Guilty Without Guilt (Short Version)
ТУКУ СЕ РЕАЛИЗИРА СЛЕДНОТО - Part 05
СНОФ (Славомакедонски народен ослободителен фронт), формиран во октомври 1943 година во селото Осничани, Костурско, од секретарите на обласниот комитет на КПГ за Западна Македонија: Христос Калфас-Андреас и секретарот на Окружниот комитет на КПГ за Костурско Андонис Андонопулос-Периклис, како и секретарот на Окружниот комитет на КПГ за Кожанско, Танасис Карцунис. Сето тоа е направено со намера да ги разбијат и привлечат комитите, со уверување дека веќе се формирани македонски организации. На СНОФ ѝ беше дозволено за еден период да се образуваат еласити од Македонци, само до бројност на еден одред, но под команда на ЕЛАС. Но организацијата СНОФ и воените единици на СНОВ (Славомакедонска народно ослободителна војска), беа расформирани на 26 септемри 1944 година, со потпишувањето на договорот во Казерта – мало гратче во Италија, меѓу КПГ, ЕАМ, ЕЛАС и грчката влада во бегство на чело со Георгиос Папандреу и Британскиот штаб за Среден Исток. Со овој договор, дефинитивно беше запечатена судбината на левите сили и на Македонците во Грција.
Партискиот весник „Лаики фони” објавувајќи го фамозното интервју на Бакерѕис му соопштува на светот дека се работи за „булгарофони Елини”, а врховниот командант на ЕЛАС, генералот Стефанос Сарафис, во својата позната книга „О ЕЛАС” (1946, 331), за Македонците зборува како за „славофони Елини”. И уште нешто што треба да се знае: Грција, по Балканските војни, со Нејскиот мировен договор (27.11.1919 год.) склучен со Бугарија и во 1923 во Лозана (Швајцарија), склучениот мировен договор со Турција, направи етнички промени на својата територија, при тоа вклучувајќи во договорите задолжителна размена на населението.
Македонскиот народ веќе го имаше изгубено етничкотериторијалниот статус. Грција и во Втората светска војна ова прашање го елиминира, и тоа кога командантите на ЕЛАС, ЕАМ и КПГ ги потпишаа договорите и тоа: (во Либан на 16.07.1943 год, во Казерта на 26.09.1944 год., и во Варкиза на 12.02.1945 год.) со англискиот полковник Еди Мајерс, и со тоа Грција ја доби заштитата на територијалниот интегритетот на државата со границите – СТАТУС КВО. Понатамошниот развој на настаните покажаа нова БАЛКАНСКА ЗАБЛУДА (1945 –
1949), пак дело на КПГ и КПЈ. Тие нè турнаа во хаос, во македонски нихилизам, грешки, поданство и со губење на огништето – еднакво на национален пораз. Сите овие демагози кои беа за „вистинитоста” на паролата за Обединета Македонија, беа свесни за лагата со која се служеа. Тие официјално остануваа на ставот дека македонското прашање е закана за мирот на Балканот. Но, за нас Македонците, неспорно беше дека ни остануваше само историското неприкосновено право на татковата земја, оти немаше смисла да се живее без идентитет, но дали под туѓинската измама требаше токму така да се саможртвуваме? Впрочем, органот на ЦК КПГ, двонеделното списание КОМЕП, број 16, од август 1943 година, убаво објаснува: „Во грчка Македонија нема национална испомешаност... Словенското и турското население се иселени според конвенциите, а грчкото население е собрано од сите земји на Балканот и од Мала Азија во грчка Македонија... која станала толку грчка колку и секоја област на стара Грција!”
(стр. 331).
Наум Пејов, роден во селото Габреш, Костурско, во 1919 година. Член на КПГ од пред војната. Во 1939 година е уапсен од грчката полиција. Во НОВ е од 1941 година. Командант е на партизанскиот македонски одред „Лазо Трповски”. Член е на окружниот комитет на СНОФ за Костурско. Ја раководи групата борци што ги напуштија воените редови на ЕЛАС и преминаа во Вардарска Македонија во мај 1944 година.
Заменик командант е на Првата егејска бригада. По војната зазема разни високи политички и државни функции во СР Македонија.
Во суштина биле формирани две организации: СНОФ за Костурско, формирана во октомври 1943 година и СНОФ (која беше формирана од ЕАМ со намера и предлог на Темпо, дека ќе се бори заедно со еласитите и со тоа да ги придобие костурските комити. Организацијата беше строго контролирана од ЕАМ и ЕЛАС т.е. од грчките раководители). Во Леринско, СНОФ е формирана во ноември истата година, во с. Белкамен.
Настојувањата организацијата СНОФ да претставува една организациона целина за сите Македонци од егејскиот дел на Македонија, како и барањата организацијата да не дејствува самостојно, односно надвор од рамките на ЕАМ, биле поддржани од КПГ. Треба да се знае и тоа дека во јануари 1944 година од КПГ било дозволено и формирање на воена Славјаномакедонска народноослободителна војска (СНОВ), под директно раководство на ЕАМ и ЕЛАС. Подоцна, токму од овие одреди беше оформена „егејската бригада”, која од составот на ЕЛАС премина во Титовата армија, во Југославија.
На 23 април 1945 година во Скопје, по иницијатива на КПЈ/КПМ, од нив биле формирани органициите: НОФ, АФЖ и НОМС и испратени во Македонија под Грција.
Цветко Узуновски-Абас, одговорен за ОЗНА. На Пленумот на ЦК КПМ, одржан во текот на летните месеци од 1945 година, предложил да се заземе фронтален став спрема групата која скршнала од правиот пат на КПМ и нивното фракционерство во партијата. Во таа група биле: Методија Андонов-Ченто, Венко Марковски, Михајло Апостолски, Киро Глигоров, Лазар Соколов, Петре Пирузе, Благој Хаџи Панзов, помагани од Димитар Влахов.
Моето долгогодишно истражување има за цел да открие: кој им помогна, (одмогна), на Македонците под Грција по поделбата (1913), да си ги сочуваат, (напуштат), многувековните цивилизациски традиционални вредности на етничкиот простор и се да дојде под ударот на тотален геноциден зафат над мојот мирен македонски народ?
Државното партиско раководство на Југославија на седницата на Политбирото на ЦК на КПЈ од 21 март 1945 година се изјасни за изградба на социјализмот во Македонија, преку реферирањето на Миха Маринко. Состанокот го заклучи Тито истакнувајќи дека во Македонија сè уште не е изживеан михајловизмот. Тој живее во буржоазијата, но и во селанството.
Партијата ги популаризира. Тие треба прво на конкретни дела да се разоткријат. Македонија треба да се задржува и опстојува со сопствени сили. Треба да се критикува Ченто во партијата, Влахов треба да се повика овде. Прашањето на тие луѓе треба внимателно да се реши... Македонија сè уште ништо не даде за оваа војна и ние ќе мора да побараме повеќе да дава за војната и обновата на земјата... Потоа набрзо се одржа Пленумот на ЦК КПМ.
Види: ставот на Цветко Узунов-Абас.
Во слободна Битола на 18 ноември 1944 година беше формирана „Првата егејска бригада”, од борците на двата пребегани баталјони од егејскиот дел на Македонија. На 28 декември 1944 година бригадата беше распоредена во Западна Македонија: Кичево, Гостивар и Тетово. Бригадата доби задача да се бори против балистичките банди на Џемо и Мефаил, кои биле формирани уште за време на италјанско– германската окупација. Со специјална наредба под број 236 (строго доверлива), од маршалот Тито, на 2 април 1945 година е побарано расформирање на „Првата егејска бригада”.
Во 20-от век, по поделбата на Македонија во 1913 година и сè до Втората светска војна, во Австралија, Америка и Канада беше создадена уште една Македонија. Години со ред Македонците во Граѓанската војна (1945 – 1949), повеќе од 20 илјади го дале во залог својот живот за Македонија, други останале по затворите, логорите и островите низ Грција, а голем дел најдоа прибежиште во европските земји од социјалистичкиот лагер: СССР, Полска, Чехословачка, Унгарија, Романија, Бугарија и Источна Германија создавајќи уште една емигрантска Македонија, но во душата ја носеа татковината Македонија, посакувајќи во секој миг да се вратат и да се соберат со своите семејства во неа. Враќањето почна по подобрувањето на односите помеѓу Југославија и СССР, воедно и со сите источноевропски земји, така да Македонците како политички емигранти почнаа да се враќаат во Република Македонија. Првата институција со која се сретнаа беше КПД
„Идризово”. Имено, таму, во затворот, се вршеше проверка дали семејството кое се враќа во својата татковина е југословенски ориентирано, односно на која македонска фракција ѝ припаѓа. Но, во годините што следуваа не важеше изјавата... се враќам во Македонија затоа што сум Македонец, туку важеа правилата на УДБА.
*** Комити – На 5 март 1943 година во Костур е формирана првата вооружена воена единица – Комити во Македонија под Грција.
Тие брзо се појавија во 54 села и нивната бројка беше 9.850 вооружени селани, наречени комити. Комитите беа формирани за одбрана од вооружените грчки националистички банди, кои во 1943 година во Западна Македонија растураа летоци со застрашувачки пароли, против Македонците, и секако против македонските Комити. КПГ на 20 октомври 1943 година ја формира организацијата СНОФ (Славомакедонски народноослободителен фронт) со цел уништување на комитите.
А, по уништувањето на комитите во април 1944 година, КПГ донесе решение за расформирање на СНОФ и СНОВ и тогаш една група Македонци, кои служеле во ЕЛАС, во знак на протест се одделија од ЕЛАС и се приклучија кон партизанските единици од Вардарска Македонија во Титовата армија.
Никос Захаријадис е роден на 27 април 1903 година во Одрин (Адријанополис), Источна Тракија. Татко му бил вработен како службеник – експерт во француската трговска компанија за тутун „Рези” со седиште во Цариград. Никос Захаријадис во 1911 – 1912 година живее во Скопје, во населбата „Ибни Пајко”, каде што неговиот татко работел во претставништвото на споменатата компанија „Рези”. Во Скопје Захаријадис оди на училиште. Во 1913 година се преселува во Солун. Во 1922 и
1923 година како морнарски работник допатувал во Советскиот Сојуз, каде се зачленил во КПСС. Во 1924 со размената на населението помеѓу Турција и Грција, семејството Захаријадис се преселило во Грција. Во 1924 година го посетува познатиот комунистички универзитет за народите од Источна Европа, КУТВЕ, во Москва. Никос Захаријадис бил лидер на грчкото комунистичко движење и генерален секретар на КПГ, од 1936 година до 1956 година. Захаријадис упорно го култивираше во редовите на КПГ култот и сета доверба во апсолутната непогрешност на КПСС и на Сталин, факт кој како што и самиот призна, многу скапо го плати грчкото комунистичко движење, грчкиот и македонскиот народ и самиот тој. Се самоуби како робијаш во градот Соргун во Сибир 1973 година.
Како последица од Балканските војни (1912–1913 год.) и со Букурешкиот мировен договор од 28 јули (10 август), 1913 година, со кој се завршени Балканските војни, санкциониран од Нејскиот мировен договор од 14/27 ноември 1919 година и од Севрскиот мировен договор од 28 јули (10 август), 1920 година, Македонија беше поделена меѓу Грција, Србија, Бугарија и подоцна од Албанија, која ги доби Долна Преспа и Голо Брдо.
Грција доби 34.356 или 51% од македонската етничко – историска територија ; Србија 25.713 или 39%; Бугарија
6.798 или 9,5% и Албанија 0,5% од македонската – историска територија.
Види под А/Нејскиот мировен договор и под Б/Лозанскиот мировен договор.
Со поддршка на левите политички сили, пред сè на комунистичкото движење, во 1924 година се постигна договор за создавање на ВМРО (Обединета) за сите делови на Македонија. Беа издадени Декларација и Манифест, во април, односно мај 1924 година од програмски карактер. Некои ставови и денес претставуваат посебен интерес. „ВМРО (Обединета) во својство на вистинска револуционерна сила се бореше за ослободување на раскинатите делови на Македонија, во една наполно самостојна (независна), политичка единица во нејзините природни етнографски и географски граници”, се вели во програмските цели. На 6–тата Конференција на Балканската комунистичка организација (Б.К.О.) – која беше призната од КОМИНТЕРНАТА, во март 1924 година, официјално се прифати бугарскиот предлог за создавање на „Обединета и независна Македонија” во рамките на една „Балканска федерација”. И КОМИНТЕРНА-та на својот 5–ти Светски конгрес во мај 1924 година го уважи горното решение на БКО. (Претставниците на КПГ на овие конгреси Пулиопулос и Максимос, како и други преставници на КПЈ, беа принудени да го прифатат ова решение, за да не бидат обвинети дека се разбивачи на меѓународното комунистичко движење). За крај како резултат на 3–от Конгрес на КПЈ што се одржа во Виена во јуни 1926 година, беше прифатено решението на КОМИНТЕРНАТА за создавање на „Независна Македонска држава” и овој став КПЈ го потврдува на 4–от Конгрес одржан во октомври 1928 година.
„Водечките македонски активисти, осудувани од КПГ, беа прифатени од КПМ/КПЈ. Со јавна поддршка на КПМ/КПЈ се конституира Политичка комисија за Егејска Македонија (октомври, 1944), се формира Првата македонска егејска бригада (ноември, 1944), а потоа, наместо нив, се формира сенародна политичка организација наречена: Народен ослободителен фронт – НОФ, (Истовремено со НОФ се формираа и АФЖ и НОМС во април, 1945), чија воено– политичка активност наскоро стана основен белег на времето во тој дел на Македонија.
Паскал Митревски од должноста секретар на Политичката комисија на Македонците под Грција, по решение на ЦК на КПМ на почетокот на февруари 1945 година замина за Белград, со цел да ја посетува тримесечната партиска политичка школа, која беше организирана од ЦК на КП на Југославија.
Караиванов бил специјален Титов разузнавач и агент на советската НКВД и инструктор на Коминтерната. Перо Симиќ, во својата книга, „Тито – Тајна на столетието” за македонското издание ТОПЕР, Скопје, 2009 г. стр. 240, пишува: На Петтиот конгрес на КПЈ во нејзиниот ЦК избран е и енкаведеовецот Иван Караиванов-Шпинер. Три години порано, овој бугарски екстремист не ја добил очекуваната положба од комунистичката власт во Софија, па Тито го повикал, своите политички амбиции да ги оствари во Југославија.
„Од железничката станица во Белград заминал право во резиденцијата на Тито на Дедиње:
Дали докажавте дека нашата партија е верна на револуцијата и на Коминтерната – прашал Валтер.
И повеќе отколку што треба! – одговорил Караиванов”.
...Тито му дал на Караиванов-Шпинер вила на Дедиње, го избрал во својот Централен комитет и му овозможил да стане пратеник во Сојузното собрание на Југославија. Го прогласил за „Јунак на социјалистичката работа”, кого челниците на КПЈ го ословувале со „револуционер кому светот му е татковина”.
Непосредни соработници и инструктори на генерал Маркос Вафијадис биле и: Ѓуза Радовиќ, Обрад Трниниќ, Мишо Врбица, Велимир Доцниќ, Светислав Стојановиќ и Петар Луциќ, сите од КОС на Србија.
Според КПГ Трумановата доктрина значи потчинување на Грција на американските интереси, потоа КПГ смета дека Грција под раководство на САД ќе послужи како мостобран против балканските народни републики и Советскиот Сојуз. На 20 јуни 1947 година е потпишан Грчко–американскиот договор за реализација на доктрината. Во договорот е предвидено зајакнувањето на теророт преку примена на планот за масовни апсења, како што се од 9 – 10 јуни 1947 година и други.
Пролетта 1947 година македонската организација НОФ постигна крупни политички и организациони успеси. Во ре-довите на НОФ, АФЖ и НОМС членуваа 16.349 лица. Во регуларните единици на ДАГ се бореа повеќе од шест илјади Македонци и Македонки. Слободната територија што беше создадена главно на територијата на Егејскиот дел на Маке-донија, беше претворена во работилница каде што стари и млади, жени и мажи, работеа за потребите на ДАГ.
Панихида во Штип за 150 млади, кои беа насилно земени од суверената Југославија и испратени во суверена Грција, во прегратките на смртта во Граѓанската војна, само затоа што тие беа родени таму. На страниците на „Н.Македонија” од 29 мај 1994 година веќе и отворено се идентификува кој го правел таквиот „национален долг” и им го покажал патот до „слободата”, на овие млади луѓе, коишто ги оставија коските на Грамос. Тоа е Синдрофос Мичос (како што се претстави:
политичар, револуционер и мобилизатор). Тој вели: „...Дојдов во Скопје и за четири месеци испратив стотина борци во редовите на ДАГ”.
Во градот Костур има биста на генерал Џејмс А. Ван Флит.
Како прв човек на американската воена мисија, тој сторил многу за да заврши Граѓанската војна со успех на грчката владина армија. Генерал Маркос Вафијадис – комунист, тутунски работник, член на КПГ од 1928 година. Член на ЦК на КПГ од 1942 година, втор секретар на бирото на КПГ за Македонија и комесар на Групата дивизии на ЕЛАС во Македонија под Грција. Воен командант и претседател на Привремената демократска влада на Грција за време на Граѓанската војна. Во Резолуцијата на ПБ на ЦК КПГ од 15.09.1948 година се вели дека и Маркос Вафијадис како комесар на Групата девизии на ЕЛАС во Македонија следел шовинистичка политика спрема Словеномакедонските борци.
(Сл. „Неос космос” август 1950. „Десет години борба” стр. 470).
На седницата на Претседателството на организацијата „Илинден” на Македонците од Егејска Македонија, формирана по иницијатива на Захаријадис, што се одржа на 4 јуни 1956 година, раководителот на организацијата, полковникот Пандо Вајна, во својот реферат во врска со прогонот на Македонците од КПГ, меѓу другото рече: „...Во периодот на борбата на ДАГ и после поразот, Захаријадис спроведуваше политика на клеветење и прогонување на еден добар дел од славомакедонските кадри и народни борци. Сосема неосновано и многу лесно им се лепеше етикета „агент на непријателот”.
Врз основа на лажни обвинувања во 1948–1949 година и подоцна, повеќе Славомакедонци беа уапсени, а некои од нив и ликвидирани... (Ам, Ф–21/1600)
На 21 февруари 1947 година британската влада ја извести американската влада дека на 31 март истата година, поради економски тешкотии, ќе прекине да ја помага Грција.
Американската влада ценеше дека доколку не ги преземе обврските од Британија спрема Грција, ќе се соочи со поголеми последици. За да не се случи тоа, председателот на САД Труман ја соопшти својата доктрина за доделување на 300 милиони долари помош за Грција, односно за заштита на атинскиот режим позната под името „Труманова доктрина”.
На 12 февруари 1945 година, во Варкиза, одморалиште што се наоѓа близу до Атина, потпишана е спогодба меѓу раководството на движењето на отпорот на КПГ и ЕАМ од една и Владата на Пластирис и британскиот генерал Скоби од другата страна. Со таа спогодба на ЕАМ и ЕЛАС (војската на ЕЛАС во цела Грција броеше околу 70.000 борци), уште на 16 јули 1943 година, раководството на ЕЛАС и шефот на англиската воена мисија полковникот Еди Мајерс, потпишаа спогодба со која ја потчинија својата команда под англиската на Блискиот Исток, со што практично ѝ ја предадоа власта на десницата. Тоа беше крајниот резултат на ЕЛАСИТИТЕ.
Британската влада имаше ангажирано бројни сили. Во Солун била извршена концентрација на околу 80 илјади луѓе и бројни моторни возила, тенкови и топови. На аеродромот Серес (12 км од Солун) имало околу 200 британски ловечки авиони и 60 бомбардери.
За хронологијата на настаните од пеколот на војната, најмногу е користена литература која е наведена на крајот од книгата.
Шаторов, Методија - Шарло (Прилеп 1897 – Бугарија, септември 1944). Од крајот на Првата светска војна емигрант во Бугарија. Член на БКП од 1920 год. Во 1929 год. емигрира во СССР. Од пролетта 1940 до септември 1941 бил секретар на ПК КПЈ за Македонија. Се застапува за формирање на сопствена македонска држава и обединување на Македонија, со потенцирање на македонска национална индувидуалност.
Отстранет од функцијата секретар (по налог од Тито), по разрешувањето на спорот меѓу КПЈ и БРП – преку Коминтерната, за припадноста на ПК за Македонија на Југославија или Бугарија.
Бунтот на Скопското кале и Штип: недела претпладне, 7 јануари 1945 година – Божик. Во офицерскиот дом на плоштадот во Скопје се одржува Вториот конгрес на Народната младина на Македонија. Стотици војници, вооружени, се симнуваат од Калето и преку Камениот мост доаѓаат пред Офицерскиот дом. Со транспаренти, извикувања, мешаница, пароли „Не сакаме на Срем, сакаме на Солун” и „Не на Берлин, туку на Солун”. ОЗНА почнува да ги апси.
Големиот револуционер Георги Димитров раководеше со Коминтерната и со Бугарија. Георги Димитров, чие име го има во сите светски енциклопедии, потекнува од македонско семејство. Беше раководител во Комунистичката интернационала во Москва, а во повоените година стана прв човек на бугарската држава.
Бројката е сè поконкретна и поприфатлива, спрема извештајот на УНСЦОБ, од август 1949 (А/935, стр. 16) во кој се потврдува: „Во периодот на 1948 година, околу 25.000 Elinopula
– Грчиња се иселени од Грција и се сместени на териториите на Северните соседи на Грција и во други земји.” Во јануари 1950 година, еден претставник на грчкиот Црвен крст, поднесе извештај: „за збирниот број на грчките деца кои добија азил во северните земји на Грција и дека бројката во јануари 1950 година, достигна до 28.296 деца”. Истовремено, тој даде и една прегледна анализа за збирниот број на децата и во кои земји се стационирани: „Албанија: 2.000, Бугарија: 2.600, Унгарија:
3.000, Полска: 3.000, Романија: 3.801, Чехословачка: 2.235, Југославија: 11.600. „(Извештајот на УНСЦОБ А/1307, 1950, стр. 23.)
Во книгата, за воспитувањето на децата, од Танасис Мицопулос, се вели дека: „Имаше и повеќе од 25.000 деца, но и Василис Барџиотас, прокоментира, дека сме иселиле 25.000 деца, а владата во Атина, тој број го покачува на 28.000.” Моја забелешка: навистина КПГ и ДПВ си го одржаа ветувањето пред светот и се изборија по војната да се вратат, но само децата „Грци по род”. Оттогаш, веќе половина век, се слуша само лелекот на македонските родители и на тие деца кои се прашуваат: Зошто КПГ не се погрижи да ги врати Македончињата? Зошто заборавила дека на илјадници од нив, нивни татковци и мајки ги оставиле коските на Грамос, борејќи се само за интересите на КПГ!?
Партизанскиот весник (ДАГ) „Ексормиси” излегуваше на секои петнаесет дена. Се уредуваше и се печатеше на планината Грамос.
Александар Ранковиќ, со партизански прекар Марко, е роден на 28 ноември 1909, во околината на Обреновац, Србија, творец на КОС и УДБА и нивна жртва.
Германос Каравангелис е роден во 1866 година во с. Стипси на островот Лезбос. Завршува на Минхенскиот универзитет со голем успех и желбата му била да се посвети на просветата како професор по теологија, но по барање на грчката влада во 1900 година е назначен за Митрополит на Костурската Епархија.
Каравангелис за кратко време по сите костурски села создава цела мрежа од свештеници, учители и други, кои ги поткупувал со златни лири. Тој во своите спомени детално ги опишува акциите и најсуровите методи што ги вршел при погрчувањето заедно со Павлос Мелас, началник и организатор на грчките андарски чети, кои се појавија во Македонија во 1901 година.
СЛАВОМАКЕДОНЦИ?! Дали ние Македонците по наша волја или по волја на КПГ прифативме да се викаме „Славо– Македонци”? Зошто и како се сложивме со таквиот племенски атрибут кој важеше за идентификација на Македонците Словени. Дали грчките комунисти го направија тоа со намера и во најголем дел и го внесоа во целокупната историска документација од Граѓанската војна (1945 – 1949), а ние тоа го прифативме, па дури и се гордеевме дека пишуваме историја на Славомакедонците.
Резолуцијата на Инфорбирото, ПБ на ЦК на КПГ ја прифати на 30 јуни 1948 година, а ЦК на КПГ на својот Четврти пленум, одржан на 28 и 29 јули 1948 година На 16.06.1949 година Извршниот одбор на АФЖ на жените Македонки од Егејска Македонија усвои резолуција за активирање на жените Македонки во одбрана на фронтовската линија Вичо.
Се поставува прашањето: Дали овој прв човек на НОФ, за којшто историографијата вели дека НОФ претставуваше воено политички фактор, тоа го прави од незнаење? Тоа не може да биде, бидејќи тој истиот, Павле Раковски, беше прв човек при формирањето на организација СНОФ во Костурско (20 октомври 1943 година), но исто така и прв човек на организација НОФ во Скопје (23 април 1945 година).
Конференцијата на Јалта траела од 4 до 11 февруари 1945 година. На неа присуствувале претседателите на Велика Британија (Черчил), СССР (Јосиф Висарионович Сталин) и САД (Рузвелт), во присуство на нивните министри за надворешни работи.
Почетокот на македонското прашање некои западни дипломати го датираат од 1870, кога Русија ја принуди Турција да дозволи формирање на посебна бугарска православна црква – Егзархија, со контрола врз деловите од турската провинција Македонија.
Користете ги левата и десната стрелка за да ја свртите страницата.
Испечатено од https://macedonianhistory.ca/mk/narrative/guilty-without-guilt-mac/28 на 29 октомври 2026