Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Devenir membre !

America's Role in Macedonia's Troubled Journey to International Recognition (1991-2013), Second Edition

XI - ЗАКЛУЧНИ СОГЛЕДБИ - Part 02

Par Ристо Никовски · Partie 27 sur 27 · Environ 9 minutes

Lire en English

12. 1. Најефикасен начин тоа да се постигне е формулирање документ со кој ќе се бара прецизирање на американските ставови по повеќе прашања од нагласен интерес за Македонија. Значи, мора да се одреди американскиот однос кон – а) името на државата; б) идентитетот на народот; в)

македонскиот јазик и неговата улога во државата (нели го нарекуваа – државен); г) унитарниот карактер на државата;

д) позицијата на Албанците во земјата и опсегот на користење на албанскиот јазик; ѓ) нашето членство во НАТО и ЕУ (на реална основа, а не доколку...); е) грчките аспирации кон Македонија; ж) бугарското присвојување на нашиот народ и јазик; з) големоалбанскиот проект...

Во тој документ мора да се потенцира дека македонскиот јазик треба обврзувачки да го учат и користат сите жители, уште од најмала возраст, за да биде обединувачки, кохезиски фактор во државата.

Без многу да се чека, нацртот на еден таков документ треба што поскоро да се подготви и да му се предочи на Вашингтон. Нивната реакција лесно може да се претпостави, но тоа не смее, во никој случај, да нè обесхрабри. Тоа нека биде нашиот прв, храбар исчекор. Ако одбијат, ќе мора нешто да предложат и да понудат. За нас е клучно да се отвори таков дијалог. Работите да се стават на маса, такви какви што се. Тоа е начинот како Македонија може да преживее. Да успее. Дефинитивно да се извадат главите од песок.

Ако продолжиме со досегашната практика и со нашето „глумење”, дека сè е во ред, одиме право во – пропаст.

12. 2. Првиот потег, сепак, мора да се повлече дома. Крајно време е да се рециклираат оценките во земјава за односите со САД и да се користат точни термини, кои би му биле претходно ставени на знаење на Вашингтон. Без таков исчекор, ќе се вртиме во маѓепсан круг, без изгледи за излез.

За нас, прашањето е да се биде или не, и тоа наметнува потреба од најсериозна и итна акција.

12. 3. Ако сето тоа не успее, тогаш – нема да имаме друг избор. Преку факти и аргументи, треба да се оди на јавно и широко разголување на американските политики кон Македонија. Ако не покажеме заби, макар биле тие тенки и шупливи, шанси за успех – немаме. Сетете се што се случи во Виетнам. Голорак, но посветен народ ја победи најсилната земја на светот.

Мудриот Конфучиј (551-479 година пред нашата ера) рекол:

„Со луѓе (секако важи и за држави) што се стремат кон друга цел не можете да правите заеднички планови”.

12. 4. Откако ќе ги обелодениме нивните вистински намери, ќе бидеме во можност да бараме и најширока меѓународна поддршка за нашите универзално признати права. Тоа не може да остане без соодветен екот.

Потоа, врз целосно нова платформа, ќе можеме да формулираме соодветни политики кои ќе нудат барем шанси за излегување од ќор-сокакот во кој сме доведени сега, главно без наша вина. Дури потоа ќе може да започне вистинска офанзива за одбрана на легитимните права на македонскиот народ. Сè додека не се соочиме со реалните американски планови и цели, ако соодветно не ги именуваме нивните активности во земјата и во регионот, остануваме во маѓепсан круг. Кога ќе се соочиме со вистинските американски интереси, ќе можеме а) да се обидеме да се вклопиме во нив или б) да бараме начин како да обезбедиме американско (макар првично и минимално) прифаќање за нашите недискутабилни аспирации.

13. Аргументи имаме доволно, но тие се безвредни ако не знаеме соодветно, правилно, ефикасно и, особено – на право место, да ги искористиме. Со макотрпна работа, крајната цел треба да биде обезбедување евентуална американска поддршка на нашите ставови. Тоа не е недостижно.

14. Финалниот расплет на постјугословенската криза претстои и, многу лесно, негова главна жртва може да биде токму – Македонија. Веројатно поради тоа толку долго и нè држат ни на небо ни на земја. Целта е да останеме крајно ранливи, како евентуална монета за поткусурување.

Објективни изгледи за потрајно стабилизирање на БиХ нема на видик. Напротив, центрифугалните сили сè повеќе доминираат и опстојот на федералната држава е сериозно доведен во прашање.

И Косово, новата албанска држава, нема поголеми изгледи во блиска иднина да заплови во помирни води и целосно да се етаблира на меѓународната сцена. Влезот во ООН изгледа недостижен, а со тоа и приказната останува недовршена.

Фактот дека и пет членки на ЕУ не се спремни да ја признаат новата држава, значи дека и приближувањето кон Унијата ќе биде, во најдобар случај – ограничено. Тоа се сериозни предизвици за Косово, кои, заедно со српската одлучност за негово непризнавање, ќе му ја детерминираат иднината.

Договорот меѓу двата премиери, Дачиќ и Тачи (2013) е значаен исчекор, кој донекаде ќе ги релаксира односите меѓу Белград и Приштина, но нема да ги реши проблемите.

Влегувањето во ООН за Косово ќе биде тешко, скоро невозможно, поради спротивставувањето на Москва и Пекинг, кои имаат право на вето и свои, и тоа како сериозни, причини тоа да не го дозволат.

Паралелно, Косово веројатно ќе добие спогодба за стабилизација и асоцијација со ЕУ, без членство.

Американската помош неспорно ќе продолжи, но прашање е дали тоа ќе биде доволно за негов одржлив развој? Статус-квото може да трае со децении, што може да води во сè поголема негова криминализација, со сите последици врз регионот и Македонија.

15. И една друга теза заслужува истражување. Дали, навистина, САД сакаат целосно средување на Балканот? Ако тука се постигне потрајна безбедносна стабилизација, Вашингтон ќе ја загуби својата улога. Неговите услуги ќе станат непотребни. Преку економските програми, повторно ќе се наметне ЕУ како главен фактор во регионот. Нема никакви аргументи дека тоа би било прифатливо за САД.

Особено кога се знае дека постојано се шпекулира и за посериозно руско ангажирање на Балканот. Тоа е неспорно неприфатливо за Вашингтон, што, автоматски, го одржува и реафирмира нивниот интерес за регионот.

15. 1. САД премногу инвестираа на Балканот за туку-така да се повлечат (Косово – држава; базата Бонд стил, па, ако сакате, и огромната амбасада во Скопје). Помина периодот кога регионот беше при врвовите на нивните политички ангажмани поради војните кои беа во тек, што е добро за сите, и нема индикации дека повторно ќе биде, што треба да нè радува. Едноставно, тие се концентрирани на проблемите со кои се преокупирани (Авганистан, Ирак, Сирија, Египет...), што е нормално и логично. Меѓутоа, САД цврсто остануваат на Балканот. Нивниот интерес за, и присутност во регионот се од траен карактер. Сите мораме да сметаме на тоа, а, во дадените услови, ова особено важи за – Македонија.

Така, сите оценки за некакво намалување на американскиот интерес за регионот, дури и за некакво нивно повлекување се празна шпекулација.

16. Американската политика кон Македонија, сите овие 20- ина години, беше длабоко погрешна и нецелесообразна.

Токму затоа, воопшто не случајно, таа не им ги донесе очекуваните и посакувани резултати, иако на земјата и` се нанесени огромни и немерливи штети. Клучно беше што САД, во своите големоалбански проекции, воопшто не ги инкорпорираа и интересите на Македонија, туку играа(т) на нејзино уништување. Ако водеа сметка и за Македонија: а)

немаше да се обидуваат сите овие години да профитираат од подметнатиот проблем со нејзиното име и тоа прашање релативно бргу ќе беше ставено ad acta; б) рано ќе станеа свесни дека Албанците веќе премногу добија со самото отцепување на Косово од Србија; в) немаше да ги потценат далекусежните последици од преголемото нагласување на Албанците како (клучен!) фактор во регионот, кои веќе се манифестираат, а уште повеќе ќе следат.

Препуштајќи им ја и Македонија, албанските амбиции неконтролирано ќе се прошират и прва следна на удар може да биде – Грција. Таму, албанскиот фактор (преку милион луѓе!) е сè позначаен, а преку мафијата која ја контролираат, тие вртат огромни пари кои веќе утре можат да ги користат за политички цели. Особено ако таму кризата неконтролирано продолжи.

Доколку Вашингтон водеше сметка и за интересите на Македонија, и и` помогнеше, ќе доживееше сериозен успех во стабилизирањето на Балканот, и покрај големоалбанскиот проект. Вака...

17. Вака, слободно може да се заклучи дека САД се преценија. Ако Македонците не беа цврст орев, одамна ќе ги снемаше. Опстанаа и покрај Букурешт и Версај од почетокот на 20-от век и натовските Букурешт 2008 и Чикаго 2012. Ќе ги издржат и манипулациите на Унијата, од Брисел, која предолго си игра со судбината и на државата, и на народот во неа. Ако Македонците ги преживеаја тешките страдања и неуспешниот геноцид, на кои нагласено беа изложени во текот на првата половина од 20 век – нема никакви изгледи тие денес да се уништат.

18. На крајот, да се обидеме и да дефинираме – ако, денес, некој се обиде да ја распарчи или присвои Македонија, а процесот на албанизација кој агресивно се спроведува е токму тоа, работите сосема поинаку ќе започнат да се одвиваат. И покрај одредени, почетни успеси на тој план, намерите немаат никакви изгледи за успех и тоа не може да остане неказнето. Ако набргу тие погубни тенденции на албанизирање на земјата не се прекинат, тиквата ќе пукне.

Неизбежно, без никаков сомнеж, тоа ќе води кон поширок

(воен!) судир.

Длабоката подвоеност меѓу Македонците веројатно нема лесно да се надмине, но сосема е сигурно дека ќе се најде во втор план. Така било и низ вековите, така и ќе остане.

Македонија нема да им дозволи на душманите да ја постигнат целта. Без оглед кои се и од каде се тие.

Македонците секогаш опстојувале. Ќе издржат и сега, но цената што ќе мора да се плати – ќе биде висока. За сите.

Таква каква што е денес, Македонија е најдобро решение од секој аспект. И за регионот, и за светот. Нејзиното урнисување е преголем ризик.

Што побргу Вашингтон го сфати тоа, толку подобро за сите.

По обичај, другите ќе го следат.

* * * * * Еден работник, со кого некогаш заедно го вадевме лебот во тогаш големата и успешна хемиска фабрика, ОХИС, при случајна средба, на пазар, рече: „Ова Американциве се дволични. Ни велат – одете, не грижете се, ние сме со вас.

Ама, штом ќе тргнеме, веднаш се вртат и на кучињата им наредуваат – држте ги”!

* * * * * Великанот Черчил можеби ни ја оставил најдобрата порака:

„Доколку поминувате низ пекол, продолжете со одење”!

Друг избор и немаме. Ама, барем, да се сплотиме. Маките и страдањата секогаш носеле таков квалитет. Така мора да биде и со нас.