History of the Macedonian People: From Ancient Times to the Present
ГЛАВА 6 - АЛЕКСАНДАР III – НАЈГОЛЕМИОТ ОД ГОЛЕМИТЕ ОСВОЈУВАЧИ Александар III, - Part 02
Лигата се согласила со неговото барање и го снабдила со приближно 160 воени бродови и 29.000 бродски екипаж, 700 пешадинци и 2.400 коњаници. Некои мислат дека Александар ги земал тие луѓе само за да му послужат како заложници за да ги спречи градовите-држави од напад на Македонија додека тој е во поход во Азија. Ако земеме предвид дека Александар отсекогаш бил сомничав и никогаш не им верувал на градовите-држави, како и фактот дека тој единствено се потпирал на Македонците-војници да ги водат неговите битки, тогаш јас би се согласил дека војниците на Лигата биле вишок без никаква друга цел. Со решавањето на еден проблем, Александар создал друг.
Војниците на Лигата, земени како заложници, би можеле, во момент на слабост, да претставуваат опасност по него.
Александар им верувал на своите Македонци со својот живот и знаел дека тие нема никогаш намерно да го остават на цедило, но сепак, секогаш постои можност тие да бидат совладани во некоја битка. Во таков случај, Александар бил сигурен дека војниците на Лигата ќе се свртат против него.
Затоа, откако преминал во Азија, Александар ги поделил оружените сили. Ги земал сите македонски пешадинци и една мешана македонско-тесалиска коњица, а оружените сили на Лигата ги ставил под команда на Парменио.
Иако Антипатер бил пријател од доверба, Александар секогаш бил претпазлив и бил свесен дека во негово продолжено отсуство, може се да се случи. За да ја изедначи моќта на Антипатер, Александар ја наименувал мајка му Олимпија да биде одговорна за религиозните, церемонијалните и финансиските работи во Пела.
Александар ги селектирал и ги земал најдобрите, и во борба најпрекалените војници во својата војска, која се состоела од 12.000 пешадинци и 2.7000 коњаници. Лично Филип ги имал тренирано и ги водел во поход најголемиот дел од овие луѓе, во секакви воени опасности.
Додека Александар ги подготвувал своите оружени сили за походот во Азија, претходницата на Парменио во Азија водела борба повторно да ја добие контролата врз Хелеспонт. Во 336 година пред Христа, Парменио извојувал контрола врз мостобранот на Дарданелите, но повторно ја загубил во 335 година пред Христа кога бил одбиен од страна на платениците на градовите-држави под команда на генерал Мемнон. Платениците на градовите-држави ја презеле контролата врз еден простор во близина на преминот, ги убиле и протерале персиските наемни борбени групи и ги заземале локалните гратчиња. Но, не требало да измине долго врема за проперсиските фракции да се побунат.
Парменио ја видел својата шанса и повторно ја зазел контролата врз преминот. Македонците сега ги контолирале водите на Хелеспонт и ги држеле додека не дошол Александар.
Во почетокот на пролетта во 334 година пред Христа, со помош од околу 160 брода, главното тело на македонските експедициски оружени сили било пренесено преку мореузот.
Додека на војската и била давана помош да помине преку мореузот, Александар скршнал за да ги истражи светите места на Илијад /Iliad/. Додека бил во посета на Илиум /Ilium/, својот оклоп и го посветил на Атина, а за возврат си земал еден стар, свет штит кој се претпоставува дека потекнува од Тројанската војна.
Набрзо откако и се придружил на својата војска, Александар тргнал во потрага по непријателот. Како што е претходно спомнато, Александар ги поделил своите вооружени сили и со него земал само Македонци и некои Тесалијци, оставајќи ги војниците на Лигата одзади заедно со Парменио. Вкупно 13.000 пешадинци и 5.100 коњаници тргнале во потрага по персиската војска. Друга причина што не ја земал војската на Лигата била таа што Александар немал пари за немирници. Кога поминал преку Хелеспонт, речиси останал без пари. Некои велат дека имал само 70 таленти во готово, а тоа тешко дека било доволно да ја нахрани својата војска повеќе од неколку недели. Но, тоа не го сопрело Александар бидејќи имал доверба во своите Македонци дека ќе му донесат победи и тогаш неговите непријатели ќе бидат обврзани да ја хранат неговата војска.
Освен своите оружени сили, Александар, исто така, ангажирал и историчари, филозофи, поети, инженери, доктори, ботаничари и научници по природни науки за да го придружуваат на неговата азиска експедиција. Негов главен историчар бил Калистен од Олинт /Callisthenes of Olynthus/, внук и ученик на Аристотел. Имало и геодези за да ги мерат растојанијата што ги изминувала армијата, како и да ги запишуваат сите посебности на прокрстарениот терен.
Инженерите биле ангажирани за изградба на мостови, сплавови, скали, машини за опсада и опрема за искачување по стрмни косини и литици. Ботаничарите и научниците по природни науки биле таму за да ја истражуваат флората, фауната и рудното богатство на новооткриените земји. Уште од самиот почеток, азиската експедиција не била само во воен поход, туку, исто така, и во голема научно-истражувачка мисија и мисија за откритија.
Кога сака среќата, на третиот ден од неговата потрага, извидниците на Александар ја лоцирале персиската армија која била позиционирана на далечниот брег на реката Граник /Granicus/. Како што Александар напредувал, така забележал и една многу супериорна коњица позиционирана на ниво на земјата. Зад стрмниот речен брег можел да ги види платениците-пешадинци на градовите-држави како го држат гребенот зад нулта нивото. Проценил дека непријателот има околу 20.000 коњаници и 20.000 пешадинци. Александар веднаш ги формулирал своите воени планови и тргнал во офанзива. Фалангата на македонската пешадија го зазела центарот, додека коњицата формирала крила со стрелците поставени на крајната десна страна. Александровата борбена линија сега и парирала на непреијателската линија која била широка три километри. Според Питер Грин /Peter Green/, на Александар очајно му требала победа со цел да обезбеди плен за да ги плати своите заеми и да ги финансира идните походи. Во тој момент Александар бил до гуша во долгови.
Меѓу персиските команданти бил и генералот Мемнон. Тој бил свесен за финансиските неприлики на Александар и сакал да го совлада со предизвикување глад во војската на Александар. Во текот на еден претходен состанок со Персијците, Мемнон се спротивставил на директната конфронтација и предложил да го лишат Александар од сите намирници. За тоа било потребно да се изгорат сите житни посеби во близината, а персиската армија да се повлече.
Откако ќе останел без намирници за својот опстанок, Александар ќе морал да се врати во Македонија. Кога ќе го сторел тоа, Мемнон предложил да тргне по него со посредство на големата персиска флота. Но, Персијците, поради бројната супериорност на својата армија, се чувствувале самоуверени дека само една борба со Александар ќе им донесе победа.
Откако темелно ја преиспитал ситуацијата, Александар забележал дека најдобрата персиска коњица стои на врвот на стрмниот речен брег, висок осум стапки. Од таа позиција би било тешко да се изврши еден јуриш со коњица. Наспроти советот на Парменио да се повлечат таа вечер и да нападнат наредното утро, Александар ја искористил ситуацијата и наредил напад со изненадување.
Битката кај реката Граник започнала со звукот на трубите и со заплашувачкиот воен крик на Александар и неговите Македонци. Неговите луѓе брзо си ги заземале своите позиции, додека коњаниците на Александар јуришале низ надојдената вода и нагрвавиле на косиот брег, жестоко вовлекувајќи ја во борба персиската коњица. Неговата пешадиска фаланга, која дотогаш била навикната да формира борбен ред во движење, маневрирала во еден кос борбен распоред и се позиционирала да го следи истиот пат. Додека предните борбени редови на војската воделе борби, Александар и неговите компањони јавале напред, назад и назад зад редовите, баријќи слабост и за да го збунат непријателот. Неколку мига по отпочнувањето на битката, повеќето од персиските коњаници биле пригмечени од македонската флаланга, додека двете војски очајнички се труделе на направат пробив напред. Персијците очекувале Александар да нападне на крајната лева страна каде што теренот бил најлесен за пробивање. Најискусните платеници на Мемнон биле поставени таму, во тесни колони во близината и им наредил да лежат додека чекаат. Но, наместо да го стори она што тие очекувале, Александар зазел одбранбен став и ја нападнал позицијата со лесна пешадија и неколку коњаници, токму доволно луѓе да ги држат под контрола платениците.
Како што битката се разгорувала на сите фронтови, така и самиот Александар се вклучил во неа и убил неколку персиски благородници, а меѓу нив бил и зетот на Дариј, големиот крал. Додека Александар му задавал смртоносни удари на кралскиот зет, за малку и тој ќе бил убиен. Светот немаше да биде ист, ако не дошол Клеит /Cleitus/ да го спаси.
Како што фалангата успевала да ја потиснува персиската коњица, коњаниците на Александар јуришале во центарот и направиле дупка токму низ непријателската формација.
Непријателот почнал да бега, а македонската коњица тргнала во потера по него, оставајќи многу мртви зад себе. Штом Македонците им се приближиле за да ги убијат, веднаш биле нападнати одзади, од страна на платениците на градовите-држави кои дотогаш лежеле и чекале. Александар ја свртел својата фаланга и наредил фронтален напад, а на неговата коњица и останало да ги среди крилата. За само неколку минути, елитните платеници на градовите-држави биле уништени, со само 2.000 преживеани од вкупно 20.000 платеници. Со тоа што се жртвувале себе си, платениците на градовите-држави ја спасиле персиската коњица. Пред да настапи ноќта, за само неколку часа, во еден светол ден во мај 334 година пред Христа, Македонците постигнале величествена победа.
Наредниот ден, сите мртви, вклучувајќи ги и Персијците, биле закопани со почести. Посебно внимание и нега им биле дадени на ранетите и лично Александар го посетил секој од нив. Во споредба со непријателот, македонските загуби биле безначајни, сведувајќи се само на неколку стотици.
Набрзо по битката кај Граник, Александар организирал администрација за да раководи со неговите земји “добиени со неговото копје”. Наместо да ги инкорпорира тие земји како дел од едно поголемо македонско кралство, Александар направил нешто неочекувано и назначил Македонец за намесник. Тоа значи дека Александар ги оставил негибнати старата персиска влада и начинот на владеење. Тој само го заменил врховниот персиски чиновник
(намесник) со Македонец. Негови единствени барања биле Персијците да му го платат она што требало да му се плаќа на големиот крал. Освен што ги земал даноците, Александар во своја сопственост ги земал и земјиштата што биле под круната на големиот крал.
Идејата на Александар тој лично да го замени големиот крал наместо да ги инкорпорира освоените земји во една “Поголема Македонија”, имала свои вредности. Откако виделе дека никаква штета не им е направена на нивните соседи, другите делови на Мала Азија почнале мирно да се предаваат. Кога Александар дошол во Сардис /Sardis/, град во Лидија, народот се предал без борба, доверувајќи му го на Александар градското богатство, намесништвата и тврдината. За возврат, Александар ги ослободил Лиѓаните од персиското владеење и им ја вратил назад нивната стара култура, закони и начин на живеење. Тој, исто така, го заменил персискиот намесник со Македонец. Таму, Александар повоторно го демонстрирал своето почитување кон другите култури, одлучувајќи да ослободува наместо да поробува.
Откако ја увидел големината на Азија, Александар брзо сфатил дека никогаш не ќе може да држи толку голема територија со копје. Тоа предвидување, заедно со македонските вредности всадени во него (да ги почитува луѓето од сите класи и од сите култури), направило Александар да стане ослободител и бранител на угнетените нации. Неговите освојувања се претвориле во мисија на ослободување, а не на поробување.
Ако треба Александар да се оцени за своите дела, тогаш треба да се оцени за сите дела, а не само за неговите освојувања и вродените генијални способности. Александар бил искусен политичар, со визија да ги обедини сите нации од светот заедно како рамноправни во еден демократски систем (во модерна смисла). Освен неговите политички квалитети, Александар имал голем интерес и за културата и за природните науки. Секаде каде што одел, градел градови, библиотеки, културни центри, музеи и многу други чуда.
Слушал поезија и комедија, учествувал во дебати. Среќавал многу луѓе со различни интереси, а луѓето на чии достигнувања најмногу им се восхитувал, ги праќал во Македонија за да можат Македонците да уживаат. Им наложил на своите научници по природни науки да ги проучуваат и да ги документираат флората, фауната и рудните богатства на тој нов свет. Методите и знаењата научени тогаш се уште се применуваат и денес. Ги украсил сите градини на Македонија, вклучувајќи ги оние во Пела, со растенија кои даваат најубави овошја и цветови што Азија имала да ги понуди. Каде и да одел, го подучувал локалното население за културата, уметничките вештини и природната медицина. Како што Мајкл Вуд /Michael Wood/ открил во
“По стапките на Александар Велики”, овие подароци што Александар им ги дал на азиските народи, се паметат до ден- денес. Како што продолжувал да ги ослободува азиските народи од персиската доминација, така Александар бил дочекуван со радост и величен како ослободител.
Откако постигнал успешна и важна победа во битката кај Граник, Александар тргнал кон југ, наидувајќи на мал или никаков отпор, се додека не стигнал во Милет и Халикарнас каде што нашол голем број платеници на градовите-држави.
Персискиот командант во Милет бил подготвен да го предаде својот град, но убеден дека персиската флота доаѓа, пружил отпор. Пред персиската флота да има можност да влезе во пристаништето, Александровата морнарица интервенирала и го затворила устието на пристаништето. Без помошта од персиската флота, одбранбената војска на градот не била дорасната на Александровите машини за опсада.
Александар го освоил градот со јуриш, но не му наштетил на населението.
Во еден неочекуван пресврт на настаните, по битката во Милет, Александар ја распуштил својата флота. Иако неговите бродови му помогнале во текот на битката, Александар, сепак, решил да ги распушти, задржувајќи само дваесет атински бродови како заложници. Во тоа време немало очигледна причина за тоа, но, како што ќе видиме подоцна, тој го сторил тоа за да ги спаси. Бидејќи немал воено-поморска моќ доволно силна за да и се спротивстави на моќната персиска флота и да победи, тогаш зошто да ги троши своите бродови? Исто така, не им верувал на воено-поморските сили на градовите-држави зад него, бидејќи тие, исто така, во момент на слабост, можеле да се свртат против него и да му го отсечат повлекувањето и линиите за снабдување. Што се однесува до уништувањето на моќната персиска флота, Александар имал поинаков план.
Во градот Халикарнас, главен град на Карија /Caria/, Александар наишол на Мемнон, кој во тоа време бил врховен командант на азискиот брег и на персиската флота.
Со една бродска дивизија која ги чувала водите, утврдениот град на Александар му пружил голем отпор. Но, тоа не можело бесконечно да трае и градот потклекнал под неговата супериорна вештина за опсада. Кога се било готово, Александар наименувал една стара жена, принцеза по име Ада, од династичката куќа на Карија, за намесник. Ада го запознала Александар претходно кога тој влегол во Карија.
Таа му го понудила нејзиниот град Алинда /Alinda/ и му предложила да го посвои како нејзин син. Александар бил толку импресиониран што го прифатил нејзиниот предлог да го посвои и и го вратил назад нејзиниот град. По сето тоа, Александар бил познат во Карија како син на владетелот.
Карија била слободна и ослободена од странската доминација, а намесништвото и било дадено на една жена од локалното население. Тука, за првпат, Александар ги одворил граѓанските од воените одговорности. На Ада и било доделено да биде одговорна за граѓанските, додека еден македонски офицер бил одговорен за воените функции.
Во текот на зимата 334 година пред Христа, пред да се упати на југ, Александар ги испратил своите штотуку оженети војници на отсуство за да ги посетат своите семејства. Парменио, кому претходно му била доделена командата со војниците на Лигата, бил испратен да ја заземе Фригија /Phrygia/. Александар, со својата македонска армија, до крајот на есента го обезбедувал западниот брег на Мала Азија пред да се упати кон Гордиус /Gordius/. Планот на Александар бил да се парализира непријателската флота со заземање на сите пристаништа на западниот брег на Мала Азија. Крајбрежното напорно патување на Александар, во најголемиот дел минало без проблеми, освен кога поминувал низ Писидија /Pisidia/. Таму наишол на силен отпор и жестока борба од мажите кои биле на планините, но Александар ги покорил. По таа победа, Александар отишол во Гордиум Gordium/, главниот град на Фригија, за да ја помине зимата.
Додека Александар се пробивал го Гордиум, Мемнон, неговиот стар непријател, ги убедувал своите персиски господари да му дозволат да ја оживее старата идеја војната да ја пренесе во Европа. Со помош на персиската флота, тој почнал да врши инвазија на егејските острови, еден по еден, почнувајќи со Киос /Chios/, потоа Селбос /Selbos/, надевајќи се дека ќе го натера Александар да се врати. Вестите за ова донеле возбудување во градовите-држави кои се надевале дека интервенцијата на Мемнон ќе донесе пресврт на војната во нивна корист. За жал, нивното воодушевување траело кратко и било прекинато кога Мемнон ненадејно се разболел и починал. Не можам да кажам дека на Александар не му олеснало. Наредната пролет војниците кои биле на отсуство и засилувањето стигнале од Македонија, придружувајќи му се на Александар во Гордиум додека тој се подготвувал да замине.
Во април 333 година пред Христа, Александар наишол на познатиот Гордиев јазол кој многумина се обиделе да го одврзат, но не успеале. Легендата вели дека оној кој ќе го одврзе јазолот ќе стане крал на Азија. Александар си ја пробал среќата, но сфатил дека замрсеноста на јазолот е комплицирана и дека не е можно да се одврзе. Но, Александар не помислувал да се откаже, па затоа го сторил најдоброто нешто: го извлекол својот меч и го исекол јазолот на делчиња. Крајниот резултат бил ист – јазолот бил отстранет и мотката на јаремот од бојната кола на кралот Гордиус сега била откриена. Таа ноќ имало грмотевици и молњи што било протолкувано како добар знак дека боговите биле задоволни.
Со својата армија подготвена да тргне со марш, Александар поминал покрај Анкира /Ancyra/, пред да сврти на југ, за да продолжи со освојување на повеќе персиски пристаништа.Неговата намера била брзо да маршира низ Кападокија /Cappadocia/ и да ги освои премините на венецот од планината Таур /Taurus/, на јужниот брег на Силиција /Cicilia/. Немајќи време да ја освојува цела Кападокија, наименувал намесник од локалното население наместо Македонец.
Кога Александар пристигнал во Силиција, го зазел персискиот гарнизон на препад, така што неговите луѓе се искачиле по упориштата во текот на ноќта. Изненадени од појавувањето на Македонците меѓу нив, стражите се разбегале и го оставиле преминот незаштитен. Преминот бил освоен без борба. Тогаш, Александар се спуштил по планината за да го освои градот Тарс /Tarsus/, но само што виделе дека македонската коњица се приближува, бранителите на градот се разбегале. Неговата победа во Тарс била во исто време и слатка и горчлива, бидејќи Александар се разболел од пливањето во ледените води. Ќе умрел ако не бил толку добро физички подготвен. За жал, неговото закрепнување траело долго и тешко.
Штом се почувствувал доволно добро, Александар и неговите војници биле подготвени да тргнат. За да го надомести изгубеното време, ја поделил својата армија и го пратил Пармениот на исток за да го обезбеди преминот од Силиција до Сирија. Во меѓувреме, Александар тргнал на запад за да го обезбеди западниот брег, како и да ги зајакне своите линии за снабдување. На враќање, си дал малку време да се одмори во близината на Тарс и да ја прослави својата конечна победа кај Халикарнас, Како што претходно е спомнато, Александар го освоил градот Халикарнас, но не и сите цитадели. Откако заминал, неколку цитадели останале нечепнати, па затоа оставил таа работа да ја завршат неговите офицери.
Набрзо по заминувањето од Тарс, Александар добил порака од Парменио дека големиот крал Дариј, со голема армија, логорува на рамнините во Северна Сирија, на околу два дена патување од преминот што Парменио тогаш го држел. Откако големиот крал дознал што и направил Александар на неговата армија кај Граник, бил бесен на него и сакал да го смачка како бубачка. Кој бил тој дрзок човек што се осмелил да го предизвика големиот крал и да се шепури во неговото двориште?
Откако дознал дека Александар бил во Силиција, во есента 333 година пред Христа, со план да се упати на југ, големиот крал собрал голема армија и подготвувал стапица.
Очекувајќи го Александар да тргне по него, Дариј одбрал погодно место, со борбени предности на негова страна и, сокриен, го чекал. Поради својата бројчана предност, Дариј бил убеден дека може да ја уништи малата армија на Александар во борба. Кога Александар не се појавил како што очекувал тој, големиот крал се загрижил. Мислејќи дека Александар се уплашил да се соочи со него, Дариј решил дека е време да го гони, наместо да го чека. Александар не се појавил бидејќи легнал болен. Но, кога дознал дека Дариј е таму, ги собрал сите свои сили и тргнал по него. За жал, додека Александар брзо тргнал на југ низ Силицијанските Порти /Cilician Gates/, по должината на сирискиот брег, Дариј тргнал на север кон Силиција на спротивната страна од истиот планински венец.
Без да знае Александар, Дариј го растурил логорот.
Александар ги оставил своите болни и ранети во Ис /Issus/ и продолжил да патува кон југ, по должината на брегот.
Логорувајќи во текот на ноќта и издржувајќи бура, Александар очекувал да води битка наредниот ден. Но, на негово изненадување, дознал дека Дариј веќе го растурил логорот и сега бил во потера по него. Ниеден од нив не ја знаел позицијата на другиот, па така армиите поминале една покрај друга преку планинскиот венец на Аман /Amanus/.
Дариј бил прв кој дознал за позицијата на Александар од Александровите ранети војници во Ис. Се вели дека Дариј бил толку вознемирен, што го искалил својот бес врз болните и ранети луѓе на Александар, наредувајќи им на неговите војници да им ги отсечат рацете за да не можат веќе никогаш да се борат.
Со отсекување на линиите за повлекување и за дотур, Дариј бил решен да го следи Александар во планините на Сирија и да ги згази до смрт и него, и неговата мала армија со коњицата. За жал на Дариј, Александар имал поинакви идеали. Кога открил дека Дариј е позади него и дека го гони, Александар брзо ја свртел својата армија назад. Решен да се сретне со Дариј, но под негови услови, Александар дал дневна заповед за борба во наредниот ден. Откако им дозволил на своите војници брзо да го изедат оброкот, ја мобилизирал целата своја армија и марширале во строј во текот на ноќта додека не пристигнале на бојното поле, според негов избор. Битката требало да се случи не на широката отворена рамнина на Сирија, туку во тесната рамнина на Пинар /Pinarus/, обиколена од планини и од морето. Скриена од видик, Александровата армија го поминала остатокот од ноќта чекајќи. Кога зазорило, Александар наредил симнување во рамнината, прво пешадинците во долги тесни колони, следени од коњаниците. Во пресрет на големиот непријател, Александар ги формирал борбените редови со леснотија како да изведуваат рутинска вежба. Македонските војници покажале голема дисциплина и храброст додека ги заземале своите позиции, знаејќи дека ќе се соочат со најголемата армија, видена било кога. Со околу 16.000 македонски пешадинци и 5.600 коњаници, Александар требало да се соочи со големата персиска коњица од 450.000, со 30.000 пешадинци-платеници на градовите држави, со 20.000 лесно вооружени пешадинци и со 60.000 Персијци како тешко вооружени пешадинци.
Напред и во центарот на персиската борбена линија на фронтот (овој пат) биле платениците од градовите-држави, додека десно и лево од нив стоеле тешковооружените пешадијци, со бојна коњица стационирана десно од платениците на градовите-држави. Останатите војници стоеле зад борбените редови, во формација на колони. Дариј, кој седел во својата величествена бојна кола, бил во центарот, зад платениците на градовите-држави.
Use the left and right arrow keys to turn the page.
Printed from https://macedonianhistory.ca/narrative/istoriata-na-makedonskiot-narod/12 on October 29, 2026