Б. КАКО ТЕРОРИСТИТЕ СТАНАА
Б. КАКО ТЕРОРИСТИТЕ СТАНАА
„ХУМАНИТАРЦИ”?
16. Некој ќе праша – ако зад војната од 2001-та навистина беа САД, како е можно генсекот на НАТО, Британецот Робертсон, припадниците на ОНА на почетокот да ги нарекува бандити и терористи? Нели тврдиме дека НАТО е под голема контрола на САД?
Контрадикцијата е неспорна, но само на прв поглед. На почетокот, САД водеа супертајни операции и на Косово (УЧК), и во Македонија (ОНА), кои никој не смееше јавно ниту да ги спомне, камоли да ги поддржува. Најмалку зад нив можеше да застане алијансата. Во прашање беше реализација на класична висока и нечиста политика.
Робертсон немаше, ниту можеше да има, изворни информации.
17. Следното логично прашање е – а зошто тогаш дојде до пресвртот? Зошто не беа ослободени „албанските територии”, туку се појави шестото соопштение, со кое ОНА агресијата ја претвори во борба за човекови права? Зар е можно САД да биде поразена?
Единствено можно објаснување е дека целта се покажала – недостижна! Истото тоа се случи и со трите општини во Јужна Србија, каде исто така се водеше кратка војна за присоединување кон Косово. И таму, како и кај нас, основната цел не беше постигната, но последиците од кратката војна остануваат – несогледливи и трајни. Се покажа, за наша среќа, дека амбициите биле поголеми од реалните можности. Не успеаја да ја кутнат Македонија и покрај фактот дека претходно ни ја подметнаа и МПРИ, да ја растури армијата и да нè шпионира. Терористите не ја постигнаа целта и покрај тоа што во војната ние демонстриравме срамна поделеност, некадарност, неорганизираност, некоординираност...
18. САД ги презедоа сите потребни мерки, вклучувајќи и кадровски, за да успее војната во 2001-та. Непогрешливо испланирано од американските служби – Роберт Фровик го испратија со специјален статус во Мисијата на ОБСЕ во Скопје, во најкритичните мигови за земјата. Тој неспорно беше човек на ЦИА, иако се тврди дека бил и поранешен американски дипломат. Ако и бил, сигурно работел по задачи на Агенцијата. Во слична функција, во Скопје, подолго претстојуваше и на почетокот на 1990-те години кога бескрупулозно се мешаше во внатрешните работи на земјата, на штета на долгорочните македонски интереси.
Овој пат, тој беше именуван во моментот кога терористите станаа „хуманитарци”, откако не успеа планот да се кутне Македонија. Дојде со прецизна задача – а) да создаде услови за наметнување на согласност која, подоцна, ќе се вика Охридски договор, со кој ќе се рекомпонира државата и б)
агресорите да ги вклопи во политичкиот систем на земјата.
За реализација на такви замисли, подобра алатка од ОБСЕ – нема.
18. 1. Помирувањето на албанските лидери од земјава, со водачите на терористите од Косово, сигурно била најтешката задача на Фровик. Убедувањето на лидерите на политичките партии на Албанците во Македонија, ДПА и ПДП, да ја прифатат ОНА, Фровик го заврши успешно во Призрен, промовирајќи го паралелно и (нацртот на) текстот на идниот договор од Охрид. Под негов диктат, Арбен Џафери (ДПА), Имер Имери (ПДП) и Али Ахмети (ОНА) потпишаа Призренска декларација (на 22 мај 2001), во која се опфатени (скоро) сите основни елементи од претстојниот Рамковен договор. Во неа, покрај другото, се бараат сериозни измени на Уставот за да се постигнела „еднаквост на Албанците со Словените во Македонија” (нема Македонци!); „извршување на воената обврска во општините на раѓање” (со што, практично, се најавува федерализирање или поделба на земјата!); „влегување на силите на НАТО на целата територија на Македонија” и сл.
Фровик сето тоа го правеше зад грбот на македонските власти по што беше протеран од земјата. Дали тој постапувал лично и индивидуално, или работел по нечии прецизни инструкции – нека ценат читателите. Со најголема сигурност можеме да тврдиме дека а) татко му или дедо му не го пратиле во Македонија и б) ОБСЕ немал никаква улога во сето тоа, освен што бил искористен како механизам.
„Призренската декларација” е кристален доказ дека текстот на Охридскиот договор е – американски. Нема никакви дилеми дека Фровик работеше директно за Вашингтон, и по негови инструкции, а тоа значи дека и декларацијата е нивно дело.
18. 2. ДПА и ПДП немаа друг избор. Тие мораа да ја проголтаат ОНА бидејќи зад неа стоеја – САД. Ако не беше така, немаше никакви шанси да се дојде до „Призренската декларација”. Може само да се замисли како се чувствувале Џафери и Тачи во тие времиња? Пред нивни очи се реализира војна во Македонија, водена од Албанци, во која тие не беа вклучени, а мораа да ја поддржат! Што мислите, ако не беа САД, со целата своја тежина и менаџмент зад војната, Џафери и Тачи ќе прифатеа да соработуваат и истовремено да бидат на маргините? Дали тие би се сложиле некојси Али Ахмети и чичко му Фазли Велиу да станат фактори на македонската политичка сцена, на која тие беа неприкосновени, ако на тоа не ги натераа – САД?
А, доколку навистина тоа беше „албанска војна”, зошто некој друг би ги „терал”?
18. 3. Или, погледнато од друг аспект – доколку САД не го водеа орото и не застанеа со целиот свој авторитет зад Ахмети и чичко му – дали можеше да се исклучи и директна оружена конфронтација меѓу Џафери, Тачи и нивните, од една, и Ахмети, Фазлиу и учковците, од друга страна?
Поточно – отворена меѓуалбанска конфронтација? Првите би го бранеле своето, а другите беа класични агресори. Иако – сите беа Албанци. Опасност, секако, постоела, но врвната американска дипломатија, која од заднина ги влечела сите конци, исклучувала такви опасности. Тоа сигурно била и една од причините за нивниот нагласен ангажман за време на целата војна.
И денес (2013), односот меѓу Мендух Тачи (додека беше жив и Арбен Џафери) и Али Ахмети е – ист: цело време се гледаат преку – нишан!
19. Џафери и Тачи беа соочени со сериозен хендикеп. По косовската епопеја, со која САД се здоби со траен кредит кај Албанците, тие не можеа поинаку да реагираат. Немаа маневарски простор да ги игнорираат САД и нивните интереси и затоа мораа да прифатат споредни, за нив навредливи улоги, вклучувајќи и потпишување на договор (Охрид) за кој се изборија други. Нивните утрешни ривали.
Ниту тогаш, а уште помалку денес, тие ги поднесуваат Али Ахмети и неговите. Друг избор немаа. Губејќи ја власта, станаа колатерална штета од војната. (Ако се исклучи краткото коалицирање на ДПА со ВМРО ДПМНЕ, по изборите во 2006).
20. Мендух Тачи („Рамковниот договор не е дораснат за да стане празник”, Дневник, 30 декември 2011), за војната во 2001, вели: „За Албанците, 2001 е најголемиот срам. Тоа беше марксистичко-исламистичка војна”. Оваа изјава е можна сега, откако процесот на неприфатливата реконструкција на македонската држава, реализирана со Охридскиот договор – е завршен и иреверзибилен. Таква изјава, во 2001 или 2002, Тачи не можеше да даде, иако тој сигурно истото го мислеше и тогаш. Ако се артикулираше како сега, ќе беше против албанската кауза и – антиамериканец. Токму затоа, тие тогаш голтаа кнедли и ги прифатија американските пулени. И сега, зборува само во име на ДПА, која со војната ја загуби власта, можеби за секогаш. Инаку, Албанците добија повеќе отколку што сонуваа. Исто како и на Косово. Тачи, всушност, потврдува дека ДПА не знаеше ништо за војната од 2001-та.
20. 1. Истиот Тачи (на Канал 5, во ТВ емисијата КОД на Лупевска, на 26 јуни 2011), рече: „војни се водат само за територии. Човекови права се бараат на друг начин”. Тој е апсолутно во право и јавно потврдува дека војната од 2001-та беше за отцепување на делови од Македонија – во режија на САД.
Од неа, сепак, најголема добивка имаат – Албанците.
21. МПРИ и нејзиниот шеф во Скопје, генералот Грифитс, само ја потврдуваат клучната улога која Вашингтон ја играше во креирањето и функционирањето на ОНА.
Фровик, преку Призрен, ги открива намерите на Вашингтон во однос на македонската држава и народ.
Арачиново, со затекнатите 17 американски воени инструктори, во редовите на ОНА, го заокружува учеството на САД во војната и е круна на сето тоа.
22. Сè заедно, во 2001 година, Македонија беше ставена во смешна ситуација. Иста (веле)сила нè менаџираше и нас и агресорите. Еден ист центар ги влечеше конците од двете страни вклучени во војната, а добро е познато на чија карта тој играше. Тоа беше класичен куклен театар! САД правеа што и како сакаа, а луѓе гинеа и се уништуваше Македонија.
Водеа војна за „правата” на Албанците во Македонија, без нив да ги информираат!
23. Да потсетиме дека агресијата врз Македонија веднаш наиде на општа и широка осуда. Светските медиуми ја поддржуваа Македонија и ја сметаа за жртва на албанскиот иредентизам. На почетокот, дури дел и од самите Албанци беа збунети и го осудуваа нападот. Тајната американска операција остави мнозина без здив. Меѓу нив беше и светски познатиот писател Исмаил Кадаре, инаку докажан албански националист. Тој отворено ја осуди војната. Се плашеше, како и мнозина други, дека кредитот кој Албанците го добија со борбата против Милошевиќ – ќе падне во вода и финалната независност на Косово ќе се доведе во прашање.
Подоцна, откако САД и НАТО застанаа зад војната и тој, и сите други, ги променија мислењата.
23. 1. Сосема спротивно, војната на косовските Албанци против Србија, пред сè поради политиките на Милошевиќ, веднаш наиде на прилично широки симпатии во светот. Тоа, секако, во голема мера беше резултат и на пропагандните машинерии на САД и другите нивни НАТО сојузници.
Координирано, тие го сатанизираа Милошевиќ, пренагласено го валоризираа отпорот кој му го даваа Албанците од Косово, ги повторуваа неправдите на кои беа изложени, без да го спомнуваат иредентизмот кој на Косово беше со децении присутен. Десетици и десетици илјади Срби, кои на еден или на друг начин, со години беа принудувани да се иселуваат од провинцијата, немаа никакво значење.
Впрочем, едностраниот третман на судирот целосно дојде до израз и во Хашкиот суд за поранешна Југославија, каде ниту еден виден Албанец (освен тројца маргиналци), не беше ниту
– суден. Медиумската кампања, која се водеше против Србија, имаше цел да се прикријат и сите злосторства и злоупотреби кои ги правеше другата страна (жолтата куќа, на пример). Секако дека тоа беше резултат и на длабоката инволвираност во војната, на САД и нејзините сојузници, на страна на Албанците. Партнерите не се судат. Случајот Харадинај само го потврдува тоа.
Utilisez les flèches gauche et droite pour tourner la page.
Imprimé depuis https://macedonianhistory.ca/fr/narrative/ulogata-na-sad-2/12 le 29 octobre 2026