 1947 година, кога бил откриен комплет ракописи во една пештера во близина на Мртвото Море. Новооткриените пергаментски свитоци, што датираат од околу 70 година пред Христа, се записи за неколку стари предхристијански верувања и обичаи кои може да се споредат со оние на раните христијани.
Верувањата, како воскреснување, наградување и казнување по смртта, и слично, веќе биле распространети пред раѓањето на Исус. Како што била распространета и претставата за доаѓањето на Месијата за да ја исполни судбината на народот одбран од Бога.
Евреите биле сметани за привилегирани граѓани во предримските македонски кралства и им било загарантирано слободно практикување на нивната вера. Подоцна, Римјаните, заради одржување на мирот, го следеле тој пример и им дозволиле, поради одржување на мирот, да продолжат слободно да ја практикуваат својата вера.
Евреите верувале во монотеизам, во еден единствен Бог, во таков вид Бог за кого филозофите воделе дебати. Евреите, според историските извештаи, биле монотеисти барем два милениума. Тие биле целосно посветени и жестоко се спротивставувале на промена. Се присетуваме на последниот селеукидски крал Антиох Епифан во 168 година пред Христа, кој се обидел да го наметне македонизмот врз Ерусалим, но провоцирал вооружена побуна. Со текот на времето, македонската култура и јазик, сепак се вкорениле и, ако не мнозинството, тогаш многу Евреи го прифатиле македонизмот. По побуната, еврејските кралеви почнале да преземаат двојна улога - и улога на крал и улога на висок свештеник. За жал, како кралеви зависни од странски сили, тие повеќе биле под влијание на политиката, отколку на религијата. Политиката, особено во римскиот период, повеќе се занимавале со интерпретирање на светите писма, отколку на религијата. Ваквите разлики во мислењата за религиозната политика, предизвикале незадоволство меѓу свештенството и избувнале ривалства, кои го разбиле еврејското општество и довеле до непомирливи спорови и расправи.
Рим одбил да биде вплеткан во еврејските работи и и ја поверил Јудеја на провинцијата Сирија, која во тоа време била управувана од гувернер од Антиох. Локалната власт му била доверена на еврејски крал зависен од Рим. Овие кралеви биле избирани од Римјаните поради нивната лојалност кон Рим и поради тоа што се покажале доволно немилосрдни кон својот народ. Еден таков “крал на Евреите”, Херод, кој го зграбил јудејскиот трон во 43 година пред Христа, четири години подоцна бил признат и од Рим. Самиот Херод не бил Евреин. Некои веруваат дека бил Македонец или барем полумакедонец. Херод имал добри односи со Рим и на некој начин ова им одело во корист на Евреите. Мирот што Херод го донел во текот на своето владеење им овозможило на Евреите да просперираат. Еврејската дијаспора се зголемила и се формирала во сите големи градови на Римското Царство, вклучувајќи го и Рим. Солун не бил исклучок и таму, исто така, се оформила една еврејска заедница.
Македонската адаптација на Стариот Завет, составена во Александрија, а напишана на коине јазикот, во голема мерка била користена од страна на еврејските заедници во дијаспората. Новиот состав, за жал, имал експанзионистички и мисионерски вкус што бил сосема туѓ на оригиналниот Завет и претставувал отстапување од традицијата.
На ова место сакам да споменам дека Евреите верувале дека историјата е одраз на активноста на Бог и дека Заветот е запис на историјата. Бог го води човека во неговите дневни активности и затоа историјата е она што прави Бог.
Херодот умрел во 4 година пред Христа и неговото кралство било поделено помеѓу неговите синови Архелај, Херод Филип и Херод Антипус /Archalaus, Herod Philip, Herod Antipus/, како што било завештано во неговиот тестамент. Но, договорот не бил сосема успешен и се распаднал околу 6 година пред Христа. Конфликтот помеѓу различните фракции продолжил да ескалира се до 60 година кога избувнало едно востание од големи размери. Римската интервенција навистина го стопирала екстремното насилство, но не ставила крај на конфликтот кој продолжил да се води и во текот на наредниот век, се додека Римјаните не го срамниле Ерусалим до земја.
Човековата суровост не била единствено римска особина, туку таа била фактор кој ги преокупирал умовите на новиот род филозофи. Многумина сонувале за еден свет во мир и без злоба, и многумина се обиделе да ги спроведат своите соништа во практика, но никој не бил успешен како Исус од Назарет.
Историски, малку се знае за Исус како личност. Повеќето информации за Исус ни доаѓаат од евангелијата на Матеј, Марко и Лука, кои биле напиишани по неговата смрт на медитеранскиот коине јазик. Но, судбината на новата вера била предодредена во записите на Стариот Завет, кои го претскажувале паѓањето на царствата преку посредство на Бог, не на човек. Еден таков “син на човек” ќе дојде од облаците на небото,отелотворувајќи ја апокалиптичната надеж на Евреите, а придружувана со воскреснување на мртвите. Едноставно кажано, ова бил шематскиот план и кодот на инструкциите за моделирање на идната вера.
Важно е да се сфати дека пред времето на Исус, Македонците не биле дел од духовната еволуција, туку биле причина за истата. Со други зборови, тие биле катализаторот што го забрзал целиот духовен процес и го донел до точка на вриење. “Лајтфут /Lightfoot/ го наоѓа во Александар Велики доказот за големината на чекорот кој Лука овде го бележи во активноста на Павле и дури вели дека “секоја сукцесивна станица на која тој застанал можеби го потсетувала Апостолот на големите услуги што Македонија ги дала како пионер на Евангелието!” (Стр. 199, В. М. Рамсај, Д.С.Л., ЛЛ.
Д., Св. Павле, патникот и римскиот граѓанин, /W. M. Ramsay, D.C.L., LL. D., St. Paul the Traveller and the Roman Citizen, Hodder and Stroughton, London, 1894/).
По смртта на Исус, Евреите биле добро воспоставени во сите големи градови на Римската Империја и слободни, барем од Римјаните, да си ја практикуваат својата вера.
Преку нивните услуги на Империјата, многу просперирале и им било доделено римско државјанство. Се проценува дека до времето на Исус, околу четири и пол милиони Евреи живееле во дијаспората, во однос на еден милион кои живееле во татковината.
Овде морам да нагласам дека пред христијанството, голем дел од луѓето во дијаспората кои оделе во еврејските синагоги, не биле од еврејски род. Тие не биле целосно Евреи во религиозна смисла, ниту, пак, од нив се очекувало да се покоруваат на сите еврејски закони. Повеќето од нив биле исполнети со стравопочитување кон Бога, кои го прифатиле и обожавале еврејскиот Бог и биле толерирани, и им било дозволено да се мешаат со Евреите. Овие луѓе, од кои многумина биле Македонци и комуницирале со виситнските Евреи на коине јазикот, не се очекувало во целост да станат Евреи, туку биле толерирани и им било дозволено да навлезат во еврејските општествени кругови, и биле претходница на христијанството.
Евреите биле почитувани поради нивниот стабилен семеен живот, поради врските што ги одржувале помеѓу децата и родителите и поради посебната вредност што му ја придавале на човековиот живот. Исто така, тие биле почитувани поради уште нешто што било необично за тоа време. Во текот на периодот на Херодот, главно, во големите градови во дијаспората, тие развиле добро разработени социјални услуги за сиромашните, бедните, болните, вдовиците, сираците, затворениците и за неизлечиво болните.
Сите овие фактори довеле до развој на првите христијански заедници и биле главна причина за ширењето на христијанството во градовите. Комбинацијата од луѓе што имаат стравопочитување кон Бога, т.е. од длабоко побожни луѓе и од сиромашни, довело до преобратување во јудеизмот од сите раси и класи на луѓе, и образовани и неуки подеднакво.
Јудеизмјот имал потенцијал да стане религија на Римската Империја, но за да стане тоа, тој требал да еволуира и да ги адаптира своите учења и организација на еден туѓ свет. Тој требало да се откаже од идејата дека неговите свештеници се потомци на племињата на Арон, од оние кои одат во храмовите од племето на Леви /Levi/, од кралот и владетелите на племето на Давид, и така натаму и така натаму.
За вистинските еврејски свештеници, наследноста и стриктното почитување на еврејските закони било многу важно. За жал, во дијаспората религиозните правила не биле секогаш почитувни, а наследноста била предмет на нагаѓање, понекогаш и на измама. Ваквото лабово применување на правилата било прифатено со негодување од страна на конзервативните Евреи и секакво преземање на било какво корективно дејство било дочекувано со противење, насилство и раскол. Непомирливите разлики помеѓу старите конзервативни Евреи и новиот вид либерални полуевреи, станувале со поголеми и на крај довеле до појавата на христијанството, една сосема нова религија.
Тоа повторно биле Македонците кои, помеѓу овој нов вид либерални Евреи, први им ја проповедале пораката на Исус на оние кои ги обожавале Митра (Mithra), Астарт и Зевс, како и на другите кои на припаѓале на еврејската вера. Тоа било меѓу Македонците во Антиох, околу 40 година, каде следбениците на Исус за првпат станале познати како христијани.
Во нивното одбивање да дозволат нееврејското христијанство, како што било познато тогаш, да цвета и да се развива, конзервативните Евреи користеле секакви средства, вклучувајќи прогонство на неговите водачи за да го стопираат неговиот развој. Меѓу суровите прогонувачи кои ги гонеле еврејските христијани бил и Саул /Saul/, од племето на Бенџамин /Benjamin/, роден во Тарс. Саул бил Евреин и римски граѓанин кој тргнал во Дамаск да гони христијани кога му се појавила визија за Христос што му го сменила животот. По тој настан, тој самиот се преобратил во христијанин, го земал името Павле и почнал да ги шири “Добрите вести” на Исус, се до неговата смрт во Рим, во 64 година пред Христа.
Не може да се каже дека Павле го создал нееврејското христијанство, ама тој бил одговорен што на тоа му дал движечка сила. Павле станал важен фактор во ширењето на христијанство, во Македонија кога имал визија за еден човек, Македонец, како упорно го моли “дојди во Македонија и помогни ни”. Павле ја протолкувал таа визија како Божја волја да ги однесе “Добрите вести” на Исус во Македонија.
“Но, кога тие дојдоа спроти Мисија /My’sia/, тие се обидоа да одат во Битинија /Bythyn’ia/, но духот на Исус не им дозволи; така, поминувајќи покрај Мисија, тие се упатија накај Троја /Tro’as/. И во ноќта на Павле визија му се појави:
еден човек од Македонија стоеше пред него, преколнувајќи го и велејќи му, “Дојди во Македонија и помогни ни.” И кога ја виде визијата, веднаш побаравме да продолжиме во Македонија, заклучувајќи дека Бог не повикал да им го проповедаме евангелието”. (Стр. 1044, Свето писмо, Ревидирана стандардна верзија, /The Holy Bible, Revised Standard Version/, Holman, Philadelphia, 1952).
Некои веруваат дека човекот во визијата на Павле бил апостолот Лука. Лука бил Мадедонец, лекар по занимање, кого Павле за првпат го сретнал во Троас /Troas/. Лука можеби имал некоја врска со Пилипи за Павле да биде пратен таму. Не е познато дали Лука бил христијанин или не пред да го сретне Павле, но сигурно станал христијанин потоа. Лука бил голем писател и составувач на едно од евангелијата.
Било околу 50 година пред Христа, кога Павле за првпат стапнал на европско тло. Тоа се случило во македонските градови Филипи, Солун и Бероеа /Berroea/ каде го проповедал словото на Исус (Acta apos., XVI, id. XVII).
Околу 52 и 53 година Павле испратил посланија до народот на Солун (Epist. Thess); потоа во 57 година се вратил во Македонија да го проследи својот напредок. Во 63 година поторно испратил посланија во Македонија, но овојпат до народот на Филипи (Epist. Philipp).
Но, пред Павле да дојде во Македонија, легендата вели дека Марија, мајката на Исус, била во Македонија.
“Блажената Дева ги исклучила сите други жени од Света Гора кога изјавила дека таа е “Нејзина градина”, откако била донесена на брегот од бурата во близина на местото на денешниот манастир Успение /Iviron/. (Стр. 41, Васил Богов, “Македонско откровение, Историски документи, карпи и кршевини, современа политичка идеологија” /Macedonian Revelation, Historical Documents Rock and Shatter Modern Political Ideology/, Western Australia, 1998). Светата Планина, или Света Гора како што е позната во Македонија, е најсветото место во Европа и едно од најголемите монашки центри на христијанството.
На почетокот, Павле, во неговите учења, имал несовладливи проблеми, обидувајќи се на македонските слушатели да им ја објасни природата на Исусовите доктрини преку еврејската религија и нејзините закони. Но, користејќи добро сфатени концепти на религијата, кои самите по себе претставувале извесно отстапување од оригиналните библиски текстови, пораката брзо била сфатена. Павле бил креативен и држејќи се за најосновните принципи на Исусовите учења и, одбегнувајќи најголем дел од шестстотини и тринаесетте еврејски заповеди, бил во состојба да ја пренесе неговата порака. Се разбира, ниту еден човек не можел да ги исполни сите шестотини и тринаесет заповеди на еврејскиот закон. Дали тогаш секој е грешник?
Во умот на Павле, ова не било она за што бил Исус. Исус бил за слобода и ослободување од правила. Павле ја поврзал слободата со вистината и во барањето на вистината тој го воспоставил правото на размислување. Тој ги прифатил оковите и одговорностите на љубовта, но не и авторитетот на ученоста и на традицијата.
Ако не по националност, тогаш според душата, Павле бил вистински Македонец, бидејќи тој проповедал нешто што им е блиско и познато на Македонците. Павле директно му се обраќал на македонскиот народ и тие го разбирале без преведувачи. Ова значи дека тој знаел македонски доволно добро за да ги занесе слушателите. Првата мисија на Павле во Македонија го однела во Филипи каде сретнал жена по име Лидија, трговец со ткаенини. Лидија била вдовица која продавала сукно и текстил и била редок пример на слободна жена која живеела и работела во Македонија. Извесно време Лидија била изложена на еврејски религиозни практики, кон кои таа се придржувала во една колонија на Евреи кои се населиле во близина на нејзиниот дом во Тиатрија /Thyatira/.
Лидија, заедно со нејзиното домаќинство, се верува дека е првата христијанка во Македонија покрстена од Павле. По Филипи, мисионерското патување на Павле го однел во прекрасниот македонски град Солун каде, во 50 година пред Христа, ја основал црквата што подоцна ќе биде позната како “Златна врата”, првата христијанска црква во Европа.
Според Библијата, Павле, заедно со својот пријател Сила, поминал околу три недели во Солун, во една синагога, водејќи дебати за “Добрите вести” на Исус со солунските Евреи. Но, на негово големо разочарување, не можел да влијае врз нив да ги видат нештата како што ги гледал тој.
Убедил неколкумина да му се придружат, но не и мнозинството, па тие станале непријателски расположени кон него. Но, вистинско изненадување било тоа што многу нееврејски Македонци ги прифатиле “Добрите вести” на Исус и го прегрнале христијанството како нивна нова вера.
На ова место морам да напомнам дека процесот на христијанизација и формирањето на христијанската црква не бил толку едноставен. Во централниот и источниот Медитеран, во првиот и вториот век по Христа, имало рој религиозни идеи кои се бореле да се рашират. Пораката на Исус брзо била пропагирана во големи географски подрачја и неговите следбеници биле поделени веднаш на почетокот, според елементите на верата и практикувањето Новата вера можеби имала душа, но и недостасувала организација.
Многу христијански цркви никнувале и практикувале еден вид различна христијанска религија. Секоја црква, повеќе или помалку, имала своја “сторија за Исус” базирана врз усмени традиции и врз личните пристрасности на нејзините основачи. Но, навистина ќе помине долго време пред христијанската вера да се интегрира во една единствена религија и да постигне единство. Во меѓувреме, освен Евреите кои им биле конкуренти, христијаните нашле и еден нов непријател, Римјаните.
Римјание биле толерантни кон сите религии и немале проблем со она во што луѓето верувале. Сепак, имало нели услови. Било задолжително сите народи во Римската Империја да учествуваат во римските религиозни славја, да оддадат должна почит на римскиот император и да вршат редовни жртви како што било барано. За жал, за повеќето посветени монотеистички христијани ова не било можно бидејќи некои римски традиции биле во конфликт со учењата на Исус.
Римјаните не знаеле што да прават со христијаните.
Главно, тие биле мирољубив народ, без криминални досиеја.
Не сакале ништо од Римјаните, освен да бидат оставени на мира да се молат во мир, а сепак на некој начин биле опасност за Царството. Иако христијаните биле мирољубиви по природа нивниот став кон римските традиции бил директно прекршување на римскиот закон. Освен тоа, ако христијаните не го почитуваат римскиот начин, што би ги спречиле останатите да не го прават истото? Плиниј Помладиот бил тој кој прв дал пример што да се прави со овие непослушни христијани, изрекувајќи им смртна казна само затоа што се христијани. Другите едноставно го следеле неговиот пример. Во текот на судските процеси, на христијаните им била дадена можност да се откажат од својата христијанска вера и да се покорат на римскиот закон.
Ако се согласеле, биле ослободувани, но оние кои одбивале биле осудени на грозна смрт.
По смртта на Исус, Римското Царство почнало да се соочува со свои лични проблеми, од кои христијанството бил најмал проблем. Во текот на првиот век по Христа, римското тежнеење кон богатство предизвикало социјални промени во Царството. Римското државјанство веќе не било одредено од националност, туку повеќе од поседување богатство. Не требало веќе некој да биде Италијанец за да стане римски сенатор или да работи во римската администрација, или да стане офицер со висок чин во римските оружени сили.
Наредните римски императори се повеќе и повеќе се поврзувале со богатите. Дури и некои од првите римски императори, коко Трајан и Хадријан, не биле Италијанци, туку Шпанци. Дури и римските војници веќе не биле Румјани. Каде и да имало проблеми во Царството, војската, која требала да се справи со истите, била собирана од локалното население. Самиот Рим се соочувал и со демографски проблеми. Освен богатите, добро стоечките и образованите кои оделе во Рим да живеат на висока нога, римските војници си носеле дома невести од разни места во царството. Како што почнувале да се појавуваат проблеми на периферијата од пространото Царство, така централната контрола станувала се помалку и помалку ефикасна.
Вооружените сили понекогаш биле овластени да ги спроведуваат одговорностите на царот, а ако искрснела потреба, војската била овластена да наименува нов царски генерал, практика што ја усвоиле од Македонците.
Границите биле долги и тешки за чување, а се протегале од Британија, по должината на Рајна и Дунав, преку Кавказ и Анадолија, по должината на реката Тигар и Сириската Пустина до заливот Акаба и од Египет до Мароко. Дури и пред измунувањето на првиот век по Христа, римските лидери сфатиле дека еден император не може повеќе да владее со така големо царство. За жал, долго време ниеден император не бил подготвен доброволно да се откаже или да го споделе своето владеење со друг император.
Освен промената во демографијата, Италијанците во Рим почнале да стануваат декласирани од новиот вид интелектуалци од средна класа кои ја претпочитале употребата на коине јазикот во однос на латинскиот јазик.
Use the left and right arrow keys to turn the page.
Printed from https://macedonianhistory.ca/narrative/istoriata-na-makedonskiot-narod/27 on October 29, 2026