Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Devenir membre !

America's Role in Macedonia's Troubled Journey to International Recognition (1991-2013), Second Edition

Г. УЛОГАТА НА САД ВО ПОТПИШУВАЊЕТО НА ОХРИДСКИОТ РАМКОВЕН ДОГОВОР - Part 01

Par Ристо Никовски · Partie 14 sur 27 · Environ 20 minutes

Lire en English

Г. УЛОГАТА НА САД ВО ПОТПИШУВАЊЕТО НА ОХРИДСКИОТ РАМКОВЕН ДОГОВОР

32. Концептот на Охридскиот договор извонредно го илустрира односот на САД и кон македонскиот народ и кон државата. Место основен столб на земјата да остане македонскиот народ, и сè друго да се гради околу него, тие го направија токму спротивното – него го маргинализираа.

Всушност, со договорот, САД оневозможија развивање на граѓански концепт, а тој мораше да биде основата на новата структура. Се разбира, доколку намерите беа чесни. Место тоа, секако не случајно, Вашингтон креираше систем во кој сè повеќе ќе доаѓа до израз деструктивниот карактер на мултиетничкото општество и меѓусебната поделеност и конфронтираност. Целта беше, преку (лидерите на) етничка заедница која е под нивна целосна контрола, да се задржи максимална контрола врз државата. Тоа е концептот преку кој може да се реализира големоалбанскиот проект кој е клучен за САД во спроведувањето на нивните регионални интереси. Исто како што тоа го правеа и италијанските фашисти, во Втората светска војна.

Во граѓанско општество не е можна партиска поларизација на етничка основа. Во нашиот случај, таа е потребна бидејќи не трпи унитарна и неизбежно води кон бинационална држава. Доколку САД наметнеа граѓански концепт, немаше да имаат можност да го манипулираат албанскиот фактор во земјава. Тој немаше да биде монолитен или, макар, издвоен.

Далечинскиот управувач немаше да функционира.

32. 1. Во анексот на договорот, каде се формулирани промените на Уставот, од Преамбулата беше избришан македонскиот народ. Подоцна, во дебатите во Собранието, при усвојувањето на Уставот, на жестоко инсистирање на претседателот, Стојан Андов, тоа е променето и македонскиот народ беше вратен во Преамбулата. На многу места во договорот се користи формулата – „заедниците кои не се мнозинство во Македонија”. Македонскиот народ, САД го претворија во неименувано – „мнозинство”. Максимално избегнуваа да го спомнат. Како да го нема!

32. 2. Ова, недискутабилно, значи дека „нашите” преговарачи се сложиле државата да го изгуби (минимумот од) својот национален карактер бидејќи во Уставот никаде не би се спомнувал македонскиот народ. Ако се знае дека сите соседни држави се токму такви (освен БиХ, чија иднина е неизвесна), а Грците прокламираат дури и национална хомогеност на населението, која во регионот е незамислива, тогаш овие решенија се одличен доказ за намерите на САД кон Македонија.

32. 3. Нашите политичари, и „експертите” со нив, кои сето ова го проголтаа, без да ги согледаат последиците, нема да го издржат судот на историјата.

32. 4. Нагласено внимание заслужува епизодата во Собранието, кога во Преамбулата на Уставот беше „вратен” македонскиот народ. Тогаш на виделина излегоа и се открија и вистинските намери на креаторите на Охридскиот договор.

Откако Стојан Андов постави услов дека без таква измена во Преамбулата, нема да помине новиот Устав, беше ревидиран и другиот текст. И сите малцинства добија „повисок третман”. Целта на ваквиот потег, а веќе знаеме кој стоеше зад целиот проект, не може да биде поинаква, освен да се омаловажи, девалвира и деградира мнозинскиот народ и неговата улога во државата. Така, малцинствата се „промовирани” како „граѓани кои се дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите...”! Цената на „враќањето” на македонскиот народ во Преамбулата беше, значи, менување на статусот и на сите малцинства кои станаа „делови на други народи”! Со такво решение, какво се разбира нема никаде во светот, всушност, на соседните земји им се отвораат сите врати да се ангажираат околу правата за „деловите од нивните народи”. И, ако се појави пригода – во нивно име да интервенираат, за да ги „спасуваат” и, така, да ја делат државата! Додека Грција, Бугарија... не признаваат ниту постоење на малцинства, особено македонско, а тие се со векови таму и секој може да ги види, кај нас тие станаа делови од соседните народи!?!

33. Од македонски аспект, единствено позитивно во договорот е што се гарантира унитарниот карактер на државата. Клучен недостаток, меѓутоа, е фактот што позицијата на македонскиот јазик не е доволно прецизирана, а границата на користење на албанскиот јазик, воопшто не е јасно дефинирана. Како резултат на тоа, делот од Договорот кој се однесува на македонскиот јазик веќе не се спроведува и намерно се игнорира. Тоа неизбежно води кон нефункционалност на државата. Глувонем и слеп не можат ниту да се разберат, камоли да соработуваат. Доколку во земјата не постои јазик на кој сите ќе се разбираат, кој ќе биде обврзувачки за сите, иднина – нема. А тоа може да биде само македонскиот. Ако не се преземат одлучни мерки тоа да се регулира на содветен начин, според договорот од Охрид и неговиот дух, набргу ќе се доведе во прашање и унитарниот карактер на државата. Практиката на неприфаќање на македонскиот јазик, која интензивно ја спроведуваат Албанците во земјава, не случајно, води токму во таа насока.

33. 1. Суштинска, фундаментална потреба беше македонскиот јазик недискутабилно да се наметне како обединувачки фактор, кој мора сите да го знаат и користат.

Тоа ќе беше најсилна гаранција за стабилна перспектива на земјата. Без јазик кој обврзно ќе го зборуваат сите, нема опстанок ниту за федерална, камоли за унитарна држава.

Унитарниот карактер на државата, ако не е базиран на реални, функционални механизми, ништо не значи.

33. 2. Спротивно на договореното, Албанците масовно, упорно и нелегално го форсираат и шират користењето на албанскиот јазик. Министрите во Владата печатат официјални меморандуми на албански; печатат двојазично документи за надворешно користење (Бесими, во одбрана, на пример); во меѓународната комуникација го користат албанскиот јазик било во кореспонденција, било на средби;

како министри во Владата даваат изјави на албански јазик за македонски новинари; слично се случува и во Собранието, каде претседавачите на собраниските комисии настапуваат во име на државата, и треба да зборуваат македонски, а не како претставници на етносот... Некој ќе рече дека тоа се ситници на кои не треба да им се посветува поголемо внимание. Тоа би било навистина така, но само под услов сите тие злоупотреби да не се прават намерно и со цел неконтролирано да се прошири употребата на албанскиот јазик, на сметка на македонскиот и, еден ден, тоа да се постави како завршена работа.

Токму затоа, Владата мора на време и енергично да реагира за да се спречи секоја манипулација чија цел е албанизација на (дел или, пак, на цела) Македонија. Сè што е надвор од Охридскиот договор не треба да биде овозможено, освен ако тоа меѓусебно не се договори. Сегашните крајно нелегитимни проширувања на добиените права, кои се целосно диригирани и координирани од албанските партиски центри, а судејќи по сè поддржани и од САД, водат кон уништување на единствената македонска држава.

33. 3. На лидерите на Албанците во земјава им е кристално јасно дека македонскиот јазик остана единствен столб на унитарниот карактер на државата. И, очигледно, плански и на долгорочна основа, тоа го рушат од сите страни, малку по малку. А, врз основа на Охридскиот договор, во Уставот

(Амандман V или нов член 7) е прецизно одредено дека – „На целата територија на Република Македонија и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо”. Така, лидерите на нашите албански сограѓани, сè што им одговара од Охридскиот договор – спроведуваат, другото, за нив – не важи. Кога ќе се погледа мозаикот кој го прават, станува јасно дека сè се врти во правец на големоалбанскиот проект.

33. 4. Последиците се веќе видливи – Албанците избегнуваат да го учат македонскиот јазик. Тоа е техника на гетоизирање и ставање пред свршен чин. Целта е двојна: а) јазикот да стане пречка за меѓусебна комуникација и б) да се отвори простор за изедначување на двата јазика, што упорно и тврдоглаво сега се прави. Таквата политика води не само кон уништување на унитарниот туку, особено, на македонскиот карактер на државата, водејќи кон федерализација. Сè оди кон невиден апсурд на ниво на земјата – Македонците ќе мораат да учат албански, ако сакаат да се разберат со Албанците, а не обратно, што би било логично и нормално.

При тоа не е спорно дека Македонците, што живеат во делови со мнозинско албанско население, го или ќе го зборуваат и албанскиот јазик и поради своите објективни потреби.

34. Трет негативен сегмент на договорот, кој на прв поглед не привлекува поголем интерес, е обврската за нова административна поделба на земјата. Тоа може да личи на рутинска работа бидејќи тогашните 123 или слично општини не можеа да опстанат. Педесетина од нив беа премногу мали и нефункционални. Во договорот беше ставено (член 3. 2.)

дека – „ревизијата на општинските граници ќе биде ефектуирана од страна на локалните и националните власти, СО МЕЃУНАРОДНО УЧЕСТВО”. Зошто промената на општинските граници да има нагласен меѓуетнички карактер? Зошто странците (САД) да учествуваат во тоа? Во 2001-та, во Охрид, сигурно никој од Македонците не помислувал дека е во прашање втората, повисока фаза на рекомпонирање на македонската држава. Не претпоставувале дека замислата била формална албанизација на нејзини делови. Не го сфаќале значењето на наметнатото американско присуство и нивните капацитети за долгорочно планирање...

34. 1. Додека нам (ништо) не ни беше јасно, „олеснувачите”

– сè знаеја и подготвуваа терен. Со новата административна поделба беа албанизирани Струга и Кичево, Скопје стана двојазично, а со тоа и добар дел од земјата.

34. 2. Процесот на албанизирање на делови од земјата, започнат тогаш, се финализира на локалните избори во 2013 година, кога албанските кандидати за градоначалници за прв пат јавно ги отворија картите. Тие отворено кажаа дека новата административна поделба на земјата им овозможува практично остварување на големоалбанскиот сон. Нема ниту еден аргумент дека Вашингтон нема удел во тоа. Според расположливите информации, тие биле и активни чинители при утврдувањето на новите граници на општините во 2004-та година. Зошто, инаку, во договорот од Охрид, би си отворале таков простор?

34. 3. Дека сето тоа е така и никако поинаку, имаме цврст, несоборлив доказ. Да потсетиме дека, за да се спречи ваквата, за земјата погубна, нова административна поделба, беше организиран референдум. Сосема неочекувано, скоро збунувачки, во неговото предвечерје, Вашингтон делумно, и привремено, го призна уставното име на Македонија и, така, го минира референдумот. Тоа е апсолутна потврда дека зад целиот план стоеле – САД. Потегот со признавањето на името одлично илустрира и колку за нив било исклучително важно да успее албанизацијата на делови од Македонија!

Очигледно, тоа го сметале за стратегиски исчекор.

34. 4. Тогашните потези денес ги носат очекуваните плодови.

Така, се реализира официјалната политика на САД да нема (нови) промени на границите во регионот. По војната од 2001-та, откако САД не успеаја да ја поделат Македонија, сфатија дека тешко ќе ја рушат однадвор. А 2001-та беше, по многу нешта, последната шанса за менување на границите во регионот со воена сила. Сега такво нешто е тешко спроведливо и поради опасноста секој насилен обид за промена на границите на Македонија, неизбежно да води во крвава војна која може да го запали целиот регион. Затоа биле приспособени и плановите – Македонија да се руши со албанизација однатре.

35. Една од клучните негативни политички последици на Охридскиот договор е што, ipso facto, Македонците прифатија дека а) државата е македонско-албанска творба; б)

нејзиниот основен столб е договор меѓу Македонците и Албанците; в) за сè може и треба да се преговара...

Гледано од регионален апсект, секако дека тоа била и целта на Вашингтон. Проширен е маневарскиот простор на Албанците, кои, сите овие години, тоа максимално го злоупотребуваат. Постојано нешто бараат и добиваат.

Милиметар по милиметар, но неповратно. Во една пригода, Ахмети прецизно рече дека ним не им се брза. Се разбира, тоа не е негова политика. Тој само ја реализира. Ако не беше така, однесувањето на Албанците и во Македонија, и во целиот регион, ќе беше поинакво.

35. 1. Не е воопшто необично и што Мендух Тачи тврди

(2012) дека Охрид е надминат и мртов и дека треба да се потпише нов договор, со текст кој тој го нуди. Денес, Тачи има идеи за „решение”. Утре, некој друг ќе се појави со нови „дострели” во албанските барања и песната постојано ќе се повторува. Сè до доформализирањето на Голема Албанија.

Тоа е процес што тече, а координацијата беспрекорно функционира. Ова, секако, не значи дека зад сите албански барања стои Вашингтон. Дефинитивно има и албански залетувања кои, сепак, не влијаат многу на главните текови.

36. Факт е дека Охридскиот договор навистина го отвори патот за забрзано подобрување на положбата на Албанците во земјата. Не е спорно дека тие беа изложени на бројни неправди, наследени главно од поранешната федерација, кои бараа итно надминување. Тоа тешко одеше и од објективни причини (крајно тешката ситуација во која се најде земјата по распадот на Југославија), но и од субјективни. Нема никакво оправдување за тогашната власт што проблемот не беше, макар, отворен и ставен на маса. Тоа е сериозна грешка. Меѓутоа, мора веднаш да се потенцира дека а)

војната во 2001 беше странска агресија за да се окупира („ослободи”) дел од земјата, б) немаше никаков „хуманитарен” карактер и в) не беше резултат на нерешениот статус на Албанците. „Оправдувањето” на војната со статусните прашања беше школска злоупотреба на нашата неспремност на време да се соочиме со овој сериозен проблем.

37. Охридскиот договор а) е едностран, б) ја девалвира позицијата на мнозинскиот народ и в) не постави долгорочни основи за стабилна и функционална Македонија. Напротив, силен е впечатокот дека е формулиран на начин кој многу лесно може да го доведе во прашање опстанокот на државата. Се разбира, не случајно. Воведени се контроверзни механизми со кои до најситни детали се регулираа потребите на Албанците, без да се означат границите на нивните идни барања и запоставувајќи ги другите етнички заедници во земјата. Од друга страна, крајно е недефинирана позицијата на мнозинскиот народ, кој се третира како да не постои и кому му се остава минимален маневарски простор.

38. Не треба да има дилеми дека Охридскиот договор е една од најголемите стратегиски грешки на оваа држава. Тој не беше избор на раководството на земјата, туку наметнат од страна на САД. За таа цел беа тука испратени Фровик, преку Мисијата на ОБСЕ, Пердју, Фејт и други нивни тепачи, пардон, „олеснувачи”. Фактот дека Фровик, тајно од македонските власти, го промовираше нацртот на идниот Охридски договор, преку декларацијата од Призрен, кажува сè. Нашите, навистина, беа под жесток притисок и влијание на САД, но и доволно наивни и неуки да се согласат со неприфатливи работи. На пример, да потпишеш договор, и да се сложиш со текст на амандмани за Уставот, во кои воопшто не се спомнува македонскиот народ, ниту во Преамбулата, значи да се демонстрира краен аматеризам преку ненормална и незамислива попустливост. Зар треба уште некој аргумент за да се илустрира нивото кое го покажаа нашите „преговарачи” во Охрид?

38. 1. Оваа оценка воопшто не имплицира, ниту заговара игнорирање или непочитување на Охридскиот договор. Тој е завршена работа и мора да се имплементира. Историските грешки и неправди, најчесто, не е можно да се поправат. Со нив мора да се живее со перманентни обиди да се минимизира штетата. Меѓутоа, во нашиов случај, соочени сме токму со спротивното – штетата постојано се зголемува и проширува, а ние се правиме недоветни. Место, по никоја цена, да не се дозволува што и да е што е надвор од договорот; или нешто што води кон рушење на унитарниот карактер на државата; или што е дел од големоалбанскиот проект... Кај нас, токму тоа скоро секојдневно ни се случува.

Дури, и од погрешно договореното, се толерира селективно реализирање само на тоа што е на штета и на државата и на македонскиот народ. Се спроведува само тоа што и` одговара на другата страна.

39. Преку горните примери е само делумно илустрирано како и каде се прават злоупотреби на договореното во Охрид. На суптилен начин, без какви било скрупули, се шири просторот кој нелегитимно е добиен, со употреба на нелегална оружена сила. Додека државата се албанизира, на македонските политички лидери им се поважни коалициите што ги држат на власт или комбинаториките кои треба да ги вратат таму.

40. Апсурдот да биде целосен, дури и во таква ситуација, кога албанскиот коалициски партнер во власта не многу прикриено и упорно ги реализира своите големоалбански планови, особено последниве години (2010, 2011, 2012...), македонската опозиција ја напаѓа и осудува власта дека била нефлексибилна кон барањата на Албанците! Тврди дека владејачката партија го држи коалицискиот партнер (ДУИ)

под своја контрола! А негативните процеси се доволно видливи за секој што има макар манимален политички осет.

Да не беше за неверување и жално, ќе беше смешно.

Причината е јасна – да се поткопа нивната коалиција и да се дојде на власт дури и за сметка на националните интереси.

40. 1. Така, кога беше најдено извонредно решение за одговорно водење на демографската политика, преку стимулирање на наталитетот во општините со низок наталитет, значи без да се навлегува во крајно чувствителните меѓуетнички односи, еден од врвните лидери на опозицијата, Шеќеринска, остро се спротивстави на таквата политика. Јавно праша – „а, што ќе помислат Албанците и другите етнички заедници за оваа програма, дека се работи за обид да се спречат демографските промени во Македонија”? („Шеќеринска: Како ќе ја сфатат Албанците програмата за повисок наталитет”?, „Нова Македонија”, 18 септември 2008).

Таа, веројатно, не знае дека политиката за рамномерен демографски развој е една од (нај)важните обврски на власта. Неа, очигледно, не ја загрижувала промената на демографската структура во земјата, која веќе подолго време има крајно негативни тенденции со несогледливи последици.

Не и` е јасно и дека тие движења воопшто не се случајни, туку се резултат и на политичко и на верско дејствување на некои општествени сили кај Албанците во земјава. (Одамна е познато дека оџите не ги пуштаа младите верници во џамиите пред да добијат петто дете!). И, дека, крајно време е тие тенденции да се променат. Албанците, кои Шеќеринска сака да ги „заштити”, веројатно калкулирајќи дека нејзините политички амбиции не можат да се постигнат без нивна поддршка, очигледно, се повеќе верзирани во политиката од неа. Тие ја знаат и „Платформата за решавање на албанското национално прашање”, од 1998 година, која е официјален државен документ на Албанија, со кој се стимулира токму албанскиот наталитет за постигнување на политички цели, особено во Македонија. Арно ама, или Шеќеринска не ја прочитала, или не ја разбрала, или ја заборавила. Четврто – нема.

40. 2. Тоа што не и` беше јасно на Шеќеринска, сосема го разбираа луѓето од село Долно Соње. Општината Сопиште има низок наталитет и таму коментираа – сега, Албанците од други краишта, ќе се пријавуваат во албанските села во нашава општина, со единствена цел да добијат стимулации за бројните деца кои (ќе) ги раѓаат!

40. 3. Сепак, од сето тоа не се случи – ништо. Уставниот суд, од само нему познати причини, го укина законот! Даденото објаснување беше на ниво на – прво одделение. Уставните судии професионално се посрамотија, а на земјата и` нанесоа несогледливи штети.

Македонија – и сè е можно. Лица, кои високо котираат во партиските хиерархии, не само што немаат никакви познавања од геополитика и геостратегија туку немаат ниту минимум осет за нив. За врвните извршители на судската власт, во конкретниов случај, може да се каже дека не покажаа минимален слух за клучен општествен проблем, кој бара итна разврска. Ама, се разбира, сите мислат дека знаат сè, а сопствената кариера (и/или партија!) им е поважна и од државата.

40. 4. Ова е можност да се нагласи и фактот дека Албанците во земјава, на политички план, имаат постигнато да можат да блокираат Македонци на високи функции, ако не им се по волја. Сите што на кој било начин им се спротивставиле, се ставени на тапет. Така, македонските политичари се замолчени. Затоа, тие строго водат сметка да не ги забележуваат големоалбанските тенденции во земјава, за да не си го доведат во прашање напредокот во кариерите.

Македонците, од друга страна, самите си обезбедиле инфериорна позиција и немаат таква моќ. Добро се сеќаваме, на пример, кога сите изјавуваа дека командантите на ОНА нема да можат да бидат на високи државни функции.

Мнозина станаа министри. Дури и тој што ги затвораше славините за вода на Липковското Езеро. Место да биде суден во Хаг...

41. Неспорно е дека Договорот од Охрид ја запре војната во

2001-та и помогна да се решат бројни неправилности и неправди на кои беа изложени Албанците во земјата. На тој план е направен голем пресврт, што е за поздравување.

Меѓутоа, бројните големоалбански тенденции кои следеа, бараат сериозен третман, додека не е предоцна. Главната придобивка – унитарниот карактер на државата, нема да биде траен, ако практиката го депласира. А, од тогаш, тој перманентно се нагризува. Ниту еден договор не е ниту вечен, ниту неприкосновен. Најсвежа потврда за тоа, е неспроведувањето на Привремената спогодба, потпишана со Грција, во 1995 година. Како и зад Охридскиот договор, и зад неа стоеја – САД. Резултатот е познат – клаузулата да не нè попречуваат за влез во НАТО и ЕУ, која за нас беше една од двете клучни придобивки, веќе не се почитува. И од страна на САД! Кој ни гарантира дека истото тоа САД нема да го сторат и со унитарниот карактер на државата, „гарантиран” во Охрид? Нема ли и тој да важи сè додека така им одговара. А потоа, ниту Судот во Хаг да не може да ги премисли од игноранцијата на договорот, или делот од него, кој самите го подготвувале, а е во корист на Македонија?

42. Фактот дека, за разлика од македонската, албанската страна во Охрид имаше странски експерти покрај себе, зборува за недостаток на одговорност и елементарен политички осет кај највидните лидери на земјата, за историското значење и на настанот, и на војната од 2001-та.

Тоа е тежок пропуст на највисокото раководство. Иако кај нас историјата обично доцни со своите судови, таа е неизбежна и безмилосна. Нејзиниот збор е последен и ќе дојде. Тоа што некој бил изманипулиран или искористен од какви било и чии било претставници, не е никаква олеснителна околност.

43. Деновите пред потпишување на Охридскиот договор, Македонија беше изложена на жесток и крвав притисок, сè со цел таа да капитулира и да го прифати предложениот договор. За да се застрашат политичарите дека следува проширување на фронтот, а со тоа и на војната, непосредно пред 13 август беа извршени неколку акции со најтешки масакри врз безбедносните сили. Беа убиени најмалку 18 припадници на АРМ, а имаше и ранети...

43. 1. На 8 август 2001-та се случи Карпалак, кога од заседа беа убиени 10-мина резервисти на АРМ. Според генерал Звонко Стојановски, командант на ВВ и ПВО („Сведоштва” на Панде Петровски, стр. 181) – „во 9,30 часот, на денот на заседата во Карпалак, хеликоптер на КФОР го надлета просторот. Во 10,00 часот остваривме дејство со нашите хеликоптери по реонот Карпалак и во тоа време две возила од НАТО (два џипа) едното возило успеа да побегне, а другото се скри во Ново Село...”. На стр. 177 од истата книга, авторот, генерал Петровски тврди дека „... Карпалак немаше да се случи доколку Врховниот командант не ги слушаше ‘советниците’ пред потпишувањето на Рамковниот договор” и продолжува – „... ни сега не ми е јасно кој наредил на 6 август 2001 да се повлече полицискиот пункт од местото Карпалак, а МО и ГШ да не бидат за тоа информирани”!

Инаку, заседата се активирала во 9,30 часот (точно кога во зоната летал хеликоптерот на КФОР. Очигледно, сакале да следат дали планот им се реализира како што било планирано?!?). Биле поставени и 200 кг експлозив за рушење на автопатот, но акцијата на нашите хеликоптери спречила тој да се активира. Терористите се разбегале.

43. 2. На 9 август беа киднапирани пет работници на ГП

„Маврово” кои потоа беа „резбарени” по телото, со ножеви.

„Копаничарите”, иако се знаат, останаа неказнети.

43. 3. Следи судирот во Радуша. На стр. 186/187 во