Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Devenir membre !

America's Role in Macedonia's Troubled Journey to International Recognition (1991-2013), Second Edition

Г. ДОГОВОР СО ГРЦИЈА НЕ САМО ШТО НЕ Е МОЖЕН ТУКУ Е И АПСОЛУТНО – НЕПОТРЕБЕН - Part 01

Par Ристо Никовски · Partie 8 sur 27 · Environ 20 minutes

Lire en English

Г. ДОГОВОР СО ГРЦИЈА НЕ САМО ШТО НЕ Е МОЖЕН ТУКУ Е И АПСОЛУТНО – НЕПОТРЕБЕН

12. Посредувањето на Нимиц крие уште еден, на прв поглед можеби минорен сегмент на американската политика кон Македонија, но, сепак, сериозен и исклучително значаен. Тоа е нивното упорно инсистирање решението на спорот да го бараме во директен договор со Грција. За Македонија тоа е крајно неприфатливо, а ни беше подметнато во Привремената спогодба. Ние немаме потреба од таков договор, ниту е тој предвиден во документите на СБ на ООН.

12. 1. Ако веќе се оди на билатерален договор со Грција, во него мора да бидат опфатени и решени и сите други отворени прашања меѓу двете земји. Такви се положбата на македонското малцинство во Грција, враќање на протераните Македонци и нивните имоти... Во дадените услови, вклучување во него на прашањата важни за Македонија, никому не му паѓа ни на памет, а најмалку на Грција.

Впрочем, проблемот е отворен за да се сотре Македонија, не за да и` се помогне во надминувањето на некои прашања од нецивилизациски карактер, со кои е соочена кај јужниот сосед.

Затоа, целиот процес мора да заврши таму каде што и почна

– во Советот за безбедност на ООН.

Во спротивно, доколку се потпише финален договор со Грција, во кој ќе биде опфатено само некакво решение за нашето име, тоа, ipso facto, ќе значи дека други отворени проблеми меѓу двете земји – нема. Така е според дипломатската практика. Со други зборови, макар имплицитно, ние би прифатиле дека нема македонско малцинство во Грција, нема протерани Македонци чии имоти се одземени...

Едноставно, во никој случај, таков, едностран договор, не смееме да потпишеме.

12. 2. Ние и понатаму треба да учествуваме во медијацијата која, објективно, многу тешко ќе донесе резултат.

Решението, треба и мора да се бара само на мултилатерален план, и никако билатерално. Од самиот почеток, проблемот е интернационализиран на иницијатива токму на Вашингтон и Атина, бидејќи така им одговараше. Така беа посилни во однос на Македонија и, затоа, Атина не фигурираше како главен противник. Со тоа, практично, спорот го загуби својот билатерален карактер и стана тема на мултилатерални тела.

Прво во ЕЗ, потоа во ООН... сега и во НАТО, и во ЕУ...

12. 3. Меѓутоа, кога беа постигнати главните цели

(суспендирање на името во ООН, наметнување на референцијата... блокадите и уцените во НАТО и ЕУ...), откако Македонија беше осакатена, сега интересот на Вашингтон е решението повторно да се бара – во Грција.

Така, таа, пак, да ја преземе носечката улога. Сега, повторно се појаки ако проблемот се решава билатерално, а Македонија не може да биде послаба никаде на друго место, освен во – Атина.

До израз доаѓа длабоко испланираната американска политика кон Македонија. Нивната иницијатива за потпишување на Привремена спогодба (ПС), во 1995 година, покрај другото, го трасира и патот за потребата од потпишување на дефинитивен, финален договор меѓу двете земји. Впрочем, такво нешто не беше предвидено со документите од СБ на ООН. Според нив, проблемот е таму отворен, и таму треба да се затвори.

12. 3. 1. Во овој текст е елаборирано дека спогодбата нема никаква органска врска со резолуциите на СБ за прием на Македонија во ООН, туку е чист билатерален договор, иако сврзан со истата проблематика. Логиката е јасна – штом има привремена спогодба, мора да следи и конечна! Во анализата на спогодбата, која е дадена подолу во текстот, не е согледана оваа важна димензија, околу финалниот договор.

Дека токму САД инсистираат на дефинитивен договор со Атина, потврди и медијаторот Нимиц, во своето интервју за радиото Гласот на Америка пред самитот на НАТО во Букурешт, 2008, (деталите следат) кога најави дека ПС веќе не важи и е потребен нов, траен договор.

12. 3. 2. ПС е врвна американска дипломатска местенка, со која се депласираат резолуциите на СБ и Македонија се нагрбува со нова обврска! Се отвора пат за нејзин, крајно непотребен и, во основа, навредлив договор со Атина. Околу што? За сопственото име? Да бара изим што и` е дозволено да користи, а што не? Каде, кога, колку...? Плус да потпише и некое пакетче, кое ќе ни го стопори Нимиц, за полесно да стигнеме во небиднината?... Сè со цел земјата да се кутне.

12. 4. Целта на трајниот договор може да биде двојна – а) да се понижи државата и да го прифати неприфатливото, и/или б) да се стави Македонија во безизлез бидејќи Атина нема да попушти во ништо. Неспорно е дека договор со Атина, кој би бил макар минимално балансиран, не е можен. Замислив е само со наша капитулација. Дали тоа значи дека САД играат на таа карта?

12. 5. Продолжувајќи ја медијацијата, нашите заложби треба веднаш да се концентрираат во ставање на процесот во рамките на мандатот формулиран од СБ на ООН. Не смеат повеќе да се дозволат никакви екскурзии надвор од него, како што веќе се случуваше многу години наназад. Тоа важи и за последниот предлог кој го даде Нимиц (април 2013) и е, без какво било сомнение, во ист формат како и досегашните и навлегува во области за кои тој нема овластување. Ако тоа не го ставиме на знаење, ако не ги враќаме таквите предлози со индигнација, всушност, прифаќаме не само дискусии туку и конкретно проблематизирање на нашиот идентитет, јазик...

Ако и понатаму продолжиме да го дозволуваме тоа, разнебитувањето на Македонците ќе стане неизбежно и прашање ќе биде само финалната форма.

12. 6. Наша цел треба да биде, во блиска иднина, медијаторот да заклучи дека обидите да се „надмине разликата” за името на државата – не успеаја, и покрај 20-годишни упорни настојувања. Кога тоа би се прифатило, што ќе биде исклучително тешко и невозможно, бидејќи Вашингтон нема да се согласи, Нимиц ќе треба да го извести генералниот секретар на ООН, со што топката би ја вратил во светската организација. Таквиот развој би бил најповолен за Македонија.

12. 6. 1. Паралелно, во таков случај, ние ќе треба да иницираме прифаќање на официјалното, уставно и историско име на земјата во ООН, кое ни беше нелегално оспорено при приемот. Прво треба да се направи прецизна стратегија за ваков развој на настаните, поткрепена со факти и аргументи, кои ги имаме во изобилство. Во тој елаборат, меѓу другото, ќе мора да се нагласи дека загриженоста на СБ, изразена во резолуцијата 817/93 дека (цитат) – „разликата треба да се реши со цел да се зачуваат мирот и добрососедските односи во регионот” – е надмината. Веќе 20 години, мирот во регионот не беше нарушен, иако „разликата” не беше решена. Нема никакви изгледи така да не биде и во иднина.

А што се однесува до добрососедските односи, ако тие се мерат преку оспорување име на држава и игнорирање народ, тогаш апсолутно лош сосед ќе испадне јужниот.

12. 7. Обврската која сме ја прифатиле во ООН е прецизна –

„соработка со медијаторот за да дојде до брзо надминување на разликата околу името на државата”. Тоа воопшто не имплицира и договор со Атина. „Разликата” може и треба да се надмине на друг начин, без договор. Зошто да не биде со нова резолуција на СБ на ООН? И во тоа се кријат опасности за Македонија, но самото инсистирање на договор со Атина ја става земјата во инфериорна позиција. И на овој начин, Вашингтон отворено бара промена на името на Македонија, што е далеку повеќе од „надминување на разликата” околу името. Кога на тоа ќе ги додадеме и идентитетските прашања, кои Нимиц, сигурно по налог на Вашингтон, нелегално и неосновано ги вклучи во својот мандат, сликата станува јасна. Во дадените услови, инсистирањето на Вашингтон за договор меѓу Скопје и Атина, не е ништо друго, освен додатен жесток притисок врз Македонија. Целта е или таа да мавта со бело знаме или да се држи во ќор-сокак.

Трето – нема.

12. 8. Вашингтон е апсолутно свесен дека договор со Грција, во кој би биле инкорпорирани макар минималните интереси на Македонија, не е реална опција. Атина нема да прифати ништо друго, освен да се прекрстат Македонците и да се избришат како такви од светската листа на народи. Неа не и` треба прекрстување само на државата. Тоа ништо не и` значи, ако „преживеат” Македонците. Ако САД сето тоа добро го знаат, а го знаат, што очекуваат? Како да се договориме со Грција? Да прифатиме капитулација? Да се откажеме од самите себе?

12. 9. Нагласувањето на потребата решението да се бара преку договор меѓу Скопје и Атина е апсурдно и поради фактот што Македонија е претходно веќе доведена во неповолна и крајно нерамноправна позиција за евентуално постигнување на некаков договор. Тоа можеше да се бара од нас само пред да ни се оспори името од СБ на ООН. Тогаш ќе можевме како еднакви да разговараме со Атина за сите спорни елементи. Ако требаше, со заемен договор, можеше да се бара меѓународна арбитража, како што беше постапено во спорот меѓу Хрватска и Словенија, или, дури, да се оди и на Суд, во Хаг. Како можеме ние сега, на рамна нога, да се договориме со Атина, кога веќе ни е оспорено името, кога сме блокирани и уценети од НАТО и ЕУ?... Каков и колкав е нашиот реален избор, во дадените услови? Какви опции имаме, освен да се предадеме? Тоа ли е демократијата за која се залагаат и Вашингтон и Брисел и...? И во политиката, како и во боксот, на пример, има правила, процедури, принципи или, макар – категории. Не може боксер од тешка да влезе во ринг со боксер од мува категорија. Резултатот е однапред познат. Исто како и во нашиов случај. Затоа, Македонија не може нелегално осакатена да биде присилена да договора работи кои се клучни за опстанокот на земјата, со некој кој е недопрен од проблемот, незаинтересиран за неговото решение и привилегиран корисник на широка солидарност.

12. 10. Токму во такви услови нè става Вашингтон со инсистирањето да се договориме со Атина. Ни предлагаат, практично, да го молиме инквизиторот за милост. Да не нè разнебити, иако, нели, има право на тоа, ако за ништо друго барем поради безрезервната поддршка која ја има од други, пред сè од САД.

12. 11. Така некако изгледа ситуацијата во која нè туркаат нашите „партнери”. За да изгориме, се разбира. Во дадените услови, Атина, нормално, уценува и чека. Сè додека Македонија не капитулира. САД, од своја страна, прават сè да и помогнат. И преку големоалбанските аспирации кои ги разгоруваат во земјава. На тоа се сведува сегашната американска реалполитика кон Македонија.

12. 12. На крајот, важен е и фактот дека Вашингтон нема никаков јавен став околу грчката позиција во спорот.

Инсистираат ние да си „најдеме име”, да донесеме „тешки одлуки”... (Рикер), ама никогаш не спомнале што треба да стори другата страна. Факт е, сепак, дека начинот на кој Вашингтон сака да се постигне целта, се разликува од грчкиот. Додека Атина инсистира на инстантно решение, веднаш со ерга омнес, Вашингтон нуди мамка и јадица – име за надворешна употреба, како замена за референцијата! Тоа е ерга омнес, ама на етапи, со (кратко!) одложување. За година дена, или слично, тоа ќе стане ерга омнес бидејќи ќе се менуваат и пасошите, и сите царински и други документи...

и, како резултат, на крајот и – Уставот. Така, самите ќе се прекрстуваме! Чекор, по чекор.

Во целина, настојувањето на Вашингтон дека треба да постигнеме договор со Грција може само да значи нивно предвремено жртвување на Македонија и на македонскиот народ. Зошто, инаку, тие јавно би се залагале за промена на името на државата, а со тоа и на идентитетот на народот?

Д. МОЖЕШЕ ЛИ ПРОБЛЕМОТ СО ИМЕТО ДА СЕ РЕШИ ВО РАНИТЕ 1990?

13. Повремено, се лансираат тези дека на почетокот на 1990- те било можно да се реши името на државата, за нас поволно, и Македонија без проблеми да влезе во ООН. Еден од главните заговорници на таа теза е Денко Малески, првиот министер за надворешни работи на самостојна Македонија.

Со Малески, околу една година, работевме заедно во тогашното Министерство за односи со странство. Едниот како министер, другиот како потсекретар што, формално, беше трета, а практично втора функција бидејќи заменик-министер цело време немаше. Соработката беше коректна.

13. 1. Неспорно е дека Малески беше упатен (иако не целосно) во сите тогашни случувања во надворешната политика на земјата и неговите тврдења имаат неспорна тежина. Сепак, главната улога ја играше Глигоров, кој ги држеше сите конци од надворешната политика во свои раце и улогата на министерот беше да ги спроведува неговите инструкции без (поголема) можност за сопствени акции. Во конкретниов случај, околу можното решение тогаш, Малески апсолутно не е во право.

13. 1. 1. Повеќе пати, во медиумите, Малески тврди дека „во

1992 година постоеја и други опции за прием. Името Република Македонија (Скопје) ни го предложи британскиот премиер Џон Мејџор на средба во Даунинг стрит”. Цитатот е земен од Утрински, од 9 април 2013, од текст посветен на 20-годишнината од приемот во ООН. И овој пат, но и порано во медиумите, Малески провлекуваше некакво верување дека зад таквиот предлог на Мејџор, стоеле и САД.

Така, во колумна во Утрински, од 5-6 јуни 2004, Малески дури тврди дека пораката на Мејџор била дека ако ние ја прифатиме додавката – (Скопје) – „тие и САД ќе објават заедничка декларација во која ќе констатираат дека за нив проблемот е решен”!?! „Јавајте го бранот и решете го проблемот сега зошто кога бранот ќе се повлече, големите сили ќе загубат интерес за вашиот проблем” – била пораката на Британците!?

13. 1. 2. Во неговата книга „Бебето од катран”, каде Малески ја опишува средбата која со Глигоров ја имале со Мејџор, во Даунинг стрит, во Лондон, на 3 септември 1992 година, сосема друга е приказната и САД воопшто не се спомнуваат.

Од разговорот, кој прилично детално е пренесен (стр. 405-409), воопшто не може да се извлече заклучок дека „постоеја и други опции”. Факт е дека Мејџор им предложил веднаш да го смениме името во „Република Македонија (Скопје)” бидејќи „така ќе се зголемеле шансите за ООН”. (Ова е одличен доказ дека нашиот прием во ООН бил блокиран!).

Им рекол дека без тоа „тешко ќе им биде на пријателите да ви помогнат”. На прашање од Глигоров за позицијата на Велика Британија, Мејџор отворено им кажал – „не можам да ви дадам јасен одговор” и додал – „ЕЗ нема да постигне консензус затоа што Грција нема да се согласи”, а искрено им признал и дека – „се плаши дека истото ќе се случи дури и со компромисот кој вие би го понудиле” (претходно да се согласиме со додавката „Скопје”). Значи, според самиот Малески, и во тој случај тие (најверојатно!) би нè блокирале.

На повторно инсистирање на Глигоров, Мејџор прецизирал дека – „ако го прифатите името со ‘Скопје’, тогаш ќе ни дадете шанса да ви помогнеме”. Глигоров побарал дури и гаранции дека таквата модификација ќе донесе успех, на што Мејџор јасно рекол дека такво нешто не можат да дадат. На крајот, сосема логично и чесно, Мејџор разговорот го завршил со – „ја разбирам вашата неспремност да го смените името”.

И, не само што во книгата Малески не ги спомнува САД туку, очигледно, извадено од ракав, е и ветувањето за некаква заедничка американско-британска декларација за нашето име! И на тие што имаат само почетни познавања јасно им е дека такво нешто во дипломатијата е – незамисливо! Титаните не го пикаат носот во мали води. Не е за верување дека Малески смета дека ако ние ја прифатевме додавката – (Скопје), и Атина ќе се сложеше? Такво нешто – ниту беше, ниту е можно.

Од каде доаѓаат овие суштински разлики меѓу колумната и книгата, само Малески знае. А каде тука тој согледал некакви „други опции”, мора самиот да објасни.

Во истата колумна, Малески прави уште една недозволива грешка. Тој констатира дека: „Во општата еуфорија забораваме дека во текот на последните неколку децении три пати го менувавме уставното име – Народна Република Македонија, Социјалистичка Република Македонија и Република Македонија, притоа не доведувајќи го во прашање нашиот идентитет”!?

Зар е можно, на еден професор по меѓународно право, без оглед дали бил министер за надворешни работи или не, да не му е познато дека ние не го менувавме името на државата, кое е – Македонија, туку политичката одредница, која нема врска со името? Ние и денес, без никаков проблем, можеме да се наречеме – Демократска Република Македонија, или Парламентарна Република Македонија... и да го решиме проблемот. Тоа, професоре, нема никаква врска со идентитетот на народот, неговиот јазик...

Арно ама, ваквите евентуални промени не се прифатливи за Вашингтон, Брисел, Атина... Со нив не ја постигнуваат целта! Тие не водат во прекрестување на Македонците.

13. 1. 3. Недвосмислено можеме да заклучиме дека од нас се барала еднострана отстапка, како гест на добра волја, без ништо за возврат. Во дипломатијата, никој сериозен тоа не го прифаќа. Мејџор предложил сами да си го „приспособиме” името, на наша сметка и последици, и под истото да бараме прием во ООН. А тоа претпоставува претходна промена на Уставот, во кој е содржано името на државата, и никој не смее самоволно да го менува со какви било додавки, бидејќи повлекува кривична одговорност. Да не ја спомнуваме ситуацијата во земјата каде таков исчекор со Уставот не беше, со право, замислив.

Впрочем, ќе беше непростива грешка ако ја прифатевме сугестијата на Мејџор, која не беше формален предлог. На самитот во Единбург, во декември истата година, Атина без размислување го одби идентичниот предлог на Робин О’Нил.

Логично е да се претпоставува дека Мејџор немал претстава дека за Грција се проблем Македонците, а не името на државата и дека сè што нив не ги прекрстува и брише, за нив е неприфатливо. Сепак, факт е дека и Мејџер, како и Британија во целина, во целиот процес на македонско етаблирање на меѓународната сцена, имаа симпатии за нашите напори и искрено сакаа да ни помогнат. Тоа го потврдува и личното искуство, од времето поминато во Лондон. За жал, нивниот маневарски простор не им дозволуваше нешто повеќе да сторат.

13. 1. 4. Да потсетиме и дека средбата со Мејџор е во септември 1992 година, а Глигоров веќе имаше официјално поднесена апликација за членство во ООН, уште од крајот на јули истата година. Ете ја и причината зошто Бутрос Гали не ја процесираше неа. Во тек беа разни комбинаторики.

13. 1. 5. Идејата за додавката „Скопје” е на амбасадорот Робин О’ Нил, кој тогаш, како претставник на Велика Британија, која претседаваше со ЕЗ, се обидуваше да најде решение. Откако се запозна со проблемот, кој имавме можност неколку пати заедно да го дискутираме, при неговите посети на Скопје, во втората половина на 1992, О’Нил имаше нагласено разбирање за нашите аспирации и остана докажан пријател на Македонија.

13. 2. Мора да се нагласи дека се крајно нефундирани и извадени од ракав сите оценки дека на почетокот на 1990-те години имало услови и можело да се реши прашањето со името. И, се разбира, зошто до тоа не дошло – виновна е тогашната власт. Тоа можат да го тврдат само тие што не разбираат дека, цело време, од самиот почеток, во прашање е идентитетот на македонскиот народ, а името на државата е само покритие за нечесните намери. И тие што сметаат дека проблем имаме со Грција, а не со САД, Германија, Франција... Така тврдат само тие што не можат да сфатат дека повторно е отворено „македонското прашање” со очигледна намера дефинитивно да се затвори. Сè друго беше техника и тактика на менаџирање на проблемот, што се правеше на највисоко можно ниво бидејќи зад сè стоеше, од самиот почеток, единствената светска суперсила – САД. А ако тие сакаа да го решат проблемот, макар со некаква, минимална прифатливост за Македонија, без да ги доведат во прашање идентитетот на народот и иднината на земјата – проблемот одамна ќе беше дел од историјата. Нивните интереси, за жал, беа сосема различни од македонските.

14. Дека суштината на проблемот или, поточно, вистинските барања на Грција, барем во тие почетни години, беа непознати за најголем дел од европските политичари, најдобра потврда е посетата на лорд Овен на Скопје и Атина, во јануари 1993. На средба со претседателот Глигоров, кога ја слушна македонската приказна, Овен стана неверојатен оптимист. Очигледно беше дека дошол со погрешни претпоставки дека проблемот е кај нас и помисли дека, ако е вака, во Атина ќе го реши случајот!

Во неговата делегација беше и за нас добро познатиот германски амбасадор, Герт Аренс. Продолжувајќи го патот за Атина, тој го остави Аренс во Скопје. Аренс, со кого се знаевме од заедничкото службување во Кина, на почетокот на 1970-те години, информира дека намерата на Овен е тој да биде офицер за врска со Глигоров и, преку него, да се финализираат сите детали за договор кој Овен би го постигнал со Грција!

Се разбира, ништо од сето тоа. Студениот туш во Атина го освести Овен. Се откажаа средбите планирани во Скопје, по неговото враќање од Атина. Место тоа, состанок се одржи во сала на аеродромот во Петровец, на кој воопшто не се спомна проблемот за кој Овен и дојде во регионот. Како ништо да не се случи претходните неколку дена. Разговорот немаше – тема! Како сите да бевме заскитани таму, без компас и се правевме – Англичани. Добро тој, а ние? Не кажа, се разбира, и што сè му било кажано во Атина. Овен сфати каде е зајакот.

Во прашање не беше наивност, туку незнаење.

IV - ПРЕКРСТУВАЊЕТО НА МАКЕДОНИЈА И РЕШАВАЊЕТО НА „АЛБАНСКОТО НАЦИОНАЛНО ПРАШАЊЕ” СЕ ДВА ПАРАЛЕЛНИ ПРОЦЕСИ КООРДИНИРАНИ ОД ВАШИНГТОН – ИЛИ - ИМЕТО, КОСОВО И ВОЈНАТА ОД 2001 СЕ ДЕЛ ОД ИСТО СЦЕНАРИО

1. За целосно да се сфати улогата на САД во голготите на Македонија, по распадот на Југославија, мора да се анализира органската врска која постои меѓу проблемот со името и решавањето на „албанското национално прашање”.

Сублимат на американската балканска политика се настаните на Косово во 1999 и војната во Македонија во 2001 година.

2. Веќе покажавме дека приемот на Македонија во ООН и официјалното оспорување на нејзиното име и неговото суспендирање од меѓународна употреба, беа оркестрирани од Вашингтон. Внимателна анализа, според веќе изградениот мозаик, видливо потврдува дека проблемот со името е вклопен во стратегиските интереси на САД на Балканот. Ние не знаеме дали е тој прво инициран од Атина или од Вашингтон, но е сосема јасно дека САД го користат како силна алатка за реализирање на сопствените регионални планови. Клучно е дека САД се спремни да ја прекршуваат Повелбата (Уставот) на ООН при приемот на Македонија; да ги игнорираат Привремената спогодба (која токму тие ни ја стокмија) и пресудата на Меѓународниот суд за правда во Хаг; да не ги есапат меѓународните принципи и процедури, кои важат за сите држави, само за да ги прекрстат државата и народот и да ги држат како (евентуална) монета за поткусурување...

Ваквото однесување на САД не е карактеристично само кон Македонија и Балканот. Тоа е дел од нивната глобална политика која светот го сфаќа како поле за остварување на нивните национални интереси. За Македонија е важно да се сфати дека САД се главен (ако не и единствен) носител на методите, начините, процесите... со кои се настојува да се прекрсти македонската држава и разнебити народот, и дека во Вашингтон мора да се бара клучот за решението, а не во Атина.

3. За Македонија е исклучително важно да се согледа и сфати дека проблемот со името за САД не е изолиран случај чие решение се бара одвоено, врз чиста основа и независно од други билатерални или регионални проблеми. Напротив, тој е важен дел од стратегија, преку која треба да се реализираат американските балкански интереси. Главната улога во неа ја имаат – Албанците, додека претензиите на Грција и Бугарија (која на крајот од 2012 започна да ги покажува забите) се само додатни орудија кои треба да помогнат за да се постигне целта. Србија нема понагласена улога бидејќи е веќе жртва на американските планови.