Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Станете член!

Guilty Without Guilt (Short Version)

ХРОНОЛОГИЈА НА ПОВАЖНИТЕ НАСТАНИ ВО 1945 ГОДИНА - Part 02

Од Стојан Кочов · Дел 8 од 33 · Околу 20 минути

Читај на English

Народот беше принуден да ги напушта родните огништа и да бега во Југославија или владините сили за безбедност ги испраќаа по островите.

2. Договорено е слободна регрутација на сите пребегани луѓе за испраќање како борци на ДАГ од целокупната политичка емиграција во Југославија. Од луѓе кои еднаш веќе успеале да се спасат од теророт, но тие сега се мобилизираа од разни Ворјасовци и ги враќаа во пеколот. Значи: со Македонците се случуваше нешто необично и од грчката држава и од самите нас, па човек ќе запраша: Што е со нас Македонците?

3. За нас Македонците, коренито беа изменети условите по договорите меѓу Тито и Захаријадис, односно КПЈ и КПГ и импликациите од робувањето кон еден или кон друг беа катастрофални. Но, по сето ова НОФ за чудо станува погласен во паролите за тоталните мобилизации на Македонците. Ги повикува Македонците и ја прогласува КПГ како единствен спасител и добронамерник за разрешување на македонското прашање на Македонците под Грција, а такви беа и препораките од КПМ/КПЈ (Види: Директивите и препораките на Лазар Колишевски во книгата на д-р Ристо Кирјазовски

1995/29)

Значи, на 23.04.1945 година, токму во Скопје, во просториите на ЦК на КПМ, формирана е организацијата НОФ 10 (Народно ослободителен фронт) на Македонците под Грција. Во составот на оваа организација се формирани АФЖ и НОМС. А со каква национална платформа? Платформата беше за остварување на туѓи интереси. Она што НОФ можеше да смета во перспектива, а сигурно и сметаше беше заштитата од КПМ/КПЈ.

Таквото погрешно сфаќање на националното прашање, веќе наплатено со жртви и со поништување на многу национални вредности, слепо се брани и денес по цена на тотално национално пропаѓање. Тешко беше да се излезе од лавиринтот на сите манипулации околу КПГ и КПЈ, зошто се работеше за едно добро разработена стратегија во која дури и оние луѓе обележени како „тврди националисти”, пред агресивната катадневна пропаганда потклекнаа, во корист на т.н.

„класното”, а националното (посебно за нас - Македонците), беше формално.

Но, од исходот на настаните се покажа дека за НОФ (за сите нас Македонците, посебно под Грција), беше лет во хаос?! А во хаосот кој е моќен, тој е праведен. Значи правдата не е во правилноста, туку во моќта. Тоа се потврди!

Значи, што се случи: народот ја предаде својата слобода бидејќи на тоа го принуди НОФ, извориштето на таа идеологија, а тие луѓе, туѓинците ги имаа устоличено да не водат, но само до одреден период. Види: „ДОКУМЕНТИ - за борбата на македонскиот народ за самостојност и за национална држава” Том втори.

ДИРЕКТИВИ ОД ГЛАВНОТО РАКОВОДСТВО НА НАРОДНООСЛОБОДИТЕЛНИОТ ФРОНТ ДО ОКРУЖНИТЕ ПОВЕРЕНСТВА НА НОФ Септември 1945 год.

Да се рашири нашиот НОФ секаде каде што има Македонци во секое село, во секој град, кварт, колиба и земјоделска куќа.

Нити еден Македонец, Македонка или Македонче да не остане надвор од НОМС, АФЖ, НОФ и надвор од нивните влијанија.

(стр. 721-722-723)

ПАРОЛИ НА НОФ, АФЖ и НОМС НА МАКЕДОНЦИТЕ!?

Уште на 22 Ноември 1945 година, покажуваат многу воинствено истрчување и тоа една година пред официјално да се објави Граѓанска војна во Грција:

„Ниту еден Македонец не треба да се најде надвор од антифашистичката организација НОФ. Само така организирани ќе можеме да го уништиме фашизамот и да ги добиеме нашите права и правото на полно самоопределување”. -Антифашистичка организација НОФ „Напред. Сите Македонки во Антифашистичкиот фронт на жените (АФЖ) за целосно уништување на фашизмот, за нашата слобода, за нашите права”. - Антифашистичка организација АФЖ.

(Само напомена, цел свет знае оти на 9 мај 1945 година беше прогласена тоталната победа над фашизамот, а по се изгледа дека нашите пароли беа излитени или погрешно позајмени.

Несериозно кон нашите добри македонски селани од Костурско, Леринско, Воденско и.т.н. кои бескрајно им веруваа

- на валканите пароли - како на свои синови, оти, ако тоа го правеа Грците, нашиот човек не ќе беше влезен во тој геноциден зафат).

Народот ги знае кои се тие луѓе, (кои го натераа да биде еуфорично среќен). Тие луѓе не беа малку вредни, и јас ги почитувам, оти нивната заблуда беше убава, но беше заблуда.

Заблудата беше прекрасна, си го сакаа својот народ, од тоа немаше поубаво, но тие го сакаа на погрешен начин, го уништија: го натераа да се саможртвува, обездетија, обездомија и го фрлија по светот за никогаш да не може да се врати. А тие наши политичари од НОФ и АФЖ станаа апсолутни губитници, смешни и збунети во сибирските тундри.

Значи, ете како македонскиот народ се најде (стоеше) вџасен и разгромен пред овој последен, судбински повик, затоа што знаеше дека со дипломатски трампи изчезнаа неброени Македонци, а сега се бараше од нив масовно учество, за да бидат сомелени во т.н. револуција, односно како ја нарекуваа активистите на НОФ и АФЖ: продолжување на Илинден.

Народот вели: „За да верува некој во мене, морам да кажам нешто во што јас верувам”. Како да се најде одговор; зошто овие наши луѓе нофити и афежити, толку многу им веруваа на тугинците?! Веруваа во војна со нејасна македонска цел. А ако се постави прашањето; Зошто им веруваше македонскиот народ на НОФ и АФЖ, а не на КПГ, тоа прашање е доволно апсолвирано. Народот велеше: „Нашчи се ...” и дури толку им веруваше македонскиот народ, дека токму тие ја гледаат реалноста на македонскиот национален идентитет, па е потребно само во една таква војна да влеземе и да не има што помасовно. Но, во целиот тој кобен модел на туѓинците, единствена неизвесност беше и остана само неизвесноста...

Како што подоцна грчката влада и КПГ, отворено ќе кажат, Тито имал „завојувачки планови против грчка Македонија” (исто, с. 205), а преку НОФ, односно со помош на НОФ „ќе ја присоедини - анектира Егејска Македонија” (исто, с. 271).

РЕВИЗИЈА НА СВЕСТА Можеби им дала повод тогашната изјава на Тито во Москва: Во Москва на 26 април 1945 година, Маршал Тито даде изјава за „Њујорк тајмс” во која вели: „Ако Македонците од грчките области изразат желба да се обединат со другите Македонци, Југославија ќе ги почитува нивните желби.”

*** Интервју:

„Со чисто срце и со мирна совест” Но, многу непобитна и интересна е и изјавата на Колишевски во неделното списание „Старт” година 2, бр 62. стр. 21, дадено на писателот Јован Павловски во интервју насловено „Со чисто срце и со мирна совест!”. Во него Колишевски вели:

Старт: Кога сме веќе кај Ранковиќ: Неговото име тесно е поврзано со помошта што Југославија им ја даваше на грчките партизани по завршувањето на Втората светска војна во 1945 година. А познато е дека меѓу партизаните имаше голем број Македонци од Егејска Македдонија.

КОЛИШЕВСКИ: За тоа малку е зборувано од автентични извори. Можеби за првпат, еве, сакам да кажам: Се работеше за опстанок на егејските Македонци, на кои им се закануваше иселување, па се залагавме таму, во Егејска Македонија, да се формираат партиски организаци и партизански одреди. Заедно со Ранковиќ и со неколку генерали, во крајна дискреција, ја водевме таа акција. Да, формиравме Покраински комитет и вооружени формации за одбрана на селата во Егејска Македонија. Ги снабдувавме со оружје партизаните и ги примавме нивните ранети. Ги храневме, ги облекувавме, ги вооружувавме, ги префрлавме со камиони од оваа страна на границата, кога беа потиснувани. Објективно, тие во 1946 година водеа војна под мошне поволни услови: им го дадовме се она што нам, како партизани, во војната, ни недостигаше. Ќе раскажам една мала сторија, за која не сум зборувал досега:

Кидрич во првата година по победата раководеше со стопанскиот живот на Југославија, па, во таа рамка, и со прехранувањето на луѓето во земјата. Беше одличен математичар и не можеше, а да не забележи дека јас, постојано, му барам следување на храна за Македонија, повеќе отколку што ни припаѓа - вишокот го дававме на Македонците од Егејска Македонија. Кидрич знаеше да се налути на моите постојани барања храна, и лут, знаеше да рече: „Аман, бе Лазо, па колку во Македонија има Македонци, кога постојано бараш толку храна!”. Ми стана непријатно, па му реков на Ранковиќ дека треба да му ја откриеме тајната на Кидрич. Ранковиќ се согласи. А кога му раскажавме за што се работи, тој со смеење ја прифати нашата тајна и не правеше проблем, кога баравме повеќе брашно и друг вид следување. Дури откако му објаснивме и се избакнавме тој и јас. Групата за снабдување со оружје на македонските и грчките партизани ја раководеше генералот Јово Капичиќ” (покасно еден од одговорните и директор на затворот „Голи Оток” заб. С.М.)

И ова акција на Колишевски со генералите ни покажува дека таа војна беше нечиста за Македонците под Грција и со тоа се потврдува дека НОФ беше заведана од туѓи цели и интереси од воинствениот Генералштаб на ЈНА и политиката на КПЈ.

Но, да се запознаеме со уште еден став на Колишевски:

„...Прашањето за обединување на Македонија повторно било актуелизирано во месеците непосредно пред донесувањето на уставот на Федеративна Македонија и одржувањето на Париската мировна конференција. За одржувањето на Првиот конгрес на Народниот фронт на Македонија одржан од 2 до 4 август 1946, Ф.О. (Форин Офис) бил известен на 13 август. Во извештајот се нагласува присуството на конгресот на Колишевски, како претседател на Народна Република Македонија и секретар на територијалниот одбор на Народниот фронт на Македонија, М. Нешковиќ претседател на српската влада, Фране Фрол, министер за правда на федеративната влада, делегација од делот на Македонија под Бугарија на чело со Крсто Стојчев, делегат на бугарското собрание, делегати од Грција „или како што овде се веле Егејска Македонија” и делегат од Трст, Еуѓен Лауренти. Она што му дало посебен белег на конгресот била манифестираната желба на „македонскиот народ да биде слободен и обединет во Република Македонија во рамките на ФНРЈ (Федеративна Народна Република Југославија).” Остварувањето на таа идеја, можела да се оствари само со зајакнување на културните врски со Пиринската област и националното осознавање на народот што во тој дел на Македонија би создало услови за остварување на желбата за обединување на овие области со Република Македонија. Во однос на идејата за обединување се нагласувало дека дотогаш во печатот „малку или скоро никаков публицитет не им било дадено на тие идеи во Југославија до појавувањето на Манифестот” а „односот кон грчка Македонија е неодреден и е нешто повеќе од платонска симпатија. Но како и да е, јасно е што лебди во воздухот”.

Во својот говор Колишевски во Битола се спротивставил на идејата за обединета и независна Македонија надвор од рамките на Југославија или под протекторатот на големите сили. Тоа според Колишевски би преставувало „уништување на сегашната македонска федерална единица”. (Види: Т.

Чепреганов, 1997/152).

Практично, прогласувањето на територијалниот интегритет на Грција, загрозен преку НОФ, се јави како повик до Грците во Македонија и цела Грција да се борат против НОФ, да ја спасуваат Македонија под Грција.

Значи, со појавата на НОФ, во регионот настана пекол. Со тоа се создаде сива зона, опасно место за живеење и поле за воено -стратешки натпревар меѓу идеологиите за туѓи цели.

Ако и малку ја анализираме таквата неповолна ситуација, посебно, од национален интерес, никој умен не би го дигнал на оружје македонскиот народ - кој се наоѓаше во една најфлуидна (неизнасилена, но менлива) ситуација, а тоа го стори само НОФ

- диригиран од КПМ/КПЈ. За Македонците, Граѓанската војна, беше време без логика, посебно прогласувањето на НОФ -Народноослободитeлен фронт, а тоа значеше мобилизација на целокупниот македонски потенцијал под Грција. ЗОШТО?!!

Како ќе стигневме до успех?

И ден - денес, секој страдалец си го поставува прашањето ЗОШТО?!

ЗНАЧИ, НОФ БЕШЕ ОФОРМЕН И ОРГАНИЗИРАН ОД КПЈ/КПМ, И СЕ ПОКАЖА ДЕКА МАКЕДОНЦИТЕ СТАНАА ЖРТВИ ЗА ТУЃИ ИНТЕРЕСИ Прво: на 23 април 1945 година во Скопје во ЦК на КПМ, биле формирани организациите за Македонија под Грција НОФ, АФЖ и НОМС раководени од КПМ/КПЈ, се до ноември 1946 година. Програмската цел им беше извојување на националните права и правото на самоопределување на Македонците под Грција. (Види: Кирјазовски Ристо, 1966/181 и Раковски Павле,

1990/199).

Но и историчарот Лазар Лазаров, (1998/62), не упатува на извештаите испратени до француската влада на 26 септември 1945 година од страна на францускиот генерален конзул во Солун, Жерар Раул Дувал, во кои вели: „... Седиштето на организацијата НОФ се наоѓа во Скопје, на југословенската територија... по се ми се чини дека пропагандата на НОФ на Славофоните е остварување на идејата за автономна Македонија, а југословенската влада ја контролира ова организација и ја гледа грчка Македонија како сопствен дел на југословенската територија...” (стр.62)

Иторичарот Ванче Стојчев (види: фељтон „Силите што го спречија обединувањето на Македонија” (Н.М. од 8.9.2001 год.), потврдува: „... Во Скопје на 23 април 1945 година, по иницијатива на КПМ, било конституирано основачко биро на Народно - ослободителниот фронт, (НОФ) за Егејска Македонија. Со ова биро раководел ЦК на КПМ. Основна задача на оваа македонска организација била да застане на чело и да ја предводи борбата на македонскиот народ во егејскиот дел на Македонија. Во составот на НОФ биле формирани НОМС и АФЖ и сите нивни членови биле префрлени во егејскиот дел на Македонија. Покрај монархофашистичките и британските сили, присуството на НОФ го отфрлиле и ЦК на КПГ и ЕАМ кои тоа го прогласиле како загрозување на територијалниот интегритет на Грција. НОФ го покренал македонскиот народ во борба, но не успеал да се зацврсти како раководен орган. КПЈ и КПМ исто така не биле во можност да им пружат позначајна помош на Македонците во Егејскиот дел на Македонија, додека КПГ ги штитела грчките интереси.

Изјавата на Тито за „Њујорк тајмс” „... Ако Македонците од грчките области изразат желба да се обединат со другите Македонци, Југославија ќе ги почитува нивните желби ...”дејствувала потикнувачки за македонскиот народ и во ЦК КПМ но, исто така, и на противничките сили кои против силите на македонскиот НОФ во Грција применувале злосторнички мерки.” Значи, жртви на таквите состојби беа Македонците. И затоа, голема илузија е некој уште да мисли дека во меѓународните односи па и во југословенско - грчките односи важеа некои определени принципи. Принципите беа во форма на гола политика, со цел да се замаглуваат очите на светската јавност и на жртвите. Ние Македонците, не бевме во состојба да сфатиме дека посилните секогаш се раководеа од правилата на нивните стратешки државни интереси не водејќи сметка за интересите на помалите - во случајот ние Македонците. По влегувањето во нивната мрежа, ние можевме единствено да се надеваме само на Божја помош.

Ова е период кога овие организации дејствуваа надвор и независно од КПГ и беа исклучиво раководени од КПМ/КПЈ (Види:Кирјазовски 1995/10).

Нема сомнение, дека оптималната цел на НОФ (КПМ/КПЈ), беше да ги опфати тотално сите Македонци под Грција и да ги стави во функција на сенароден фронт за реализација на програмската цел. Но, се поставува прашањето: Ако таквата стратешка цел беше прифатена како грижа од КПМ/КПЈ, тогаш, зошто само пред неполни три месеци овие највисоки тела на Југославија беа против паролата: „Да го свртиме оружјето кон Солун!”, односно: „На Солун, не на Сремскиот фронт?!” Од таквата стратешка цел на КПМ/КПЈ, организацијата НОФ и АФЖ, беше организирано во 5 окружни, 10 околиски, 3 градски и 32 реонски раководства со 120 професионални кадри на НОФ, АФЖ и НОМС и беа организирани 220 села (половина од овие села се уништени во времето на Граѓанската војна - м.з. ), а функционираа 170 селски и градски организации. Во тој период биле создадени и воени формации - до баталјони.

(Види: Кирјазовски 1985/143).

Од историски аспект, самите слогани (НОФ и АФЖ) си ја имаа завршено функцијата уште кога се прогласи пред светот победата над фашизмот, но за нас Македонците изгледа тоа не важеше. Но, со тоа грчката влада го озакони (донесе специјални закони, кои исклучиво важеа само за нас Македонците), насилството против таквите организации (НОФ и АФЖ) во Грција и власта се одзва со невиден терор до крајот на Втората светска војна. Ова, се правеше, уште пред да почне Граѓанската војна, бидејќи официјално таа е прогласена на 31 март 1946 година, со решение на Вториот пленум на КПГ, одржан на 12 февруари 1946 година.

Соодносот меѓу силите на левицата и на десницата во времето кога беше донесена одлуката за почнување на оружената борба беше следниот:

Владини сили - 44 баталјони; национална стража со вкупно 30.000 лица; 8.800 офицери и војници на ридски армиски бригади. Жандармеријата беше првата државна воена сила која беше реорганизирана пролетта 1946 година. Таа тогаш броеше 27.000 луѓе, од кои 14.000 во Северна Грција, (во Македонија:

Костур, Лерин, Воден и др.) Покрај регуларните единици, беа организирани и паравоени формации, какви што беа: МАИ -(единици за заштита на внатрешноста), МАД - (едници за прогон) со околу 35.000 луѓе. Сите тие беа командовани од искусни армиски офицери. Истовремено, во цела Грција дејствуваа околу 166 вооружени терористички банди, организирани и раководени од најекстремната десница.

СТАВОТ НА ЗАПАДНИТЕ СИЛИ БЕШЕ ЈАСЕН, НО РУСКИОТ - СТАЛИНОВИОТ Е ЧУДЕН: „НЕКА СЕ БУРИЧКА ВО КАПИТАЛИЗАМОТ” И ПОДРШКА - САМО НА ЗБОРОВИ, А ЈУГОСЛАВИЈА ИМАШЕ ДВОЛИЧНА ПОЛИТИКА - ЈАВНА, СО КОЈА ГО ПОЧИТУВАШЕ ИНТЕГРИТЕТОТ НА ГРЦИЈА И ТАЈНА - СО КОЈА ГИ ПОТИКНУВАШЕ МАКЕДОНЦИТЕ ОД ЕГЕЈСКИОТ ДЕЛ НА МАКЕДОНИЈА ЗА ВООРУЖЕНА БОРБА Значи, накратко, неправедниот поредок, наметнат во Јалта, го следеше еден неред, исто така суров и без сомнение уште по крвав за нас Македонците под Грција, кои се најдовме поделени во четири држави. Идејата за светскиот комунизам беше празна во значењето од кога и да било порано, и зачудувачки е да се констатира пред оваа немоќ. Но, спрема нас по Втората светска војна, идеолошката пропаганда на туѓинците успешно си го стори своето со нас кои толку многу им верувавме на сите тие наши стратези.

Реакциите на КПГ и на владата во Атина - против формирањето на НОФ.

Како организациите: НОФ, АФЖ и НОМС, создадени во ФНРЈ

- Скопје, беа пречекани во Грција од левите сили, на кои НОФ не натера да им бидеме верни и им го поверивме сиот македонски потенцијал, па дури и децата? На 12-от Пленум на ЦК КПГ, кои се одржа два месеци по основањето на овие организации, прокламираа:

„Решително се спротивставуваме на секое територијално барање од која и да е страна против Грција. Зачувувањето на територијалниот интегритет на државата е првостепена задача на секој грчки патриот”. (ТО ККЕ АП ТО1931-1952, с. 110).

КОИ БЕА ИДЕЛОШКИТЕ ВОДАЧИ НА ГРАЃАНСКАТА ВОЈНА 1945 - 1949 ГОДИНА И ДАЛИ НИЕ МАКЕДОНЦИТЕ УЧЕСТВУВАВМЕ ВО КРЕИРАЊЕТО НА ПОЛИТИКАТА НА КОМУНИСТИЧКАТА ПАРТИЈА НА ГРЦИЈА Седмиот Конгрес на КПГ што се одржа на 1 октомври 1945 година, на кого учествуваа 223 делегати од кои мнозинството припаѓаа на работничките партии и на земјоделската селска партија.

Во раководството на партијата, во централниот комитет и во Политбирото завладееа кадри на „генерацијата 30 годишници”.

Такви беа кадрите, а Захаријадис - генералниот секретар на комунистичката партија, беше на чериесет и две години.

Составот на централниот комитет се состоеше од следните лица:

Постојани членови (30)

Анастасијадис Стергиос, Арамбаѕис Никос, Василијадис Аристос, Вутусјанос Мичос, Вафијадис Маркос, Вландас Димитрис, Грозос Апостолос, Еритријадис Гиоргис, Загурџис Никос, Захаратос Милтијадис, Захаријадис Никос, Зевгос Гианис, Зографос Зисис, Иоанидис Гианис, Кацаврас Василис, Маркезинис Василис, Мавроматис Панагиотис, Музенидис Адам, Барџиотас Василис, Бланас Ахилеас, Парцалидис Мичос, Плумбидис Никос, Порфирогенидис Милтијадис, Русос Петрос, Сјантос Гиоргис, Сукарас Сотирис, Стрингос Леонидас, Титилос Гиоргис, Хаџивасилиу Хруса, Хаџис Танасис.

Кандидати за постојани членови (15)

Вазванас Вангелис, Ветас Викос, Вонтисиос Гиоргис, Гифтодимос Костас, Димитриу Гиоргис, Теос Костас, Капета Алегра, Кату Роди, Колигианис Костас, Лулес Костас, Макридис Теодорос, Махараопулос Христос, Парцалиди Авра, Румелиотис Никос, Тсијанис Михалис.

Составот на централната контролна комисија (5)

Данијалидис Полидорос, Карагкицис Пантелис, Папаригас Мичос, Синакос Михалис, Фармакис Костас.

Еден ден по завршувањето на работата на 7-от конгрес на 7 ноеври 1945 година се свика првиот пленум и на него се избра Политичкото Биро на Централниот Комитет на Комунистичката Партија на Грција и се изабраа:

Постојани членови (7)

Сиантос Гиоргис, Захаријадис Никос, Иоанидис Гианис, Хаџивасилиу Хриса, Парцалидис Мичос, Барџиотас Василис, Петридис Тасос, (Анастасијадис Стергиос)

Кандидати за постојани членови (3)

Стрингос Леонидас, Зевгос Гианис, Русос Петрос.

КПГ во десетлетниот период на 1940 година претставуваше од поглед на возраста еден млад организам со доста млади луѓе.

Групите на возраста на 7-от конгрес беа како што следи:

20-30 години 73 преставници 31-40 години 100 преставници 41-50 години 46 преставници Забелешка: Значи, ние Македонците не бевме политички а ниту воен фактор Преглед:

ХРОНОЛОГИЈА НА ПОВАЖНИТЕ НАСТАНИ ВО 1945 ГОДИНА Датум Опис на настаните или документ 12.02.1945 - Во Варкиза, одморалиште што се наоѓа близу до Атина, потпишана е спогодба меѓу раководството на движењето на отпорот на КПГ и ЕАМ од едната и Владата на Пластирис и британскиот генерал Скоби од другата страна. Со таа спогодба се потчинува грчката команда под англиската за Блискиот Исток, (на 12 февруари 1945 година), ЕАМ и ЕЛАС практично и ја предадоа власта на десницата.

23.04.1945 - Во Скопје, во просториите на ЦК на КПМ, формирана е организацијата НОФ (Народно Ослободителен Фронт) на Македонците под Грција. Во составот на оваа организација се формирани АФЖ и НОМС. Од формирањето се до т.н. „Братство и единство” помеѓу НОФ и КПГ, НОФ дејствуваше спрема директивите на КПМ/КПЈ, а потоа помина под команда на КПГ се до нејзиното расформирање.

26.04.1945 - Во Москва Маршал Тито даде изјава за „Њујорк тајмс” во која вели: „Ако Македонците од грчките области изразат желба да се обединат со другите Македонци, Југославија ќе ги почитува нивните желби.” 20.06.1945 - А на 20 јуни 1945 година во близината на Воден, Егејска Македонија, е одржана Окружна конференција на НОФ за Воденско. На конференцијата, на која зедоа учество 125 делагати од градот и од селата, реферат за идеолошките содржина на борбата и нејзините форми на борбата поднесе членот на Главното раководство на НОФ Павле Раковски, а за финасиската положба - секретарот на Окружното поверенство на НОФ Вангел Ајановски - ОЧЕ. Делегатите, покрај другото, побараа ликвидирање на терористичките селски полјаци.

(Н.М./94)

28.06.1945 - Се одржа XII-от Пленум на ЦК на КПГ, а во одлуката се вели: „НОФ, со брзото омасовување и со неговите воени формации, опасно го загрозува грчкиот карактер на Македонија; грчките позиции и интереси во неа и територијалниот интегритет на грчката држава”.

29.06.1945 - ПРОГЛАС од Окружниот комитет на КПГ за Воденско, од членовите на КПГ и народот во Воденско, со кој се осудува организацијата НОФ.

1945 - Грчката законодавна власт донесува закони против организацијата НОФ, АФЖ и НОМС.

ЗАКОН 543/45: „Против организацијата НОФ и лицата што дејствуваат за отцепување на грчки територии”.

07.07.1945 - ЗАКОН број 453 и ЗАКОН ТОД:/45 „За ред, мир и правда” „За обезбедување на јавната безбедност” 18.07.1945 ЗАКОН КЗ 43: „Против автономистичката дејност”со кој закон македонските организации НОФ, АФЖ и НОМС се прогласени за автономистички, и се ставаат надвор од Законот и нивните членови се прогласуваат за бандити и им се суди за Велепредавство.

20.07.1945 - ПРИНУДНИОТ ЗАКОН (КЗ) 4124: „За кривично гонење на сомнителни лица”.

20.07.1945 - ДЕКРЕТ „Г и други закони: ПЗ 433/45” „Околу илегалното поседување на оружје”, ПЗ 753/45 “Околу илегалното поседување и употреба на оружје”. „За вонредни мерки и за јавна безбедност”.

РАЗВОЈОТ НА НАСТАНИТЕ ВО 1946 ГОДИНА Развојот на силите на партизаните и андартите и итрата тактика на генерал Маркос за неомасовување на вооружените сили Развојот на левите сили (КПГ и ЕАМ), низ политичките настани во почетокот на 1946 година се одвиваа спрема концептот за неомасовување на населението во вооружен отпор и од таквиот став беа враќани илјадници војници и офицери, сите симпатизери и членови на КПГ и на ЕЛАС, кои беа жестоко прогонувани од новата власт на Атина.