Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Become a member!

History of the Macedonian People: From Ancient Times to the Present

Front Matter - Part 10

By Ристо Стефов · Part 10 of 64 · About 3 minutes

Read in English

Во текот на наредната пролет (336 година пред Христа), во подготовките за напад на Персија, Филип решил претходно да испрати извидница. Под команда на генералите Атал /Attalus/ и Парменио /Parmenio/, 10.000 македонски војници биле подготвени и испратени преку Мала Азија да го поплочат патот за офанзивата за следната пролет. Додека војниците го пробивале својот пат преку Хелеспонт, Македонците во Ега се подготвувале за една голема свеченост. Ќерката на Филип, Клеопатра, требало да се омажи за принцот Александар (Амаксис) од Епир. Тоа требало да биде, навистина, раскошна прослава со многу забава и игри. Филип поканил многубројни и различни гости од целото свое кралство да учествуваат и да бидат сведоци на мажачката на неговата ќерка. Меѓу поканетите била и Олимпија. Бидејќи била сестра на младоженецот, Олимпија била обврзана да присуствува. Во прво време таа стравувала, но откако била уверена дека Филип ќе и посака добредојде и ќе ја пречека, таа ја прифатила поканата. Останувајќи доследен на својот збор, Филип бил учтив и пријателски се однесувал кон неа уште истиот ден кога таа пристигнала.

Се вели дека по веселбата, првиот ден Филип ја посетил Олимпија и, меѓу другите работи, дискутирал и за загриженоста на Олимпија во врска со шансите на Александар да го наследи престолот. Филип и ветил дека нема причина да биде загрижена и повторно ја уверил дека Александар бил негов прв избор да го замени кога за тоа ќе дојде време. Веселбата од првиот ден завршила без никаков инцидент. Но, големата несреќа се случила вториот ден. За време на процесијата во театарот во Ега, додека стоел помеѓу неговиот син Александар и неговиот нов зет Александар, еден член на кралската гарда по име Паусаниј, го прободел Филип со кама и го убил. Потоа, Паусаниј потрчал кон коњите кои го чекале за да побегне, но се сопнал и паднал.

Неговите гонители го фатиле и го боделе со своите копја се додека не умрел.

“Најголемиот крал од сите кралеви на Европа” кој ја ослободил Македонија од странска окупација, ја вратил од работ на исчезнување и ја претворил во светска сила, сега лежел мртов во својата палата, убиен од својот личен телохранител. Филип II, крал на Македонија од 360 година пред Христа до 336 година пред Христа умрел од бесмислена смрт, а бил наследен од неговиот син Александар.

Многу историчари вложиле огромен труд, барајќи ги причините за да објаснат зошто бил убиен Филип. Дали тоа било заговор однадвор, или бил заговор претходно смислен од неговиот син Александар? Дали тоа било акт на бес од страна на луд војник? Или тоа била освета на Олумпија поради тоа што тој ја понижил женејќи се со Клеопатра?

Мислам дека никогаш со сигурност нема да ја дознаеме причината.

Плановите на Филип за Персија сега биле во рацете на неговиот наследник. Филип сторил се што можел за да ја направи Македонија голема, но, дури ниту тој не можел да замисли колку таа допрва ќе биде голема.