History of the Macedonian People: From Ancient Times to the Present
ГЛАВА 6 - АЛЕКСАНДАР III – НАЈГОЛЕМИОТ ОД ГОЛЕМИТЕ ОСВОЈУВАЧИ Александар III, - Part 01
ГЛАВА 6 - АЛЕКСАНДАР III – НАЈГОЛЕМИОТ ОД ГОЛЕМИТЕ ОСВОЈУВАЧИ Александар III, синот на Пилип II и Поликсена (Олимпија), е роден во Пела, на 22 јули 356 година пред Христа.
Александровиот татко, Филип, бил син на македонскиот крал Аминта III и Евридика, илирска принцеза. Неговата мајка Поликсена, или Олимпија, име по кое станала позната во Македонија, била ќерка на молосијанскиот крал Неоптолем
/Neoptolemus/.
Александар бил роден во еден динамичен свет каде насилството било начин на живеење. Уживал во приказните за војни, за кои се зборувало во палатата, и несомнено уживал и се насладувал на победите на својот татко. Филип многу го сакал сина си и доста време поминувал со него, давајќи му љубов и раскажувајќи му приказни. Најраното образование на Александар му било доверено на Леонид /Leonidas/, роднина на Олимпија. Но, како што открил Леонид, Александар не бил обичен ученик и на неговото пркосење не можело да се влијае со вообичаени методи.
Затоа, во 343 година пред Христа, кога Александар имал тринаесет години, Филип го повикал Аристотел за да го подучува. Аристотел во тоа време не бил познат човек, како што го знаеме денес, туку, едноставно бил учител со добра репутација. Филип го одбрал врз основа на препораките од други.
Аристотел бил роден во Стагира /Stagira/ (град на Халкидики, освоен од страна на Филип) и бил син на Никомак /Nicomachus/ (некогаш доктор на Аминта III). На возраст од 40 години (или повеќе) Аристотел го напуштил своето новоотворено училиште на Милитин, Лезбос /Mylitine, Lesbos/, и отишол во Пела каде му била дадена резиденција во тивкото мало селце Миеза /Mieza/. Таму, во близина на светилиштето на Нимфите, далеку од брзањето карактеристично за градскиот живот и постојаните превирања на Пела, Аристотел ги поминал наредните три години учејќи го Александар, заедно со уште неколку други деца. Едно од тие деца бил Хефестион /Hephaestion/, со кого Александар се спријателил за цел живот.
Аристотел, освен што го учел Александар за чудата на животот, поттикнал во него страсна љубов за културата и интелект кои длабоко влијаеле врз неговиот живот и на начинот на кој тој го гледал светот. Но, тоа биле Хомеровите книги кои најмногу го инспирирале Александар.
“Илијадата”, најдобрата книга напишана било кога, и нејзините два главни хероја, Херкул и Ахил, биле движечката сила што ги поттикнала желбите на Александар за освојување и трагање по непознатото. Освен што го учел како да стане крал, Аристотел во Александар развил голем интерес и за природните науки.
Во 340 година пред Христа, на возраст од шеснаесет години, додека татко му Филип бил во поход на Византија, Александар станал регент на Пела. Тоа било токму тогаш кога Александар вкусил како е да се командува, особено како е да се командува битка и да се задуши еден бунт. Тоа било безначајна побуна, поттикната од тракијските Маидојци, но сепак, претставувала радост за Александар да командува.
Откако го поразил непријателот, Александар го зазел градот, повторно го населил со Македонци и го преименувал во Александрополис, според неговото име. Тоа ќе биде првиот од низата градови што ќе бидат именувани според младиот освојувач.
Две години подоцна, во 338 година пред Христа, на возраст од осумнаесет години, Александар ја стекнал довербата на својот татко, како командант на македонската коњица во текот на најважната битка во Филиповата кариера. Таа била пресудна битка која не само што ги разбила здружените градови-држави, туку вовела и нова ера во водењето војна.
На осумнаесетгодишна возраст, Александар бил дел од тоа во секој аспект.
За жал, на тој ужасен ден во 337 година пред Христа, кога Филип решил да се ожени со Клеопатра, внуката на генерал Атал, пријатната поврзаност на Александар со татка му, во која двајцата уживале, доживеала неочекуван крај. Некои велат дека на свадбената свеченост Александар разменил горчливи зборови со Атал, а потоа предизвикал сцена со неговиот сопствен татко. Било како било, чувствата на Александар биле многу повредени. Чувствувајќи се разочарано од својот сопствен татко, Александар, заедно со мајка си, ја напуштил Македонија и заминал за Епир. Откако ја однел мајка си во нејзиниот дом, Александар ја напуштил и отишол да живее со Илирите, кај еден крал кој зависел од Македонија. Таму, преку дејствувањето на еден посредник, тој ги надминал разликите со неговиот татко и наскоро се вратил дома во Пела.
Иако татко му му простил, Александар се уште се чувствувал несигурно и неговата несигурност излегла на површина кога Филип и понудил брак на ќерката на еден кариански владетел за неговиот незаконски син Архидеј /Arrhidaeus/, наместо за Александар. Се случило карианскиот владетел да биде вазал на големиот крал на Персија. Филип чувствувал дека не е погодно неговиот син Александар, наследник на македонскиот престол, да се ожени за ќерката на еден персиски вазал. Александар, чувствувајќи се несигурно, за жал, не му поверувал на својот татко и послушал некои лоши совети од неговите пријатели.
Игнорирајќи го татка си, Александар тајно се понудил себе си за ает на карианскиот владетел. Кога Филип го открил тоа, секој би очекувал тој да збесне, но не било така. Тој го утешил сина си и му ги објаснил своите вистински мотиви за тој брак и потоа му простил за неговите недела. Што се однесува до Александровите советници Неарк, Харпал и Птолемеј /Nearchus, Harpalus, Ptolomy/, не се извлекле така лесно. За нивните недела и лошите совети дадени на принцот, Филип наредил да бидат прогонети од кралскиот двор на Пела.
Наредната година, во средина на летото 335 година пред Христа, Александровиот живот засекогаш се изменил бидејќи се случила трагедија – неговиот татко бил убиен.
Инцидентот се случил во театарот на Ега, во најлошото можно време за Александровата сестра Клеопатра.
Очекувајќи наскоро да замине во поход на Азија, Филип ја искористил можноста да ја омажи својата ќерка Клеопатра за неговиот штитеник Александар, крал на Молосија. Никој не очекувал дека за време на процесијата, збудалениот телохранител Паусаниј ќе се фрли на Филип и ќе го прободе до смрт, точно на средина од свадбата на Клеопатра. За Александрова среќа, Филип и Олимпија ги разрешиле несогласувањата и Олимпија била повторно на македонскиот двор, на страната на Филип, кога се случило тоа, така што Александар ја имал поддршката на мајка си кога му била најпотребна.
Филип имал четириесет и шест години, бил на врвот на својата моќ и среќа кога животот му бил одземен. Имало многу озборувања за тоа зошто тој бил убен, но ниту едно не се докажало, бидејќи неговиот убиец, исто така, бил прободен до смрт пред да биде подложен на испитување.
Сега останало на Александар да ги постави работите правилно.
Кога крал или шеф на држава е убиен, државата и нејзините односи со странство се нарушени во самата основа. Македонија, по смртта на Филип, не била исклучок.
Прашањето поставувано во сечиј ум, особено во умовите на неговите непријатели, било кој ќе го наследи Филип?
Во случајот на Филип, група македонски војници и бивши војници лојални на кралот, најголемиот број од блиското соседство, биле брзо свикани во Ега. Без двоумење, тие го одбрале Александар за наследник на Филип, новиот крал што ќе ги води. Наредниот ден, еден по еден, неговите војници му се заколнале на верност како што налагал македонскиот обичај. Александар си одбрал свои телохранители, а му била дадена и лична кралска пешадиска гарда. Неговата прва задача како крал било да го истражи убиството на својот татко.
Фактот дека имало коњи вклучени за бегството на Паусаниј, сугерира дека убиството на Филип било претходно смислено и дека се вклучени соизвршители. Но, кој би имал таква дрскост да убие моќен крал и тоа на свадбата на неговата ќерка? Тоа ние никогаш нема со сигурност да го дознаеме! Но, она што е важно, е да испитаме како Александар ја искористил таа трагедија за да си ја обезбеди својата лична позиција во македонското кралство и да се ослободи од некои несакани елементи.
За убиството на Паусаниј пред да може да биде испрашуван, Александар ги обвинил телохранителите и наредил тие да бидат егзекутирани. За делото на Паусаниј како предавник, неговите три сина биле, исто така, егзекутирани. Многу од оние кои биле присутни во театорот тој ден, биле осомничени дека ковале заговор да го убијат и таткото и синот. Од оние кои биле прогласени за виновни, Александар помилувал само неколкумина, додека повеќето од нив ги осудил на смрт. При крајот на истата година, нови докази излегле на видело, па така и генералот Атал станал осомничен. Александар бил убеден дека Атал имал нешто со тајната комуникација на Демостен, ковајќи заговор да се спречи Александар да стане наследник на македонскиот престол. Александар испратил еден офицер во Азија да го уапси Атал или да го убие ако тој се противи. Како што беше претходно спомнато, Атал и Парменио предводеле експедициска сила во Азија. Како што се очекувало, Атал пружил отпор и бил убиен. По неговата смрт, еден совет на војници му судел и го прогласил виновен за предавство и, во согласност со македонскиот обичај, неговите роднини биле осудени на смрт. Меѓу неговите роднини била неговата внука Клеопатра и Филиповото новородено бебе.
Во текот на зимата, Аминта, син на Пердика III, исто така, бил прогласен за виновен и осуден на смрт. Всушност, уште пред да планира да оди во Азија, Александар ги убил сите машки членови на неговата фамилија кои можеле потенцијално да ја загрозат неговата позиција.
Веста за убиството на Филип го свртело вниманието на целиот свет, особено на градовите-држави кои се радувале што веќе го нема. Александар веднаш им дал на знаење дека од нив ја очекува истата лојалност што тие претходно ја имале кон неговиот татко. Тој ги потсетил градовите-држави дека договорот на Лигата на Коринт бил долгорочен и дека нему му дава законско право да биде хегемон, истото што бил и неговиот татко. Но, зборовите на Александар ниту најмалку не ги вознемириле градовите-држави, така што во Атина тие од радост играле по улиците. Демостен, опиен од можноста за слобода, се појавил во Советот облечен во бело, со венец на главата, поднесувајќи им жртви на боговите поради радосните вести. Повикот за слобода од Атина се проширил брзо како пожар во останатите градови-држави.
Аетолците ги повикале назад сите оние кои биле прогонети од Филип; Амбрациотите /Ambraciots/ ги протерале македонските гарнизони; Тебанците зеле оружје в раце за да ја ослободат Кадмеја /Cadmeia/; а имало знаци на побуни на Пелопонез, Аргос, Елис и Аркадија.
Кога пристигнала веста дека Александар ќе го наследи Филип, Демостен се разбеснел. Веднаш испратил таен допис молејќи ги Парменио и Атал да интервенираат. За среќа, Атал и Парменио биле лојални на новиот крал и му дозволиле на Александар да се искачи на престолот без пречки. Па така, на крај, како и неговиот татко претходно, и Александар станал смртен непријател и ноќна мора на Демостен. Не успевајќи да ангажира помош од Македонците кои биле во Александровиот круг, Демостен стапил во чудни односи со персискиот крал и продолжил да работи против Македонија.
Револтот по смртта на Филип не се ограничил само во градовите-држави. Пристигнувале извештаи и од север, со тврдења дека и таму имало немири и побуни. Кога го слушнал тоа, Александар собрал силна војска и со брзина на молња тргнал и ненадејно ги нападнал своите непријатели.
Градовите-држави биле први на агендата да бидат потчинети, додека неговата војска марширала во ненадејна посета на Тесалија. Кога го виделе Александар, Тесалијците не само што се покориле, туку покажале и силна готовност да го признаат за свој хегемон. Тие дури се понудиле да му помогнат да ја казни Атина и другите градови-држави поради нивните злосторства.
Откако ја покорил Тесалија, Александар продолжил понатаму кон југ, прегазувајќи ги сите оние кои му стоеле на патот, вклучувајќи ги и Термопилите. По задушување на Термопилите, свикал состанок со Амфиктионскиот /Amphictyonic/ совет, кој, без двоумење, го признал за хегемон. Потоа тивко заминал, марширајќи до Беотија
/Boeotia/ и поставил камп во близина на Кадмеја. Неговото ненадејно појавување во Теба, до смрт ги исплашило Тебанците и тие испратиле шокантни вести до Атина за морничав терор, особено по поставувањето на ултиматумот, според кој Александар барал да биде признат за хегемот или да се подготват за војна. Атињаните, очекувајќи го најтешкото, биле подготвени за војна, но им олеснало поради една алтернатива. Имено, преку своите амбасадори тие побарале простување поради тоа што не ја признале неговата хегемонија порано.
По завршувањето на неговиот поход, Александар ги свикал сите членови на Коринтската лига на состанок. Тогаш побарал од градовите-држави да го признаат за хегемон на Лигата, во согласност со договорот склучен со Филип.
Спартанците, чиј одговор бил: “Наш обичај е да се следиме себеси, а не други кои сакаат нас да не водат,” не присуствувале.
Кога неговата работа со градовите-држави била завршена, Александар го свртел своето внимание кон подбуцнувачите на север. Прво на неговиот список било тракиското трибалско племе, кое живеело помеѓу Балканот и Дунав, со кое Филип се борел, ама не го потчинил. Тоа бил прв поход на Александар извршен без тактичката брилијантност на генерал Парменио, или без верната помош од пријателот и советникот, генералот Антипатер. Успехот на овој посебен поход мора да и се припише исклучително само на Александровата лична генијалност. Пред да тргне во пресрет на Трибалијците, Александар ги испратил своите воени бродови од Византија преку Црното Море во Дунав и им наредил да пловат низводно и да заземат позиција на претходно одредените локации.
Во летото 335 година пред Христа, Александар ја повел својата војска кон север, се додека не ги нашол Тракијците.
А Тракијците го окупирале преминот Шипка /Shipka Pass/ и си ја обезбедиле својата позиција на врвот од еден рид, зад едно утврдување направено од коњски коли. Вгнездени на тој рид, чекале додека војската на Александар не почнала да се искачува. Пред Македонците да стигнат на ридот, Тракијците почнале да фрлаат запрежен оган, односно запалени запрежни коли, надевајќи се дека ќе ги натераат да се симнат. Но, Александар го предвидел нивниот план и им наредил на своите луѓе кои стасале речиси до врвот на ридот, да формираат колони со тоа што ќе направат патчиња за колите-оган да се тркалаат надолу, а на своите луѓе, кои биле подолу на ридот, им наредил да легнат во сосема рамна формација, а своите штитови да ги стават врз своите глави.
Како што запрежните коли се тркалале надолу по ридот, така тие биле насочувани кон претходно одредените патеки во алеите, од страна на формациите, и како што се заврзувале, така се тркалале врз покривот од штитови без да им нанесат некакви повреди на војниците. Благодарение на покажаната супериорна дисциплина, ниту еден живот не бил изгубен.
Александар успешно го освоил преминот Шипка и се симнал на северните рамнини за да го гони трибалискиот крал кој нашол засолниште на еден остров на Дунав.
Трибалиската војска, која се повлекла кон север, претрпела уништувачки пораз. Три дена подоцна, кога Александар стигнал до Дунав, ја нашол својата флота која го чекала. Им наредил на своите бродови да го гонат трибалискиот крал, но насипите на островот биле толку стрмни, што тие не можеле да се истоварат. Иако бил спречен, Александар не мислел да се откаже и дошол со нов план кој, иако им се чинел ирационален на неговите офицери, сепак наишол на нивно одобрување и поддршка. Планот на Александар бил “така да се исплаши кралот, за сам да се предаде”. Тој пресметал дека со една изненадувачка демонстрација на сила, би можел да ја скрши тенденцијата на непријателот да му дава отпор.
Идејата била да се премине Дунав незабележано и да се присилат Гатејците /Getae/, кои живееле на спротивниот брег, во панично бегство и, со таквата демонстрација, да се изненади и исплаши кралот за тој сам да се предаде. Еден навистина нерационален план! Откако ја стекнал лојалноста и довербата на своите Македонци, тие направиле како што им било наредено и почнале тивко да се подготвуваат да ја преминат реката. Земале колку што можеле локални рибарски бротчиња, ги наполниле нивните едра од шаторско платно со сенои, под превезот на темнината, со бротчињата во кои се качиле колку што можело војници, ја преминале реката. Пред зори, 1.500 коњаници и 4.000 пешадинци биле на спротивната страна од брегот. Пред да може да бидат видени, војниците се скриле во полињата со пченка, со што си го маскирале приближувањето. Потоа, како диви животни, коњаниците наеднаш и жестоко се појавиле и почнале да јуришаат на Гатејците, кои биле улогорени пред нивниот град. Сосема изненадени, тие, кои биле многу побројни, брзо трчале, бегајќи во внатрешноста на градот, ги грабнале своите жени и деца и со трчање бегале на север да бараат сигурност во степите. Градот бил заземен, а ниту еден војник не загинал.
Блефот на Александар не само што успеал кај трибалискиот крал кој му се предал на Александар, туку, кога тоа се дознало надалеку, соседните племиња испратиле свои претставници да му оддадат почит на Александар. Дури и Келтите /Celts/, кои преземале ризични потфати источно од Јадранското Море, го замолиле Александар за неговото пријателство.
Кога неговиот поход на север завршил и Александар се подготвил да се врати дома, добил вести за револт на Илирите. Александар ја повел својата војска со голема брзина кон западна Македонија и, токму пред нејзината граница, видел дека наишол на голема дарданска војска која се собрала и го чекала. Започнала битка и Илирите биле натерани да се вратат назад во еден утврден град.
Александар поставил камп за да ноќеваат, со намера да го опседне градот наредниот ден. За несреќа, до утрото наишла уште една непријателска војска. Голема таулантиска /Taulantian/ војска им се придружила на Дарданците и на Александар му ги пресекла повлекувањето и снабдувачкиот ред. Македонската армија, која броела околу 25.000 војници и 5.000 коњи, брзо ги потрошила своите резерви. Александар морал да направи нешто и тоа многу бргу. Но, што? Бил опколен од сите страни. Оставен сам да реши, Александар смислил уште еден извонреден план. Им наредил на своите луѓе да приредат претстава. Игнорирајќи го непријателот, и наредил на својата фаланга да направи формација и тивко да маршира напред и назад, додека тој им давал знак со својата рака да маневрираат. Претставата ги привлекла гледачите околу неговиот камп, кои не само што биле изненадени, туку биле и хипнотизирани од сето тоа.
Во вистинскиот момент, Александар дал знак и војниците, истовремено, почнале силно да удираат по своите штитови со копјата. Ненадејниот громогласен рик, по хипнотизирачката тишина, го преплашил непријателот, што довело до тоа коњите да се оттргнат од страв. Со брзина на молња, најдобрите коњаници на Александар, поддржани од неговите стрелци, брзо се стрчале низ преминот правејќи отвор за да може војската да се пробие низ истиот. Тогаш војската, потпомогната со катапулти, стрелци и коњаници, направила еден процеп токму низ средината на непријателските сили и се нашла на домашна територија, во ливадите околу малото Преспанско Езеро. Ниту еден војник не загинал.
По три дена, со ненадеен ноќен напад, Александар повел јуришна војска низ преминот и му задал решавачки пораз на непријателот. Како што непријателот бегал, така македонската коњица ги гонела, терајќи ги во бегство дури стотина километри, всадувајќи им страв и нанесувајќи им големи штети. Двајцата кралеви и се покориле на волјата на Александар и, наместо да бидат казнети за нивните злодела, станале клиенти-кралеви (односно, кралеви зависни од помошта и заштитата на помоќен крал, односно од Александар, заб) со круна на своите глави.
Штом буните на Илирите биле задушени, Александар добил вести за едно сериозно востание на југ кое изискувало негова итна интервенција. Изгледа дека Тебанците се побуниле и имале убиено македонски офицери стационирани во локалниот гарнизон. Александар брзо ја собрал својата војска и ја повел во брз марш кон југ, низ планинскиот терен.
Откако го преминал Термопилскиот Премин, се упатил кон Теба. Александар стигнал токму навреме за да спречи неговиот гарнизон да биде нападнат, па така не била направена сериозна штета. Но, на негово изненадување, не била само Теба која правела проблеми. Атина, исто така, се вклучила во отпорот кога стапила во сојуз со Теба, па испратила оружје и нејзина цивилна војска за да даде поддршка на тебанскиот bунт. Охрабрени од Демостен и потпомогнати од персиското злато, други градови-држави, исто така, му се придружиле на востанието. Целата работа започнала со гласини, без сомнение од страна на Демостен лично, кои тврделе дека Александар е убиен, а неговата војска поразена во Илирија. Но, кога Александар пристигнал жив и здрав со целата своја војска, веројатно, морници поминале низ нивните тела. Бидејќи бил законски хегемон на Лигата на градовите-држави, Александар ги бранел своите права и побарал побунетите да се распуштат. Во присуство на Александар, војските на неколку градови-држави послушале и си заминале. Некои, како Атина, останале стационирани, но не се обидувале да го вовлечат во борба.
Тебанците решиле да го прекинат договорот и да се борат, надевајќи се дека со едно такво вовлекување на Александар во борба ќе ги привлечат и другите. Тие најмногу се потпирале на своите сили и на силните утврдувања на нивните градови.
Откако ги слушнал гласините за неговата наводна смрт, Александар настојувал на востаниците да им даде можност да стават крај на безизлезната ситуација на мирен начин, па им дал три дена за да се предадат. За жал, неместо мирно да се предадат, нивните коњици извршиле јуриш на неговите претстражи, односно воени бази.
Наредниот ден, Александар со марш ја повел својата војска околу градот и застанал пред јужната врата. Налутен поради одговорот од претходниот ден, Александар наредил напад.
Штом тебанската одбрана била пробиена, војската на Македонија и на Лигата влегла во градот. Тебанците храбро се бореле, но не биле дораснати на добро обучената, од битки искусната македонска војска. Битката се претворила во трагедија кога војниците на Лигата се свртеле кон обичното население, масакрирајќи ги сите што им биле пред очи.
Откако го опљачкал градот, Александар и оставил на Лигата да реши за крајната судбина на Теба. Оние во Лигата кои страдале со генерации под власта на Теба, конечно нашле начин да си дадат оддишка за својот гнев. Без двоумење ги прогласиле Тебанците виновни за предавство, за нивните тековни злосторства, како и за злосторствата починати во минатото. Со една резолуција што ја поддржала целата Лига, Александар наредил градот да биде срамнет со земја. Жените и децата биле продадени како робови.
Александар одобрил резолуцијата да биде усвоена за да служи како пример на останатите дека такво однесување нема повеќе да биде толерирано. Што се однесува до Атињаните, вистинските подбуцнувачи на побуните, Александар ги оставил неказнети. Александар внимавал да не ги насочи уште повеќе кон рацете на персискиот крал. Но, како што сакала судбината, оние кои не биле задоволни од резолуцијата на Лигата, сепак заминале во Персија.
По обновувањето на мирот во градовите-држави, Александар и неговата војска се вратиле во Македонија. Кога се вратиле, веќе било октомври 335 година пред Христа и биле потребни уште многу подготовки пред да може да замине во пролетната офанзива во Азија. На Александар му било потребно време да ја обезбеди маршрутата до Азија и да ја зацврсти одбраната на Македонија. Бидејќи градовите-држави не му верувале, Александар го поставил Антипатер, компетентен војник, човек со силен карактер и доверлив пријател, да биде регент на Македонија додека тој е отсутен. На Антипатер му дал специјални овластувања да го претставува како заменик-хегемон во Лигата на Коринт.
За да го одржува мирот, на Антипатер му биле доделени 12.000 пешадинци и 1.500 коњаници од Александровите најдобри македонски војници.
Во текоат на зимата 355 година пред Христа, Александар свикал состанок со своите офицери и советници за да дискутираат за неговите планови и за генералната стратегија во врска со походот во Азија. Освен неговите сопствени војници, кои го формирале јадрото на неговата војска, било решено Александар да се обрати до Лигата за таа да го снабди со пешадинци, коњаници и флота бродови и морнари.
Use the left and right arrow keys to turn the page.
Printed from https://macedonianhistory.ca/narrative/istoriata-na-makedonskiot-narod/11 on October 29, 2026